Достапни линкови

Вести

Амбасада на САД: Слободни, фер и транспарентни избори суштински за демократијата

Локални избори 2021 година

Слободни, фер и транспарентни избори се суштински за секоја силна демократија, објави Амбасадата на САД на својата Фејсбук страница. Денеска им аплаудираме на граѓаните на Северна Македонија, кои своето право на овој витален демократски принцип го остваруваат на локалните избори ширум земјата, стои во објавата на американската Амбасада.

ДИК: До 11 часот излезноста 10,22 проценти

Во Северна Македонија денеска се одржуваат седмите локални избори на кои се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. На 3.480 избирачки места, граѓаните својот глас можат да го дадат за вкупно 10.831 кандидати од кои 299 за градоначалници, а останатите за советници, на 91 листа поднесена од група избирачи односно независни, и 31 листа од политички партии и коалиции.

види ги сите денешни вести

Европската агенција за лекови го препорача лекот „RoActemra“ за ковид пациенти

Европската агенција за лекови (ЕМА).

Европската агенција за лекови на 6 декември препорача да се одобри употреба на анти-инфламаторен лек за лекување на возрасни лица кои се хоспитализирани поради тешка слика на Ковид-19.

Одлуката на Европската агенција за лекови (ЕМА), која мора да биде одобрена од Извршната комисија на ЕУ, ја проширува употребата на лекот „RoActemra“ на швајцарскиот фармацевтски гигант Рош, кој во моментов се користи за лекување на облици на артритис.

Агенцијата со седиште во Амстердам соопшти дека лекот сега може да се користи кај возрасни пациенти заболени од Ковид-19 кои се лекуваат со кортикостероиди и имаат потреба од дополнителен кислород или механичка вентилација.

Лекот кој се дава интравнозно, го намалува протеинот наречен „интерлеукин-6“ кој често е покачен кај пациенти со Ковид-19.

Агенцијата соопшти дека студија од 4.116 хоспитализирани возрасни лица со тешка слика на Ковид-19, покажала дека лекот „RoActemra“ употребен покај стандарден третман, го намалува ризикот од смрт во споредба со лекување само со стандардниот третман.

ЕУ: Не постои подготвеност за дијалог меѓу Приштина и Белград

Косовскиот премиер Албин Курти (лево) и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Малку е веројатно дека наскоро ќе биде организирана нова рунда на дијалог меѓу Србија и Косово на највисоко политичко ниво. Претставници на ЕУ запознаени со процесот, сметаат дека во овој момент Приштина и Белград не се подготвени за конструктивно да се вклучат во процесот.

Портпаролот на ЕУ Петер Стано изјави дека предуслов за одржување на следната средба е подготвеноста на страните да договорат конкретни резултати за доброто на своите граѓани.

„Неодамнешниот контакт на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност (Жозеп Борел) и дипломатија во негово име од страна на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, покажа дека во моментов нема таква подготвеност“, наведе Стано во писмен одговор кој го достави до медиумите.

Инаку, можноста до крајот на годинава да се одржи нова средба меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти, минатиот месец ја најави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Кон крајот на ноември, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог ги посети Белград и Приштина во обид да организира нова рунда разговори на највисоко политичко ниво.

Извори на Радио Слободна Европа потврдија дека Лајчак се вратил „целосно обесхрабрен“ по разговорите со српските, односно со косовските политичари.

Откако ја презеде функцијата шеф на косовската влада, Албин Курти два пати се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ во рамки на дијалогот.

Двете средби беа неуспешни и беа причината европските претставници да велат дека следниот или третиот круг ќе се одржи само ако има волја да се оди напред во дијалогот.

Косовскиот премиер во вторник ќе престојува во Брисел за да се сретне со високи претставници на ЕУ, вклучително и со Жозеп Борел.

Според бриселските власти, средбата со Борел ќе биде последна можност за оваа година да се направи обид да се организира средба меѓу Курти и Вучиќ.

Русија и Индија дискутираат за оружје, енергија и ситуацијата во Авганистан пред средбата Путин-Моди

Рускиот претседател Владимир Путин се ракува со индискиот премиер Нарендра Моди. Њу Делхи, Индија, 6 декември 2021 година.

Одбраната, оружјето, нуклеарната енергија и ситуацијата во Авганистан се темите кои доминираа на денешните дискусии, во пресрет на разговорите во Њу Делхи меѓу рускиот претседател Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најави дека договорот за снабдување на Индија со противвоздушните одбранбени ракетни системи С-400 ќе се оствари и покрај, како што рече, напорите на САД да го поткопаат договорот.

Индија почна да ги добива испораките на напредниот руски систем според договорот од 5,4 милијарди долари постигнат во 2018 година, што потенцијално ќе го стави Њу Делхи под на санкции на САД.

Лавров пред новинарите исто така рече дека двете страни се согласиле дека талибанците, кои во август повторно ја презедоа контролата врз Авганистан, мора да ги исполнат своите ветувања да имаат инклузивна, етнички и политички мешана влада, да ги штитат човековите права и да спречат какви било терористички закани и трговија со дрога на авганистанско тло.

Патувањето на Путин во Индија е само негово второ патување надвор од Русија по избувнувањето на пандемијата на коронавирус.

Се очекува Путин и Моди да се фокусираат на работата на нивните земји во Г20, Шангајската организација за соработка и на членството во групата БРИКС на големите економии во развој.

МАЛМЕД: Две пријави за сомнеж од смртен исход по примена ковид вакцина

Илустративна фотографија - вакцинација против ковид-19.

Вкупно 231 пријава за несакани ефекти по примени вакцини против Ковид-19 се пријавени во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, а двајца лекари во април и септември пријавиле несакани реакции за смртен случај поврзани со употребата на вакцините, изјави раководителката на сектор во МАЛМЕД Меријем Хаџихамза на денешна онлајн средба со новинарите на која учествуваше и в.д. директорот Љирим Шабани.

Хаџихамза и Шабани, во врска со двете пријави за смртните случаи, посочија дека станува збор за лица на 53 и 85 годишна возраст, но дека за нив се уште не докажана поврзаност со употреба на вакцините, односно дека станува збор за сомнежи и неофицијални податоци.

Хаџихамза наведе дека пријавите на натамошна обработка се испратени во мониторинг центарот Упсала и во Институтот за јавно здравје, а заедно со Шабани посочија дека ефектите од вакцинацијата биле далеку поголеми.

„Кога еден лек во случајов вакцина ќе се употреби, ако се пријави некое несакано дејство, тоа не значи дека е последична реакција од примената на вакцината“, рече Хаџихамза.

Таа додаде дека еден од пациентите имал многу коморбидитети и дека лично се сомнева оти причината за смртта била употребата на вакцината, но наведе дека тоа треба да го кажат „луѓето кои за тоа имаат компетенции.“

Во врска со пријавувањето на несакани реакции од вакцините против ковид, досега во МАЛМЕД добиле 133 пријави од лекари, 88 од фармацевти и 10 од други здравствени работници, рече Шабани.

Шабани рече дека пријавените несакани ефекти од сите вакцини се во рамки на предвидливите кои се наведени во упатствата, како главоболка, гадење, вртоглавица, болка во екстремитети, рамо, на местото на апликација.

„Исклучок од ова може да го спомнам случајот со миокардит од вакцината на „Фајзер“ која се утврди откако таа се пушти, која не беше предвидена од производителот, тоа се утврди од Европската агенција на лекови, тие направија соодветна варијација и ние дадовме варијација дека е можен несакан ефект очекуван во ретки случаи. Процентот на несаканите ефекти во однос на аплицираните вакцини е многу мал“, изјави Шабани.

Вакцинацијата против ковид 19 во земјава започна на почетокот на оваа година. Досега скоро 38 проценти од граѓаните се целосно вакцинирани, а процентот е 42,5 отсто заедно со оние кои примиле само една доза.

Ковид пандемијата започна на почетокот на 2020 година. Досега во земјава официјално се регистрирани над 217 илјади инфекции, а 7.641 луѓе починаа.

Владата до 9 декември треба да препорача цена на струјата

Работници на електричен столб

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска изјави дека чека Влада да препорача цена на струјата за да достави понуда до ЕВН. Понудата до ЕВН Хоум треба да се достави до 9 декември за да почне со подготовки за реализација на планот за 2022 година, изјави Ковачевски денеска на прес – конференција во РЕК Битола.

Ковачевски потврди дека во 2022 година кон ЕВН Хоум ќе испорачуваат 100 проценти електрична енергија наместо досегашниот минимум од 60 отсто.

„Ние како АД ЕСМ одлучивме наместо со минимум 60 отсто, во 2022 година кон ЕВН Хоум да испорачуваме 100 проценти енергија, и тоа ќе значи таа компанија нема да набавува дополнителни количества енергија, или со други зборови АД ЕСМ ќе остане чувар или стабилизатор на цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи“, рече Ковачевски.

АД ЕСМ како најголем производител на електрична енергија во државна сопственост ги вложи сите напори за вклучување на сите капацитети во тековната зимска сезона, соопштија од компанијата.

Од 9 ноември Владата прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, а побара и продолжување за уште шест месеци, односно до 9 јуни 2022 година.

Ковид биланс - 101 нови случаи и вкупно 17 починати

Во изминатите 24 часа регистрирани се 101 нови случај на ковид -19 од направени 1.299 тестирања, соопшти Министерството за здравство.

Повеќе од половина од новите случаи се регистрирани во Скопје – 59, Кавадарци – 10, Битола – 8, Прилеп – 7, Штип – 3, Тетово, Гостивар, Велес, Кочани и Неготино – по 2, Кичево, Ресен, Валандово и Македонски Брод – по 1.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 13 починати лица на возраст од 35 до 81 години.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавени се 4 починати лица со датум на смрт од 29.11.2021 до 04.12.2021. Регистрираните починати лица се од Скопје (2), Струмица (1), Битола (1). Починатите лица се на возраст од 58 до 78 години. Три лица се починати во домашни услови и едно лице починат во болнички услови.

Регистрирани сe 393 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 217.400, бројот на оздравени пациенти е 203.967, на починати е 7.658, а бројот на активни случаи изнесува 5.775.

Груби - Заев треба да остане, но за нас е прифталив секој мандатар што ќе го предложи СДСМ

Артан Груби

ДУИ смета оти Зоран Заев треба да остане на позицијата премиер додека да се стабилизира парламентарното мнозинство, да заврши процесот на реконструкција на Владата и за да се решат клучните стратешки прашања, изјави денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. Тој денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека сепак за ДУИ е прифатлив и друг мандатар, кој ќе го предложи СДСМ.

„Зошто не би бил прифатлив нов мандатар. Ја почитуваме одлуката на СДСМ, кого и да изберат тие за претседател, кого и да го предложат за мандатар секако“, изјави денеска Груби.

Во врска со влегувањето на Алтернатива во Владата, Груби рече дека при преговарања меѓу постоечките коалициски партнери и нови коалициски партнери коишто ќе дојдат, „сите отстапуваат места коишто ги имаат дотогаш“.

„Ние всушност во Владата отстапивме од МИОА, но го добивме ресорот земјоделие, којшто е многу голем и каде што имаме многу, многу значајни проекти, коишто ги имаме зацртано во нашата програма и за коишто ни е многу значајно да ги имплементираме“, посочи Груби.

Тој најави дека деновиве ќе се разговара за соработката со Алтернатива на локално ниво и изрази надеж дека таква соработка ќе има.

ССМ во недела излегува на протест, а во најава и генерален штрајк

Претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во недела ќе излезе на протест пред Собранието и пред Стопанската комора на Северна Македонија. Синдикатите излегуваат на протест незадоволни од тоа што не е изгласан законот за недела неработен ден и со барање минималната плата да изнесува 60 проценти од просечната плата, а со тоа и спирално зголемување на сите останати плати согласно колективните договори.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски во изјава за МИА вели дека се револтирани од односот на пратениците, оти Законот недела да биде неработен ден, кој требаше да важи од 1 октомври, не е изгласан.

Барањето за минималната плата и спиралното зголемување на останатите плати, ССМ го темели на најавите за пораст на цената на струјата од јануари и на зголемените цени на прехранбените производи.

Дел од барањата на синдикатот се и враќање на правото за регрес на годишен одмор за сите работници во Општиот колективен договор за јавен сектор и пензионирање по неколку основи – за жени со 35 и за мажи со 40 стаж, без разлика на нивната возраст, потоа пензионерирање по основ на дејности, предвремена пензија со 60 години старост и 15 години стаж кога работникот кој не се чувствува физички способен, да зема минимум 70 проценти од пензијата додека не ги исполни условите за целосна пензија.

Протестот ќе почне во 12:12 часот пред зградата на ССМ по што ќе продолжи пред Собранието и пред зградата на Стопанската комора на Северна Македонија.

Доколку не се исполнат барањата, синдикатот најавува генерален штрајк.

Уште еден соработник на Навални ја напушти Русија и побара азил

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални

Уште еден соработник на затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални ја напушти Русија, откако поранешните организации поврзани со критичарот на Кремљ, беа означени како екстремисти на почетокот од оваа година.

Поранешниот шеф на огранокот на организацијата на Навални во Калининград, Александар Черников, денеска соопшти дека тој и неговото семејство моментално се во САД каде што побарале политички азил.

Според Черников, истражителите двапати го испрашувале во „случај за екстремизам“ откако судот во Москва претходно во јуни ги означи сите организации поврзани со Навални како екстремистички.

Пред неполни две недели, поранешниот шеф на мрежата на Навални во сибирскиот град Новосибирск, Сергеј Боико, кој исто соопшти дека тој и неговото семејство нема да се вратат во Русија од службено патување во неодредена земја затоа што се плашел од прогон.

Претходно уште една соработничка на Навални во Санкт Петербург, Ирина Фатјанова, рече дека ја напуштила Русија во неодредена земја.

Навални е во затвор од февруари, додека неколку негови соработници се обвинети за основање екстремистичка група.

Десет кандидати за пет места во Обвинителството за организиран криминал

Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција

Десет кандидатури се достави за пет места за обвинители во Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Кандидатурите се доставени до Советот на јавни обвинители. Огласот за избор на обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е распишан поради истек на мандатот на петмина од ова Обвинителство.

Првично до Советот биле доставени осум апликации, а заклучно до денес уште две кандидатури пристигнале по пошта.

Конкрусот официјално е завршен на 1 декември, и во следниот период, како што велат од Советот, ќе бидат разгледани кандидатурите.

Во април годинава Советот на јавни обвинители донесе одлука за избор на пет јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје.

За обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, Советот ги избра обвинителите Лиле Стефанова, Артан Ајро, Трајче Пеливанов, Наташа Поп Трајкова и Катерина Колариќ.

Случаи на заразени со омикрон и во Русија

Belarus - The Omicron, generic, December 2, 2021

Во Русија се регистрирани првите случаи на заразени со омикрон варијантата на ковид-19, соопшти Централниот истражувачки институт за епидемиологија на државната агенција Роспотребнадзор.

Во денешното соопштение се наведува дека се регистрирани вкупно 10 случаи на заразени со варијантата омикрон. Новиот сој е откриен кај група граѓани кои биле тестирани по враќањето од Јужна Африка или нејзините соседи.

Соопштението дојде истиот ден кога Центарот за кризи со коронавирус соопшти дека се регистрирани вкупно 1.184 смртни случаи од ковид-19 во текот на претходните 24 часа, што е најнизок вкупен еднодневен број во последниот месец.

Центарот додаде дека во претходното деноноќие се регистрирани 32.136 случаи на заразени, што е најнизок вкупен број од средината на октомври.

Во Русија досега се регистрирани нешто повеќе од 9,8 милиони инфекции со коронавирус и околу 282 илјади смртни случаи како последица на ковид.

Дополнетиот Предлог-буџет доставен до Собранието

Oбраќањето на министерот за финансии Фатмир Бесими на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, каде се разгледува Предлог-буџетот за 2022 година.

Дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година со прифатените амандмани во текот на расправата во собраниските комисии, денеска е доставен до Собранието. Предлог Буџетот го достави министерот за финансии Фатмир Бесими до претседателот на Собранието Талат Џафери. Буџетот за следната година треба да биде усвоен на пленарна собраниска седница најдоцна до 31 декември.

Вкупната вредност на прифатените амандмани изнесува 382 милиони денари, што е проценето како една од најголемите измени направена преку амандманската расправа.

Со дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година расходите се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што претставува раст од 1,4 процент во споредба со 2021 година и се на ниво од 35,2 отсто од БДП. Приходите се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 отсто повисоки од 2021 година. Оттука, буџетскиот дефицит се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП.

Ескобар - Со европските партнери работиме за интеграција на С. Македонија во ЕУ

Габриел Ескобар

Заменик помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави, Габриел Ескобар, кој е во прва посета на земјава, на прес-конференција со министерот за надворешни рабори Бујар Османи ја пренесе силната поддршката од администрацијата на САД за брза евроинтеграција на С Македонија.


„Ние работиме со нашите европски партнери за да се осигураме дека тоа ќе се случи мошне брзо. Сите сме согласни дека С. Македонија е културно и историски дел од Европа и треба да биде на заедничката маса“, рече Ескобар.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со високиот американски дипломат Габриел Ескобар рече дека има конкретен ангажман и има разговори со Бугарија. Тој се надева на што е можно поскоро формирање на влада во Бугарија и можноста да се донесе одлука за почнување на преговори со ЕУ во текот на декември.

Османи вели дека не планира да ја спушти тензијата и да го намали интензитетот за неопходноста преговорите да започнат што е можно поскоро.

„Ќе работам за 14 декември, но ќе работам и за секој ден по 14 до крајот на годината, а се разбира и после тоа“, вели министерот.

Османи вели дека од средбата со Ескобар може да каже дека САД се активно и посветено ангажирани да се најде решени меѓу Скопје и Софија, бидејќи е од нивен стратешки интерес Македонија да ги почне преговорите и целиот регион да биде дел од ЕУ.

Ескобар претходно се сретна со претседателот на државата Стево Пендаровски.

Расте бројот на жртви од ерупцијата на вулканот Семеру во Индонезија

Вулканот Семеру на островот Јава во Индонезија

Бројот на жртви од ерупцијата на вулканот Семеру на островот Јава во Индонезија се искачи на 15, а 27 лице сè уште се водат како исчезнати.

Спасувачките напори продолжуваат и денеска по одложувањето предизвикано од лошите временски услови, меѓу кои ужарените остатоци и калта предизвикана од поројните дождови.

Најмалку 56 луѓе се хоспитализирани, најчесто со изгореници.

Џиновски столб од пепел и жежок гас се издигна 15 илјади метри на небото, кога највисокиот вулкан на Јава, Семеру, еруптираше на 4 декември. Неколку блиски села беа покриени со пепел, а речиси 3000 домови, училишта, патишта и мостови беа уништени.

Семеру е еден од над 120 активни вулкани во Индонезија, архипелаг кој се наоѓа на „Огнениот прстен“ во Тихиот Океан.

Семеру последен пат еруптира во јануари, но тогаш немаше жртви.

Радев на консултации пред да го врачи мандатот за формирање Влада

Бугарскиот претседател Румен Радев.

Во идната бугарска влада ќе има четири вицепремиери и две нови министерства, изјави коосновачот на „Промените продолжуваат“ Кирил Петков по средбата со бугарскиот претседател Румен Радев.

Радев денеска и утре ќе има политички консултации пред врачување на мандатот за состав на новата бугарска Влада. Тој ќе се сретне со претставниците на седумте пратенички групи во 47. Народно собрание.

Радев прво се сретна со претставниците на „Промените продолжуваат“, а по нив претседателот на Бугарија ќе разговара со претставници на ГЕРБ-СДС. Оваа коалиција веќе ќе биде опозиција во 47. Народно собрание на Бугарија, најави претходно претседателката на пратеничката група Десислава Атанасова.

Третата средба за денеска Радев ќе ја оствари со Движењето за права и слободи, а БСП ќе биде четврта.

Бугарскиот претседател утре ќе ги продолжи консултациите со претставниците на „Има таков народ“, „Демократска Бугарија“ и „Преродба“.

Годинава во Бугарија трипати имаше парламентарни избори, последните се одржаа на 14 ноември.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG