Достапни линкови

Вести

Борел смета дека е бесмислена нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина

Брисел- косовскиот премиер Албин Курти и високиот претставник на Европската унија  за заедничка надворешна и безбедносна политика  Жозеп Борел, 7.12.2021
Брисел- косовскиот премиер Албин Курти и високиот претставник на Европската унија  за заедничка надворешна и безбедносна политика  Жозеп Борел, 7.12.2021

Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел изјави дека е „бесмислено“ да се организира нова рунда дијалог на највисоко политичко ниво меѓу Србија и Косово кога нема индиции дека страните се подготвени да напредуваат, јавува балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Јасно ставивме до знаење по двата состанока што се одржаа годинава дека подготвеноста на двете страни да се договорат за конкретни резултати е предуслов за следниот состанок. Би било сосема бескорисно да се организира уште една средба доколку овие услови не се исполнат“, рече Борел кој додаде дека според неговиот впечаток нема подготвеност на страните за договор.

Борел изјавата ја даде по средбата со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел. Двајцата присуствуваа на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската унија и Косово.

Прашан за подготвеноста на официјална Приштина да го спроведе договорот за формирање на Заедница на српски општини во Косово шефот на косовската влада Курти рече дека станува збор за договор кој „не го положил испитот пред Уставен суд на Косово“.

„Србија не спроведува две третини од бриселскиот договор, но Белград сака да спомене еден договор. Кога Уставниот суд ја донесе одлуката, ниту еден косовски Србин не протестираше, само Белград“, рече Курти.

Тој додаде дека „идниот дијалог меѓу Косово и Србија не треба да ги задоволува политичарите или да го зачува образот на еден политичар, туку да биде од корист за народот“. Курти оцени и дека „ договорот за формирање Заедница на српските општини му служи на Белград, а не на Србите на Косово, на кои тој им е и премиер“.

Во врска со ова реагираше шефот на европската дипломатија Борел кој рече дека не се согласува со изјавата на косовскиот премиер.

„Не се согласувам со вас дека одлуката на Уставниот суд го спречува спроведувањето на договорот. Овој договор беше постигнат во добар дух. Жал ми е, но мора да продолжиме да бараме имплементација на договорот“, рече Борел додавајќи дека постојат договори кои двете страни мора да ги спроведат.

На седницата на Советот за стабилизација и асоцијација се испитува колку се спроведени одредбите од пристапните преговори на одредена земја со Европската унија. Косово и ЕУ постигнаа Договор за стабилизација и асоцијација во 2015 година.

види ги сите денешни вести

Српската полиција спречи демонстранти да се приближат до Народниот театар, каде се собрани поддржувачите на власта

Силни полициски сили ги спречуваат антивладините демонстранти да се приближат до Српскиот народен театар во центарот на Нови Сад, каде што се одржува церемонија по повод 200-годишнината од академијата „Матица Српска“.

Полициски кордони во опрема за немири се поставени околу зградата на театарот, додека антивладините демонстранти се зад кордонот.

Најавено е дека претседателот на владејачката Српска напредна партија, Милош Вучевиќ, и патријархот на Српската православна црква, Порфирије, ќе зборуваат по повод годишнината од академијата „Матица Српска“.

Колона од неколку илјади демонстранти првично беше запрена на неколку стотици метри од Српскиот народен театар, на раскрсницата во близина на седиштето на Покраинската влада на Војводина, како што објави репортер на РСЕ/РЛ.

Нови Сад, Србија -- Церемонијална академија по повод 200 години Матица Српска во Српскиот народен театар, 16 февруари 2026 година.
Нови Сад, Србија -- Церемонијална академија по повод 200 години Матица Српска во Српскиот народен театар, 16 февруари 2026 година.

Полицијата и жандармеријата формираа кордони таму и го затворија сообраќајот. Полициски возила се паркирани зад кордонот.

Сепак, некои од демонстрантите успеаја да се приближат до Српскиот народен театар, преку споредни улици и премини кои не беа обезбедени.

Таму ги пречека нов полициски кордон. Демонстрантите зад кордонот извикуваа „убијци“ и „не сте добредојдени“.

Сепак, полицијата им дозволи премин кон Српскиот народен театар на поддржувачите на владата, кои се собраа пред зградата на театарот во пресрет на почетокот на свечената академија.

Група од неколку стотици луѓе извикуваа, меѓу другото, „Ацо, Срби“, што е повик за поддршка на претседателот на државата, Александар Вучиќ.

Свечена академија по повод 200-годишнината од Матица Српска во Српскиот народен театар, 16 февруари 2026 година.
Свечена академија по повод 200-годишнината од Матица Српска во Српскиот народен театар, 16 февруари 2026 година.

Собирот на антивладините демонстранти, на кој повикаа студентите во блокадата и граѓаните обединети на неформални собири, започна попладнето на кампусот на Универзитетот во Нови Сад.

Потоа, со слоганот на антивладините протести „Пумпај“ и извиците „Сите на улица“, се упатија кон седиштето на Владата.

Протестот беше закажан бидејќи првично беше најавено дека говорот на церемонијата во Матица Српска ќе го одржи претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Со најавите за протести на социјалните мрежи, во последните денови низ градот беа залепени постери и налепници со пораката „Не сте добредојдени“.

Во меѓувреме, Вучиќ објави дека сепак нема да дојде бидејќи, како што рече, патува кон Индија. Студентите и граѓаните не се откажаа од најавениот протест.

Во Нови Сад, при уривањето на настрешницата на железничката станица во ноември 2024 година загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено.

Ова предизвика бран антивладини протести кои траат повеќе од 15 месеци. Тие се предводени од студенти, а фокусот на демонстрациите се обвинувањата дека небрежноста и корупцијата на владата довеле до несреќата.

Вучиќ им додели ордени на унгарскиот министер и на раководители на кинески компании

Српскиот претседател Александар Вучиќ му додели орден на унгарскииот министер за култура Балаш Ханко на 16 февруари 2026 година
Српскиот претседател Александар Вучиќ му додели орден на унгарскииот министер за култура Балаш Ханко на 16 февруари 2026 година

Српскиот претседател Александар Вучиќ му додели државен ордени по повод Сретење - Денот на државноста на унгарскиот министер за култура и иновации на Унгарија, во владата на премиерот Виктор Орбан, Балаж Ханко.

Унгарскиот министер го доби Орденот на српското знаме, прв степен, за зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји. Властите во Србија и Унгарија, предводени од Вучиќ и Орбан, развиваат блиски врски во последните години.

Додека владата на Орбан се соочува со обвинувања за поткопување на владеењето на правото во земјата, задушување на граѓанските и медиумските слободи и блиски врски со Кремљ, Вучиќ се најде на списокот на популистички, десничарски и конзервативни политичари во Европа кои го поддржуваат Фидес.

Орденот на српското знаме, втор степен, им беше доделен на пратеникот од крајно десничарската Партија на слободата на Австрија, Максимилијан Краус, и на директорот на австриската полиција, Михаел Такач.

Краус е шеф на пратеничката група во виенскиот парламент во оваа партија, позната по својата исламофобија и застапување на построга миграциска политика.

Вучиќ им додели ордените и на претставниците на кинеските компании во Србија. Орденот на српското знаме, трет степен, му беше доделен на поранешниот претседател на групацијата ХБИС, Ју Јонг, и основач на кинеската корпорација Зиџин Чен Џинг Хе.

Групацијата ХБИС управува со Челичарницата во Смедерево, додека кинеската Зиџин е сопственик на рударскиот комплекс во Бор во источна Србија.

Овие две инвестиции се меѓу клучните за соработката меѓу Белград и Пекинг, која лидерите на двете земји ја опишуваат како „железно пријателство“, додека од Брисел до Србија доаѓаат предупредувања поради обвинувања дека кинеските компании ги кршат европските правила за транспарентност и заштита на животната средина.

Меѓу добитниците на наградите се министерот за правда на ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина Горан Селак, митрополитот Иринеј од Бачка, Матица Српска, Единицата за полициска интервенција, Прва бригада на српската армија, професори и лекари, пејачи, уметници, спортисти.

САД и Иран во нова рудна преговори

Американскиот специјален претставник Стив Виткоф (лево) ја предводи американската делегација на разговорите на 17 февруари во Женева со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи (десно).
Американскиот специјален претставник Стив Виткоф (лево) ја предводи американската делегација на разговорите на 17 февруари во Женева со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи (десно).

Американски и ирански претставници се состануваат во Швајцарија на втора рунда преговори за договор насочен кон ограничување на нуклеарната програма на Техеран и спречување на војна.

Претставници на двете страните минатиот месец имаа индиректни разговори во Оман, откако Израел и САД ги бомбардираа клучните нуклеарни постројки на Иран за време на краткиот конфликт во јуни.

Втората рунда разговори доаѓаат во време на големо американско воено засилување на Блискиот Исток.

Тензиите се зголемија по масовните протести низ целата земја во Иран минатиот месец, за кои властите започнаа брутална репресија во која, според групите за човекови права, загинаа илјадници луѓе.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, ќе разговара во Женева со специјалниот претставник на Белата куќа, Стив Виткоф, и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, а претставниците на Оман ќе дејствуваат како медијатори.

„Јас сум во Женева со вистински идеи за постигнување фер и правичен договор. Она што не е на маса: покорност пред заканите“, напиша на социјалната платформа Х, Аракчи на 16 февруари, додека пристигнуваше на разговори со Рафаел Гроси, шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Техеран изјави дека е подготвен да прифати ограничувања на својата нуклеарна програма во замена за олеснување од осакатувачките економски санкции на САД, но нема да се откаже од своето право да збогатува ураниум.

Вашингтон се обиде да го прошири опсегот на разговорите за да вклучи ограничувања на иранската програма за балистички ракети и прекинување на поддршката на Техеран за вооружените групи на Блискиот Исток - прашања што Техеран ги смета за непочнати.

Соединетите Американски Држави и Иран ќе мора да ја надминат длабоката недоверба и непријателство за да постигнат договор. Друга пречка е зголемената политичка цена на договорот за двете страни.

„Денес, секоја позитивна отстапка кон Исламската република ефикасно би била наградување на режимот кој во последните недели уби неколку илјади Иранци“, изјави директор на Проектот Иран во Меѓународната кризна група со седиште во Брисел, Али Ваез, за Радио Фарда на РСЕ/РЛ.

За Иран, „тешко е да се постигне договор со претседател кој не само што извршил воени напади врз нуклеарните објекти на Иран, туку дури и се заканил со воена интервенција во внатрешните работи на Иран“, рече тој.

Преговорите за нов сеопфатен нуклеарен договор ќе бидат исклучително тешки, велат експертите.

За да се избегне војна, рече Ваез, „единствениот одржлив краткорочен пат е во голема мера симболично разбирање што купува време и потенцијално создава подобри услови за подетални и технички преговори во иднина“.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, зборувајќи во Словачка на 15 февруари, рече дека Трамп „јасно ставил до знаење дека претпочита дипломатија и резултат од договорено решение“.

„Имаме работа со луѓе кои донесуваат политички [и] геополитички одлуки врз основа на чиста теологија, а тоа е комплицирана работа“, додаде Рубио.

Преговорите во Женева доаѓаат по повторените закани од Трамп за воена акција против Техеран, прво поради бруталното задушување на протестите од страна на Иран, а потоа и неодамна поради нуклеарната програма на земјата.
Западните земји долго време се сомневаа дека Иран се стреми кон нуклеарно оружје, додека Техеран инсистира дека неговата програма е само за цивилни цели.

Светските сили склучија значаен нуклеарен договор со Техеран во 2015 година за да спречат иранска бомба. Западните економски санкции беа ублажени во тоа време, но Иран почна да ги поништува обврските откако Доналд Трамп, во својот прв мандат како претседател на САД, се повлече од договорот во 2018 година и повторно воведе санкции.

На 13 февруари, американскиот претседател рече дека промената на режимот во Иран би била „најдобрата работа што може да се случи“.

Унгарија бара помош од Хрватска откако е запрен протокот на руска нафта преку Украина

Илустрација
Илустрација

Унгарија и Словачка се обратија до Хрватска за помош за добивање руска нафта по прекинот на протокот преку Украина што предизвика вербална војна меѓу Киев и двете земји, јавува новинската агенција Ројтерс.

Минатата недела Министерството за надворешни работи на Киев го обвини рускиот напад врз инфраструктурата на сопствениот гасовод во Украина за запирање на протокот кон Источна Европа од 27 јануари.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха објави фотографија на социјалната платформа X од пожарникари како го гасат запалениот, како што тој го нарече, гасовод „Дружба“, обвинувајќи ја Унгарија дека две недели јавно не коментирала за инцидентот бидејќи нејзиниот сојузник Русија е виновна.

Тоа предизвика брз одговор од Унгарија, која наместо тоа ги обвини Украинците дека го исклучиле снабдувањето со електрична енергија на тој дел од гасоводот.

Хрватска помош

Во понеделник, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во објава на социјалната платформа X рече дека Унгарија и Словачка побарале од Хрватска да дозволи проток на руска нафта преку гасоводот „Адрија“.

„Бараме од Хрватска да овозможи транспорт на руска нафта до Унгарија и Словачка преку цевководот Адрија, бидејќи нашето ослободување од санкции дава можност за увоз на руска нафта по море доколку испораките преку цевководи се прекинати“, напиша Сијарто на X.

„Безбедноста на снабдувањето со енергија на една земја никогаш не смее да биде идеолошко прашање. Затоа очекуваме Хрватска, за разлика од Украина, да не ја загрозува безбедноста на снабдувањето со нафта на Унгарија и Словачка од политички причини,“ напиша тој.

Хрватскиот министер за економија, Анте Шушњар, посочи дека неговата земја ќе може да го исполни барањето на Унгарија.

„Хрватска нема да дозволи снабдувањето со гориво во Централна Европа да биде загрозено. Подготвени сме да помогнеме во решавањето на акутното нарушување“, рече тој, додавајќи дека соработката ќе биде во согласност со законот на ЕУ и прописите на Канцеларијата за контрола на странски средства на САД, јавува новинската агенција Ројтерс.

Нафтоводот Адрија се протега од хрватското пристаниште Омишаљ до рафинериите за нафта во Хрватска и други во јужна и централна Европа.

Унгарија и Словачка имаат ослободувања од санкциите на ЕУ за руската нафта преку цевководи. Тие се потпираат и на руска нафта и на гас и се спротивставија на потезите на ЕУ за прекин на тие текови како дел од напорите за прекинување на приходите од енергија за финансирање на војната на Русија во Украина.

Портпаролот на Европската комисија во понеделник потврди дека ЕУ била во близок контакт со Унгарија, Словачка и Хрватска и потврди дека тековите од „Дружба“ се запрени од 27 јануари.

Средба Рубио - Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан одржува силни врски со Москва по руската инвазија на Украина, а исто така гради врски со американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот државен секретар Марко Рубио се сретна со Орбан во Будимпешта во понеделник, откако ја посети Словачка во недела, каде што енергијата беше меѓу темите што ги разговараше со премиерот Роберт Фицо.

Кремљ во понеделник соопшти дека се согласува со Фицо, кој ја обвини Украина дека го спречува рестартирањето на гасоводот „Дружба“ за да се обиде да изврши притисок врз Унгарија да се откаже од своето противење на потенцијалното идно членство на Украина во ЕУ.

Руската „Дружба“ веќе беше под притисок пред наводниот инцидент во јануари поради украинските напади со беспилотни летала врз гасоводот во Русија.

Рубио: Односите на САД со Унгарија влегуваат во „златна ера“

Американскиот државен секретар Марко Рубио
Американскиот државен секретар Марко Рубио

Соединетите Американски Држави и Унгарија влегуваат во „златна ера“ во билатералните односи, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио за време на посетата на Будимпешта.

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја започна својата официјална посета на Унгарија и денеска, 16 февруари во Будимпешта разговараше со унгарски официјални претставници, вклучувајќи го и премиерот Виктор Орбан.

Тие разговарале за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, особено мировните процеси и енергетските односи меѓу САД и Унгарија.

Како што јавува Ројтерс, Рубио изјавил дека Трамп и Орбан имаат многу близок личен однос и дека тоа е корисно за билатералните односи меѓу двете земји.

Унгарскиот премиер Орбан се согласил дека меѓу двете земји нема табу теми и дека може да зборуваат за сѐ, вклучително и за кинеските односи.

Орбан пак денеска го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека „директно се вмеша“ во унгарската изборна кампања напаѓајќи ја унгарската влада. Тој на Фејсбук објави дека во текот на изминатата недела, политичките напади од Украина достигнале ново ниво.

„Што ќе се случи во Унгарија по парламентарните избори во април зависи од гласачите да утврдат“, изјави Рубио по средбата со Орбан, кој се соочува со можноста да ја изгуби власта по 16 години.

Рубио вчера пристигна во Унгарија од Словачка, каде што исто така беше во официјална посета.

Мајката на Навални бара „правда“ откако Европејците велат дека починал од труење

илустрација
илустрација

Мајката на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални изјави дека се докажало дека е во право по европската проценка дека нејзиниот син починал од труење и повика на „правда“, додека неговите поддржувачи одбележуваат две години од неговата смрт во затвор.

Кремљ пак денеска, 16 февруари соопшти дека „остро ја отфрла“ проценката на пет европски земји дека Навални починал од труење пред две години.

Навални, најжестокиот домашен противник на рускиот претседател Владимир Путин, почина во арктичка затворска колонија во февруари 2024 година, додека отслужуваше 19-годишна казна.

Велика Британија, Шведска, Франција, Германија и Холандија издадоа заедничка изјава во саботата во која се вели дека веруваат дека бил отруен со епибатидин, токсин што се наоѓа во отровните жаби.

Тие ја базираа својата проценка на примероци земени од неговото тело, се вели во соопштението.

„Ова го потврдува она што го знаевме од самиот почеток. Знаевме дека нашиот син не умрел едноставно во затвор, туку бил убиен“, изјави мајката на Навални, Људмила Навалнаја, за новинарите, вклучувајќи ја и АФП, пред гробиштата каде што е погребан во Москва.

„Мислам дека ќе потрае некое време, но ќе откриеме кој го сторил тоа. Секако, сакаме ова да се случи во нашата земја и сакаме правдата да победи“, додаде таа.

Кремљ сè уште не го коментираше европското соопштение, но постојано негираше вмешаност во неговата смрт.

Десетици луѓе го посетија неговиот гроб рано наутро во понеделник, 16 февруари меѓу кои имаше и странски дипломати, според новинар на АФП на местото на настанот.

Некои од присутните носеа маски или шалови преку лицата.

Руските власти ги окарактеризираа Навални и неговата организација како „екстремисти“ пред неговата смрт, а секој што ќе го спомене него или неговата протерана антикорупциска фондација е одговорен за кривично гонење.

Средба Арагчи - Гроси во Женева

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи (десно) и генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси (архивска фотографија)
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи (десно) и генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси (архивска фотографија)

Иран планира да одржи разговори на високо ниво со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изјави во понеделник, 16 февруари, министерот за надворешни работи Абас Арагчи, во услови на тековните тензии околу нуклеарната програма на земјата.

Арагчи на платформата X напиша дека ќе се сретне со генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, во Женева во понеделник, за она што го опиша како „длабока техничка дискусија“. Тој рече дека ќе му се придружат нуклеарни експерти.

Арагчи отпатува во Швајцарија во неделата за следната рунда преговори со Соединетите Држави. На почетокот на февруари, двете земји започнаа обновен дијалог во Оман по воените закани од американскиот претседател Доналд Трамп.

Разговорите во Женева повторно ги посредува министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди. Швајцарија, како и неколку земји од Персискиот Залив, Техеран ја смета за неутрален посредник.

Односите меѓу Техеран и МААЕ се влошија по минатогодишната војна меѓу Иран и Израел. Во јуни 2025 година, САД се придружија на израелските напади и ги бомбардираа клучните ирански нуклеарни објекти, вклучувајќи ги и локациите за збогатување ураниум.

Трамп подоцна рече дека објектите биле „целосно и тотално уништени“, иако судбината на околу 400 килограми високо збогатен ураниум останува нејасна. Како одговор, Иран го ограничи пристапот за нуклеарните инспектори на ОН. Дури во септември 2025 година Техеран и МААЕ се согласија да ги продолжат инспекциите. Останува нејасно до кој степен тие инспекции се спроведуваат во моментов.

Самиот Гроси се соочи со критики од иранските тврдокорни струи. Еден ултраконзервативен весник го обвини дека дејствувал како израелски шпион и побара смртна казна за него. Некои ирански претставници тврдеа дека шефот на МААЕ не се изјаснил доволно енергично против бомбардирањето на иранските нуклеарни објекти.

Приведен поранешниот украински министер за енергетика, обвинет е за перење пари

Поранешниот министер за енергетика на Украина, Херман Халушченко
Поранешниот министер за енергетика на Украина, Херман Халушченко

Поранешниот министер за енергетика на Украина, Херман Халушченко, е обвинет за перење пари еден ден откако беше приведен при обид да ја напушти земјата.

Обвиненијата против Халушченко, објавени на 16 февруари, се најновите во скандалот со корупција што фрли сенка врз претседателот Володимир Зеленски. Неколку високи министри и други владини претставници се отпуштени, вклучувајќи го и долгогодишниот доверлив човек и началник на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак.

Официјалните лица изјавија дека Халушченко бил приведен на 15 февруари од страна на граничната полиција додека ја напуштал земјата со воз.

Истражителите од Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата - една од двете независни агенции задолжени за истрага на корупција на високо ниво - изјавија дека новите обвиненија против Халушенко произлегуваат од наводна шема во која се вклучени оф-шор компании чии корисници биле негови роднини.

Халушенко не даде коментар за обвиненијата. Не беше јасно точно каде бил задржан до 16 февруари.

Во срцето на скандалот е прашањето за одбраната на енергетскиот сектор на Украина, кој беше погоден од Русија во услови на невообичаено студена зима. Милиони Украинци се борат со прекини на електричната енергија и греењето, а скандалот со корупцијата ја зголеми недовербата кон владата на Зеленски.

Истрагата, наречена „Операција Мида“, е фокусирана на Тимур Миндич, ко-сопственик на комедиската трупа „Квартал 95“, која Зеленски, исто така, ја сосопственикувал пред да стане претседател. Бизнисот бил важен двигател за Зеленски да стекне популарност како комичар и актер пред да влезе во политиката.

Миндич, наводно, избегал од земјата откако бил означен како осомничен. Неговото местоположба е непознато.

Халушенко бил принуден да поднесе оставка од функцијата министер за правда во ноември, откако почнале да се појавуваат детали за скандалот.

Други владини претставници кои биле отпуштени или обвинети во шемите се поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов, наследничката на Халушенко, Свитлана Гринчук, и уште двајца поранешни министри за енергетика.

Јермак, кој бил еден од најблиските соработници на Зеленски, исто така бил отпуштен, што е показател за политичката опасност со која се соочувал Зеленски. Тој бил отпуштен недолго откако неговиот стан и канцеларии биле претресени од антикорупциски истражители во ноември.

Тој беше заменет од популарниот долгогодишен шеф на украинската воена разузнавачка служба, генерал-потполковник Кирил Буданов.

Зеленски се обиде да го исчисти угледот на Украина поради вкоренетата корупција во јавниот сектор, прашање што ја засени западната воена и економска помош за Киев во текот на речиси четиригодишната руска инвазија.

Состанок на кризен штаб во Сарај, погодени 30 домаќинства од поплавите

илустративна архивска фотографија
илустративна архивска фотографија

На вонредна седница вечерва заседаваше кризниот штаб на општина Сарај на кој е утврдена дел од направената штета од поплава. Според досегашните податоци од терен, Центарот за управување со кризи соопшти дека над 30 домаќинства се погодени од поплавите.

Во меѓувреме од Управата за хидрометеоролошки работи соопштија дека податоците од хидролошките станици низ земјава укажуваат на се уште исклучително високи водостои на река Вардар во горниот дел од течението, како и на река Треска каде сè уште има опасност од излевање на реките.

„Поради големите води и брзини на течење на водата во рена Треска можат во опасност да бидат дел од времените мостови по течението на реката,“ предупредува УХМР.

На останатите реки во западните делови каде имаше регистрирано зголемувања, водостоите се во постепено опаѓање кое се очекува да продолжи и до крајот на денот, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

На истокот од земјата состојбата е мирна и единствено посериозно зголемување на водостојот имаше во крајниот долен дел од сливот на река Струмица како резултат на зголемените притоки во тој дел каде имаше обилни врнежи изминатиов ден.

Од УХМР информираат дека во текот на ноќта и утре изутрина се очекува зголемување на водостојот на река Вардар во средниот дел од течението и предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците низ земјата.

Кичево, Тетово и Сарај најсилно погодени од поплавите

Поплави во Кичевскиот крај
Поплави во Кичевскиот крај

Обилните врнежи од дожд предизвикаа сериозни проблеми во повеќе делови од земјава, со поплавени домови, излевање на реки и свлечишта. Една од најкритичната точка е кичевската каде што се евакуирани над 200 луѓе поради поплавата.

Пратеникот Ѓорѓија Сајковски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на својот профил објави фотографии од поплавите во кичевски, обвинувајќи го претходното раководство на градот за негрижа која придонела до такви последици.

„Поради долгогодишната негрижа, неработа и отсуство на навремени превентивни мерки од страна на претходното раководство, Кичево денес се соочи со сериозни и катастрофални поплави по обилните врнежи од дожд“, напиша тој во објава на социјалната мрежа Фејсбук.

Градоначалникот на Кичево Александар Јовановски информира дека на терен се ангажирани екипи и механизација, кои се обидуваат да расчистат критични делници, да отстранат наноси, кал и отпад што го блокираат одливот, како и да пробијат затрупани канали и пропусти. Тој посочи дека дополнително со механизација се прави испумпување вода и обезбедување пристап до загрозени домаќинства, каде што условите тоа го дозволуваат.

Екипи на општините, противпожарните служби и институциите за заштита и спасување непрекинато интервенираат на критичните точки во Скопскиот, Кумановскиот, Тетовскиот, Гостиварскиот и Охридско-кичевскиот регион.

Според вонредните информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 17 часот, во скопската општина Сарај се преземени координирани активности по поплавите во селата Буковиќ и Семениште.

На терен интервенираат екипи од Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ и Дирекцијата за заштита и спасување, со цел расчистување и одводнување на зафатените подрачја.

Во Кумановскиот регион, реката Слупчанка излезе од коритото во селото Опае, при што е зафатен дел од населеното место, а најмногу се поплавени земјоделски површини.

Интензивните врнежи во Тетовскиот регион предизвикаа свлечишта и проблеми со одводните канали. Сообраќајот е во прекин на патниот правец Тетово – Џепчиште поради свлечиште, додека патот кон Једуарце е повторно оспособен.

Затрупани канали се расчистуваат во Шемшево и на правецот Требош – Јажинце. Патот кон Попова Шапка е прооден, но со отежнат сообраќај, а од утринава е воведена забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси. Од ЦУК информираат дека засега нема опасност од излевање на поголемите водотеци.

Во Гостиварскиот регион се пријавени повеќе поплавени куќи, подруми и стопански објекти во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше. Во селото Беловиште спасени се лица заглавени во поплавен објект.

Во Форино е регистрирано излевање на Вардар со ризик за блиските куќи, поради што е ангажирана механизација за расчистување на речното корито.

Од ЦУК посочуваат дека дел од интервенциите се одвиваат во отежнати услови поради ограничени технички ресурси.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG