Вести
МААЕ - Северна Кореја „со полна пареа“ напредува со својата нуклеарна програма

Северна Кореја „со полна пареа“ напредува со својата нуклеарна програма, предупреди денеска генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси. Тој денеска имаше годишен состанок со земјите-членки на агенцијата на ОН.
Гроси вели дека во Северна Кореја се одвојува плутониум, се збогатува ураниум и има други активности. Ваквите чувствителни активности се кршење на неколку резолуции на ОН.
Инспекторите на МААЕ немаат пристап до објектите на Северна Кореја, но агенцијата ги следи активностите таму преку сателитски снимки.
Најновото предупредување доаѓа неколку недели откако МААЕ објави дека по се изгледа повторно има активности во нуклеарниот центар Јонгбјон, каде, според сателитските снимки, се сигнализира дека Северна Кореја има намера да го зголеми производството на оружје.
Северна Кореја на 15 септември истрела две балистички ракети во морето, со што прекрши резолуција на ОН. Два дена пред тоа тамошните власти рекоа дека тестирале нови крстосувачки ракети со голем дострел.
види ги сите денешни вести
Кулеба и Мецола разговарале за создавање специјален суд за злосторствата на Русија во Украина

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска изјави дека тој и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола разговарале за чекорите за формирање на специјален суд за злосторството од агресијата врз Украина.
Кулеба на Твитер напиша дека за време на повикот тој го охрабрил Европскиот парламент „да ја продолжи својата витална улога во справувањето со неказнивоста“.
„Во согласност со резолуцијата на Европскиот парламент, ги координиравме чекорите за формирање Специјален трибунал за кривично дело агресија против Украина“, напиша Кулеба на Твитер.
Во јануари, Европскиот парламент усвои препорака за формирање на специјален трибунал за гонење на агресијата на Русија врз Украина и Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) едногласно гласаше за формирање таков трибунал.
Курти повика на осуда на Србија бидејќи не го потпишува договорот

Косовскиот премиер Албин Курти оцени дека меѓународната заедница треба да ја осуди Србија поради одбивањето да го потпише европскиот предлог за нормализација на односите и Анексот за негово спроведување.
Во изјавата за новинарите во Приштина на 21 март, Курти рече дека Косово ги смета овие два документи за договори, иако српскиот претседател Александар Вучиќ одбил да ги потпише.
Курти и Вучиќ на средбата во Охрид на 18 март го прифатија Анексот за имплементација на европскиот предлог, а високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика, Жозеп Борел, рече дека тој стана правно обврзувачки во моментот кога Европската унија излезе со соопштението.
Во меѓувреме, српскиот претседател Вучиќ изјави дека во Охрид не потпишал никаков документ „бидејќи Србија е меѓународно призната држава, а Косово не“, и дека меѓународно правен договор не може да се направи.
Тој рече и дека нема да спроведе „ништо поврзано со членството на Косово во Обединетите нации“.
Од друга страна, премиерот Курти очекува меѓународната заедница да ги осуди ваквите изјави.
„Другата страна не може вака да зборува против членството на Косово во меѓународните организации, вклучително и во Обединетите нации, тие не можат да зборуваат за тоа како никогаш нема да го признаат Косово, со оглед на тоа што Основниот договор е де факто признавање. Значи, верувам дека ова е од суштинско значење за процесот и важно е сите наши партнери, сојузници, пријатели на демократските земји на Запад да продолжат да стојат покрај Косово, кое е конструктивно, посветено и креативно како никогаш досега“, додаде тој.
Како што претходно најави ЕУ, имплементацијата на европскиот предлог и Анексот за негова имплементација ќе станат составен дел на процесот за приклучување на Србија и Косово во Европската унија.
Во предлогот на ЕУ не се споменува меѓусебно признавање, туку се наведува дека страните мора да ја почитуваат независноста, автономијата и територијалниот интегритет.
Предвидува и „посебен аранжман за српската заедница во Косово“, односно одредено ниво на самоуправување.
Овој предлог беше поддржан од западните земји, вклучувајќи ги и САД.
На новинарско прашање како гледа на барањето на САД веднаш да започне имплементацијата на договорот, Курти рече дека такво нешто требало да се случи уште во понеделник на 20 март.
Тој истакна дека „топката“ сега е кај Србија, објаснувајќи дека акцентот треба да се стави на фактот што Србија одби да го потпише договорот, а не на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.
Тој изјави дека Заедницата е во постојан контакт со посредниците од ЕУ и САД.
„Ќе треба да се справиме со таа формулација за самоуправување за српската заедница... таквата формулација припаѓа на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, според Советот на Европа“, рече Курти.
Прашањето за формирање на Заедницата го блокираше напредокот на двете страни кон нормализација на односите.
Тоа беше договорено во Брисел како дел од дијалогот во 2013 година, но Уставниот суд на Косово во декември 2015 година утврди дека принципите на Унијата не се целосно усогласени со Уставот на Косово, но дека можат да се усогласат со правниот акт на Владата на Косово и статутот.
Почина актерот Димче Мешковски

Синоќа во Лос Анџелес почина македоснкиот театарски, филмски и телевизиски актер и хуморист Димче Мешковски на 77 годишна возраст.
Драмскиот театар изрази сочувство за смртта на Мешковски, кој беше негова матична сцена. Комеморацијата ќе се одржи во салонот на Драмски театар на 28 март во 12 часот.
Димче Мешковски е роден е на 31 октомври 1945 година во Скопје. Тој е добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело.
Мешковски оствари улоги во многу театарски претстави, како „Диво месо“, „Солунски патрдии“, „Хамлет од Долно Гаштани“.
Во телевизиски серии тој глумеше во „Македонски народни приказни“, како и во радио-драми и хумористичните серии како „Хихирику“. Меѓу неговите најпознати улоги во играните филмови е во „Викенд на мртовци“.
Си Џинпинг го покани Путин да ја посети Кина во текот на годината

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска изјави дека го поканил својот руски колега Владимир Путин оваа година да ја посети Кина, пренесоа руските агенции.
„Го поканив претседателот Путин да дојде во Кина оваа година, кога ќе може“, рече Си за време на средбата со рускиот премиер Михаил Мишустин во Москва.
Кинескиот претседател рече дека Пекинг ќе продолжи да ги става руско-кинеските односи како приоритет.
Си рече дека двете земји се „соседни големи сили“ и „стратешки партнери“.
„Премиерот Ли Кианг ќе продолжи да дава приоритет на сеопфатното стратешко партнерство меѓу Кина и Русија“, рече кинескиот претседател.
Си Џинпинг од 20 март е во тридневна посета на Русија. Тоа е негова прва посета на Русија во последните четири години, во услови на продлабочување на меѓународната изолација на Москва поради нејзината инвазија на Украина.
На средбата во понеделникот Путин и Си испратија порака дека оваа посета е можност да го продлабочат нивното „пријателство без граници“ и да ги отфрлат, како што наведоа, обидите на Вашингтон да ги изолира и да го запре нивниот развој.
Состаноците со Си даваат ретка можност Владимир Путин да утврди дека Русија не е целосно затворена од остатокот од светот и покрај тоа што е цел на налог за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за наводни воени злосторства.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека Путин најверојатно ќе му понуди на Кси „детално објаснување“ за акциите на Москва во Украина.
За денеска се закажани пошироки разговори меѓу руските и кинеските претставници на повеќе теми.
Зеленски - Се шири поддршката за создавање на трибунал за руската агресија

Се зголемува бројот на земји кои го поддржуваат создавањето на специјален трибунал со поддршка на Обединетите нации (ОН) кој ќе ја смета Русија одговорна за агресијата врз Украина, изјави на 20 март украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во своето вечерно обраќање, Зеленски рече дека претходно во текот на денот разговарал со австрискиот канцелар Карл Нехамер и ирскиот премиер Лео Варадкар за да им се заблагодари што се приклучиле на меѓународната група која го подготвува создавањето на специјален трибунал.
„Кругот на партнери кои се подготвени да работат заедно за да ја казнат Русија за агресија неизбежно се шири. И тоа ја прави перспективата за казнување сè пореална“, рече Зеленски.
Тој рече дека зборувал и за специјалниот трибунал на 20 март во обраќањето на конференцијата на европските министри за правда во Лондон.
„Упатив апел до учесниците на конференцијата и ги повикав да ги поддржат сите елементи на меѓународните напори за агресорот да биде прецизно казнет“, рече тој.
Во јануари, Европскиот парламент усвои препорака за резолуција за создавање на специјален суд за злосторството на руската агресија врз Украина. Една недела подоцна Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) едногласно гласаше за формирање на Трибуналот.
Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), сепак, рече дека се противи на предлогот на Европската унија. Карим Кан во декември рече дека неговиот суд е способен ефикасно да ги разгледа воените злосторства извршени од Русија во Украина.
На 17 март МКС издаде потерница против рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го за лична одговорност за киднапирањето деца од Украина. Судот, исто така, издаде налог за апсење на Марија Лвова-Белова, руска службеничка за правата на децата, која наводно го насочува префрлањето на украинските деца во Русија.
Кремљ ја отфрли наредбата, тврдејќи дека таа е неважечка бидејќи Русија не е под јурисдикција на МКС. Украина исто така не е членка на МКС.
Украина тврди дека во експлозија на Крим биле уништени руски ракети

Експлозија на северот на анектираниот украински полуостров Крим уништила руски ракети кои се транспортирале со железница, соопшти украинското Министерство за одбрана.
Рускиот шеф на градот Џанкој изјави дека областа била нападната со беспилотни летала.
Украина ги објави експлозиите, но не кажа експлицитно дека стои зад нападот, пишува Би-Би-Си.
„(Експлозиите) го продолжуваат процесот на руска демилитаризација и го подготвуваат украинскиот полуостров Крим за деокупација“, се вели во соопштението на украинското Министерство за одбрана.
Киев соопшти дека проектилите биле наменети да бидат лансирани од бродови на руската Црноморска флота и дека имаат оперативен дострел од повеќе од 2.500 километри на копно и 375 километри на море.
Ихор Ивин, администратор назначен од Русија, рече дека 33-годишен маж бил пренесен во болница откако се здобил со повреди од шрапнел од соборениот дрон. Тој не спомна дека биле оштетени воени цели.
Неколку згради се запалија, а електричната мрежа е оштетена, рече Ивин, објавија локалните медиуми.
Русија последен пат ја обвини Украина за напад со дрон врз Црноморската флота во пристанишниот град Севастопол на Крим во октомври 2022 година.
Се вели дека се користени девет беспилотни летала во нападот во кој бил оштетен воениот брод. Украина не ја презеде одговорноста за нападот.
Сергеј Аксенов, гувернер на Крим назначен од Русија, на социјалните мрежи изјави дека противвоздушно оружје било истрелано во близина на Џанкоја, каде што биле уништени крстаречките ракети, се вели во соопштението на украинската разузнавачка агенција.
Руските власти не потврдија дека проектилите биле уништени во нападот. Украинските медиуми јавија дека пред експлозијата во Џанкој се слушнал звук од мотор на дрон.
Извештаите за напади врз руски воени бази и други цели на Крим не беа невообичаени за време на војната, но Украина ретко, ако некогаш, презеде одговорност за таквите напади, но го поздрави нивниот исход.
Извештајот за уништување на пратката крстосувачки ракети на Крим следеше по ненајавената посета на рускиот претседател Владимир Путин на полуостровот во саботата, по повод деветгодишнината од анексијата на украинскиот регион.
Путин отпатува на Крим еден ден откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) објави дека распишал налог за негово апсење под сомнение за воени злосторства и илегална депортација на стотици деца од Украина. Судот, со седиште во Хаг, Холандија, издаде и налог за апсење на Марија Лвова-Белова, комесарка на Русија за правата на децата.
Русија тврди дека депортацијата на децата од Украина е хуманитарен чин.
Москва ги отфрли наредбите на МКС, додека Украина ги поздрави како голем чекор напред во барањето правда за жртвите на руските воени злосторства.
Москва го зазеде Крим во 2014 година, а потоа го анектираше полуостровот. Овој потег беше осуден како незаконски од многу земји.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе ја врати целата украинска земја што Русија сега ја окупира, вклучувајќи го и Крим.
Битката за Бахмут продолжува, ЕУ и САД ветија муниција за Украина

Украинските сили ги одбија новите руски напади врз Бахмут, соопшти Киев на 20 март, додека битката за разурнатиот град во источниот украински регион Доњецк продолжи.
На двете страни има голем број жртви, додека Европската унија и Соединетите држави ветија дека ќе ја снабдуваат Украина со многу потребната муниција.
Одбраната на Бахмут продолжува, изјави заменик-министерката за одбрана Хана Маљар, истакнувајќи дека оваа недела се навршуваат два месеци од интензивирањето на борбите за Бахмут.
Руските и украинските сили инвестираа многу во битката за Бахмут, иако аналитичарите велат дека градот има мала стратешка вредност.
Главната управа за разузнавање на украинското Министерство за одбрана доцна на 20 март соопшти дека експлозија во Џанкоја на северот на Крим ги уништила руските крстосувачки ракети Калибр НК, додека се транспортирале со железница.
Дирекцијата соопшти дека ракетите биле наменети за лансирање од руски воени бродови на Црното Море. Крстосувачките ракети Калибр НК имаат дострел поголем од 2.500 километри. Тврдењето не можеше да се потврди независно.
Амазон отпушти уште 9000 вработени

Американскиот технолошки гигант Амазон објави дека отпушта уште 9 000 работници.
Со оваа одлука бројот на луѓе кои останаа без работа во изминатите неколку месеци го зголеми на околу 27 000.
Во известувањето до работниците објавено на интернет, извршниот директор на Амазон, Енди Џеси наведува дека одлуката е донесена по анализа на приоритетите и поради неизвесноста на економијата.
Претходните отпуштања беа фокусирани на комерцијалниот дел на Интернет и бизнисот со уредите и човечките ресурси, а сега компанијата ќе ги елиминира работните места во веб-сервисот на Амазон, рекламирањето и деловите за стриминг Твич.
Бројни технолошки гиганти, како Мајкрософт, Алфабет и Мета отпуштија илјадници работници во изминатите неколку месеци. Џејси истакнува дека компанијата вработила значителен број вработени во последните неколку години, но дека неизвесноста на економијата ги принудува да ги намалат трошоците и да отпуштаат работници.
Стејт департментот за човековите права во Македонија: висока корупција и бавна правда

Извештаи за сериозна владина корупција, недостиг на одговорност за родово и семејно насилство, нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во затворите, насилство и закани за насилство врз новинари, злосторства кои вклучуваат насилство и закани за насилство насочени кон припадници на ЛГБТ-и заедницата. Овие се клучните забелешки за состојбите со човековите права во Северна Македонија во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент.
Во него, меѓудругото се наведува дека иако во земјата има закон кој предвидува кривични казни за корупција од страна на официјални лица, сепак постојат извештаи за функционери кои се вмешани во корупција.
„Владата останува најголемиот работодавач во земјата, а невладините организации изјавија дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција. Јавните анкети постојано ја наведуваа корупцијата како една од главните грижи на граѓаните“, се наведува во извештајот од Стејт департментот.
Извештајот укажува и на случаите на отсуство на судска независност и намалената доверба на јавноста во правосудството.
„Уставот предвидува автономни и независни судови, но Владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност. Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судот и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото“, се наведува во извештајот.
Понатаму се наведува и дека „судовите работеа со значително доцнење, особено во случаите на корупција од висок профил и предметите со повеќе обвинети“.
Извештајот, меѓудруготo укажува и на лошите состојби во затворите, нехумани услови во пренатрупаните затворски оделенија и корумпиран персонал во затворите, како и дека полицијата злоупотребувала притвореници и затвореници и кон нив употребувала прекумерна сила.
ОН издадоа „водич за преживување“ за спречување на климатска катастрофа

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш изјави дека новиот, главен извештај за климатските промени „претставува водич за опстанок на човештвото“.
„Чистата енергија и технологијата може да се користат за да се избегне можна климатска катастрофа“, се истакнува во извештајот.
Сепак, на состанокот во Швајцарија за објавување на наодите, климатолозите предупредија дека клучната цел за глобалното затоплување најверојатно ќе се пропушти.
Во извештајот тие објаснуваат како брзото намалување на потрошувачката на фосилни горива може да ги спречи најлошите ефекти од климатските промени.
Како одговор на наодите од извештајот, Гутереш рече дека сите земји треба да ги опишат своите планови за нулта потрошувачка за една деценија. Овие цели треба брзо да ги намалат емисиите на стакленички гасови кои ја загреваат атмосферата на Земјата.
„Прозорецот на можности да се обезбеди животна и одржлива иднина за сите брзо се затвора“, се наведува во извештајот.
Владите претходно се согласија дека ќе дејствуваат за да се избегне пораст на глобалните температури над 1,5 степени Целзиусови. Сепак, светот веќе се загреа за 1,1 степен и сега експертите предупредуваат дека температурата најверојатно ќе надмине 1,5 степени во 2030-тите.
Со извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени се согласија сите вклучени влади. Нивната нова студија има за цел на едно место да претстави неколку значајни наоди за причините, влијанијата и решенијата за борба против климатските промени кои се објавени од 2018 година. Во него се наведуваат значајните влијанија што климатските промени веќе ги имаат врз светот и се предупредува дека во иднина тие ќе станат полоши.
Брисел го воведе шестиот пакет санкции против Техеран

Европската унија го воведе шестиот пакет санкции против Иран поради кршење на човековите права, додавајќи осум поединци и една компанија на листата на санкционирани. Имам, свештеник и тројца судии од Иран се опфатени со новите санкции. Тие се обвинети за кршење на човековите права.
„Европскиот совет конкретно ги казнува членовите на судството одговорни за изрекување смртни казни при нефер судења и за мачење на осуденици“, се наведува во соопштението.
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, пред да се постигне договор за санкциите рече дека најновите санкции покажуваат дека ЕУ „не ги затвора очите“ пред злоупотребата на човековите права во Иран и ја пофали храброста на демонстрантите.
„Сакаме јасно да ставиме до знаење дека никој не е над законот, поради што ќе го воведеме шестиот пакет санкции овде во Брисел“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.
Велика Британија, од своја страна, изјави дека вовела санкции за високи функционери на иранската Револуционерна гарда, вклучително и оние кои се одговорни за управување со финансиските инвестиции на единицата.
Санкциите на ЕУ сега ќе важат за вкупно 204 поединци и 34 компании во Иран.
Турција ќе добие милијарда евра помош од ЕК

Европската комисија ќе и даде милијарда евра помош на Турција, која беше погодена од земјотреси, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на почетокот на меѓународната донаторска конференција.
Таа говореше за земјотресот, кој однесе речиси 50 000 животи во Турција и Сирија, како најголема природна катастрофа што го погоди регионот во последните години.
„Милиони сега се бездомници и живеат во шатори во текот на зимата. Мора да се мобилизираме за обнова. Куќите, училиштата и болниците мора повторно да се изградат со највисоки стандарди за безбедност од земјотреси. Водата, канализацијата и другата клучна инфраструктура мора да се поправат. На јавните служби и претпријатијата им треба капитал за повторно да работат, за луѓето да можат да заработат за живот“, рече Фон дер Лајен.
Таа истакна дека Комисијата ќе обезбеди дополнителни 108 милиони евра за хуманитарна помош и за обновување на Сирија. Европската унија не одржува дипломатски врски со претседателот на таа земја, Башар ал Асад, од војната што започна во 2011 година.
Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) проценува дека „вкупниот финансиски товар од земјотресот“ за Турција е околу 103,6 милијарди долари, што е девет отсто од проектираниот БДП на земјата за 2023 година.
Српската листа повтори дека нема да учествува на локалните избори на северот на Косово

По средбата со американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, Српската листа - најголемата партија на косовските Срби, повтори дека нема да учествува на претстојните вонредни локални избори во општините на север додека не се исполнат нивните барања.
„Претставниците на Српската листа изразија јасен став дека нашата партија останува доследна на својот став дека нема да учествува на претстојните вонредни локални избори во општините на северот на Косово се додека не бидат исполнети барањата поради кои ги напуштивме косовските институции, а тоа е формирање на Заедницата српски општини и повлекување на сите специјални единици на Приштина од северот на Косово“, се наведува во соопштението.
Вонредните избори во општините со српско мнозинство на северот на Косово - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток се закажани за 23 април.
Иако рокот за регистрација на политичките субјекти требаше да истече во сабота на 18 март, Централната изборна комисија на Косово го продолжи тој рок до 22 март.
До вонредните локални избори доаѓа откако градоначалниците, кои дојдоа од редовите на Српската листа, во ноември минатата година поднесоа оставки како дел од колективното излегување на Србите од косовските институции поради напорите на косовските власти да го спроведат процесот на пререгистрација од српски на косовски таблички.
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за РСЕ изјави дека „би сакале Србите да учествуваат на изборите“.
Собранието ги изгласа законите за Собранието и за амнестија

Пратениците ги изгласаа Предлогот на законот за амнестија и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Македонија. И двата предлог- закони беа донесени по скратена постапка.
Измените на Законот за собрание се однесуваат на обезбедување на соодветен модел на усогласување на висината на минималната плата во платата на собраниските службеници, а со цел постигнување еднаквост во исплата на минималната плата во јавниот и приватниот сектор. Со овој Предлог закон се предлага нов начин на пресметка на плата на собраниските службеници, кој е веќе воспоставен и применлив во државата и во кој во основната компонента на плата е вградена и минималната плата која се зголеми согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата.
Со измените на Законот за амнестија околу 3500 граѓани осудени на високи парични казни поради непочитување на ковид-протоколите за време на пандемијата ќе бидат амнестирани. Голем дел од нив се социјални случаи на кои им се закануваше затворска казна.
Според податоците на Основен кривичен суд Скопје, лани на 138 лица кои биле правосилно осудени на парична казна заради член 206 од КЗ, за непостапување според здравствени протоколи за време на пандемија, а не ја платиле досудената казна, паричната казна им е заменета за затворска. Упатен акт за во затвор добиле само оние што не ја платиле казната.
На оние што си ги платиле казните, а кои најчесто беа меѓу 1000 и 2000 евра, нема да им бидат вратени парите. Амнестијата нема да важи за рестораните, кафулињата, фирмите и за другите правни лица кои ги прекршиле ковид-протоколите.
ВМРО-ДПМНЕ го поддржа Законот за амнестија, но според пратеникот Антонио Милошоски тој од еден аспект е дискриминирачки бидејќи не ги опфаќа лицата кои веќе платиле казна за прекршување на полицискиот час во ковид кризата.
Русија отвори кривична постапка против судот во Хаг

Рускиот истражен одбор денеска соопшти дека отворил кривична постапка против обвинителите и судиите на Меѓународниот кривичен суд, кои во петокот издадоа налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради обвинение за воени злосторства.
Одборот, кој е одговорен за истрага на сериозни злосторства, рече дека нема основа за кривичната одговорност на рускиот претседател Путин и дека шефовите на државите уживаат апсолутен имунитет од јурисдикцијата на странските земји.
Постапките на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд покажуваат знаци на кривично дело според руските закони, објави Комитетот, посочувајќи дека станува збор за свесно обвинување на невино лице за злосторство и „подготвување напад на претставник на странска држава, кој ужива меѓународна заштита, со цел да се комплицираат меѓународните односи“.
Рускиот потег е симболичен гест на револт како одговор на налогот за апсење на Путин, со кој тој и комесарот за правата на децата се обвинети за воено злосторство, депортирање деца од Украина во Русија.
Кремљ одлуката на Меѓународниот кривичен суд ја нарече нечуена, но правно неважечка, имајќи предвид дека Русија не е потписник на договорот со кој беше основан Меѓународниот кривичен суд.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете