Достапни линкови

ЕК извештај-Северна Македонија умерено реформски посветена


Илустрација
Илустрација

Во извештајот на ЕК за напредокот на земјата во европските интеграции се наведува дека Македонија ја покажала својата посветеност да постигне резултати во клучните области. Еврокомесарот за проширување Вархеји порача дека отворените прашања меѓу земјата и Бугарија мора итно да се решат.

Одложувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија имаше негативен ефект врз кредибилитетот на ЕУ, а отворените билатерални прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија мора итно да се решат, порача еврокомесарот Оливер Вархеји во своето обраќање пред Комитетот за надворешни работи на ЕУ, по повод објавувањето на извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан и Турција во евроинтегративниот процес. Според него, двете земји ги исполниле реформите и заслужиле да ги започнат преговорите и важно е првата меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија и Албанија да биде одржана до крајот на оваа година.

„Политиката на проширувањето е процес на заслуги. Двете земји ги испорачаа реформите и ги исполнија условите за отворање на преговорите. Клучно е земјите членки на ЕУ да ги усвојат рамките за преговори за првите меѓувладини конференции се одржат што побрзо, оваа година. Ова е есенцијално за кредибилитетот на ЕУ“, рече Вархеји.

Тој додаде дека Северна Македонија покажала посветеност и прогрес во спроведување на реформите особено во делот на владеење на правото, правосудството и борбата против корупцијата. Земјата, како што истакна, треба да продолжи со реформите во борбата против корупција како и реформите во јавната администрација.

Политички критериуми

Во извештајот за политичките критериуми, се наведува дека Северна Македонија ги продолжила своите напори за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, вклучително и со активирање на постојните механизми на проверка и контрола и преку опфаќање на клучните политички и законодавни прашања.

Земјата, според документот, ја покажала својата посветеност да постигне резултати во клучните области на фундаменталните права, вклучително и преку агендата „Европа дома“ и „Акциониот план 21“ за борба против корупцијата.

„Првиот круг од локалните избори се одржа на 17 октомври. Канцеларијата за демократски институции и човекови права на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ/ОДИХР) распореди мисија за набудување на изборите. Постигнат е ограничен напредок во решавањето на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија во текот на извештајниот период. Сеопфатниот преглед на изборното законодавство и донесувањето на соодветните закони се уште уште треба да се финализираат навремено и инклузивно“, се наведува во извештајот.

Опозициските партии, се додава дека останале активно вклучени во Парламентот и во некои прилики ги поддржале клучните закони поврзани со ЕУ.

„Парламентарната работа сепак беше попречена од политичката поларизација, надополнета со Ковид-19, што повремено влијаеше на неговите вообичаени функции. Потребни се напори за зајакнување на улогата на Парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, особено на реформската агенда на ЕУ. Парламентот продолжи да ги извршува своите законодавни функции. Треба да се посвети големо внимание во користењето на процедури за брза постапка, кои треба да бидат ограничени за да се обезбеди ефективна контрола и консултација на законодавството“, се вели во извештајот.

Парламентот продолжил да врши соодветен надзор врз извршната власт. Предлозите за внатрешна реформа на Парламентот, договорени за време на третиот круг од „Дијалогот Жан Моне“ во почетокот на 2020 година, допрва треба да се воведат. Кривичната одговорност за оние што организираа или извршија насилство во нападот врз Собранието на 27 април 2017 година продолжи да се утврдува, вклучително и преку првостепените пресуди. Владата треба да го задржи реформскиот импулс и да се фокусира на имплементација на постојната правна рамка, наместо да започне спорадични нови иницијативи. Навременото и суштинско спроведување на реформската агенда бара постојана поддршка од општеството во целина. Меѓуетничките односи останале стабилни и Охридскиот рамковен договор продолжи да се спроведува.

Граѓанските организации се посочува дека и понатаму се активни и имаат важна улога во реформскиот процес. Потребни се дополнителни напори, според извештајот, за да се обезбеди понавремен, значаен и транспарентен процес на консултации со граѓанското општество. Во контекст на предизвиците со кои се соочуваат при закрепнување од кризата на Ковид-19, од владините и невладините актери се очекува да изградат долгорочни партнерства и да ја зајакнат постоечката соработка.

Реформата на разузнавачкиот сектор, што резултираше со воспоставување нови структури и развој на правна рамка, е речиси завршена. Земјата се препорачува да го зајакне капацитетот за парламентарен надзор над разузнавачките служби.

Јавна администрација

Северна Македонија е умерено подготвена во реформата на својата јавна администрација. Постигнат е одреден напредок во финализирањето на хоризонталната функционална ревизија на државната администрација. Важно е ревизијата да биде усвоена од владата.

„Беа дадени препораки за новата организација на органите на државната управа со подобрени линии на отчетност. Овие треба да се внесат во релевантното законодавство, кое треба да се донесе и имплементира. Северна Македонија во моментов ја разгледува законодавната рамка за управување со човечки ресурси преку ревизија на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавните служби и воведува нов Закон за врвни менаџерски услуги. Новата рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и ќе придонесе за обезбедување на подобра почит за вработувања, унапредувања и отпуштања засновани на заслуги, вклучително и на високо ниво на менаџмент. Беа презентирани мониторинг извештаите за имплементација на Стратегијата за реформа на јавната администрација и Реформската програма за управување со јавните финансии. Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) продолжи да се занимава со случаи на наводен непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на регрутирање вработени во јавниот сектор и во процесот на именување членови на надзорни и управни одбори. Нејзините наоди и препораки треба систематски да се следат од засегнатите институции“, се наведува во извештајот.

Судство

Судскиот систем во Северна Македонија се оценува дека има одредено ниво на подготовка/ е умерено подготвен. Постигнат е одреден напредок во однос на имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството, со што дополнително се разгледале препораките од Венецијанската комисија и групата на високи експерти за системски прашања за владеење на правото. Се уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акционен план за стратегијата за реформи во судството и стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството. Судските институции продолжуваат да ги применуваат новите правила за именување, унапредување, дисциплина и разрешување судии и обвинители. Поголемиот дел од законодавството за спроведување на ревидираниот Закон за Советот на јавни обвинители е усвоен.

„Важно е да се продолжи со имплементација на правната рамка и стратешките планови поврзани со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Новиот предлог закон за Академијата за судии и обвинители треба да ја одржува Академијата како единствена точка за влез во судството и обвинителството и треба да обезбеди фер и транспарентен пристап до овие професии“, се додава во извештајот.

Борба против корупција и криминал

Северна Македонија, како што се оценува, има одредено ниво на подготовка / е умерено подготвена во превенција и борба против корупцијата. Постигнат е одреден напредок, бидејќи земјата продолжила да го консолидира својот учинок за истрага, гонење и судење на неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво, и ја зајакна својата институционална рамка, особено Државната комисија за спречување корупција и Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Во април 2021 година, Парламентот ја усвои Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси 2021-2025 година и поврзаниот акционен план, консолидирајќи ја заложбата на земјата да спречи корупција и да ги санкционира коруптивното однесување.

„Случаите иницирани од поранешното специјално обвинителство (СЈО) продолжија да напредуваат, со што се утврди одговорност за незаконските прислушувања. Голем број случаи беа предмет на првостепени пресуди и беа отворени нови случаи врз основа на истражен материјал од поранешното Специјално обвинителство. Државната комисија за спречување корупција беше проактивна во спречувањето на корупцијата и отвори неколку случаи, вклучително и против службеници на високо ниво. На Државната комисија и беа доделени нови простории. Како и да е, напорите за подобрување на нејзиното функционирање треба да продолжат, особено со доделување дополнителни средства за регрутирање стручен кадар“, се додава во извештајот.

Земјата, се додава, дека има одредено ниво на подготовка во борбата против организираниот криминал. Законската рамка е во голема мера во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат. Постигнат е одреден напредок на оперативно ниво, но треба да се направи повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. Координацијата останува клучна за сите засегнати страни вклучени во борбата против организираниот криминал.

Постигнат е одреден напредок во борбата против тероризмот и спречување насилен екстремизам во согласност со целите утврдени во Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот за Западен Балкан и билатералниот аранжман за имплементација. Национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на странски борци повратници и членови на нивните семејства беше усвоен во јуни 2020 година, со цел да се спроведат идентификуваните приоритети за спречување на насилен екстремизам и радикализација.

Правната рамка за заштита на основните права е во голема мера во согласност со европските стандарди. Законот за спречување и заштита од дискриминација и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се воспоставени. Забележано е подобрување во однос на вклучувањето на родот и правата на жените, иако жените се меѓу категориите што се најтешко погодени од пандемијата. Препораките на европските и меѓународните тела за човекови права, особено во врска со третманот на притворените и осудените лица мора целосно да се спроведат без одлагање. Исто така, е важно за земјата да го зајакне спроведувањето на законодавството за говор на омраза и националниот акционен план за спроведување на одредбите од Истанбулската конвенција. Цивилниот механизам за надворешен надзор над полицијата не е целосно функционален, а отсуството на вистински независни иследници ги попречува напорите да се одговори на неказнивоста на полицијата и ефективното гонење. Земјата треба да продолжи да ја подобрува состојбата во затворите и дополнително да ги зголеми алтернативите на притворот.

Слобода на медиуми

Северна Македонија се оценува и дека постигнала одредено ниво на подготовка/ е умерено подготвена во областа на слободата на изразување. Генерално, имало ограничен напредок во периодот на известување. Општиот контекст е поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко известување на медиумите, иако има зголемени тензии за време на кризата со Ковид-19. Потребно е да се продолжат напорите за саморегулација и проследени со конкретни резултати за напредок во професионалните стандарди на новинарството. Треба да се обезбеди поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии. Властите треба да ги зголемат своите напори за реформа на јавниот радиодифузен сервис, обезбедувајќи ја неговата независност и финансиска одржливост. Јавниот радиодифузен сервис усвои петгодишна стратегија за развој, но процесот на реформи е отежнат од доцнењето во назначувањето на членовите во неговиот управен совет и во советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. Кризата со Ковид-19 имала силно економско влијание врз медиумскиот сектор, особено врз регионалните и локалните актери. Медиумите биле вклучени во пакетот за помош, но работничките права на новинарите се уште треба да се решат.

Во врска со регионалната соработка, земјата ги одржува своите добри односи со другите земји за проширување и го одржува својот ангажман во регионалните иницијативи. Постојните билатерални договори, вклучувајќи го и Преспанскиот договор меѓу Северна Македонија и Грција, како и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, треба да се имплементираат со добра волја од сите страни.

Економија

Во однос на економските критериуми, Северна Македонија, се додава во документот, постигнала одреден напредок и е на добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија. Владата, се наведува, спровела силен фискален одговор за да го ублажи влијанието на кризата врз домаќинствата и фирмите. Фискалниот дефицит се зголемил на 8,2 % од БДП во 2020 година, додека нивото на јавниот долг нагло се зголемил на 60,2 % од БДП, бидејќи требало да се покријат дополнителните финансиски потреби. Капиталните расходи биле намалени при ревизија на буџетот за да се создаде простор за трансфери поврзани со кризи, но сепак тие биле многу недоволно извршени.

Властите преземале дополнителни мерки за подобрување на фискалната транспарентност, иако допрва треба да се развие целосно оперативен регистар на државна помош. Постигнат е мал напредок во подобрувањето на мобилизацијата и наплатата на приходите, како и управувањето со јавните инвестиции, вклучително и преку посилна рамка за јавно-приватно партнерство. Новиот закон за буџет, кој се очекува значително да го подобри фискалното управување, допрва треба да биде усвоен од Парламентот, а неговото спроведување е одложено. Поддржан од регулаторно олеснување, финансискиот сектор останал силен и кредитирањето на приватниот сектор константно. Деловното опкружување продолжило да биде попречено од големината на неформалната економија.

Според извештајот, Северна Македонија постигнала одреден напредок во адресирањето на препораките од минатата година и е умерено подготвена да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во Унијата. Што се однесува до нејзината способност да ги преземе обврските за членство, Северна Македонија е умерено подготвена во повеќето области опфатени со кластерот 2 на внатрешниот пазар, имено слободното движење на стоки, услуги и капитал, интелектуална сопственост и политика за конкуренција.

Генерално, потребен е поголем напредок во наредната година во областите опфатени со овој кластер, бидејќи е релевантен за подготовките на Северна Македонија да ги исполни барањата на внатрешниот пазар на ЕУ и за развојот на Заедничкиот регионален пазар.

Зелена агенда

На кластерот 4 за Зелената агенда и одржливо поврзување, Северна Македонија има добро ниво на подготовка во трансевропските мрежи. Умерено е подготвенa за транспортната политика и енергија и како одредено ниво на подготовка за животната средина и климатските промени. Како и целиот Западен Балкан, Северна Македонија ја поддржа Зелената агенда за Западен Балкан на Самитот во Софија во декември 2020 година. Оваа година, бил постигнат одреден напредок во енергетскиот сектор, особено со напредокот постигнат кон усвојување на Националниот план за енергија и клима. Меѓутоа, постигнат е ограничен напредок во транспортот, животната средина и климатските промени.

Северна Македонија е умерено подготвена во повеќето области од кластерот 5 кој се однесува на ресурси, земјоделство и кохезија. Има добро ниво на подготовка во областа на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика и е во рана фаза на подготовка во финансиските и буџетски одредби. Меѓутоа, потребни се дополнителни напори, особено во областите каде што е постигнат ограничен или нема напредок, како што се рибарството, регионалната политика и координацијата на структурните инструменти, како и финансиските и буџетските одредби.

Северна Македонија, се наведува дека, останува на една од главните транзитни патишта за миграциско движење. Земјата продолжува да игра конструктивна улога во управувањето со мешаните миграциски текови. Ефикасно соработува со соседните земји и земјите -членки на ЕУ. Договорот за статусот со ЕУ, што ќе овозможи распоредување постојани корпуси на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) во земјата, се уште не е потпишан поради билатерално прашање. Земјата треба да заземе методичен пристап во борбата против криумчарењето мигранти.

ЕК денеска треба да го објави извештајот и за Црна Гора, Србија, Косово, Албанија, Турција и БиХ. Европската комисија се очекува да препорача отворање на две нови поглавја со Србија. Во однос на Црна Гора се наведува дека несогласувањата ги забавиле реформските процеси во Црна Гора. Албанија, според ЕК, постигнала напредок со исполнување на воспоставените услови.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG