Достапни линкови

Вести

Нови 805 случаи на ковид, починати 10 пациенти

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта.

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа се направени 6.980 тестирањa, а регистрирани се 805 нови случаи на Ковид-19. Најголем дел во Скопје, односно 240 случаи, потоа 136 во Тетово.

Оздравени сe 77 пациенти, а пријавени се 10 починати лица. Од нив 4 починати лица од Тетово (53г,72г,72г и 73г), 2 од Кичево (28г и 53г) и по едно починато лице од Гостивар (44г), Скопје (56г), Дебар (86г) и Куманово (60г). Сите се починати во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 1.062.292 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 162.164 бројката на оздравени пациенти е 150.851, на починати е 5.552, а бројот на активни случаи изнесува 5.761.

види ги сите денешни вести

Курти – Договорот за нормализација мора брзо да се спроведе

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Договорот за нормализација на односите со Срвија мора брзо да се имплементира, и додаде дека главните преговарачи на 4 април ќе разговараат на таа тема.

„Имаме договор, постои договор. Сè е многу јасно, јавно за сите“, рече Курти денеска пред новинарите.

Од Европската унија претходно беше потврдно дека средбата на главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, е закажана за вторник.

Наведено е дека тие ќе „разговараат за наредните чекори во примена на договорот за патот кон нормализација на односите на Косово и Србија“.

Косово и Србија на 27 февруари го прифатија Договорот за нормализација на односите врз основа на европскиот предлог, додека на 18 март во Охрид беше усогласен Анексот за негова имплементација.

Косовскиот премиер Курти порача дека сите точки од договорот мора да се имплементираат во целост.

„Не постои можност нешто да се спроведе, а нешто не. Како што не може да има еднострано потпишување на Договорот, нити на имплементациониот Анекс, не може да има ни еднострано спроведување на Договорот“, рече тој.

Договорот за нормализација, меѓу другото, предвидува меѓусебно почитување на независноста, автономијата и територијалниот интегритет, но не се споменува експлицитно признавање на независноста на Косово од страна на Србија.

Исто така, Србија се обврзува дека нема да го блокира зачленувањето на Косово во меѓународните организации, а тука е меѓусебното признавање на регистарските таблички, симболите, документите, дипломите и царинските печати.

Се предвидува и „посебен аранжман за српската заедница на Косово“, односно одреден ниво на самоменаџирање.

Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, денеска изјави дека ќе има продолжување на дијалогот на техничко ниво и дека ќе се разговара за конкретни чекори за спроведување на договорот од Охрид, заедно со јасни „црвени линии“.

„Нашите црвени линии се дека Белград никогаш нема да се согласи таканареченото Косово да стане членка на ОН и дека Белград ниту де факто ниту де јуре нема да го признае таканареченото Косово. Можеме да разговараме и да видиме за сè друго што беше договорено во Анексот, како ќе го спроведеме“, рече Петковиќ за Радио Белград.

Овој предлог го поддржаа западните земји, вклучително и САД.

ЕУ претходно соопшти дека овој Договор, иако не е потпишан, е правно обврзувачки, и дека ќе стане составен дел од процесот на придружување на Србија и Косово кон ЕУ.

Уставниот совет на Франција в петок ќе донесе одлука за пензиските реформи

Протести против пензинската реформа во Франција

Уставниот совет на Франција ќе донесе одлука за уставноста на реформата на пензискиот систем в петок, на 14 април, седум дена пред крајниот рок, се вели во денешното соопштение на тој влијателен државен орган.

Кога станува збор за реформите на пензискиот систем, Уставниот совет или „советот на мудреците“ како што го нарекуваат во Франција, би можел да ја потврди усогласеноста на текстот на законот или да приговори на одредени мерки, односно да го цензурира текстот во целина, јавија француски медиуми.

Пензиската реформа во Франција предизвика бран штрајкови и протести низ земјата. Владата не успеа да обезбеди мнозинство во парламентот за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, па го откажа гласањето, и искористи еден член од законот за да ја донесе реформата без согласност од Парламентот.

Во меѓувреме, од кабинетот на француската премиерка Елизабет Бурн велат дека „палатата Матињон (премиерската резиденција) ги очекува синдикатите кои се подготвени да разговараат со извршната власт за реформата на пензискиот систем на почетокот на следната недела.

Лидерот на синдикатот на железничарите (SUD Rail) Ерик Мајер изјави дека нема да има крај на протестите доколку Уставниот совет не го поништи текстот на законот што беше изгласан во францускиот парламент.

Франција е единствената земја во светот која ја контролира уставноста преку посебен државен орган, Уставниот совет, кој не е ниту чисто судска, ниту чисто политичка институција, а одлуките што ги носи се конечни, извршни и обврзувачки за сите.

Гроси – Ситуацијата околу нуклеарната централа Запорожје не се подобрува

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска пристигна во градот Енергодар и нуклеарната централа Запорожје

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска ја посети нуклеарната централа Запорожје во окупираниот дел на Украина, со цел да ја утврди состојбата во објектот.

Тој пристигна во друштво на советникот на генералниот директор на „Росенергоатом“, Ренат Корча.

Гроси изјави дека борбите во близина на електраната Запорожје стануваат сè поинтензивни и дека ситуацијата не се подобрува, додавајќи дека МААЕ разгледува нов концепт за заштита на нуклеарната централа, што предвидува стеснување на безбедносната зона.

„Развиваме концепт дизајниран за полокална заштита на фабриката“, посочи Гроси.

Тој вчера изјави дека се обидува да постигне договор за заштитните мерки за украинската нуклеарна централа Запорожје, окупирана од Русија, истакнувајќи дека ги адаптирал своите предлози во обид да постигне „пробив во преговори“.

Сепак, правиме одредени промени и ги приспособуваме предлозите што ги ставаме на преговарачка маса, истакна вчера Гроси, потенцирајќи оти е можно да се воспостави „некаква заштита“.

Тој додаде дека не се работи за концептот на територијална заштита, туку за идејата за воведување правила за тоа што треба да прави секој поединец во таа област за да се избегне нуклеарна катастрофа.

Гроси повеќе пати ги повика претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, да дозволат заштитна зона околу фабриката, која е многу блиску до линијата на фронтот.

Реакторите на електраната се исклучени и електраната добива струја за покренување на системот за ладење, кој е потребен за да се спречи топење на реакторите, преку единствениот преостанат функционален далекувод.

Прекинот на надворешното снабдување со електричната енергија поради борбите, го натера персоналот на нуклеарната шест пати да се префрлува на дизел генератори во случај на нужда во тек на 13-месечната војна.

Според Гроси, непредвидливо е кога повторно ќе биде потребно резервно напојување.

Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари.

Ван дер Белен до пратениците – Од вас зависат следните чекори кон ЕУ

Австрискиот претседател Александер Ван дер Белен

Австрискиот претседател Александер Ван дер Белен денеска во Собранието им порача на пратениците дека од нив зависи кога ќе ги почнеме следните чекори во преговори со ЕУ и за колку брзо ќе ги поминеме. Австрија, додаде тој, ќе ви биде близок сојузник.

Тој рече дека Австрија се залагаше преговорите на Македонија и Албанија конечно да почнат минатиот јули, а многу иницијативи на ЕУ да бидат достапни за двете земји пред формалното членство во Унијата.

„Од пред речиси 20 години возот кон дестинацијата Брисел стоеше на железничката станица во Скопје, меѓутоа од јули 2022 година сигналите конечно покажуваат зелено светло и поради тоа ви честитам од срце. Северна Македонија го заслужува ова патување“, рече Ван дер Белен.

Тој порача дека за да може да продолжи процесот на проширувањето сега е потребен еден видлив знак на потврда на таа разноликост во вид на промена на Уставот.

Бугарија ги блокира преговорите за членство во ЕУ на Македонија со барање Бугарите да бидат внесени во Уставот, но опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противи на тоа. Без нив го нема потребното двотретинско мнозинство за уставни измени.

Претходно, австрискиот претседател се сретна со неговиот домаќин, претседателот Стево Пендаровски.

Унгарија го одложува приемот на Шведска во НАТО поради критиките кон Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарија ќе го одложи приемот на Шведска во НАТО поради критиките од Стокхолм на сметка на политиката на премиерот Виктор Орбан, соопшти денеска унгарската Влада.

Портпаролот на Владата, Золтан Ковач рече дека премостувањето на јазот бара напор од двете страни.

Шведска и Финска побараа приклучување во воениот сојуз НАТО минатата година, по рускиот напад врз Украина, но процесот беше запрен од Унгарија и Турција.

По неколку месеци одолговлекување од страна на владејачката партија Фидес на Орбан, унгарскиот Парламент завчера одобри Финска да се приклучи на НАТО, но барањето на Шведска и натаму е на чекање.

„Во случајот со Шведска, има голем број поплаки кои треба да се решат пред да се ратификува приемот на земјата“, напиша Ковач на својот блог.

Тој рече дека шведските претставници „во повеќе наврати се обидувале по дипломатски пат да ја нападнат Унгарија, користејќи го нивното политичко влијание за да им наштетат на унгарските интереси“, алудирајќи на шведските критики за падот на владеењето на правото од страна на Владата на Орбан во последните 13 години.

Од друга страна, Орбан ги негира овие наводи и тврди дека Стокхолм со години зазема „непријателски однос“ кон Будимпешта.

„Кога ќе се додадат на ова проблемите и поплаките што ги има Анкара, нема многу простор за маневрирање, барем не додека Швеѓаните не го сменат своето мислење и однесување и не помогнат да ги залечат овие долготрајни рани“, рече Ковач.

Турскиот претседател Таип Ердоган минатата недела објави дека турскиот Парламент, исто така, ќе го започне процесот на ратификација на приемот на Финска, додека Шведска ја обвини дека им дава засолниште на курдските милитанти.

Британија ќе ги сместува барателите на азил на бродови и во воени бази

Мигранти со бротчиња пристигнуваат во Велика Британија

Барателите на азил кои пристигнуваат во Велика Британија ќе се сместуваат во напуштени воени бази, фериботи и баржи, согласно планот на Владата во Лондон за намалување на трошоците за хотели.

Британскиот министер за имиграција Роберт Џенрик денеска ќе објави користење на две локации на военото воздухопловство, бидејќи се обидува да ги намали 6,8-те милиони фунти дневно што Владата вели дека ги троши за сместување во хотели.

Како што пренесе ДПА, плановите веројатно ќе бидат контроверзни, со тоа што министерот за надворешни работи Џејмс Клеверли веќе ги критикуваше предлозите да се користи базата во неговата изборна единица Есекс.

Џенрик денеска ќе објави дека луѓето кои ќе пристигнат во Велика Британија откако ќе го преминат Ла Манш со мали чамци, ќе бидат сместени во базите Ветерсфилд и Скамптон на Кралските воздушни сили.

Во текот на минатата година скоро 90 илјади луѓе побарале азил во Велика Британија, што е најголем број во изминатите две децении.

Спречувањето на пристигнување бродови со мигранти до јужниот брег на Англија преку Франција беше поставено како приоритет од страна на британскиот премиер Риши Сунак.

Белен – Патот кон ЕУ е тежок, но гледајте напред

Претседателот Стево Пендаровски и австрискиот претседател Александер Ван дер Белен на прес-конференција во Скопје

Немојте да ја изгубите целта од вид, да работиме заедно за скорешен прием на Северна Македонија во ЕУ. Австрија останува ваш сигурен партнер, изјави австрискиот претседател Алексанадар Ван дер Белен на денешната заедничка прес-конференција во Скопје со претседателот Стево Пендаровски.

„Убедени сме дека ќе успеете да ја направите промената на Уставот и да продолжите по својот пат кон ЕУ. Австрија целосно ќе ве поддржува на тој пат“, рече Белен.

Тој нагласи дека земјава со Охридскиот рамковен договор е пример во регионот во однос на етнички и религиски соживот, а за да продолжи процесот на проширување би било нужно да се промени Уставот. Во Австрија, вели тој, знаат дека промената на Уставот е нешто што политички предизвикува тензии, но треба да се гледа напред, да се работи во правец на заедничка европска иднина.

„Знаеме дека вашиот пат кон ЕУ е тежок, дека фрустрацијата за времетраењето на процесот е разбирлива, но ве молиме немој да ја изгубите целта од вид. Хрватска покажа дека приемот е можен кога сите значајни политички сили влечат во ист правец. Да работиме заедно за скорешен примен на Северна Македонија“, рече Ван дер Белен.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека ќе одржи говор во Парламентот и ќе ги замоли сите пратенички групи да размислат за уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот и што се става во ризик ако не се усвојат.

Претседателот Пендаровски истакна дека украинската криза може да ја поттикне интеграцијата на регионот во ЕУ, а како докажан пријател Австрија ја форсира политиката на проширување на ЕУ.

Двајцата се согласиле дека во отсуство на јасна европска перспектива, евроскептицизмот ќе продолжи да расте и сигурно ќе биде сигнал за некои други сили кои работат спротивно на европските вредности.

Посебен фокус во разговорите бил ставен и на интензивирањето на економската соработка.

Бугарија ги блокира преговорите на Македонија со ЕУ со барање Бугарите да бидат внесени во македонскиот устав. Опозицијата вели дека нема да гласа за такви измени.

Португалија ќе се откаже од ДДВ за храната за да поевтини

Португалскиот премиер Антонио Коста

Португалската влада планира на шест месеци да ја прекине наплатата на Данокот на додадена вредност (ДДВ) на 44 основни прехранбени производи во земјата со цел да ја спречи високата инфлација, најави премиерот Антонио Коста.

„Прекинот на наплатата е составен дел од договорот што владата го потпиша со производителите и трговците, а неговата цел е да се стабилизираат цените“, рече Коста на почетокот на неделата.

Договорот вклучува и финансиска поддршка на земјоделците и сточарите во износ од 600 милиони евра.

„Владата ќе ја прекине наплатата на ДДВ во следните шест месеци за леб, тестенини, ориз, млеко, јајца, јогурт, сирење, растително масло, путер, месо и риба“, со можност за продолжување на мерката, изјави португалскиот премиер.

Стапката на ДДВ за основните прехранбени производи е шест проценти.

Предлогот мора да биде усвоен од страна на португалскиот Парламент, каде владата на Коста има мнозинство.

Инфлацијата во Португалија во февруари достигна 8,2 отсто и е за 0,3 процентни поени пониска отколку во еврозоната. Меѓутоа, цените на храната неодамна се зголемија за повеќе од 20 проценти.

Многу граѓани едвај врзуваат крај со крај во месецот, пред сè, поради многу пониските плати отколку во другите земји од Западна Европа.

Високата инфлација во земјата премиерот Коста првенствено ја припишува на руската инвазија врз Украина и предупредува дека цените би можеле да пораснат дури и по стапувањето на сила на мерките.

Бизнисмените против замрзнување на цените

Печење леб во пекарница

Замрзнувањето на цените не е пазарна мерка, а ако Владата сака да интервенира за да го заштити населението, треба да ги активира стоковите резерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам, изјави денеска извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев.

Според него, економиите во светот имаат поинаков пристап и проблемот не го решаваат со замрзнување на цените. Подобро е, рече, да се субвенционира делот од населението на кое тоа навистина му е потребно, но и да се помогне со директно намалување на царините, со помош при увозот на репроматеријали, со субвенционирање на електрична енергија, со механизми кои го прават домашното производство поконкурентно.

Тој рече дека замрзнување на цените е мерка која не може да трае долго, а по нејзиното завршување повторно ќе има поскапувања.

Вчера и Сојузот на стопански комори оцени дека замрзнувањето на цените е непазарна мерка.

Владата претходно ја ограничи цената на лебот, а потоа и на други основни прехранбени производи. Сега се дискутира за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот. Цените на храната на светските берзи се намалуваат цела година, но во Македонија се за 25 отсто повисоки од лани.

Перуанската претседателка под истрага за перење пари

Перуанската претседателка Дина Болуарте

Перуански обвинители доцна синоќа соопштија дека ги истражуваат претседателката Дина Болуарте и нејзиниот соборен претходник Педро Кастиљо поради наводно перење пари и незаконско финансирање на кампањата за време на изборите во 2021 година.

Болуарте, Кастиљо и неговиот поранешен советник Хенри Шимабукуро беа под истрага поради „забрането финансирање на политички организации, перење пари и злосторничко организирање“, објави јавното обвинителство на Твитер.

„Наводното извршување на овие кривични дела се случило за време на изборната кампања на (левичарската партија) Слободно Перу во 2021 година“, кога Кастиљо се кандидираше за претседател, а Болуарте за негова потпретседателка, се наведува во соопштението.

Обвинителот донел одлука за истрага откако Шимабукуро изјави дека има докази оти Болуарте била запознаена со наводните неправилности во собирањето средства за кампањата.

Перу е во политичка криза откако Кастиљо беше соборен и уапсен на 7 декември и обвинет за побуна поради обидите да го распушти Конгресот и владата со декрет.

Болуарте ја презеде должноста претседател, но се соочи со повици за оставка од демонстрантите кои бараат нови избори.

Конгресот, кој е под контрола на десницата, но сега е сојузник на Болуарте, утре треба да расправа за предлогот за смена на претседателката, наведува агенцијата Франс прес (АФП).

За прифаќање на предлогот се неопходни 52 гласа, а парламентарната левица која го побара има 35.

Болуарте веќе е под истрага поради смрт на антивладини демонстранти, по обвинувањата на организација за човекови права дека безбедносните сили употребиле прекумерна сила против демонстрантите кои барале нејзина оставка.

Од почетокот на протестите во декември, во судирите со полицијата загинаа 49 цивили и 7 припадници на силите за безбедност, соопшти Народниот правобранител.

Дури и ако има конкретно обвинение, Болуарте може да се соочи со судот дури откако ќе ѝ истече мандатот во 2026 година.

Таа е шеста претседателка на Перу од март 2018 година и прва жена на таа функција.

Кастиљо, против кого се води истрага за корупција, служи 36 месеци во истражниот затвор под обвинение за побуна.

Зеленски го повика кинескиот претседател да ја посети Украина

Кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна на аеродромот Внуково во Москва на 20 март 2023

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани кинескиот претседател Си Џинпинг да дојде во Украина, објави новинската агенција Асошиејтед прес (АП).

„Спремни сме да го видиме овде“, рече Зеленски во интервју за АП.

Си не разговарал со Зеленски од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари минатата година, но Кина минатиот месец објави план од 12 точки за „политичко решавање на украинската криза“.

Си разговараше за војната во Украина со својот „драг пријател“, рускиот претседател Владимир Путин за време на минатонеделната посета на Москва, иако разговорите не покажаа напредок за тоа како да се заврши војната.

Кинескиот предлог вклучува повик за деескалација и евентуален прекин на огнот во Украина.

Соединетите Американски Држави (САД) го отфрлија предлогот, со оглед на тоа што Кина одби да ја осуди Русија поради нејзината инвазија врз Украина.

САД сметаат дека сегашниот прекин на огнот би ги заклучил сегашните руски територијални добивки во Украина и би ѝ дал на војската на Путин време да се прегрупира.

Украина го поздрави дипломатскиот ангажман на Кина, но Зеленски рече дека ќе ги разгледа мировните решенија дури откако руските сили ќе ја напуштат украинската територија.

Предизвик за САД и Западот: Кинескиот претседател во Кремљ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Бајден го повика Нетанјаху да се откаже од судската реформа

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се откаже од предлогот за судски реформи што доведоа до масовни протести во Израел.

Нетанјаху пред два дена во изјава до нацијата привремено ја одложи реформата откако голем број луѓе изразија незадоволство од предложените измени на законот.

Британските медиуми потсетуваат дека Белата куќа претходно соопшти дека Нетанјаху треба да најде компромис за ова прашање, а претседателот Бајден вчера дури и го повика израелскиот премиер целосно да се откаже од промените.

„Се надевам дека ќе се откаже од тоа“, рече Бајден, мислејќи на нацрт-законот што на израелската Влада ќе ѝ даде поголема контрола врз назначувањата во Врховниот суд на земјата.

Нетанјаху брзо издаде изјава во која му порача на американскиот претседател дека „Израел е суверена земја која своите одлуки ги носи според волјата на својот народ, а не под притисок од странство, вклучувајќи ги и неговите најдобри пријатели“.

Нетанјаху, исто така, рече дека неговата влада се обидува да „спроведе реформи и да воспостави соодветна рамнотежа меѓу трите гранки на власта преку широк консензус“.

„Го познавам претседателот Бајден повеќе од 40 години и ја ценам неговата долгогодишна посветеност на Израел“, рече Нетанјаху.

Тој рече дека сојузот меѓу Израел и САД е нераскинлив „и секогаш ги надминува повремените меѓусебни несогласувања“.

Планираната судска реформа предизвика бран големи протести во Израел.

Демонстрантите со месеци ги критикуваа како закана за израелската либерална демократија предложените промени, кои ќе ги ослабат овластувањата на судството. Нетанјаху и неговите сојузници, екстремно десничарските и ултраортодоксните партии, велат дека планираната реформа е неопходна за да се врати рамнотежата на силите меѓу пратениците и Врховниот суд, кого го сметаат за политизиран.

САД и Русија престанаа да разменуваат податоци за нуклеарното оружје

Руски интерконтинентални балистички ракетни системи Јарс-24 на парада по повод Денот на победата на Црвениот плоштад во Москва на 7 мај 2021 година

САД и Русија престанаа да разменуваат податоци за нуклеарното оружје што го правеа според новиот договор СТАРТ за ограничување на нуклеарниот арсенали (Нов СТАРТ), последниот таков договор меѓу двете земји.

Официјални лица во Белата куќа, Пентагон и Стејт департментот вчера рекоа дека САД и ги понудиле информациите на Русија дури и откако претседателот Владимир Путин ја повлече Русија од договорот минатиот месец, но Москва го извести Вашингтон дека нема да му ги даде своите податоци.

Затоа, „поради неусогласеност на Русија со обврските од тој договор, САД нема да ги достават своите податоци на Русија, со цел да ја охрабрат Русија да се врати на своите договорни обврски“, изјави за новинарите претставникот на Стејт департментот Ведант Пател.

Белата куќа, која претходно ја обвини Русија за повеќекратно прекршување на договорот, рече дека одбивањето на Русија да се придржува до него е „правно неважечко“ и дека одлуката за откажување од давањето податоци за нуклеарното оружје е уште едно прекршување.

Новиот договор СТАРТ потпишан од тогашните претседатели Барак Обама и Дмитриј Медведев во 2010 година ги ограничува двете земји на не повеќе од 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави и 700 распоредени проектили и бомбардери и инспекции за проверка.

Нема инспекција од 2020 година поради пандемијата со коронавирусот.

Договорот за продолжување требаше да биде потпишан во ноември 2022 година, но Русија се откажа, повикувајќи се на американската поддршка за Украина, а во февруари оваа година Русија формално го прекина своето учество во договорот.

САД поддржуваат специјален суд за злосторствата во Украина

Луѓе пред оштетена зграда во Словјанск во Украина на 27 март 2023

САД поддржуваат формирање на специјален суд за руската злосторничка агресија против Украина, кој ќе биде „вкоренет во украинскиот правосуден систем“, соопштија висок претставник, како и портпаролот на Стејт департментот.

Со тоа Вашингтон за првпат илустрираше како би ги поддржал напорите на Украина да побара руска одговорност поради инвазијата.

„Веруваме дека овој посебен трибунал би требало да биде вкоренет во украинскиот домашен правосуден систем, зашто тоа би обезбедило најчист пати кон воспоставување нов трибунал, со што би се максимизирале нашите шанси да дојдеме до конкретна одговорност“, рече портпаролот на Стејт департментот.

Украинските деца кои Русија ги однесе на Крим се вратија кај родителите
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:01 0:00

Украина, Европската унија и Холандија јавно ја поддржаа идејата за специјален трибунал. Русија, која својата инвазија врз Украина ја нарекува „специјална воена операција“, ги негира обвинувањата за воени злосторства, вклучително и намерно таргетирање украински цивили. Илјадници цивили загинаа за време на војната.

Меѓународниот кривичен суд (МКС), со седиште во Хаг, на 17 март издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради сомнеж за воено злосторство - депортирање на украински деца во Русија.

Русија не ја признава јурисдикцијата на тој суд.

Олимпискиот комитет препорача враќање на руските и белоруските спортисти, но под неутрално знаме

Претседателот на комитетот, Томас Бах,

Раководството на Меѓународниот олимписки комитет препорача враќање на руските и белоруските спортисти на натпреварите како поединци, под неутрално знаме кое нема врска со вооружените сили.

Претседателот на комитетот, Томас Бах, рече дека комитетот им препорачува на меѓународните федерации и организаторите на меѓународни спортски натпревари дека „спортистите со руски или белоруски пасош мора да се натпреваруваат само како индивидуални неутрални спортисти“.

Сепак, говорејќи по првиот ден од состанокот на Извршниот одбор на комитетот во Швајцарија, Бах истакна дека комитетот дополнително ќе одлучи дали Русите и Белорусите ќе можат да учествуваат на Летните олимписки игри 2024 година во Париз и на Зимските олимписки игри во Италија „во соодветно време и без да биде врзан за резултатите од претходните квалификации“.

Исклучени ќе бидат „спортистите кои активно ја поддржуваат војната“, како и оние кои се „под договор со руската или белоруската војска или агенциите за национална безбедност“.


Бах истакна дека санкциите против „одговорните за војната, руските и белоруските власти“, мора да останат во сила – што значи дека овие земји не можат да организираат меѓународни спортски натпревари на нивна територија.

Дополнително, „никакви знамиња, химни, бои или какви било други средства за идентификација на овие земји не смеат да бидат истакнати на кој било спортски настан, а тоа се однесува на целата локација“.

Се додава дека „ниту еден руски или белоруски државен функционер не може да биде поканет или акредитиран на кој било меѓународен спортски натпревар“.

Тој исто така рече дека целото олимписко движење стои зад напорите „да им се помогне на украинските спортисти што е можно повеќе, за да можат да испратат силен тим“ на претстојните Олимписки игри.

Спортистите од Русија и Белорусија беа исклучени од меѓународни спортски натпревари по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Сепак, олимпискиот самит на 9 декември ја остави отворена вратата за нивно учество на натпреварите и покрај војната.

Украина тогаш се закани дека ќе ги бојкотира игрите, додека министрите за спорт на повеќе од 30 земји се противат на враќањето на спортистите од овие две земји на натпреварите.

Претседателот на комитетот во своето обраќање беше категоричен во отфрлањето на можноста за политичко влијание во автономијата на спортските организации при одлучувањето кој ќе учествува на натпреварите што ги организираат.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG