Достапни линкови

Вести

Бајден им оддаде почит на американските војници убиени во Кабул

Американскиот претседател Џо Бајден им оддаде почит на американските војници убиени во Кабул
Американскиот претседател Џо Бајден им оддаде почит на американските војници убиени во Кабул

Американскиот претседател Џо Бајден им оддаде почит на американските војници убиени во Кабул, чии посмртни останки беа во воздухопловната база во сојузната држава Делавер. Бајден претходно се сретна со членовите на семејствата на 13 американски војници кои беа убиени во четвртокот во напад на екстремистичката Исламска држава на аеродромот во Кабул, од каде што САД евакуираат илјадници луѓе.

Столтенберг: Страшен терористички напад во Кабул, евакуацијата останува приоритет

„Тринаесетте припадници на војската што ги загубивме беа херои кои се жртвуваа безрезервно во служба на највисоките идеали на Америка, спасувајќи ги животите на другите. Нивната храброст и несебичност овозможија повеќе од 117.000 загрозени луѓе да бидат евакуирани на безбедно", рече Бајден.

САД се одмаздија за нападот во Кабул

Бајден, кој дојде во базата со сопругата Џил, е четвртиот врховен командант на американската армија што пречекува останки на американските војници од Авганистан. Загинатите биле на возраст од 20 до 31 година. Петмина убиени имале 20 години и се родени непосредно пред терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година, кои беа причина за американската инвазија врз Авганистан.

види ги сите денешни вести

Американската амбасада во Русија бара ослободување на новинарката на РСЕ, Курмашева

Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева во суд
Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева во суд

Амбасадата на Соединетите Држави во Москва побара ослободување на Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа, откако беше осудена на 6 и пол години затвор од рускиот суд под обвинение кое таа, нејзиниот работодавец, владата на САД и нејзините поддржувачи ги отфрлаат како политички мотивирани.

Ден по објавувањето на веста за изрекувањето на пресудата на Курмашева, амбасадата соопшти дека тоа е „тажен ден за новинарството во Русија“.

„Уште еднаш ги повикуваме руските власти да ги ослободат Алсу и другите затворени новинари“, се вели во објавата на амбасадата на социјалните мрежи на 23 јули.

„Сузбивањето на различните гласови им штети на сите Руси. Слободниот и независен печат е во срцето на демократијата, овозможувајќи им на гласачите да донесуваат информирани одлуки и да бараат одговорност од јавните службеници“, се додава во реакцијата од амбасадата на САД.

Претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус, го нарече судењето и осудата кои беа прво објавени од агенцијата АП, „исмејување на правдата“, додавајќи дека „единствениот праведен исход е Алсу веднаш да биде ослободена од затвор од нејзините руски киднапери“.

„Време е оваа американска државјанка, наша драга колешка, повторно да се обедини со своето љубезно семејство“, рече Капус во изјавата.

Курмашева, 47-годишна мајка на две деца, која има двојно руско-американско државјанство беше уапсена во Казан во октомври и обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“ според казнениот руски закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други. Таа, исто така, е обвинета за ширење невистини за руската војска.

РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинарка на радиодифузерот во Прага.

Пресудата на 19 јули дојде истиот ден кога новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович беше прогласен за виновен за обвиненијата за шпионажа, кои тој, неговиот работодавец и американската влада ги отфрлија како политички мотивирани.

За разлика од Гершкович и уште еден Американец, Пол Вилан, кој отслужува 16-годишна затворска казна поради обвинение за шпионажа, Курмашева не е назначена од владата на САД како „погрешно притворена“.

Таквата ознака гарантира дека случајот е доделен на канцеларијата на специјалниот пратеник за заложнички работи во американскиот Стејт департмент, со што се подига политичкиот профил на ситуацијата на затворениците и и дозволува на американската администрација да одвои повеќе ресурси за обезбедување на нивното ослободување.

Американскиот национален прес-клуб, професионално здружение на американски новинари - и 18 други групи за слобода на медиумите го повикаа претседателот Џо Бајден да изврши притисок за признавање на Курмашева како „погрешно приведено“ лице.

СЗО: Висок ризик од ширење детска парализа во Појасот Газа

Појас Газа
Појас Газа

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека постои висок ризик од ширење на вирусот на детска парализа низ Појасот Газа и надвор од неговите граници поради лошата здравствена и санитарна ситуација во палестинската енклава која е разурната од војната.

Ајадил Сапарбеков, лидер на тимот за здравствени итни случаи на СЗО во Газа и Западниот Брег, рече дека циркулирачкиот полиовирус тип 2 бил изолиран од примероците од отпадните води во Газа.

Сапарбеков рече дека работниците на СЗО и УНИЦЕФ треба да пристигнат во четврток во Газа за да земат примероци од човечка столица како дел од проценката на ризикот поврзана со откривањето на вирусот, пренесува Ројтерс.

Тој рече дека проценката, која се надева дека ќе биде завршена до крајот на неделата, ќе им овозможи на здравствените власти да издадат препораки, „вклучувајќи ја потребата од масовна кампања за вакцинација, како и каков тип вакцина треба да се користи и која возрасна група од населението ќе треба да се вакцинира“.

Полиомиелитис, кој се шири главно преку фекално-орален пат, е многу заразен вирус кој може да го нападне нервниот систем и да предизвика парализа. Тоа главно ги погодува децата на возраст под пет години.

Израелската војска соопшти дека ќе почне да нуди вакцина против детска парализа на војниците кои служат во Појасот Газа, откако беа пронајдени траги од заразниот вирус на детска парализа во примероци во областите на крајбрежната енклава.

Војската, исто така, соопшти дека со соработка на меѓународни групи, биле увезени доволно вакцини за да се опфатат повеќе од еден милион луѓе во Газа, која има вкупно население од околу 2,3 милиони.

Изгаснати 20 пожари, 10 сè уште активни

илустрација
илустрација

Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имавме 30 активни пожари на отворено и шумски пожари. Од нив 20 се целосно изгаснати, а 10 се активни и веќе дел од нив се ставаат под контрола, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Тој информира дека рано утрово со полициски хеликоптер почнало гаснењето на пожарот, кој вчера доцна попладне изби во општина Старо Нагоричане, во атарот на село Челопек.

„Два активни пожари има на планината Серта. Првиот е од воениот полигон Криволак во насока на реката Брегалница, а вториот се наоѓа над селото Пухче во насока на селото Селце, за кој можам да кажам дека имаме делумна контрола и не ги загрозува двете села“, изјави Ангелов.

Активен пожар има и на територија на општина Пласница, во месноста „Стромол“, каде гори мешана шума со слаб интензитет. Веќе неколку дена два активни пожари има и во општина Чашка, кај селата Габровник и Мокрени, каде гори мешана шума и ниска вегетација и во месноста викана Мукос, каде е зафатена ниска вегетација.

Два пожара има и на територија на општина Долнени, од кои едниот е во близина на село Небрегово каде гори нискостеблеста шума, растенија и трева.

Од ЦУК велат дека последниот пожар, кој постојано го гаснат и поворно се пали е на територија на општина Ново Село, кај село Бадилен, во близина на границата со Бугарија.

Директорот на ЦУК информира дека дека има доволен број пожарникари, кои се вклучени во гаснењето на пожарите. На терен се и припадници на Армијата, полицијата и на ДЗС. Вклучени се и дел од вработените на „Национални шуми“.

Тошковски: Се стабилизира состојбата со издавањето на лични документи

илустрација
илустрација

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска беше во посета на Одделот за граѓански работи изјави дека состојбата со издавањето на лични документи се стабилизира.

„Очекуваме за еден месец издавањето на документите да се врати во законските рокови. Ќе ги зголемиме капацитетите во делот на обработка на барањата за пасоши поднесени во ДКП, со цел македонската дијаспора што побрзо да добие патна исправа. Обезбедуваме нови количини обрасци за лични документи кои ќе ги задоволат потребите за наредниот период“, напиша Тошковски на својот фејсбук профил.

Тој истакнува дека термин за итна постапка се добива за еден ден, а за редовна постапка за најмногу 10 дена.

Според него, повеќе нема интерес за закажување на термини во пунктот Идризово и истиот, како што напиша на ФБ, ќе се затвори откако ја исполни својата цел со прием на околу 25 000 барања.

Веќе неколку месеци граѓаните имаат проблем навремено да ги добијат личните документи со новото уставно име на земјата. Граѓани со месеци чекаат и лична карта и пасош, а во меѓувреме немаат важечки документ со кој би можеле да завршат било каква работа, не само во банка, туку и во друга институција.

Околу мај 2023 година веќе имаше наплив на барања за закажувања на термини во Министерството за внатрешни работи (МВР), кои се добиваа месеци по закажувањето.

Во целиот овој период државата не ги издаваше документите со новото име и во законскиот рок, а за граѓаните произлегоа низа други проблеми, како ограничување на нивното движење, а сега некои од нив немаат ниту еден важечки документ.

На 12 февруари оваа година истече периодот од пет години според одредбата од Преспанскиот договор потпишан во 2018 година, со која престануваа да важат патните исправи и документите за меѓународна употреба што го содржат старото име на државата.

Мекалистер реизбран за претседател на Комитетот за надворешни работи на ЕП

 Дејвид Мекалистер
Дејвид Мекалистер

Пратеникот во Европскиот парламент (ЕП), Дејвид Мекалистер денеска (23 јули) е реизбран за претседател на Комисијата за надворешни работи на ЕП (АФЕТ).

Мекалистер беше единствениот кандидат за таа функција избран со едногласно одборување. По завршувањето на гласањето посочи дека пратениците го започнуваат мандатот во време на растечки геополитички тензии и рече дека за време на нивната работа во новото свикување на ЕП, тие ќе продолжат да го нагласуваат непосредното соседство на ЕУ и партнерите во Западен Балкан.

„Мораме да одржуваме силни трансатлантски односи без разлика кој ќе биде во Белата куќа по јануари. Мораме да ја задржиме агресивната Русија и дополнително да ја зголемиме хуманитарната, економската, финансиската и воената поддршка за Украина на нејзиниот пат кон мир и членство во ЕУ и НАТО. Во исто време, ќе продолжиме да го нагласуваме нашето непосредно соседство и нашите партнери од Западен Балкан“, рече Мекалистер.

Минатата недела за претседателка на Европскиот парламент со мандат од две и пол години, беше реизбрана Роберта Мецола од малтешката конзервативна Национална партија (ПН), која е дел од групата на Европската народна партија (ЕПП).

Овој десетти состав на Европскиот парламент има 720 места или 15 повеќе отколку претходниот парламентарен состав. Вкупно 54 отсто од европратениците се новоизбрани, а 39 проценти од членовите на Европарламентот се жени.

Четиринаесет палестински фракции потпишаа договор за национално единство

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји (во средината) позира за групна фотографија со членовите на палестинските фракции за време на потпишувањето на Декларацијата од Пекинг, Кина, 23 јули 2024
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји (во средината) позира за групна фотографија со членовите на палестинските фракции за време на потпишувањето на Декларацијата од Пекинг, Кина, 23 јули 2024

Различни палестински фракции, вклучувајќи ги Хамас и Фатах, се согласија да ги прекинат поделбите и да го зајакнат националното единство со потпишување на Пекиншката декларација, објавија денеска (23 јули) кинеските државни медиуми.

Претставници на 14 палестински фракции, вклучувајќи ги Хамас и Фатах, неделава се собраа во Пекинг во нов обид за помирување.

Членот на палестинското политичко биро на Хамас, Муса Абу Марзук, по состанокот објави дека неговото движење потпишало договор со другите палестински фракции, вклучувајќи го и ривалот Фатах.

„Денеска потпишуваме договор за национално единство и изјавуваме дека националното единство е патот што треба да се следи за да се заврши тој процес. Се обврзуваме да го поддржиме националното единство, рече Абу Марзук.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји го поздрави потпишувањето на договорот од страна на 14 палестински фракции, кој предвидува формирање на преодна влада на национално помирување во Појасот Газа по војната.

„Најистакнатиот дел од договорот предвидува формирање на преодна влада на национално помирување по војната во Газа“, рече Ванг откако палестинските фракции потпишаа заедничка декларација.

Фатах, основан од историскиот лидер на Палестинците Јасер Арафат и ривалот на Фатах, Хамас, кој води војна во Појасот Газа против Израел, се во несогласување откако Хамас (која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација) ја протера палестинската управа од Појасот Газа во јуни 2007 година по повеќе од една година политичка криза и насилство по парламентарните избори.

Меѓутоа, израелската војна во Појасот Газа против Хамас повторно ги поттикна повиците за преговори меѓу двете палестински фракции. Кинеската дипломатија оцени дека може да поттикне внатрепалестинско помирување.

Војната во Газа започна откако Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1200 луѓе и зеде 250 заложници.

По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива против Газа. Најмалку 39 006 луѓе загинаа во борбите, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.

Русија уништила 25 украински беспилотни летала, главно над Крим

Кримскиот мост што ги поврзува руското копно и полуостровот Крим преку теснецот Керч, октомври 2022
Кримскиот мост што ги поврзува руското копно и полуостровот Крим преку теснецот Керч, октомври 2022

Русија рано во вторник (23 јули) уништи 25 украински беспилотни летала, од кои 21 над Крим и Црното Море, соопшти Министерството за одбрана.

„Противвоздушната одбрана пресретна и уништи две беспилотни летала над регионот Брјанск и два над Белгород, како и 21 беспилотно летало над територијата на Република Крим и Црното Море“, соопшти Министерството на каналот Телеграм, а пренесе АФП.

Русија објави дека уништила вкупно 85 беспилотни летала во периодот од неделата навечер до понеделник наутро, од кои 47 во јужниот дел на Ростовската област на границата со Украина.

Киев ја презеде одговорноста за нападот со беспилотно летало врз рафинеријата во Туапсе, град на Црното Море во југозападната руска област Краснодар, кој предизвика пожар.

Според украински воен извор, станува збор за објект на рускиот нафтен гигант Роснефт.

Руските регионални власти го осудија нападот, тврдејќи дека пожарот настанал по падот на остатоци од дрон.

Москва речиси секојдневно објавува дека уништила украински беспилотни летала испратени на нејзина територија. Киев тврди дека ги извршува нападите како одговор на руските бомбардирања на Украина кои се во тек од почетокот на инвазијата на земјата во февруари 2022 година.

Собранието ќе ги избира замениците-министри

Собраниска седница, илустрација
Собраниска седница, илустрација

Собранието, денеска (23 јули) ќе ја одржи 11-тата седница, на која треба да бидат изгласани заменик-министрите во Владата за комплетирање на владиниот тим.

Седницата е закажана за 11 часот, а на дневен ред е и предлог-законот за изменување на Законот за здравствената заштита во прво читање, со кои се укинуваат економските директори во јавните здравствени установи и болниците и верификацијата на мандат на пратеник во Собранието.

Претседателот на Владата предлогот за заменик-министри го достави до Собрание минатата недела.

За заменик министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили, во МВР, Астрит Исеини. За заменик министер во Министерството за правда се предлага Ален Деребан, а за заменик министер во Министерството за односи со заедници се предлага Неждeт Мустафа.

Зоран Димитровски ќе биде заменик министер во Министерството за надворешни работи и трговија, а за заменик министер во Министерството за европски прашања се предлага Викторија Трајков. За заменик на министерот во Министерството за финансии се предлага Николче Јанкуловски, а за во Министерството за економија и труд се предлага Марјан Ристески.

За заменик на министерот во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се предлага Мирослав Лабудовиќ. За заменик на министерот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се предлага Флакрон Беџети, а во здравство Јовица Андовски.

За заменик на министер за образование и наука се предлага Лулзим Алиу, во Министерството за локална самоуправа се предлага Ерџан Селими, за заменик министер во Министерството за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани, а заменик министер за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски.

За заменик на министерот кој ќе раководи со Министерството за јавна администрација се предлага Лазе Јаќимоски, за во Министерството за транспорт се предлага Калтрина Зеколи Шаќири.

За заменик на министерот во Министерството за животна средина и просторно планирање е предложена Ане Лашкоска, додека за заменик министер во Министерството за спорт се предлага Сафије Садики Шаини.

Од коалицијата „Влен“ информираа дека нивните кандидати за заменик-министри ги претставуваат достоинството, професионалноста и надежта за Албанците од Северна Македонија.

Речиси 1200 приведени по протестите во Бангладеш

илустрација
илустрација

Бројот на апсења во деновите на насилство во Бангладеш се приближи денеска до границата од 1200, откако протестите поради квотите за вработување предизвикаа широки немири.

Најмалку 174 луѓе загинаа, вклучително и неколку полицајци, според полицијата и болниците.

Она што започна како демонстрации против политизираните квоти за прием за бараните владини работни места, минатата недела прерасна во некои од најголемите немири во мандатот на премиерката Шеик Хасина.

Беше воведен полициски час и војници беа распоредени низ јужноазиската земја, а прекинот на интернетот низ целата земја драстично го ограничи протокот на информации, што го наруши секојдневниот живот за многумина.

Во неделата, Врховниот суд го намали бројот на резервирани работни места за одредени групи, вклучувајќи ги и потомците на „борците за слобода“ од ослободителната војна на Бангладеш против Пакистан во 1971 година.

Студентската група која ги предводи демонстрациите ги прекина своите протести во понеделникот на 48 часа, а нејзиниот лидер рече дека не сакале реформи „за сметка на толку многу крв“.

Нетанјаху во Вашингтон, предвидена е средба со Бајден

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Претседателот на Соединетите Држави, Џо Бајден се очекува да го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, изјави неименуван американски претставник.

Бајден заздравува од Ковид-19, но денеска се враќа во Вашингтон од неговата куќа во Делавер. Додека Нетанјаху утре ќе се обрати пред Конгресот.

Предвидено е Бајден и Нетанјаху да разговараат за начините за постигнување договор за прекин на огнот помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, како и за Иран и други теми.

Тоа ќе биде прва средба на Бајден со странски лидер откако тој одлучи да не се кандидира за реизбор и ја одобри потпретседателката Камала Харис како негов наследник како демократски претседателски кандидат.

Исто така е предвидена и средба на потпретседателката Харис со Нетанјаху.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG