Достапни линкови

„Фингерпринтовите“ го продолжија гласањето


Апаратите за отпечатоци на прсти, кои за првпат се употребуваат на избори во земјава, го продолжија гласањето во оние избирачки места каде имало застој. По 19 може да гласаат они луѓе кои се затекнале на гласачкото место и оние кои чекаат во дворот пред местото каде што се гласа. Изборниот молк ќе трае се додека не се затвори и последното избирачко место. МВР има пријави, а Обвинителство отвора предмети за евентуални изборни нерегуларности.

Избирачките места каде што имало гужви нема да затворат во 19 часот, кога требаше гласањето да заврши. Државната изборна комисија соопшти дека таму гласањето продолжува и ќе гласаат не само они што во 19 часот се затекнале на гласачкото место, туку и они кои чекаат надвор, во кругот на избирачкото место.

Застојот во гласањето го предизвикаа апаратите за читање отпечатоци од прст, кои за првпат се употребуваат на избори во земјава, оти дел од примероците од отпечатоци од прсти што ги добиле од МВР не биле целосно читливи, велат од Државната изборна комисија( ДИК). Гласачите за кои нема совпаѓање за отпечатоците, гласаат на стариот начин со спреј и УВ ламба.

„Потенцирам дека ДИК нема да донесе одлуки за гласање без употреба на фингерпринт освен во точно шест избирачки места за кои известивме, а тоа се избирачки места во Ново Село, Старо Нагоричане, Студеничани, Чаир, и две во Чучер Сандево. Значи известуваме дека изборниот молк ќе трае се додека се одржува гласањето и по 19 часот додека да се овозможи да гласаат сите гласачи кои дошле пред објектите на гласање“, вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

ДИК - Да се гласа со апаратите за отпечатоци во спротивно гласањето ќе биде поништено

Но гужвите пред гласачките места се направија и поради ковид-протоколите и поради тоа што има повеќе гласачки ливчиња, додаваат од ДИК и апелираат да се гласа со апаратите за отпечатоци на прсти.

„Бидејќи во спротивно доколку не се гласа така согласно со измените на законот, гласањето ќе мора да биде поништено, а овие лица ќе мора да бидат санкционирани, бидејќи тоа го направиле без одлукана ДИК“, рече Даштевски.

Излезноста до 18:30 часот, според ДИК, изнесува 50,04 проценти што е пониска од излезноста на минатите локални избори во 2017 година.

Од ДИК соопштија дека на овие избори резултатите ќе бидат објавени околу или по полноќ бидејќи ќе се споредуваат.

Дел од граѓаните кои екипата на РСЕ ги затекна на гласање потврдуваат дека имале проблеми со таканаречените „фингерпринтови“.

Биометриските уреди го забавија гласањето
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:09 0:00

„Не сум задоволен од овие новини. Видовте и сами колку време чекавме, а нема никаква гужва. Само јас и сопругата. Чекавме, вака-така не оди. Или не се добро обучени или апаратите не се во ред. Што не верувам, Германец такви апарати да испрати“, изјави Станоје Богев, жител на општина Центар.

„Ова со прстот ме изнервира, не покажа еднаш, двапати, трипати. Гласав со лична карта. Со десниот палец не можев да гласам, разочарана сум,“ изјави Павлина Богева.

Од идниот градоначалник граѓаните очекуваат повеќе грижа за граѓаните и околината.

„Додека едните работат, другите само зборуваат. Е доста ми е од зборување, до преку глава ми е. Сакам да работат и тоа да се гледа“, вели Даница Димитрова, жителка на општина Центар.

„Сакам да победи најдобриот. Очекувам да се грижи повеќе за граѓаните, да не се занимава многу со политика и челниците туку да биде повеќе со народот“, вели Стојанка Лубароска, жителка на општина Центар.

Се ипитуваат дојави за нерегуларности

Основното јавно Обвинителство соопшти дека се отворени предмети за евентуални изборни нерегуларности. СВР Скопје, според насоки од Основното јавно обвинителство Скопје, врши оперативни проверки по известување доставено од страна на Амбасадата на САД во кое известуваат дека едно лице од политичка партија, на 16.10.2021 година се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел, како што се наведува, попречување на изборниот процес.

Сликање и кинење гласачки ливчиња и тепачка пред гласачко место

МВР соопшти дека има пријави за низа прекршувања поврзани со изборите, а полицијата работи на расчистување.
Во струшкото село Октиси биле пријавено дека човек го искинал и го фрлил гласачкото ливче.

Во битолското село Мажучиште еден човек го сликал гласачкото ливче.
Во дворот на основното училиште Лирија во гостиварско Речане, каде што се наоѓа избирачкото место 528, имало тепачка меѓу две лица.

Овие се седми локални избори од осамостојувањето на државата. Право на глас имаат над 1 милион и 800 илјади гласачи. Градоначалници и советници се избираат во сите 80 општини и градот Скопје. Во првиот круг се избираат сите Совети, а за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG