Достапни линкови

Вести

Навални ги повика поддржувачите да не се обесхрабруваат

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални на екран преку видео врска за време на судското рочиште во Москва, 22 јуни 2021 година

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални ги повика своите поддржувачи да не се обесхрабруваат и покрај победата на владејачката партија на парламентарните избори, оценувајќи дека изборите се „украдени“ поради фактот дека имало масовна проневера. Единствена Русија, партијата на претседателот Владимир Путин, освои 49,82 проценти од гласовите на изборите, со што доби повеќе од две третини од местата во долниот дом на рускиот парламент, Дума, доволно за промена на Уставот. Навални и неговите сојузници, кои не можеа да учествуваат на изборите, бидејќи владата го класифицираше нивното движење како екстремистичко, усвоија стратегија според која ги охрабруваат Русите да гласаат за најдобрите кандидати за да ги победат владините кандидати.

Пред изборите за Думата, Кремљ го затвори порталот „Паметно гласање“

Според опозицијата, ова таканаречено „паметно гласање“ би имало голем успех, особено во Москва, но тоа беше спречено со масовна проневера. „Нашиот резултат беше глупаво украден, изменет на најпримитивен можен начин“, напиша во порака на Инстаграм Навални, кој во моментов издржува затворска казна. Тој рече дека борбата на противниците на Кремљ не е спринт, туку „долг и тежок маратон“, додавајќи дека главната лекција на овие избори е дека поддржувачите на владата веќе не се мнозинство во земјата и дека можат да преживеат само со мамење.

Кремљ: Исполнета целта на „Единствена Русија“ да ја потврди власта

Опозицијата смета дека резултатите од гласањето преку интернет во Москва биле фалсификувани, што овозможило да се смени неповолниот тренд за Единствена Русија забележан при броењето на хартиените ливчиња. Изборната комисија ги отфрли тие обвинувања, оценувајќи дека изборите биле „транспарентни“.

види ги сите денешни вести

Црногорскиот кабинет се соочува со гласање за недоверба

Кабинетот на премиерот Здравко Кривокапиќ има тенко парламентарно мнозинство.

Црногорските опозициски партии ги здружија силите заедно со фракција во владејачката коалиција за да поднесат барање за недоверба на кабинетот на премиерот Здравко Кривокапиќ.

Парламентот има рок до средината на февруари да гласа за предлогот, за кој е потребна поддршка од најмалку 41 пратеник во Собранието составено од вкупно 81 членови.

Потегот од 19 јануари беше поддржан од 31 пратеник, вклучително и од оние кои припаѓаат на „Црно на бело“ - политичката про-ЕУ фракција во владејачката коалиција, но и членови на опозициските групи, вклучително и партијата Демократски социјалисти на долгогодишниот претседател Мило Ѓукановиќ.

Владејачката коалиција, составена и од просрпски и од проевропски блокови, тесно победи на парламентарните избори во 2020 година ставајќи крај на тридецениското владеење на социјалистите на Ѓукановиќ. Ѓукановиќ се соочува со реизбор следната година.

Но, уште од своето основање во декември 2020 година, кабинетот на Кривокапиќ, кој има тенко парламентарно мнозинство, е во постојани превирања во услови на расправии меѓу коалициските партнери што доведоа до намалување на јавната поддршка на коалицијата во последните месеци.

„Премиерот ја загрози соработката меѓу извршните и законодавните тела и тоа доведе до институционална и политичка криза“, се вели во предлогот објавен на веб-страницата на Парламентот.

Неколку стотици приврзаници на Кривокапиќ одржаа протести против иницијативата за недоверба пред зградата на Владата во главниот град Подгорица.

Кривокапиќ, кој се спротивстави на притисокот од коалиционите партнери да се ослободи од неговите министри технократи и да ги замени со политички именувани, доцна на 19 јануари поднесе предлог во парламентот со барање за смена на Дритан Абазовиќ - вицепремиерот кој е и лидер на партијата УРА и висок член на фракцијата „Црно на бело.“

2.051 нови инфекции со коронавирус, 14 починати

Илустративна фотографија.

Во изминатото деноноќие се регистрирани 2.051 нови случаи на коронавирус, а седум лица починале сите во болнички услови, соопшти Министерството за здравство. Дополнително пријавени се уште седум починати пријавени во Регистарот „Мој термин“ во периодот од 8 до 14 јануари оваа година.

Направени се 6.353 тестирања во изминатите 24 часа. Најмногу нови случаи има во Скопје – 1.027, Битола 170, Прилеп 107, Куманово 86, Струмица 55, Тетово 49...

Од вкупниот број на позитивни, регистрирани се 276 реинфекции.

Од друга страна, регистрирани сe 747 оздравени пациенти, со што гројот на активни случаи во моментов е 18.498.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Северна Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 249.704, бројката на оздравени пациенти е 223.053, на починати е 8.153.

Петков посетата на Скопје ја оцени како „огромен успех“

Прва средба на премиерот Димитар Ковачевски и премиерот Кирил Петков. 18.01.2022.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчерашната посета на Скопје ја оцени како „огромен успех“. Тој изјавата ја даде по церемонијата на положување заклетва на претседателот на Бугарија Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова во Народното собрание.

Петков вели дека од една страна била подадена рака со одењето во Скопје, а од друга страна дека Северна Македонија ја испратила нотата која Бугарија ја чекала две години.

„Оваа нота вели дека Република Северна Македонија нема претензии за територијалниот интегритет на Бугарија. Тоа е нешто многу нормално тие да го кажат, но за оваа нота се разговараше и преговараше, а ние само затоа што направивме нов пристап ја добивме. Тука треба да се разбере дека вчерашната посета беше огромен успех“, рече Петков.

Софија инсистираше на проблемот со краткото и долгото име на државата, бидејќи сметаше дека краткото Северна Македонија може да претставува дека земјава има територијални претензии кон нив, а беше и во таканаречниот португалски предлог од 2021 година.

Потоа истото стана прва точка и од таканаречениот план 5 плус 1 кој го претстави бугарскиот претседател Румен Радев.

Бугарскиот премиер Петков при посетата во Скопје имаше средби со македонските претставници и со новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски.

Двајцата премиери најавија нов пристап во решавањето на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија. Освен решавањето на прашањето за краткото и долгото име, тие најавија и конкретни датуми за воспоставување на авиолинија Скопје-Софија за 60 дена и за заедничка седница на двете влади која би се одржала следната недела, на 25 јануари.

Исто така во тек е формирањето на работните групи во областите економија, трговија, иновации, инфраструктура, транспорт и поврзување, зелени политики, европска интеграција, култура, образование, наука и млади, од кои как што беше најавено, ќе произлезат заеднички проекти и активности кои ќе бидат преточени во Акциски план, согласно кој ќе се очекуваат конкретни резултати.

Иако двете земји во 2017 година го потпишаа договорот за Добрососедство, Софија во 2019 година го блокираше почнувањето на преговорите на Северна Македонија со Европската унија.

Кина ја осуди Словенија поради поддршката на независноста на Тајван

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан.

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска ја осуди поддршката на Словенија за независноста на Тајван. Портпаролот на Министерството Жао Лиџијан изјави дека се шокирани од поддршката за „очигледното кршење“ на принципите на Кина.

Жао истакна дека во светот постои само една Кина чиј неотуѓив дел е Тајван, а како што наведе, владата на Народна Република Кина е единствената легитимна влада која ја претставува цела Кина. Тој посочи дека принципот на една Кина е општо призната норма во меѓународните односи, додавајќи дека тоа е и политичката основа на односите меѓу Кина и Словенија и меѓу Кина и Европската унија.

Зборувајќи за Тајван како „демократска земја“, словенечкиот премиер Јанез Јанша претходно изјави дека Словенија и Тајван „работат на воспоставување размена на претставници“.

Кина тврди дека Тајван е територија која ќе биде ставена под контрола, доколку е потребно и со сила, и го зголемува дипломатскиот притисок врз островската земја со цел да ја принуди на политички отстапки.

„Никој не треба да ја потценува силната одлучност, силната волја и силната способност на кинескиот народ да го брани својот национален суверенитет и територијален интегритет“, рече Жао.

Тајван и Кина се разделија за време на граѓанската војна во 1949 година, а Народна Република Кина инсистира дека е единствениот правен претставник на островот, и покрај тоа што никогаш не владеела со него.

Словенија го следеше потегот на Литванија дозволувајќи му на Тајван да отвори претставништво во нејзиниот главен град Љубљана наречено „Тајван“ а не „Кинески Тајпеј“.

Официјални претставници на САД и Литванија велат дека Кина го блокирала увозот од оваа европска земја, откако на тајванската влада и било дозволено да отвори трговска канцеларија наречена Тајван.

Соединетите Држави и повеќето други влади, вклучително и Литванија, имаат дипломатски односи само со Пекинг, но одржуваат комерцијални и неформални политички врски со демократски избраната влада на Тајван.

Џонсон одбива да поднесе оставка по откритијата за забавите на Даунинг стрит

Британскиот премиер Борис Џонсон.

Британскиот премиер Борис Џонсон ги отфрли повиците на неговите противници и на некои од неговите пратеници да поднесе оставка. Тој се соочува со повици да поднесе оставка по серијата откритија за направени забави на Даунинг стрит - домот и канцеларијата на премиерот, за време на карантинот поради пандемијата на КОВИД-19.

Тој неколку пати се извини за забавите велејќи дека за многу од нив не знаел. Сепак, то рече дека присуствувал на работен настан на 20 мај 2020 година, за кој на вработените им било кажано да „донесат свои пијалоци“. Џонсон на 18 јануари рече дека никој не му кажал дека собирот е против правилата за КОВИД.

Конзервативниот пратеник Дејвид Дејвис, кој го поддржува Брегзит, рече дека поминал недели и месеци бранејќи го премиерот од често лутите гласачи.

„Но, очекувам моите лидери да преземат одговорност за активностите што ги преземаат“, рече Дејвис.

За да се доведе во прашање опстанокот на Џонсон на премиерската позиција, 54 од 360-те конзервативни пратеници во парламентот мора да напишат писма за недоверба до претседателот на партиската комисија.

На директно прашање од опозицискиот пратеник дали ќе поднесе оставка, Џонсон одговори: „Не“.

Пратеникот Кристијан Вејкфорд ги напушти конзервативците во средата и им се приклучи на лабуристите.

„Мојата одлука е многу повеќе од вашето лидерство и срамниот начин на кој се однесувавте во последните недели“, рече пратеникот Вејкфорд.

Поддршката за Џонсон и неговата партија нагло опадна по серијата откритија за забавите и поради други погрешни чекори.

Џонсон рече дека луѓето мора да го чекаат исходот од внатрешната истрага пред да донесат заклучоци.

Меркел одбила работа во Обединетите нации

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел.

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја одби понудата за работа во Обединетите нации, соопштија денеска од нејзиниот кабинет, пренесе Ројтерс.

Соопштението доаѓа еден месец откако таа ја напушти позицијата на најмоќна европска политичарка.

Минатата недела Меркел го повикала генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш да му се заблагодари и да му каже дека нема да ја прифати работата што и ја понудил преку испратено писмо до неа, соопшти канцеларијата без дополнително објаснување.

Германските медиуми објавија дека Гутереш и понудил на Меркел претседателствување со советодавното тело на ОН за глобални јавни добра, што е еден од неговите водечки реформски проекти.

Ова тело ќе се фокусира на прашања како што се озонската обвивка, вакцините и вселенскиот отпад.

Меркел е надвор од политичкото внимание откако ја напушти канцеларијата на германскиот канцелар.

Белоруски фудбалер и спортски новинар доби затворска казна поради протестите

Белорускиот фудбалер и спортски новинар Александар Ивулин.

Познатиот белоруски фудбалер и спортски новинар Александар Ивулин е осуден на две години затвор поради учество во протестите против авторитарниот лидер на земјата Александар Лукашенко.

Окружниот суд во Минск денеска го осуди Ивулин откако го прогласи за виновен за „организација и подготовка на активности отворено насочени кон нарушување на општествениот поредок“.

Ивулин, кој го отфрли обвинението, беше уапсен на почетокот на јуни минатата година и првично беше осуден на 30 дена затвор за кршење на законите за јавни собири. Подоцна против него беше покрената кривична постапка.

Во Белорусија се случуваа антивладини протести кои избувнаа по претседателските избори во август 2020 година, на кои Лукашенко побара реизбор, но многу Белоруси велат дека гласањето било наместено.

Протестите беа проследени со приведување на десетици илјади луѓе. Голем дел од лидерите на опозицијата се затворени или принудени на егзил.

Неколку демонстранти беа убиени, а илјадници уапсени за време на масовните протести со кои се бараше оставка на Лукашенко. Имаше и веродостојни извештаи за тортура за време на проширената безбедносна акција. Белоруските власти затворија и неколку невладини организации и медиуми.

Западот, кој одби да ги признае официјалните резултати од претседателските избори и не го смета Лукашенка за легитимен лидер на земјата, воведе неколку рунди санкции против неговиот режим. Белоруските организации за човекови права го признаа Ивулин како политички затвореник.

Макрон ја потврди перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека треба да се испрати јасна порака до Западен Балкан дека постои перспектива за членство, но наведе дека е потребно да се преземат реформи во рамките на Европската унија за да се овозможи прием на нови членки.

„Европа не може да му сврти грб на Западен Балкан. Западен Балкан географски и историски, во однос на трагичноста и ветувањата за иднината, се наоѓа во срцето на европскиот континент. Тие носат лузни кои не потсетуваат на кревкоста на мирот, но и на силата на ЕУ“, рече Макрон.

„Треба да ги преиспитаме нашите односи со Западен Балкан и да дадеме јасна и искрена перспектива за пристапувањето“, додаде Макрон.

Францускиот претседател овие тврдења ги изнесе на пленарната седница на Европскиот парламент (ЕП), зборувајќи за приоритетите на француското шестмесечно претседателство кое започна на 1 јануари 2022 година.

Сепак, тој нагласи дека во сегашните услови Европа не е таа што може да прифати нови членки.

„Ова не е Европа која може да има 31, 32 или 33 членки. Ќе се лажеме себеси ако така мислиме“, рече тој нагласувајќи ја потребата од промени во ЕУ кои ќе овозможат „побрзи, појасни и поефикасни одлуки“.

Макрон најави иницијатива за организирање конференција за Западен Балкан, која според него ќе следи по одржувањето на Конференцијата за иднината на Европската унија.

Конференцијата за иднината на Европа е серија од дебати и дискусии со кои ќе им се овозможи на луѓето од цела Европа да ги споделат своите идеи и да помогнат во обликувањето на заедничката иднина.

Станува збор за предлог на Европската комисија и на Европскиот парламент, кој датира од 2019 година и има за цел да ја види среднорочната и долгорочната иднина на ЕУ и какви реформи треба да се преземат во нејзините политики и институции.

Ердоган во наредните недели ќе ја посети Украина

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе ја посети Украина во рок од неколку недели за да се обиде да ги смири растечките тензии со Русија, изјави денеска неговиот помошник за надворешна политика.

Советникот за надворешна политика Ибрахим Калин рече дека Ердоган ќе отпатува во Украина во следните неколку недели за да разговара со претседателот Володимир Зеленски и дека ќе остане во близок контакт со Русите.

Советникот на турскиот претседател изјави дека Ердоган разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, но и со украинскиот претседател Володомир Зеленски.

„Всушност, тој дури ги покани и да дојдат во Турција. Турција останува на располагање за секоја улога што може да ја одигра во намалувањето на тензиите меѓу Русија и Украина“, рече Калин.

Членката на НАТО Турција не ја призна руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година.

Тензиите меѓу Западот и Русија се зголемуваат во последните недели поради стравот на западните земји од руска инвазија на Украина.

Лајчак и Ескобар најверојатно наскоро во посета на Белград и Приштина

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог Србија-Косово Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар.

Специјалниот претставник на Европската унија за српско-косовски дијалог, Мирослав Лајчак, на почетокот на февруари најверојатно ќе ги посети Белград и Приштина, според неофицијални информации во Брисел.

Од овие извори, Лајчак за време на посетата треба да оствари средба и со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Иако Брисел наведува дека деталите за средбата се уште се подготвуваат, а според прелиминарниот план посетата на Лајчак и Ескобар е планирана за 1 и 2 февруари, додека прва станица би бил Белград.

Покрај сеопфатните напори за заживување на процесот на преговори за нормализација на односите, европскиот и американскиот посредник, според нашите сознанија, ќе го покренат и прашањето за гласањето на српските граѓани на Косово во изборниот процес во Србија.

Со оглед на одлуката на косовската влада со која на косовските Срби им беше дозволено да гласаат на уставниот референдум на 16 јануари само по пошта или во Канцеларијата за врски, се прават напори да се најде можно решение пред одржувањето на парламентарните и претседателските избори во Србија закажани за 3 април.

ЕУ изрази жалење што косовските власти го оневозможија гласањето на српските граѓани на Косово за уставниот референдум во Србија.

Според портпаролот на ЕУ, Питер Стано, и покрај тоа што нема договор сепак „се уште постои воспоставена практика“ според која од 2012 до 2020 година косовските Срби можат да гласаат на Косово, а гласовите ги собира ОБСЕ.

Мирослав Лајчак последен пат ги посети Косово и Србија во ноември минатата година.

Макрон - ЕУ мора да ја дефинира безбедносната политика кон Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон зборува во Парламентот на ЕУ во Стразбур, Франција.

Земјите од Европската унија мора да се погрижат блокот да ја дефинира и брани својата безбедносна политика кон Русија, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во Европскиот парламент во Стразбур, на почетокот на француското претседателство со ЕУ.

„Безбедноста на нашиот континент е неделива“, рече Макрон, мислејќи на Русија.

Тој додаде дека Европејците мора да ги дефинираат сопствените безбедносни стандарди и да се погрижат тие да се почитуваат.

Во својот говор Макрон рече и дека ЕУ мора да ги преиспита односите со земјите од Западен Балкан.

Францускиот претседател им порача на пратениците дека Европската унија и Британија мора да најдат „пат на доверба“ во ерата по Брегзит.

„Ништо нема да го доведе во прашање пријателството што нè поврзува со нашите британски пријатели“, рече Макрон во говорот, но додаде дека градењето доверба бара британската влада со „добра волја“ која го исполнува она што го договори со ЕУ.

Продолжува протокот на сурова нафта од Ирак во Турција

нафтоводот Киркук-Џејхан.

Турскиот државен нафтен оператор денеска соопшти дека протокот на сурова нафта продолжува преку нафтоводот што ги поврзува ирачките енергетски полиња со меѓународните пазари, пренесе АФП.

Експлозијата во вторникот долж нафтоводот Киркук-Џејхан во јужна Турција, ги зголеми меѓународните цени на сурова нафта на највисоко ниво во последните седум години.

Нафтоводот вообичаено носи повеќе од 450.000 барели дневно од нафтените полиња во северен Ирак до турското пристаниште во Средоземното Море.

Турскиот државен нафтен оператор Ботас рече дека пожарот бил целосно изгаснат доцна во вторникот, но не даде никакви индикации што ја предизвикало експлозијата.

„Екипите на Ботас ги презедоа сите неопходни мерки на претпазливост и протокот на нафта продолжи“, соопшти компанијата.

Официјални лица во близина на местото на експлозијата, во градот Кахраманмарас, рекоа дека раните наоди покажале дека прекинот и последователната експлозија биле предизвикани од „електричен столб што се превртел при неповолни временски услови“.

Инцидентот се случи за време на обилни снежни врнежи во ретко населениот регион во јужна Турција.

Шефот на СЗО - Пандемијата е далеку од завршена

Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус одржа прес-конференција во Женева.

Пандемијата на КОВИД-19 „ни одблизу не е завршена“, изјави шефот на Светската здравствена организација (СЗО), додека омикрон варијантата предизвикува рекорден број на инфекции.

Тедрос Аданом Гебрејесус предупреди против идејата дека варијантата Омикрон претставува помал ризик само затоа што се чини дека предизвикува поблаги симптоми.

„Омикрон можеби е помалку тежок, во просек, но наративот дека е лесна болест е погрешен“, рече тој пред новинарите од седиштето на СЗО во Женева.

„Не правете грешка: омикрон предизвикува хоспитализации и смртни случаи, а дури и послабите случаи ги преплавуваат здравствените установи“, додаде тој.

Високо заразната варијанта Омикрон сега е доминантна во поголемиот дел од светот, предизвикувајќи рекордни инфекции од Бразил до Франција.

Податоците сугерираат дека постоечките вакцини против КОВИД се помалку ефикасни во спречувањето на инфекциите со омикрон во споредба со претходните соеви, но вакцините сепак обезбедуваат силна заштита од тешка болест и смрт.

САД ја зголемуваат воената помош за Украина додека растат тензиите со Русија

Грбот на Стејт департментот на САД.

Додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен е во посета на Украина, администрацијата на претседателот Џо Бајден денеска соопшти дека обезбедува дополнителни 200 милиони долари воена помош за земјата поради зголемените стравувања од руска инвазија, пренесува АП.

Висок претставник на американскиот Стејт департмент рече дека помошта била одобрена кон крајот на декември, како дел од напорите на САД да ѝ помогнат на Украина да се заштити.

Сепак, американската администрација до денеска одбиваше да коментира. Службеникот, кој не беше овластен за јавни изјави пред состаноците на Блинкен во Киев, зборуваше под услов да остане анонимен.

„Ние сме посветени на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и ќе продолжиме да ѝ ја даваме на Украина потребната поддршка“, рече функционерот. Тој не ја наведе содржината на пакетот за помош.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Киев на 19 јануари, во знак на поддршка поради зголемените стравувања дека руската инвазија на Украина може да биде неизбежна.

Блинкен ќе разговара со украинскиот претседател Володомир Зеленски во Киев, пред средбите со неговите британски, француски и германски колеги во Берлин.

Тој во петок во Женева ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Русија повеќе пати негираше какви било планови за напад на соседна Украина.

Воената алијанса предводена од Русија го заврши повлекувањето од Казахстан

Војници на ЦСТО во Казахстан.

Војниците на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ЦСТО) предводена од Русија го завршија своето повлекување од Казахстан, каде беа поканети од владата на оваа централноазиска земја по смртоносните протести во најголемиот град на земјата Алмати, на почетокот на јануари.

Рускиот амбасадор во Казахстан, Алексеј Бородавкин и генералот Андреј Сердјуков, кој ја предводеше мисијата на ЦСТО во Казахстан, на 19 јануари изјавија дека „мировната операција“ е завршена и дека „сите“ војници ја напуштиле поранешната советска република.

Руски, ерменски, киргистански и таџикистански војници беа испратени во Казахстан по малите протести против зголемувањето на цената на горивото во градот Жанаозен, што предизвикаа масовни антивладини протести низ земјата богата со нафта и кои доведоа до смртоносни судири во Алмати и на други места.

Казахстанскиот претседател Касим Жомарт Токаев тогаш изјави дека „20.000 терористи обучени во странство“ го нападнале Алмати и покани војници од земјите-членки на ЦСТО за да ја „стабилизираат“ ситуацијата во земјата.

Токаев не откри никакви докази за присуство на „терористи“ во земјата или за поттикнување на протестите.

Казахстанските власти соопштија дека за време на протестите биле убиени речиси 227 лица, вклучително и 19 службеници за спроведување на законот.

Активистите за човекови права велат дека бројот на загинати е можно да биде многу поголем, бидејќи голем број луѓе се водат за исчезнати по немирите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG