Достапни линкови

Вести

Нов Зеланд останува затворен за странци до крајот на април

Нов Зеланд

Нов Зеланд денеска соопшти дека границите на земјата ќе останат затворени за странци до крајот на април, додека властите во Велингтон усвојуваат нова стратегија за борба против коронавирусот. Министерот за одговор на епидемијата на коронавирус Крис Хипкинс рече дека Новозеланѓаните кои се во Австралија ќе може да се вратат во земјата од средината на јануари, додека оние кои се блокирани во други делови на светот ќе го почекаат февруари.

Според денеска објавениот план за постепено отворање, странците ќе може да ја посетат земјата од крајот на април.

„Се наѕира крај на ограничувањето на патувањата“, изјави денеска Хипкинс.

Нов Зеланд ги затвори границите во март 2020. Сите кои доаѓаа од странство мораа да поминат две недели карантин во хотел. Овој период неодамна беше намален на седум дена.

Премиерката Џасинда Ардерн во понеделникот рече дека од 2 декември Нов Зеланд ќе почне да применува нови методи во борбата против ковид-19, настојувајќи да го сузбие делта сојот на вирусот, наместо да се обиде целосно да го елиминира.

Од коронавирус во петмилионскиот Нов Зеланд досега починаа 40 луѓе. Се зголемува притисокот на јавноста за окончување на карантинот во Окланд воведен во август кога беше детектиран делта сојот.

Властите оваа недела најавија дека во Окланд од почетокот на декември карантинот веќе нема да има карантин.

види ги сите денешни вести

Времето денеска: сончево со мала локална облачност

Сончево со мала локална облачност, наутро посвежо, преку денот топло. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Дневната температура ќе биде од 18 до 30 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 27 степени.

Вучиќ: Мишел очекува Србија да воведе санкции против Русија

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел

Војната на Русија против Украина го потресе европскиот континент, го заврши мирот во Европа и дојде време да работиме заедно и да се заштитиме, изјави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој денеска е во посета на Белград.

По разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, Мишел изјави дека европската интеграција на Србија и на Западен Балкан мора да се забрза и ја потврди „целосната посветеност“ на Европската унија на пристапните преговори. Тој додаде дека земјите кандидати треба да почувствуваат „опипливи придобивки“ од членството во ЕУ.

Мишел на прес-конференцијата директно не кажа дека Србија треба да воведе санкции кон Русија, а средбата со Вучиќ беше затворена за јавноста.

„Претседателот Мишел на многу силен начин ја изрази желбата и очекувањата Србија да се приклучи кон санкциите против Русија, јас го информирав претседателот Мишел за нашите ставови“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција по разговорот со Мишел.

Српските власти повеќепати порачаа дека Србија нема да поддржи воведување санкции против Русија поради, како што објаснија, заштитата на виталните интереси на земјата.

Вучиќ рече дека посетата на претседателот на Европскиот совет на Србија „е од големо значење за иднината и за она што треба да го направиме“. Тој му се заблагодари на Мишел што „прави се што е во негова моќ“ за да го направи Западен Балкан дел од Европската Унија.

Досега Србија поддржа три резолуции во Обединетите Нации поврзани со војната во Украина - резолуција со која се осудува руската агресија врз Украина, резолуција со која се повикува Русија веднаш да ја прекине војната и исклучување на Русија од Советот за човекови права на ОН.

Ердоган: Ќе кажеме не на настојувањата на Шведска и Финска за влез во НАТО

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турција ќе се спротистави на влезот на Шведска и Финска во НАТО, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во денешното видео обраќање по повод Денот на младите и спортот.

„Им кажавме на нашите релевантни пријатели дека ќе кажеме не за влез на Финска и Шведска во НАТО и ќе продолжиме по овој пат“, изјави Ердоган.

Одобрувањето на Турција на апликацијата на Финска и Шведска за приклучување кон западната воена алијанса е од клучно значење бидејќи НАТО одлуките ги донесува со консензус. Секоја од 30-те земји-членки има право на вето на членството.

Ердоган рече дека приговорот на Турција произлегува од нејзината загриженост за безбедноста и незадоволството со Шведска, а во помала мера Финска, за која верува дека ја поддржува забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) и вооружената група во Сирија, која Турција ја гледа како продолжение на ПКК. Во конфликтот со ПКК загинаа десетици илјади луѓе од 1984 година.

Ердоган обвини две потенцијални членки на НАТО дека обезбедуваат финансиска и вооружена поддршка на вооружените групи, велејќи дека наводните врски со терористичките орга

низации значат дека тие не треба да бидат дел од трансатлантската алијанса.
Неколку европски земји, вклучително и Шведска и Финска, го ограничија извозот на оружје во Турција по прекуграничната операција на земјата во североисточна Сирија во 2019 година, со наведена цел да ја исчистат граничната област од курдските милитанти. Турција тврди дека сириските курдски Единици за народна одбрана (ИПГ) се директно поврзани со ПКК, а Анкара е лута на американската поддршка за овие сили во борбата против милитантната Исламска Држава.

Турција, исто така, ги обвинува Шведска и Финска дека обезбедуваат засолниште за следбениците на Фетула Ѓулен, муслимански свештеник кој живее во САД, кого турската влада го обвинува за обидот за воен удар во 2016 година.

На 18 мај Шведска и Финска официјално аплицираа за приклучување кон најголемиот воен сојуз. Овие земји аплицираа за членство во НАТО неколку месеци откако Русија ја започна војната во Украина.


Бајден во посета на Јапонија и Јужна Кореја

Претседателот на Соединетите Држави Џо Бајден

Претседателот на Соединетите Држави Џо Бајден ќе ги посети Јапонија и Јужна Кореја на своето прво азиско патување како американски претседател. Аналитичарите коментираат дека тој носи јасна порака до Кина, а тоа е да не се обидува никаде во Азија да го направи она што Русија го направи во Украина, особено не во Тајван, пренесува Ројтерс.

Бајден заминува на петдневна турнеја, откако помина неколку месеци во организирање на сојузници кои ќе ја казнат Русија за нејзината инвазија на Украина, која Москва ја нарекува „специјална операција“.
Тој ќе се сретне со новиот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол во Сеул и со јапонскиот премиер Фуми Кишидо во Токио, лидери кои споделуваат загриженост за Северна Кореја и Кина и се обидуваат да градат долгорочни сојузи со Вашингтон.

„Во суштина, целта овој пат е да се изгради мрежа на сојузи во Источна Азија, делумно да се спротивстави на секоја кинеска акција против Тајван“, рече Еван Медеирос, експерт за Азија во администрацијата на Барак Обама.

Сеопфатните санкции што Бајден ги воведе против Русија нема да бидат толку едноставни против Пекинг. Кина е најголемиот трговски партнер на Јужна Кореја и најголемиот извор на стоки увезени од Јапонија. Комплицирајќи ја пораката на Бајден, неговата администрација не постави план да му се спротивстави на Пекинг доколку тој сака да го врати самоуправниот остров Тајван, иако американското разузнавање забележуваат дека има подготовки за тоа.

Се очекува Бајден да им понуди подлабока соработка на сојузниците во голем број технолошки проекти, да ги истакне новите јавно-приватни партнерства за да ги олесни ограничувањата на синџирот на снабдување и да ги поддржи јужнокорејските и јапонските иницијативи за модернизирање на нивните одбранбени способности и развој на офанзивни воени способности.

Тој нема да ја посети демилитаризираната зона што се граничи со Северна Кореја, а администрацијата не носи нови идеи како да се справат со нарушените односи, велат аналитичарите. Северна Кореја се откажа од замрзнување на тестирањето на интерконтиненталните балистички ракети и наскоро би можела да ги обнови нуклеарните тестови.

Шмит бара да се обезбедат пари за изборите во БиХ

Високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит

Високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит денеска го повика Советот на министри на БиХ да одобри пари за финансирање на општите избори бидејќи законскиот рок истекува денеска, додека Централната изборна комисија предупреди дека мора да откажат некои подготовки поради немање пари.

„Гласањето е основно право на граѓаните во едно демократско општество, а финансирањето на изборите е законска обврска. Ги повикувам сите членови на Советот на министри да ја завршат својата работа и да ги одобрат средствата“, напиша високиот претставник во објава на Твитер.

Советот на министри во вторникот не се согласи со посебна одлука да издвои 12,5 милиони марки (околу 6,3 милиони евра) за финансирање на изборите.
Хрватските функционери од ХДЗ БиХ беа против, а нивниот министер за финансии и трезор Вјекослав Беванда тврдеше дека таквата одлука е спротивна на законот бидејќи БиХ нема усвоен буџет. За таква одлука гласаа српските и бошњачките министри, но таа не беше прифатена бидејќи сите тројца хрватски министри беа против.

Денеска истекува рокот од 15 дена за одобрување пари за одржување избори, предвидено со Изборниот закон, откако Централната изборна комисија (ЦИК) донесе одлука за распишување општи избори на 2 октомври годинава.
Амбасадата на САД ја критикуваше ХДЗ БиХ дека не ја поддржа одлуката на Советот на министри за доделување пари за изборите, додека делегацијата на Европската комисија во БиХ повика на што поскоро решавање на споровите поврзани со изборниот процес.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел утре пристигнува во Сараево, и се очекува да даде поттик за постигнување договор меѓу хрватските и бошњачките партии за изборниот закон.


Европарламентот го усвои Извештајот за Северна Македонија со амандманите за „заедничка историја и помирување“ со Бугарија

илустрација, Европскиот парламент во Стразбур

Министерството за надворешни работи соопшти дека го поздравува усвојувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент за Република Северна Македонија на денешната пленарна седница во Стразбур, посочувајќи дека како и досега, европратениците упатија јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и итно започнување на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

„Охрабрува фактот што текстот на Резолуцијата доби поддршка од огромен број на членови на Европскиот парламент, што ја отсликува поддршката од поширокиот политички спектрум во рамките на ЕУ,“ се наведува во соопштението.

Според МНР, особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмира стратешката важност на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан и нивната иднина како дел од Европското семејство.

Европскиот парламент попладнево со 508 гласа „за“ и 56 „против“ го усвои Извештајот за напредокот на Северна Македонија на известувачот за земјава, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, во кој се поздравува реформскиот напредок и се инсистира на имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија. Но, во усвоената верзија се вклучени и некои од контроверзните амандмани, како оние за „историско помирување и заедничка историја“ со Бугарија и оценка дека нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу земјава и Бугарија од 2017, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021.

Нови 76 случаи на ковид 19, тројца починале

илустрација

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.232 тестови, а регистрирани се 76 нови случаи на ковид 19. Најмногу случаи има во Скопје – 56, Битола – 10, Кавадарци – 3, Охрид и Кичево – по 2, Куманово, Гевгелија и Ресен – по 1.
Од вкупниот број на позитивни (76), регистрирани се 14 реинфекции. Регистрирани се 73 оздравени пациенти од: Скопје – 40, Битола и Охрид – по 5, Кавадарци – 4, Прилеп и Штип – по 3, Ресен, Тетово, Гостивар, Делчево и Берово – по 2, Куманово, Струмица и Струга – по 1.

Во текот на изминатите 24 часа не се пријавени починати лица. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид 19 од Мој Термин дополнително се регистрирани 3 починати лица.

Досега во земјата се направени вкупно 2.042.527 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 311.113, бројот на оздравени пациенти е 301.275, на починати е 9.296, а бројот на активни случаи изнесува 542.

Курти: Путин од „незнаење“ го споредува Косово со Украина

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Косово не може да се користи како пример кога се оправдува агресијата врз Украина, истакнувајќи дека станува збор за „незнаење, напад на вистината, хуманоста и здравиот разум“.

Курти ова го истакна во својот говор пред Атлантскиот совет во Вашингтон, алудирајќи на споредбите направени меѓу рускиот претседател Владимир Путин меѓу Косово и двата сепаратистички региони во Украина (Доњецк и Луганск).

Путин во неколку наврати направи паралела со Косово, а последен пат тоа го направи на 26 април на средбата со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во Кремљ. Тој тогаш рече дека „ако има преседан, републиките во Донбас можат да го сторат истото“ и дека е факт дека многу западни земји го признаа Косово како независна држава и оти Русија го направи истото со републиките во Донбас.

Три дена пред почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари, рускиот претседател Владимир Путин ја призна независноста на двата сепаратистички региони во Украина, Доњецк и Луганск, попознати како Донбас.

„Негирање, избегнување и измама. Тоа беше и останува стратегијата на Русија во Украина“, рече косовскиот премиер Курти.

Тој меѓудругото рече дека Србија поради блиските односи со Русија одбива да воведе санкции кон Москва. Тој посочи и дека Москва сака „да се прошири на други фронтови“ и дека поради тоа може да бидат загрозени земјите од Западен Балкан.

„Имајќи ги предвид блиските односи на Србија со Русија, нејзината поддршка за окупацијата на Украина, како и фактот дека Република Српска во Босна и Херцеговина е под контрола на Москва исто како и Белград, ризикот од ширење на конфликтот на Западен Балкан е, за жал, голем “, рече Курти.

Затоа, подвлече Курти, европската интеграција е важна за земјите од Западен Балкан. Косово, во согласност со западните земји, воведе санкции кон Русија и ја осуди агресијата врз Украина.

Министрите за финансии на Г7 бараат зголемено финансирање на Украина

GERMANY-POLITICS-FINANCE-CLIMATE

Министрите за финансии од земјите на Групата седум (Г7) започнаа состанок во Германија, додека се прават обиди да го зајакнат финансирањето за Украина, додека земјата се обидува да се справи со неиспровоцирана руска инвазија којашто ја попречи нејзината економија.

„Прилично сум оптимист дека ќе можеме на овој состанок на Г7 да собереме средства што ќе и овозможат на Украина да се брани себеси во текот на следните месеци“, рече германскиот министер за финансии Кристијан Линднер на отворањето на состанокот.

Откако Русија ја започна својата инвазија на 24 февруари, украинската економија беше десеткувана, а милиони луѓе беа раселени од своите домови.

Киев, кој процени дека има месечен буџетски дефицит од 5 милијарди долари, побара помош од Западот за финансирање на својата влада и воените напори.

Линдер рече дека е потребна двоцифрена бројка од „милијарди евра“ за да се обезбеди „ликвидноста“ на Украина.

Состанокот доаѓа еден ден откако Сенатот на САД одобри пакет воена и финансиска помош за Украина од речиси 40 милијарди долари, додека Европската унија предложи зголемување на помошта за Киев од околу 10 милијарди долари.

Г7 е составена од Германија, Канада, Франција, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД.

Најавен самит на ЕУ со Западен Балкан за „Европска геополитичка заедница“

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел

Европската унија има намера следниот месец да организира самит со лидерите од Западен Балкан, со цел да се промовира зголемен ангажман на ЕУ со регионот.

Шестмината лидери на Западен Балкан на 23 јуни ќе бидат поканети да се сретнат со членовите на Европскиот совет, пред редовниот самит на ЕУ во јуни.

Официјалната потврда за одржување на овој самит дојде веднаш откако претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска предложи формирање на „Европска геополитичка заедница“.

Во говорот пред Европскиот економски и социјален комитет, претседателот на Европскиот совет предложи постепено вклучување на земјите од Западен Балкан во одредени секторски политики на ЕУ, во согласност со нивниот напредок во процесот на пристапување.

Шарл Мишел подвлече дека неговата идеја не е замислена како замена за процесот на проширување.

„Сакам да бидам многу јасен од самиот почеток. Оваа иницијатива во никој случај не е наменета да го замени проширувањето или да даде нов изговор за одолговлекување. Исто така, не е гаранција за вклучените (во Европската геополитичка заедница) дека еден ден ќе бидат членки на ЕУ“, рече Мишел.

Неговата идеја се совпаѓа со неодамнешната иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон за нов тип на „политичка европска заедница“ што ќе им овозможи на земјите надвор од Европската унија, вклучувајќи ги Украина и Велика Британија, да се приклучат на „суштинските европски вредности“. Овој предлог го даде Макрон во говорот на 9 мај во Стазбур.

Шолц - Нема краток пат за членство на Украина во ЕУ, незадоволство во Киев

Германскиот канцелар Олаф Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека напорите на Украина за влез во Европската Унија не може да се забрзаат и покрај руската инвазија, на што реагиреше Киев велејќи дека станува збор за „второкласен“ третман.

„Нема кратенки до ЕУ“, рече денеска Шолц во Бундестагот додавајќи дека исклучокот за Украина би бил неправеден кон земјите од Западен Балкан, кои исто така бараат членство.

„Процесот на пристапување не е прашање на месеци или години“, рече Шолц.

Тој повика на други начини за помош за Украина на краток рок, велејќи дека приоритет е „да се концентрираме на поддршката на Украина брзо и прагматично“.

Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, рече дека ќе бидат потребни „децении“ за кандидат како Украина да се приклучи во ЕУ и предложи да се формира поширока политичка организација надвор од блокот, која може да ја вклучи дури и Британија.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба реагираше на изјавата на Шолц критикувајќи го „второкласниот третман“ кон Киев од страна на некои земји од ЕУ.

„Стратешката двосмисленост за европската перспектива на Украина, која некои главни градови на ЕУ ја практикуваа во последниве години, пропадна и мора да заврши“, напиша Кулеба на Твитер.

Тоа „само го охрабри“ рускиот претседател Владимир Путин, додаде шефот на украинската дипломатија.

Кулеба го критикуваше „второкласниот третман“ на Украина, за кој рече дека „ги повредува чувствата на Украинците“.

Шолц денеска рече дека ќе присуствува на самитот на ЕУ подоцна овој месец „со јасна порака дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ“.

Тие со години преземаат интензивни реформи и се подготвуваат за членство“, рече Шолц.

„Не е само прашање на нашиот кредибилитет да ги исполниме ветувањата што им ги дадовме. Денес, повеќе од кога било, нивната интеграција е во наш стратешки интерес“, додаде германскиот канцелар.

Водачите на блокот од 27 земји не понудија конкретен датум за членство за шесте кандидати од Западен Балкан на самитот во Словенија во октомври, повторувајќи ја само „посветеноста на блокот за процесот на проширување“.

Изјавата на ЕУ наиде на разочарување во Албанија, Босна, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово.

Архиепископот Стефан ѝ се заблагодари на СПЦ што ја поздравила одлуката на Вселенската патријаршија

Со литургијата за помирување меѓу двете цркви, која се одржа во храмот Свети Сава во Белград, чиноначалствуваа поглаварите на двете цркви - македонскиот архиепископ г.г. Стефан и српскиот патријарх Порфириј.

Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан во своето обраќање на денешната заедничка литургија на поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ во храмот „Свети Сава“ во Белград, ѝ се заблагодари на СПЦ за тоа што ја поздравила одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај, кога ја отстрани „повеќедецениската шизма наложена врз Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ.“

„Му благодариме на Бога што, еве, се исполни времето, па наидовме на братољубиво разбирање и кај Неговата Светост, патријархот г. Порфириј, заедно со членовите на Соборот на Српската православна црква, кои, само по неколку дена од донесениот акт на Синодот на Вселенската патријаршија, раководен од Неговата сесветост патријархот г.г. Вартоломеј и во истиот тој дух, донесоа одлука за воспоставување на евхаристиско и канонско единство помеѓу нашите помесни Цркви“, истакна во својот говор архиепископот Стефан.

Инаку денеска утринава во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград почна архиерејска литургија за воспоставување на „литургиско и канонско општење на двете сетрински цркви“, односно литургија на помирувањето, со која сослужуваат српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан.

Литургијата се случува откако Вселенската Патријаршија на 9 мај ја призна црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа, а наведе дека како име на оваа Црква го признава „Охридска“ имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија.

Потоа и Синодот на Српската православна црква СПЦ соопшти дека го поздравува прифаќањето на статусот на целосна внатрешна самостојност на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

СПЦ соопти дека со тоа се воспоставува заеднички литургиски и канонски дијалог, бидејќи се отстранети причините за нивното прекинување предизвикани од едностраното прогласување на автокефалност во 1967 година.

Гир - Потребни се максимални напори за отворање на пристапните преговори

Амбасадорот на Европската Унија во Скопје Дејвид Гир.

Треба да бидат направени максимални напори за остварување на целта за отворање на пристапните преговри што е можно поскоро, изјави амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје Дејвид Гир.

„Апсолутно сме одлучни да продолжиме напред, знаеме дека е од стратешки интерес на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, овие земји да се приклучат на Унијата и ние очекуваме продолжување на процесот и да ја видиме Северна Македонија во ЕУ што е можно поскоро“, рече Гир.

Пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ се блокирани од 2019 година од членката на Унијата Бугарија, поради историски и барања поврзани со македоснкиот јазик. Пред бугарското вето истата година, францускиот претседател Емануел Макрон го запре започнувањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија со ЕУ, велејќи дека е потребна промена на методологијата во преговарачкиот процес.

Македонија во 2017 година потпиша Договор за добрососедство со Бугарија, а во 2018 година го потпиша и Преспанскиот договор со Грција за промена на името Република Македонија во Република Северна Македонија поради таквото долгогодишно грчко брање, земја која повеќе од две децении ставаше вето на пристапниот процес на Македонија во ЕУ и НАТО.

Макрон во говор пред Европскиот парламент овој месец даде предлог за обединување на земјите кои не се членки на ЕУ во нова политичка организација.

На прашањето до Гир дали новиот предлог на францускиот претседател Макерон е замена за евентуалниот неуспех на процесот на проширувањето, Гир рече дека ставот на Макрон и на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел се јасни , односно дека пристапните процеси за земјите од Западен Балкан остануваат главна движечка сила.

„Нема промени за процесот на проширување и единствен пат е проширувањето за Западен Балкан. Тоа е апсолутно приоритет и пат базиран на реформи. Затоа не гледам дека ова ќе влијае на патот кон полноправно членство во ЕУ“, изјави Гир.

Франција го презеде ротирачкото претседателство со Европската унија во јануари годинава. Макрон во својот говор тогаш вети дека за тој шест месечен период ќе се забележи напредок за сите земји членки.

Гир вели дека сакаат почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро и дека ги поттикнуваат сите напори за таа цел да биде остварена.

Зеленски - Руската употреба на ласерско оружје е знак на неуспех

Руското ласерско оружје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека употребата на „ласерско оружје“ од страна на Русија во инвазијата на неговата земја, е знак за нејзин неуспех.

Зеленски изјавата ја даде по тврдењето на рускиот претставник дека технологијата способна да соборува беспилотни летала е „широко распространета“ на бојното поле, пренесува Би-Би-Си.

Русите бараат „wunder-waffe“, рече Зеленски со потсмев, мислејќи на трката за семоќно оружје коешто требало да го смени текот на Втората светска војна додека нацистите губеле на бојното поле.

Зеленски ги даде коментарите само неколку часа откако рускиот вицепремиер задолжен за развој на армијата изјави дека тајната ласерска технологија веќе се користи во Украина.

Јуриј Борисов рече дека системите се способни да соборуваат беспилотни летала на околу пет километри и да заслепуваат сателити.

Кремљ често покажува нови прототипови на технологија, но која често не се гледа на бојното поле, потсетува Би-Би-Си.

Британското разузнавање тврди дека се сменети двајца руски команданти

УКРАИНА - Уништен руски хеликоптер во близина на селото Мала Рохан, во близина на Харков, Украина, 13 мај 2022 година

Украинската армија соопшти дека руските сили започнале контранапади околу Харкив, во обид да ја вратат изгубената територија откако биле потиснати назад до границата.

Во областа на населбата Велика Комишваха, руските сили претрпеа значителни загуби и беа принудени да се повлечат на нивните претходно окупирани позиции, објави денеска Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Гувернерот на руската област Курск денеска изјави дека едно лице е убиено, а друго рането по украинскиот напад на село во близина на границата.

Британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање денеска објави дека генерал-полковник Сергеј Кисел кој командувал со елитната Прва гардиска тенковска армија, е суспендиран поради неуспехот да го заземе Харкив, вториот по големина украински град.

Во извештајот на британската разузнавачка служба се наведува дека Кисел е само еден од високите руски офицери кои биле отпуштени во последните недели поради лошите перформанси во раните фази на инвазијата на Украина.

Меѓу другите руски команданти кои најверојатно биле отпуштени бил и вицеадмиралот Игор Осипов, кој командувал со руската Црноморска флота по потонувањето на крстосувачот Москва во април, објави британското разузнавање.

На таа позиција најверојатно ќе остане Валери Герасимов, началникот на Генералштабот на руската армија, се наведува во билтенот во кој се додава и дека не е јасно дали ја задржува довербата на претседателот Владимир Путин.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG