Достапни линкови

Трансформацијата на РЕК ќе чини 310 милиони евра


Менаџментот на ЕСМ и на РЕК.

Трансформацијата на РЕК Битола од производство на струја на јаглен до обновливи извори на енергија ќе чини околу 310 милиони евра. Дел пари ќе обезбеди државата, но дел ќе треба да се пронајдат. Надлежните уверуваат дека при ниту еден вработен нема да остане без работа.

Трансформацијата на РЕК Битола од производство на струја на јаглен до обновливи извори на енергија ќе чини околу 310 милиони евра. Таа инвестиција треба да опфати изградба на когенеративна гасна централа која со работа би започнала сезоната 2025/26 година и изградба најпрво на три фотонапонски електрани, а потоа дополнително уште две. Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски вели дека дел од парите ќе бидат од државата, но дел ќе треба да се обезбедат.

„Пари има и треба да се пронајдат, дел ќе бидат сопствени средства на акционерското друштво ЕСМ, дел од буџетот на Владата, но поголем дел ќе ги обезбедиме од грантови и поевтини кредити за обновливи извори на енергија. Зеленото сценарио бара многу инвестиции, но има такви, евтини пари, како што јас ги нарекувам, за да бидат вложени во зелената енергија“, вели Ковачевски.

При трансформацијата на енергијата од јаглен на обновливи извори тој додаде дека нема ни еден вработен од РЕК да остане без работа.

„Паралелно како што ќе се градат новите енергетски капацитети така ќе се врши и социјалната транзиција на вработените. Во гасната електрана ќе останат голем дел од вработените, а и фотонапонските електрани по принципот на јавни приватно партнерство ќе преземат дел од вработените. Ќе подготвиме и социјални пакети со поддршка на државата и фондовите. Сметам дека транзиција нема да предизвика и социјален проблем кај вработените“, рече генералниот директор на ЕСМ.

Директорот на РЕК Златко Ќурчевски очекува годинава да ја завршат на проектираните 4 800 000 тони јаглен што ќе биде доволно за да се задоволи производниот план од 2 760 гигават часови.

„Во изминатиот период, лани, а проблемите продолжија и оваа година се соочуваме со низа опструкции во производниот процес, пред се поради поплавите, но и поради неископаната јаловина во изминатите 15 години. Со надчовечки напори, инвестиции во производството, оптимисти сме дека во вториот дел од годината ќе го реализираме планираното”, рече Ќурчиевски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG