Достапни линкови

Многу сонце, а мала искористеност за производство на струја


Само еден отсто од енергијата на сонцето, пред се преку фотонапонските електорцентрали се користи за производство на струја. Во земјата има 173 централи и се работи за профитабилен бизнис, велат упатените. Државата обезбедува премии за производство на струја преку обновливи извори.

Македонија е земја на сонцето. Но, и покрај тоа што се проценува дека земјата има 280 сончеви денови, само речиси еден процент од неговата енергија се користи за производство на струја. Во екот на енергетската криза се поставува прашањето зошто со поголем капацитет на се користи овој обновлив извор на енергија. Мега солар е првата фотонапонска централа во земјата, која се наоѓа во близина на селото Гермијан, на подрачјето на Општина Новаци. За да ги искористи благодетите на сонцето фирмата пред 10 години вложила 3 милиони евра.

„Движечка сила која не водеше во развој и реализација на тој проект беше воведување на современи технологии и намалување на емисијата на стакленички гасови од еден аспект, од друг аспект беше нормално профитот од самиот проект. Десет години искуство можам да ви кажам дека проектот е профитабилен. Можам да бидам задоволен заради тоа што тогашните проекции кога ги правевме, а во истовреме немавме со никого споредбени параметри испаднаа дека биле во ред и дека сите пресметки се базирани на релани параметри“, вели главниот менаџер на фирмата, Зоран Балевски.

Тој додава дека имале и потешкотии на почетокот.

„Морам да признаам дека во периодот кога ние го реализиравме овој проект се соочувавме со доста неповолности на пазарот, опремата беше екстремно скапа, беше недостапна и доколку немавме поддршка и разбирање од Светска банка тешко дека ќе успеевме во тој период да го реализираме. Денеска е нешто сосем друго“, посочува Балевски.

173 фотонапонски електроцентрали

Според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2020 година во земјата има 173 фотонапонски електроцентрали. Тие произвеле 0,72 проценти од вкупното производство на струја.

Во производители на обновливите извори на енергија спаѓаат и големите и малите хидроцентрали, ветерните електроцентрали и термоелектроцентралите на биогас и биомаса.

Сите заедно учествувале со 29 проценти во вкупното производство на струја. Најмногу од нив или 25 отсто отпаѓаат на хидроцентралите. Тоа значи дека најискористениот ресурс од природата е водата, а сонцето пак е најмалку искористениот ресурс, ако се земе предвид и фактот дека ветерните електорцентрали учествуваат со над 2 отсто во производството на струја.

„Производството на енергија од како што ги нарекуваме обновливи извори зависи од условите кои што се на определна локација. Би рекле дека во Македонија скоро секаде има можност да се користи сончевата енергија, а се користи толку колку што е изградено. Изградено е толку колку што има инвестиции“, вели претседателот на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, Константин Димитров и според него истото правило важи и за другите ресурси како водата и ветрот.

Премии за производство на струја од обновливи извори

Во сиромаштија и сончевата енергија е скапа
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:16 0:00



Владата во 2019 година донесе уредба за поддршка на производство на струја од обновливи извори имајќи предвид дека енергетскиот пазар самостојно не може да ги обезбеди потребните инвестиции.

„Имено, се предвидува производителите на електрична енергија од фотонапонски и ветерни елктроцентрали кои користат премија да ја продаваат електричната енергија на пазарот на големо, а за продадените количини на електрична енергија да добиваат премија како дополнителен износ на цената постигната на пазарот на електричната енергија“, велат од Министерството за економија.

За таа цел, Министерството за економија јуни и јули 2019 година објави јавен оглас за доделување на договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали.

Лани во јануари се склучени 12 договори за изградба на централи на државно земјиште со капацитет од 35 мегавати. А неколку месеци подоцна во мај се склучени 27 договори за изградба на централи на приватно земјиште со капацитет од 27 мегавати. Дека интересот за фотонапонски електроцентрали се зголемува говори и фактот дека лани со работа започнале 38 вакви нови капацитети.

Фотонапонски електорцентрали профитабилен бизнис

Според Балевски фотонапонските централи се профитабилен бизнис, особено сега со повисоката цена на струјата поради енергетската криза. Дополнително и фактот што, додава тој, денес за истата инвестиција како неговата наместо 3 милиони се потребни половина милион евра. Балевски вели и дека се работи за бизнис кој ќе вроди со плод после неколку години.

„Пред 10 години кога почнувавме мислам дека не гледаа со голем потсмев за што станува збор. Многу луѓе не знаеја за што станува збор. Многу луѓе беа скептични и итн. Фактот што опремата беше екстремно скапа мислам дека ги одбиваше сите да влезат во една таква проекција. Во овој момент со оглед на целата ситуација, апсолутно можам да кажам дека се реални, профитабилни овие проекти. Профитабилноста ја носи она што опремата поевтини, поготово панелите за 5 до 6 пати од една страна, а од друга страна дојде до зголемување на цената на струјата. Ние зборуваме за поврат за некои 7, 8 години. На денешната цена се други параметри. Меѓутоа генерално во некои нормални услови ако некој очекува тоа може да се врати за една, две години, таква работа нема“, вели Балевски.

Министерството за економија и годинава, односно во август објави јавен оглас за доделување на договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали на приватно и државно земјиште на кое е воспоставено право на користење за инсталирање на моќност од 80 мегавати.

„До крајот на годината треба да бидат потпишани договорите со заинтересираните компании“, велат од Министерството за економија.

Како до поголема искористеност на обвновливите извори?

Според Димитров, енергетиката е сектор во кој што се размислува 10 години однпаред и Владата треба да обезбеди и друг вид на субвенции за обичните граѓани за искористување на обновливите извори на енергија наместо само за инвеститорите на кои им се дава премија.

„Државата нека обезбеди услови секој да постави колектор. Државата нека субвенционира со 50 проценти во тие вложувања. Државата нека им подари на сиромашните такви колектори. Нека го користат тој производ бесплатно, а вишокот произведен струја ќе си го користи државата или компаниите кои се занимаваат со производство на електрична енергија. Тоа е победничка варијанта. Тоа е Влада што ќе се грижи за народот. Во истовреме се смалува загадување на околината. Во исто време се зголемува бројот на постројки што ќе произведуваат обновливи извори на енергија“, вели Димитров.

Најголем производител на струја во земјата се Електрани на Северна Македонија ЕСМ, односно РЕК Битола преку ископ и преработка на јаглен. До 2031 година РЕК Битола треба да го исфрли од употреба јагленот и да биде заменет со производство на струја од фотонапонски електроцентрали, како и електрана на плин.

Димитров порачува дека обновливите извори на енергија се ресурс, но, не се доволни бидејќи зависат од временските услови и во тој случај треба да се заменат со енергетска ефикасност. Во меѓувреме земјата треба да обезбеди и енергетски извори кои ќе ги надополнуваат обновливите извори.

„Македонија мора да обезбеди енергетски извори што ќе надокнадуваат тоа што го немаме како обновливи извори. Тука мора веднаш во Македонија да се градат неколку термоцентрали на природен гас затоа што природниот гас при неговото користење помалку ја загадува околината, споредбено со согорување на јагленот. Споредбено со согорување на јаглен кој што го немаме. Споредбено со јаглен кој што треба да го купуваме за кој што ќе трошиме енергија да го транспортираме, да ги уништуваме патиштата ако биде со камиони, да загадуваме околина ако го претоваруваме од вагони на земја, од земја на камиони да го однесат до РЕК Битола и до РЕК Осломеј. Можете да замислите каков неразумен пристап без размислување како да се пристапи на проблемот на енергетиката“, заклучува Димитров.

ЕСМ учествува со 71 отсто во производството на струја. Но, ЕСМ, според податоците на регулаторната комисија, за двојно го намалила производството на струја во 2020 година, споредбено со 2011 година.


Сончев, но изолиран, Кипар

Прилог на Гоце Атанасов

Зголемените трошоци за енергија и загриженоста за животната средина предизвикаа жителите на овој медитерански остров да гледаат на сончевата енергија како на очигледна опција. Во изминатата година, бројот на соларни панели се зголеми за 16 насто, но, Кипар сака уште повеќе да ја зголеми употребата на обновлива енергија.

Според бројките на Евростат, во 2019 година, само 13,8 насто од нејзината енергија биле од сончева и ветерна енергија, што е далеку под европскиот просек од 19,7 насто. Кипар се надева дека ќе го зголеми својот удел во обновлива енергија на 23 насто до 2030 година, како дел од националниот план за енергија и клима. Но, промената кон зелената енергија се соочува со многу пречки како на пример прилагодување на домовите: Антонија Теодосиу, архитект:

„Електромеханичките инсталации што ги правиме денес мора да бидат енергетски ефикасни и да нема никакви пречки. Дури и да е стара куќа, таа ги има истите барања и можности“.

Овој остров, кој се наоѓа на околу 800 километри од грчкото копно, неговиот најблизок сосед на ЕУ, нема блиска електроенергетска мрежа која во моментов може да ги спаси во итен случај. Во 2011 година, главната електрана Василикос на јужниот брег на островот беше оштетена од голема експлозија во блиската поморска база. Со недели Кипар имаше чести прекини на струја. Електраната од 1.478 мегавати која користи увезен дизел, покрива речиси две третини од потребите на Кипар, ставајќи го меѓу најлошите земји на ЕУ за употреба на фосилни горива во производството на енергија.

Во контролната соба на централата, ко-директорот Георгиос Мониатис покажува на празна колона на неговиот екран што укажува на отсуство на енергија од ветер.

„Проблемот со обновливата енергија е што не можеме да складираме струја произведена од овие обновливи централи за да можеме да ја користиме енергијата во ноќните часови кога немаме сонце“.

За да ја надмине својата изолација, Кипар го склучи скапиот договор EuroAsia Interconnector за поврзување на електричната мрежа на Кипар со Израел и Грција. Во октомври Кипар, исто така, потпиша договор со Грција и Египет за пренос на електрична енергија преку мрежи што ги поврзуваат трите земји.

Настрана од ковид-19, островот со 800.000 жители, исто така, мора да се справува со, во просек, околу четири милиони туристи годишно, концентрирани во жешките летни месеци. Потребите за енергија на островот се зголемуваат од 300 мегавати напролет на 1.200 мегавати во големите летни горештини, вели Мониатис. Но, обновливата енергија не нуди приспособливост за да ги задоволи овие потреби, додаде тој. Навистина постојат методи за складирање на обновлива енергија, но тие се комплицирани и скапи.

„Луѓето сакаат да спијат со вклучен клима уред, но вие немате сончева енергија во текот на ноќта“, додава Монитис.

Но, потпирањето врз фосилните горива ги погоди џебовите на потрошувачите. Киловат-час чинеше 16,97 центи на крајот на минатата година, но се искачи на 21,78 центи во август. Можеби затоа, некои во Кипар открија дека зелената енергија е можна опција за во иднина. Во Чирокитија, блиску до џиновската електрана, Мелиса Ахерн живее речиси една година користејќи само соларни панели: „Префрлувањето на ваков начин на живот, беше многу лесно. Беше време да го направиме и сфаќате дека не ви треба ништо, не ви требаат работи за кои мислевте дека ве правеле среќни претходно. Знаете, телевизори со екран од 60 или 100 инчи или кој и да е iPhone 12 или 13 или нешто слично. Има убавина во едноставноста“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG