Достапни линкови

Вести

Македонците од Бугарија - Македонија да запре со непринципиелните компромиси со Софија

Архивска фотографија - Премиерот Зоран Заев на средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев по завршувањето на Самитот на НАТО во Брисел во јуни 2021.

Македонските организации во Бугарија издадоа Декларација во која ја осудуваат, како што наведуваат, континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија.

„Ја осудуваме политиката водена од Република Бугарија против Република Македонија, поставувањето на иритирачки услови пред нејзиното членство во ЕУ, а имено да се откаже од идентитетот на македонската нација, јазикот, историјата и да се одрече од македонското малцинство во Бугарија“, се наведува во Декларацијата.

Претставниците на сите македонски организации во Бугарија се собрале во Стара Кресна за одбележување на 143 годишнината од Македонското – Кресненското востание, по што е издадена Декларацијата.

Во неа се наведува дека претставниците на македонските организации во Бугарија се загрижени од ситуацијата во која се наоѓа македонското малцинство во Бугарија и односите меѓу Бугарија и Македонија. Тие се убедени дека барањата на Бугарија нема да успеат, но, како што велат, произведуваат омраза.

Тие ја осудуваат и медиумската кампања за всадување омраза против Македонците, која се води од повеќето медиуми во Бугарија. Го осудуваат начинот на кој беше спроведен последниот попис во Бугарија, со мноштво нарушувања на правото на самоопределување и пречки пред Македонците да можат да ја изјават својата народност. А осудуваат и, како што наведуваат, пасивноста на македонските влади во последните три децении, кои наспроти својата уставна обврска да се грижат за македонските малцинства надвор од Македонија, никогаш го немаат поставено пред Бугарија прашањето за негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство.

Македонските организации од Бугарија бараат од ЕУ да не дозволи да се злоупотребуваат членството во ЕУ и правото на вето и да стави крај на политиките на негирање на македонското малцинство во Бугарија.

Од Бугарија бараат да не го негира македонското малцинство, да го признае и да му ги даде сите права. Бараат Бугарија да го промени Уставот така, што во него јасно да бидат гарантирани правата на националните и етнички малцинства и да стане невозможно „единството на нацијата“ да биде користено против правата на малцинствата. Понатаму бараат Бугарија да запре да ја уценува Македонија и да ја деблокира нејзината евроинтеграција

Од Македонија бараат да запре да прави непринципиелни компромиси и да ги задоволува антимакедонските апетити на националистичките кругови во Софија.

види ги сите денешни вести

Османи - Телата на загинатите во автобуската несреќа ќе бидат пренесени најдоцна до петок

Автобусот во кој на 23 ноември на бугарскиот автопат Струма загинаа 45 македонски државјани, а седум беа повредени.

Предавањето на телата на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија ќе биде направено преку организиран државен протокол најдоцна до петок, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тој рече дека разговарал со бугарскиот обвинител Сарафов надлежен за трагадијата на 23 ноември и дека била донесена одлука предавањето на телата на загинатите.

„Донесена е одлука за предавањето на телата на нашите сограѓани, кои ги загубија животите во трагичната несреќа, да биде во четврток на 2 декември. Владата на Бугарија го прифати нашето барање преносот од Софија до Скопје да се изврши со авион на Бугарија, додека од меѓународниот аеродром Скопје преку организиран државен протокол истиот или наредниот ден петок 3 декември, останките ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови“, изјави Османи.

Автобусот на компанијата „Беса Транс“ рано утрината на 23 ноември се удри и се запали на автопатот Струма во Бугарија, кога 45 патници загинаа, а седум беа повредени. Тие се враќаа од Истанбул кон Скопје, а вкупно четири автобуси беа дел од турата што ја организирале компанијата во Турција.

Истрагата за автобуската несреќа сѐ уште е во тек. Во неа соработуваат двете држави, Северна Македонија и Бугарија.

Русковска: Пожарот во автобусот почнал во предниот дел над резервоарот

Обвинителката Вилма Русковска.

Пожарот во автобусот, во кој загинаа 45 луѓе на автопатот во Бугарија, е почнат кај багажниот простор кој се наоѓа над резервоарот во предниот дел на автобусот, изјави денеска шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

„Јас тоа точно го видов, го имам сликано, делот фактички каде што е почнат пожарот, а тоа е багажниот простор над резервоарот на автобусот. Затоа што резервоарите на автобусите се наоѓаат напред“, изјави Рускоска за телевизија Телма.

Таа зборуваше на прашањето како е можно автобусот да изгори толку брзо, посочувајќи дека врз основа на информациите од бугарските истражители, за некои испитувања е потребно повеќе време.

Автобусот на компанијата „Беса Транс“ рано утрината на 23 ноември се удри и се запали на автопатот Струма во Бугарија, кога 45 патници загинаа, а седум беа повредени. Тие се враќаа од Истанбул кон Скопје. Вкупно четири автобуси беа дел од турата што ја организирирала компанијата во Турција.

Русковска рече дека сопственикот на „Беса Транс“ Беким Хаџиу бил во еден од автобусите кои се враќале од Истанбул како втор возач, а дека автобусите не возеле во конвој, туку разделени па така останатите не ја виделе несреќата.

Обвинителката рече дека сите документи за несреќата ги доставила до нејзините бугарски колеги кои ја водат истрагата.

Таа исто така рече дека на местото на несреќата разговарала со Хаџиу кој ѝ рекол дека не била пренесувана никаква запалива материја во автобусите.

„Го прашав дали носеле резервни канти со гориво. Вели дека нема шанси тоа да се случило. Ова беше неформален разговор, тука на самото место на настанот. Дали случајно можеби некој патник да купил пиротехнички средства, бидејќи се ближи Нова година, исто беше дециден дека одговорот е не. И толку беше нашиот разговор“, изјави Русковска.

Бајден - Омикрон е причина за загриженост, не за паника

Претседателот на САД Џо Бајден.

Американскиот претседател Џо Бајден денска се обиде да ги убеди Американците дека САД се подготвени да се справат со новиот вид на коронавирус Омикрон, ветувајќи дека доколку е потребно ќе го забрзаат развојот на вакцини кои ќе можат да се справат со него.

„Овој вид е причина за загриженост, а не за паника“, рече Бајден во обраќањето во Белата куќа по состанокот со неговиот тим за Ковид-19.

„Порано или подоцна ќе видиме случаи на новиот вид овде во Соединетите држави“, рече Бајден.

Тој исто така изјави дека Белата куќа работи со производителите на вакцини - Фајзер, Модерна и Џонсон и Џонсон, за да развијат планови за вонредни ситуации за новиот сој доколку е тоа потребно.

Претходно, водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи рече дека е малку веројатно Соединетите држави да воведат нови ограничувања поради очекуваното доаѓање на нов вид.

Светската здравствена организација (СЗО) претходно соопшти дека прелиминарните докази сугерираат дека новиот вид на коронависус, откриен во Јужна Африка, носи поголем ризик од повторна инфекција во однос на другите видови.

Заврши средбата на Заев и Гаши

Африм Гаши и Зоран Заев.

По четири часа заврши средбата на премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши, за вклучување на Алтернатива во Владата и во парламентарното мнозинство.

Гаши и Заев по средбата не дадоа изјава за медиумите. Заев кратко кажа дека имале конструктивна средба и дека заклучоците ќе ги објави владината прес-служба.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев и Гаши се согласите дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата, мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите, со цел да се обезбедат најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици како што се Ковид-19 пандемијата и глобалната енергетска криза, се вели во соопштението.

„Се разменија мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт“, се вели во соопштението на владината прес-служба.

Во него се наведува дека следните денови ќе продолжат консултациите во партиите и дека ќе следи нова средба меѓу Заев и Гаши.

Првата средба меѓу Заев и Гаши се одржа на 19 ноември, неколку дена по неуспешното гласање за недоверба на владата.

Во Алтернатива велат дека нивниот евентуален влез во власта би бил за да се продолжи евроатлантскиот курс на земјата, да се реши спорот со Бугарија и да почнат преговорите за членство во ЕУ, како и да се задржи политичката и економска стабилност.

Партискиот портпарол Орхан Муртезани пред неколку дена рече дека нивниот влез во власта ќе зависи и од тоа дали „актуелните владини партнери имаат волја да се откажат од дел од својата моќ за да се создаде рамнотежа во власта“. СДСМ навестува дека е подготвен да се откаже од дел од моќта во корист на Алтернатива, но такви навестувања нема од ДУИ.

Започнаа преговорите за нуклеарниот договор меѓу Иран и светските сили

Палатата Кобург во Виена - местото на каде се одржуваат преговорите за нуклеарниот договор меѓу Иран и светските сили. 29.11.2021.

Меѓународните преговори за заживување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година повторно започнаа во Виена по петмесечна пауза, а Вашингтон и Техеран ги повторија своите спротивни услови за враќање во сила на историскиот договор.

„Во Виена, заедничката комисија ЈЦПОА... само што започна“, напиша денеска на Твитер портпаролот на делегацијата на ЕУ употребувајќи го формалниот акроним за Договорот за заеднички сеопфатен план за акција, кој треба да постави строги ограничувања на иранската нуклеарна програма, во замена за ублажување на санкциите кон земјата.

Разговорите, кои почнаа во 15 часот по средноевропско време, ефективно се индиректни преговори меѓу Иран и Соединетите држави, бидејќи претставниците на Техеран одбиваат да се сретнат лице в лице со американските претставници.

Договорот кој го постигна Иран со САД, Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија предвидува ограничување на нуклеарните активности на Техеран во замена за укинување на санкциите, притоа отворајќи поголема контрола од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на Обединетите нации.

Но, Иран постепено ги прекрши границите наметнати со договорот, откако поранешниот претседател Доналд Трамп во 2018 година ги повлече САД од договорот и ги врати американски санкции и покрај почитувањето на договорот од страна на Иран.

Наследникот на Трамп, Џо Бајден, вети дека повторно ќе се приклучи на договорот доколку Иран се врати на целосно усогласување, но Техеран сака Вашингтон да го направи првиот чекор.

Како што започнаа разговорите, Вашингтон го повика Иран повторно да се приклучи на договорот, во спротивно навестувајќи построга позиција на САД, додека Техеран побара САД да ги укинат сите санкции против исламската република.

Невреме во Истанбул, четворица загинати

Турција - Луѓе трчаат под силниот дожд за време на бурата која го зафати Истанбул. 29 ноември 2021 година.

Четири лица загинаа, меѓу кои и еден странски државјанин, а 19 се повредени во невреме предизвикано од силни ветрови во Истанбул, соопшти Кабинетот на гувернерот, пренесува Ројтерс.

Силни ветрови со брзина до 130 километри на час беа денеска регистрирани во градот, покажуваат податоците на Генералниот директорат за метеорологија (МГМ), кој предупредува дека ветровите би можеле да продолжат и во вторник на 30 ноември.

„Поради неповолните временски услови предизвикани од југозападниот ветер кој од утрото е присутен во Истанбул, животот го загубија четири лица. Станува збор за еден странски државјанин и тројца наши државјани. 19 наши државјани се повредени, а тројца се во критична состојба“, се наведува во соопштението од Кабинетот на гувернерот на Истанбул.

Снимките покажуваат како ветровите уриваат делови од згради, вклучително и бетонски плочи од покривите и ѕидовите. Повеќето летови на турската авиокомпанија Туркиш Арлајнс се променети, а Босфорот е затворен за сообраќај во двата правци.

Снимките од Измир покажуваат подигнување на нивото на морето, со високи бранови, а патиштата изгледаат поплавени.

ОН изразија загриженот за изолацијата на Јужна Африка поради Омикрон

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Американскиот претседател Џо Бајден на 29 ноември ќе соопшти за јавноста каков ќе биде одговорот на САД за Омикрон варијантата на коронавирус, соопшти Белата куќа додека неколку европски нации ги објавија своите први случаи на високо заразниот нов сој, кој за прв пат беше откриен во Јужна Африка.

Стравувањата се зголемуваат бидејќи новата варијанта би можела да биде попренослива или дека ефективноста на постоечките вакцини против неа би можела да биде помала, но многу работи и натаму остануваат нејасни.

Медицинската асоцијација на Јужна Африка соопшти дека луѓето за кои е познато дека се заразени со Омикрон, немаат сериозна слика на болеста, иако многу од нив се млади и со помала веројатност сериозно да заболат.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, на 29 ноември рече дека е „длабоко загрижен“ поради тоа што многу земји ширум светот поради Омикрон наметнуваат ограничувања за патување во Јужна Африка.

„Апелирам до сите влади да размислат за повторено тестирање за патниците, заедно со други соодветни и навистина ефективни мерки, со цел да се избегне ризикот од пренесување, за да се овозможи патување и економски ангажман“, рече Гутереш.

На 28 ноември, д-р Ентони Фаучи, високиот експерт за заразни болести на владата на САД, го информираше Бајден, предвидувајќи дека ќе бидат потребни околу две недели за да се добијат дефинитивни информации за новата варијанта.

Турција нуди да посредува меѓу Украина и Русија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја е подготвена да дејствува како посредник меѓу Украина и Русија, и покрај тоа што односите меѓу Анкара и Москва се затегнати поради продажбата на вооружените беспилотни летала на Киев претходно оваа година.

Зборувајќи со новинарите на летот од Туркменистан, Ердоган на 29 ноември беше цитиран од телевизијата „НТВ“ дека Анкара сака стабилност и мир во регионот на Црното Море, додавајќи дека за ова прашање имал чести разговори со неговиот руски колега Владимир Путин.

„Без разлика дали станува збор за посредство или за разговори со нив за ова прашање, со одржување на овие разговори со Украина и со г-дин Путин, ако даде Бог, сакаме да играме улога во решавањето на ова“, рече тој.

Ниту руски, ниту украински официјални лица засега не ги коментираа изјавите на Ердоган.

Турција е членка на НАТО и има добри врски и со Киев и со Москва, но ја критикуваше анексијата на Украина на Полуостровот Крим од страна на Русија во март 2014 година и изрази поддршка за територијалниот интегритет на Украина во услови на тековен сепаратистички конфликт на истокот на земјата, во кој од април 2014 година загинаа повеќе од 13.200 луѓе.

Од 1 декември пластичните кеси ќе се наплаќаат по 15 денари

Илустративна фотографија.

Од 1 декември стапува на сила обврската за наплата на кесите за носење стоки предвидена во новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање.

Според Законот, се предвидува забрана за пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Македонија и забрана за пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во земјата.

Исклучок со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници се биоразградливите кеси за носење на стоки произведени според пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки, чија што дебелина е пониска од 15 микрони.

Надоместокот со вклучен ДДВ, кој треба да го плаќаат крајните корисници за биоразградливите кеси за носење на стоки, изнесува 15 денари за парче и се плаќа на трговецот на местото на продажба“, се вели во соопштението на Министерството.

Целта на Законот е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба, а засновано на принципот „загадувачот плаќа“, наведуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Таравари - Владата со Алтернатива нема да трае долго

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари.

Доколку Алтернатива влезе во владата, таа влада нема да биде одржлива, бидејќи има нестабилност во СДСМ каде владејат фракции и оваа партија има многу неисполнети ветувања кон коалициските партнери, изјави денеска генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари.

Тој додава дека доколку Алтернатива прифати да влезе во новиот состав на владата, таа нема да трае долго.

„Пред година ипол излеговме со г-динот Гаши на парламентарни избори и добивме гласови од граѓаните против политиките на ДУИ. Договорот беше потпишан за четири години и секако не мора да се придржуваат кон тоа. Како ќе одлучат, така. Ние ќе ја почитуваме нивната одлука“, изјави Таравари по средба со амбасадорот на ОБСЕ Клеменс Која.

Таравари потенцираше дека на претходните избори како коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива добиле 82 илјади гласови, како што рече, за „анти-ДУИ политиката.“

Инаку, опозициксата Алтернатива, која има четири пратеници во Собранието, преговара за влез во владата. Преговорите се меѓу лидерот на Алтернатива Африм Гаши и актуелниот премиер Зора Заев.

Во Алтернатива велат дека нивниот евентуален влез во Владата би бил за да се продолжи евроатлантскиот курс на земјата, да се реши спорот со Бугарија и почнат преговорите за членство во ЕУ, како и да се зарджи политичката и економска стабилност.

Истражување – Мнозинството граѓани прифаќаат теории на заговор

Илустративна фотографија - Истражување на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ покажува дека кај граѓаните постои висока дистрибуција на прифатливост на теории на заговор во врска со Ковид-19 и за други прашања.

Граѓаните ги прифаќаат теориите на заговор, па така 65 отсто од испитаниците сметаат дека Ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, потоа 44 отсто се согласни дека бројките на заболените од Ковид-19 се зголемувани, и дека се плаќало и за да се пријавуваат луѓето дека починале од ковид, покажува истражувањето „Човек од народот: Анализа на јавното мислење за политичките барања на граѓаните“.

Истражувањето е спроведено од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО).

Миша Поповиќ, раководител на центарот и постар истражувач во Институтот за демократија „Социетас цивилис“, на денешното презентирање на наодите потенцираше дека според одговорите од анкетата, кај граѓаните постои висока дистрибуција на прифатливост на теории на заговор.

Дури 46 отсто од испитаниците сметаат дека од авион се прскаат вируси и различни токсиди.

Како што рече Поповиќ, 72 отсто од граѓаните сметаат дека светот го контролираат неколку моќни семејства, односно дека на некои тајни самити во некои замоци во Европа е одлучено за тоа како ќе тече историја, кој ќе дојде на власт итн.

Пешев – Фирмите не може да издржат уште еден локдаун, владата да воведе задолжителна вакцинација

Илустративна фотографија.

Стопанството не може да издржи уште еден локдаун поради коронавирусот. Капацитетите на нашите компании не се во можност да го издржат тоа. Ако ни се случи уште еден бран ќе биде катастрофално и компаниите ќе мора да се затворат, а работниците ќе останат без работа. За тоа да се спречи потребна е масовна вакцинација, порача извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев.

Тој денеска рече дека производниот процес во фирмите повеќе не може да трпи постојано да има 20-тина отсто од луѓето надвор од функција поради заболени од КОВИД-19, особено во колективите во кои се работи во мал затворен простор. Затоа сакаат да се создаде ситуација во која, како што рече, функционирањето на компаниите ќе биде логично и остварливо во услови на пандемија.

„Цениме дека треба да се направат максимални напори за да не трпи процесот на производство. За нас се исти вакцинираните и прележаните. Логична ни е мерката после вакцинација да следи слободен ден, но не мислиме дека има објективна причина за да не се вакцинираат работниците. Сметам дека треба Владата да преземе порадикални чекори и да ја направи задолжителна вакцинацијата“, рече Пешев.

Тој рече дека се противат работодавачите да ги плаќаат тестирањата за тие што не сакаат да се вакцинираат.

„Вирусот уште најмалку една година ќе циркулира затоа државата мора да најде механизам и ако ништо друго да се прави тестирање и да обезбеди тестови по исклучително ниски цени за да може компаниите да ги спроведуваат по неколку пати во месецот“, потенцира Пешев.

Комисијата за заразни болести предложи вработените кои се невакцинирани редовно да прават ПЦР тестови за да може да одат на работа. Синдикатите се противеа, па министерот за здравство Венко Филипче најави дека тестирањето ќе биде на товар на работодавачите. Власта сè уште не го усвои овој предлог.

Нови 118 случаи на ковид, вкупно 22 починати лица

Регистрирани се 118 нови случаи на ковид-19 од
направени 1.245 тестирања, соопшти Министерството за здравство.

Во Скопје има 93 нови случаи, во Кавадарци – 11, Битола – 5, Прилеп и Струга – по 2, Куманово, Велес, Крива Паланка, Кратово и Богданци – по 1.

Регистрирани сe 396 оздравени пациенти.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 18 починати лица: 6 починати лица од Скопје (63г, 68г, 70г, 71г, 72г и 89г), 3 починати лица од Струмица (71г, 73г и 87г), по 2 починати лица од Пробиштип (60г и 67г) и Неготино (66г и 90г) и по едно починато лице од Битола (81г), Демир Хисар (87г), Кочани (78г), Кратово (79г) и Штип (65г). Сите пријавени лица се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, се пријавени четири починати лица со датум на смрт од 03.11.2021 до 26.11.2021. Регистрираните починати лица се од Скопје (2), Куманово (1) и Пехчево (1). Починатите лица се на возраст од 61г до 88г. Две од пријавените лица се починати во болнички услови и две лица во домашни услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 215.125, бројот на оздравени пациенти е 199.460, на починати е 7.569, а бројот на активни случаи изнесува 8.096.

Во Клубот на пратениците почна средбата на Заев и Гаши

Зоран Заев и Африм Гаши

Во Клубот на пратениците во Скопје попладнево почна новата средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши за вклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

Пред почетокот на средбата премиерот Заев не сакаше да коментира ништо, и најави дека по нејзиното одржување ќе следи соопштение.

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши пред одржувањето на средбата посочи дека определба на партијата е да се даде шанса за излез од политичката криза, како и од енергетската и здравствената криза и како што рече, да и се помогне на државата да не ја изгуби историската шанса да започне преговори за членство во ЕУ.

„Ќе видиме каков е концептот на премиерот и неговите сегашни партнери и што очекуваат од нашиот придонес во идната влада. Ако успееме да изградиме нов концепт, поголеми промени, мислам дека Алтернатива е подготвена да помогне“, рече Гаши.

Одговарајќи на новинарско прашање колку министерски места очекува неговата партија, претседателот на Алтернатива посочи дека за партијата тоа никогаш не било од суштинско значење и оти за неа е важно да се разговара за политичките критериуми.

Во врска со тоа дали за Алтернатива е прифатливо нов мандатар односно премиер да биде Димитар Ковачевски од СДСМ, кој во моментов е заменик-министер за финансии, Гаши кусо рече дека за нив е битно концептуално да се договори концептот, а не тие да одлучуваат за кадровски решенија на другите политички партии.

Премиерот Заев на средбата со Гаши е придружуван од Ковачевски, а лидерот на Алтернатива од партискиот генерален секретар Беким Сали.

Ова е втора средба на Заев и Гаши, откако на 19-ти месецов тие разговараа за условите и улогата на Алтернатива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи.

Во Крушево, Струга и Ресен забрана за пиење на водата

Поради обилните врнежи од дожд што го зафатија струшкиот регион, водата во општина Струга е загадена и не може да се користи за пиење, соопшти јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Од претпријатието апелираат до граѓаните да не ја користат водата од градскиот водовод до нејзиното прочистување, за што дополнително ќе известат.

Забрана за користење на водата за пиење има и во Ресен, но таму поради интервенција во мрежата. Водата од изворите во селото Крушје, од која се снабдува со вода градот денеска е забранета за користење, поради интервенција на водоводната мрежа, соопшти Јавното комунално претпријатие „Пролетер“ од Ресен.

Ваквата одлука, како што е наведено, е поради интервенција на водоводната мрежа.

Дождовите ја заматиле водата во Крушево, соопштија од јавното-комунално претпријатие „Комуна“. Од таму апелираат да не се пие, а доколку се користи за пиење, да се преврива.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG