Достапни линкови

Вести

Русија нема да одобри странски вакцини против коронавирусот

Дмитриј Песков - портпарол на рускиот претседател Владимир Путин. 

Кремљ ја отфрли идејата за одобрување на странски вакцини против Ковид-19 во Русија, иако властите се обидуваат да ги охрабрат да се вакцинираат граѓаните, кои се сомневаат во руските производи.

„Ние имаме свои вакцини, имаме четири од нив, зарем тоа не обезбедува избор?“, рече Дмитриј Песков - портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.

Тој изјави дека засега не се разгледува прашањето за одобрување на употребата на странски вакцини во Русија.

Русија досега одобри четири вакцини, вклучително и Спутник В, кои Москва се обидува да ги извезе низ целиот свет.

Европската агенција за лекови (ЕМА) ја разгледува апликацијата за одобрување на вакцината Спутник В во Европската унија.

Песков рече дека меѓусебното признавање на вакцините меѓу ЕУ и Москва е „на дневен ред“, но дека преговорите сè уште не се ниту започнати.

„Засега нема конкретни резултати, но секако треба за тоа да разговараме“, рече тој.

Русија е погодена од трет смртоносен бран на Ковид-19, кој брзо се шири како резултат на заразната делта варијанта на вирусот, а вакцинацијата на граѓаните е бавна.

види ги сите денешни вести

Министерката за одбрана ќе присуствува на Самитот на НАТО

Министерката за одбрана Славјанка Петровска

Министерката за одбрана Славјанка Петровска утре и задутре ќе биде дел од високата државна делегација, предводена од претседателот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски на претстојниот Самит на НАТО, што ќе се одржи во Мадрид, Кралството Шпанија.

Од Министерството за одбрана најавија дека министерката ќе учествува на дискусијата на тема „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството“.

Во текот на утрешниот ден министерката Петровска ќе учествува на работна вечера на министрите за одбрана на НАТО земјите членки на која ќе се разговара за влијанието на хибридните закани во земјите од Западен Балкан.

На претстојниот Самит на НАТО главна тема ќе биде усвојувањето на новиот Стратешки концепт на НАТО, кој ќе биде патоказ во наредните десетина години, базирајќи се на новата безбедносна реалност, а со цел прилагодување на промените во светот за зачувување на безбедноста на своите над една милијарда граѓани.

На самитот ќе се дискутира и за зајакнување на капацитетите за одвраќањето и одбраната, за апликациите на Шведска и Финска, за идната поддршка на Украина, за безбедносни прашања на денешницата и за останати важни прашања со кои се соочува Алијансата.

Расте бројот на барања за азил во ЕУ

EUROPE-MIGRANTS/HUNGARY

Европската унија минатата година примила 648 илјади барања за меѓународна заштита, објави денеска Агенцијата на ЕУ за азил (ЕУАА).

Тоа е за една третина повеќе во однос на 2020 година.
Авганистанците и Сиријците се најголемата група баратели на азил.

Освен тоа, Унијата примила околу 3,4 милиони барања за привремена заштита од луѓе кои избегале од војната во Украина.
Агенцијата соопшти дека од вкупно околу 6 милиони луѓе избегале од руската агресија, но дел од нив се вратиле во Украина.

Сиријците поднеле околу 117 илјади барања, додека Авганистанците 102 илјади. По нив следуваат граѓани на Ирак, Пакистан, Турција и Бангладеш.

Дестинациите на кои сакаат да стигнат се Франција, Германија, Италија и Шпанија.

Половина од сите пријавени биле на возраст од 18 до 34 години, а околу 70 отсто од барателите се мажи.

ЕУ соопшти дека ги прифатила барањата за азил или заштита на 185 илјади луѓе.

Најголем процент усвоени барања имале жителите на Еритреја – 81 отсто, додека најнизок жителите на Грузија – 3 отсто.
Околу 770 илјади одлуки сè уште се на чекање, наведува Агенцијата на ЕУ.

Адеми жали за собранискиот инцидент, тензиите продолжуваат и на денешната седница

Пратеникот од ДУИ Арбер Адеми, архивска фотографија

Пратеникот од ДУИ Арбер Адеми денеска изјави дека жали за тоа што се случило на синоќешната седница на Комисијата за европски прашања во Собранието. Тој вели дека жали за сите сцени што јавноста имаше можност да ги види и за кои вели дека се испровоцирани од опозицијата.

На видео снимка од вчерашната седница можеше да се види како при жестока кавга меѓу координаторот на ДУИ и претседател на комисијата за европски прашања Арбер Адеми и опозициските пратеници Антонијо Милошоски и Халин Снопче летаа филџани и пластични шишиња.

Кавга на раб на тепачка во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:24 0:00

Денеска Адеми во изјава за ТВ Клан вели дека ваквите сцени се грди и не се во интерес ниту на пратениците, ниту на граѓаните.

„Без оглед дали станува збор за пратеници од опозицијата или од власта, повторување на такви сцени не треба да се случат, треба заедно да ги надминеме проблемите и овие провокации, како и недоразбирањата за да обезбедиме непречено одвивање на работата на Собранието", изјави Адеми.

Тој вели дека за време на вчерашниот инцидент бил повреден, кога пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски му го влечел микрофонот и му предизвикал повреда на раката.

Денеска продолжи седницата на Комисијата, на која повторно пратениците се обраќаа на висок тон, се довикуваа и тропаа по масите. И овојпат пратениците се расправаа за тоа дали е утврден дневниот ред. Повод за жестоката кавга вчера, на раб на физичко насилство, беше гласањето на дневниот ред, на кој се најде и Законот за работата на судовите, со кој се предлага работниот век на судиите да се продолжи до 67 години.

Г7 ветија меѓународна конференција за помош за обнова на Украина

Германија - Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обраќа на лидерите на Г7 преку видео врска за време на нивната работна сесија на 27 јуни 2022 година.

Лидерите на групата седум најразвиени економи во светот Г7 ветија дека ќе одржат меѓународна конференција за собирање средства за повоена обнова на Украина. За време на нивниот Самит во Германија тие ја осудија руската инвазија на Украина како „незаконска и неоправдана“.

„Ние сме силно посветени на поддршката на реконструкција на Украина преку меѓународна конференција“, се наведува во соопштението на Г7, додавајќи дека членовите се согласиле да потрошат 4,5 милијарди долари за решавање на проблемите со безбедноста на храната ширум светот, влошени со зголемените трошоци за жито и храна по инвазијата на Русија.

Белата куќа додаде дека Соединетите Држави ќе вложат 2,76 милијарди долари за тој напор, што ќе им помогне на 47 земји и регионални организации кои се занимаваат со недостиг на храна и неухранетост.

Во завршната изјава од Самитот, кој завршува на 28 јуни, се адресира и прашањето за глобалната безбедност на храната, кое беше нарушено со руската блокада на украинските пристаништа, со што резервите на жито од еден од најголемите светски производители не се извезуваат.

На лидерите на Г7 им се придружија и лидерите на Аргентина, Индија, Индонезија, Сенегал и Јужна Африка, како и Украина, се вели во соопштението.

За време на тридневниот Самит лидерите веќе ветија дека ќе продолжат со санкциите кон Русија до кога и да треба и дека ќе го засилат меѓународниот економски и политички притисок врз рускиот претседател Владимир Путин и неговите поддржувачи во Белорусија.

Тие ја осудија Русија и за, како што наведоа, „гнасниот“ напад врз трговскиот центар во централна Украина, нарекувајќи го „воено злосторство“ и ветија дека Путин „ќе одговара“ за постапките на Москва.

Лидерите на Г7 за време на самитот зборуваа и за ограничување на цената на руската нафта, зголемување на царините за руските стоки и воведување други нови санкции, но на состанокот во Германија не беше постигнат конечен договор. Се очекуваат дополнителни дискусии по самитот.

Тројца загинати во уривање на зграда во Мумбаи во Индија

Индија, Мумбаи, архивска фотографија.

Најмалку тројца луѓе загинаа, а 11 се повредени во уривање на трошна станбена зграда во финансискиот центар на Индија, Мумбаи, соопштија денеска локални претставници.

Четирикатницата се урнала доцна синоќа.

Десетици спасувачи го расчистуваат теренот во потрага по најмалку четворица станари кои се заробени под урнатините, пренесоа тамошните медиуми.

На телевизиските снимки се гледа како граѓани им помагаат на полицијата и пожарникарите во спасувањето на луѓето и превозот на повредените во болница.

Министерот за екологија на индиската држава Махараштра изјави дека на станарите неодамна им било кажано да ја напуштат трошната зграда, но тие продолжиле да живеат во неа.

Уривањето на згради често се случува во Индија за време на сезоната на монсуни од јуни до септември, кога поради силните дождови доаѓа до слабеење на и онака лошо направените темели на објектите.

Пациентите со дијабетес разочарани од односот на министерот за здравство

Систем за мерење на гликемија

Пациентите со дијебетес бараат Mинистерството за здравство да ја заврши постапката за промена на моделот за набавка на глукомери и ленти, односно лентите и апаратите за мерењето на шеќер во крвта да се тргнат од тендерската постапка за набавка на инсулин и да бидат достапни во сите аптеки по дефинирана цена.

Меѓу пациентите има и 500 деца кои што се засегнати од проблемот.

Наташа Димитриевска - Деспотовска од Здружението на деца со дијабетес, вели дека нема перспектива за овие деца ако не се применуваат сите модерни средства за лекување и контрола на болеста.

„Не заради фактот што сме единствени во Европа и на Балканов што без државно учество во обезбедување на овие помагала, туку заради фактот што тие помагала се суштински во животот со дијабетесот, во борбата со него, во превенцијата од мноштво несакани, а крајно животозагрозувачки опасности кои што, за жал, оваа состојба ги носи, а се работи за деца, за нивниот развој и нивниот живот, засега како да разговараме со ѕид“, изјави Наташа Димитриевска - Деспотовска од Здружението на деца со дијабетес.

За јавната набавка велат дека државата веќе обезбедила средства, рапишан бил и тендер, но тој пропаднал. Поради тоа бараат здравствените власти неодложно да го решат проблемот.

Специјализантите останаа без платени дежурства, бараат решение од премиерот

Пациентите реагираат и на односот на министерот за здравство Беким Сали кон пациентските здруженија. Велат дека изминативе шест месеци се обидуваат да дојдат до него, како најрелевантен фактор, за да најдат решение за проблемите со кои се соочуваат во делот на лековите и терапиите, но безуспешно.

„Созјузот на здружение на дијабетичари (СЗДСМ) )официјално досега во пет наврати поднесе барања за средба со министерот за здравство во кои што тематски беа наведени точките за разговор, но единствен одговор добивме пред неполн месец кога се сретнавме со неговиот советник за соработка со граѓански организации. За жал, и ние како и сериозно мнозинство на пациентски организации се уште сме далеку од можноста да имаме воспоставена редовна комуникација со министерот за здравство за сите прашања кои што пред нас стојат како реални проблеми и тешкотии“, вели претседателот на СЗДСМ, Димче Велев.

Алармантен раст на новозаболени од дијабетес во земјава

Од пациентските здруженија се покажалија на, како што велат, не само непостоење на инситуционален интерес, туку и за непостоењето на трунка човечка емпатија и незаинтересираност да се биде сервис на граѓаните.

Бугарскиот претседател ги заврши консултациите пред да го додели мандатот за нова влада

Бугарскиот претседател Румен Радев со преставникот на ИТН, Ташко Јорданов.

Претседателот на Бугарија Румен Радев ги заврши консултациите со партиите во Националното собрание, откако минатата недела на владата и беше изгласана недоверба.

Радев изјави дека првиот мандат за формирање на новата влада во рамките на овој парламент ќе го предаде на најголемата партија во Собранирто „Продолжуваме со промената“. Тој не прецизираше кога ќе им го даде мандатот. Радев вечерва заминува за Мадрид на самитот на НАТО, каде ќе биде до 30 јуни.

Во меѓувреме партиите меѓусебе се консултираат за нова влада.

Од досега владејачката партија „Продолжуваме со промените“ соопштија дека денеска почнува преговори со актуелните партнери од владејачката коалиција во Бугарија. Доколку се договорат, ќе предложат влада и акциски план во форма на јавна покана до сите пратеници во Националното собрание, со цел да се формира мнозинство од 121 пратеник.

Од партијата „Има таков народ“ (ИТН), која ја напушти владејачката коалиција пред да и биде изгласана недоверба, велат дека нема да поддржат влада со премиерот Кирил Петков или Асен Василев, туку партијата ќе направи „сè што е во нејзина моќ“ да формира кабинет. Од партијата велат дека доколку бидат поканети ќе учествуваат во преговорите за формирање влада, дека ќе дадат сè од себе, но не по секоја цена.

Од Демократска Бугарија (ДБ) соопштија дека ќе инсистираат на формирање влада со првиот мандат, кој ќе го добие „Продолжуваме со промената“ (ПП).

Откако Кирил Петков поднесе оставка од владата во понеделникот наутро, почна процедурата за формирање на нова влада. Радев мора да даде мандат за формирање кабинет прво на ПП, која е најголема парламентарна партија, па на ГЕРБ и на крај на некоја од другите партии по негов избор.

ССМ реагира на одлуката трговците во туристичките места да работат во недела

Маркет

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) реагира на одлуката да им се дозволи на трговците во туристичките места да работат во недела, само неколку месеци откако на сила стапи Законот за недела неработен ден.

„ССМ со право, уште на самиот почеток на процесот на уредување на недела како ден на неделен одмор укажуваше дека ова право во никој случај не смее да се регулира со друг закон освен со Законот за работните односи и дека во тој случај му се дава можност на еден министер со потпис да одлучува за судбината на работниците, што по 6 месеци се покажа како точно, иако во тој период од министрите бевме убедувани дека тоа нема да биде случај“, реагира Сојузот на синдикати.

Собранието вчера ги усвои измените и дополнувањата на Законот за трговија со кој се овозможува работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места. Според министерот за економија Крешник Бектеши, со измените и дополнувањата на Законот за трговија се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, посебно во туристичките места.

Русија воведе санкции за сопругата и ќерката на американскиот претседател

Американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил.

Русија воведе санкции за сопругата и ќерката на американскиот претседател Џо Бајден. Тие се последните американски граѓани додадени на листата на санкционирани од Москва како одмазда за потезите на Вашингтон против Русија поради нејзината војна во Украина.

Министерството за надворешни работи во Москва во соопштение на 28 јуни соопшти дека 23 други високи функционери се на листата на санкционирани. Санкции има и за лидерот на малцинството во републиканскиот Сенат, Мич Мекконел, и за сенаторите Чарлс Грасли, Кирстен Гилебранд, Сузан Колинс, Бен Сас и Мартин Хајнрих.

„Како одговор на постојано проширувањето на американските санкции против руските политички и јавни личности, 25 американски граѓани се ставени на таканаречната „стоп листа“. На неа се ставени и сенаторите одговорни за формирање на русофобичен наратив, како и членовите на семејството на претседателот Џо Бајден“, се вели во соопштението.

На луѓето од списокот им е забранет влез на руска територија.

Соединетите Држави ги предводеа меѓународните напори за воведување далекусежни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Вашингтон и Европската унија воведоа санкции против поединци, вклучително и рускиот претседател Владимир Путин, неговите ќерки, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и членовите на неговото семејство и неколку олигарси поврзани со Путин.

Тие, исто така, воведоа осакатувачки економски санкции кон Русија.

Професорите на УКИМ повисоки плати ќе бараат преку дијалог, не на протести

Спроменикот на Свети Кирил и Методиј пред комплексот факултети во Скопје

Протестот на професорите на Универзитетот Кирил и Методиј (УКИМ) најавен за 30 јуни се одложува, донел одлука Сојузот на синдикати на Универзитетот, откако добиле одговор од Владата дека за нивните барања ќе разговараат со надлежните министерства.

„Од Владата добивме одговор на нашите барања за потпишување колективен договор и покачување на платите со кој се задолжуваат Министерствата за образование и наука и за финансии за разговори во врска со нашите барања, и покрај тоа што основач на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е Собранието, со кое Синдикатот водеше преговори и го усогласи во целост нормативниот текст од колективниот договор, освен делот на покачување на платите“, се наведува во соопштението.

Сојузот на синдикати на УКИМ очекува дека Владата и двете министерства ќе ги разгледаат нивните, како што наведува „оправдани и разумни барања и позитивно ќе одговорат“ и додава дека со одлуката за одложување на протестот сакаат да овозможат егзистенцијалните барања да ги остварат низ дијалог.

Доколку нивните барања не бидат прифатени ќе организираат протести во септемвриската испитна сесија.

Синдикатот на УКИМ на 2 јуни го изрази незадоволството пред Ректоратот на Универзитетот, а задутре требаше да организира мирен протест пред Владата кој со денешната одлука е одложен.

Ковачевски - Засега нема прифатлив предлог во процесот со Бугарија

Премиерот Димитар Ковачевски

Нема ништо ново во процесот со Бугарија, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите. Тој вели дека процесот со Бугарија се води во Министерството за надворешни работи.

„Министерството за надворешни работи со своите експертски тимови разговараат со МНР во Бугарија. Во моментот кога ќе има прифатлив предлог од двете страни, тогаш истиот ќе биде ставен во институциите во Република Северна Македонија. Во овој момент таков предлог нема“, рече премиерот Ковачевски во изјава за новинари на настанот „Национална стратегија за правата на лицата со попреченост“.

Тој повтори дека Владата останува на ставот за францускиот предлог изнесен на прес-конференцијата во Брисел минатата недела, дека францускиот предлог, како што е првично е даден е неприфатлив за македонската страна. Доколку се направат измени, какви што предлага земјава, тогаш има можност разговорите да продолжат.

Властите во Македонија имаат три клучни барања за преговарачката рамка, а тие се целосно признавање на македонскиот јазик, историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и преговорите да почнат пред внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот. Ковачевски смета дека се потребни и гаранции оти нема да има нови услови од Бугарија и од Европската унија.

Францускиот предлог, пак, беше изгласан во Народното Собрание на Бугарија минатата недела. Претседателот на Франција Емануел Макрон го поздрави изгласувањето на предлогот во бугарското Собрание, и најави дека во наредните денови ќе продолжат разговорите со партнерите во Северна Македонија.

Расте бројот на жртви при нападот на трговски центар во Украина

Трговскиот центар во централниот украински град Кременчук.

Бројот на загинатите во рускиот ракетен напад врз преполн трговски центар во централниот украински град Кременчук се искачи на најмалку 18 лица, а најмалку 60 се повредени, изјави регионалниот гувернер Дмитро Лунин. Тој вели дека 36 лица се водат како исчезнати. Во моментот на нападот во трговскиот центар имало повеќе од 1.000 луѓе, соопштија властите.

Лунин денеска на Телеграм напиша дека пораснал бројот на жртви од вчерашниот напад. Операциите за спасување и за чистење во Кременчук продолжиле и во текот на ноќта. Тој рече дека трговскиот центар бил „целосно уништен“ од ракетниот напад.

Украина ја обвини Русија за нападот, велејќи дека биле користени проектили воздух-земја истрелани од бомбардери со долг дострел Ту-22.

Во меѓувреме продолжуваат борбите за контрола на градот Лисичанск, последното украинско упориште во источниот регион Луганск. Шефот на регионалната воена администрација, Серхи Хаидеј, рече дека украинските сили сè уште го контролираат Лисичанск, но неговата загуба е можна бидејќи Русија вложува ресурси во борбата.

Русија, исто така, го гранатираше Харкив, вториот по големина град во Украина, при што се погодени станбени згради и основно училиште, рече регионалниот гувернер. Во гранатирањето загинаа пет лица, а 22 беа ранети, меѓу кои и деца, рече гувернерот.

Тела на 46 мигранти пронајдени во камион во Тексас

Сан Антонио - Камионот во кој се пронајдени тела на мигранти

Најмалку 46 тела се пронајдени во приколка на напуштен камион на периферијата на Сан Антонио, Тексас.

Од противпожарната служба соопштија дека 16 луѓе, меѓу кои четири деца, се пренесени во болница. Преживеаните имале температура и страдале од топлотен удар и исцрпеност.

Камионот бил пронајден покрај пруга во оддалечена област на јужната периферија на градот. Сан Антонио се наоѓа на 250 километри од границата меѓу САД и Мексико и е главна транзитна рута за шверц на луѓе.

Трговците со луѓе често користат камиони без документи за да превезуваат мигранти кои успеале да преминат во САД.

„Имале семејства и веројатно се обидувале да најдат подобар живот“, рече градоначалникот на Сан Антонио, Рон Нирнберг.

„Тоа не е ништо друго освен ужасна, човечка трагедија“, вели тој.

Климата во Сан Антонио е неверојатно жешка во текот на летните месеци. Температурата во понеделникот достигнала 39,4 степени Целзиусови.

Мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард изјави дека двајца Гватемалци се меѓу префрлените во болница. Националноста на другите жртви засега не е позната.

Три лица се во притвор, а истрагата е предадена на федерални агенти.

Жртвите, за кои се претпоставува дека се мигранти, најверојатно починале од топлотна исцрпеност или дехидрација.

Ваква примери во Сан Антонио имало и претходно, но не од вакви размери.

Во 2017 година, десет мигранти беа пронајдени мртви во тракторска приколка во градот.

Имиграцијата е спорно политичко прашање во САД, каде во мај беа приведени рекордни 239.000 мигранти без документи кои влегле во земјата од Мексико. Многумина од нив патуваат по крајно ризични и небезбедни рути.

Американските власти направиле 1,73 милиони апсења на границата во 2021 година, каде се обидуваат да минат луѓе од земјите од Централна Америка како Хондурас, Гватемала и Ел Салвадор, бегајќи од сиромаштијата и насилството.

Многу од нив без документи се обидуваат да влезат во САД, па затоа плаќаат огромни суми пари на шверцерите на луѓе за да ги пренесат преку границата

Во Мадрид започнува Самит на НАТО, македонската делегација ја предводи Пендаровски

Седиштетот на НАТО во Брисел

Лидерите на земјите членки на НАТО денеска ќе се соберат на Самиот на Алијансата во Мадрид. Се очекува ова да биде еден од најважните самити на НАТО во последниве години, поради руската неиспровоцирана инвазија на Украина.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 27 јуни рече дека на тридневниот самит ќе се договори нов пакет помош за Украина во области како безбедни комуникации, системи против дронови и гориво.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да им се обрати на лидерите на НАТО и сојузниците преку видео врска за време на самитот.

Македонската делегација во Мадрид ќе ја предводи претседателот на државата Претседателот Стево Пендаровски. Во состав на државната делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Противењето на Турција кон кандидатурите на Финска и Шведска да се приклучат на Алијансата е исто така, една од точките на агендата на Самитот. Столтенберг треба да разговара со лидерите на трите земји на разговори пред самитот.
Турција, која ја има втората по големина армија во Алијансата по Соединетите Држави, бара гаранции од Финска и Шведска во однос на курдските групи кои Анкара ги смета за терористи.

На самитот ќе присуствуваат и лидер на земји кои моментално не се членки на НАТО, вклучително и Јужна Кореја и Јапонија, како набљудувачи.

Индиректни разговори меѓу Иран и САД за нуклеарниот договор

За денеска се закажани индиректни разговори меѓу Иран и САД во Доха, Катар, соопшти иранското Министерство за надворешни работи по притисокот на Европската унија за надминување на ќорсокакот во преговорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015.

Иран соопшти дека во разговорите ќе посредува главниот преговарач на ЕУ Енрике Мора и дека не се планирани директни разговори меѓу Иран и САД.

Иранските власти соопштија дека фокусот на разговорите ќе биде повлекувањето на американските санкции.

Ова е посебни разговори од пошироките преговори со посредство на ЕУ кои треба да се одржат во Виена меѓу Иран и светските сили.

Стејт департментот ја потврди средбата и повтори дека Иран треба да се откаже од дополнителни барања надвор од опсегот на договорот.

Шефот за надворешни работи на ЕУ Жозеп Борел минатата недела беше во Техеран во обид да ги заживее преговорите за иранската нуклеарна програма. Земјите од ЕУ се принудени да бараат други добавувачи на нафта, освен Русија, зашто се обидуваат да ја намалат зависноста од руска енергија во ек на војната во Украина.

Според договорот од 2015, Иран се обврза да ја ограничи нуклеарната програма во замена за олабавување на меѓународните санкции, но договорот пропадна во 2018, кога тогашниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот и воведе жестоки санкции против Иран. Техеран, пак, не почитуваше некои од обврските од договорот.

Повеќе од една година Иран преговара со Велика Британија, Франција Германија, Русија и Кина директно, и со САД индиректно, за заживување на договорот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG