Достапни линкови

Правата на малцинствата во Македонија и во Бугарија да се решаваат согласно меѓународните конвенции


Вицепремиерот Никола Димитров и премиерот Зоран Заев на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, 6 октомври 2021
Вицепремиерот Никола Димитров и премиерот Зоран Заев на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, 6 октомври 2021

Нашата обврска да не се мешаме во внатрешните работи на Бугарија постои, но постои и обврска и Бугарија да не се меша во внатрешните македонски работи, вели вицепремиерот Никола Димитров. Во контекст на малцинските прашања тој се повикува на Европската конвенција за човекови права.

Во Договорот за доброседството меѓу Скопје и Софија одредбата за немешање во внатрешните работи е реципрочна. Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров се повикува на членот 14 од Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Скопје и Софија потпишан во 2017 година. Во тој член се наведува дека тој договор „на никаков начин, нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори, чии страни се Договорните страни“. Димитров овој член го споменува во контекст на малцинските прашања.

„Членот 14 е на некој начин другата страна на заложбата за немешање во внатрешните работи бидејќи и ние и Бугарија имаме извесни права и обврски кои сме ги преземале по други меѓународни конвенции и тоа не значи немешање во внатрешните работи. На пример, Европската конвенција за човекови права и нашата улога како држава членка на Советот на Европа“, вели Димитров.

Советот на Европа, кој го споменува вицепремиерот во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела, досега има донесено 14 пресуди поради одбивањето на Бугарија да ги регистрира здруженијата на Македонците што живеат таму. Но, ниту една од нив не е применета, а источниот сосед продолжува со одбивањето да го стори тоа, тврди за Радио Слободна Европа копретседателот на ОМО Илинден Пирин Стојко Стојков. Еден од првите луѓе на тоа здружение на Македонците вели дека пресудите ги добиваат од 2001 досега, но официјална Софија ги игнорира.

„Во суштина имитира исполнување, ги преведува и ги објавува и тоа е се. Ама не ги имплементира. Тие организации кои што пробале да добијат регистрација не им е дозволено, многупати се одбиени“, вели Стојков кој додава дека на Бугарија повеќе и одговара да ги плаќа казните кои не се многу високи.

Стојков:дволично барање на Бугарија за рехабилитација на жртвите од комунизмот
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:26 0:00
Директен линк

Постојаните инсистирање на бугарските власти и последниов период на претседателот Румен Радев кои ги нарекува предворјето на вратата за интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ се правата на Бугарите во земјава, односно како што вели недискриминација и нивна целосна интеграција во културниот, економскиот, општествениот и политичкиот живот на оваа земја. Радев е во трка за повторен претседателски мандат.

На 14 ноември во земјата се одржуваат редовни претседателски избори и вонредни парламентарни, трети годинава. Од првите избори во Бугарија пролетва со земјата раководи техничка влада.

Димитров вели дека клучно за планот 5+1 кој бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев најави дека е можно да има помрднување до ноември е дали техничката може да испорача зелено светло за почеток на преговорите на земјава со Европската унија.

Покрај ова важно е додава тој, како ќе се дефинира македонскиот јазик и тоа дека вкупниот пакет мора да содржи и почеток на преговорите, односно усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција.

„Нас ние исклучително важно ова што го споменав, македонскиот јазик, македонскиот идентитет, што е апсолутно наша работа, прашање за македонскиот народ. Нас ни е исто така многу важно пристапниот процес да носи европеизација – дали одиме напред кон ЕУ, отвораме кластери, исполнуваме одредници итн, да зависи од реформите дома. Не, не може да зависи тој процес од работи што не се на накој начин во наша ингеренција, на пример работата на Комисијата за историски и образовни прашања. Ако нашиот прогрес во ЕУ зависи од историчарите тогаш многу тешко тој процес можеме да го наречеме европеизација“, вели Димитров.

Инаку, таканаречениот план 5+1 кој првпат под тоа име јавно беше споменат на самитот ЕУ-Западен Балкан кој се одржа месецов во Словенија, го содржи прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, на кое што се надоврзува и ова прашање за вклучување на Бугарите во Уставот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG