Достапни линкови

Вести

Мрачни оценки за американските 20 години во Авганистан

Талибански милитанти на улиците на Кабул

Американското надзорно тело за Авганистан објави мрачен портрет на дведецениската интервенција на САД во Авганистан, велејќи дека американските администрации постојано го „потценувале“ времето потребно за обнова на земјата и не го разбрале контекстот во Авганистан за време на најдолгата американска војна.

Во извештајот објавен доцна синоќа, Специјалниот инспектор за обнова на Авганистан (СИГАР) заклучува дека американската интервенција во земјата имала „светли точки“ како намалената смртност кај децата, зголемување на бруто домашниот производ и зголемување на стапката на писменост.

Но, исто така, се поставува прашањето дали овие придобивки се „пропорционални“ со потрошените 145 милијарди долари во изминатите 20 години во обидот за обнова на Авганистан за да биде одржлива демократијата по заминувањето на американските сили.

Оценката доаѓа во момент кога илјадници цивили очајно се обидуваат да го напуштат Авганистан откако талибанските милитанти го зазедоа главниот град Кабул и ја соборија владата на 15 август, само неколку дена пред последните американски војници да ја напуштат земјата.

„Ако целта беше да се обнови и да се остави зад себе самоодржлива земја кога ќе претставува мала закана за американските национални безбедносни интереси, целокупната слика е мрачна“, наведува специјалниот генерален инспектор Џон Сопко во извештајот.

Во документот „Што треба да научиме: Лекции од дваесетгодишната реконструкција на Авганистан“ се дефинираат седум области на неуспех на американската вклученост во Авганистан, вклучувајќи и недостиг на кохерентна стратегија за она што Вашингтон се надеваше да го постигне.
Меѓу другото, во извештајот се наведува дека американската влада „не го разбрала авганистанскиот контекст“ од социјален, културен и политички аспект.

види ги сите денешни вести

Славје пред ВМРО-ДПМНЕ

Пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Со зурли и тапани се прославува пред седиштето на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Членови и симпатизери на партијата извикуваат „Цело Скопје вмровски град“, а заиграа и оро. Според партиски извори тие освоиле победа уште во прв круг во Јегуновце, Градско, Сопиште, Могила, Прилеп, Виница, Кратово, Илинден..., а водат во речиси сите скопски општини.
Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил напиша:

„Народот е определен. Надежта e родена. За секој човек во Македонија. Заеднички за новата иднина. Победа и голема одговорност! Ви благодарам народе на Македонија!“, напиша Мицкоски.

Организацискиот секретар на ДУИ, Артан Груби вели дека неговата партија победила во првиот круг во Арачиново, Боговиње, Теарце, Липково и Желино. Претходно портпаролот на ДУИ, Бујар Османи рече дека победиле во првиот круг во Сарај, Липково и Пласница.

Алијансата за Албанците слави победа во Гостивар. Актуелниот градоначалник Арбен Таравари прогласи победа уште во првиот круг. Тој на прес-конференција рече дека освоил 55 отсто од гласовите.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски на првата прес-конференција по завршувањето на гласањето рече дека првичните трендови најавуваат уште една сигурна победа на СДСМ и Коалицијата. Заменик претседателот на СДСМ Фатмир Битиќи на дебатата на ТВ Телма рече дека според првичните информации, досега имаме добиено четири општини во првиот круг -Дојран, Крива Паланка, Лозово и Валандово.

„СДСМ има значителна предност во скопските општини Центар и Карпош, а води и во Бутел“, рече Битиќи.

„Зелен хуман град“ обвинува за неправилности и најавува приговори и кривични пријави

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од „Зелен хуман град“ Ана Петровска

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од „Зелен хуман град“ Ана Петровска вечерва оцени дека денешните избори поминале со бројни нерегуларности и импровизации при толкувањето на Изборниот законик.

Според „Зелен хуман град“, имало случаи на семејно гласање, гласање со придружба и помош при гласање од член на избирачки одбор, а на избирачкото место 2 722, член на избирачкиот одбор по грешка дал две исти ливчиња за градоначалник на Град Скопје, при што гласачот гласал.

На избирачко место во Карпош не му било дозволено на овластениот претставник на „Зелен хуман град“ да присуствува на избирачкото место, по што биле принудени да достават нов документ за негово присуство, а подоцна истиот претставник пријавил дека при броењето на гласовите не им било дозволено на овластените претставници да имаат увид во гласачките ливчиња.

На друго избирачко место неколкупати имало прекин на гласањето поради проблем со апаратите за отпечаток на прст.

„На сите изборни места, нашите овластени претставници констатираа дека околу 50 проценти од апаратите не функционираа при што луѓето биле принудени да ги користат останатите опции. Некои од овие опции одземаа и до 10-минути по гласач, што значеше дека луѓето беа принудувани да си заминат поради предолго чекање“, истакна Драгана Велковска од „Зелен хуман град“.

Од таму најавуваат дека ќе поднесат приговори за сите забележани неправилности, а онаму каде што имаат докази, ќе поднесат и кривични пријави за злоупотреба на службената должност.

„Зелен хуман град“ очекува да освои советници во Град Скопје, но сепак, како што велат, ќе ги причекаат резултатите од гласањето.

„Премногу е рано за да можеме да кажеме какви било информации. Од она што пристигнува до нас од нашите набљудувачи имаме убава застапеност во смисла на процентност на освоени гласови што ќе значи голем број на советници во Град Скопје, но, да почекаме до официјалните резултати“, истакна Петровска.

Левица - Од утре ништо нема да биде исто, не нè изненадуваат обидите за саботажа

Амар Мециновиќ, портпарол на Левица

Политичката партија Левица на првата прес-конференција по затворање на изборните места информираше за низа нерегуларности што нивните активисти ги забележале во тек на денешниот ден.

Во Општина Штип, според претставникот на Левица, Амар Мециновиќ имало редница граѓани кои ги немало во избирачкиот список и чекале решенијата, но решенијата што им биле издадени се однесуваат на гласање во вториот круг.

Во Аеродром имало граѓани кои ги немало во избирачкиот список.

Во избирачкото место 2604 во населба Тафталиџе, во Општина Карпош, на една адреса каде што живеат тројца избирачки, дополнително се водат уште тројца во избирачкиот список на кои им било дозволено да гласат.

Во Гевгелија фалело гласачко ливче.

На избирачко место во Карпош гласачките кутии не биле пломбирани.

Во Драчево бил спречен „бугарски воз“ од претставник на Левица, кога гласач зел четири ливчиња, а во кутиите ставил три. Гласањето е прекинато во 12.30 часот и до 15.00 часот уште не било продолжено, рече Мацановиќ.

Тој рече дека нив не ги изненадуваат обидите „за саботажа на изборниот процес и гушењето на волјата на граѓаните затоа што се прикладни за гарнитура кој е во слободен пад и која води кон пораз“.

„Сепак гласачкото тело и покрај сите притисоци и препреки покажа дека е мотивирано и одлучно да ја артикулира својата волја. Од утре нема ништо да биде исто“, посочи Мацановиќ.

ЗНМ - Осуда за односот на Даштевски кон новинарите, МВР да постапи по поплаките од онлајн медиумите

Илустрација

На денешната попладневна конференција за медиумите организирана од Државната изборна комисија, претседателот на ДИК Александар Даштевски имаше непрофесионален и омаловажувачки однос кон дел од новинарите во делот кога се обидуваше да одговара на новинарските прашања, соопшти Здружението на новинарите на Македонија.

Од ЗНМ посочуваат дека Даштевски пропуштил да даде конкретен одговор на новинарско прашање од страна на новинарка во врска со најавата за продолжување на рокот за гласање после 19 часот како и за најавата за продолжување на медиумскиот молк и, според нив, тој наместо да одговори конкретно имал вербална расправа со колешката, во која, како што велат, се интересираше од која телевизија е колешката, по што ѝ се обратил со зборовите: „треба да се информирате добро пред да поставите некое прашање“, како и тоа дека новинарката треба да го чита законот пред да прашува.

„Го потсетуваме Даштевски дека според Изборниот законик, член 31, ДИК има обврска да ја информира и едуцира јавноста за начинот на гласање и за остварување на избирачкото право; Од друга страна, новинарот има право да изрази мислење и да постави прашање без разлика од кој медиум доаѓа и дали истото прашање му се допаѓа на Претседателот на ДИК или не“, стои во соопштението од ЗНМ.

Здружението дополнува дека во текот на денот до нив пристигнале неколку поплаки од страна на онлајн медиуми и тоа за попречување на нивната работа од страна на симпатизери на политички партии, како и за несоодветен однос на припадници на МВР во Скопје, но и во неколку други градови и бараат нивно итно расчистување од страна на полицијата и брзо информирање на јавноста за да не се остави впечаток во јавноста дека органите за прогон ги игнорираат овие случки.

Османи - Изборите се успешни, ДУИ победува во три општини уште во првиот круг

Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи на првата прес-конференција по завршувањето на гласањето за локалните избори истакна дека првично очекуваат победа во три општини уште во првиот круг. Тој рече дека голема предност неговата партија има и во речиси сите општини каде имаат кандидати.

„Според прелиминарните резултати од досега изброените гласови, уште во првиот круг очекуваме победа на ДУИ во Сарај, Пласница, Липково. ДУИ има предноста во сите други општини каде учествува со свои кандидати и можам да кажам целиот дел е озеленет. Според првичните сознанија, ДУИ е во предност на пример во Чаир, имам непотврдени сознанија дека односот е 2-1 за ДУИ и голема е предноста и можноста за победа уште во прв круг, но немам дефинитивна потврда. Во Куманово односот е 3-1 за ДУИ. Трендовите водат кон голема победа на ДУИ“, истакна на прес-конференцијата Бујар Османи.

Според портпаролот на ДУИ, првиот круг успешно е завршен, а заедно со кампањата тој оцени дека е создаден еден круг на политички успех.

„Изборите завршија успешно и покрај малите технички предизвици кои брзо се отстрануваа и не го попречија изборниот процес. Излезноста стигна до 50 отсто и дава суштински политички легитимитет со полн авторитет избраните претставници да ги преземат функциите и со полн капацитет да ги спроведат политичките ветувања во кампањата“, истакна Бујар Османи.

Тој оцени дека со изборите се потврдува успехот на државата како политички зрела демократија, која не случајно е членка на НАТО и кандидат за влез во ЕУ.

Во Варшава марш во знак на солидарност со мигрантите

Мигранти на границата меѓу Полска и Белорусија.

Илјадници луѓе денеска маршираа во Варшава во знак на солидарност со мигрантите и барателите на азил.

Маршот се одржа под мотото „Стоп за мачењето на границата“. Демонстрантите ги обвинија полските власти за сурово однесување поради потиснувањето на мигрантите и воведувањето на вонредна состојба на границата, со што се спречени борците за заштита на човековите права да им помогнат на мигрантите.

Полскиот парламент итно гласаше за законот предложен од владата на премиерот Матеуш Моравиецки за изградба на масивен ѕид поради мигрантската криза на граница со Белорусија што ќе ги чини полските даночни обврзници 351 милиони.

На маршот беше истакнат транспарент „Колку тела лежат во шумата?“ алудирајќи на неколкуте смртни случаи во шумите и мочуриштата во пограничната област.

Речиси два месеца голем број од Блиски Исток и од Африка се обидуваат илегално да влезат во Полска од Белорусија, а полските власти ги враќаат назад.

Полските власти ги обвинија Белорусија и Русија дека ја поттикнуваат миграцијата со цел да предизвикаат нестабилност во Европска Унија, нарекувајќи го хибридно војување.

До МВР пристигнале 91 пријава, најмногу за агитирање

Локални избори 2021

Изборниот ден мина во мирна и демократска атмосфера, оцени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по завршување на гласањето на локалните избори 2021.

„МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на изборниот процес. До 19 часот се бележи вкупно намалување за 40 проценти на пријавени настани во споредба со изборите во јуни 2020. Така годинава се пријавени 91 настан, а 151 настан имало лани“, рече Спасовски на прес-конференција пред седиштето на МВР.

Тој рече дека имало 42 случаи на агитирање, од кои 7 се отфрлени како неосновани, но и тука има намалување во споредба од лани кои имало 75 пријавени случаи. Има 13 пријави за изборен поткуп, од кои 5 се отфрлени, потоа 7 пријави за закани и вознемирување гласачи, 6 за сликање на гласачко ливче, 3 за излепен пропаганден материјал, по два настани за нарушување на јавен ред и мир, за снимање на просторија на гласачките места, за фотографирање на гласачи, 2 за уништување на гласачки материјал и по еден за фрлени гласачки ливчиња. Потоа имало и пријава дека гласало позитивни лице на ковид, попречување на гласање и една кривична пријава за кршење на изборен молк.

Спасовски вели дека најголем број на пријавени настани имало во СВР Скопје- 22, па Штип - 19, понатаму Куманово со 16, по што следуваат пријави во Битола, Тетово, Велес...

Пријавени се седум случаи во кои се инволвирани полициски службеници, а се однесува на агитирање при вршење службена должност, рече министерот за внатрешни работи. Од тие пријави шест се проверени, а од нив две се основани, рече Спасовски.

На едно гласачко место во Лабуништа ќе се гласа до 22 часот

Локални избори во Македонија, 17 октомври 2021 / Избирачко место во општина Чаир

На едно избирачко место во струшкото село Лабуништа гласањето е продолжено за речиси три часа.

Претседателот на Општинската изборна комисија Минир Жута информира дека ваквата одлука е донесена поради ненавремено почнување на изборниот процес утрово.

„Поради проблем со апаратите за отпечатоци, на едно избирачко место во Лабуништа гласањето почна подоцна и затоа сега се продолжува до околу 22 часот“, изјави Жута.

Во Останатите 100 избирачки места гласањето, според него, е завршено во 19 часот. Освен проблемите со апаратите за отпечаток на прстот, други проблеми не се регистрирани во Општинската изборна комисија.

До ОЈО пристигнале поголем број на пријави за изборни нерегуларности

Локални изобри 2021

Јавното обвинителство соопшти дека до 19:00 часот денеска пристигнале уште неколку пријави за евентуално сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето, по кои постапувала Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности. Од ОЈО велат дека во основните јавни обвинителства и на објавената електронска адреса за пријавување сомненија за изборни нерегуларности, пристигнале поголем број поднесоци и пријави.

„По извршените проверки, засега, само во мал дел од пријавените настани се пронајдени елементи на сторени кривични дела поврзани со изборите и гласањето. Постапувањето на обвинителствата ќе продолжи до целосно расчистување на настаните и донесување на соодветни јавно обвинителски одлуки“, додадоа од ОЈО.

Основното јавно обвинителство Струга е известено дека на избирачко место едно лице го искинало гласачкото ливче и го напуштило гласачкото место. Полицијата по дадени насоки од Обвинителство го бара сторителот. Во гостиварското обвинителство пристигната е информација за лице кое го сликало гласачкото ливче. Полицијата постапува во насока на расчистување на настанот, информираа од ОЈО.

Основното јавно обвинитeлство Кочани примило едно известување и две кривични пријави. Обвинителството е известено дека едно лице вршело организиран превоз на гласачи на избирачко место. Пријави се поднесени за лице кое вршело агитирање на избирачко место во село Теранци и за лице кое со возило вршело организиран превоз на гласачи на избирачко место и вршело влијание врз гласачи за тоа како да го вршат нивното гласачко право.

Основното јавно обвинителство Кавадарци, како што информираа од ОЈО, постапува за настан од избирачко место во Демир Капија. Пријавено е дека лице искинало гласачко ливче.

Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со изборите и гласањето денеска ги координираше постапувањата на основните јавни обвинителства по пријави за настани поврзани со изборниот процес. По дадена насока, покрај редовните дежурства, во основните јавни обвинителства беа организирани и дополнителни дежурства на јавни обвинители, кои во текот на денот остваруваа интензивна соработка со службените лица од МВР со цел проверка на наводите од доставените пријави и информации, истакнаа од ОЈО.

Заврши гласањето, почнува броењето

Локални избори во Македонија, 17 октомври 2021 година. Гласачо место во Битола.

Во 19:30 часот се затворија сите избирачки места на кои граѓаните на Македонија денеска гласаа на локалните избори.

Иако беше предвидено избирачките места да бидат затворени во 19 часот, изборниот процес продолжи половина час додека не гласаа граѓаните кои беа затекнати во објектите за гласање.

Партиските раководства се во нивните штабови, каде ги чекаат резултатите од гласањето, кои се очекува да бидат објавени околу полноќ.

Претседателот на ДИК на прес-конференцијата во 19 часот повика на воздржаност од политички активности до 19:30 часот, со цел затекнатите граѓани на избирачките места да можат да го остварат своето право на глас.

„Во согласност со Изборниот законик гласањето завршува во 19 часот. Во врска со гласањето каде се затекнати гласачи пред објектот ДИК смета дека е добро да се излезе во пресрет на гласачите и затоа повикуваме до 19:30 часот да се воздржат од активности партиите, медиумите и сите други. ДИК смета дека ова е најдобро решение“, истакна Даштевски.

Тој најави дека резултатите ќе бидат внесени директно од избирачките места за првпат во историјата и ќе бидат достапни на веб-страницата на ДИК за Локалните избори 2021.

Тој рече дека, според обработени 72,25 проценти од избирачките места, излезноста до 18:30 била 49,29 отсто.

На денешните седми локални избори право на глас имаа 1 824 864 граѓани, кои гласаа на 3.480 избирачки места.

Граѓаните својот глас можеа да го дадат за вкупно 10 831 кандидати од кои 299 за градоначалници, а останатите за советници, на 91 листа поднесена од група избирачи односно независни, и 31 листа од политички партии и коалиции.

Првпат оваа година гласачите се идентификуваа со уреди за биометриска идентификација преку отпечаток од прст. Овие уреди ги содржат само личните податоци за гласачите од Избирачкиот список во избирачкото место.

Исклучок од гласањето со уреди за биометриска идентификација се лицата кои гласаа вчера – болните, немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, чии барања биле прифатени од општинските изборни комисии. Вчера гласаа и затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените лица.

Резултатите од првиот круг на изборите се очекуваат околу полноќ. Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. Во вториот круг на гласање за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.

Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.

Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Донтовата формула.

Локалните избори ги мониторираат 1045 набљудувачи од кои 714 домашни. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 217 набљудувачи.

Поради пандемијата со ковид -19, Локалните избори се спроведуваат со почитување на општите мерки за заштита од ковид-19.

Стоев поддржува формирање партија на Бугарите во С. Македонија

Македонскиот и бугарскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и Светлан Стоев, 18.06.2021

Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев изјави дека ја поддржува идејата за евентуалното формирање партија на Бугарите во Северна Македонија.

„Тоа е нивно право, бидејќи Уставот им го гарантира тоа право. Мислам дека тоа е вистинскиот пат по кој тие треба да ги штитат своите права заедно со бугарската држава“, изјави Стоев на 16-та Светска средба на бугарските медиуми, што се одржа во Рилскиот манастир, во организација на БТА.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Стоев, таквата партија би бил „единствениот и вистински начин“ за Бугарите во земјава да ја обезбедат својата афирмација.

Затворени гласачките места во Косово

Гласање на локални избори во Косово.

Затворени се избирачките места во Косово. Право на глас имаат 1.885.448 граѓани кои гласаа за градоначалници и 1.002 советници во 38 општини.

Бурим Ахмети од Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) изјави дека се е подготвено за пребројување на гласовите.

На изборите учествуваа 32 политички партии, 33 граѓански иницијативи, една предизборна коалиција и 23 независни кандидати.

За градоначалници на 38 општини се натпреваруваа 166 кандидати, а за општински советници во Косово се кандидираа 5.198 лица.

Гласачките места беа отворени од седум до 19 часот.

Изборите ги следеа повеќе од 25.000 набљудувачи од политичките партии, иницијативи, коалиции и претставници на независни кандидати, граѓанското општество, медиумите, како и претставници на дипломатските претставништва акредитирани во Косово. Изборите ги следеа и од специјален тим за набљудување на Европска унија.

Напад со бомба врз пункт на полицијата и царината на преминот Јариње во Косово

Војници на КФОР на граничниот премин Јариње

Со бомба бил нападнат пункт на полицијата и царината на граничниот премин Јариње меѓу Косово и Србија, јави приштинската агенција Косовапрес.
Според извори на агенцијата, бомбата била фрлена од српска територија.

Освен оштетување на зградата, засега нема информации за повредени.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија кон крајот на минатиот месец по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Конфликтот беше надминат со посредство на меѓународната заедница.
Тензиите повторно се зголемија минатата недела по акција на косовската полиција против шверцери на северот на Косово. Локалните Срби се судрија со полицијата, при што има и повредени.

Српски воени авиони надлетуваат во близина на границата со Косово
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:02 0:00

Излезноста до 18:30 часот е 50,04 проценти

Локални избори во Македонија, 17 октомври 2021 година

Излезноста на гласачите на Локалните избори 2021 до 18:30 часот е 50,04 проценти, покажуваат податоците објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија.

Најголема излезност има во Македонски Брод 75,7 отсто, а најмала во Боговиње 31 отсто.

ДИК првичните резултати од локалните избори добиени по електронски пат од општинските изборни комисии ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии треба да ги објави во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Ова се седмите локални избори од независноста, а трети на кои се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Право на глас имаат 1 824 864 граѓани.

Најмалку 18 загинати во поплавите во Индија

Архивска фотографија: Поплави во Индија

Најмалку 18 луѓе загинаа во поплавите предизвикани од силните врнежи во јужната индиска држава Керала.

Спасувачките денеска ги пронашле телата во двата најтешко погодени округа, Котајам и Идуки, каде што силните дождови предизвикаа свлечишта.

Националните сили за одговор на катастрофи и индиската армија испратија екипи да помогнат во спасувањето, зашто одреден број луѓе сè уште се водат за исчезнати.

Телевизиските снимки од вчера, кога почнаа дождовите, прикажуваа луѓе како се движат низ вода до пазуви за да спасат патници од едне автобус, скоро целосно покриен со вода надојдена на патот.

Властите ги повикаа жителите на загрозените подрачја на крајна внимателност, иако обилните дождови во меѓувреме се намалија.

Керала во 2018 година беше погодена од катастрофални поплави во сезоната на монсуни, кога настрадаа 223 луѓе, а стотици илјади беа принудени да ги напуштат своите домови.

Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон е отпуштен од болницата

Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон

Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон е отпуштен од болницата во Калифорнија, откако минатата недела беше примен на лекување на уринарна инфекција.

Седумдесет и петгодишната Клинтон излезе од Медицинскиот центар „Ирвин“ на Универзитетот во Калифорнија во придружба на неговата сопруга, Хилари Клинтон, која е поранешен државен секретар и кандидат за претседател на Демократската партија во 2016 година,.

Клинтон дома ќе го продолжи третманот со антибиотици.

Клинтон беше во Калифорнија на настан на неговата фондација и на 12 октомври беше однесен во одделот за интензивна нега.

Доктор Алпеш Амин, кој се грижеше за Клинтон во болницата, преку соопштението рече дека Клинтон е отпуштен откако температурата и белите крвни клетки се нормализирани.

Клинтон имаше здравствени проблеми во минатото.

Клинтон беше 42-от претседател на САД од 1993 до 2001 година.

Сликање и кинење гласачки ливчиња и тепачка пред гласачко место

Локални избори во Македонија, 17 октомври 2021 година

МВР соопшти дека има пријави за низа прекршувања поврзани со изборите, а полицијата работи на расчистување.

Во струшкото село Октиси биле пријавено дека човек го искинал и го фрлил гласачкото ливче.

Во битолското село Мажучиште еден човек го сликал гласачкото ливче.

Во дворот на основното училиште Лирија во гостиварско Речане, каде што се наоѓа избирачкото место 528, имало тепачка меѓу две лица.

Човек во Гостивар го сликал гласачкото ливче.

Во основно училиште „Блаже Коневски“ во Скопје имало прекин на гласањето околу 20 минути, зашто на едно лице му биле дадени двојни ливчиња за гласање за советничка листа на град Скопје и за градоначалник на град Скопје.

Во Шуто Оризари имало пријава дека имало комбе со залепени плакати од кандидат на политичка партија.

Во основно училиште „Рајко Жинзифов“, човек влегол да гласа, но откако не го пронашле во Избирачкиот список им се обратил на висок тон на членовите на комисијата по што со мобилен телефон го сликал избирачкото место.
Гласач во Охрид го сликал гласачкото ливче.

Човек пријавил дека две лица го насочувале за кого да гласа пред основно училиште „Добре Јовановски“ во Прилеп.

Даштевски - Изборниот молк ќе трае и по 19 часот

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски

Изборниот молк ќе трае додека се одржува гласањето, и по 19 часот, додека не гласаат сите избирачи кои биле затекнати во избирачките места, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што информира Даштевски, до ДИК се стигнати информации дека на некои гласачки места не се гласа со употреба на апарати за отпечаток од прст. Така одлучиле членовите на избирачките одбори, што е незаконски.

„Добивме информации дека некои членови на избирачки одбори престанале да гласаат со фингерпринт апаратите. Тоа се незаконски одлуки на тие лица. Сугерираме да продолжат да гласаат со апаратите, во спротивно, гласањето ќе мора да биде поништено, а лицата да бидат санкционирани“, истакна Даштевски и уште еднаш апелира да се гласа со употреба на уредите за биометриска идентификација.

Тој напомена дека ДИК нема донесено одлука за гласање без употреба на фингерпринт апарати, освен во шест избирачки места: 1774 во Ново Село, 1162 во Старо Нагоричане, 2354 во Студеничани, 2942 во Чаир и во две во Чучер Сандево.

Излезноста до 17 часот 41,39 отсто, пониска од претходните локални избори

Локални избори во Македонија, 17 октомври 2021 година

Државната изборна комисија соопшти дека излезноста до 17 часот е 41,39 отсто, што е за 7 процентни поени пониска од излезноста на минатите локални избори во 2017 година, кога до 17 часот на гласање излегле 48,95 проценти од запишаните избирачи.

До 17 часот најголем одѕив имало во општината Новаци и изнесува 69,76 проценти, а најмала во Брвеница - 24,83 отсто.

Во Гевгелија, Валандово и Дојран до 17 часот излезноста на гласачи надмина 50 отсто

Илустрација: Мирно крајбрежје во Дојран.

Во општина Гевгелија, заклучно со 17 часот, според информацијата на ОИК, на избирачките места излегле 52,9 отсто од евидентираните граѓани со право на глас или 10.096 граѓани од вкупно 19.076 колку што се запишани во гласачкиот список.

Претседателот на ОИК, Митко Ризов, истакна дека на избирачкото место 0345 гласањето после 19 часот ќе биде продолжено за еден час и 40 минути колку што утрово било прекинато поради проблеми со апаратот за отпечаток од прст. На останатите 35 избирачки места во општина Гевгелија за Локалните избори гласачкиот процес ќе заврши во 19 часот.

Во општина Валандово, од запишаните 9.992 граѓани до 17 часот на 24 избирачки места гласале 5.229 граѓани, односно 52,34 отсто, а во општина Богданци излезноста изнесува 48,65 отсто, поточно на гласање на 12 избирачки места излегле 3.218 граѓани.

Во најмалата по број на жители општина Дојран, процентот на излезност изнесува 62,34 отсто или гласале 1.669 од вкупно запишаните 2.678 граѓани.

Тројца загинати во пад на хеликоптер во Германија

Илустрација: Хеликоптер Робинсон Р44

Три лица денеска загинале во пад на хеликоптер во југозападна Германија, соопшти полицијата. Хеликоптерот се урнал попладнево во шумовит предел во близина на гратчето Бухен, објави новинската агенција ДПА.

Полицијата не соопшти повеќе информации за жртвите, од каде полетал хеликоптерот Робинсон Р44, како ни за можните причини за падот.

Обвинителство: Отворени предмети за евентуални изборни нерегуларности

Локални избори во Македонија 17.20.2021

СВР Скопје, според насоки од Основното јавно обвинителство Скопје, врши оперативни проверки по известување доставено од страна на Амбасадата на САД во кое известуваат дека едно лице од политичка партија, на 16.10.2021 година се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел, како што се наведува, попречување на изборниот процес.

Основното јавно обвинителство Гостивар оформи предмет по поднесок испратен од политичка партија, во врска со сомнение за вршење притисок и агитација од страна на лице во избирачки места во Гостивар.

По насока на Основното јавно обвинителство Куманово, во врска со пријава за наводно купување гласови во кумановските села Черкезе, Романовце и Војновиќ, за кој настан обвинителството оформи предмет, нагласуваат, извршен е разговор со повеќе лица и нема информации со кои би се потврдиле наводите од пријавата. Се продолжува со преземање на дејствија по насоки на јавен обвинител.

Основното јавно обвинителство Скопје е известено за настан пријавен од претседател на Избирачки одбор, во врска со извршено уништување на гласачки материјал односно искинати гласачки ливчиња. Имено, околу 12:45 часот лице при остварување на право на глас, од четири ливчиња само едно ставил во гласачка кутија, додека другите ги скинал и ги оставил на пултот за гласање. Лицето било лишено од слобода и приведено во полициска станица. По извршени консултации со јавен обвинител и постоење на основи на сомнение за извршено кривично дело „Уништување на изборен материјал“, дадени се насоки за натамошно постапување, велат од ОЈО.

Основното јавно обвинителство Кочани известено е од ОВР Кочани за повеќе настани кои се однесуваат на вршење агитација пред избирачки места, превоз на гласачи, како и сомнение за вршење поткуп и повреда на слободата на определувањето на избирачите. По дадените известувања во обвинителството се оформени предмети и дадени се насоки да се утврди идентитетот на лицата, да се достават податоци за возилата и да се извршат оперативни проверки, посочуваат од ОЈО и потенцираат дека Јавното обвинителство продолжува со следење на процесот на гласање и постапува по сите сомненија за евентуално сторени кривични дела поврзани со локалните избори.

Зелените гласаа за продолжување на коалициските разговори за влада

Делегати на Зелените, Берлин 2021

Членовите на партијата на зелените во Германија гласаа за одобрување на формалниот почеток на коалициските преговори со социјалдемократите (СПД) и про-деловните Слободни демократи (ФДП), откако на парламентарните избори минатиот месец беа трети според освоените гласови. На специјално свиканиот состанок на извршниот одбор на партијата во Берлин денеска, големо мнозинство делегати гласаа за отпочнување преговори за формирање заедничка влада. Од 70 делегати, само двајца гласаа против, а еден воздржан, соопшти партијата.

Раководството на ФДП треба да гласа за ова прашање утре, откако извршниот директор на СПД во петокот едногласно гласаше за коалициски преговори. Првите разговори би можеле да започнат за неколку дена.

Лидерот на Зелените Роберт Хабек изјави дека е време да се пишува зелената историја и додаде дека партијата е на чекор да влезе во германската федерална влада по втор пат. Хабек нагласи дека разговорите за влез во владата се одвиваат „во време на голема криза, „меѓу другото укажувајќи на „зголеменото глобалното затоплување “и огромната моќ на меѓународните технолошки гиганти“.

Мнозинството делегати на партиската конференција се согласија со Хабек, но имаше и критики. Неколку делегати предупредија дека се уште треба да се разјаснат важни детали во претстојните преговори за коалиција, како на пример од каде ќе доаѓаат парите за потребните инвестиции. Иако сите три партии веќе се согласија на официјални преговори за создавање коалиција, гласањето во неделата служи како официјална потврда за потегот на поширокото членство на Зелените.

За разлика од многу други европски земји, каде што претседателот или монархот поканува индивидуален лидер на партија да се обиде да формира влада, во Германија тоа зависи од самите партии. Тоа значи дека преговорите за коалиција може да траат со месеци.

До 15 часот излезноста во Гевгелија над 40 отсто, во Дојран над 46 отсто

Зградата на театарот во Гевгелија

Излезноста на гласачите на седмите локални избори во општина Гевгелија заклучно со 15 часот изнесува 40,15 отсто. Од ОИК информираат дека на гласање излегле 7.652 граѓани, односно 40,15 отсто од евидентираните гласачи.

Според бројките што ги соопштија од ОИК, блиску до гевгелиската излезност се и општините Богданци и Валандово. Во општина Богданци до 15 часот на гласање излегле 2.505 граѓани или 37,87 отсто, а во Валандово излезноста изнесува 38,6 отсто, односно гласале 3.854 од запишаните 9.992 избирачи.

Во општина Дојран е највисок процентот на излезност од 46,75 отсто, но на избирачкиот список има најмалку гласачи чиј број изнесува 2.678.

Даштевски - Ако е потребно гласањето ќе продолжи и по 19 часот, излезност до 15 часот 31,8 отсто

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски

Гласањето ќе се продолжи за граѓаните кои ќе се најдат на избирачките места и во дворовите на објектите по 19 часот и тие ќе можат да го остварат своето право на глас, истакна денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски, охрабрувајќи ги граѓаните масовно да излезат и да гласаат на локалните избори.

ДИК испратил мејл до општинските изборни комисии со известување да ги информираат избирачките одбори да им овозможат на граѓаните да гласаат и по 19 часот, ако е потребно.

Гужвите или како што кажа успорувањето на гласањето на овие избори е поради многуте страници на Избирачкиот список и многуте листови за гласање, една четвртина од отпечатоците од прсти кои ги добиле не биле со добар квалитет, како и поради мерките за заштита од ковид-19.

„За Град Скопје има четири ливчиња, има огромни избирачки списоци, проверката трае двојно. И таму ќе биде дозволено да се гласа сè додека не гласа и последниот гласач“, рече Даштевски.

До 15 часот излезноста на гласачите е 31,8 отсто од добиени податоци од 69,86 отсто од избирачките места. На овие избирачки места гласале 403 715 гласачи.
Според Даштевски, ова е солиден процент на излезност на гласачите.

До одржувањето на прес-конференцијата до ОИК се поднесени 134 приговори за заштита на избирачко право, од кои 63 се прифатени, а десет се одбиени.
Претседателот на ДИК Даштевски ги соопшти и местата каде што имало прекин во гласањето, и наведе дека во седум избирачки места се гласа со УВ ламба и спреј, како на претходните избори.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG