Достапни линкови

Вести

Вучиќ: Предизборниот процес во согласност со демократските стандарди

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази уверување дека предизборниот процес ќе биде во согласност со највисоките демократски стандарди, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Претседателот.

Вучиќ денеска ги прими членовите на Европскиот парламент и медијаторите во меѓупартискиот дијалог, организиран пред претстојните претседателски, парламентарни и белградски избори објавени за август 2022 година.

Во соопштението се наведува дека Вучиќ изразил доверба дека предизборниот процес ќе биде во согласност со општата политика за сериозен и одговорен пристап кон еден од најважните процеси во функционирањето на државата.

Според соопштението, соговорниците посочиле дека е од голема важност да се применат резултатите од дијалогот и тие изразиле посебна подготвеност да помогнат во предизборниот процес за да се спроведе она што е договорено.

Втората фаза од меѓупартискиот дијалог под покровителство на српскиот парламент и со посредство на Европскиот парламент, ќе се одржи на 17 и 18 септември во Палатата на Србија.

Претходно, медијаторите од Европскиот парламент испратија нацрт -работен документ за условите за подобрување на изборните услови во Србија.

Мнозинството опозициски партии оценија дека документот не содржи конкретни предлози за подобрување на изборните услови, поради што Партијата на слободата и правдата, Демократската партија, Движењето на слободните граѓани, Да не го удавиме Белград, Движењето за промени и Заедно за Србија, им ја испратија својата верзија на условите за спроведување слободни и фер избори, на медијаторите на ЕП.

види ги сите денешни вести

Дваесет и седум Авганистанци од Македонија заминаа за Даблин

Архивска фотографија - Група Авганистанци пристигнуваат во Скопје

Група од 27 граѓани на Авганистан кои привремено престојуваа во Македонија, изутрината од Меѓународниот аеродром Скопје, со членови на нивните семејства заминаа за Даблин како нивно трајно одредиште.

„Станува збор за граѓани кои работеле за демократските институции и меѓународни невладини организации во Авганистан, и беа под закана на новиот талибански режим во земјата. Трошоците во целост се покриени од меѓународните организации“, информира денеска Владата.

Во земјава моментно престојуваат 442 граѓани од Авганистан, жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти.

„Институциите, во текот на нивниот престој им ја пружаат целата потребна поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација“, велат од Владата.

За периодот на престој во земјава им се обезбедува сместување во објекти во Скопје, здравствена заштита и психосоцијална поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.

ЕК ќе „делува“ да ја спречи Полска да ги поткопа европските вредности

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Европската комисија (ЕК) ќе „делува“ да ја спречи Полска да ги поткопа европските вредности и кохезијата, откако полскиот Врховен суд ја отфрли превласта на законите на ЕУ над националните, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

„Не сакаме и нема да дозволиме нашите заеднички вредности да бидат загрозени“, рече Фон дер Лајен пред пратениците на Европскиот парламент во Стразбур, пред да се обрати полскиот премиер Матеуш Моравјечки.

Фон дер Лајен вели дека одлуката на полскиот Врховен суд претставува закана за темелите на ЕУ и претставува „директен предизвик за единството на Унијата“.

„Владеењето на правото е лепак што ја поврзува нашата Унија“, вели претседателката на Европската комисија.

„Кога Полска се придружи на Унијата веруваше во ЕУ. Со право очекуваа дека ЕУ ќе ги брани нивните права“, рече таа, додавајќи дека ЕУ ги штити правата на своите граѓани каде и да живеат.

Односите меѓу ЕУ и Полска паднаа на најниско ниво месецов откако Врховниот суд пресуди дека полските закони имаат предност пред законите на ЕУ. Полска се придружи на ЕУ во 2004.

Народна банка очекува повисока инфлација

Со оглед на движењето на цените на храната и на енергенсите, најверојатно ќе биде направена умерена нагорна ревизија на инфлацијата со следните макроекономски проекции, рече денеска гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска. Сега проектираната инфлација е 2,2 проценти.

„Судејќи ги најновите остварувања кај инфлацијата, како и проекциите, особено за движењето на цените на храната и енергијата, најверојатно ќе направиме умерена нагорна ревизија на инфлацијата. Тоа ќе биде направено со новиот цикулс на макроекономски проекции кој е во фаза на финализација“, изјави Ангеловска-Бежоска по настанот посветен на проектот за зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија.

Инфлацијата, како што додаде, засега се очекува да остане во умерени рамки, како што предвидува и Меѓународниот монетарен фонд.

Во однос на стабилноста на денарот, гувернерката повтори дека оптимална стратегија е стратегијата на одржување на стабилен девизен курс, а причината за тоа, како што рече, е структурата на домашната економија.

„За да може оваа стратегија да се одржува стабилно од клучно значење е нивото на девизни резерви. Нивото на девизни резерви согласно сите меѓународни стандарди се одржува на високо солидно ниво“, оцени Ангеловска-Бежовска.

Енергенсите на светскиот пазар достигнуваат рекордно високи цени, а како последица на тоа расте и цената на храната.

Симовски - Никој нема да биде изоставен по обработка на податоците од пописот

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски

На крајот со обработката на податоците од пописот нема да има изоставено ниту едно лице, рече денеска директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Тој вели дека методот што го користеле дава можност и тие што не се опфатени со пописот да се покријат, а за тоа се користат и базите на податоци каде ги има сите граѓани.

„Клучната работа по која се раководевме беа објектите за домување каде се сместени граѓаните, каде што живеат граѓаните и сите овие објекти се поминати целосно не е испуштен ниту еден. Да, се случуваше да не можеме да најдеме некого дома, сепак беше летен период на спроведување на пописот, меѓутоа се обидувавме повеќе пати да ги побараме, остававме телефонски броеви, за да исконтактираат со попишувачите, немаме воопшто значаен неопфат со пописот“, изјави Симовски по настанот посветен на проектот „Зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија“.

Конечните резултати од пописот, потсети тој, се очекуваат за шест месеци од завршувањето на пописот, значи најдоцна во март, но како што рече Симовски, ако успеат и порано може да ги објават.

Во однос на оние кои го бојкотираа пописот и за кои беа најавени казни рече дека тие случаи ги процесуирале, а други институции треба да преземат мерки.

Речиси 5000 новозаразени со ковид-19 во Бугарија

Амбулантно возило и здравствени работници пред болница во Бугарија.

Здравствените власти во Бугарија соопштија дека се регистрирани 4.979 новозаразени со ковид-19, во последните 24 часа, што е највисока дневна бројка забележана од март.

Регистрирани се и 214 почнати лица од ковид во изминатото деноноќие. Од почетокот на пандемијата како последица на ковид починале 22.488 лица.

Досега се потврдени вкупно 545.598 случаи на коронавирус во Бугарија, од кои 63.241 се активни.

Бројот на нови пациенти во болниците е многу висок – 1251, при што 89,21 отсто од нив не се вакцинирани. Вкупно во болниците има повеќе од 6200 лица кои се лекуваат од ковид, а од нив 537 се на интензивна нега.

Според бугарските власти 84 проценти од новозаразените не биле вакцинирани, а 94 проценти од тие што починале не примиле вакцина.

Во земјата има раст на нови случаи од почетокот на септември.

Во Бугарија досега се дадени вкупно 2.634.699 дози вакцини против ковид-19, односно против ковид се вакцинирани само една четвртина од возрасната популација во земјава.

Министерот за здравство на Бугарија Стојчо Кацаров размислува за воведување дополнителни рестриктивни мерки.

ЕК ја критикува блокадата за старт на преговори со Скопје

Европската Комисија ја критикува блокадата за старт на преговорите со Северна Македонија, се наведува во дел од извештајот на ЕУ за напредокот на земјата, јавува МИА.
Извештајот официјално треба да биде презентиран попладне во Европскиот Парламент од страна на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

„Одлагањата во официјалниот старт на преговорите за членство имаат негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ“, предупредува Европската Комисија и нагласува дека билатералните прашања помеѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени.

„Комисијата со нетрпение очекува и ја истакнува важноста од постојано имплементирање на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни. Во согласност со заклучоците на Советот, Комисијата ја продолжува потребната подготвителна работа и очекува првата Меѓувладина конференција да се одржи што поскоро штом се усвои преговарачката рамка од страна на Советот и пред крајот на оваа година, бара Европската Комисија.

Комисијата е задоволна што Северна Македонија продолжува да ги исполнува критериумите на ЕУ за зачленување и што властите покажуваат јасна проевропска ориентација.

„Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати и натаму“, стои во извештајот.
Извештајот понатаму ќе гласи дека ЕУ реформите се процес на долг рок кој бара постојан ангажман од владата и од опозицијата, како и од сите општествени чинители.

Земјава е поздравена во делот на усогласувањето на својата надворешна политика со таа на ЕУ со стапка од 96 отсто, што претставува зголемување од два процентни поени во споредба со 2020 година.

Македонија стана земја-кандидат за членство во ЕУ во 2005 година, а од 2009 добива препорака за почеток на преговорите. Како главен проблем се посочуваше спорот за името со Грција. Во 2018, Македонија го смени името во Северна Македонија и Грција ја прекина блокадата на македонските евроинтеграции. Премиерот Зоран Заев потоа се пофали дека земјава добила датум за преговори, а тоа е јуни 2019, но во јуни таа година Германија побара одложување на одлуката за октомври поради тоа што Бундестагот немаше донесено одлука. Во октомври, пак, Франција го блокираше почетокот на преговори за да се промени методологијата. Методологијата се промени, но минатата година Бугарија го блокира стартот на преговорите, со тврдење дека Македонија ја краде бугарската историја, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Блокадата остана и годинава.

Османи - Мнозинството е стабилно, нема потреба од нови избори

Министерот за надворешни раобти и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.

Мнозинството е стабилно, нема да има нови избори и потреси, вели министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи. Тој вели дека во последниве 10 години секоја година има избори и дека нема потреба од нови.

„Тоа значи стискање пауза на работите во државата. Мислам дека нема да има нови избори и потреси. Пред нас се важни прашања, а мнозинството е стабилно“, рече Османи за емисијата „Утрински брифинг“.

Прашањето за ново парламентарно мнозинство повторно го покрена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерта по изборите, кога рече дека додека партиското раководство размислува за предвремени парламентарни избори можно е во меѓувреме да се формира ново парламентарно мнозинство. На тоа премиерот Зоран Заем му одговори дека тоа нема да се случи, оти, како што вели парламентарното мнозинство може да расте.

Во врска со изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека следно е претседател Албанец во земјава, Османи вели дека Ахмети не бил разбран соодветно.

„Ахмети зборуваше за еднаквоста како принцип, дека ниеден човек не може да биде исклучен“, вели Османи.

Тој оценува дека ДУИ постигна одличен резултат на изборите бидејќи, како што наведе, освоиле 130.000 гласа што е повеќе од 2017 година кога имале 89.000.

АИ: „невиден“ напад врз слободата на изразување за време на пандемијата

Амнести Интернешнл наведува дека Кина, Русија и многу други земји воведоа „угнетувачки закони“ што го ограничија правото на слобода на изразување и ги замолкнаа критичарите за време на пандемијата на коронавирусот. Во комбинација со „поплава од дезинформации“ низ целиот свет, нападите врз слободата на изразување од страна на владите имаа „катастрофално влијание врз способноста на луѓето да пристапат до точни и навремени информации за да им помогнат да се справат со растечката глобална здравствена криза“, се вели во извештајот на АИ објавен денеска.

Недовербата и лажните вести ја забавуваат вакцинацијата

Во него исто така се посочува дека во текот на пандемијата, владите започнаа напад без преседан врз слободата на изразување, строго ограничувајќи ги правата на луѓето. „Каналите за комуникација се цел, социјалните медиуми се цензурирани и медиумите се затворени“, изјави директорот во Амнести Интернешнл Рајат Хосла. Според Амнести Интернешнл, слободата на изразување „е од витално значење, бидејќи слободниот проток на точни, засновани на докази и навремени информации ја зголемува свесноста за здравствените ризици и како да ги спречиме и справиме со нив“.

САД се загрижени поради кинеските хиперсонични ракети

илустрација

Соединетите држави се „многу загрижени“ за она што Кина го прави во врска со хиперсоничните ракети, изјави во Женева постојаниот претставник на САД задолжен за разоружување, Роберт Вуд кој следната недела се враќа во Вашингтон. Фајненшл тајмс во саботата објави дека Кина лансираше хиперсонична ракета со нуклеарен капацитет во август, што направила круг околу Земјата пред да се спушти кон својата цел, која ја промаши. Кина денеска го негираше тоа, наведувајќи дека станува збор за рутински тест на вселенско летало, каде што била тестирана технологијата на вселенско летало за повторна употреба.

Русија ја затвора Мисијата во НАТО и ја укинува Мисијата на НАТО во Москва

Американскиот амбасадор рече дека и Русите имаат капацитети за хиперсонични ракети и додаде дека САД се воздржуваат од воениот развој на таа технологија, но дека немаат друг избор освен да реагираат во иста смисла во споредба со развојот на тој тип оружје. Во 2019 година, Кина ја претстави хиперсоничната ракета ДФ-17. Ова оружје со среден дострел (околу 2.000 километри) може да носи нуклеарни глави. Ракетата за која пишува „Фајненшл тајмс“ може да стигне до вселената, да се стави во орбита, а потоа да ја премине атмосферата пред да ја погоди својата цел, така што нејзиниот дострел е многу поголем.

Борел: ЕУ е за надминување на тешкотиите во проширувањето, а не за посебен пат

високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел

Европската унија сака да ги надмине тешкотиите во проширувањето кон Западен Балкан и тоа беше заклучокот на неодамнешниот самит ЕУ-Западен Балкан и не е познато дека има нов посебен пат на тој процес, изјави високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел во Луксембург по состанокот на шефовите на дипломатиите на Унијата, кои разговараа за проширувањето и односите со Западен Балкан. На прес -конференција, од високиот претставник новинарите побараа да ја коментираат иницијативата на членовите на Европскиот парламент да подготват предлог за состанок на лидерите на ЕУ и Источното партнерство во соседството на ЕУ, на кој треба да се искористи искуството од проширувањето на Берлин процесот на Западен Балкан и да започне сличен модел на пристапување за земјите од Источното партнерство.

Рама - Правилата на игра во ЕУ мора да ги прифатиме


„Очигледно, вие знаете подобро од мене, односно дека некои европски парламентарци предлагаат нов начин за забрзување на проширувањето“, одговори високиот претставник на ЕУ. Тој посочи дека за проширувањето се разговараше на неодамнешниот самит ЕУ-Западен Балкан, кој утврди дека „постојат одредени тешкотии што Европската унија јасно ги има на ум, но дека, како што рече, желбата на ЕУ е да ги надмине и не знае некаков посебен начин новинарите зборуваат за тоа.

Премиерот на Косово Курти „задоволен“ од резултатите во првиот круг на локалните избори

премиерот на Косово Албин Курти

Прелиминарните резултати на општинските избори во Косово покажуваат дека 17 општини ги избрале победниците во трките за градоначалници, додека во 21 ќе има втор круг на гласање, вклучувајќи ја и Приштина. Движењето „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти не освои ниту една општина во првиот круг, но ќе се натпреварува на 12 трки во вториот круг, вклучително и во Приштина, според прелиминарните резултати. На локалните избори во 2017 година, Самоопределување го освои главниот град.

Косово - Самоопределување засега без градоначалник

Аналитичарите велат дека првичните резултати се сметаат за разочарување за Курти и неговата партија. Курти, сепак, изјави дека е задоволен од резултатите. „Задоволни сме од она што го постигнавме“, рече Курти на прес -конференција во Приштина. Тој додаде дека неговата партија никогаш не била „посилна“, бидејќи сега е прва политичка партија на централно и локално ниво. Партијата на Курти постигна огромна победа на предвремените парламентарни избори во февруари, со повеќе од 50 проценти од гласовите со ветувања за борба против ендемичната корупција и заземање поостар став во мировните преговори со Србија.

На Косово избрани 17 градоначалници во првиот круг, но не и во Приштина


Курти додаде дека во вториот круг тие ќе имаат за цел да ги освојат сите спорни општини и изрази уверување дека кандидатот на неговата партија Арбен Витиа, поранешен министер за здравство, ќе го освои градоначалничкото место во Приштина. Витија, која освои повеќе од 42 проценти во првиот круг, ќе се соочи со кандидатот на Демократската лига на Косово, Перпарим Рама, кој освои нешто повеќе од 29 проценти од гласовите. Српската листа, блиска до српското раководство во Белград, победи на девет од 10 трки за градоначалници со мнозинство Срби во северниот дел на земјата.

Северна Кореја лансира неидентификувана ракета во морето

Северна Кореја повторна истрела ракета

Северна Кореја истрела неидентификувана ракета во морето, соопшти изутрината јужнокорејската армија. Проектилот бил истрелан во морето источно од полуостровот, соопшти армијата на Јужна Кореја, без да даде детални информации. Северна Кореја неодамна спроведе неколку тестови, вклучително и тест на ракета со голем дострел, како и тест на проектил за кој Пјонгјанг наведе дека бил хиперсоничен.

Ким Џонг Ун вети дека ќе изгради непобедлива армија

Северна Кореја го зајакна воениот арсенал и покрај меѓународните санкции воведени поради нуклеарно оружје и балистичките ракети. Во минатата недела севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го обвини Вашингтон за тензиите, додавајќи дека САД се „основната причина“ за нестабилност на Корејскиот Полуостров.

Во Софија ќе биде потпишан меморандум за изградба на Коридорот 8

Софија, Бугарија

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ќе престојува во работна посета на Софија каде што ќе потпише меморандум за трилатерална соработка за развојот на одржлива патна и железничка инфраструктура на Коридорот 8. Потписници на меморандумот покрај Северна Македонија се и Бугарија и Албанија.

Експрес возови низ Балканот може ако се сака

„Целта на меморандумот е да се потврди подготвеноста на трите страни за долгорочно планирање и координиран развој на Коридорот 8 со фокус на проекти кои се од најголемо значење за регионот“, информираа од Министерството за транспорт и врски.

Автопати во четири очи го зголемуваат ризикот од корупција

Исто така, со меморандумот ќе се потврди подготвеноста на земјите потписнички за спроведување на мерките за брз и непречен транспорт на стока на граничните премини. Во државава во тек е тендерска постапка за избор на изведувач за изградба на пругата од Куманово до Крива Паланка.

Вархеји ќе го претстави пакетот за проширување за 2021 година

Еврокомесарот Оливер Вархеји

Европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји денеска ќе го претстави пакетот за проширување за 2021 година, вклучувајќи извештаи од Европската комисија за земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во Европската унија. Во својот говор пред членовите на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент тој се очекува да ја потврди посветеноста на ЕУ кон процесот на проширување, сѐ додека земјите кандидати спроведуваат кредибилни реформи и го почитуваат владеењето на правото.

Грлиќ Радман: Ситуацијата во Западен Балкан се влошува

Пакетот за проширување се усвојува секоја година од ЕК и вклучува проценка на ситуацијата во процесот на пристапување и спроведување на реформите во седум земји кои сакаат да се приклучат на ЕУ. По оценката на Комисијата за реформите во секоја земја во процесот на европска интеграција, известувачите на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент ќе изготват резолуции за тие земји со заклучоци и препораки од Европскиот парламент.

Блинкен: Потребно е да продолжи пристапниот процес со Северна Македонија и Албанија

Стоев: нов круг консултации меѓу Софија и Скопје до крајот на октомври

Македонија стана земја-кандидат за членство во ЕУ во 2005 година, а од 2009 добива препорака за почеток на преговорите. Како главен проблем се посочуваше спорот за името со Грција. Во 2018, Македонија го смени името во Северна Македонија и Грција ја прекина блокадата на македонските евроинтеграции. Премиерот Зоран Заев потоа се пофали дека земјава добила датум за преговори, а тоа е јуни 2019, но во јуни таа година Германија побара одложување на одлуката за октомври поради тоа што Бундестагот немаше донесено одлука. Во октомври, пак, Франција го блокираше почетокот на преговори за да се промени методологијата. Методологијата се промени, но минатата година Бугарија го блокира стартот на преговорите, со тврдење дека Македонија ја краде бугарската историја, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Блокадата остана и годинава.

Времето денеска: сончево со мала до умерена облачност

Ќе биде сончево со мала до умерена облачност, претпладне во западните делови со зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Дневната температура ќе биде од 12 до 21 степен. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 17 степени.

ВМРО-ДПМНЕ освои 22, СДСМ 9, а ДУИ тројца градоначалници во прв круг

Прес конференција на Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалници во првиот круг на локалните избори, коалицијата на СДСМ 9, а ДУИ тројца градоначалници, покажуваат првичните резултати што вечерва ги соопшти претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Сега течат роковите за приговори, а конечните резултати за 80 општини и Град Скопје ќе бидат објавени по завршување на постапката за приговори.

Првиот круг од локалните избори во општините Центар Жупа и Маврово Ростуше ќе се повтори, затоа што не излегле потребните 33 отсто од регистрираните избирачи.

ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалници во Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Гази Баба, Градско, Ѓорче Петров, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и во Штип.

Кандидатите на СДСМ се избрани во Берово, Богданци, Валандово, Делчево, Дојран, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево и во Струмица.

ДУИ освоија градоначалници во Липково, Пласница, Сарај уште во првиот круг.

Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во вториот круг за две недели ќе се соочат во Град Скопје, како и во општините Битола, Василево, Вевчани, Гевгелија, Демир Капија, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Ново Село, Охрид, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Центар и во Чешиново-Облешево.

Во Арачиново, Долнени и во Чашка ќе се соочат кандидатите на ДУИ и СДСМ.

Кандидатите на ДУИ и Алијанса за Албанците/Алтернатива одат во вториот круг во Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Дебар, Струга, Теарце и во Чаир.

Во Брвеница и Македонски Брод во вториот круг одат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и еден независен кандидат, а во Дебарца, Чучер Сандево и Куманово СДСМ и независен.

Кандидатите на ДУИ и Беса ќе се соочат во Тетово и во Желино.
Во Кичево одат ВМРО-ДПМНЕ против ДУИ, во Шуто Оризари СДСМ против кандидатот на ЛДП/ДОМ, во Старо Нагоричане СДСМ и ТМРО, во Студеничани ДУИ и ДПА, а во Карпош ќе се соочат кандидатите на СДСМ и на ГРОМ.

Борел - Само дијалогот под медијаторство на ЕУ е решение за Србија и Косово

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жосеп Борел

Земјите членки на ЕУ разговарале за ситуацијата на Западeн Балкан на ниво на министри за надворешни работи и повториле дека само дијалогот под медијаторство на ЕУ е решение.

Високиот претставник за надворешна политика, Жосеп Борел на прес-конференцијата на крајот на министерскиот состанок на ЕУ изјави дека Белград и Приштина треба да се вратат на преговарачка маса во Брисел.

Тензиите на северот на Косово помеѓу Белград и Приштина предизвикаа голема загриженост во ЕУ. Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман утрово предупреди дека ситуацијата во регионот се влошува и дека ЕУ треба да посвети дискусија на оваа тема.

Шефот на европската дипломатија уште еднаш ги повика лидерите да се посветат на дијалогот за нормализација на односите за да избегнат слични тензии како што се случија во последните недели.

„Ситуацијата на границата меѓу Косово и Србија е многу тешка, разговарав со претседателот Вучиќ и премиерот Курти, последните случувања и договорот од 13 септември покажаа дека нашиот ЕУ дијалог е единствениот начин за напредок и ги повикуваме и двајцата да се вратат на ситуација каде дијалогот ќе може да продолжи“, изјави Борел денеска.

Вистрчил - Чешкиот претседател не е здравствено способен да ги извршува должностите

Чешкиот претседател Милош Земан на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Прага во мај годинава

Чешкиот претседател Милош Земан во моментов не е во состојба да ги извршува своите должности, изјави денеска висок чешки функционер, повикувајќи се на извештај од болницата каде што Земан е на интензивна нега повеќе од една недела.

Милош Вистрчил, спикер на чешкиот Сенат, изјави дека има само мала веројатност дека Земан може да се врати на работа во наредните недели.
Тој рече дека парламентот треба да разговара за активирање на уставната клаузула која им ги префрла претседателските должности на други функционери.

Земан итно беше пренесен во Воената болница во Прага на 10 октомври, ден по изборите за Долниот дом на Парламентот.

Докторите велат дека дијагнозата на 77-годишниот Земан нема да ѝ биде соопштена на јавноста.

Земан, кој е страстен пушач и уживател на алкохол, боледува од дијабетис и во последните месеци се движеше со инвалидска количка.

Русија ја затвора Мисијата во НАТО и ја укинува Мисијата на НАТО во Москва

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров

Русија ги суспендира активностите на нејзината Мисија во седиштето на НАТО во Брисел, како одговор на тоа што Алијансата протера осуммина руски дипломати од Мисијата претходно овој месец.

Ова е нов удар за односите Исток-Запад, кои се на скоро најниско ниво по завршувањето на Студената војна. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска рече дека активностите ќе бидат суспендирани на 1 ноември и оти на членовите на воената Мисија на НАТО во Москва истиот ден ќе им бидат одземени акредитивите.

Лавров додаде дека Секретаријатот на НАТО бил извесен за овие чекори од руска страна. Според Лавров, ако НАТО има некои прашања за Русија, претставниците на Алијансата може да се обратат до нивниот амбасадор во Белгија. Тој не постави никакви услови за можно продолжување на работата на Мисиите.

Лавров рече дека тоа е одговор на потегот на НАТО од 6 октомври за протерување на осуммина вработени во руската Мисија во седиштето на НАТО. Со тоа бројот на дипломати во Мисијата беше преполовен од 20 на 10.

НАТО тогаш рече дека протераните дипломати се вработени во руските специјални служби вклучени во непријателски активности.

Односите меѓу 30-члената Алијанса и Русија се затегнаа уште во 2014 година по руската анексија на Крим од Украина.

НАТО е исто така загрижен од развојот на руските нуклеарни ракети, воздушните упади во просторот на НАТО и надлетувањето на сојузнички авиони и бродови од руски воени авиони.

Колин Пауел почина од ковид-19

Поранешниот државен секретар на САД Колин Пауел

Поранешниот државен секретар на САД Колин Пауел, кој беше и началник на Здружениот генералштаб, почина денеска од компликации поврзани со ковид-10, соопшти денеска неговото семејство.

„Беше целосно вакциниран. Сакаме да им заблагодариме на вработените во Националниот медицински центар Волтер Рид на грижливата нега. Изгубибме исклучителен и нежен сопруг, татко, дедо и голем Американец“, наведе семејството Пауел во соопштението објавено на социјалните мрежи.

Пауел беше државен секретар од 20 јануари 2001 до 23 јануари 2005 година во мандатот на претседателот Џорџ Буш, а началник на Здружениот генералштаб од 1989 до 1993 година. Имаше 84 години.

Од ковид-починале 24 лица, 107 нови случаи на заразени

Илустрација

Во изминатите 24 часа се регистрирани 107 нови случаи на заразени со ковид-19 од направени 1.668 тестирања, соопшти Министерството за здравство. Во изминатото деноноќие починале 19 луѓе на возраст од 39 до 87 години. Дополнително, регистрирани се уште 5 починати во периодот од 16 септември до 4 октомври.

Најмногу нови случаи има во Скопје - 83, Прилеп 6, Куманово и Кавадарци по 4, Битола 3, Неготино 2, и во Штип, Кичево, Кочани, Гевгелија и Пробиштип по еден нов случај.

Регистрирани сe 247 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 197.197, бројката на оздравени пациенти е 183.474, на починати е 6.964, а бројот на активни случаи изнесува 6.759.

Досега нема приговори до ДИК за постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите

Александар Даштевски, претседател на ДИК

До Државната изборна комисија (ДИК) до попладнево ниту еден подносител на листа на кандидати за Локалните избори нема поднесено приговори за постапката за гласање и за постапката за сумирање и утврдување на резултатите од гласањето. Според информациите од ДИК, од поднесените приговори за заштита на лично избирачко право, на денот на изборите прифатени се 217.

Приговорот на постапката за гласање се поднесува во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, а приговорот на постапката за сумирање и утврдување на резултатите се поднесува во рок од 48 часа од објавување на првичните резултати. Завршувањето на роковите, како што појаснуваат од Државната изборна комисија, зависат од времето кога завршило гласањето во секоја од општините поединечно.

ДИК е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорот да донесе одлука, а одлуката се доставуваат по емаил и одлуката се смета за доставена во рок од пет часа од доставувањето во електронското сандаче.

Против одлуката на ДИК, подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението.

Тужбата до Управниот суд подносителот ја заснова на основот и врз наводите истакнати во приговорот по кој е донесена првостепената одлука.

Целосно вакцинирани 45 отсто од полнолетните граѓани

Вакцинација против ковид-19 во Скопје

Во петокот и во саботата аплицирани се вкупно 3.250 дози вакцини, од кои 884 се аплицирани како прва доза, 2.257 се ревакцинирани, а 109 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 16 октомври вкупно се вакцинирани 799.012 граѓани, ревакцинирани се 760.317, а трета доза примиле 1.148 граѓани. Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина, соопшти Министерството за здравство.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто , а со две дози опфатени се 45 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството.

Додик пееше со хармоника во Претседателството на БиХ

Додик на „забавата“ во Претседателството на БиХ

Седница на Претседателството на Босна и Херцеговина се одржува зад затворени врати во Сараево. На камерманите и фоторепортерите, иако беа најавени, им беше забранет влез во зградата за да го снимаат почетокот на сесијата. Во пресрет на седницата, на 18 октомври, членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, организираше забава со хармоникаш во неговата канцеларија, објави СлободнаЕвропа.орг.

Присутна беше и Сташа Кожарац, министерка за надворешна трговија и економски односи во Советот на министри на БиХ, која пееше со Додик и членовите на кабинетот придружени со хармоника. „Мајка Србинка ме роди“ и „Романија“ се некои од песните што беа испеани со хармоникашот во канцеларијата на Додик во Претседателството на БиХ.

Видеото е објавено на Твитер страницата на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), чиј лидер е Милорад Додик.



Според Народното собрание на Република Српска, политичарите на РС не учествуваат во државните институции од крајот на јули, откако поранешниот висок претставник во БиХ, Валентин Инцко, наметна измени на Кривичниот законик на БиХ, со кои се забранува и казнува негирање геноцид и величење на воени злосторници.

Бажоле: Руски шпион во кабинетот на француски министер во 2017

Поранешниот директор на француската служба за надворешни разузнавачки служби (ДГСЕ), Бернар Бажоле

Шпион во служба на Русија беше во канцеларијата на францускиот министер за одбрана во 2017 година, рече поранешниот директор на француската служба за надворешни разузнавачки служби (ДГСЕ), Бернар Бажоле, во извештајот емитуван во неделата вечерта на телевизијата Франс 5.

Прашан за шпион во служба на Русија, кој бил во канцеларијата на тогашниот француски министер за одбрана Жан-Ив Ле Дриан, кој сега е шеф на дипломатијата, Бајоле рече дека ова се точни информации и дека тој поминал „покрај“ тогашните извршни власти, пренесе Бета повикувајќи се на АФП.

Бажоле беше интервјуиран во извештај посветен на рускиот претседател Владимир Путин.

"Во претходните години, ние рековме дека се е завршено по Студената војна и дека повеќе не треба да губиме време на шпиони кои веќе не постојат, но приоритет е борбата против тероризмот. Сепак, шпионажните активности не престанаа", рече тој, додавајќи дека се уште уште постојат „такви активности на Русија, Кина и САД“.

Информациите за рускиот шпион ги пренесе француската медиумска куќа Медиапарт пред неколку години. Според неа, шпион за руската воена разузнавачка служба ГРУ бил вметнат во кабинетот на Ле Дријан, додека тој бил министер за одбрана за време на претседателот Франсоа Оланд.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG