Достапни линкови

Вести

Белорусија забрани опозициска телевизија означувајќи ја како екстремистичка

Новинарите на белоруската телевизија Белсат

Судот во Белорусија го означи телевизискиот канал Белсат како екстремистички што се смета за уште една постапка насочена против медиумите и граѓанското општество. Телевизијата Белсат е основана во Полска. Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека парични казни или затвор може да добие секој кој споделува информации од Белсат, медиум кој е популарен извор на вести кај оние кои се против владењеето на долгогодишниот белоруски политичар Александар Лукашенко.

Судот нареди блокирање на интернет страницата на Белсат и нејзините канали на сите социјални мрежи. Лукашенко месецов се закани дека ќе ги „исчисти“ активистите, медиумите и граѓанското општество во земјата, акција која следува на годишнината од спорните претседателски избори на кои тој победи што предизвика протести.

Според Вјасна, центар за човекови права кој и самиот беше цел на белоруските власти спроведени се повеќе од 200 претреси во канцеларии и домови на активисти и новинари. 27 новинари во моментов се во притвор, дел од нив чекаат судења, а дел ги отслужуваат казните. Меѓу нив се две новинарки на Белсат, Катсиарина Андреева и Дарија Чулцова, кои се осудени на две години затвор во февруари за нивното известување од протестите.

види ги сите денешни вести

Заев очекува исчекор во односите со Бугарија по изборите таму и во Македонија

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска рече дека очекува исчекор во односите со Бугарија по завршувањето на локалните избори во Македонија на 17 октомври, како и парламентарните избори во Бугарија кои треба да се одржат на крајот на ноември.

„Очекуваме зелено светло во Бугарија, се надевам час поскоро, најскоро во декември да може да го направиме следниот получекор – првата меѓувладина конференција“, рече Заев, додавајќи дека потоа следува скрининг процесот, па отворањето на кластерите.

Тој повтори дека градењето пријателство треба да оди билатерално, сите следни чекори што ќе ги преземаме ќе бидат со давањето поддршка од страна на Бугарија кон Македонија за нашиот европски пат.

Заев рече дека со блокадата на македонските евроинтеграции, Бугарија го прекршила договорот за добрососедство меѓу двете земји.

„Сега можеме да живееме ние со блокадата уште 27 години, како што беше со Грција. Тоа зависи како ќе одлучиме сите ние, или како што ни кажува нашиот народ, барем по истражувањата и тоа што стои, мудри политики водејќи грижа за целокупното достоинство на македонскиот народ, почитувајќи ја историјата, изнаоѓајќи ги европските начини како да продолжи нашата земја да се движи кон европското семејство заради европските вредности“, истакна премиерот Зоран Заев.

Нови 392 случаи на коронавирус, 17 починати

Илустрација

Во изминатото деноноќие се регистрирани 392 случаи на коронавирус во Македонија, а 17 луѓе починале од вирусот, информира Министерството за здравство. Направени биле 4.633 тестирања.

Најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје – 180, Куманово 32, Кавадарци 20, Битола 18, Кочани 17, Прилеп и Велес по 16, Кичево 14, Тетово, Охрид и Штип по 11, Гевгелија и Крива Паланка по 7, Кратово 6, Радовиш и Валандово по 4, Ресен и Пробиштип по 3, Гостивар, Струмица, Делчево и Виница по 2 и во Неготино, Дебар, Берово и Демир Капија по еден нов случај.

Регистрирани сe 339 оздравени пациенти.

Починатите се на возраст од 46 до 98 години.

Дополнително се пријавени уште три лица починати со ковид-19 од 12 до 22 септември.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 189.551 бројката на оздравени пациенти е 170.734, на починати е 6.577, а бројот на активни случаи изнесува 12.240.

Индија наредниот месец ќе извезе осум милиони вакцини против коронавирус

Вакцини против коронавирус на Џонсон и Џонсон

Индија до крајот на октомври ќе извезе осум милиони дози од вакцината против коронавирус, откако ја укина забраната за извоз на вакцини, соопшти тамошното Министерство за надворешни работи.

Премиерот Нарендра Моди тоа го ветил и на вчерашниот Самит на лидерите на САД, Индија, Австралија и Јапонија што се одржа во Вашингтон.

Најголем дел од вакцините на производителот Џонсон и Џонсон ќе бидат наменети за земјите во азиско-пацифичкиот регион.

Индиските власти оваа недела ја укинаа забраната за извоз на вакцини, зашто во Индија се намали бројот на заболени и починати од коронавирусот, а вакцинацијата е забрзана.

Индија е еден од најголемите светски производители на лекови. Земјата соопшти дека до крајот на наредната година ќе испорача една милијарда дози од вакцините против коронавирус, но испораките без запрени во мај поради растот на бројот на заразени и починати во земјата.

Околу 47 отсто од населението во Индија примило барем една доза вакцина, а 16 отсто ги примиле двете дози.

Распуштена организацијата во Хонгконг која го организира одбележувањето на убиствата на Тјенанмен

Демонстрант стои пред тенковите на плоштадот Тјенанмен во Пекинг во 1989 година

Организација од Хонгконг, која го организира годишното бдеење на 4 јуни во знак на сеќавање на демонстрантите убиени на плоштадот Тјенанмен во Кина во 1989 година ќе се распушти, откако се соочи со обвиненија поврзани со национална безбедност.

Тоа е најновата од десетици граѓански организации кои се повлекоа во изминатата година, откако Пекинг го воведе законот за национална безбедност во Хонгконг.

„Верувам дека луѓето во Хонгконг, без разлика која е нивната улога, ќе продолжат да го одбележуваат 4 јуни како претходно“, изјави Ричард Цои, секретар на организацијата Хонгконшка алијанса за поддршка на патриотските демократски движења во Кина.

За распуштање на организацијата гласале 41 нејзин член, а четворица биле против, рече Цои.

Хонгконг традиционално го одржува најголемото годишно бдеење во светот на 4 јуни, иако полицијата ги забрани последните два настани поради загриженост од ширењето на коронавирус. Кина ги забранува комеморациите и ја цензурира темата.

Кина никогаш не даде целосен извештај за сузбивањето на протестите во 1989 година. Властите подоцна соопштија дека имало околу 300 жртви, но организациите за човекови права и очевидци велат дека можеби биле убиени илјадници луѓе.

Пекинг во воведе контроверзниот закон во Хонгконг пред една година, по што ги затвори или протера најголемиот број од продемократски политичари.

Поранешната британска колонија е дел од Кина, но е управувана според принципот „една земја, два система“, што значи дека градот има сопствен правен систем и права, меѓу кои и слобода на говор и слобода на печат.

Српски борбени авиони ја надлетуваат административната граница со Косово

Илустрација: Полицајци на ЕУЛЕКС во близина на Звечан

Косовските Срби шести ден по ред протестираат незадоволни од распоредувањето на специјалните полициски сили на граничните премини Јариње и Брњак и одлуката на Приштина да ги замени српските регистарските таблички. Како што објави РТС, два авиони на Војската на Србија во два наврата околу пладне прелетаа над областа во близина на административниот премин Јариње, како и попладнево уште еднаш.

Појавувањето на авионите предизвика аплауз од насобраните, кои извикуваа „Србија, Србија“, објави РТС.

Во изминатите неколку дена, над областа кај Јариње прелетаа и хеликоптери на Војската на Србија.

„Од четврток, три хеликоптери МИ-35 ќе ја надлетуваат областа веднаш до административната линија во близина на преминот Јариње од страна на централна Србија“, потврдија вчера од Министерството за одбрана.

Српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, изјави дека МВР и неговите единици и Војската на Србија се подготвени да одговорат на секоја ескалација, но и дека ќе сторат сè за да избегнат какви било конфликти и сè да биде мирно, нагласувајќи дека вооружените единици на Приштина мора да се повлечат од северот на Косово.

„Србија има право со хеликоптери да го контролира секој дел од нејзината територија до административната линија, и тоа се наши редовни активности. Се разбира, сега нашиот интерес за таа област дополнително се зајакна и загрижени сме што вооружени луѓе стојат спроти невооружени цивили“, изјави министерот Вулин во утринската програма на ТВ Прва.

Ноќеска биле запалени објекти во Зубин Поток и Звечан на северот на Косово. Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини Србија дека ги користи косовските граѓани за да предизвика сериозен меѓународен конфликт.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред пет дена по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

Најмалку осум загинати во експлозија на автомобил бомба во Могадишу

Самоубиствен бомбашки напад во Могадишу

Најмалку осум луѓе, меѓу кои две деца, денеска загинаа во Могадишу во експлозија на автомобил бомба на контролен пункт во близина на претседателската палата, соопшти сомалиската полиција.

„Потврдено е дека осум луѓе, главно цивили, загинаа, а седуммина се ранети во експлозија на бомба во автомобил“, наведе полицијата.

Самоубиствениот напад се случил претпладнево на контролен пункт на еден километар од претседателската палата.

Очевидци рекоа дека возилото експлодирало додека му приоѓале стражарите на контролниот пункт.

Одговорноста за нападот ја презедоа џихадистите од организацијата Ал Шабаб, која се формираше во 2000 година по спојувањето на неколку сомалиски исламистички организации и Ал Каеда.

НАТО Центар за поддршка ќе им помага на домашните компании да учествуваат на тендери на Алијансата

Илустрација

Преку НАТО Центар за поддршка на домашните компании што од денеска ќе функционира во Министерството за одбрана, фирми од земјава ќе може да учествуваат на тендери за потребите на Северноатлантската алијанса, кои на годишно ниво изнесуваат 5 милијарди евра.

Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција во Министерството за одбрана истакнаа дека преку центарот компаниите имаат можност да учествуваат во постапките за набавките на НАТО и земјите членки.

„Членството во НАТО ни овозможи сигурност на безбедносен план, но носи и големи придобивки за економијата. Компаниите можат да аплицираат и да заработат од вкупниот буџет од 5 милијарди евра. Нашите компании се рамноправни со другите фирми од земјите членки на НАТО и пред нив има огромни можности за заработка“, истакна Заев.

НАТО Центарот за поддршка ќе биде точка од која компаниите ќе ги добиваат сите информации за учество на тендерите. Тој, како што наведе Заев, нема да биде само бирократска алатка туку алатка која ќе им помага на фирмите.

Шекеринска, пак, порача дека во НАТО центарот домашните компании ќе имаат поддршка, не само административна, туку и за успешно аплицирање на тендери и поврзување со светските гиганти кои веќе имаат договори со НАТО-агенциите, а имаат потреба и од добавувачи.

Курти по палењето објекти во северно Косово - Србија провоцира сериозен меѓународен конфликт

Центарот за регистрација на возила во зградата на Општина Зубин Поток

Косовскиот премиер Албин Курти, по повод синоќешните напади на објекти во општините со мнозинско српско население, Зубин Поток и Звечан, ја обвини Србија дека ги користи косовските граѓани за да предизвика сериозен меѓународен конфликт.

Курти на својата страница на Фејсбук напиша дека овие акти се дело на криминалци и дека е „јасно оти тие се поттикнати и поддржани од Србија, односно од тамошниот автократски режим“.

„Поединци или групи на кои владеењето на правото и јавната безбедност им ги загрозуваат криминалните активности ја напаѓаат нашата држава и го загрозуваат мирот. Јасно е оти тие се поттикнати и поддржани од Србија, односно од тамошниот автократски режим. За жал, пред очите на меѓународната заедница, Србија користи граѓани на Косово за да испровоцира сериозен меѓународен конфликт“, напиша Курти.

Тој порача дека таквите напади нема да се толерираат и ги повика граѓаните да останат спокојни и да соработуваат со институциите.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља денеска информира дека синоќа по полноќ е запален Центарот за регистрација на возила, кој се наоѓа во објектот на општината Зубин Поток, а нападнат е и Центарот за регистрација во Звечан.

Во објава преку својата страница на Фејсбук, Свечља оцени дека станува збор за „криминални акти со терористички елементи“.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред пет дена по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

Пожар и подметнат експлозив на северот на Косово

Центарот за регистрација на возила во зградата на Општина Зубин Поток

Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља денеска соопшти дека непознати лица претходната ноќ го запалиле Центарот за регистрација на возила во зградата на Општина Зубин Поток, а дека со експлозив е извршен напад врз Центарот за цивилна регистрација во Звечан.

КоССев пренесува дека Свечља на Фејсбук напишал дека тие кривични дела имаат „терористички елементи“.

„Овие кривични дела најдобро покажуваат што би се случиле на граничните премини Јариње и Брњак да не се присутни Специјалните единици за обезбедување на редот и сигурноста“, напиша Свечља.

Тој исто така ги повика жителите на северот на Косово да ги почитуваат законите и да не дозволуваат да бидат манипулирани од оние кои имаат „материјална користи само благодарејќи на тензиите“.

Косовските медиуми претходно објавија дека бомбата на регистрацискиот центар во Звечан наводно ја фрлиле Срби „кои не прифаќаат реципроцитет за регистарските таблички“.

Денеска е петти ден од блокадата на Србите од северно Косово на патиштата кај Брњак и Јариње поради одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки.

Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

Српскиот патријарх Порфириј денеска стигнува во Црна Гора за устоличување на епископот Методиј

Патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј

Патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј денеска пристигнува во Црна Гора, каде што треба да го устоличи епископот будимљанско-никшиќки Методиј, во манастирот Ѓурѓеви ступови кај Беране.

Свечениот дочек на Порфириј е закажан за 17 часот пред манастирот, а чинот на устоличување за в недела во 9 наутро.

СПЦ и Епархијата будимљанско-никшиќка ги повикаа верниците да присуствуваат на тој чин.

Методиј на чело на епархијата ќе го наследи доскорешниот еписокп Јоаникиј, кој на 5 септември во Цетиње беше устоличен за митрополит црногорско-приморски на СПЦ.

Чинот на устоличување на Методиј и најавата на тој настан не е проследен со тензии, како на почетокот на септември, кога Јоаникиј беше устоличен на Цетиње со демонстрации и силно противење на граѓаните.

Неколку илјади граѓани тогаш го блокираа Цетиње во обид да го спречат устоличувањето, зашто на СПЦ гледаат како на негатор на црногорскиот идентитет, нација, држава, јазик и култура.

Со висок безбедносен ризик, устоличувањето се изврши во Цетињскиот манастир во кој патријархот Порфириј и митрополитот Јоаникиј беа донесени со воен хеликоптер под силна полициска заштита.

Претходно, полицијата со солзавец ги разби демонстрантите, а ви судирите беа повредени 60 полицајци и демонстранти.

Медицинскиот факултет во Белград прв воведе ковид-пропусници во Србија

Илустрација: Тврдината Калемегдан во Белград

Студентите, наставниците, соработниците и ненаставниот кадар на Медицинскиот факултет во Белград, додека трае актуелната епидемиолошка состојба, ќе можат да влезат на факултетот само со ковид-пропусница.

Управата на Факултетот, повикувајќи се на одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести, усвои документот според кој услов за присуство на часовите и вршење на други активности на факултетот е „отсуство на знаци и симптоми на акутна респираторна инфекција и треска“, доказ за целосна имунизација, доказ за прележана болест ковид-19, серолошки докази за постоење на антитела или ПЦР тест не постар од 72 часови.

„Непочитувањето на наведените мерки повлекува одговорност пропишана со законот, подзаконските акти и општи и индивидуални акти на факултетот“, се наведува во документот усвоен на седница на наставно-научниот совет на Медицинскиот факултет во Белград.

Премиерката Ана Брнабиќ во Њујорк изјави дека темата за воведување на корона пропусниците во Србија сè уште е „на маса“ и рече дека нешто повеќе од 53 отсто од населението во Србија е вакцинирано.

„Темата за ковид пропусниците сè уште е на маса, за која, како што зборував овде во Њујорк, се користи за да се мотивираат младите да се вакцинираат. Ова не е мерка што ќе нè заштити од заразување, бидејќи може да се заразите и надвор, но тоа е мотивирачка мерка. Затоа апелирам, ве молам, верувам во граѓанска солидарност“, изјави Брнабиќ.

Бајден домаќин на Самитот на „Четворката“ со поглед на Кина

Поглед на Овалната соба во Белата куќа

Американскиот претседател Џо Бајден вчера во Белата куќа им беше домаќин на лидерите на Австралија, Индија и Јапонија за да го зацврстат сојузот во подем, познат како Четворката (Квад), кој има заедничка загриженост поврзана со Кина.

Самитот на нагласи потребата за слободен, стабилен и отворен Индо-Пацифички регион.

Иако Кина не беше спомената во јавните забелешки од четворицата лидери, се очекуваше Пекинг да биде на врвот на агендата, со оглед на тоа што Вашингтон го обновува својот стратешки фокус на Индо-Пацифичкиот регион.

Лидерите на Квад претходно годинава одржаа онлајн средба, но ова е прв собир во живо.

Бајден, кој често зборува за борбата на демократиите против автократии во Русија и Кина, на состанокот кажа дека Четворката е на фронтот на многу глобални предизвици.

Формулацијата „слободен и отворен Индо-Пацифик“ навестува заедничка загриженост за зголеменото кинеско економско и воено влијание во регионот, особено за слободата на пловидба и за воената експанзија на Пекинг во Јужното Кинеско Море.

Во заедничката изјава по разговорите, четворицата лидери соопштија дека се посветени на „промовирање на слободниот, отворен поредок базиран на правилата вкоренети во меѓународното право и брз страв од принуда“.

„Ние се залагаме за владеење на правото, слобода на пловидба и прелетување, мирно решавање на споровите, демократски вредности и територијален интегритет на државите“, соопштија тие.

Претходно, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан ја критикуваше Четворката.

„Затворена, ексклузивна клика насочена кон други земји е спротивна на трендот на времето и аспирациите на земјите од регионот. Таа нема да наиде на поддршка и е осудена на неуспех“, рече тој на брифинг со новинарите.

Самитот доаѓа една недела откако САД и Велика Британија објавија нов пакт за безбедност со Австралија, вклучувајќи договор за обезбедување подморници на нуклеарен погон за Канбера.

Франција ги отповика своите амбасадори во САД и во Австралија обвинувајќи ја администрацијата на Бајден дека ѝ забила нож во грб со тоа што овозможила откажување на милијарди вредниот договор за набавка на подморници од Франција.

Сепак, тензиите се намалија по телефонскиот разговор меѓу Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон во кој се договорија да преземат чекори за поблиска координација во Индо-Пацификот.

Рама во ОН повика на признавање на Косово, Брнабиќ обвини дека Приштина разгоре голема криза

Архивска фотографија: Српската премиерка Ана Брнабиќ и албанскиот премиер Еди Рама

Албанскиот премиер Еди Рама во говорот пред Генералното собрание на ОН побара земјите што сè уште не ја признале независноста на Косово, да го сторат тоа.

Тој рече дека „суверенитетот на Косово е реалност која трае 13 години и оти секој треба да ја прифати“.

Рама оцени и дека Генералното собрание на ОН никогаш нема да биде
Тој изрази верување дека „Србија само со претпазливост ќе успее да се ослободи од товарот од минатото“.

Рама, исто така, рече дека го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина „како единствена можност што ќе донесе меѓусебно признавање на двете земји“.

Српската премиерка Ана Брнабиќ во говорот на Генералното собрание на ОН во Њујорк рече дека Приштина разгоре голема криза со ирационална демонстрација на сила, но оти Белград останува посветен на изнаоѓање решение базирано на компромис.

Таа ја повика меѓународната заедница да инсистира Приштина да ги почитува постигнатите договори.

Српската премиерка рече дека повеќе од две децении, Србија постојано го привлекува вниманието на светската јавност кон проблемите со кои се соочува неалбанското население во Косово.

Таа рече дека Србија останува силно посветена на изнаоѓање решение базирано на компромис, кое ќе обезбеди траен мир и стабилност.
Брнабиќ рече дека активноста на ОН на Косово е важна и изрази надеж дека ОН ќе продолжат да го спроведуваат својот мандат согласно Резолуцијата 1244.

Граничните премини Јариње и Брњак на северот од Косово скоро цела недела се блокирани со паркирани товарни возила од локалните жители Срби со што е можно само пешки да се помине границата. На двете страни на преминот и натаму стојат претставници на Специјалната полициска единица на Косово.

Ова се случува поради одлуката на косовските власти да се воведат пробни регистарски таблички, наместо српските таблички со ознаки на градовите во Косово, како што се ПР (Приштина), ГЛ (Гњилане) КМ (Косовска Митровица), односно овие возила требаше да бидат пререгистрирани со таблички РКС или КС.

Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

Наставничка - антивакцерка од Марибор добила отказ од работа

Илустрација: Градската куќа во Марибор

Наставничка од едно основно училиште во Марибор добила отказ зашто одбила да се вакцинира или тестира за ковид-19, што е прв таков случај во Словенија, откако владата ги заостри противепидемиолошките мерки во третио бран на епидемијата.

Словенечките медиуми вчера објавија дека наставничката привремено била отстранета од работа од почетокот на школската година зашто одбивала неделен тест и носење маска во училница, што е задолжително според одлуката на Министерството за образование, пренесува Хина.
Таа има право на жалба за решението за престанок на работниот однос во рок од две недели.

Медиумите пренесуваат дека наставничката активно делувала во активакцерска група која неодамна упадна во студио на информативна програма, барајќи да се престане со „пропагандата“ за владината кампања за вакцинација, а во видео-снимки што ги објавуваше на Фејсбук ги наговараше родителите да не ги праќаат децата во „режимски и фашистички училишта“.

Директорката на училиштето Катја Прегл за мариборскиот весник Вечер изјави дека отказот на наставничката ѝ е врачен поради кршење на работните обврски зашто одбивала да носи маска во затворен простор, како и дека не го исполнувала таканаречениот ПВТ услов (прележани, вакцинирани, тестирани), кој е задолжителен за вработените во училиштата.

Словенечкиот министер за здравство Јанез Поклукар изјави дека ПВТ условот веќе дава резултати зашто бројот на новозаразени во последните денови стагнира. Тој најави дека заострениот ПВ услов (само прележани и вакцинирани), кој од 1 септември се применува во државната управа, ќе биде проширен на сите ако бројките на новозаразени и хоспитализирани продолжат да растат.

Вработените во потесен дел на државната управа, ако не прележале ковид-19 во изминатите шест месеци, ќе мора да се вакцинираат со прва доза од вакцината до 1 октомври и со втора доза најдоцна до 1 ноември. Во спротивно нема да може да доаѓаат на работа во службените простории. Синдикатите и вработените во државната управа протестираа против таа одлука, а до Уставниот суд се поднесени над 200 предлози за поништување на таа владина мерка.

Уште пет дена попис, досега попишани околу 1,4 милиони лица

Илустрација: Попис

Заклучно до вчера до 12 часот попишани се вкупно 1.395.000 граѓани, над 435 илјади домаќинства и над 600 илјади станови, а се самопопишани 195.477 граѓани од дијаспората.

Државниот завод за статистика (ДЗС) од денеска, со цел никој да не биде пропуштен во пописот, ќе им овозможи на граѓаните да можат да отидат на одредени локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност.

Портпаролот на Владата Муамет Хоџа на вчерашната прес-конференција апелираше до останатите во земјава и до сите во дијаспората кои досега не се попишани да го сторат тоа.

Јасмина Ѓоргиева од ДЗС на прес – конференција појасни дека граѓаните кои поради некоја причина не успеале во изминатите 20 дена да остварат контакт со попишувачот, од денеска ќе можат на одредени локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност.

Таа додаде дека влегуваме во последна фаза од пописните активности на терен, кога се привршуваат сите активности што се спроведуваа последните 20 дена, кога попишувачите и нивните реонски инструктори ги посетуваат сите пописни кругови, ги проверуваат и се обидуваат да откријат дали некој е пропуштен.

Пописот, кој официјално започна на 5 септември, ќе трае до 30 септември.

Временска прогноза - Сончево и топло до 32 степена

Илустрација: Луѓе со заштитни маски рибарат на брегот на Вардар во Скопје

Времето утрово ќе биде студено, а во текот на денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 11, а максималната ќе достигне од 25 до 32 степена.

Во Скопје ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне 28 степени.

Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека до понеделник ќе преовладува стабилно време со значително повисоки дневни температури.

Од вторник и во следните два дена времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Дневните температури ќе бидат во опаѓање.7

Договорено привремено решение за хирурзите во "8-ми Септември"

Илустрација, архивска фотографија

Министерот за здравство Венко Филипче се сретна со хирурзите Градската општа болница „8 Септември“ кои најавија протест за в понеделник поради проблеми во менаџирањето на бооницата. На средбата присуствувал и директорот на болницата д-р Христијан Костов. Министерството за здравство соопшти дека на средбата е донесено привремено решение за проблемот со хируршките сали. Повеќе детали за привременото решение засега во јавност не е соопштено.

На средбата, како што соопшти Министерството за здравство, беа разгледани повеќе аспекти од состојбата, односно во ГОБ „8 Спетември“ во моментов се лекуваат 100 пациенти со Ковид-19, па оттука и редуцираноста на бројот на хируршки одделенија, но сепак со запазување на итни случаи како малигноми и фрактури.

"Тие интервенции се одвиваат тековно. За време на средбата се најде привремено решение за оперативниот програм за следната недела, а во тек на престојните денови министерот со лекарите ќе разговараат и за трајно решение за предизвикот", стои во соопштението.

Хирурзите претходно реагираат дека во болницата секојдневно функционираат само 2 хируршки сали дневно наместо полниот капацитет кој би бил 6 сали во текот на денот и за тоа го обвинуваат директорот Костов.

Пендаровски и Штајнмајер -отпочнување на македонските пристапни преговори со ЕУ позитивно ќе влијае на регионот

Македонскиот претседател Стево Пендаровски на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк се сретна со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. На средбата двајцата претседатели размениле мислења и информации за актуелните состојби во двете држави, се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски. Во него е посочено дека претседателот Штајнмајер изразил најдлабоко сочувство за трагедијата во тетовската модуларна болница.

„Претседателот Пендаровски упати благодарност до претседателот Штајнмајер за неговите лични напори и ангажман, како и за континуираната германска поддршка за нашата европска интеграција“ се вели во соопштението.

Во тој контекст, соговорниците констатирале дека отпочнување на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија позитивно ќе влијае на севкупната општествено-политичка клима кај нас и ќе значи дополнително стабилизирање на состојбите и просперитет на регионот, се посочува во соопштението од претседателскиот кабинет.

Демонстранти бараат ослободување на авганистанските девизни резерви

Стотици демонстранти на улиците во Кабул и неколку други авганистански градови преку протести бараат ослободување на милијарди долари од авганистанските девизни резерви блокирани во странство. Инаку новата талибанска администрација се бори да го спречи продлабочувањето на економската криза.

По колапсот на владата поддржана од Западот минатиот месец, во услови на офанзива на милитантите, многу влади ги замрзнаа средствата и помошта. Таквите мерки неа преземени со цел проценка на новонастаната ситуација со власт предводена од Талибанците. Тоа предизвика влошување на економската ситуација и оставање милиони се борат да си дозволат основни работи.

Засега не е јасно кој ги организира протестите на кои демонстранти со транспаренти на англиски јазик барат ослободување на странските девизни резерви. Талибанците во изминатиов период ги засилија барањата за девизни резерви во странство од над 9 милијарди долари од кои повеќето од нив во САД, да им бидат вратени во Авганистан.

Портпаролот на Талибанците Сухаил Шахин на социјалната мрежа Твитер напиша пост во знак на поддршка на протестот, пишувајќи дека „има итна потреба за одмрзнување на нашите средства за надминување на суровата ситуација со сиромаштија“.

Демонстрантите го насочиле својот гнев кон американските власти, со транспаренти на кои пишувало пароли како „Обичните Авганистанци не треба да ја платат цената за поразот на Америка“.

Талибанците ги обвинија официјалните претставници на соборената влада дека заработиле со милиони долари додека бегале од Кабул.

Во Србија од почетокот на годинава починаа 15 илјади луѓе повеќе од досегашниот 10 годишен просек

Илустрација, ковид амбуланта во Белград

Во Србија бројот на смртни случаи во првите осум месеци од 2021 година е поголем за дури 15.124 во однос на десетгодишниот просечен број на смртни случаи во периодот јануари-август, покажуваат последните статистички податоци.

Според податоците на Републичкиот завод за статистика во Србија од почетокот на годината, заклучно со последниот ден од август, во Србија починале 82.681 лице. Во споредба со истиот период минатата година, кога бројот на смртни случаи беше 70.322.

Во периодот пред избувнувањето на епидемијата на коронавирус, сметајќи од 2010 година, просечниот број на смртни случаи од 1 јануари до 31 август беше 67.557. Најголем број смртни случаи годинава е регистриран во март, кога починале 12.952 луѓе, што е дури 39 проценти повеќе од дестгодишниот просек за тој месец.

Заклучување на избирачкиот список на дневен ред во ДИК

Седница на Државната изборна комисија

ДИК вечер на јавна седница ќе дебатира за заклучување на избирачкиот список за локалните избори закажани на 17 октомври. Избирачкиот список и изводите од него ДИК треба да ги потпише најдоцна до 1 октомври. Како што информираат од ДИК, на вечерашната седница исто така треба да се утврди и изгледот на гласачкото ливче.

Претходно дел од членовите на ДИК најавија дека нема се потпишат на заклучувањето на избирачкиот список поради проблемите кои настанаа со регулирање на гласачкото право на 700 граѓани кои во своите лични карти ја имаат наведено општината Бутел а според територијалната поделба треба да стои Чучер Сандево.

Утврдените листи на кандидати за Локалните избори веќе се објавени како од страна на ДИК , така и од страна на општинските изборни комисии, познати се кандидатите како за градоначалници така и за членови на советите во локалните самоуправи.

Од ДИК посочуваат дека подготовките за изборите се интензивни и дека се работи паралелно на завршување на повеќе активности.

МЗ- 80 отсто од хоспитализираните со ковид 19 се невакцинирани

Илустрација, Модуларна ковид болница во Гостивар

Министерството за здравство соопшти во период од 6 август до 23 септември се евидентирани 32.818 граѓани се позитивни од тестирани на ковид-19. Од нив 22 отсто биле целосно вакцинирани, односно 7248 лица. Според статистика за изминативе недели, 25.570, односно 78 отсто граѓани кои биле позитивни на ковид-19 не биле вакцинирани.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 80 отсто, додека 20 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата на министерството.

Во истиот период од компликации настанати поради ковид-19 починале 1033 лица од кои 888 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 14 отсто примиле најмалку една доза вакцина.

Иран најави дека „наскоро“ ќе продолжат преговорите за нуклеарен договор

Илустрација, архивска фотографија

Шефот на иранската дипломатија Хосеин Амир-Абдолахијан изјави дека Техеран ќе се врати на преговорите за продолжување на почитувањето на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година „многу скоро“.

Тој говорејќи на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк ги оцени како „конструктивни“ разговорите меѓу иранските и саудиските власти и рече дека Техеран поднел динамични предлози за постигнување мир во Јемен.

Иран оваа година одржа шест рунди преговори со светските сили во Виена со цел заживување на нуклеарниот договор, кој беше напуштен од поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година. Преговорите беа прекинати во јуни кога тврдокорниот Ебрахим Раиси беше избран за нов ирански претседател.

Вчера висок американски функционер изрази зголемена фрустрација поради недостаток на иранско движење кон разговори за заживување на морбилниот нуклеарен договор со светските сили.

Но, Амир-Абдолахијан се обиде да ја смири загриженоста посочувајќи дека Техеран има намера да ги напушти преговорите.

„Ние не се обидуваме да ја напуштиме преговарачката маса“, изјави тој денеска за официјалната новинска агенција ИРНА .

Изјавата на Амир-Абдолахиан дојде откако Ебрахим Раиси претходно оваа недела на Генералното собрание на ОН изјави дека Иран сака разговори со светските сили за заживување на договорот да доведе до отстранување на сите американски санкции.

Хирурзи во „8-ми Септември“ најавуваат протест од понеделник

Илустрација, архивска фотографија

Десетина хирурзи од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ најавија протест од понеделник и за тоа со писмо ги известиле министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев. Во информацијата која беше испратена до медиумите е посочено дека од понеделник, 27 септември нема да работат итни операции, туку само животозагрозувачки, во знак на револт од работењето на директорот д-р Христијан Костов.

Хирурзите реагираат дека во болницата секојдневно функционираат само 2 хируршки сали дневно наместо полниот капацитет кој би бил 6 сали во текот на денот и за тоа го обвинуваат директорот Костов.

„Бараме да се овозможат услови во болницата да може истата да им пружи здравствена хируршка заштита на поголем број пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата. Од страна на вработените беа понудени неколку решенија за реорганизација на работата за да се постигне поголема ефикасност, но истите или не се стигнати до директорот или истиот не ги спроведува ниту предложува други решенија“, велат хирурзите во писмото.

Болницата е главен Ковид-центар во земјава од почетокот на коронакризата. Лекарите велат дека владее незадоволство од лошата организираност на работата.

Директорот Христијан Костов преку соопштение, вели дека ја разбира потребата за зголемување на бројот на салите за операции, но смета дека тоа за сега не е можно поради ангажирањето на дел од персоналот во ковид-одделенијата и редукцијата на капацитетите во интерес на нивно зголемување за лекување на пациентите со ковид.

„Согласно бројот на анестезиолози, земајќи го предвид и бројот на оправдано отсутни заради болест, нивниот ангажман во ковид-одделенијата, редуцираниот број хируршки одделенија заради зголемување на капацитетот на одделенија за лекување на ковид-позитивни пациенти во кои е потребен поголем број на медицински персонал, согласно препораките на Министерството за здравство, ставен е акцент на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури)“, се вели во соопштението од Костов.

Во врска со незадоволството на хирурзите во Градската општа болница „8 Септември“, министерот Филипче во гостувањето на Канал 5 изјави дека намален бил обемот на работа во сите јавни здравствени установи вклучувајќи ја и таа болница, заради тоа што голем дел од кадарот бил во систем на ротација се третираат пациенти со Ковид-19.

Тој посочи дека разговарал со директорот на ГОБ „Септември“ и дека ги искомуницирале лекарите кај кои има незадоволство заради начинот на работа.
„Дефинитивно има механизми сето тоа да се измени. Во текот на денешниот ден ги очекувам на состанок за да ги решиме сите проблеми. Верувам дека сето тоа ќе се реши и нзадоволството ќе спласне“, изјави Филипче.

Петти ден блокади на граничните премините Јариње и Брњак

Косовска полиција на барикадите на граничниот премин Брњак

Граничните премини Јариње и Брњак на северот од Косово веќе петти ден се блокирани со паркирани товарни возила од локалните жители Срби со што можно само пешки да се помине границата. На двете страни на преминот и натаму стојат претставници на Специјалната полициска единица на Косово.

Ова се случува поради одлуката на косовските власти да се воведат пробни регистарски таблички. Договорот за слобода на движење меѓу Косово и Србија беше постигнат во 2011 година. Според договорот, укинати се српските таблички со ознаки на градовите во Косово, како што се ПР (Приштина), ГЛ (Гњилане) К.М. (Косовска Митровица), односно овие возила требаше да бидат пререгистрирани во РКС или КС.


Портпаролот на косовската полиција Баки Келани изјави за Радио Слободна Европа дека и четвртата ноќ од барикадите помина мирно, и дека и денеска петти ден од барикадите ситуацијата на граничните премини е мирна.

Тензии на граничните премини на северот на Косово
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:16 0:00

Претходно косовската полиција негираше дека нејзини припадници претепале тројца Срби во близина на преминот Брњак. Косовската полиција во соопштението вели дека информациите се неточни и имаат за цел „да ја дезинформираат јавноста, да ја направат ситуацијата небезбедна за граѓаните и да исполнат различни политички амбиции надвор од Косово“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG