Достапни линкови

Вести

Касами се сомнева дека Реџепи е присилен да не дојде во Собранието

Билал Касами, БЕСА

Претседателот на движењето Беса Биљал Касами денеска пред Собранието изрази сомнеж дека пратеникот Кастриот Реџепи од неговата партија се држи некаде со сила за да не може да дојде во Собранието и да гласа за соборување на владата.

„Последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи докажуваат дека оваа власт е спремна на сè за да остане на оваа позиција. Сè додека немам јасна слика и глас од пратеникот за својот став, јас се сомневам дека тој против своја волја го има декларирано тоа што има декларирано и не може да дојде во Собранието и да ја искаже својата позиција“, рече Касами.

Тој вели дека движењето Беса останува на ставот за „пад на овој режим“. Според него, Реџепи до вчера бил на истите позиции со партијата, а денеска не знае каде се наоѓа.

„Сè додека тој не излезе да каже дека овој став е негов и тоа е доброволно, без присила, јас како човек и како претседател на Беса имам право да се сомневам дека тој, против своја волја, се држи некаде и не може да дојде во Собрание и да излезе пред јавноста да каже дека тоа е негов доброволен став“, рече Касами.

На прашањето дали преговараат со други пратеници за обезбедување мнозинство за соборување на владата, Касами рече дека во моментов за нив „е многу важно здравјето на пратеникот“ и да искомуницираат со него.

Пратеникот Реџепи утринава на Фејсбук напиша дека одлучил да не учествува на собраниската седница за гласање на доверба на Владата.
„Една од главните причини за мене и за политичкиот субјект Движење Беса на која припаѓам е евроатлантската интеграција на РСМ. Со оглед на политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, за доброто на процесот и силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ кои ми беа доставени од високи дипломатски претставници, дека во декември има одлична шанса да имаме датум за почеток на разговорите за членство во ЕУ, решив да не учествувам на собраниската седница на која требаше да се донесе одлука со која ќе се доведе во прашање оваа витална национална и државна цел“, напиша Реџепи на Фејсбук.

Без него, опозицијата не може да обезбеди мнозинство од 61 пратеници за почнување на седницата за гласање доверба на владата.

види ги сите денешни вести

Министерот Османи допатува во Киев

Посета на Киев на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи отпатува во Киев, каде ќе оствари средба со неговиот украински колега Дмитро Кулеба и други високи државни претставници на Украина, соопшти МНР.

Оттаму појаснуваат дека Османи и Кулеба ќе разговараат за руската воена агресија на Украина и начините како меѓународната заедница, вклучително и Северна Македонија, можат да помогнат.

Шефот на македонската дипломатија во Киев беше пречекан од македонскиот амбасадор во Украина, Крум Ефремов.

Ефремов деновиве се врати во украинскиот главен град и заедно со останатите членови на дипломатската мисија продолжува да ја врши својата функција.

Русија го зголемува притисокот врз истокот, Зеленски ја обвинува Москва за „геноцид“

Чад се издигнува од градот Северодонецк, за време на гранатирање во источниот украински регион Донбас на 26 мај 2022 година

Руските сили продолжија со нивната офанзива за да го заземат најисточниот украински џеб во Донбас и неселективно го бомбардираа североисточниот град Харков каде што убија девет лица и ранија 19, соопштија украинските воени претставници на 27 мај, додека Киев предупреди дека ситуацијата на истокот е полоша отколку што се верува.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека извршила „геноцид“ на исток, каде Русите напредувале кон клучните збратимени градови Северодонецк и Лисичанск, и го повика Западот „да престане да си игра“ со Русија и да помогне да се стави крај на војната.

Зеленски, во своето ноќно видео обраќање, го осуди бруталниот напад на Москва врз двата града кои лежат од двете страни на реката Сиверски Донец, додавајќи дека нејзиното бомбардирање може да го остави целиот регион „ненаселен“.

„Сето ова, вклучително и депортацијата на нашиот народ и масовните убиства на цивили, е очигледна политика на геноцид што ја води Русија“, рече Зеленски.

Министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба вчера изјави дека воената ситуација во источна Украина е уште полоша отколку што кажуваат луѓето.


Во сесијата со прашања и одговори во живо со корисниците на Твитер, Кулеба исто така рече дека на земјата сега и треба тешко оружје за ефикасна борба против Русија и рече дека мировните преговори со Русија не се одржуваат вистински.

Во својот дневен билтен, британското Министерство за одбрана информираше дека додека руските копнени сили продолжуваат да вршат притисок врз Северодонецк со одреден успех, Украина ја задржува контролата врз повеќе одбранети сектори, негирајќи дека Москва има целосна контрола врз Донбас.

Но, извештајот на британската разузнавачка служба забележа дека во последниве денови, Русија изгледа дека префрлила 50-годишни тенкови Т-62 од складиштета во просторот на операциите во Донбас, факт што го истакнува недостатокот на руската модерна борбена опрема.

Понатаму, „Т-62 речиси сигурно ќе бидат особено ранливи на противтенковско оружје и нивното присуство на бојното поле“, оценуваат британските разузнавачи.

Зеленски го повика Западот сериозно да ја сфати ситуацијата и да воведе построги санкции кон Русија за да стави крај на нејзината „бесмислена војна“ во Украина.

„Катастрофалните настани што се одвиваат сè уште би можеле да бидат запрени ако светот ја третира ситуацијата во Украина како да се соочува со истата ситуација, ако силите не си поигруваат со Русија, туку навистина притискаат да ја прекинат војната“, рече тој во своето доцно обраќање.

Зеленски стана сè покритичен кон Западот во последните денови, бидејќи Европската унија полека се движи кон можно руско ембарго за нафта, додека воената ситуација на Украина станува се потешка на исток.

Ембаргото бара едногласност меѓу 27-те членки на блокот, но Унгарија се противи на потегот тврдејќи дека нејзината економија ќе биде сериозно погодена.

Зеленски го критикуваше недостатокот на договор во ЕУ.

„Уште колку недели Европската унија ќе се обиде да договори шести пакет? праша тој.

Руското Министерство за одбрана предложи коридор што ќе им овозможи на странските бродови да ги напуштат пристаништата на Црното Море и друг за да им се дозволи на бродовите да го напуштат Мариупол на Азовското Море.


Во Вашингтон, американската администрација се подготвува да испрати напредни ракетни системи со долг дострел во Украина, објави CNN, цитирајќи повеќе американски претставници.

Официјалните претставници рекоа дека Белата куќа е склона да ги испрати системите како дел од поголем пакет воена и безбедносна помош што би можел да биде објавен веќе следната недела.

Запленета иранската нафта од поранешен руски танкер запрен кај Грција

Запленетиот танкер кај Евија

САД ја конфискуваа иранската нафта од брод управуван од Русија во близина на грчкиот остров Евија во Егејското Море, се наведува во вчерашните новинарски извештаи каде се цитирани грчки извори.

По „судската интервенција на американските власти во врска со товарот на бродот“ во моментов во тек е процесот нафтата „да биде „предадена“ на трошок на американската влада, изјави неидентификуван службеник цитиран од АП.

Бродот беше привремено запленет од грчките власти на 15 април кога се закотви кај пристаништето Каристос на Евија. Во тоа време, на него се вееше руско знаме и превезуваше екипаж од 19 Руси.


Грчката крајбрежна стража соопшти дека е запленет поради сомневање дека ги прекршил санкциите на ЕУ воведени против Русија поради војната во Украина.

Не е јасно дали нафтата е конфискувана затоа што била иранска нафта под санкции на САД или акцијата се должи на санкциите за танкерот, кој неодамна го смени името од Пегас во Лана и вее под иранско знаме од 1 мај. .

Извор од грчкото Министерство за испорака, цитиран од Ројтерс, рече дека американското Министерство за правда „ја информирало Грција дека товарот на бродот е иранска нафта“.

„Товарот е префрлен на друг брод што го најмиле САД“, додаде изворот без да наведе дополнителни детали.

Соединетите Држави на 25 мај воведоа санкции за, како што ја опишаа, мрежата за шверц на нафта и перење пари поддржана од Русија за силите Кудс на Иранската исламска револуционерна гарда.

Кина и Русија ставија вето на новите санкции на ОН за Северна Кореја поради лансирање проектили

Илустративна фотографија

Кина и Русија ставија вето на резолуцијата на ОН спонзорирана од Соединетите Држави, која би ги заострила санкциите кон Северна Кореја како одговор на нејзиното најново лансирање на интерконтинентална балистичка ракета (ICBM).

Гласањето на 26 мај во 15-члениот Совет за безбедност беше 13 према 2 и ја означи првата сериозна поделба меѓу петте постојани членки на Советот за безбедност со право на вето за резолуцијата за санкции за Северна Кореја.

Советот воведе санкции по првата експлозија на нуклеарна проба на Северна Кореја во 2006 година и ги заостри во текот на годините, барајќи да ги заузда нејзините нуклеарни и балистички ракетни програми.


Амбасадорката на САД Линда Томас-Гринфилд апелираше на единство пред гласањето, нарекувајќи ги шесте тестирања на ICBM на Северна Кореја оваа година „закана за целата меѓународна заедница“.

Кина го повтори своето противење на новите санкции пред гласањето.

Кинескиот амбасадор во ОН Џанг Јун рече дека Кина не верува дека дополнителните санкции би биле корисни во одговорот на моменталната ситуација.

Наместо тоа, Кина ги повика Соединетите Држави да преземат „значајни, практични активности“ за да го продолжат дијалогот со земјата и да најдат политичко решение за ситуацијата на Корејскиот полуостров, рече Џанг.

Претпладне сончево и топло, попладне можност за дожд и невреме

Илустративна фотографија

Претпладне времето ќе биде сончево и топло со слаб до умерен ветер од променлив правец, а попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме, прогнозираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Јачината на УВ индексот ќе биде 8.

Инаку, под влијание на влажна и нестабилна маса денес попладне и за време на викендот времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), силни електрични празнења, силен ветер (над 70 км/час) и појава на град.

Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.

Пендаровски: Бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките

Претседателот Стево Пендаровски

Според објаснувањата на Бугарија, тие сакаат да го имитираат однесувањето на Грција кон Северна Македонија во последните децении, поставувајќи ни предуслови за влез во Европската Унија, со цел да го заштитат националниот интерес, вели претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Тој во интервју за Еуроњуз изјави дека потребно е да се говори за вистинските аргументи и критериуми што државата ги исполни за влез во Европската унија (ЕУ), а не да се дискутира за 19 или 20 век.

„Бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките. Зошто? Затоа што Грците никогаш не го доведуваа во прашање нашето етничко потекло. Никогаш не рекоа „не си Македонец. Бугарија го оспорува идентитетот на Македонците и тоа е големиот проблем“, вели Пендаровски.


Според него, Бугарија ја изразува позицијата на бугарското општество, како резултат на долгогодишниот став на бугарските политичари и историчари, што датира од времето на комунизмот.

Македонија пред јунскиот самит на ЕУ сеуште е под бугарско вето за старт на пристапните преговори и нмема оптимизам дека нешто може да се смени во наредните денови. Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристиан Вигенин, денеска изјави оти смета дека е неопходно е да се свика ново заседание на бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност посветено на темата за Северна Македонија, бидејќи тоа прашање е „доволно контроверзно“, а само бугарскиот претседателот Румен Радев на иста маса да ги собере сите партии. Тој потенцираше дека во моментов Бугарија нема причина да го тргне ветото.

Кевин Спејси обвинет за четири случаи на сексуално злоставување во Велика Британија

Актерот Кевин Спејси

Британските обвинители денеска поднесоа обвинение против холивудската ѕвезда Кевин Спејси за четири случаи на сексуално злоставување на тројца мажи. Обвинителството наведе дека Спејси е обвинет и за принудување на друго лице да „учествува во сексуална активност без негова согласност“.

Шефицата на полицискиот отсек за специјални злосторства Розмари Ејнсли соопшти дека обвинението е поднесено откако биле прегледани доказите кои ги собрала лондонската полиција.

Британската полиција го испита Спејси во 2019 година за наводите на неколку мажи дека ги злоставувал.

Наводните инциденти се случиле во Лондон во периодот од март 2005 до август 2008 година, како и во западна Англија во април 2013 година. Спејси од 2004 до 2015 година го водеше лондонскиот театар Олд Вик.

Еден студен повреден во судири со полицијата во Солун

Илустрација: Солун

Еден студент е сериозно повреден, а според дел од грчките медиуми го загубил слухот на едното уво, откако бил удрен со шок бомба од полицијата во инцидентите што претпладнево се случија пред Универзитетот „Аристотел“ во Солун, а повреден е и еден полицаец, јави дописничката на МИА од Атина.

Инцидентите и овој пат беа пред делот од Универзитетот каде што се работи на изградба на библиотека, односно во простор што претходно, со години беше под опсада од анархисти.

Од грчката полиција соопштија дека додека полицијата ги обезбедувала градежните работи на приземјето на Универзитетот, била нападната од група од околу 120 лица и биле повредени еден полицаец и едно друго лице.

Како што објавија грчките медиуми, студентот со шок бомба бил повреден во пределот на главата, пренесен во болница, а го загубил слухот на едното уво.

Еднократен данок за нафтените и гасни компании во Британија и парична помош за сиромашните

Ветерници за струја во морето во Велика Британија

Владата на Велика Британија денеска објави пакет мерки во вредност од неколку милијарди фунти за финансиска помош за домаќинствата со најниски приходи, и поради тоа им воведува еднократен данок од 25 отсто на екстра профит на нафтените и гасни компании.

Министерот за финансии Риши Сунак соопшти дека владата очекува дека преку еднократниот данок ќе собере околу 5 милијарди фунти (5,8 милијарди евра) во текот на наредната година. Тој рече дека околу осум милиони најсиромашни домаќинства ќе добијат еднократна државна помош од по 650 фунти (763 евра), за да може да ги платат сè повисоките сметки за струја.

Сунак наведе дека во еднократниот данок ќе биде пресметан и „инвестициониот џепарлак“ за компаниите да се мотивираат да го реинвестираат профитот.

Британскиот премиер Борис Џонсон претходно се спротивстави на еднократниот данок, додека владата претходно соопшти дека тој потег би можел да ги попречи инвестициите во енергетскиот сектор. Сепак, сега го сменија ставот во услови кога се под сè поголем притисок поради растот на цените на струјата и на храната.

Претходно оваа недела, британската Канцеларија за пазарот на гас и струја соопшти дека сметките за струја во земјата од есен би можеле да порасната за уште 800 фунти (939 евра) годишно.

Во април оваа година, инфлацијата достигна девет отсто, што е највисока стапка во последните 40 години. Годишните сметки за струја за милиони Британци во април пораснаа за 54 отсто, односно за 700 фунти (околу 822 евра) во просек по домаќинство.

Силен земјотрес на југот на Перу

Архивска фотографија: Оштетен пат по земјотрес во Перу во 2019 година

Силен земјотрес денеска го погоди југот на Перу. Геолошкиот топографски институт од САД соопшти дека земјотресот бил со магнитуда од 7,2.
Исплашените граѓани истрчале на улиците. Засега нема информации за штети или повредени.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 218 километри под земјата, на 20 километри североисточно од градот Азангаро во близина на границата со Боливија.

Тамошните експерти велат дека кога земјотресот на толку голема длабочина, не би требало да предизвика големи штети.

Перу лежи на Огнениот прстен, кој секоја година е погоден од најмалку 400 земјотреси кои може да се почувствуваат.

Огнениот прстен е област на работ на Тихиот Океан со голема вулканска и сеизмичка активност.

Последниот голем смртоносен земјотрес кој го погоди Перу се случи во август 2007 година, кога во земјотресот со магнитуда од 7,9 загинаа 595 луѓе.

Поранешниот премиер на Пакистан го откажа протестот, ѝ даде 6 дена на владата да распише избори

Судири на полицијата и демонстрантите во Исламабад

Поранешниот пакистански премиер Имран Хан во последен момент го откажа протестот во Исламабад, со образложение дека сака да ѝ даде на актуелната влада шест дена да одреди датум за избори.

Околу 10 илјади луѓе веќе се собраа во центарот на Исламабад рано утринава, а се очекуваше да пристигнат уште илјадници на протестот, за кој многумина стравуваа дека може да прерасне во големи насилства по спорадичните судири со полицијата пред Парламентот.

„Ви давам шест дена“, рече Хан, поранешна крикет ѕвезда која стана исламистички политичар, откако пристигна во долга колона возила со демонстранти кои вееја знамиња.

„Ако не го направите тоа [одредите датум за избори] за шест дена, јас ќе се вратам“, рече тој, додавајќи дека исто така бара распуштање на парламентот.

Премиерот Шабаз Шариф, кој дојде на местото на Хан во април, откако ѝ беше изгласана недоверба на владата, веднаш го отфрли барањето и рече дека нема да биде уценуван. Тој сепак ја остави отворена можноста за разговори за ова прашање.

Организаторите планираа поддржувачите на Хан да се соберат на периферијата на Исламабад, а потоа да продолжат пеш.

По зголемувањето на тензиите, владата го забрани протестот, за во последен момент Врховниот суд да донесе одлука со која се дозволува негово одржување, но само на точно одредени јавни места и под услов демонстрантите да се разотидат по обраќањето на Хан.

На вчерашните протести на поддржувачите на Хан во Карачи, Лахоре и во Исламабад беа уапсени над 1700 луѓе.

Хан беше соборен од власт по широко распространето незадоволство од инфлацијата и неколку други прашања кои ја влошија економијата на Пакистан.

Хан го обвини Вашингтон за соборувањето на неговата коалициска влада поради неговите блиски односи со Кина и со Русија. Повиците за протести на неговите поддржувачи беа под паролата да се „ослободи“ Пакистан од наметнатата влада од страна на САД.

Турската централна банка не ги зголемува каматите и покрај огромната инфлација

Илустрација: Лири и долари

Турската централна банка ја задржа непроменета основната каматна стапка петти месец по ред, и покрај годишната стапка на инфлација од скоро 70 отсто.

Банката соопшти дека ќе ја задржи својата референтна каматна стапка „константна“ на 14 отсто и дека инфлацијата е водена од геополитичкиот развој и „привремените ефекти на формирањето на цените“.

Банката очекува дека инфлацијата ќе забави со мерките за стабилност на цените и по смирување на „регионалниот конфликт“, мислејќи на руската инвазија врз Украина.

Годишната инфлација во април достигна 69,97 отсто, продлабочувајќи го притисокот врз домаќинствата кои веќе немаат доволно пари и за основните намирници.

Одлуката на централната банка уследи по дополнителниот пад на турската лира.
Од почетокот на годината, лирата изгуби околу 18 отсто од вредноста во однос на доларот.

Албанија му ја понуди на НАТО поморската база Пашалиман

Премиерот на Албанија Еди Рама

Премиерот на Албанија Еди Рама ја понудил на користење од страна на НАТО поранешната советска поморска база Пашалиман.

Како што соопштија од премиерскиот кабинет, Албанија веќе направила проект за обнова на базата која се наоѓа на 180 километри јужно од Тирана, под Валонскиот Залив.

„Во овие опасни времиња, верувам дека генералот би можел да размисли да има поморска база на НАТО во Албанија“, рече Рама во вчерашното обраќање при доделувањето медал” Голема ѕвезда на благодарноста”на командантот на НАТО, Тод Даниел Волтерс.

Базата Пашалиман е изградена во 1950-те кога Советскиот Сојуз донесе 12 подморници и беше единствената поморска база што ја имаа во Средоземното Море.

По прекинот на врските меѓу Тирана и Москва во 1961 година, Пашалиман остана како поморска база во која се сместени четирите преостанати подморници и други помали воени бродови.

Нови 108 случаи на Ковид-19 и 77 оздравени лица

Илустративна фотографија

Во последните 24 часа се регистрирани 108 нови случаи на Ковид-19 од направени 1411 тестови, како и 77 оздравени пациенти. Не се пријавени починати лица, информираа од Министерството за здравство.

Од новозаболените, од кои осум се реинфекции, од Скопје се 70, Битола 13, Штип 7, Кавадарци 3, Прилеп, Велес, Гостивар, Кичево и Неготино по 2 и Тетово, Охрид, Гевгелија, Свети Николе и Дебар по 1.

Од оздравените 77 лица од Скопје се 56, Битола 7, Прилеп 4, Гостивар, Берово и Кичево по 2 и Кавадарци, Гевгелија, Кочани и Ресен по 1.


Досега во земјата се направени вкупно 2.049.946 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 311.592, бројот на оздравени пациенти е 301.728, на починати е 9.300.

Во моментов во земјава има 564 активни случаи.

Кабинетот на Џафери: Нема прекршување на Деловникот, за редот се грижи претседателот на Собранието

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери не го прекршил Деловникот, тврдат од неговиот Кабинетот, по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека Џафери синоќа ги заклучил во салата со купола каде требаше да се одржи 71. Седница, за што денеска најавија и барање за негова интерпелација.

Според членот 95 од Деловникот, како што се наведува од Кабинетот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, така што се потребни мнозинство гласови од присутните пратеници, односно најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.

Оттаму додаваат и дека претседателот на Собранието е тој што го соопштува бројот на пратениците што гласале „за“, „против“ или „воздржано“, како и бројот на пратениците што се присутни, како и дека тој може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење.

„Според тоа, во текот на вчерашниот ден вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Со оглед на тоа што во салата со куполи, каде што во овој период се одржуваа пленарните седници нема соодветна опрема, се воспостави пракса координаторот да составува листа од присутни пратеници пријавени за збор“, се наведува во соопштението.

Од тој аспект, посочуваат од Кабинетот на собранискиот спикер, Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Додаваат и дека Деловникот, поточно членот 91 предвидува дека за одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието.

„За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот“, се посочува во соопштението.

Според тоа, потенцираат од Кабинетот на Џафери, претседателот на Собранието не го прекршил Деловникот , туку како што велат „тоа, како и илјадници пати досега, го направи опозицијата, со своето недолично однесување, со цел да создаде хаос во законодавниот дом, служејќи се со слични методи како и на 27 април 2017 година“.

Претходно најава за поднесување интерпелација за Џафери стигна од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека пратениците биле заклучени во пленарната сала по наредба на Џафери, како и дека за собранискиот спикер „ не постои Деловник и не постојат човекови права“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG