Достапни линкови

„Кајмак“ на Манчевски почна да се „крчка“ на скопската врелина


Започна снимањето на „Кајмак“ на Милчо Манчевски фото: Маја Аргакиева
Започна снимањето на „Кајмак“ на Милчо Манчевски фото: Маја Аргакиева

Во наредните пет недели, на локации низ Скопје, ќе се снима „Кајмак“ седмиот долгометражен филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Станува збор за „црна комедија, или среќна трагедија и за безмилосна критика на лицемерието“ во европска копродукција.

Почнавме да снимаме, се крева Кајмакот!

Ова радосно ќе го споделат со публиката, режисерот Милчо Манчевски и членовите на неговата бројна екипа која на +40 степени во Скопје, ова пост-ковид врело лето, започна со реализацијата на својот нов проект.

Од таму нималку нема да чуди што во дополнение на своето обраќање тој за медиумите и со изјава: „Лето е преубава работа. Жешко лето е уште поубава. Жешко лето кога се снима најубава. Со ваков супериорен актерски тим и топ екипа му нема крај на меракот.“

Инаку, Филмот ќе се снима пет недели на локации низ Скопје, поточно во населбите Козле, Автокоманда, Центар, Лисиче... и секаде каде што ќе ги видите и ќе си поставувате бројни прашалници во стилот „што прават овие луѓе-сенки сега и овде ова изгор лето?“.

Манчевски на снимањето на „Кајмак“ фото: Маја Аргакиева

А, како одговор на таквите и слични прашања, барем додека не биде сторено снимањето и узреан Кајмакот, она што сценариостот и режисерот Манчевски неодамна го кажа како појаснување за своето ново авторско дело.

Кајмак е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот на филмот. Филмот е безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината. Се радувам како летен ден, затоа што после сета напорна работа сега почнуваме да правиме убава уметност, ама уште повеќе затоа што работиме со талентирани професионалци, кои се и добри луѓе. Животот е прекраток за да работиш со лоши луѓе“, рече тогаш Манчевски.

А, ваквата сторија со својата игра треба да ја раскажат, да ја исправат на платното, актери како Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Инаку, „Кајмак“ е европска копродукција во која поголем дел од финансиите доаѓаат од странство - 52 проценти им припаѓаат на филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија, а 48 проценти се од Македонија (од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија).

Актерката Камка Тоциновски во сцена од „Кајмак“

Ко-продуцент е Македонската Радио Телевизија, а филмот доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж, што се смета за „огромна потврда за вредноста на проектот“. Од таму сосема нормално е што во екипата се вклучени и филмски работници од Англија, Италија и од соседна Србија.

Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, која важи за една од најискусните холандски продуцентки, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчер во мракот“ на Ларс Фон Трир и „It's All About Love“ на Томас Винтерберг... и други. Хрватски копродуцент, пак, е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската Скала Продакшнс, а македонски продуцент на филмот е Банана филм, а „Кајмак“ најдиректно ќе го продуцира Јане Ќортошев.

Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен од Данска, кастинг директор Милка Анчевска, а костимограф Жаклина Крстевска.

Крсте Роџески и Петар Мирчевски на снимањето на „Кајмак“ фото: Маја Аргакиева

И малку тривиа, но несомнено паметен потег. ИменоМилчо Манчевски додека го работел сценариотот и во главата го вртел филмот решил да го задржи оригиналниот збор, па англискиот наслов е „Kaymak“. Партнерите, пак, насловот го доживуваат како интересен, нов збор што го научиле и како мистерија што дополнително треба да се открива, слично на класичните филмски остварувања како „Е.Т.“ или „Кагемуша“, на пример.

И, малку потсетување. „Врба“, шестиот игран филм на Манчевски ја доживеа премиерата на Римскиот филмски фестивал, а потоа беше прикажан на уште 30 меѓународни манифестации и освои пет значајни награди ( на фестивали како Рејнденс, Синеквест, Валенсија, итн), Европската филмска академија го вброи во потесниот избор на филмови за награда во 2020, а „Врба“ беше и македонски кандидат за Оскар. Филмот собори рекорди на гледаност во Македонија, а од неодамна е продаден за дистрибуција во САД, каде наскоро ќе има и ДВД издание. Тој се прикажува и на популарните глобални телевизиски канали Синемакс и Ејч-Би-О.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG