Вести
Пендаровски на Виртуелниот глобален самит за борба против ковид-19

Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе се обрати на Виртуелниот глобален самит за борба против Ковид-19: Крај на пандемијата и закрепнување, организиран од претседателот на САД Џо Бајден. Самитот се одржува на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации што се одржува во Њујорк.
Пендаровски синоќа во Њујорк се сретна со поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли. Шефот на државата на Фејсбук објави дека му се заблагодарил на Бејли за постојаната поддршката што земјава ја добива од САД. „Му се заблагодарив за континуираната и безрезервна поддршка којашто САД и ја дават на Република Северна Македонија“, наведува Пендаровски во објавата на ФБ.
види ги сите денешни вести
СДСМ формира работна група, а ВМРО-ДПМНЕ чека одговори

СДСМ ќе формира работна група која ќе продолжи со разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и другите политички партии за следните чекори со цел усвојување на уставните измени со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата. Портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска по седницата на Централниот одбор на СДСМ изјави дека работната група ќе ја предводи генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ Вардарски.
Таа посочи дека ЦО го поздравил првиот чекор којшто го направи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со прифаќањето на уставните измени.
„Централниот Одбор му дава апсолутна поддршка на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и работната група да продолжат со напорите за обезбедување широк консензус за уставните измени, а со тоа и продолжување на европскиот пат на земјата,“ изјави доцна во ноќта Кузеска.
Таа истакна дека Одборот оценил дека е добро што на средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е воспоставен дијалог во исклучително важен момент, како и дека го поздравуваат првиот чекор што го направил Мицкоски со прифаќањето на уставните измени.
На ова реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ која во писменото соопштение вели дека клучното прашање на кое треба да одговори премиерот и како што велат „без кое нема продолжување на разговорите е кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за СДСМ?“
Инаку, на лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, СДСМ предложи широка коалиција со сите партии кои се за евроинтеграција, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го прифати предлогот со услов - влада на широка коалиција, но без ДУИ да учествува во неаи одложено важење на уставните измени. Додека ДУИ го прифати предлог да оди во опозиција, но само до одржување на избори, ако ВМРО-ДПМНЕ претходно гласа за уставните измени со стапување во сила веднаш по гласањето во Собрание.
Во соопштението на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е посочено дека за нив уставни измени какви што нуди СДСМ „под бугарски диктат не се прифатливи“ и дека Мицкоски понудил промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција.
„И во таа насока беа понудени два предлози. Првиот преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур и измени од влада без ДУИ поддржана од опозицијата“, се вели во соопштението.
За донесување на уставни измени во Собранието е потребно двотретинско мнозинство во 120- члениот Парламент кое актуелното владејачко мнозинство сега го нема.
Училиштата, судовите и медиумите во Црна Гора добија дојави за бомби

Неколку училишта, судови, институции и медиуми во Црна Гора на 9 јуни добија мејлови со дојави за поставени бомби. Министерството за образование соопшти дека наставата во петок ќе се одржува онлајн, а се укинува и екстерното тестирање за учениците на крајот од деветто одделение од основното училиште по изборни предмети.
Ден претходно, на 8 јуни, многу судови, општини, институции и училишта добија информации за поставување експлозивни направи. Поради дојава евакуирана беше и зградата на Собранието.
По целодневните проверки, полицијата соопшти дека се проверени 165 пријавени локации и дека пријавите се лажни.
МВР соопшти дека се работи на идентификување на IP адресата од која се испратени спорните мејлови.
Прогласена природна непогода во Делчево по силното невреме

Советот на Општина Делчево на денешната Вонредна седница прогласи природна непогода од поплави и град. Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски денеска информира дека се мобилизирани екипи на јавните претпријатија со механизација и рачно се расчистуваат наносите од земја на коловозите во централното градско подрачје и во реоните и се санираат штетите по домовите.
Тој посочи дека во моментов стручни лица од Општина Делчево прават увид на оштетената инфраструктура на коловози и потпорни ѕидови со цел да се пристапи веднаш кон нивна санација.
„Дефектите на водоснабидителниот систем се санирани уште во текот на ноќните часови и водоснабдувањето е нормализирано, така што граѓаните можат да ја користат водата за пиење“, објави Трајковски.
На седницата донесена е одлука за формирање на комисија за проценка на штетите, како и заклучок за објавување јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.
Од вчерашното невреме поплавени се десетици приватни домови, институции и фабрики, а оштетени се коловозите на неколку сообраќајници. Најголеми штети се евидентирани во населбите Пролет и Басарица, на улицата „Царевоселска“, булеварот „Македонија“.
САД - Иран планира да изгради фабрика за дронови во Русија

Соединетите држави велат дека имаат информации дека Иран има намера да изгради постројка за производство на беспилотни летала во Русија, која би можела да стане оперативна следната година, бидејќи Москва и Техеран ја зајакнуваат својата воена соработка, што претставува зголемена опасност за Украина, Блискиот Исток и за меѓународната заедница.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа (НСЦ) Џон Кирби на 9 јуни рече дека додека Иран продолжува да и испорачува на Русија дронови што Москва ги користи против украинските цивили во нејзината нелегална војна во Украина. Двете земји сега преземаат чекори за да го приближат производството на беспилотни летала до воената зона со изградба на фабрика за дронови на околу илјада километри источно од Москва.
„Имаме информации дека Русија добива материјали од Иран потребни за изградба на фабрика за производство на беспилотни летала во Русија. Оваа фабрика би можела да биде целосно оперативна на почетокот на следната година“, рече Кирби додека NSC објави сателитска снимка локацијата на фабриката во руската специјална економска зона Алабуга.
Кирби рече дека од минатиот месец, Иран испорачал стотици самоубиствени дронови, како и опрема поврзана со производство на беспилотни летала во Русија, користејќи рута преку Каспиското Море.
„Дроновите се направени во Иран, испорачани преку Каспиското Море, од Амирабад, Иран до Махачкала, Русија, а потоа се користат оперативно од руските сили против Украина“, рече Кирби.
Москва за возврат му обезбедува на Иран, земја која како Русија, е под строги меѓународни санкции, воена опрема на ниво, за кое Кирби вели дека е посложена и поскапа од било кога.
„Русија му нуди на Иран невидена одбранбена соработка, вклучително и за ракети, електроника и противвоздушна одбрана“, изјави Кирби, додавајќи дека Техеран објави договор оваа година за купување борбени авиони Су-35 од Русија.
„Иран бара да купи дополнителна воена опрема од Русија, вклучително и хеликоптери, радари и борбени авиони ЈАК-130. Севкупно, Иран бара воена опрема вредна милијарди долари од Русија“, објасни Кирби.
Тој додаде дека Москва и Техеран го прекршуваат ембаргото за оружје наведено во Резолуцијата 2231 од ОН со трансферот со беспилотни летала САД и нивните сојузници ќе продолжат да ги користат сите расположливи средства за да го прекинат партнерството кое, како што вели е штетно за остатокот од светот.
„Ќе продолжиме да воведуваме санкции за актерите вклучени во трансферот на иранска воена опрема во Русија за употреба во Украина“, рече Кирби, додавајќи дека САД, Велика Британија и Европската унија воведоа нови ограничувања „за да ги спречат електронските компоненти. пронајдени во иранските беспилотни летала од можноста да се пробијат на бојното поле во Украина“.
Кирби, исто така, рече дека подоцна на 9 јуни американската влада ќе издаде нов совет за да им помогне на бизнисите и другите влади подобро да ги разберат ризиците што ги носат иранските беспилотни летала и незаконските средства што Иран ги користи за да добие компоненти за производство на дронови.
Oбвинителството ги отфрли кривичните пријави против Муареми

Обвинителството не пронајде докази за вина кај поранешниот шеф на Управата за финансиска полиција(УФП), Арафат Муареми. Тој е ослободен после пријавите на анонимни граѓани за примање награда за противзаконито влијание, а поради кои поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска нареди претрес во финансиската полиција.
На 18 јули лани во полицијата беше извршен претрес по анонимна дојава на граѓанин, а сомнежите беа дека се чуваат предмети во фиока за што Муареми земал поткуп. Во соопштението кое на 9 јуни го објави обвинителството се вели дека првично биле запленети 35 предмети, а подоцна, од УФП дополнително се доставени 380 предмети. Од Муареми биле одземени едно УСБ и еден компјутер.
„Од доставеното вештачење и анализа на содржината на одземената компјутерска опрема е утврдено дека документите и компјутерските податоци немаат поврзаност со конкретниот предмет. Не произлезе основано сомневање дека пријавениот со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал или на друг начин влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши, а за посредувањето да примил награда или друга корист“, се вели во соопштението на обвинителството.
Поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Русковска ја отвори истрагата по анонимна пријава и нареди претрес. Но, јавното обвинителството на Љубомир Јовески регистрираше пропусти во претресот затоа што во случајот можело да постапува единствено Специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања.
По ова и Муареми поднесе кривичната пријава против Русковска, но и за двете обвинителки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои биле вклучени во истрагата. Во меѓувреме Русковска беше суспендирана, па разрешена од функцијата како прв човек на обвинителството, а Муареми си поднесе оставка.
Обвинителството денеска ги отфрли и кривичните пријави од човекот од Дебар кој бил засегнат од тоа што предметите не се решени па поднесе кривични пријави против директорот и инспектор од полицијата, а беа за сторени кривични дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „малтретирање во вршење на службата“ и „насилство и примање поткуп“.
Обвинителството сослушале и вработени во Општина Дебар кои не ги потврдиле наводите на оштетениот дека пријавените го малтретирале и биле насилни кон него за кои тој тврдел дека биле преземани кон него и кон вработените во Општина Дебар.
Ниту еден сведок не го споменал Муареми, а оштетениот со ниту еден доказ не ги поткрепил тврдењата дека луѓе од Косово и Албанија му се јавувале во врска со овој предмет, ниту пак поврзаноста на наводните јавувања со пријавените, се вели во сопштението на Обвинителство.
Русија го напушта Договорот за конвенционални сили, НАТО со осуда

Руското Министерство за надворешни работи на 9 јуни најави дека Москва ќе го напушти Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа на 7 ноември годинава. Министерството во соопштението посочи дека сите земји вклучени во договорот биле информирани за потегот.
„Неодамнешниот пристап на Финска во НАТО и плановите на Шведска да се приклучи на Алијансата „значително ја нарушија сигурната и стабилна рамнотежа на конвенционалните вооружени сили на северот на Европа и беше последната капка што ја натера Русија да го напушти договорот“, се вели во соопштението објавена на страната на руското министерство за надворешни работи.
Во него е наведено дека дополнителна причина за повлекување е „неуспехот од страна на земјите-членки на CFE кои се членки на НАТО, усвоен во Истанбул на 19 ноември 1999 година, да ја забрзаат ратификацијата на Договорот за адаптација на Договорот CFE, како и да ги спуштат нивоата предвидени со овој договор“.
„Други дејствија на голем број земји-членки на CFE кои се спротивни на целите на Договорот, особено дејствија поврзани со трансфер на конвенционално оружје“, се наведува како трета причина во соопштението.
НАТО ја осудува одлуката на Русија да се повлече од како што велат, историскиот Договор за конвенционални вооружени сили во Европа (CFE), камен-темелник на европската безбедносна архитектура.
Договорот CFE воспоставува правно обврзувачки и проверливи ограничувања за клучните категории на конвенционална воена опрема на државите членки.
„Русија долги години не ги исполнува своите обврски за CFE, особено со тоа што го прекина спроведувањето на Договорот за CFE без правна основа во 2007 година“, се вели во соопштението на НАТО.
Во него е посочено дека одлуката на Русија да се повлече од Договорот CFE е најновата во низата акции што систематски ја поткопуваат евроатлантската безбедност.
„Одлуката на Русија дополнително го покажува континуираното непочитување на Москва за контролата на вооружувањето, вклучувајќи реципроцитет, транспарентност, усогласеност и верификација. Ние постојано ја повикавме Русија да го почитува Договорот. Русија не се ангажираше конструктивно и не презеде чекори кон целосна усогласеност“, се вели во соопштението на Алијансата.
Сојузниците во Алијансата ја повикуваат Русија да ги спроведе своите обврски и да го искористи преостанатото време пред нејзиното повлекување за да ја преиспита својата одлука.
„Остануваме обединети во нашата посветеност за ефикасна контрола на конвенционалното оружје како клучен елемент на евроатлантската безбедност, земајќи ја предвид преовладувачката безбедносна средина и безбедноста на сите сојузници. Ја повторуваме нашата целосна посветеност за намалување на воениот ризик, спречување на погрешни перцепции и конфликти, градење доверба и доверба, промовирање на транспарентност и верификација и, со тоа, придонесување за мирот и безбедноста. Сојузниците ќе продолжат да се консултираат за импликациите од повлекувањето на Русија од Договорот CFE и неговото влијание врз безбедноста на Алијансата“, се вели во соопштението.
Дополнително рускиот претседател Владимир Путин на 9 јуни за време на разговорите со белорускиот авторитарен владетел Александар Лукашенко изјави дека трансферот на тактичкото нуклеарно оружје од Русија во Белорусија ќе започне веднаш по завршувањето на изградбата на објектите на 7-8 јули.
Зеленски: Русија мора да одговара за пробивањето на браната Нова Каховка

Стотици илјади Украинци се борат да добијат вода за пиење по големите поплави во јужна Украина по уништувањето на браната Нова Каховка на реката Днепар, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека спасувачите продолжија со напорите да однесат на безбедно што е можно повеќе луѓе.
„Евакуацијата е во тек. Секаде каде што можеме да ги извлечеме луѓето од зоната на поплавите, тоа го правиме“, рече Зеленски на неговиот канална социјалната платформа „Телеграм“ на 9 јуни.
„Во повеќе од 40 населени места животот е прекинат. Утврдуваме повеќе детали за штетата што Русија ја предизвика од оваа катастрофа. Русија мора да одговара за ова намерно злосторство против луѓето, природата и самиот живот“, рече Зеленски.
Украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко на 9 јуни изјави дека најмалку пет лица загинале, а 13 се водат како исчезнати во поплавите што се проширија на површина од околу 600 квадратни километри.
Клименко рече дека 34 населби се поплавени на десниот брег на Днепар кој е под украинска контрола и уште 14 се поплавени на левиот брег кој е под руска окупација. До 9 јуни, 2.400 луѓе беа спасени во Херсон, рече Клименко.
„Во соседниот регион Миколајев, 23 населени места се поплавени, а над 800 луѓе се евакуирани“, изјави Клименко.
Раководител на Херсонската област, Владимир Салдо, кој доаѓа од руските сили кои ја имаат контролата во тој дел, изјави дека осум лица загинале, а 5.800 биле спасени во делот на регионот окупиран од Русија.
„Во регионот се поплавени вкупно 22.273 куќи во 17 населени места“, напиша Салдо на социјалната платформа Телеграм, додавајќи дека водата може да не се повлече во наредните 10 дена.
Претходно, украинскиот гувернер на Херсон, Олександар Прокудин, во видео порака на 9 јуни рече дека нивото на водата почнува да опаѓа во областите на регионот каде што доживеаја големи поплави по уништувањето на браната.
„Веќе можеме да видиме дека водата се повлекла за 20 сантиметри во текот на ноќта“, изјави гувернерот Прокудин.
Тој додаде дека утрото на 9 јуни биле поплавени 3.624 куќи во 32 населени места низ регионот Херсон, а 2.352 лица веќе се евакуирани од поплавените подрачја, иако напорите на спасувачките тимови да ги доведат луѓето на безбедно биле отежнати поради постојаното руско гранатирање од преку Днепар.
На 8 јуни, руските сили ја гранатираа областа Херсон веднаш откако Зеленски го посети јужниот регион.
Дописникот на РСЕ од теренот извести за експлозии во областа Корабел во Херсон, додека спасувачите во гумени чамци продолжија да ги евакуираат луѓето кои допрва треба да ја напуштат зоната на катастрофата. Прокудин рече дека Русите ги гранатирале крајбрежните области на Херсон и центарот на градот Херсон.
Путин-Трансферот на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија ќе започне во јули

Рускиот претседател Владимир Путин на 9 јуни за време на разговорите со белорускиот авторитарен владетел Александар Лукашенко изјави дека трансферот на тактичкото нуклеарно оружје од Русија во Белорусија ќе започне веднаш по завршувањето на изградбата на објектите на 7-8 јули.
Овој потег ќе биде прво распоредување на такви боеви глави од страна на Кремљ надвор од Русија од 1991 година, што ќе предизвика загриженост на Западот.
Русија и Белорусија на 25-ти мај потпишаа договор за формализирање на распоредувањето на руски тактички нуклеарни ракети на белоруска територија, потег што Москва рече дека е поттикнат од зголемените тензии со Западот.
Тогаш Соединетите држави и земјите од НАТО ја осудија одлуката на руските и белоруските власти, со оглед на тековната голема руска инвазија на Украина, сојузничките односи меѓу Москва и Минск и помошта што белоруските власти и ја даваат на руската армија.
Од инвазијата на Украина минатата година, Путин постојано изјавува дека Русија ќе биде подготвена да употреби нуклеарно оружје доколку е потребно за да го одбрани својот „територијален интегритет“.
Бејли- САД ќе бидат разочарани ако има друго вето

Уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но оти ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската Унија, изјави поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли во интервју за Гласот на Америка на македонски. Тој истакна дека е оптимист оти земјата ќе влезе во ЕУ, но дека не може да каже кога тоа ќе се случи.
„Мислам дека САД би биле разочарани ако се случат натамошни постапки од ваква природа. Додека поминувате низ процесот и отворате поглавја, одредени земји ќе сакаат да се уверат дека самите критериуми се исполнети, така што ќе има и други прашања на патот. И затоа мислам дека е важно секое прашање да не се гледа како нелегитимно прашање меѓу земјите-членки, бидејќи тоа е дел од процесот. Тоа ќе биде долг процес да се помине низ некои од тие поглавја, особено за владеењето на правото. Земјата ќе биде под голем надзор, тоа е јасно, како и Албанија и другите. Но, мислам дека сум оптимист. Мислам дека луѓето ќе видат дека ова ќе се случи. Но, не можам да кажам кога“, изјави Бејли.
Тој вели дека и Преспанскиот договор, како уставните измени сега, бил критикуван на почетокот, но дека веќе никој не го спори позитивниот исход од него. Следната недела, на 17 јуни, се одбележуваат пет години од потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој државата го промени името во Северна Македонија, а следната година стана членка на НАТО.
„За жал, сега го имате ова бугарско вето за придвижување на процесот напред. Има јасно решение изнесено таму. Тоа решение не им се допаѓа на сите. Но, мислам дека пет години отсега со спроведување на уставните измени, пет години во иднина, луѓето ќе увидат дека тоа е позитивен чекор за земјата. Сфаќам дека многу луѓе се противат и сочувствувам со фрустрацијата на луѓето поради тоа,“ вели Бејли.
На прашањето дали Преспанскиот договор разочара во однос на европската перспектива, тој посочи дека целта на Преспа првенствено беше за решевање на проблемот со Грција и нејзината блокада конкретно повеќе за во НАТО.
„Но, очигледно, тој беше дизајниран да го постави патот кон ЕУ. Вие сте во ситуација која е тешка. Тоа е фрустрирачки. Но, мислам дека ако земјата продолжи по својот стратешки пат, колку и да е тоа тежок, таму има подобра иднина. Мислам дека е важно да се задржи таа поширока визија, како што разгледувате некои краткорочни прашања кои можеби изгледаат многу тешки, но на крајот, како и со многу одлуки во животот, кога ќе ја направите таа одлука, се покажува дека сепак не била толку лоша“, смета Бејли.
Бејли вели дека уставните измени ќе ја засилат позицијата на државата, а проблем на Бугарија е тоа што не го признава македонското малцинство и покрај пресудите на Судот во Стразбур. Според него, ако државата сега не ги почне преговорите, не е јасно колку долго дополнително ќе биде одложено пристапувањето во ЕУ.
За донесување на уставни измени во Собранието е потребно двотретинско мнозинство во 120- члениот Парламент кое актуелното владејачко мнозинство сега го нема. По лидерската средба меѓу претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски на која беа разгледувани неколку предлози, може да се заклучи дека согласност за внесување на Бугарите во преамбулата има. Но, сега се отвара прашањето која и каква Влада ќе ги донесе уставните измени, како и прашањето дали прво ќе има уставни измени или предвремени избори
Тензиите меѓу Косово и Србија се причина за загриженост и можат да разгорат безбедносни проблеми, смета Бејли, но членството на Северна Македонија во НАТО „ја прави таа ситуација да не биде толку акутна како што можеше да биде инаку“.
Синдикална потрошувачка кошничка за мај е 800 евра

Во мај на едно четиричлено семејство му биле потребни 49 025 денари односно 797 евра за да ги покрие основните и минималните трошоци., соопштија од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кои ја изработуваат синдикалната потрошувачка кошничка. Просечната исплатена нето плата по вработен во март годинава изнесува 34. 925 денари односно 567 евра.
Оттаму велат дека минатиот месец најмногу пари од потрошувачката кочничка одат за храна и пијалоци во вредност од 19 532 денари, додека трошоците за домување изнесувале 13 392 денари.
Од останатите трошоци, кои се дел од синдикалната кошничка, потребни се 3 720 денари за превоз, 3 196 денари за хигиена, а за одржување на здравјето се трошеле 821 денар.
Синдикалната потрошувачка кошничка во април, според пресметките на ССМ, беше 49 384 денари. Највисока до сега беше во ноември 2022 година кога изнесуваше 51 717 денари.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете