Достапни линкови

Фокусот да се стави на невакцинираните, а не на трета доза


Вакцинација притив ковид-19 во Скопје.
Вакцинација притив ковид-19 во Скопје.

Земјата е на пола пат до постигнување на колективен имунитет за ковид-19, со вакцинирани околу 40 отсто на населението. И покрај мерките интересот за вакцинација опаѓа. Во меѓувреме, стартува давањето на трета доза. Потребно е да смени фокусот и да се најде друг начин на кој ќе се убедат луѓето да се вакцинираат, вели доктор Злате Мехмедовиќ.

Во земјава почна да се дава и трета доза на вакцина против ковид-19, во услови во кои околу 40 отсто од луѓето се вакцинирани, далеку од очекувањата за колективен имунитет, а паѓа и интересот за вакцинација. Со делта сојот граница за постигнување колективен имунитет се качи, па така треба да биде имунизирано над 80 отсто од населението. Третата, така наречена засилувачка доза на вакцина важи само за одредени групи на граѓани. Првиот ден од почеток на вакцинацијата со трета доза биле вакцинирани 69 луѓе. За разлика од кај нас земјите кои достигнаа над 80 отсто вакцинирани ги укинаа анти-ковид мерките. Оние, пак, во кои вакцинацијата не оди со посакуваното темпо или каде има зголемен број на заразени, ги заоструваат рестриктивните мерки за невакцинираните.

МЗ - Мотив за вакцинација треба да биде заштитата на здравјето

Во Министерството за здравство прашавме како ќе се мотивираат граѓаните да се вакцинираат, оти во последните денови паѓа интересот за вакцинација.

„Заштитата на здравјето, на граѓаните, треба да им е најголемиот мотив за да се вакцинираат против ковид- 19. Бројни истражувања, анализи покажуваат и ја докажуваат ефикасноста и безбедноста на вакцините. Како здравствен систем, на граѓаните им ги овозможуваме сите поволности за вакцинација и истата е достапна буквално за секого кој сака да се вакцинира“, одговорија од Министерството за здравство.

Да се промени начинот на кој се убедуваат луѓето да се вакцинираат

Доктор Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија вели дека доколку се прашува тој фокусот би го ставил на тие што не се воопшто вакцинирани, наместо да се дава трета доза вакцина на повозрасните и на тие што имаат хронични болести.

„Би се фокусирал да се подигне процентот на вакцинација, макар со две дози, на оние кои се уште имаат одбивност од вакцините. Битно е да се стимулира населението да се вакцинира преку воведување на мерки, но побитно е што треба да се стимулира и преку градење на доверба во институциите во системот на вакцинирање, односно во вакцината како средство што е безбедно и ефикасно и тоа мора да бидат процеси кои паралелно ќе ги водите. Треба да го промениме начинот на кој ќе ги убедуваме граѓаните да се вакцинираат“, вели тој.

Доктор Мехмедовиќ вели дека истражувањата уште пред почетокот на процесот на вакцинација покажувале дека само 55 отсто од луѓето во земјава сакаат да се вакцинираат, и тој процент останува и сега. Не може да се каже дека кампањата за вакцинација е успешна, а и доцна почна, вели тој.

„Навистина е поразително и не може да се каже дека е успех што само 55 проценти од населението сака да се вакцинира, веројатно требаше многу порано и многу поагресивно да има централизирана државна кампања што ќе ги убеди граѓаните да се вакцинираат во процент што ќе обезбеди колективен имунитет, а тоа сега, за жал, е повеќе од 80-85 проценти“, вели доктор Мехмедовиќ.

Нема многу луѓе кои исполнуваат услов за трета доза

Трета доза може да примаат луѓето постари од 60 години и здравствените работници и оние кои имаат послаб имунитет, без разлика колку години имаат. Условот е да последната доза од вакцината да ја примиле пред шест месеци. Вакцина може да примаат и оние што се вакцинирале во странство. Вакцинацијата на здравствените работници во земјава почна во февруари, па така тие исполнуваат услови и за трета доза. Но масовната вакцинација во земјава стартуваше во мај, што значи дека нема многу луѓе кои ги исполнуваат условите за да примаат засилувачка доза. Како трета доза ќе се дава вакцината на Фајзер, без разлика со каква вакцина лицето претходно е вакцинирано. Вакцинацијата е без термин на сите вакцинални пунктови.

Но пензионерката Борка Кузмановска, засега не планира повторно да се вакцинира.

„Имам 65 години и хронична болест, дијабетичар сум. Првата доза ја примев во мај, а втората на почетокот на јуни, за трета доза засега не планирам, здравје следната година, ако сме живи и здрави. Дотогаш ќе си почитувам мерки“, вели таа.

Од октомври нови заострувања

Од средината на август во земјава се воведени и рестриктивни мерки за оние кои се невакцинирани и за оние кои прележале ковид пред повеќе месеци, што придонесе да се зголеми интересот за вакцинација, барем на почетокот.

Мерките предвидуваат оние кои не примиле ниту една доза на вакцина им се забрани влез во угостителски објекти и на настани од култура, забава, спортски настани. Тоа придонесе дневно да се вакцинираат и по 20 илјади луѓе од кои со прва доза имаше и над 4000 луѓе дневно. Но во последните денови се намали интересот за вакцинација, по дневно се вакцинираат по околу 6000 луѓе, од кои прва доза примаат помалку од 2000 луѓе
За во октомври, пак, се најавуваат построги мерки, односно онаму каде што сега важат правилата за една доза вакцина, ќе се бара целосна вакцинација.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, заклучно со 26 септември во земјава вкупно се вакцинирани 782.321 луѓе со барем една доза на вакцина против ковид-19. 9. Комплетно со две дози се вакцинирани вкупно 715.715 лица. Во земјава има околу два милиони луѓе. Вакцина против ковид не е задолжителна и со нема може да се вакцинираат луѓето над 18 години и деца на возраст од 12 до 18 години со дозвола од родител. Во јули кога почна вакцинација на адолесцентите, министерот за здравство Венко Филипче рече дека единствен начин да се стигне до колективен имунитет е и децата да се вакцинираат.

Најмногу вакцинирани со кинеските вакцини, па со Фајзер

Во земјава најголем дел од вакцинираните примиле кинески вакцини. Заклучно до 26 септември се дадени 467.048 дози на Синовак, 299.910 дози на Синофарм, потоа следи вакцината на Фајзер, од која се дадени 565.597 дози. Досега се дадени и 120.043 дози на АстраЗенека и 45.442 дози на руската вакцина Спутник Ви.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, минатата недела имало помалку тестирани и помалку заразени во споредна со неделата претходно. И натаму најмногу новозаразени има во Скопје, а најголема инциденца(заразени по број на жители) е регистрирана во Кратово и во Кавадарци. Има заразени со сите возрасни групи. Карактеристично е што има намалување кај повозрасните, а зголемување кај оние на школска возраст, од 10 до 19 години.

Од почетокот на пандемијата има 555 луѓе кои повторно се заразиле со ковид, од кои минатата недела се пријавени 32 случаи.

Во болница од ковид се лечат 774 луѓе, од кои 472 се на кислородна поддршка, а 23 на респиратор.

Според податоците од пред неколку денови, 22 отсто од новозаразените и 20 отсто од хоспитализираните биле вакцинирани.

Враќање во нормала или мерки за невакцинирани

Некои земји деновиве се враќаат на „нормален живот“, односно ги укина анти-ковид мерките. Во Норвешка од 25 септември важи само мерката за самоизлозаија откако лицето се зарази со ковид, другите мери повеќе не важат. Без ограничувања работат угостителските објекти, нема повеќе задолжително растојание, спортските и културните настани ќе се организираат во полн капацитет. На 10 септември мерките ги укина Данска. Во Норвешка една доза од вакцината против Ковид-19 примиле 76 отсто од жителите, а 67 насто се целосно имунизирани, во Данска, пак, вакцинирани се 86 отсто кај постарите од 12 години и 95 отсто од постарите од 50 години. Од 1 октомври рестриктивните мерки ги укинува и Португалија, во која над 83 отсто од населението е целосно вакцинирано. Таму останува да се носи маска во јавен превоз, на големи настани, во маркети и во болници и старечки домови.

Земјите од регионот, пак, ги заострија мерките, особено за невакцинираните.

Во Црна Гора вакциналниот сертификат освен за трговски центри и угостителски објекти, од 9-ти октомври ќе биде задолжителен и за големите маркети. Прославите во ресторани се ограничуваат на максимум 50 гости, а жива музика може да има само доколку сите се вакцинирани и гости и вработени и музичари.

Во Словенија се бара потврда за вакцинација за одење на работа, за во трговски центри, здравствени установи, јавен превоз, освен за студентите, како и за различните услужни дејности и јавни институции.

Во Грција почна давање на трета доза, откако околу 60 отсто од населението е имунизирано. Таму сите работници во приватниот и јавниот сектор кои немаат потврда за вакцинација или сертификат за прележан коронавирус ќе треба да се тестираат еднаш неделно. Двапати неделно пак ќе треба да се тестираат вработените во угостителски објекти, студентите, туристичките работници. Инстиуциите имаат право да не примаат невакцинирани посетители. И во Албанија е задолжителен сертификат за вакцинација за многу професии, меѓу кои и за наставниот кадар. Ако немаат потврда дека се вакцинирани, ќе мора да прават тест еднаш неделно.

Обединетите Арапски Емирати иако имаат висок процент на вакцинација не ги укинуваат мерките. Таму околу 93 проценти од населението примило барем една доза, а 82 проценти се целосно имунизирано, но маска се нови и на отворено, на шопинг, во ресторан, на деловен состанок се оди со потврда за вакцинација.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG