Достапни линкови

Вести

Радев предлага Парламентот да го избере Пламен Николов за премиер на Бугарија

Бугарија - Пламен Николов и Румен Радев

Претседателот на Бугарија, Румен Радев потпиша указ со кој му предлага на бугарското Собрание да го избере кандидатот за премиер предложен од политичката партија „Има таков народ“, Пламен Николов, соопшти Кабинетот на Претседателот на Бугарија.

Пламен Николов денеска пред Радев, во уставниот рок, ја претстави структурата и составот на предлог-кабинетот на партијата Има таков народ.

Владата што ќе биде предложена за гласање во парламентот ќе има двајца вицепремиери – Ради Најденов, предложен за вицепремиер за европски прашања и министер за надворешни работи, и Петар Илиев – вицепремиер за безбедност и внатрешен ред, кој исто така ќе биде министер за внатрешни работи. Кандидатурата на Илиев беше критикувана од пратеници со кои се во тек разговори за поддршка.

„Знам од искуство колку е тешко да се формира кабинет. Да се привлечат чесни луѓе со јасни граѓански позиции со потребна експертиза, искуство и визија за развој на соодветното министерство. Луѓе кои можат да се соберат во едно и ефикасно тело. Се надевам дека успеавте во оваа тешка задача“, рече Радев.

Освен ГЕРБ кои претходно изјавија дека ќе гласаат против предложениот кабинет на ИТН, засега другите партии во Собранието на Бугарија се уште не зазеле категоричен став дека ќе ја поддржи владата на Пламен Николов.

види ги сите денешни вести

Русија повика на евакуација на областа до украинската граница

Последици од ракетен напад во Шебекино, мај 2023

Руските власти ги повикаа жителите на областите на границата со Украина да ги напуштат своите домови бидејќи украинското гранатирање се интензивираше оваа недела, пренесува агенцијата Франс прес.

Во областа Шебекино во западниот регион Белгород, на границата со Украина, во секојдневното гранатирање досега загинаа неколку цивили, а дел од населението беше принудено да избега.

Гувернерот на регионот, Вјачеслав Гладков, ги повика жителите да соработуваат со властите и да ја евакуираат областа.

„Барам во селата, пред сè, во гранатираната област Шебекино, да го слушаат ставот на властите и привремено да ги напуштат своите домови“, рече Гладков.

Тој рече дека целта била „да се заштити она што е најважно: вашиот живот и животите на вашите најблиски“, и дека тоа била уште една „немирна ноќ“ во областа со „многу штета“.

Гладков зборуваше еден ден откако две жени беа убиени во пограничните села со гранатирање. Тој рече дека „повеќе од 4 000 луѓе“ од пограничните области во моментов се во привремено сместување во регионот на Белгород.

Гладков рече дека властите во недела ќе одведат ги малолетниците од пограничните села и децата на мобилизираните војници кои се борат во Украина во младински кампови.

Русија започна инвазија на Украина во февруари 2022 година, а во последните неколку недели се интензивираа нападите врз пограничниот регион Белгород, на границата со Украина.

„Горди и гласни“- парада на гордоста на 24 јуни во Скопје

Прва парада на гордоста во Скопје

Под мотото „Горди и гласни“ годинава Парадата на гордоста ќе се одржи на 24 јуни, најавија на прес-конференција претставници од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Организаторите велат дека напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права.

„Во ваква непријателска средина кога говорот на омраза и насилствата се во пораст, а хомофобијата и трансфобијата стануваат доминанта позиција на носителите на моќ, да се биде Горд и Гласен претставува отпор и протест против системот кој угнетува. ЛГБТИ заедницата минала низ многу тешки периоди, ќе минеме и низ овој само со исправена глава, горди и гласни во остварувањето на нашата визија за свет на еднаквост и просперитет“, истакна Ирена Цветковиќ на денешната прес конференција.

Новините во програмата на Скопје Прајд ги соопшти Кочо Андоновски, кој истакна дека Парадата се отвора како платформа за многу други каузи.

„Се отвараме за други групи кои сакаат својата порака да ја пренесат на јавноста. Тие беа присутни и во изминатите години, но тоа не беше организирано и некако се губеа сите тие пораки и транспаренти, така што оваа година ги повикуваме сите оние кои имаат свои кампањи, различни активности и сакаат да бидат препознаени со своите пораки и свои обележја да ни се јават“, рече Андоновски.

Протестот ќе почне во паркот „Жена-борец“, со собирање на учесниците, а во 19 часот по кратки поздравни говори, ќе почне протестниот марш по скопските улици според истата рута како и минатите години. Маршот ќе заврши со културно-музичката програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

Тројца кинески астронаути се вратија на земјата

Астронаутите Феи Јунлонг, Денг Кингминг и Џанг Лу пред почетокот на мисијата во ноември 2022 година.

Кинеските астронаути од вселенското летало Шенжу-15 безбедно се вратија на Земјата во недела, 4 јуни, по мисијата на кинеската орбитирачка вселенска станица која траеше повеќе од 180 дена, објави Чајна Медиа Груп (ЧМГ).

Капсулата за повторно влегување паднала во Донгфенг во северниот кинески автономен регион Внатрешна Монголија. Во капсулата биле тројца астронаути - Феи Јунлонг, Денг Кингминг и Џанг Лу.

Мисијата на Шенжу-15 е прогласена за целосна успешна, откако лекарскиот тим кој чекаше на местото на настанот потврди дека тројцата тајконаути се во добра здравствена состојба.

Командантот на мисијата Феи Џунлонг беше првиот што излезе од капсулата.

„Би сакал да известам на мојата земја и народ дека екипажот на Шенжу-15 успешно ги заврши сите доверени работни места и задачи во орбитата. Се вративме безбедно на Земјата. Се чувствуваме добро“, рече тој.

Вселенското летало Шенжу-15 беше лансирано во ноември 2022 година.

За време на престојот во кинеската вселенска станица, астронаутите извеле четири активности надвор од вселенското летало, поставувајќи нов рекорд за кинески астронаутски екипаж во вселенски прошетки.

Чајна медиа груп пишува дека биле спроведени и низа научни експерименти и тестови и поставување на кабли и приклучоци.

Ескобар: Тензиите на Косово можеа да се избегнат

Габриел Ескобар

Ескалацијата на северот на Косово делумно е резултат на неподготвеноста на официјална Приштина да ја слуша Меѓународната заедница, изјави за Би-Би-Си американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Тој додаде дека порастот на тензиите на север можело да се избегне:

„Оваа ескалација делумно е резултат на неподготвеноста на косовската страна да ја сослуша меѓународната заедница. Предизвика тензии, непотребно, со инсистирање на користење на општинските згради. Има и други згради од кои можеме да работиме, а ако ништо друго, пандемијата на корона вирусот не научи дека можеме да работиме и од алтернативни локации“, рече Ескобар.

На северот на Косово денеска е мирно, соопшти екипата на Радио Слободна Европа.

Новоизбраните градоначалници од албанска националност во петокот на 26 мај влегоа во општинските згради во три општини на северот.

На 29 мај протестот прерасна во насилство меѓу членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР и демонстрантите. За време на немирите беа повредени 30 припадници на мировните сили и 52 лица од српска националност.

Пентагон: Aктивностите на Кина во Азија се сѐ поризични

Зградата на Пентагон во Вирџинија, САД

Американското Министерство за одбрана денеска ги осуди „се поризичните“ акции на кинеската војска во Азија по двата инциденти меѓу силите на двете земји во измиантите денови.

„Остануваме загрижени за се поризичните и насилните активности на Народноослободителната армија во регионот, вклучително и последните денови“, изјави портпаролот на Пентагон, генерал Пет Рајдер, кој е заедно со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на безбедносна конференција во Сингапур.

Изјавите беа дадени по двата инцидента меѓу американската и кинеската војска во Тајванскиот теснец и Јужното Кинеско Море во изминатите десет дена.

Американската морнарица вчера обвини кинески брод дека „опасно“ се движел околу еден негов разурнувач кој пловел низ Тајванскиот теснец придружуван од канадски брод.

Кина не го спомна инцидентот, но ги обвини САД и Канада дека „намерно предизвикуваат проблеми во Тајванскиот теснец“.

Мирно на северот на Косово

Звечан, 4 јуни 2023 година

Косовската полиција соопшти дека состојбата во општините на север - Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, моментално е мирна.

„Следењето на ситуацијата и координираниот ангажман на полицијата со соодветните безбедносни институции, како и обично, продолжува во северните општини,“ изјави портпаролот на косовската полиција Баки Келани во интервју за Радио Слободна Европа.

И екипата на Радио Слободна Европа во Звечан известува дека бројот на демонстрантите на 4 јуни е мал.

Во меѓувреме косовскиот премиер Албин Курти за британската телевизија Би Би Си изјави дека општинските згради во три општини на север - Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан - се сопственост на Република Косово и не може да има компромис за демократијата.

Коментирајќи ги неодамнешните тензии на северот, Курти рече дека Косово може да го намали бројот на полицајци во општинските згради, ако однапред, рече тој, бандите, кои се финансирани од Белград, отидат „или во Србија, или во затвори“.

„Во овие три општини Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан имаме три згради и ако не градоначалниците, тогаш кој треба да биде во нив? Ако не се за лидерите, кому му служат? Градоначалниците се во зградите и така и треба да биде зошто тие се сопственост на Република Косово“, рече премиерот на Косово.

Тој додаде дека порано имало паралелни институции на Србија, кои биле незаконски, „создадени со средства на официјален Белград, кој сака да ја дестабилизира нашата земја, со идеја да создаде голем српски свет“.

„Ние сме против такво нешто“, вели Курти во интервјуто.

Новоизбраните градоначалници од албанска националност во петокот на 26 мај влегоа во општинските згради во три општини на северот.

На 29 мај протестот прерасна во насилство меѓу членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР и демонстрантите. За време на немирите беа повредени 30 припадници на мировните сили и 52 лица од српска националност.

Грешка во сигнализацијата ја предизвикала железничката несреќа во Индија

илустрација од несреќата во Одиша, Индија

Железничка несреќа во источна Индија, во која загинаа повеќе од 300 луѓе, а стотици беа повредени е предизвикана од дефект во системот за електронска сигнализација, поради што возот ја смени пругата, изјави министерот за железници на Индија, пренесува агенцијата Асошиетед прес ( АП).

„Кој го направи тоа и која е причината ќе покаже истрагата“, изјави министерот Ашвини Ваишнав во интервју за телевизијата Њу Делхи.

Властите работат на расчистување на остатоците од двата патнички воза што излетаа од шините во петокот вечерта во областа Баласоре во источната индиска држава Одиша, во една од најтешките железнички несреќи во земјата во последните децении. Индиската новинска агенција PTI претходно објави дека прелиминарната истрага открила што му било сигнализирано на возот „Коромандел експрес“ да влезе во главната пруга, а подоцна сигналот бил исклучен.

Возот влегол во вториот коловоз, познат како обиколница и налетал на товарен воз паркиран таму, соопшти агенцијата.

Од оштетените вагони во саботата навечер беа извлечени 15 тела, а во текот на ноќта продолжија напорите со помош на кранови да се отстрани локомотивата која паднала врз еден од вагоните.

„Во локомотивата не се пронајдени тела, а работата е завршена во недела наутро“, изјави генералниот директор на противпожарната и итната служба Одиша.

Несреќата се случи во период кога премиерот Нарендра Моди се фокусираше на модернизирање на индиската железничка мрежа од британската колонијална ера.

И покрај напорите на владата да ја подобри безбедноста на железницата, секоја година се случуваат неколку стотици несреќи во најголемата единствена железничка мрежа во светот. Повеќето железнички несреќи во Индија се случуваат поради човечка грешка или застарена опрема за сигнализација. Повеќе од 12 милиони луѓе патуваат со 14 000 возови низ Индија секој ден, по 64 000 километри пруги.

Османи објави план од 9 чекори за нормализација на ситуацијата во Косово

илустрација

Претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи, објави план во девет чекори за деескалација и нормализација на тензиите на северот на Косово.

Планот, како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи, е во насока на постигнување траен мир и стабилност на северот на Косово и враќање на косовските Срби во институциите и демократските процеси.

Како прв чекор, планот превидува Косово и Србија да ја реафирмираат посветеноста кон основниот договор и Охридскиот протокол. Понатаму се предлага Косово да ги повлече специјалните полициски сили, а Србија да ја намали борбената готовност на вооружените сили.

Трето, на полицијата на Косово, заедно со силите на КФОР и ЕУЛЕКС, да им се овозможи во целост да се грижат за редот и безбедноста на земјата. Понатаму се предлага протестите да се откажат и да се стават во функција општинските функции и услуги, за нормално функционирање на општествениот живот и да се дозволува пристап на вработените во општините.

Петтиот чекор подразбира градоначалниците да поднесат оставки до летото оваа година, отворајќи го патот за предвремени општински избори оваа година.

ОБСЕ ќе го поддржи изборниот процес, преку техничка поддршка на косовските власти кои ќе ги организираат изборите и ќе ги ангажира младите во програмите и процесите за помирување. Последниот чекор се однесува на тоа ОБСЕ да ги стави своите капацитети на располагање за поддршка на имплементацијата со добра волја од двете страни на договорените одредби и продолжување на дијалогот.

Двегодишно девојче загина, 20 повредени во најновиот руски напад на Днепар

Последици од нападот на Днипро во април 2023

Двегодишно девојче загина, а 22 лица се повредени, меѓу кои пет деца, кога руска ракета го погоди градот Днепар во централна Украина, изјави во неделата регионалниот гувернер.

„Во текот на ноќта, телото на двегодишното девојче беше извлечено од под урнатините на една куќа“, напиша Сергеј Лисак на апликацијата за пораки Телеграм.

Седумнаесет лица се во болница по нападот со крстосувачки проектил со краток дострел „Искандер“ врз станбена зона, рече Лисак.

Никола Лукашук, претседател на Советот на Днепропетровската област, рече дека 17 деца загинале во регионот откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Ниту еден збор не може да ја смири болката на родителите кои го изгубиле најскапоценото нешто во нивните животи“, рече Лукашук.

Во војната во Украина, најмалку 485 деца загинаа, а речиси 1500 беа повредени, објави во неделата на Телеграм канцеларијата на главниот обвинител во земјата.

Ракетата паднала меѓу две двокатни станбени згради во населбата Пидородненска, делумно уништени и оштетени бројни куќи, автомобили и инфраструктура.

„Русија уште еднаш докажува дека е терористичка држава“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски по првите извештаи за експлозии.

Москва и Киев негираат дека нивните воени сили целат цивили.

По нападот на Днепар, Русија во текот на ноќта започна нов бран воздушни напади врз земјата. Украинските воздухопловни сили во неделата објавија дека уништиле повеќе од половина од воздушните цели.

Четири од шест крстаречки ракети и три од пет беспилотни летала Шахед од иранско производство, лансирани од Русија се соборени, објави Военото воздухопловство на Телеграм. Градската воена управа на Киев претходно соопшти дека биле пресретнати „сите цели“ кои Русија ги лансирала кога се приближувале до главниот град.

Од мај, Русија постојано го напаѓа главниот град на Украина, главно ноќе, пред долгоочекуваната украинска контраофанзива за враќање на територијата, во, како што велат украинските власти, обид да се нанесе психолошки проблем на цивилите, пишува Ројтерс.

Одговорност за масовните убиства побараа учесниците на протестот против насилството во Белград

Учесници на петтиот протест против насилството во Белград, 3 јуни 2023

Десетици илјади луѓе синоќа прошетаа низ централните улици на Белград и на крајот ја опколија зградата на Претседателството на Србија.

Одговорноста на властите за масовните пукања на почетокот на мај во Србија беше главното барање на говорниците на протестот „Србија против насилството“ во Белград. Некои демонстранти оставија пораки и до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, односно на контролните пунктови во близина на Претседателството на Србија, како што претходно повикаа организаторите.

Десетици илјади граѓани дојдоа на собирот што го свика дел од опозицијата пред српското Собрание, незадоволни од реакцијата на властите по двете масовни убиства во кои загинаа 18 лица. Се одржа и едноминутно молчење за жртвите на масовноста престрелки.


Насобраните носеа транспаренти на кои пишуваше „Да се сретнеме со слободата“, „Посилни од насилството“, „Слобода или ништо“.

На 3 јуни се навршува еден месец од трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ кога 13-годишен ученик уби осум ученици и еден припадник на обезбедувањето, а повреди шест ученици и еден наставник. Едно повредено девојче подоцна почина и таа е десеттата жртва.

Граѓаните кои протестираа бараат оставка од министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и од директорот на Безбедносно информативната агенција Александар Вулин.

Тие побараа и замена на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на таблоидите кои пропагираат насилство и го прекршуваат етичкиот кодекс и одземање на националните фреквенции од телевизиите Пинк и Хепи.

Властите засега ги игнорираат повеќето барања. Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ на 3 јуни на Твитер оцени дека протестот против насилството „промовира насилство“ објавувајќи фотографија на која се гледа „обесена“ кукла со ликот на Вучиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Инстаграм објави видео во кое вели „време е да се обединиме за нашата земја да оди напред“.

Претпладне сончево, попладне нестабилно со пороен дожд

илустрација

Времето денеска претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Oд пoпладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и изолирана појава на град.

Минималната температура е во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 21 до 26 степени.

Во Скопје денеска претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и појава на град. Минималната температура се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 25 степени.

Во текот на следната седмица, времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а попладне нестабилно со појава на локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Кремљ забрани присуство на западните новинари на економски форум во Русија

Рускиот претседател Владимир Путин

Официјална Москва објави дека нема да биде дозволено присуство на новинари од „непријателските земји“ на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.

Форумот во Санкт Петербург се одржува од 1997 година и многу официјални лица го сметаат за одговор на Русија на Светскиот економски форум што се одржа во Давос.

На западните новинари досега не им беше забранет пристапот на форумот на овој начин, пренесува Ројтерс.

„Овој пат навистина беше одлучено да не се акредитираат куќи од непријателски земји“, изјави за ТАСС портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Непријателски земји“ е дефиницијата која Москва ја користи за да ги опише оние што ја санкционираа поради војната во Украина.

Организаторите на форумот за московското биро на Ројтерс изјавија дека акредитацијата на нивните новинари била одземена, откако претходно добиле потврда за акредитација во четвртокот.

Ројтерс побара писмено објаснување, но сѐ уште не доби.

Кога Русија беше во подем во 2000-тите, големите западни инвеститори и инвестициски банкари се собраа на форумот, потсетува Ројтерс, додавајќи дека во последните години кинеските и арапските инвеститори ги заменија западните.

Путин претходно изјави дека Русија се врти кон Кина и азиските сили бидејќи Западот започна, како што вели, економска и хибридна војна против Русија, чија цел е да ја распадне земјата.

ЕУ подготвена на одлучни мерки ако не се смири ситуацијата во Косово

илустрација

Неуспехот да се смири ситуацијата на северот на Косово ќе има негативни последици, а Европската унија е подготвена да спроведе решителни мерки во оваа прилика, се вели во соопштението на 27-те земји-членки на ЕУ, објавено на 3 јуни 2023 година.

„Очекуваме Косово да дејствува на начин што не ескалира и веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово“, се вели во соопштението.

Се додава дека новоизбраните градоначалници покрај во општинските згради привремено треба да ги извршуваат своите должности и во други простории, а што поскоро да се распишат и предвремени избори.

„Очекуваме учество на косовските Срби на овие избори“, се вели во изјавата што портпаролот на ЕУ Петер Стано ја објави на Твитер.


Политичките претставници на српската заедница во Косово ги бојкотираа вонредните локални избори на 23 април, на кои беа избрани градоначалници заедно со албанската заедница во четири општини на северот на Косово.

Европската унија изрази загриженост за статусот на највисоката борбена готовност на српските вооружени сили.

„Ги повикуваме и Косово и Србија веднаш и безусловно да преземат мерки за деескалација, да престанат да ја користат реториката на поделба и да се воздржат од какви било понатамошни некоординирани дејства. Итно е да се врати мирот“, се наведува во соопштението од земјите членки на ЕУ.

Србија и Косово се поканети што поскоро да се вклучат во дијалогот што го води ЕУ, што значи, според најавата, почеток на работата за формирање Заедница на општини со српско мнозинство „без натамошно одлагање или предуслови“.

Новоизбраните градоначалници од албанска националност во петокот на 26 мај влегоа во општинските згради во три општини на северот.

На 29 мај протестот прерасна во насилство меѓу членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР и демонстрантите. За време на немирите беа повредени 30 припадници на мировните сили и 52 лица од српска националност.

Насилството го натера НАТО да испрати дополнителни 700 војници на Косово, покрај 4.000-те што веќе се во земјата.

„Европската унија силно го осудува насилството врз граѓаните, војниците на КФОР, органите на редот и медиумите на северот на Косово. Насилството можеше да се избегне и мора да се избегнува во иднина“, соопштуваат од ЕУ.

Од почетокот на тензиите, меѓународната заедница континуирано апелира да се преземат чекори за смирување на ситуацијата.

Косовската претседателка Вјоса Османи и косовскиот премиер Албин Курти дадоа индикации дека може да се распишат нови избори за четирите општини на север. Во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, групи граѓани од вторник, 30 мај, секојдневно протестираат против новоизбраните градоначалници Албанци на општините.

Ердоган положи заклетва за трет претседателски мандат

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган положи заклетва за трет мандат како претседател, ветувајќи дека ќе служи „непристрасно“ по победата на вториот круг на изборите за продолжување на неговото дводецениско владеење.

На инаугурацијата во парламентот која е проследена со раскошна церемонија во неговата палата во главниот град Анкара, присуствуваат десетици светски лидери.

„Како претседател, се колнам во мојата чест и интегритет, пред големата турска нација дека ќе работам со сета моја моќ за да го заштитам постоењето и независноста на државата и да ја исполнувам мојата должност непристрасно“, рече Ердоган во турскиот парламент.

Поддржувачите во парламентот го поздравија со овации, додека некои опозициски пратеници одбија да станат додека тој положуваше заклетва.

Ердоган вети и дека нема да отстапува од владеењето на правото и секуларните принципи на републиката основана од Мустафа Кемал Ататурк пред 100 години.

Ердоган освои 52,1 отсто од гласовите, а неговиот секуларен ривал Кемал Киличдароглу 47,9 отсто, покажуваат официјалните резултати.

Турскиот лидер со најдолг стаж се соочува со непосредни и големи предизвици во третиот мандат поттикнати од забавената економија и тензиите во надворешната политика со Западот.

Решавањето на економските проблеми во земјата ќе биде приоритет на Ердоган кој треба да се справи со инфлација од 43 отсто, делумно поради неговата неортодоксна политика на намалување на каматните стапки за да се поттикне растот.

Доцна вечер, претседателот треба да го претстави својот нов кабинет, а медиумите шпекулираат дека улога би можел да има поранешниот министер за финансии Мехмет Шимшек, компромисна личност со меѓународен статус.

Тројца Европејци вратени дома откако Иран ги ослободи во размена на затвореници

илустрација, затвор во Иран

Тројца Европејци се вратија дома на 3 јуни, еден ден откако беа ослободени од Иран во размена на затвореници. Техеран соопшти дека нема причина Европејците да бидат уапсени, доколку не биле ангажирани од странски безбедносни служби.

„Тројцата мажи, двајца со двојно австриско-иранско државјанство и еден Данец во петокот беа ослободени од Иран во замена за иранскиот дипломат Асадола Асади, како дел од размената во која Иран минатата недела го ослободи белгискиот хуманитарен работник Оливие Вандекастиле“, изјави портпаролот на белгиската влада.

Иран го ослободи хуманитарниот работник Вандекастиле по речиси 15 месеци поминати во притвор.

Иранскиот диплмат Асади пак, беше осуден во Белгија во 2021 година во врска со осуетен бомбашки заговор во Франција и осуден на 20 години затвор. Иран тврди дека обвиненијата против него се измислени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG