Достапни линкови

Вести

Тагесшпигел: Пропаганден удар на Србија и Кина пред вратата на ЕУ

Синиша Мали, српски министер за финансии, ѝ го дава на Чен Бо, кинеска амбасадорка во Србија, планот на српската влада за соработка меѓу Србија и Кина до 2025 година, Белград, 2 јули 2021 година.
Синиша Мали, српски министер за финансии, ѝ го дава на Чен Бо, кинеска амбасадорка во Србија, планот на српската влада за соработка меѓу Србија и Кина до 2025 година, Белград, 2 јули 2021 година.

Кога го снабдуваше Западен Балкан со вакцини, Европската унија остави вакуум што го користеа Србија и Кина во своја полза, пишува германскиот дневен весник „Тагесшпигел“. Весникот наведува дека од неодамнешното потпишување на договорот меѓу Србија, Кина и Обединетите Арапски Емирати за производство на вакцината на Синофарм може да се дознае дека вакцината не е корисна само за сузбивање на пандемијата, туку и за реализација на дипломатските интереси. „Меморандумот за разбирање склучен од трите земји не значи дека планираните десет милиони дози Синофарм навистина ќе бидат произведени во Србија до крајот на годината. Но, Европската унија е многу свесна дека Кина и Србија спроведоа пропаганден удар“.

Србија: фабрика за вакцините на Синофарм до крајот на годинава

Весникот проценува дека ова „не е прв пат Кина да има можност да ја користи пандемијата во Србија за своето големо шоу“. Весникот потсетува дека во Србија веќе се произведува руската вакцина Спутник, која, како и кинеската, нема одобрение од Агенцијата за лекови на ЕУ (ЕМА). „Тагесшпигел“ ги пренесува зборовите на неименуван „претставник на ЕУ“ дека претседателот на Србија „Александар Вучиќ не пропушта никаква можност да и покаже на Европската унија дека Белград работи добро без нејзина помош“. „ЕУ сега има доволно вакцини. Канцеларката Ангела Меркел неодамна објави дека Германија ќе испрати три милиони дози на Западен Балкан преку програмата КОВАКС. Но, тоа не го менува амбициозниот план на Вучиќ за снабдување на целиот Западен Балкан со вакцини наскоро“, пишува весникот.

види ги сите денешни вести

Германија ќе обезбеди 10 милиони евра за реконструкција на најголемата детска болница во Украина

Украина - Фотографии од детската болница Охматдит во Киев пред ракетниот напад на 8 јули.
Украина - Фотографии од детската болница Охматдит во Киев пред ракетниот напад на 8 јули.

Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија ќе и обезбеди на Украина 10 милиони евра за реставрација на детската болница Охматдит, која беше оштетена од руски ракетен напад на 8 јули. Ова го изјави шефицата на одделот Свења Шулце во интервју за германскиот весник Рајнише пост.

Се посочува дека средствата ќе се искористат заедно со помош на други донатори за болницата да профункционира до зима. Ова вклучува поправка и превентивна работа на фасади, во простории за третман, снабдување со електрична енергија и топлина.

„Уништувањето на детската болница покажува колку Русија безмилосно и нехумана ја води оваа агресивна војна. Децата најмногу страдаат од оваа војна. Не треба и нема да го прифатиме фактот дека ова место за лекување на деца заболени од рак повеќе нема да постои во Украина“, изјави Шулце.

На 8 јули, руските трупи извршија масовен ракетен напад врз Киев и други градови во Украина. За време на нападот беа оштетени станбени згради и зградата на детската болница Охматдит, 33 лица загинаа во главниот град.

Во Црна Гора уапсени девет членови на криминална група осомничена за шверц на 2,5 тони кокаин

Васо Улиќ, еден од уапсените во денешната акција во Подгорица, 17 јули 2024 година.
Васо Улиќ, еден од уапсените во денешната акција во Подгорица, 17 јули 2024 година.

Црногорската полиција на 17 јули уапси девет лица, меѓу кои и водачи и високи членови на организирани криминални групи.

Во рамките на акцијата, тамошното Специјалното државно обвинителство поднесе кривична пријава против 10 лица, од кои шест се во бегство, а четворица се во затвор.

„Собраните докази и разузнавачки информации укажуваат дека членовите на оваа криминална група во текот на 2020 и 2021 година прошверцувале вкупно 2,47 тони кокаин од Јужна Америка во Европа и Австралија“, наведуваат од полицијата.

Тие се уапсени во операцијата „Генерал“, спроведена во соработка со Агенцијата за спроведување на законот на Европската унија (ЕУРОПОЛ), Федералното биро за истраги на САД и Управата за борба против дрога (ДЕА) и Австралиската федерална полиција (АФП).

Како водачи на криминалната група, обвинителството ги идентификуваше наводниот водач на кланот „Кавак“ Радој Звичер кој е во бегство и Вас Улиќ кој беше уапсен во денешната акција.

Австралиските медиуми со години тврдат дека Улиќ е шеф на еден од најголемите нарко картели во светот. Наводно, тој се занимавал со шверц на дрога и годишно само во таа земја увезувал околу шест тони дрога.

Покрај наводите за водење голем нарко картел, имињата на Вас Улиќ и неговиот брат Никола беа споменати и во истрагата за обидот за убиство на српскиот опозиционер Вук Драшковиќ во Будва во 1999 година. Браќата Улиќ беа споменати како клучни сведоци на тоа настан.

Меѓу уапсените е и Виктор Дрешај, додека неговиот брат Леон Дрешај е во бегство.

Браќата Дрешај се наведени во документот SOCTA (Проценка на ризик од сериозен и организиран криминал) како „водачи на силен криминален клан од Тузи“, општина во близина на Подгорица.

Специјалното обвинителство поднесе жалба и против шест лица кои се во бегство или не се достапни за државните органи, меѓу кои Радоје Звичер, Вук Вулевиќ и Иван Делиќ.

Звичер е наводен водач на криминалниот клан „Кавак“. Податоците на Европол укажуваат дека тој имал огромно влијание врз активностите на црногорската полиција.

Освен за шверц на кокаин од Венецуела, Вулевиќ беше обвинет и за убиство на полицискиот инспектор Славољуб Шќекиќ, но подоцна беше ослободен од тие обвиненија.

Црногорската полиција претходно го спомена како еден од учесниците во убиството на главниот уредник на подгоричкиот весник „Дан“ Душко Јовановиќ, но за тоа кривично дело против него не е покрената судска постапка.

Иван Делиќ е доведен во врска со убиството на поранешниот сојузен министер за внатрешни работи на СРЈ Павло Булатовиќ во Белград. Неколку пати се правеле обиди за атентат на Делиќ.

Во пријавата се опфатени и четири лица кои издржуваат затворска казна, меѓу кои и Дамир Мандиќ, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривични дела создавање криминална организација и неовластено производство, држење и пуштање во промет на наркотични дроги.

Мандиќ е осуден на 19 години за соучесништво во убиството на сопственикот и уредник на весникот „Дан“, Душко Јовановиќ.

Меѓу нив е и Мило Божовиќ, поранешниот прв човек на општина Будва, кој беше уапсен во април минатата година.

Специјалното обвинителство на Црна Гора тврди дека криминалната група ја организирале Улиќ и Звицер, а членови се други осомничени. Од институцијата наведуваат дека првата акција била спречена од колумбиските власти, а втората од австралиските власти.

Според портпаролот на Специјалното обвинителство, Вукас Радоњиќ, полицијата претходно извршила претрес во нивните станови и други простории што ги користи во Црна Гора, со цел да пронајде траги од кривични дела и предмети важни за кривична постапка.

Г7 го заострува ставот за нефер трговија

Кинески електрични возила подготвени за испорака до странски клиенти
Кинески електрични возила подготвени за испорака до странски клиенти

Министрите за трговија од Групата седум најразвиени земји (Г7) во средата na 17-ти јули рекоа дека ќе ги користат своите „трговски алатки“ доколку е потребно за да се спротивстават на практиките што го нарушуваат пазарот, што е построг став од претходно.

Министрите на Г7 се состанаа во јужна Италија, откако Европската унија овој месец воведе царини за увоз на електрични возила од кинеско производство, за да се обидат да ја заштитат својата индустрија од кинески електрични возила за кои ЕУ вели дека се многу субвенционирани.

„Ние ќе продолжиме да се соочуваме со непазарните политики и практики, како и со штетниот непазарен прекумерен капацитет и другите нарушувања на пазарот“, се вели во соопштението на Г7 од шест страници, во кое конкретно не се споменува Кина. За таа цел, ние остануваме посветени на ефикасно користење на нашите трговски алатки и, доколку е потребно, развиваме нови за да ги идентификуваме, оспориме и спротивставиме на овие практики и да промовираме посилни меѓународни правила и норми, заедно со партнерите“, се додава во соопштението.

Ова е построг став во споредба со последното соопштение минатата година по министерскиот состанок на Г7 во Јапонија, кој повеќе се фокусираше на обесхрабрување на протекционизмот и нарушувањата на пазарот отколку на примена на трговски алатки.

Покрај тарифите, алатките за борба против нефер практики може да вклучуваат построги правила за контрола на странските инвестиции како оние што ги предложи ЕУ претходно оваа година.

Велика Британија, единствената европска членка на Г7, која не е членка на ЕУ, во вторникот сигнализираше дека не е подготвена да го следи Брисел во воведувањето тарифи за кинеските електрични возила, велејќи дека нејзините автомобилски компании не се пожалиле на какви било нефер практики на ривалите.

Министрите, кои се состанаа во јужниот италијански регион Калабрија, исто така рекоа дека „економската отпорност бара намалување на ризикот преку диверзификација и критични зависности“, очигледно алудирајќи на доминацијата на Кина на клучните синџири на снабдување.

„Препознаваме дека непазарните политики и практики не само што го поткопуваат слободниот и фер меѓународен економски поредок заснован на правила, туку може и да ги влошат стратешките зависности и ранливости и да го попречат одржливиот развој на земјите во развој“, се вели во соопштението.

Г7 се состои од Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД, а на овој состанок беше поканета да учествува и Европската унија.

Хезболах се закани дека ќе го нападне Израел во случај на напад врз цивили во Либан

Израелски напади врз јужен Либан, почеток на јули 2024 година.
Израелски напади врз јужен Либан, почеток на јули 2024 година.

Хезболах воено ќе возврати на Израел доколку израелската армија продолжи да ги напаѓа цивилите во Либан, изјави во средата на 17 јули, водачот на оваа шиитска група Сајед Хасан Насрала. Тој посочи дека во последните денови нагло е зголемен бројот на убиени граѓани во Либан.

Пет цивили, сите Сиријци и три деца, загинаа во израелските напади во Либан во вторникот, а најмалку тројца либански цивили беа убиени еден ден претходно, соопштија државните медиуми и безбедносни извори во Либан.

Израел објави дека ги напаѓа милитантите на Хезболах и неговата инфраструктура во Либан и дека не цели кон цивили.

„Продолжувањето со таргетирање на цивили ќе го охрабри Хезболах да лансира ракети кон населбите кои претходно не биле нападнати“, рече Насрала.

Хезболах, милитантна група поддржана од Иран и најмоќната воена и политичка сила во Либан, не го признава Израел.

Според Ројтерс, повеќе од 100 цивили и 300 борци на Хезболах се убиени во борбите во Либан. Ова истовремено предизвика пустош во либанските погранични градови и села што не се видени од израелско-либанската војна во 2006 година.

Насрала вети дека уништените куќи ќе бидат обновени.

Тој преку видео врска зборуваше со десетици илјади шиитски муслимани собрани во јужен Бејрут за да ја одбележат Ашура.

За да се одржи безбедноста, стотици членови на Хезболах се распоредени на контролни пунктови, поставени на мотори и покриви, вклучително и ново оружје, како што е технологијата за која експертите велат дека може да заглави и собори беспилотни летала.

Оваа година поворките во јужен Либан беа откажани поради конфликтот со Израел.

Во последните недели, меѓу меѓународните набљудувачи се зголемија стравувањата дека Израел би можел да ги прошири своите воени операции во Либан, ризикувајќи поширока војна.

Русија и Украина разменија 190 затвореници

Размена на затвореници на 17 јули 2024 година.
Размена на затвореници на 17 јули 2024 година.

Украина и Русија размениле по 95 воени заробеници, објавија официјални лица на двете земји во средата, 17 јули, три недели по нивната последна размена и како дел од повремените договори за испраќање заробени војници дома.

Ова беше 54-та размена на воени заробеници откако Русија започна сеопфатна инвазија на својот сосед во февруари 2022 година.

Службениците на завојуваните земји се среќаваат само кога ги разменуваат своите мртви и воени заробеници, по долги подготовки и дипломатија. Ниту Украина ниту Русија не го откриваат вкупниот број на затвореници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм изјави дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) уште еднаш посредувале во договорите. ОАЕ објавија дека одржуваат пријателски односи и со Москва и со Киев.

Зеленски објави фотографии од претежно изнемоштени војници со избричени глави и завиткани во украински знамиња како стојат на отворено подрачје на селата.

„Колку и да е тешко, ние ги бараме сите што можеби се во заробеништво. Мораме да ги вратиме сите“, напиша Зеленски.

Меѓу ослободените Украинци имаше и такви кои поминаа повеќе од две години во заробеништво. Тие беа заробени во Мариупол, за време на раната руска офанзива врз Киевската област и битките во источната Луганска област, објави Координативниот штаб за воени заробеници на земјата.

Се вели дека нешто повеќе од 3.400 луѓе, и цивили и војници, се вратиле од руско заробеништво од избувнувањето на војната.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека ослободените руски војници ќе бидат префрлени во Москва на лекување и рехабилитација.

Според Обединетите нации, повеќето украински затвореници страдаат од рутинска медицинска занемарување, тешко и систематско малтретирање, па дури и тортура додека се во притвор. Имаше и изолирани извештаи за малтретирање на руски војници, главно за време на апсење или транзит до местата на интернација.

Минатиот јануари Русија и Украина разменија стотици воени заробеници во најголемото поединечно ослободување на затвореници.

Најмногу претставки до Народниот правобранител за правосудство, потрошувачки права и работни односи

Насер Зибери (архивска фотографија)
Насер Зибери (архивска фотографија)

На денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, народниот праворанител Насер Зибери го презентираше годишниот извештај за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2023 година.

Вкупениот број на примени претставки до Народниот правобранител во 2023 година изнесува 2.802 од кои 54 се формирани по сопствена иницијатива.

Најголем број од овие претставки - 1.100 се однесуваат на повреда на правата од страна на јавните служби и установи, 721 се однесуваат на повреда на правата од страна на централната власт, 331 на повреда на правата од локалната власт. Потоа следуваат 258 претставки за повреда на правата од страна на судската власт, 190 од правни лица и други.

Зибери информираше дека и оваа извештајна година, најголемиот број на примени и заведени претставки се однесуваа за заштита на правата од областа на правосудството односно 488, потоа следат претставките од потрошувачките права, од работните односи 267, од областа на детските права 231, од казнено-поправните и воспитно-поправните установи 166, од имотно-правната област 164, од финансиите и финансиското работење 152. Потоа од областа на заштитата на правата при полициски овластувања 141, претставки од урбанизмот и градбата 126, од граѓанските состојби и други внатрешни работи 123.

Најмногу констатирани повреди или 76, се во областа на правосудството, пред сè извршителите, 64 од областа на граѓанските состојби и другите внатрешни работи, 62 во областа правата на детето, 51 од областа финансии.

Што се однесува за општата состојба со почитувањето на човековите слободи и права Народниот правобранител во неколку области констатирал подобрување на состојбите, а во одредени области нотира стагнација или тенденција на влошување.

Како позитивни примери ги издвои решавањето на проблемот со запишување во матичната евиденција, со што за системот/државата голем број на невидливи лица станаа видливи, а со тоа добија можност за остварување на многу права - образование, вработување, лекување, социјална заштита и слично.

Стагнација и уназадување Народниот правобранител констатирал во работата на извршителите за која вели дека и натаму им создавала проблеми на граѓаните.

„Иако во јули беа донесени измените на Законите за облигационите односи и за извршување. Имено, овие измени ни оддалеку не придонесоа за средување на состојбата во оваа сфера, туку напротив само дополнително внесоа забуна кај граѓаните, особено што извршителите и судовите едноставно одбиваа (и се уште одбиваат) да ги применат измените кои се однесуваат на застареноста на извршувањето, со едноставно оправдување дека не постои основ за запирање на извршувањата за кои изминал рокот од 10 години, сметано од моментот на поднесеното барање за извршување“, рече Зибери.

Никаков напредок во затворските услови

Област каде што нема никаков напредок, според Народниот Правобранител, се и условите во затворите кои, како што рече Зибери, и натаму се крајно нехумани, деградирачки и под секое човечко достоинство, а здравствената заштита на овие лица и покрај бројните укажувања на Народниот правобранител, за жал останува непромената, особено кога станува збор за користење на услугите на терциерното здравство, односно лекувањето надвор од установата.

Во однос на детските права, Зибери посочи дека Република Северна Македонија има сериозен проблем со присутната сегрегацијата на учениците Роми, за што е донесена пресуда и од Европскиот суд за човекови права против државата, но и минатата учебна година оваа негативна појава е констатирана повторно, во истите основни училишта, во Битола и во Прилеп.

Како загрижувачки ги наведе и податоците за присуството на меѓуврсничкото насилство/булингот во училиштата.

Зибери го спомена и проблемот со децата на улица кои питачат, а кои заради тоа се надвор од образовниот систем и со тоа им се става под знак прашање нивниот развој и нивната иднина од причина што сите сме свесни дека без образование никој и не може да си обезбеди егзистенција.

Во извештајната година граѓаните се жалеле и во областите урбанизам и градба, посебно на непостапувањето на инспекциите, потрошувачките права, високи фактури за потрошена електрична енергија, за проблемите кои ги имаат во сферата на пенизиското и инвалидското осигурување, здравствената заштита и слично.

Европскиот парламент го критикуваше Орбан за средбата со Путин

Средба на Виктор Орбан и Владимир Путин
Средба на Виктор Орбан и Владимир Путин

Европскиот парламент во средата, на 17 јули, остро го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, како најнов укор на самопрогласената украинска „мировна мисија“ од Будимпешта.

Орбан беше критикуван од многу членки на Европската унија (ЕУ) за неговите ненадејни посети овој месец на Русија и Пекинг, каде што се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, без поддршка од европскиот блок.

Овој месец Унгарија го презеде ротирачкото шестмесечно претседавање со ЕУ, што значи дека Будимпешта е задолжена за организирање состаноци на ЕУ, но не го овластува Орбан да води дипломатија во име на 27-те земји од ЕУ.

Во резолуција, Европскиот парламент ја осуди посетата на Орбан на Русија како „флагрантно кршење на договорите на ЕУ и заедничката надворешна политика“.

Европскиот парламент смета дека „оваа повреда треба да има последици за Унгарија“, се наведува во резолуцијата.

Овој документ, кој вклучува делови за континуирана поддршка од ЕУ за Украина, беше усвоен со големо мнозинство од 495 пратеници на ЕУ, од 679 кои гласаа.

„Орбан се сретна со Путин за да ја оцрни ЕУ, да изјави дека има мировен план за кој никој не знае и да го промовира рускиот експанзионизам“, рече Иратце Гарсија Перез, кој ја предводи групата социјалисти во Европскиот парламент.

Европската комисија одлучи да го бојкотира шестмесечното унгарско претседавање со Советот на Европската унија како одговор на контроверзните патувања на Виктор Орбан во Москва и Пекинг, кои многумина го сметаат за навреда на политичкото единство на Унијата.

Унгарската влада, која одржува блиски врски со Русија од инвазијата на Украина во февруари 2022 година ги бранеше патувањата на Орбан.

„Неприфатливо е да се стигматизира земјата за застапување дипломатски решенија“, рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во изјавата објавена од портпаролот на Орбан на платформата „Икс“.

Резолуцијата на Европскиот парламент ја потврди поддршката на оваа институција за Украина и апелираше до Унгарија да ја укине блокадата за враќање на парите на земјите-членки на ЕУ за воена помош за Украина преку Европскиот фонд за мир.

Словенечки хеликоптер ги евакуираше градоначалник, пожарникари и цивили кои беа заробени од огнот на планината Огражден

Пожари (илустрација)
Пожари (илустрација)

Градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, пожарникари и цивили кои беа заробени од пожарот на планината Огражден и кои преку видео обраќање на социјалната мрежа Фејсбук побараа помош, пред малку се евкуирани со словенечки хеликоптер.

Веста ја споделија струмичките пожарникари со видео на кое се гледа како се упатуваат кон хеликоптерот.

Неколкуте пожарникари од ТППЕ Струмица, заедно со градоначалникот на Ново Село Ѓорѓе Божинов и цивили беа заробени од огнената стихија над селото Бадилен во радиус од 500 метри.

Пожарите во Северна Македонија беснеат веќе извесно време. Центарот за управување со кризи на 17 јули информира дека на територија на државата активни се пожари на 13 локации.

Во справување со огнетите јазици кои ја зафатија Северна Македонија, помош пристигна од Србија, Труција, Хрватска, Романија, Словенија и други земји.

Нови четири пресуди за случајот „Синџир“ - три затворски и една условна

Кривичен суд во Скопје
Кривичен суд во Скопје

Основниот кривичен суд Скопје денеска изрече затворски и условни казни за оние кои на главната расправа одржана на 15 јули признаа вина во врска со случајот „Синџир“.

Вкупната затворска казна за тројцата обвинети изнесува 4 години и 11 месеци, а една обвинета е казнета со условна казна затвор од две години, доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело. Четири фирми опфатени во случајот треба да платат два и пол милиони денари.

Претходно, првообвинетиот Сашо Вучков доби две и пол години казна затвор и казна од две илјади евра, неговиот татко две години казна затвор и илјада евра казна, мајката на првообвинетиот доби година и единаесет месеци затворска казна и уште илјада евра казна.

Останатите двајца обвинети, кои признаа вина, добија по две години затвор и по илјада евра казна. Само еден од шестмината кои тогаш пред судот признаа вина, Јетон Каба, доби условна казна затвор од две години, доколку не стори дело во следните пет години и казна од илјада евра.

И овие обвинети, исто така, треба да ја надоместат штетата, односно да го платат данокот.

За шест фирми чии застапници, исто така, претходно признаа вина, Судот изрече парични казни, но и забрани за учество во јавни повици и концесии.

Случајот „Синџир“ во кој обвинети беа над триесетина физички и правни лица се однесува на даночно затајување од околу 8 милиони евра. За останатите обвинети кои не признаа вина постапката продолжува.

Претходното Јавното обвинителство соопшти дека со шестмина осомничени и шест кривично одговорни правни лица во случајот „Синџир“ биле постигнати спогодби, со кои вратени се безмалку 1.000.000 евра во државниот буџет.

Истражната постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица беше започната на 30 октомври 2023 година. Во меѓувреме, истрагата беше проширена за уште две лица, а за едно лице кое при оценка на Обвинителниот акт почина е донесено решение за запирање на истрагата.

Според диспозитивот на Обвинителниот акт, обвинетите во својство на сопственици и управители на правни субјекти во периодот од 01.01.2019 година до 31.12.2021 година во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани.

На овој начин, осомничените предизвикале штета на буџетот на Северна Македонија во износ од 490.808.618,00 денари или 7.980.627 евра.

Парите што ги прибавиле со казниви дела во вкупен износ од 40.046.815 денари ги пуштиле во оптег, ги примиле и извршиле пренос на истите, по што ги подигнале во готово.

Иран негира вмешаност во заговор за атентат на Трамп

Доналд Трамп
Доналд Трамп

Иран негираше дека планирал атентат врз Доналд Трамп откако се појавија извештаи дека властите на САД дошле до разузнавачки информации кои сугерираат дека Техеран планира да го убие републиканскиот претседателски кандидат.

Новинските куќи Си-Ен-ЕН и Политико на 16 јули, цитирајќи неименувани извори, објавија дека американските власти биле информирани за иранскиот заговор за убиство на Трамп неколку недели пред обидот за убиство на поранешниот претседател на 13 јули.

Тие, сепак, рекоа дека обидот за атентат не се чини дека е поврзан со иранската закана.

Во изјавата доцна на 16 јули, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, инсистираше дека Техеран не бил вклучен во обидот на 13 јули и обвини дека тврдењата дека Иран планирал да го убие Трамп се „политички мотивирани“.

„Исламската Република Иран е решена да го гони Трамп за неговата директна улога во злосторството за убиство на генерал Касем Сулејмани“, рече Канани.

Сулејмани, поранешен командант на елитните сили Кудс на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, беше убиен во јануари 2020 година во воздушен напад од страна на американските сили под команда на Трамп. Иран вети одмазда за убиството на лице од висок профил.

Пред изјавата на Канани, мисијата на Иран во Обединетите нации рече дека тврдењата против Техеран се „неосновани и пристрасни“ и остана на ставот дека Исламската република „го избрала легалниот пат за да го повика Трамп на одговорност“.

Иранските власти долго време предупредуваат дека високите претставници на САД за кои веруваат дека биле вклучени во убиството на Сулејмани ќе платат цена. Меѓу загрозените се поранешниот советник на Трамп за национална безбедност, Џон Болтон и поранешниот државен секретар Мајк Помпео.

Претходно оваа година, Владата на САД ја прошири заштитата на Помпео поради постојаните закани од Иран.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG