Достапни линкови

Светот страхува од новата варијанта на коронавирусот


Варијантата Делта моментално е доминантна низ целиот свет, со повеќе од 98 проценти од инфекциите
Варијантата Делта моментално е доминантна низ целиот свет, со повеќе од 98 проценти од инфекциите

Јужноафриканските научници соопштија дека откриле екстремно заразна варијанта на коронавирусот со многу голем број мутации што му овозможуваат да ги избегнува вакцините.

Светската здравствена организација (СЗО) ја следи новата варијанта за тоа што значи таа за пандемијата и вакцините.

„Загриженоста е кога имате толку многу мутации, дека тоа може да има влијание врз тоа како се однесува вирусот“, изјави Марија Ван Керхове, техничко раководител на СЗО за ковид-19.

СЗО загрижена за ширењето на коронавирусот во Европа

Идентификувана како B.1.1.529, оваа варијанта најбрзо мутира досега. Коронавирусот еволуира додека се шири во нови варијанти, вклучувајќи ги и оние со загрижувачки мутации.

Варијантата Делта моментално е доминантна низ целиот свет, со повеќе од 98 проценти од инфекциите.

Новата варијанта беше откриена дури оваа недела и на научниците може да им бидат потребни недели да утврдат какво влијание ќе има врз јавното здравје.

Досега, варијантата е претежно концентрирана во Гаутенг, најнаселената провинција во Јужна Африка која ги вклучува Јоханесбург и главниот град Преторија. Идентификуван е и во Боцвана и Хонг Конг меѓу патниците од Јужна Африка.

„Во текот на последните четири или пет дена, имаше поголем експоненцијален пораст“ на инфекции, рече јужноафриканскиот министер за здравство Џо Фала на брифинг за печатот преку интернет.

Дневниот број на инфекции во земјата достигна 2.465 на 26 ноември, што е повеќе од околу 300 пред една недела.

Научниците во Јужна Африка работат на тоа да утврдат колкав процент од новите случаи се предизвикани од новата варијанта, но еден водечки научник процени дека 90 проценти од новите случаи во Гаутенг се предизвикани од новата варијанта.

Колективен ковид имунитет или вирусот станува ендемски

Професорот Тулио де Оливеира, директор на Центарот за одговор на епидемијата и иновации во Јужна Африка изјави дека новата варијанта е „навистина загрижувачка“ и различна од другите варијанти.

Тој прецизира дека варијантата има 50 мутации, вклучително и повеќе од 30 на протеинот на шилецот, делот од вирусот што се прицврстува на клетките.

Мутациите можат да влијаат врз преносливоста и на ефективноста на вакцините.

Де Оливеира наведе дека научниците од седум јужноафрикански универзитети ја проучуваат оваа варијанта.

Како одговор, британската влада објави дека ги забранува летовите од Јужна Африка и уште пет други јужноафрикански земји од 26 ноември, и дека секој што неодамна пристигнал од тие земји ќе биде побаран да направи тест за коронавирус. И Европската унија препорачува слична мерка.

Агенцијата за здравствена безбедност на Британија соопшти дека не се откриени случаи, но владата презема „одлучни мерки на претпазливост против новата варијанта на ковид-19“.

Израел објави дека им забранува на своите граѓани да патуваат во јужна Африка, а го забрани влезот на странци од тој регион.

Во Израел веќе е регистриран првиот случај на варијантата на коронавирусот, кој првпат се појави во Јужна Африка. Лицето заразено со новиот вид е Израелец кој се вратил од Малави.

Големиот број мутации во варијантата „се потенцијално биолошки значајни мутации кои може да го променат однесувањето на вирусот во однос на вакцините, третманите и преносливоста“, се вели во извештајот.

Отровниот воздух дополнително ќе ја влоши ковид сликата

Равиндра Гупта, професор по клиничка микробиологија на Универзитетот во Кембриџ, смета дека оваа варијанта е нешто за што треба да се сфати „многу сериозно“.

„Има голем број мутации кои можат да влијаат врз преносливоста и имунолошкиот одговор“, рече тој, додавајќи дека на научниците им треба време да утврдат дали порастот на инфекции ѝ се припишува на новата варијанта.

„Постои голема веројатност дека тоа е така. Јужноафриканските научници направија неверојатна работа за брзо да го идентификуваат ова и да го свртат вниманието на светот“, вели Гупта.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG