Достапни линкови

По Дубаи и Малта, печалбари сега заминуваат и во регионот


Традиционалните правци како Германија, Америка и Италија остануваат, но сè поинтересно стануваа вработувањето во хрватски компании или во големи интернационални компании кои имаат претставништва во регионот, кои нудат добра плата и добри услови за работа, сместување, работни дозволи, вели Дарко Велков, основач на vrabotuvanje.mk.

Ако пред неколку години атрактивни дестинации за вработување беа Дубаи и Катар, а потоа и Малта, сега работите се сменети, па сè поатрактивни стануваат работните места во регионот, вели Дарко Велков, основач на vrabotuvanje.mk. Тој вели дека традиционалните правци како Германија, Америка и Италија остануваат, но сè поинтересно стануваа вработувањето во хрватски компании или во големи интернационални компании кои имаат претставништва во регионот, кои нудат добра плата и добри услови за работа, сместување, работни дозволи.

Велков е еден од организаторите на регионалниот онлајн саем за вработување кој започна на 13 октомври, а ќе трае до 20 октомври. На него има над 130 изложувачи од земјава, Хрватска, Србија, Словенија и БиХ. Велков вели дека компаниите бараат луѓе со компетенции.

Велков - Регионот атрактивен за вработување, но за квалификувани
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:14 0:00
Директен линк

„Сфативме дека се потребни друг тип на вештини кои луѓето во моментот треба да ги имаат за да може одреден бизнис да функционира. На саемот има големи и сериозни компании кои бараат луѓе со компетенции. Тоа значи дека и да нема барателот на работа конкретен факултет што се бара, но ги има потребните компетенции, може да ја добие таа работа“, вели тој и додава дека не секогаш може да се најде квалификуван кадар.

„Компаниите реално имаат проблеми со наоѓање на квалификувана работна сила, бидејќи се појави разлика меѓу тоа што технологиите го нудат и тоа што луѓето го знаат. За жал, малку преспоро пазарот на трудот се прилагодува, што значи дека имаме цела генерација на луѓе, над 50 години, кои воопшто не се ни трудат да се дообучат и воопшто не работат на себе, тоа е еден доста голем број на луѓе, а ќе беше многу од помош, бидејќи тоа се прекрасни генерации кои можат, но едноставно се обесхрабрени“, вели Велков.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од годината стапката на невработеност изнесувала 15,9 проценти. Податоците на ДЗС покажуваат дека има 150.141 невработени во земјава, за 9000 помалку во споредба со истиот период лани. Во старосната група од 15 до 29 години се регистрирани 49.955 невработени. Младинската невработеност изнесува 33.3 отсто.

Вкупно 137.707 луѓе активно бараат работа во државата, покажуваат последните податоците на Агенцијата за вработување заклучно со 31 август. Од нив, 12.968 се млади на возраст од 20 до 24 години, а 13.782 се на возраст меѓу 25 и 29 години. Најбројни се невработените кои се повозрасни. Речиси 20 илјади невработени има на возраст од 55 до 59 години, речиси 17 илјади невработени имаат 60 или повеќе години, има 16 илјади на возраст од 50 до 54 и околу 15 илјади кои се во старосната група од 45 до 49 години.

Во Македонија најмногу од невработените, речиси 25 илјади, чекаат и по две години за да се вработат. Околу 20 илјади луѓе чекаат од 12 до 17 месеци за работно место. Има речиси 7000 лица кои чекаат работа осум или повеќе години. Околу 5000 луѓе само што се регистрирале во Агенцијата дека бараат работа.

Бизнисменот Салим Хасани, кој е сопственик на градежна компанија и потпретседател на Северозападната економска комора, вели дека технологијата оди напред, особено во секторот во кој работи тој, а тоа си бара квалификуван кадар.

„Сега сме во некоја почетна фаза на тие поиновативни системи и тоа бара стручен кадар, што можеби сме го имале, но секој ден го губиме, затоа што дел тој стручен кадар ни заминува на Запад за подобри услови и ние тука остануваме без таков кадар, а за некои и поспецифични што бараат специјални обуки и го нема“, вели Хасани.

Бизнисменот вели дека регионалното поврзување е добро, оти земјите само по себе се мал пазар, а доколку се поврзат ќе имаат бенефит.

„Сега инфраструктурата е поврзана релативно добро и лесно се доаѓа и тие професионални услуги ќе бидат постабилни ако имаат поширок пазар да опслужуваат“, вели тој.

Премиерот Зоран Заев неодамна најави дека од следната година Владата ќе ги субвенционира компаниите за вработувања на младите од 15 до 29 години, веднаш по завршување на нивното средно или факултетско образование. Мерката ќе може да ја користат само младите кои за првпат ќе се пријават како невработени.

Велков вели дека на младите од 16 до 20 години треба да им се овозможи повеќе пракса, компаниите повеќе да ги отворат вратите, оти како што вели, тој период е клучен за да се задржат младите во земјата.

Досега за младите невработени се спроведуваше мерката „Гаранција за млади“. Овој проект се спроведува од 2018 и со него се опфатени на 60 илјади млади. Од нив една третина се вработиле во првите четири месеци, а околу 3300 биле вклучени во Активните мерки за вработување.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG