Достапни линкови

Роџевски: На концертите ме интересира само дали доволно емотивно се разголив


Крсте Роџевски фото: Татјана Ранташа
Крсте Роџевски фото: Татјана Ранташа

Кога некој ќе ви каже дека тишината понекогаш знае да биде многу погласна од она „ајде сега сите раце горе“ и од унисоното пеење, дека тоа е фреквенцијата која го се спојува со публиката, тогаш бездруго се работи за Крсте Роџевски, оној кој умешно ја сплоти личната емоција со њујоршката естетика.

Крсте Роџевски е доктор со сопствена психијатриска практика во Њујорк и музичар по сопствен избор. По судбина. Како уметник пошироката публика го запозна по песните од проектите на Дуке Бојаџиев, филмовите на Милчо Манчевски и Столе Попов, за потем со познати американски авангардни и џез музичари да сними четири албумски објави, трилогијата сочинета од „Batania“, „Bitter Almonds“ и „The Rabbit And the Fallen Sycamore“ и минатогодишниот „Hubris“, со кој ја потврди репутацијата на исклучителен автор со брилијантен, кадифен глас. Тој е еден од оние чии песни публиката ги прифати како свои, стана миленик и на критиката и тоа не на било која туку онаа од извиканите магазини и пред чија емоција и писменост допрва ќе се отвораат нови творечки хоризонти.

Разговорот со него подолу е плод на неколкучасовната срдечна средба сторена утрото по инспиративниот концерт во Куршумли ан насловен „Насамо со Крсте Роџевски“, мелем за душите распнати на половина пат помеѓу она што го познаваа како „живот“ и жедни за бегство од реалноста во ерата на пост-пандемијата.

Концертот „Насамо со Крсте Роџевски“ што се случи во рамките на одбележувањето на 30 годишнината на Канал 103 во Куршумли ан беше вистински триумф. Публиката беше воодушевена од вашиот перформанс базиран само на гитара и глас, на суштината на вашите песни. Како авторот го доживеа овој настап и од каде кај Роџевски потребата да најде време за една ваква интимна средба со почитувачите на неговата музика на својот краток престој во Македонија?

Прво ќе кажам дека беше многу порелаксирано отколку што очекував. Ја немаше таа тензија или трема дека „еве свирам пред домашна публика“. Концертот на некој начин беше како „таен настан“ бидејќи тука се разбира беа правилата за организација на вакви случувања во време на светска пандемија и токму поради тоа картите пламнаа и се продадоа за рекордно кратко време. Потем имаше и бројни интервенции за билет повеќе од разни луѓе, и јас повеќе се занимавав со тие практични административни проблеми отколку со нешто друго. Практично немав сет листа на три часа пред излегувањето на сцена. Немав ни гитара. Инаку, во Македонија дојдов прво да ги видам моите, првпат по прогласувањето светска пандемија, и второ „глумам“ во „Кајмак“ на Милчо Манчевски. Глумам, ха, ха, ха...кажувам една реплика од 20 секунди. Значи стигнав овде без гитара, без проби, немав свирено долго време... Гитарата Оли ( Оливер Јосифовски, ЉУБОЈНА) ми ја позајми, еден пријател од Битола ми даде уште една, направив сет листа и влегов во концертот без било какви подготовки, пресии... и очекував да биде по хаотичен. Арно ама кога влегов во Куршумли ан, тој амбиент некако ме смири. Почувствував дека просторот нуди не само позитивна енергија, туку и еден вид меланхолија. Тоа некако се всади во мене. Си реков, е ова убаво ќе биде.

На самата тонска проба се сетив, „чекај бе, јас овде концерт правам!“. Ова не е зафрканција. И, кога почнав да ја свирам првата песна почувствував како времето да застанало. Ова можеби некому нестварно ќе му звучи, некако „new age“, ама јас така го почувствував моментот. Се* ми беше некако трансцедентено. „Тезга“ секогаш ја свирам на крајот на концертите, а сега почнав со неа. Морав да почнам со нешто меланхолично и тажна бидејќи некако морав да се поврзам со амбиентот. Мислам дека енергијата на таа песна беше точно во фреквенција со публиката. Си реков, е тука ќе почнеме и потоа ќе видиме кај ќе одиме.

СЛИЧНИ ДЕТСТВА, СЛИЧНИ ТРАУМИ, СЛИЧНИ НАРАЦИИ

И, каде ве одведе сето тоа? Имаше ли време да направиш споредба на овој концерт дома со другите што си ги свирел во последно време. Во САД, било каде.

Сето тоа ми беше многу смирувачки. Кога ги свирам овде во Македонија нотите не одат прво кон публиката, туку влегуваат во мене и потоа тргнуваат кон присутните. Многу е чудно чувството. А, во Америка, барем за мене, концертите се некако „трансакциони“ – свирам и знам дека она што излегува од гитарата оди директно кон публиката. И, тие ја примаат или не музиката. А, овде е многу лично. Комплетно си разголен. Луѓето ме знаат. Зборуваме исти јазик. Имаме слични детства. Слични трауми, слични нарации ... и се* што излегува низ мене многу е по лично, многу е по сурово, многу е по разголено. И, едноставно помалку се грижам дали ќе направам грешка во свирењето, дали при пеењето дикцијата ќе биде добра... На концертите повеќе ме интересира дали се разголив доволно. Ама не премногу, пак да си има некоја граница. Кај нас во Македонија, во македонската музика, воопшто во македонската уметност, па дури и кога градиме, готвиме, јадеме како да нема елементи на преуредување. Како да не оставаме малце „негативен простор“. Мене ми е малку пренатрупано. И, на концерт кога си сам, а тоа и Оливер Белопета ми го кажа по настапот, е друга енергија, друг концепт. Сам си, само со гитара. Нема тука тапани, бас, клавијатури, некој да отсвири соло и да те покрие. Или светлото да падне на некого близу до тебе... Едноставно си сам. Меѓу секоја песна, меѓу секој збор, меѓу секој акорд ја има таа тишина и ти си сам исправен пред сите. Од публика не знам дали тоа може да се види, али јас нагласувам дека кон сите музичари кои прават соло концерти имам посебен респект, дали е тоа Кит Џерет, или Сесил Тејлор, или гитаристката Мери Халворсон кога свири соло... па и пијанистот Ви Џеј Аер. Тоа се страшни музичари, меѓутоа секогаш кога ги слушам нивните композиции соло поинаку ги доживувам. Друго е трио, квартет, квинтет...но кога си сам, разголен тоа е вистинското. Затоа во Куршумли ан беше многу интимно, многу топло и знам дека од публиката струеше една голема љубов кон мене... и сакав да им кажам дека и јас ги сакам.

Во таа размена на енергија и емоции одеше со една песна на македонски јазик, потем една на англиски... и така со ред. Како да сакаше да и кажеш на публиката еве ви ги вашите омилени напишани на нашиот јазик, но еве и дел од оние што во меѓувреме настанаа. Свесно ли влезе во таквата авантура?

Кога со мојот оркестар свирев на 18-от ОФФест во 2019 година во МОБ, концертот го поделив на блокови. Еден блок со песни отпеани на македонски, па неколку на англиски...и така во круг. И, додека траеше концертот почувствува дека публиката чудно реагира. Најнапред ќе ја заплисне опуштање, а потоа како да се повлекува. Дури и прашав – сакате „кирилица“ или “латиница“? А, тие поделби не се многу убави. Се што ќе поделиш на црно и бело не е убаво. Кога ќе направиш ментална хигиена, кога нештата ќе ги разделиш, независно дали е тоа музика, книга... не е доволно добро. Постои некоја сива сона. Затоа овој пат се решив за експеримент. Наместо да ги свирам сите од „Batania“ и некои преработки, си велам ај ќе ги измешам. Сет листата беше направена неколку часа пред концертот, но свирев онака како што ми дојде. Она што ми се свиреше во моментот. Работите ги мерев според силината на аплаузот.

КОНЦЕРТ КАКО ВО ДНЕВНА СОБА

Се препушти ли на моментот, на сознанието дека сепак треба да се ужива мигот што една домашна, твоја публика може да ти го дари? Публика која, сепак, дошла да си ужива во своите фаворити, во песните што во меѓувреме ги присвоила.

Ова беше концерт како во дневна соба. Како кај некој дома. Затоа јас се чувствував одговорен дека треба да го изградам тоа чувство на вистинска интимност. Се обидувам, но не можам да го обаснам тоа бидејќи навистина е на многу длабоко емоционално ниво. Не сакам да звучам како „new age“, ама навистина беше така. При секој акорд, при секоја емоција... се чувствуваше пулсирањето на публиката. Куршумли ан го има тој амбиент. Песната одеше кон публиката и се враќаше како некаков вртлог... и во еден момент, на сред песна, кога ќе пробие тишината чувствуваш дека си поврзан со оние во партерот. Дека сте заедно. Таа тишина беше многу погласна од она „ајде сега сите раце горе“ и од унисоното пеење. Ете, тоа беше таа фреквенција каде што се споивме. Затоа и искрено сум им благодарен на сите оние што беа пред мене во Анот, оти тоа некоја публика не сака да го направи независно колку и да си и близок. Треба да си спремен пошто и тие се отворија малку.

Сметаш ли дека на тој начин мнозина така како да го сторија своето бегство од годината и половина животарење, преживување и барање на себе како личност во новонастанатите услови...Како наново да се јави потребата да се дари љубов.

Да, да... Кога го снимав првиот албум ако некој ме прашаше за што е „Batania“ јас ќе му кажев дека го замислив како последен поздрав, како некролог, или како поттекст, како носталгија за минатото што никогаш не се случи. Кога го пишував, компонирав, кога го снимав, па и дури кога го свирев „Batania“ ја немаше таа ковид разделеност. Оваа година и половина еден од најголемите стравови што сите го имаа - не само јас, посебно сите ние што живееме во странство, беше дека ако некој близок се разболи ќе не можеш да го видиш, дури не дај боже да почине ќе не немаш никаква шанса да го испратиш. Од тој страв, како клетка имаш потреба од допир. Да допреш некого. Да бидеш близок со некого. И, затоа ова беше многу поразлично патување за мене. Јас многупати сум доаѓал во Македонија, но ова беше нешто друго. Си дојдов, ги видов моите родители, најблиските, пријателите, чув приказни на блиски коишто изгубиле членови од својата фамилија, навистина тажни случки ... и самиот тој звук, овие песни беа повеќе тактилни. Допирни. Како прегратки. Пошто фалеше тоа. И, тоа си излезе. Едноставно сите станавме поранливи. Во таа самотија кај сите почна да расте внатрешниот хаос, таа ентропија како кај клетките. Тоа се закони на физика, тоа сега не сме го измислиле. И, во сето тоа почнавме всушност да осознаваме што е важно. Ние сепак сме социјални суштества. Не случајно во Африка при некој племенски собир, кога ечат тапани, сите се допираат со лактите иако околу нив се огромни пространства. Слично е и кај нас кога играме оро, кога се држиме за рака или за рамена.

Во секоја песна ја има таа потреба од спојување. Таа е и многу поинаква отколку во соло проект во Германија или во Англија на пример, кои пак од своја страна се поиндивидуалистички општества. Таму доминира индивидуализмот. Луѓето сакаат да се спојуваат меѓутоа ја нема таа топла спојка, тоа спојување какво што го имаме ние тука. Барем го имаше бидејќи во последно време многу луѓе, пријатели, ми се жалат дека тоа полека се губи, исчезнува.

АНЕГДОТА И ПОТРЕБА ЗА СПОЈУВАЊЕ

На концертот раскажувајќи една анегдота врзана со твојот пријател Пеце Талески и неговиот подарок, винилно издание на американскиот бенд БАФАЛО СПРИНГФИЛД, онака лежерно откри и дел од артистите кои влијаеле на твојата музика, артисти како Дејвид Боуви, Том Вејтс... Ова ме повлекува да прашам со кого Крсте Роџевски другарувал и кој се влијаел врз формирањето на него како автор, музичар, од почетоците до денес?

Јас имав различни фази на прибирање информации. Во Битола во периодот на моите адолесцентски години, формативни години, имаше неколку локали каде што се береа постарите, луѓе во нивните касни 20ти и рани 30ти, дузина аудиофили како Љупчо, Тончи, Ристе од Порта џез, Пеце Талески...Тоа беа луѓе што беа „постари“ и имаа огромни колекции на плочи. Цели ѕидови во собата, влегуваш таму и се губиш. И, јас како млад ентузијаст со долгаа коса и малце влакна нешто како пубертетска брада одам кај нив и сакам да слушам плочи. Тие преку мене се идентификуваа веројатно со својата младост и мислам дека мојот ентузијазам и тој мој џагор што го имам ми помогна и нормално добивав на слушање одбрани винили. Јас секоја недела слушав по едно 20 нови плочи. Татко ми и мајка ми ми купија систем од Германија, го памтам беше комбинација на Санио и Техникс...и тоа беше врв. Тончи, на пример, ми даваше плочи од ВАНИЛА ФАЏ, ГРЕНД ФАНК РЕИЛРОУД, ЏЕТРО ТАЛ...класичен рок, тука беше и сцената од Кентебери во Англија и ХЕНРИ КАУ на Фред Фрит... преку Дупата, Љупчо кој беше џезофил и ја имаше целата колекција на германската издавачка куќа ECM, стигнав до џезот. До Гарбарек, Ралф Таунер, ОРЕГОН, Кит Џарет и тн. Пеце беше поеклектичен, не беше заглавен како другите во 1970 или 1980 и носеше плочи од Том Вејтс, од Боуви, ТОКИНГ ХЕДС, БАФАЛО СПРИНГФИЛД, Кејт Буш... Тогаш беше и Перо, фронтменот на дет метал групата ОРИОН во која своевремено свиреше тапани и Алек (Александар Секуловски, ФОЛТИН, ВОДА...), кој дојде од Австралија со две гајби полни со плочи од треш и дет метал албуми. Од него ги зедов СЛЕЈЕР, АУТОПСИ...Слушав и хардкор дет метал или бендови како КАНИБАЛ КОРПС, ОБИЧУАРИ...Се* и сешто. И, кога дојдов во Скопје на факултет нормално започнав со Скопски џез фестивал, запознав нови луѓе, имаше голема понуда на настани, почнав да одам на концерти, бев голем фан на Сид Берет, па на Ник Дрејк...на таа „гитара глас култура“. Едно време слушав и електронска музика, онаа од 1970те во Франција , Груп де ресерч музикал на Лук Ферари, Бернард Пармеџиани...експериментални музичари од GRM центарот во Париз...од кој иако не се бавам со електронска музика многу научив бидејќи таа го има тој „негативен простор“ за кој зборувам, да не се пренапише туку да се одземе нешто. Тоа како во сликите на Рембрант, сите гледаат во ликовите а според мене, ајде и поправилно според вистинските познавачи се е до светлината. Никој не слика светлина како Рембрант. А тоа е негативниот простор. Тоа не го гледаш.

Потоа отидов во Америка, во Њујорк. Во Ист Вилиџ, „Тоник“ клубот на Џон Зорн во 1998 - 1999 година, беше на еден блок, на еден километар од мене. Таму имаше по три концерти секоја вечер...Сесил Тејлор соло, па дуо со Тони Оуксли, Еван Паркер, Силви Курвоазие, Марк Фелдман Села... Некогаш викаа и експериментални музичари од Токио како Мелт Банана, Мерсбау...некогаш свиреше дури и Бони Принс Били...мислам огромни музичари. Еден блок од мене. Тоа беше мојата едукација. Одев на специјализација, во 18 часот се враќам и ...ми преостанува да гледам три концерти. Тоа ми одговараше. Купуваш една карта од осум долари и цела вечер ти е исполнета. Во една недела успевав да видам 30 концерти на врвни, навистина врвни музичари. И, не само што ги гледаш туку и се дружиш со нив. Таму јас ги запознав луѓето. Меѓу концерти сите излегуваат надвор, пушат, пијат пиво...како овде во Ла Кања...и си разговараш.Правиш муабет со Бони Принс Били, со Џим О Рурк. Разговараш со Грег Коен, па после со Дејв Даглас... Тој те кани „утре имаме проба со МАСАДА...ако имаш време дојди!“. И, одиш и ги гледаш на проба. Во гаражата која е на две улици од тебе. И, така се враќаш дома и многу работи ти се демистифицираат. Јас тие имиња ги учев кога одев во „Баги шоп“ во Скопје. Им ги купував дисковите и знам како беа наредени. И си мислев „леле што е ова сега?!“. Така ти се разоткриваат нештата, се разоткриваш себе. Згора ние имаме и некоја димензија која никогаш не сме ја искусиле. Добиваме и нешто плус. Да не се правам сега некој тука, ќе ти кажам дека на истата оваа тема правам муабет со еден многу славен музичар во Њујорк и тој ми вели јас тебе повеќе те почитувам“. Го прашувам „зошто“ кога зад него е толку голема кариера, „тебе цел свет те слуша“, а тој ми признава „Јас сум роден во Америка, одев некаде, свирев...ама ти си дојден од Македонија, си го напуштил домот, фамилијата, си дошол тука...страшно. Има луѓе кои се родени и никогаш не го напуштиле Њујорк, Америка. Музичартите со кои свирам се од Бостон, Чикаго...тие од Њујорк за празници си одат онаму од каде што дошле. Но, сепак си се дома. Јас не сум дома. Кога си емигрант тоа е посебна димензија што тие не ја познаваат.Ние таму се чувствуваме како Џон Колтрејн и Орнет Колмен кога одеа во Стокхолм за да ги снимат албумите бидејќи поради расизмот во Америка тие не можеа да свират. Немаше услови за нив. Тоа сите го знаат и Америка до ден денес се срами бидејќи да не беа скандинавските земји ние никогаш немаше да ги откриеме Мајлс Дејвис, Колтрејн, Колман ...бидејќи тие почнаа да снимаат таму. Нивните први концерти се во Копенхаген.

Во Њујорк постоеше „Five Spot“ и некои свиреа во „Birdland“, но тоа беше како „фри аут џез“ за „црнци од Југот“. Ајде, ти се молам! Но, тие за жал така ги гледаа.

ПЕСНИ ВО ПРВО ЛИЦЕ

И, сега кога веќе се спомнати сите овие имиња, кога е направена некаква слика за музиката која влијаела на тебе, како Крсте Роџевски сето тоа го помина низ себе и стигна до својата песна? До музиката што ја потпишува со своето име и презиме.

Кога ги правам песните со англиски текстови мислам дека има некоја емоција која можам да ја осетам само јас или некој како мене, емигрант. Кога пеам, пак, на македонски јазик, кога ги правам песните со текст на мајчин јазик, ја гледам реакцијата на публиката. Тогаш едноставно се се стишува. Англиските текстови се тешки, психолошки. Не се тралалајки, али емоцијата која ја добивам е насочена. Можам да ја почуствувам јас кој сум поминал низ тоа и некои слични на мене, со слични искуства. Ги земам сите тие примеси, влијанија од сите тие музичари што ги кажавме, експериментални музичари, џезери, електронски музичари... ама тогаш се добива некоја емоција која многу малку луѓе можат да ја осетан, не поради тоа не се толку музички образовани, наслушани...туку поради животното искуство, начинот на кој се живее, каде живеат. Едноставно не поминале низ некои животни моменти низ кои јас сум поминал. Од таму, се согласувам со тебе дека ако сакам да допрам до што поширок круг на луѓе ќе треба своите песни да ги пејам на македонски јазик бидејќи таа констелација, тој преплет на англиско-македонски е за многу малку луѓе кои имаат иста историја, на пример преселување, миграции, комбинација на македонски и англиски јазик...Во англиските текстови има моменти на македонски јазик но тоа американците, странците воопшто, не можат да го почувствуваат бидејќи не го знаат македонскиот јазик, а македонските слушатели исто така бидејќи не го знаат потполно тој „американски момент“.

За ова веројатно најилустративниот пример веројатно би била песната „Eye of the Soldier“ или „Горно Дупени“.

Баш така. Таа е одличен пример бидејќи јас „Eye of the Soldier“ ја напишав за ослепените самоилови војници од Византија кои се враќаат дома и поминуваат низ преспанските села со преубави имиња, низ Дрмени, Асамати, Горно Дупени...Покрвеник. Си реков морам да напишам песна. Ја напишав на англиски. Ја свиревме и убаво помина во Америка, ја засакаа...меѓутоа како да ми немаше нешто. И, си велам аха овде нешто фали. Јас ова морам да го напишам на македонски. Да го препеам. Гледам Томика свири чело, меланхолична песна, нешто како Бродвеј, танго, петка...се занимаваат со ритам, се занимаваат со композиција а не со суштината. Тие никогаш не слушнале приказна дека 14000 војници биле ослепени и дека на секој 100 му било оставено едно око да ги води дома...во Охрид. Ние тоа го знаевме во второ оделение. За Цар Самоил ти раскажувале дедо ти, татко ти...Тоа е грозоморно. Американците за еден напад процесираат милион информации пошто се млада нација. Добро ја имаат тиe Граѓанската војна или онаа во Виетнам... но многу поинаку ја сфаќаат песната. Јас кога ја отсвирив имаше добар одзив, одлични критики во списанијата, меѓутоа фалеше нешто. И, седнав и си реков јас мора нешто да сторам. Кога ја напишав „Горно Дупени“ на македонски се затвори кругот. Почувствував дека ја пејам јас. Оваа другата ја пееше Крсте или Крис кој зборува и пишува на англиски. А, во „Горно Дупени“ сум јас, оној од битолските сокаци, од Горно Дупени, истиот чиј дедо е закопан таму, момчето што ги слушало РАСПЕАНИ РЕСЕНЧАНИ и јадело во лето црници и џомлезе. На оној кому тоа му се случило... А англиската верзија беше „што ако“. Затоа во онаа на мојот јазик велам „е сега јас ќе ви раскажам што ми се случува мене“. Таа е во прво лице. И, тоа публиката го чувствува. На два пати во Америка ја пеев на македонски „Горно Дупени“ и луѓето некако потопло реагираа од обично.

Овде доаѓаме до прашањето кој пат да се одбере. Дали треба прилагодување на правилата на пазарот, на дискографската индустрија, или можеби човек да се труди да остане свој, оригинален?

Не можеш на американците да им продаваш „ноис“ или елементи од музиката на 1990, она што го правеле НЕЈКЕД СИТИ . Види, јас за продуцент го имав Бил Ласвел, еден маг во современата музика, ги имав и музичарите кои се образувани на една поинаква музичка традиција и се е тоа добро да подобро и не може да биде. Оние „македонски парчиња“ на „Hubris“, „Сулејман“ и „Аир да не видиш мајко“ се снимени случајно, на проба. Ги пробувавме микрофоните. Бил ми рече, ајде те молам пробај ги микрофоните, пеј нешто, отпеј нешто традиционално...и јас почнав. Пеев, тој не ме прекинуваше и... на крај ми вели ова иде во песна, на плоча. Веднаш. Бил е човек што свирел со многу луѓе. Такви се и музичарите што работат со него, и овие што свират подолго време со мене...ама кога нешто ќе излезе ги допира на начин на кој што треба.

ЗА ПОСВЕТЕНОСТА И „ЗАКЛУЧЕНАТА ВРАТА“

Веројатно не може а да не ја почувствуваат искрената емоција и онаа нитка на посебност, па ако сакаш и оригиналност што избива од тебе кога си на своето, цврсто тло. Различноста што провоцира.

Така излегува. Ласвел, кој патем долги години соработувал и со африкански музичари и бил во Етиопија и таму имал неколку проективо тоа време го продуцираше и албумот на МАСТЕРС ОФ ЏУЏУКА од Мароко. И, ова некако му легна. Се поврза. Истото се случува и кај нас со ОФФест. Доаѓаат артисти од африканскиот континент, од Италија, Шпанија, Португалија, од Бразил...пеат на нам непознат јазик, но емоцијата сите не допира. Публиката е презадоволна. Еден збор не разбира ама не го крие воодушевувањето. Од мелодијата, од ритамот.

Проблем на македонските музичари во минатото беше што исклучително се занимаваа со техниката. Беа главно посветени на брзината и вештината. Независно дали свират гитара, саксафон, тапани... Ќе излезат на сцена, ќе солираат, солираат... и сите ќе речат браво. Добар концерт. И, толку. Имам впечаток дека не секогаш се бавеле со она што треба. Со едноставноста, со емоцијата. А, го имаме ние тоа. Сега ме радува сознанието дека стасува нова генерација на музичари кои ги има сите предуслови за напредување, но веќе ме предупредија дека им недостасува една значајна работа, посветеност. Да стои моментот дека треба да се преживее овде и сега, но не верувам дека може секаде да се оди дека мора да те платат 50 евра од свирка оти треба да се платат сметки. А, Кени Волесен и сите други што ги спомнавме во Америка свират концерти по 50 долари, за два сендвичи...ама се посветени. Точно е дека тие таму ќе имаат повеќе настапи, но парите ги прават на концертите кога ќе дојдат во Европа а не во Америка. Види тој може да биде тапанар на Бродвеј, да зема убава плата, ама ќе биде несреќен. Нема да го има тој „еџ“, таа „ивица“. И, тоа кај нас фали „посветеноста“. Затоа муабетите дека нам во Америка ни е лесно не држат вода. Ова ќе го кажам со 100 процентна гаранција: Музичарите во САД, во Њујорк живеат многу поскромен живот од било кој музичар во Македонија. Со многу помалку пари, без здравствено осигурување... овде зборувам за луѓе што веќе се докажани. Не за почетници туку за некои чии имиња се на над 20 албуми, артисти кои имаат договори за куќи како Blue Note или Impulse. Мнозина од нив, од оние што ги гледаме како ѕвезди на СЏФ и другите џез фестивали, освен што немаат здравствено и пензиско осигурување, немаат ни свои станови туку живеат во изнајмени простори со по неколкумина цимери.

На твоите четири албумски објави се појавуваат врвни американски музичари и продуценти, инструменталисти за кои некогаш си можел само да сонуваш дека ќе се најдеш во нивна близина. Сепак, кога веќе тоа е реалност, како гледаш на таквиот след на настаните. Се прашуваш ли понекогаш дека тие можеби колку што и дале на твојата музика, можеби и нешто и зеле, ја одвеле во друг правец, ја изместиле од суштина иницијалната емоција и мелодија.

Сите овие соработки почнаа како пријателства. Сме се дружеле на седенки и забави, заедно сме биле во публиката на концерти... и некако се* се случи спонтано, без посебни молби. Албумите, сесиите за снимањето на материјалот за секој од нив, беа само продолжување на она што претходно се случуваше. На дружбата. Томека Рид, Мери Харлворсон, Томас Фуџивара... па и Бил Ласвел, јас ги чувствувам толку блиски како некои мои пријатели и другари од Битола. Тие ги знаеја моите песни, материјалите претходно беа снимени, на нив им додадоа многу нешта, парчиња од својата виртуозост и имагинација, но...сега, откако почнав да свирам соло концерти, гледам дека и нешто им одзеле. Одзедоа во смисла на тоа дека тоа е сепак некоја њујоршка американска естетика експериментално во моите песни. Независно дали притоа тоа ќе бидат по експонирани басот на Бил или гитарата на Мери...тоа некако ја прави емоцијата крајна и малце по искривена. Тоа Мери го прави најдобро меѓутоа нејзината естетика е поразлична. Арно ама благодет е да се соработува со неа. Кога таа на некои места ќе ги стави тие две ноти, на пример како во „Горно Дупени“, тие две ноти мене целата песна ми ја прават. Тоа се две жици, две ноти кои не знам од каде ги извади, но тоа за мене е врв. Таквите моменти на соло концерт јас не можам да ги имам. Ама, од друга страна, кога на соло концерт ќе ја изведам „Горно Дупени“ и челото на Томика не е напред, луѓето не се дистанцираат од емоцијата. Томика Рид е брилијантна и кога свири таа го впива сето внимание. Е, арно ама тогаш ја снемува сржта, ја снемува мојата, нашата емоција во „Горно Дупени“. И на присутните навистина ќе им треба време да и се вратат на третата строфа. А, кога свириш соло концерт вниманието е насочено на самата песна, на стиховите, зборот те држи, вратата е заклучена и нема кај да одиш. Мора да се соочиш емоцијата. Овде и сега. И, збирно речено, тие мои драги американски пријатели музички не му одзедоа ништо на мојот материјал, на моите песни. Скраја да е речам дека тој е „полош“. Не ги расипаа композициите, туку само направија мали, ситни дистракции. Ги однесоа на своите воденици, ги поминаат и низ своите води.

Така реагираат посебно луѓето коишто се занимаваат со музика како технички момент. Сите ги слушаат солата на Мери Халворсон и коментираат - „па ова не е толку виртуозно“. Мери може да отсвири соло да не знаеш кај ти е главата, но тоа не е нејзиниот начин на свирење. Таа повеќе сака нејзината изведба да биде под влијание на Бил Фризел отколку на Алан Холсворт. Според мене она што го прави Фризел е најдобар начин на „restrained“ гитарско свирење каде не ставаш премногу ноти. Тој ќе понуди само три или четири ноти и луѓето се слеваат во нив. Јас би сакал во животот да ми се случи тој момент кога публиката толку ќе се смири од мојата песна, како што тоа го прави Бил Фризел кога го слушаш во некој клуб во Њујорк. Јас мислам дека ние тие емоции не ги процесираме со кортекс, со сива маса. Сето тоа е во лимбичниот систем, во базалните ганглии... не го опишуваш само знаеш дека е убаво. Како некоја универзална вистина. А, ова е тоа...не знам зошто ама... И, тоа што велат луѓето, „јас не сум едуциран музички за сето ова“...„За џез, на пример“. Нема врска. Ако емоцијата постои ти ќе ја почувствуваш. Не мора да си доктор на науки по уметност. И, да си од село Новаци, ако Фризел отсвири како што треба... ќе речеш „ова е добро“.

НЕМАМЕ НИШТО ОСВЕН СЕЌАВАЊА

А, како Крсте Роџевски ги пишува песните. Стиховите, музиката. Дали се тоа моменти на осаменост и игра со емоциите? Постои ли свесност за јазикот, за минатото и сегашноста, за поднебјето од каде доаѓаш и каде имаш намера да талкаш?

Јас песните ги пишувам по сеќавање. По мемории. Што вели еден мој колега, ние ништо немаме освен сеќавање и мемории бидејќи моментот е само трепет. Овој разговор што сега го водиме полека станува сеќавање, меморија. И, тие сеќавања понекогаш знаат да бидат погрешни. Да имаме носталгија за работи што не се случиле. Идеализираме работи, девалвираме работи. И, кога пишувам музика обично седнувам и свирам. Свирам што ќе ми дојде на памет. Си свирам за мене. Песни од различни композитори, мои постари, понови, народни... И едно време ќе ми дојде нешто како слика. Дали ќе биде тоа улица, дали ќе биде некој момент, сон што сум го имал претходно. И почнува да ми доаѓа текстот. Како приказна. Ја гледам сликата и почнувам да правам музика како сеќавање, како саундтрек на тоа што ми излегува. На пример, еве за „Горно Дупени“... дали се тоа бавчи, јаболка, воденица покрај патот, како се движам со колата по него... и тоа само си тече. Текстовите за тие песни обично се раѓаат за еден сат. „Кркардаш“ ја напишав за 30 минути. Ова не е преувеличување. Излета како стрела од мене. Само ја напишав. И, до ден денес се прашувам како е тоа можно. Кај беше сето тоа скриено. Слегувам долу во себе и едноставно раката си се лизга по хартијата. Кога и се навратив на песната само два-три збора пречкртав... се друго си остана. Сите мислат дека песната е напишана од перспектива на Кркардаш, од кај манастирот на ридот, ама вистината е дека излезе на мојот балкон на деветтиот кат од каде, пак, добро се гледа сето тоа. Бев таму сам, десно се гледа Кркардаш, лево е Пелистер, дува ветар од Јени маало, топло е... Тоа мене ми се случило, не морав да го измислувам. Ништо не е пренапишано. А, луѓето како да се плашат од тоа. Пишувај и напиши го она што ти доаѓа на памет. Ист е случајот и со „Горно Дупени“. Гледам слики пред себе и правам акорди, правам музика врз нив, и песната ќе си дојде сама по себе. Се* ќе си се спои.

НЕСИГУРНОСТ, ЕВТИНИ РИМИ И ВРАЌАЊЕ НАЗАД

Колку од Македонија Крсте Роџевски однесе во Америка? Го убива ли понекогаш носталгијата и желбата да се дојде дома?

Мислам дека моето преселување во Америка ми помогна многу во осознавање на самиот себе. Генерално македонските печалбари се многу уплашени. Сме биле уплашени. Мора да имаш сигурност во себе за да напишеш збор како џомлезе. Него да го ставиш во текст од песна, на албум. Тој збор што ќе го кажеш ако има некоја селска конотација ќе ги натера сите да бегаат од него. А, кога ќе се свртиш, кога ќе ја надминеш таа бариера, ќе си речеш – да бе, јас сум тој. Сум јадел џомлезе, сум јадел ајвар, имам волнени чорапи што ми ги исплетила баба ми... зарем треба да се срамам од тоа. Премногу ноти е несигурност. Премногу зборови е несигурност. Евтини рими е несигурност. Сево ова го има во песната „Туѓ срам“ што допрва треба да ја снимам, а веќе стана концертен фаворит. Таму пеам: Околу тебе само реалност. Се прашувам нели ти е досадно од евтини песни и благи фетиши, слатко од смокви и најлон мидери.

Јас кога ќе се потсетам на моите први пет – десет години во Америка се замислувам како оние големи луѓе што не си ја знаат снагата. Богатството од дома што го понеле со себе. Првите години бев и премногу зафатен со администрација, со преселување, станови, специјализација... Работев во болница по 80 часа неделно. Немав време за музика. Паузирав едно десет години. Не свирев ни гитара. Бев во машината наречена специјализација по медицина во САД. А, тоа не е мала работа. Секој трет ден спиев во болница и едноставно немав сознание што носам во себе. И, кога завршив со сето тоа, кога почнав да се бавам со музика малку повеќе, и не само како гледач туку како творец, како уметник, полека стигнав до себе – еј чекај па јас ги имам овие адути, зошто до сега не сум ги користел? И, нештата, стиховите, музиките започнаа да си излегуваат од мене – гледав како на нив реагираат луѓето. Бев на една седенка, седум – осум поднапиени луѓе, сите врвни музичари, и нешто се свири. И, така некој предложи да се свират песни од младоста што биле автентични за нивното раснење. Од нивниот роден град, државата од кај што доаѓаат. Прво се свиреше нешто од Бостон, па од Чикаго и некој ми вели: Крсте, ај нешто отсвири и ти! И, ја почнав „Збогум мила дојде време!“ ... и уаууу... гледам има убава реакција. Не измислував топла вода. Ја свирев како што се свири, бидејќи тие песни останале со години... Наједноставно. Таа песна одамна го поминала тестот на времето. Некои работи стареат добро, некои многу лошо. Тогаш сфатив какво богатство носам во себе... дека дотогаш и не сум си ја знаел снагата. И, си реков а зошто да не го искористам тоа.

И, после реши на секој свој проект, на албумите од трилогијата и на „Hubris“ да се најде дел или барем емоција од тоа благо што си го понел со себе во светот.

Баш така. А, на „Batania“ и целосно. Тој албум е долг кон моите баби, дедовци, кон пријателите, кон се* што оставив зад себе кога заминав. Како плаќање на данок на таквиот чин. Но, морам да кажам дека по толку време како повторно да се враќам на почетокот. Така сакам да го затворам кругот. Имено, за време на пандемијата кога сите бевме приземјени, заковани за местата каде што сме се нашле, кога и патувањата станаа кратка радост, имав можност да соработувам со некои музичари од Чикаго и тој проект очекувам да излезе здравје догодина. На него повторно ќе се најдат еден грст песни со македонски елементи во песните. Со таа емоција. Значи „Batania“ беше долг, се оддолжив, па малку експериментирав со други естетики, малку џез, па дури и со хард-кор елементи во „Hubris“ ... и сега си се враќам назад. И тоа нема да биде долг, туку пристигнување на истото место.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG