Достапни линкови

Вести

Педесетина борци на Исламска држава треба да се вратат во земјава

Жена и дете на борец на ИД, архивска фотографија.
Жена и дете на борец на ИД, архивска фотографија.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека сме една од првите земји во процесот на ресоцијализација на членови на семејствата и на повратници борци на терористичката група Исламска држава. Таквата ресоцијализација за борците е уследи откако првин ќе одлежат затворски казни, кои се високи по стандардите на државите сојузници, изјави Заев.

Пред неколку денови Владата соопшти дека е организирано враќање од Сирија и Ирак во државата на четворица терористички борци, пет жени и 14 деца. Децата и жените се во двонеделен карантин по што ќе следи процесот на ресоцијализација. А борците повратници ќе издржуваат казни затвор, по што и за нив ќе има ресоцијализација.

Тој не очекува дека ќе има поголема бројка на повратници од Исламска држава. Според податоците станува збор за педесетина луѓе.

Заев вели дека програмите за ресоцијализација се состојат од тоа да им се најде работа на борците и на членовите на нивните семејства, да им се даде психолошка и социјална поддршка за да може животот да им се врати во нормала.

„Се надевам дека ќе имаме доволно капацитети да спроведеме успешно за да не се мотивираат повторно граѓани, од кои било причини, да се враќаат на таквите недозволиви боишта“, изјави денеска Заев.

види ги сите денешни вести

Кина започна нови вежби во близина на Тајван, за САД потегот е неоправдан

илустрација
илустрација

Кинеската војска денеска (14 октомври) почна нови воени вежби во близина на Тајван, нагласувајќи дека тоа е предупредување против „сепаратистичките акции на силите за независност на Тајван“. Тие не прецизираа датум за завршување на маневрите, што пак предизвика остра реакција од Тајпеј.

Источната воена команда на Кина во соопштение рано утринава соопшти дека маневрите се одржуваат кај Тајванскиот теснец и областите северно, југ и источно од Тајван.

„Вежбата служи и како строго предупредување за сепаратистичките дејства на силите за независност на Тајван. Ова е легитимна и неопходна операција за обезбедување на државниот суверенитет и националното единство“, се вели во соопштението.

Командата објави мапа на која се прикажани девет области околу Тајван каде што се одржуваат вежбите.

Министерството за одбрана на Тајван остро го осуди кинескиот „ирационален и провокативен чин“.

Реагирааи Соединетите Држави. Тие ги осудија кинеските воени вежби околу Тајван, нагласувајќи дека потегот е „неоправдан и ризикува ескалација“. Го повикаа Пекинг да дејствува воздржано.

„САД се сериозно загрижени од заедничките воени вежби на Ослободителната народна армија во Тајванскиот теснец и околу Тајван“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер.

Совет за надворешни работи ќе расправа за ситуацијата на Блискиот Исток и Украина

илустрација
илустрација

Руската агресија врз Украина и актуелната состојба на Блискиот Исток ќе бидат двете главни теми на денешната средба на шефовите на дипломатии на земјите членки на ЕУ во Луксембург.

Денешното редовно заседание на Советот за надворешни работи (14 октомври) се одржува во пресрет на средбата на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ предвидена за в четврток и петок во Брисел на која меѓу темите за расправа се и поддршката за Украина и случувањата на Блискиот Исток по иранските напади врз Израел и интензивирањето на конфликтот во Либан.

Во делот од заседанието на Советот на кое ќе се разговара за руската агресија врз Украина и поддршката на ЕУ за земјата, преку видео конференцискиа врска ќе се вклучи украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој со своите европски колеги ќе има неформална размена на мислења за случувањата на теренот.

Попладне, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за последниот развој на настаните и ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток и за одговорот на Унијата на овие случувања. На ова октомвриско заседание на Советот за надворешни работи, министрите ќе бидат информирани и за состојбите поврзани со претседателските избори во Молдавија, закажани за 20 октомври, и парламентарните избори во Грузија, предвидени за 26 октомври.

Дополнително, предвидено е европските шефови за надворешни работи на ЕУ да разговараат и за состојбите во регионот на Рогот на Африка и во Венецуела.

Со денешното заседание на Советот ќе претседава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.

Повеќе од 60 повредени во напад со дронови во Израел

Израелските сили ја обезбедуваат областа на местото на напад со беспилотно летало во близина на северниот израелски град Бињамин, 13 октомври 2024
Израелските сили ја обезбедуваат областа на местото на напад со беспилотно летало во близина на северниот израелски град Бињамин, 13 октомври 2024

Повеќе од 60 луѓе биле ранети во неделата во напад со беспилотно летало во градот Бињамин на северот на Израел.

Хезболах, поддржан од Иран, ја презеде одговорноста за нападот, велејќи дека целта бил тренинг кампот на бригадата Голан на израелските одбранбени сили во областа, лоцирана меѓу Тел Авив и Хаифа.

Канцеларијата за медиуми на Хезболах соопшти дека нападот бил извршен како одговор на израелските напади во јужен Либан и Бејрут во четвртокот. Претходно во неделата Хезболах објави дека лансирала ракети врз израелските сили на либанска територија.

Израелската војска изврши воздушни напади во Либан во неделата во услови на кампања против Хезболах.

Соединетите Држави го прогласија Хезболах за терористичка организација, додека Европската Унија на црната листа го стави само нејзиното вооружено крило, а не и политичката партија која има места во либанскиот парламент. Хезболах го поддржува Хамас, палестинската милитантна организација, од почетокот на војната во Појасот Газа.

Соединетите Држави во неделата (13 октомври)соопштија дека ќе го испратат напредниот противракетен систем THAAD на Израел, како и американски трупи да управуваат со него во обид да ја зајакнат противвоздушната одбрана на земјата по ракетните напади од Иран.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека го испраќа системот „да го одбрани Израел“.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во неделата предупреди дека Соединетите Држави ги ставаат на ризик животите на своите војници „со нивно распоредување за управување со американски ракетни системи во Израел“.

На 1 октомври, Иран истрела повеќе од 180 балистички ракети кон Израел, во услови на ескалација на либанските борби меѓу Израел и Хезболах.

Најмоќната ракета се врати на Земјата

Враќање на ракетата Стешип во лансираната кула во Бока Чика, Тексас, САД на 13 октомври 2024 година.
Враќање на ракетата Стешип во лансираната кула во Бока Чика, Тексас, САД на 13 октомври 2024 година.

Компанијата SpaceX на милијардерот Елон Маск успешно го лансираше од Тексас на својот петти пробен лет вселенскиот брод Старшип (Starship), најмоќната ракета на светот, а нејзиниот ракетен дел за прв пат успешно се врати на Земјата.

Ракетата Super Heavy полета со вселенскиот брод во 7:25 часот по локално време од Бока Чика, Тексас.

Вселенскиот брод беше испратен во вселената во правец над Индискиот Океан, западно од Австралија, каде што ќе се обиде повторно да влезе во атмосферата и да слета на вода.

Ракетата Super Heavy се одвои од Starship на височина од 74 километри и се врати во истата област од која беше лансирана, каде што слета со помош на две роботски раце прикачени на лансираната кула.

Рокас: Владата ги следи препораките на ЕУ, приоритет треба да биде законот за Судски совет

Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија
Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија

Единствена цел во мојот мандат е да и помогнам на Северна Македонија да влезе во ЕУ што е можно побрзо, изјави новиот евроамбасадор во земјава Михалис Рокас во интервју за државната агенција МИА. Ова е негово прво интервју откако стапи на новата должност во Северна Македонија минатиот месец.

Рокас смета дека членството во ЕУ нема алтернатива и оти проширувањето е најуспешната политика на Унијата. Вели дека го разбира предлогот на Владата за одложена примена на уставните измени, но, нагласува оти пристапувањето е процес заснован на едногласност.

„Проширувањето е процес заснован на едногласност, ние сме сите свесни за овој предлог на Владата. Мое скромно мислење е дека тешко дека ќе биде прифатен, како што објаснив претходно има став на ЕУ од 27-те членки во овој поглед. Значи, се разбира, од суштинско значење е да се осигураме дека сме свесни за овој контекст. Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата, и е многу важна, ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата кои сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен, и тој може да биде веднаш и може да се одвива многу брзо и она што можам да го повторам е целосната посветеност за пристапување кон ЕУ, што ја вклучува и Северна Македонија“, потенцира Рокас.

Евроамбасадорот Рокас говорејќи за реформите во судството, вели дека е задоволен што Судскиот совет е на врвот на агендата на Владата. Неговиот став е дека гледа силна посветеност да се работи и да се следат овие сугестии и препораки на ЕУ без разлика дали се од Оценската мисија, Извештајот за напредокот на земјата.

„Сега, приоритетот треба да биде законот за Судски совет, што е многу важна реформа во поглед на начинот како е формиран, како се избираат и разрешуваат судии. Значи, има многу елементи за тоа дека работата е огромна и напредувала релативно брзо, ова е клучната област за сè, борбата против корупцијата, привлекување инвестиции, давање доверба на граѓаните во судскиот систем“, изјави Рокас.

Бајден следната недела во посета на Берлин

Џо Бајден, претседател на САД
Џо Бајден, претседател на САД

Американскиот претседател Џо Бајден треба да замине за Германија кон крајот на следната недела, само неколку дена по откажувањето на претходно планираната посета поради ураганот Милтон што ја погоди државата Флорида, изјавија извори за ДПА и за германскиот магазин Шпигел.

Бајден планира средба со германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер во петок во Берлин. Сепак, засега нема официјална потврда за ова.

Бајден првично го планираше патувањето за минатиот петок и сабота, но го откажа поради прогнозите за јачината и последиците од ураганот Милтон што го погоди источниот брег на САД.

Бајден претходно планираше да помине два ипол дена во Германија и да ја посети американската воена воздухопловна база Рамштајн во западниот дел на земјата за да одржи самит за воена помош за Украина. Потоа планираше да отпатува за Ангола.

Посетата на Германија првично требаше да биде официјална државна посета со официјален банкет и други формални настани, но програмата сега е многу збиена, пишува Шпигел.

Сепак, Штајнмаер, наводно, сè уште планира да му додели на Бајден специјален медал, Големиот крст на Орденот за заслуги, за неговиот придонес во германско-американското пријателство.

Израел повторно со порака до Гутереш дека е „персона нон грата“

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш

Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, во неделата повтори дека го смета генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш за „персона нон грата“ затоа што не го осудил ракетниот напад на Иран и како што го опиша како „антисемитско и антиизраелско однесување“.

Изјавата на Кац доаѓа десет дена откако тој рече дека му забранува на Гутереш да влезе во земјата затоа што не „недвосмислено“ го осудил ракетниот напад.

Иран истрела повеќе од 180 балистички ракети кон Израел на 1 октомври, во услови на ескалација на израелските борби со Хезболах во Либан, кој САД го прогласија за терористичка организација.

На црната листа на Европската унија е и вооруженото крило на Хезболах, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.

Во исто време, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата го повика шефот на ОН „да ги отстрани мировните сили распоредени во јужен Либан од опасност“.

Повикот на Нетанјаху до Гутереш доаѓа еден ден откако привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) одбија да се повлечат од пограничната област, и покрај тоа што петмина нејзини членови беа ранети во последните денови.

Нетанјаху, говорејќи на состанокот на владата, рече дека израелските сили неколкупати побарале од УНИФИЛ да замине, но дека „наиделе на постојано одбивање“, што претставувало „човечки штит за терористите на Хезболах“.

„Вашето одбивање да ги евакуирате војниците на УНИФИЛ ги прави заложници на Хезболах. Ова ги загрозува нив и животите на нашите војници. Жалиме за повредата на војниците на УНИФИЛ и правиме се што е во наша моќ да ја спречиме. Едноставен начин да се обезбеди ова е едноставно да се извлечат од опасната зона“, рече Нетанјаху.

Околу 40 земји ги осудија нападите врз членовите на УНФИЛ, во заедничката изјава, објавена од полската мисија во ОН, предупредија дека мора веднаш да престанат.

САД и европските земји претходно го повикаа Израел да ја гарантира безбедноста на мировниците на ОН.

УНИФИЛ, мисија од околу 9.500 војници од различни земји, има задача да го надгледува прекинот на огнот со кој заврши 33-дневната војна меѓу Израел и Хезболах во 2006 година.

Протести во Турција против насилството врз жените

Жени кои протестираат против фемицид во Истанбул, 12 октомври 2024 година.
Жени кои протестираат против фемицид во Истанбул, 12 октомври 2024 година.

Стотици жени демонстрираа во Турција против фемицид, по двојното апсење на жени во Истанбул. На митингот во Истанбул можеа да се слушнат извици против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата политичка партија АКП.

„Вие сте влада која дозволува убивање жени“, рече организаторот на маршот Гунеш Фадиме Ахсахин.

Гулизар Сезер, мајка на едно од убиените девојчиња, порача дека масакрот мора да се прекине. Телото на нејзината ќерка беше пронајдено во јуни, откако беше завиткано во тепих и фрлено во морето.

Други протести се одржаа во Анкара и Измир. Слични собири се одржуваат секој ден во различни градови, најмногу во универзитетските кампуси.

Протестите започнаа откако минатата недела беа убиени две девојчиња, а осомничениот за нивната смрт се самоуби.

Жените извикуваа слогани за време на протестот против насилството врз жените во Истанбул, Турција, сабота, октомври. 12, 2024.
Жените извикуваа слогани за време на протестот против насилството врз жените во Истанбул, Турција, сабота, октомври. 12, 2024.

Турскиот функционер тогаш изјави дека и осомничениот маж и убиените девојчиња се на возраст од 19 години.

Ердоган, кој претходно ги обвини алкохолот и социјалните мрежи за убиствата, во средата вети дека ќе го зајакне правосудниот систем и ќе се бори против криминалот. Турција со години бележи случаи на убиства на жени, а невладиниот сектор предупредува дека само годинава во оваа земја со 85 милиони жители се убиени 299 жени.

Во 2021 година, Турција се повлече од Истанбулската конвенција, со што го занемарува спречувањето на насилството врз жените. Конвенцијата на Советот на Европа ги обврзува државите да ги истражат и казнуваат сторителите на насилство врз жените.

СДСМ: Шефот за контрола на наплата во Државни патишта самиот не плаќа патарини

Менде Илиевски, советник од СДСМ во општина Битола
Менде Илиевски, советник од СДСМ во општина Битола

Миланчо Митревски, кој е назначен за шеф на контрола на наплатната служба на патарините во Петровец, самиот не плаќа патарини, изјави на денешната прес - конференција од партиското седиште на СДСМ, Менде Илиевски, советник во Советот на Општина Битола.

Тој побара директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски веднаш да го разреши Митрески, а надлежните институции да преземат мерки за соодветна одговорност веднаш.

„Снимки од патарините кои ни ги доставија свиркачи покажуваат дека Митревски кога проаѓа со возилото на патарина не плаќа патарина. На 15.08.2024 во 08:47 часот непосредно од кога е назначен заедно со неговата сопруга Бети, присилно го тера вработениот на наплатна станица Отовица да го пропушти без да плати. Оваа е честа пракса на Митревски. Веднаш надлежните институции да преземат мерки и да установат колку пати Митревски направил вакви дела. Бидејќи овие податоци се јавно достапни, СДСМ ги провери на веб порталот од Системот за електронска контрола на патарините и тие се целосно потврдени“, изјави Илиевски.

Во текот на вчерашниот ден, опозицискиот СДСМ објави и дека Митревски бил фатен како ја злоупотребува службената положба за што имал и изречена дисциплинска санкција. Опозициската партија обвини дека Митревски наплаќал повеќе пари на патарините, а вишокот пари си ги земал за себе.

„Тој не ги исполнува условите да биде шеф на контролорите, единствена квалификација му е тоа што е “хард кор“ партиски кадар на ДПМНЕ и сопруг на советничка на ДПМНЕ во Велес“, рече Илиевски.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека ова се неосновани напади, велејќи дека опозициската партија гледа колку е подобрена работата на ЈПДП и затоа го напаѓаат Коце Трајановски.

„СДС гледаат како сега се работи во ЈПДП и со која брзина се реализираат работите, нешто што беше незамисливо во нивно време. Втора работа која СДС сака да ја сокрие и заради која го напаѓа Коце Трајановски е тоа што непосредно пред избори во ЈПДП бројот на вработени го зголемиле за 50%, т.е. вработиле нови 150 луѓе. СДС ја кријат партизацијата која ја направиле и мислат дека со неосновани напади ќе го измамат народот“, се вели во партиската реакција.

Според ВМРО-ДПМНЕ, најголемиот страв во СДСМ „пред се е заради одговорноста за милионските криминали кои ги правеле, за која знаат дека доаѓа“.

Литванците гласаат на парламентарни избори

Избори во Литванија
Избори во Литванија

Литванците гласаат во недела на првиот круг од парламентарните избори на кои би можело да дојде до замена на владејачката централно-десничарска коалиција со нова коалиција која се очекува да ги вклучи опозициските социјалдемократи и помалите централно-левичарски партии.

И покрај економските успеси на земјата, строгите мерки за време на пандемијата на корона вирусот и влезот на мигранти од Белорусија фрлаат сенка врз конзервативната влада на премиерката Ингрид Пимонтија, која дојде на власт во 2020 година, пишува Асошиетед Прес.

Иако Литванија забележа годишен двоцифрен раст на платите и има една од најниските стапки на инфлација од 27-те земји на Европската унија (ЕУ), многу гласачи не изгледаат импресионирани, пренесува агенцијата АП.

„Постои големо разочарување и незадоволство кај гласачите. Тоа е поврзано со бројни кризи и шокови и не може да се компензира со економски фактори како што е позитивната промена во куповната моќ“, рече политичкиот аналитичар од Универзитетот во Вилнус, Рима Урбонаите.

Премиерката Ингрида Шимонита беше критикувана за строги мерки за време на пандемијата и многумина се пожалија дека владата не направила доволно за да им помогне на компаниите додека земјата беше „под клуч“. Други велат дека илјадници луѓе немале соодветен пристап до здравствените услуги.

Потегот на Шимонита беше критикуван и за одговорот на доаѓањето на мигрантите преку Белорусија. Литванија го обвини својот источен сосед, како и Русија за организирање на приливот на луѓе, главно од Африка и Блискиот Исток.

Според неодамнешната анкета на Вилморус, Социјалдемократската партија, предводена од Вилија Бликевичиуте, поранешна министерка за труд и социјала, ќе победи со двојно повеќе гласови од Татковинскиот унија на премиерката Шимонита.

Околу 2,4 милиони луѓе имаат право да изберат 141 пратеник за четиригодишен мандат. Гласањето се одвива во два круга.

Во првиот круг од изборите, со пропорционално гласање ќе се утврдуваат околу половина од вкупно 141 место во парламентот, а останатите места ќе се утврдат во вториот круг, на 27 октомври.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG