Достапни линкови

Вести

Пратениците се враќаат на работа во Собранието

Седница на Собранието на Македонија
Седница на Собранието на Македонија

Пратениците денеска се враќаат на работа во македонското Собрание, на скоро месец и половина пред локалните избори. Според најавите од координаторите на пратеничките групи, денеска се очекува тие да имаат средба на претседателот на Собранието Талат Џафери и потпретседателите по што ќе се знае како ќе тече работната недела на пратениците. Имајќи ги предвид изборите, дел од пратениците, веруваат дека активностите ќе бидат намалени и оти дискусиите следниот месец ќе бидат во контекст на локалните избори. Првата недела од следната парламентарна сесија најверојатно ќе мине во знакот на комисиските расправи.

Застој за лични карти- луѓе без пензии и социјална помош, а може да останат и без право на глас

По координацијата ќе се знае кога и дали би било свикано продолжение на некоја од собраниските седници. На собраниската веб страна како незавршени стојат осум седници од 2021 година, од кои пет биле закажани од мај до јули.

Пратениците на одмор, локалните избори распишани, изборниот законик на пауза

Нова седница се најавува за средината на септември, додека нови материјали пристигнати овој месец се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за иновациската дејност, Предлог на Закон за академија за судии и јавни обвинители, Предлог на Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, Предлог на закон за лековите, Предлог на закон за парничната постапка, Предлог на закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.

види ги сите денешни вести

Хезболах се закани дека ќе го нападне Израел во случај на напад врз цивили во Либан

Израелски напади врз јужен Либан, почеток на јули 2024 година.
Израелски напади врз јужен Либан, почеток на јули 2024 година.

Хезболах воено ќе возврати на Израел доколку израелската армија продолжи да ги напаѓа цивилите во Либан, изјави во средата на 17 јули, водачот на оваа шиитска група Сајед Хасан Насрала. Тој посочи дека во последните денови нагло е зголемен бројот на убиени граѓани во Либан.

Пет цивили, сите Сиријци и три деца, загинаа во израелските напади во Либан во вторникот, а најмалку тројца либански цивили беа убиени еден ден претходно, соопштија државните медиуми и безбедносни извори во Либан.

Израел објави дека ги напаѓа милитантите на Хезболах и неговата инфраструктура во Либан и дека не цели кон цивили.

„Продолжувањето со таргетирање на цивили ќе го охрабри Хезболах да лансира ракети кон населбите кои претходно не биле нападнати“, рече Насрала.

Хезболах, милитантна група поддржана од Иран и најмоќната воена и политичка сила во Либан, не го признава Израел.

Според Ројтерс, повеќе од 100 цивили и 300 борци на Хезболах се убиени во борбите во Либан. Ова истовремено предизвика пустош во либанските погранични градови и села што не се видени од израелско-либанската војна во 2006 година.

Насрала вети дека уништените куќи ќе бидат обновени.

Тој преку видео врска зборуваше со десетици илјади шиитски муслимани собрани во јужен Бејрут за да ја одбележат Ашура.

За да се одржи безбедноста, стотици членови на Хезболах се распоредени на контролни пунктови, поставени на мотори и покриви, вклучително и ново оружје, како што е технологијата за која експертите велат дека може да заглави и собори беспилотни летала.

Оваа година поворките во јужен Либан беа откажани поради конфликтот со Израел.

Во последните недели, меѓу меѓународните набљудувачи се зголемија стравувањата дека Израел би можел да ги прошири своите воени операции во Либан, ризикувајќи поширока војна.

Русија и Украина разменија 190 затвореници

Размена на затвореници на 17 јули 2024 година.
Размена на затвореници на 17 јули 2024 година.

Украина и Русија размениле по 95 воени заробеници, објавија официјални лица на двете земји во средата, 17 јули, три недели по нивната последна размена и како дел од повремените договори за испраќање заробени војници дома.

Ова беше 54-та размена на воени заробеници откако Русија започна сеопфатна инвазија на својот сосед во февруари 2022 година.

Службениците на завојуваните земји се среќаваат само кога ги разменуваат своите мртви и воени заробеници, по долги подготовки и дипломатија. Ниту Украина ниту Русија не го откриваат вкупниот број на затвореници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм изјави дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) уште еднаш посредувале во договорите. ОАЕ објавија дека одржуваат пријателски односи и со Москва и со Киев.

Зеленски објави фотографии од претежно изнемоштени војници со избричени глави и завиткани во украински знамиња како стојат на отворено подрачје на селата.

„Колку и да е тешко, ние ги бараме сите што можеби се во заробеништво. Мораме да ги вратиме сите“, напиша Зеленски.

Меѓу ослободените Украинци имаше и такви кои поминаа повеќе од две години во заробеништво. Тие беа заробени во Мариупол, за време на раната руска офанзива врз Киевската област и битките во источната Луганска област, објави Координативниот штаб за воени заробеници на земјата.

Се вели дека нешто повеќе од 3.400 луѓе, и цивили и војници, се вратиле од руско заробеништво од избувнувањето на војната.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека ослободените руски војници ќе бидат префрлени во Москва на лекување и рехабилитација.

Според Обединетите нации, повеќето украински затвореници страдаат од рутинска медицинска занемарување, тешко и систематско малтретирање, па дури и тортура додека се во притвор. Имаше и изолирани извештаи за малтретирање на руски војници, главно за време на апсење или транзит до местата на интернација.

Минатиот јануари Русија и Украина разменија стотици воени заробеници во најголемото поединечно ослободување на затвореници.

Најмногу претставки до Народниот правобранител за правосудство, потрошувачки права и работни односи

Насер Зибери (архивска фотографија)
Насер Зибери (архивска фотографија)

На денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, народниот праворанител Насер Зибери го презентираше годишниот извештај за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2023 година.

Вкупениот број на примени претставки до Народниот правобранител во 2023 година изнесува 2.802 од кои 54 се формирани по сопствена иницијатива.

Најголем број од овие претставки - 1.100 се однесуваат на повреда на правата од страна на јавните служби и установи, 721 се однесуваат на повреда на правата од страна на централната власт, 331 на повреда на правата од локалната власт. Потоа следуваат 258 претставки за повреда на правата од страна на судската власт, 190 од правни лица и други.

Зибери информираше дека и оваа извештајна година, најголемиот број на примени и заведени претставки се однесуваа за заштита на правата од областа на правосудството односно 488, потоа следат претставките од потрошувачките права, од работните односи 267, од областа на детските права 231, од казнено-поправните и воспитно-поправните установи 166, од имотно-правната област 164, од финансиите и финансиското работење 152. Потоа од областа на заштитата на правата при полициски овластувања 141, претставки од урбанизмот и градбата 126, од граѓанските состојби и други внатрешни работи 123.

Најмногу констатирани повреди или 76, се во областа на правосудството, пред сè извршителите, 64 од областа на граѓанските состојби и другите внатрешни работи, 62 во областа правата на детето, 51 од областа финансии.

Што се однесува за општата состојба со почитувањето на човековите слободи и права Народниот правобранител во неколку области констатирал подобрување на состојбите, а во одредени области нотира стагнација или тенденција на влошување.

Како позитивни примери ги издвои решавањето на проблемот со запишување во матичната евиденција, со што за системот/државата голем број на невидливи лица станаа видливи, а со тоа добија можност за остварување на многу права - образование, вработување, лекување, социјална заштита и слично.

Стагнација и уназадување Народниот правобранител констатирал во работата на извршителите за која вели дека и натаму им создавала проблеми на граѓаните.

„Иако во јули беа донесени измените на Законите за облигационите односи и за извршување. Имено, овие измени ни оддалеку не придонесоа за средување на состојбата во оваа сфера, туку напротив само дополнително внесоа забуна кај граѓаните, особено што извршителите и судовите едноставно одбиваа (и се уште одбиваат) да ги применат измените кои се однесуваат на застареноста на извршувањето, со едноставно оправдување дека не постои основ за запирање на извршувањата за кои изминал рокот од 10 години, сметано од моментот на поднесеното барање за извршување“, рече Зибери.

Никаков напредок во затворските услови

Област каде што нема никаков напредок, според Народниот Правобранител, се и условите во затворите кои, како што рече Зибери, и натаму се крајно нехумани, деградирачки и под секое човечко достоинство, а здравствената заштита на овие лица и покрај бројните укажувања на Народниот правобранител, за жал останува непромената, особено кога станува збор за користење на услугите на терциерното здравство, односно лекувањето надвор од установата.

Во однос на детските права, Зибери посочи дека Република Северна Македонија има сериозен проблем со присутната сегрегацијата на учениците Роми, за што е донесена пресуда и од Европскиот суд за човекови права против државата, но и минатата учебна година оваа негативна појава е констатирана повторно, во истите основни училишта, во Битола и во Прилеп.

Како загрижувачки ги наведе и податоците за присуството на меѓуврсничкото насилство/булингот во училиштата.

Зибери го спомена и проблемот со децата на улица кои питачат, а кои заради тоа се надвор од образовниот систем и со тоа им се става под знак прашање нивниот развој и нивната иднина од причина што сите сме свесни дека без образование никој и не може да си обезбеди егзистенција.

Во извештајната година граѓаните се жалеле и во областите урбанизам и градба, посебно на непостапувањето на инспекциите, потрошувачките права, високи фактури за потрошена електрична енергија, за проблемите кои ги имаат во сферата на пенизиското и инвалидското осигурување, здравствената заштита и слично.

Европскиот парламент го критикуваше Орбан за средбата со Путин

Средба на Виктор Орбан и Владимир Путин
Средба на Виктор Орбан и Владимир Путин

Европскиот парламент во средата, на 17 јули, остро го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, како најнов укор на самопрогласената украинска „мировна мисија“ од Будимпешта.

Орбан беше критикуван од многу членки на Европската унија (ЕУ) за неговите ненадејни посети овој месец на Русија и Пекинг, каде што се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, без поддршка од европскиот блок.

Овој месец Унгарија го презеде ротирачкото шестмесечно претседавање со ЕУ, што значи дека Будимпешта е задолжена за организирање состаноци на ЕУ, но не го овластува Орбан да води дипломатија во име на 27-те земји од ЕУ.

Во резолуција, Европскиот парламент ја осуди посетата на Орбан на Русија како „флагрантно кршење на договорите на ЕУ и заедничката надворешна политика“.

Европскиот парламент смета дека „оваа повреда треба да има последици за Унгарија“, се наведува во резолуцијата.

Овој документ, кој вклучува делови за континуирана поддршка од ЕУ за Украина, беше усвоен со големо мнозинство од 495 пратеници на ЕУ, од 679 кои гласаа.

„Орбан се сретна со Путин за да ја оцрни ЕУ, да изјави дека има мировен план за кој никој не знае и да го промовира рускиот експанзионизам“, рече Иратце Гарсија Перез, кој ја предводи групата социјалисти во Европскиот парламент.

Европската комисија одлучи да го бојкотира шестмесечното унгарско претседавање со Советот на Европската унија како одговор на контроверзните патувања на Виктор Орбан во Москва и Пекинг, кои многумина го сметаат за навреда на политичкото единство на Унијата.

Унгарската влада, која одржува блиски врски со Русија од инвазијата на Украина во февруари 2022 година ги бранеше патувањата на Орбан.

„Неприфатливо е да се стигматизира земјата за застапување дипломатски решенија“, рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во изјавата објавена од портпаролот на Орбан на платформата „Икс“.

Резолуцијата на Европскиот парламент ја потврди поддршката на оваа институција за Украина и апелираше до Унгарија да ја укине блокадата за враќање на парите на земјите-членки на ЕУ за воена помош за Украина преку Европскиот фонд за мир.

Словенечки хеликоптер ги евакуираше градоначалник, пожарникари и цивили кои беа заробени од огнот на планината Огражден

Пожари (илустрација)
Пожари (илустрација)

Градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, пожарникари и цивили кои беа заробени од пожарот на планината Огражден и кои преку видео обраќање на социјалната мрежа Фејсбук побараа помош, пред малку се евкуирани со словенечки хеликоптер.

Веста ја споделија струмичките пожарникари со видео на кое се гледа како се упатуваат кон хеликоптерот.

Неколкуте пожарникари од ТППЕ Струмица, заедно со градоначалникот на Ново Село Ѓорѓе Божинов и цивили беа заробени од огнената стихија над селото Бадилен во радиус од 500 метри.

Пожарите во Северна Македонија беснеат веќе извесно време. Центарот за управување со кризи на 17 јули информира дека на територија на државата активни се пожари на 13 локации.

Во справување со огнетите јазици кои ја зафатија Северна Македонија, помош пристигна од Србија, Труција, Хрватска, Романија, Словенија и други земји.

Нови четири пресуди за случајот „Синџир“ - три затворски и една условна

Кривичен суд во Скопје
Кривичен суд во Скопје

Основниот кривичен суд Скопје денеска изрече затворски и условни казни за оние кои на главната расправа одржана на 15 јули признаа вина во врска со случајот „Синџир“.

Вкупната затворска казна за тројцата обвинети изнесува 4 години и 11 месеци, а една обвинета е казнета со условна казна затвор од две години, доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело. Четири фирми опфатени во случајот треба да платат два и пол милиони денари.

Претходно, првообвинетиот Сашо Вучков доби две и пол години казна затвор и казна од две илјади евра, неговиот татко две години казна затвор и илјада евра казна, мајката на првообвинетиот доби година и единаесет месеци затворска казна и уште илјада евра казна.

Останатите двајца обвинети, кои признаа вина, добија по две години затвор и по илјада евра казна. Само еден од шестмината кои тогаш пред судот признаа вина, Јетон Каба, доби условна казна затвор од две години, доколку не стори дело во следните пет години и казна од илјада евра.

И овие обвинети, исто така, треба да ја надоместат штетата, односно да го платат данокот.

За шест фирми чии застапници, исто така, претходно признаа вина, Судот изрече парични казни, но и забрани за учество во јавни повици и концесии.

Случајот „Синџир“ во кој обвинети беа над триесетина физички и правни лица се однесува на даночно затајување од околу 8 милиони евра. За останатите обвинети кои не признаа вина постапката продолжува.

Претходното Јавното обвинителство соопшти дека со шестмина осомничени и шест кривично одговорни правни лица во случајот „Синџир“ биле постигнати спогодби, со кои вратени се безмалку 1.000.000 евра во државниот буџет.

Истражната постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица беше започната на 30 октомври 2023 година. Во меѓувреме, истрагата беше проширена за уште две лица, а за едно лице кое при оценка на Обвинителниот акт почина е донесено решение за запирање на истрагата.

Според диспозитивот на Обвинителниот акт, обвинетите во својство на сопственици и управители на правни субјекти во периодот од 01.01.2019 година до 31.12.2021 година во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани.

На овој начин, осомничените предизвикале штета на буџетот на Северна Македонија во износ од 490.808.618,00 денари или 7.980.627 евра.

Парите што ги прибавиле со казниви дела во вкупен износ од 40.046.815 денари ги пуштиле во оптег, ги примиле и извршиле пренос на истите, по што ги подигнале во готово.

Иран негира вмешаност во заговор за атентат на Трамп

Доналд Трамп
Доналд Трамп

Иран негираше дека планирал атентат врз Доналд Трамп откако се појавија извештаи дека властите на САД дошле до разузнавачки информации кои сугерираат дека Техеран планира да го убие републиканскиот претседателски кандидат.

Новинските куќи Си-Ен-ЕН и Политико на 16 јули, цитирајќи неименувани извори, објавија дека американските власти биле информирани за иранскиот заговор за убиство на Трамп неколку недели пред обидот за убиство на поранешниот претседател на 13 јули.

Тие, сепак, рекоа дека обидот за атентат не се чини дека е поврзан со иранската закана.

Во изјавата доцна на 16 јули, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, инсистираше дека Техеран не бил вклучен во обидот на 13 јули и обвини дека тврдењата дека Иран планирал да го убие Трамп се „политички мотивирани“.

„Исламската Република Иран е решена да го гони Трамп за неговата директна улога во злосторството за убиство на генерал Касем Сулејмани“, рече Канани.

Сулејмани, поранешен командант на елитните сили Кудс на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, беше убиен во јануари 2020 година во воздушен напад од страна на американските сили под команда на Трамп. Иран вети одмазда за убиството на лице од висок профил.

Пред изјавата на Канани, мисијата на Иран во Обединетите нации рече дека тврдењата против Техеран се „неосновани и пристрасни“ и остана на ставот дека Исламската република „го избрала легалниот пат за да го повика Трамп на одговорност“.

Иранските власти долго време предупредуваат дека високите претставници на САД за кои веруваат дека биле вклучени во убиството на Сулејмани ќе платат цена. Меѓу загрозените се поранешниот советник на Трамп за национална безбедност, Џон Болтон и поранешниот државен секретар Мајк Помпео.

Претходно оваа година, Владата на САД ја прошири заштитата на Помпео поради постојаните закани од Иран.

Светска банка: Западен Балкан да вложи 37 милијарди долари за ублажување на климатските промени

Илустрација
Илустрација

Економиите на Западен Балкан треба заеднички да инвестираат најмалку 37 милијарди долари во следната деценија со цел соодветно да ги заштитат граѓаните и имотот од се поштетните ефекти на климатските промени, е заклучокот од регионалниот Извештај за климатски промени и развој (CCDR) на Светската банка, која беше објавена во средата на 17 јули.

Спроведувањето на соодветни мерки насочени кон одговор на климатските промени може да донесе огромни придобивки за Западен Балкан, регион кој се состои од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора, се наведува во соопштението.

Како што беше истакнато, овие инвестиции би помогнале да се избегне загуба на човечки животи, имоти и продуктивност, но и да се стимулира економскиот раст.

Беше истакнато дека отсуството на акција не е опција за регионот, бидејќи тој веќе е под силно влијание на климатските промени.

Се потсетува дека во текот на изминатата деценија поплавите директно зафатија два милиони луѓе, а нивните ефекти дополнително ќе се влошат со појавата на се поекстремни врнежи.

Зголемена закана претставуваат и шумските пожари, од кои над 1.500 се регистрирани во 2021 година, што одговара на зголемување од 21 отсто во изминатата деценија, се наведува во Извештајот.

Исто така, се додава дека сушите негативно влијаат на земјоделското производство, а топлотните бранови придонесуваат за загадување на воздухот и со тоа предизвикуваат илјадници предвремени смртни случаи годишно во Западен Балкан.

Директорката на Светска банка за Западен Балкан, Шаокинг Ју истакна дека климатските промени се јасна закана за економскиот развој на Западен Балкан.

„Трошоците за инвестирање во адаптација се значителни. Сепак, добрата вест е дека придобивките од овие инвестиции се уште поголеми. Ако се подготвиме за климатски ризици, можеме да спасиме животи, да ги зачуваме локалните заедници и да го стимулираме економскиот раст“, додаде таа.

Според проценките на Светска банка, инвестициите во адаптација на климатските промени носат значителен принос, особено во економиите со ниски и средни приходи, каде што за секој вложен долар се остварува бенефит во вредност од околу четири долари.

Дополнително, земјите од Западен Балкан треба да ги намалат емисиите на стакленички гасови со цел да останат конкурентни, да ја подобрат енергетската безбедност и да привлечат странски инвестиции.

Сепак, како што се наведува, за постигнување климатска неутралност до 2050 година, во согласност со целите на Европската унија, ќе бидат потребни дополнителни инвестиции од 32 милијарди долари.

Можно е да се намалат емисиите на стакленички гасови на нула на ниво на целата економија до 2050 година доколку соларната енергија, енергијата на ветерот и хидроцентралите би можеле да произведат повеќе од 95 отсто од вкупната енергија, што би претставувало значително зголемување во споредба со сегашниот процент. од една третина од вкупната енергија произведена од овие извори.

Дополнително, потребно е и декарбонизација на градежниот сектор преку инвестиции во енергетска ефикасност.

Исто така, транспортниот сектор мора да претрпи далекусежна трансформација преку намалување на побарувачката за возила, усвојување поодржливи начини на транспорт и префрлање на електрични возила.

Во Извештајот се нагласува дека значителен дел од потребните средства може да дојде од приватниот сектор.

Меѓутоа, за да можат да мобилизираат приватни инвестиции, земјите од Западен Балкан мора да обезбедат стабилна регулаторна средина и атрактивни финансиски пазари за да ги поттикнат компаниите да ги искористат можностите што ги дава оваа транзиција.

Шолц во петокот во Белград поради договорот со ЕУ за суровини

Олаф Шолц, германски канцелар
Олаф Шолц, германски канцелар

Германскиот канцелар Олаф Шолц ќе отпатува за Белград во петок, 19 јули, каде што ќе разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави портпаролот на германската влада, наведувајќи ги клучните суровини како важна тема на патувањето, пренесува Ројтерс.

Шолц, заедно со потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ, ќе присуствуваат на самитот за суровини, при што Србија ќе потпише меморандум за разбирање со Европската унија за стратешко партнерство во однос на одржливи суровини, синџири за снабдување со батерии и електрични автомобили.

„Позадината на ова е проектот за одржливо ископување на литиум во Србија. Сè на сè, се работи за натамошен развој на европската агенда за суровини и намалување на ризиците во нивната експлоатација“, рече портпаролот на германската влада. на редовната владина прес-конференција во Берлин.

Посетата ќе дојде откако Владата на Србија му ја врати лиценцата на Рио Тинто за развој на најголемиот рудник за литиум во Европа како потенцијален поттик за индустријата за електрични возила на континентот.

Доколку оживее, проектот Јадар вреден 2,4 милијарди долари во западна Србија би можел да покрие 90 отсто од сегашните потреби на Европа за литиум, пренесува Ројтерс.

Сепак, еколошките активисти и опозициските партии во Србија се противат на овој проект.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ на 17 јули изјави дека доколку германскиот канцелар Олаф Шолц и претставниците на Европската комисија за енергетика дојдат во Белград во петок, ќе разговараат за рударството на литиум во Србија.

„За дополнително да разговараме за литиумот, наш услов е да нема рударство без изградба на фабрики и индустријализација во областа каде што би бил рудникот, бидејќи ова е одлична можност за развој“, рече Вучевиќ.

Владата на Србија на 16 јули ја врати Уредбата за утврдување просторен план за реализација на проектот Јадар, кој опфаќа експлоатација на јадаритот во западна Србија.

Судот на ЕУ ја критикува комисијата за нетранспарентност во договорите за ковид вакцините

илустрација
илустрација

Вториот највисок суд на Европската Унија денеска (18 јули) соопшти дека Европската комисија не била доволно транспарентна околу договорите за купување вакцини против Ковид-19 за време на пандемијата.

Членовите на Европскиот парламент сакаа да ги испитаат договорите за да ги разберат условите, но им беше овозможен само делумен пристап, додека некои документи беа преработени при што Комисијата истакна дека ова е направено за да се заштитат комерцијалните интереси и процесот на донесување одлуки.

Пратениците потоа ги поднесоа своите жалби до Општиот суд со седиште во Луксембург, кој наведе дека Комисијата не ги уверила дека пристапот до одредени клаузули ќе го поткопа комерцијалниот интерес на вклучените компании.

Судот оцени дека Европската комисија не и обезбедила на јавноста доволен пристап до информации за зделките за набавки на вакцини против Ковид-19 направени со фармацевтски компании за време на корона пандемијата.

Постапката пред Судот ја покренаа група европратеници, откако, според нив, Европската комисија одбила да им даде целосен пристап до договорите за набавката на вакцините против Ковид-19.

Комисијата во својата реакција посочува дека внимателно ќе ги проучи пресудите на Судот и нивните импликации.

„Во своите пресуди, Општиот суд се согласува со Комисијата за повеќето наводи и особено признава дека заштитата на комерцијалниот интерес ги опфаќа клаузулите од договорите кои се однесуваат на локацијата на производните локации, одредбите за правата на интелектуална сопственост и за авансите или авансните плаќања, како и за пристап до распоредот за испорака“, се наведува во реакцијата од ЕК.

Според Комисијата, Судот потврдил дека Комисијата имала право да обезбеди само делумен пристап до информациите, со што само делумно ја потврдил правната постапка по две точки. Во реакцијата се нагласува дека генерално Комисијата дава најширок можен јавен пристап до документите во согласност со принципите на отвореност и транспарентност.

Извршното тело на ЕУ додава и дека согласно Рамковниот договор за односите меѓу неа и Европскиот парламент, таа на европратениците им доставила целосни информации за договорите за набавката на вакцини против Ковид-19.

Европската комисија потпиша серија големи договори за обезбедување вакцини од неколку фармацевтски компании во екот на пандемијата во 2020 и 2021 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG