Достапни линкови

Вести

Антивладини протести во Куба, претседателот повика на контрапротести

Апсење на демонстранти во Куба

Илјадници Кубанци излегоа на ретки протести против комунистичката влада во оваа карипска држава, а многумина од младите учесници извикуваа „Долу диктатурата“ и „Слобода“.

Претседателот Мигел Дијаз-Канел вчера ги повика неговите поддржувачи да „се борат“ против демонстрантите во главниот град Хавана, Ова се најголемите антивладини протести на комунистичкиот остров со децении.

Протестите избија во ек на најголемата економска криза во Куба од распадот на Советскиот Сојуз, нејзиниот стар сојузник, и рекордниот пораст на заболени од коронавирус. Луѓето се гневни поради недостигот на основни стоки, ограничувањето на граѓанските слободи и начинот на кој властите се справуваат со пандемијата.

Новинарите на Франс прес објавија дека полицијата користела солзавец да ги растера насобраните, а биле користени и пендреци.

Повикувајќи се на очевидци во Хавана, Ројтерс објави дека безбедносните сили и полицајци во цивил уапсиле дваесетина демонстранти. Полицијата тепала демонстранти, а удиран бил и фоторепортер кој работи за Асошиејтед прес.
Неколку илјади демонстранти излегоа и на улиците на Сан Антонио де лос Банос, град на 30 километри југозападно од Хавана.

Во телевизиското обраќање до нацијата, претседателот рече:

„Дадена е наредба за борба – на улица, револуционери!“

„Ги повикувам сите револуционери во земјата, сите комунисти, да излезат на улиците каде што се случуваат провокациите, од сега и во следните неколку дена да се соочат со нив на одлучувачки, цврст и храбар начин“, рече тој.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан ја предупреди Куба против одмаздата врз луѓето кои излегле на протести.

„САД ја поддржуваат слободата на изразување и собири во Куба и силно ќе го осудат секое насилство насочено кон мирните демонстранти кои ги користат нивните универзални права“, напиша тој на Твитер.

Вашингтон со децении се спротивставува на комунистичката влада во Куба и има воведено жестоки санкции против нејзината економија.

види ги сите денешни вести

Најдолгата железничка линија во Русија во прекин поради поплави

Илустрација

Поплавите предизвикани од обилните дождови во Сибир доведоа до уривање на мост, прекинувајќи ја Трансибирската железница, која е најдолгата железничка линија во светот што се протега низ Русија, односно од Москва до пацифичкиот пристанишен град Владивосток.

Колапсот ги запре возовите неколку часа по должината на железничката пруга од 9.289 километри што го натера претседателот Владимир Путин да ги повика екипите за поправка да работат брзо за да го решат проблемот.

Жителите на областа Чернишевски изјавија дека мостот се урнал во близина на селото Нижнија Куенга, откако реката Алеур го поплавила градот Чернишевск и неколку села во близина. Жителите на неколку села изјавија за РСЕ дека биле принудени да ги напуштат своите домови откако водостојот достигнал до колена.

"Областите во близина на реката се сите под вода ... Спасувачките екипи од Министерството за вонредни состојби допрва треба да видат. Но, дури и да беа тука, тие нема да можат да се грижат за ситуацијата бидејќи премногу луѓе се погодени. Многу е тешко да се напушти областа бидејќи има само еден мост за автомобили, а властите дозволуваат преминување на само еден автомобил истовремено. Се чини дека се плашат дека може да се урне како железнички мост “, рече еден од жителите на за округот, Светлана Шемиакина за РСЕ.

Министерството за вонредни состојби соопшти дека нема извештаи за жртви по уривањето на железничкиот мост, додавајќи дека возовите биле пренасочени.

Церемонијата за отворање на Олимпијадата во сенка на коронавирусот

Стадионот каде се одржуваат олимписките игри во Токио. Илустрација.

Свечената церемонија за отворање на одложените Олимписки игри во Токио се одржа пред речиси празен Олимписки стадион, додека организаторите се трудат да го извлечат настанот од под сенката на пандемијата на коронавирус. Церемонијата почна во 13 часот по македонско време пред помалку од 1000 луѓе на стадионот со 68 илјади седишта.

Петнаесетина светски лидери ќе присуствуваат на церемониите кои се очекува да не бидат толку раскошни како пред пандемијата во која досега починаа над 4 милиони луѓе во светот. Организаторите пред две недели одлучија натпреварите да се играат пред празни трибини, откако беше прогласена вонредна состојба во Токио поради растот на случаи на коронавирус.

Поголемиот број земји ќе испратат само дел од нивните спортисти на церемониите во Токио поради претпазливост. Досега повеќе од 100 луѓе акредитирани од Олимпијадата, меѓу кои и спортисти, биле позитивни на тестот за коронавирус. Во Токио денеска се регистрирани 1359 нови случаи на коронавирус, а бројот постојано расте и покрај тоа што градот е во вонредна состојба. Олимписките игри Токио 2020 лани беа одложени поради пандемијата.

Стејт Департмент: Владата презема мерки за подобрување на инвестициската клима

Седиште на Владата.

Американскиот Стејт департмент во извештајот за инвестициската клима во Северна Македонија за 2020 година наведува дека новата влада, утврдена од Парламентот во август минатата година, презема мерки за подобрување на инвестициската клима во земјата.

Министрите без портфолио, според извештајот, кои претходно ја споделуваа одговорноста за привлекување странски директни инвестиции беа отпуштени и сега ова е координарано од канцеларијата на заменик министерот за економија, така што процесот е поедноставен. Во напорите да се справи со корупцијата, како што се наведува, Државната комисија за спречување корупција започна голем број истраги поврзани со корупција, вклучувајќи и истраги поврзани со високи официјaлни лица.

„Амбасадата во 2020 детектираше дека информациско-комуникациските технологии е област во развој зрела за американски инвестиции бидејќи Владата неодамна се фокусираше на обезбедување подобра клима за технолошки развој. Географската положба е предност ако компаниите разгледуваат можност за блиско отварање производство (near-shoring), со што нивните производи се достапни за конзумација многу поблиску до Европа. Ова е посебно важно по намаленото производство во светот во 2020 поради пандемијата“, се вели во изештајот.

Се укажува дека пандемијата на Ковид-19 извршила силен удар врз економијата на земјата и незината способност да прифати странски инвестиции.

„Иако напорите на Владата да го пренасочи производството за најпотребни стоки и да ги контролира цените од почетокот на пандемијата завршија, ограничувањата на движењето на луѓето и значајното зголемување на невработеноста ја ограничија потрошувачката и ги намалија услугите за отварање бизнис“, се наведува во извештајот.

Пандемијата, според извештајот, остро го запрела растот на БДП, од зголемените 3.9 отсто во 2019 до налаување од 4.5 отсто во 2020 година, „иако во март Владата прогнозираше раст на БДП од 4.1 отсто“. Вирусот најверојатно, иако засега е непознато, како што пишува во извештајот може да има долготрајно влијание на економијата во текот на 2021 година и потоа.

Сепак, извештајот посочува дека целокупната регулаторна рамка на земјата останува сложена и честите регулаторни или законски измени, заедно со неконзистентното токкување на правилата, создаваат непредвидлива бизнис клима подложна на корупција.

Се наведува и дека Северна Македонија нема „едношалтерски систем“ и затоа инвеститорите се принудени да се насочуваат низ неколку бирократски институции за да ги реалзираат нивните инвестиции.

Предложено Охридскиот регион да добие 2 години рок да ги исполни препораките на УНЕСКО

Багер отстранува нелагално изграден објект на брегот на Охридското Езеро кај туристичкото место Лагадин. Градоначалникот на Охрид Георгиевски вели дека се посветени на имплементација на препораките на УНЕСКО.

Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина им предложи на Центарот и советодавните тела на УНЕСКО да им дадат на Северна Македонија и на Албанија дополнителни две години да постапуваат по препораките содржани во Реактивните мисии на Комитетот за Светско наследство на ОН, за да избегнат поместување на Охридскиот регион на листата Светски културни и природни богатства во опасност.

На заседанието на Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу, Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина достави амандман за бришење на одредбите од нацрт-одлуката што значеа поместување на регионот на листата загрозени богатства од универзална вредност.

Босна и Херцеговина својот предлог го образложи со потребата да се охрабрат Северна Македонија и Албанија во напорите да се исполнат препораките од претходните извештаи, да се поддржат, а не демотивираат активностите што заеднички ги спроведуваат за справување со предизвиците.

„Охридскиот регион опфаќа голема територија, што бара големи напори за негова заштита што е компликуван процес. Сметаме дека изминатите две години се забележан напредок во исполнувањето на препораките, а подобрена е и соработката на двете дражви во сите сферии. Обесхрабрувачки би било во овој миг да се стави регионот на листата светски наследства во опасност, наместо тоа потребна им е поддршка“, беше посочено од Националната комисија за соработка со УНЕСКО на БиХ.

Предлогот за измена на амандманите на одлуката на БиХ беше поддржан од Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала. За поместување на Охридскиот регион на листата светски богатства во опасност се изјаснија националните комисии на УНЕСКО на Норвешка, Бахреин, Австралија, кои сметаат дека тоа дополнително ќе ги мотивира во напорите за спроведување интегрирани мерки и активности за елиминирање на регистрираните закани.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, посочи дека Северна Македонија изминатите две години демонстрирала истрајност и подготвеност да ги интензивира напорите за исполнување на препораките и забелешките на УНЕСКО. Таа во кусoто обраќање пред учесниците на состанокот побара продолжување на роковите како би се овозможило натамошно делување и исполнување на обврските и во сите сфери за дополнителна заштита на светското културно и природно богатство за генерациите.

Експертскитe тела на ИУЦН (за природно наследство) и ИКОМОС (за културно наследство) во ревидираните одлуки посочуваат дека изминатите години се исполнети дел од препораките содржани во извештаите на последователните реактивните мисии, некои делумно или недоволно спроведени додека голем број од нив воопшто и не биле адресирани.

Претходно, 34 организации и граѓански здруженија од Северна Македонија и Албанија испратија писмо до Комитетот за светско наследство во кое се бара од УНЕСКО Охридскиот регион да биде впишан на Листата на светски наследства во опасност. Тоа не значи нивно бришење од листата на заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку очекувана разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.

Четири лица кои летувале во Грција позитивни на корона, 20 во изолација

Илустрација

Доктор Марија Гочевска од Центарот за јавно здравје Скопје изјави дека 4 лица се позитивни, а 20 се во изолација од патниците кои пред неколку дена се вратија со автобус во земјата по летувањето во Грција.

„Изолацијата е направена според протоколот во зависност од контактите кои ги имале. Тоа се млади луѓе кои биле на летување во Грција“, рече таа.

Според неа, освен возачот на автобусот и двајцата водичи ниту еден од патниците кои се во изолација не бил вакциниран.

„Лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале 14 дена од последната доза на вакцината не подлежат на изолација, но тоа не значи дека тие не треба да посветат внимание на евентуална појава на симптоми“, рече доктор Гочевска.

Таа нагласи дека треба да се почитуваат мерките во затворен простор во смисла на носење маска, да се избегнува групирање, контакти без носење лична заштитна опрема и да се зголеми опфатот со вакцинацијата, затоа што тоа е единствениот начин за заштита од заболувањето.

„Опуштањето не треба да биде сто проценти, бидејќи вакцинација не дава стопроцентна гаранција дека некој нема да заболи“, додаде доктор Гочевска.

Бројот на загинати во поплавите во Кина порасна на 51 лице

Поплави во Кина

Бројот на загинати во поплавите во централна Кина порасна на 51, објавија денеска тамошните медиуми. Тие пренесуваат дека таа бројка е забележана само во градот Џенгџоу во провинцијата Хенан, иако и други делови на провинцијата се тешко погодени од поплавите.

Штетата во Џенгџоу се проценува на 10 милијарди долари. Луѓето продолжуваат да ја отстрануваат калта, автомобили и други работи кои водата ги нанесе и да ги чистат домовите, продавниците и канцелариите кои беа поплавени. Околу 400 илјади луѓе се евакуирани од градот од околу 12 милиони жители. Претходниот биланс беше 33 загинати.

Јанева спроведена во затворот Идризово

Катица Јанева со полициска придружба пред суд

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева денеска од куќен притвор е спроведена во затворот во Идризово, јави Фокус. Јанева е осудена на седум години затвор за случајот „Рекет“. Вчера и Бојан Јовановски - Боки 13 беше спроведен во Идризово. Ваква наредба е дадена откако Апелациониот суд ги одби жалбите на обвинетите во случајот Рекет и на Јавниот обвинител и ја потврди провостепената пресуда во целост. По комплетирањето на предметот тој се доставува до судија за извршување санкции, кој издава наредба за спроведување во затвор.

Јанева за случајот „Рекет“е осудена за „примање награда за противзаконито влијание“ и „злоупотреба на службена положба и овластување, а Јовановски казната ја доби за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Стоев: Промена на македонскиот Устав заради бугарската национална заедница во земјата

Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев

Дијалогот меѓу Бугарија и Северна Македонија мора да продолжи и во иднина, за остварување на единствената и заедничка цел- земјата да започне преговори со ЕУ, изјави денеска вршителот на должноста, бугарски министер за надворешни работи Светлан Стоев. Тој рече дека „емоциите се пречка, треба да се гради прагматична политика меѓу Бугарија и Северна Македонија“.

Стоев нагласи дека промена на македонскиот Устав е еден од начините за решавање на проблемите со припадниците на бугарската национална заедница во земјата.

Бугарскиот министер праша и зошто земјава не испраќа амбасадор во Софија веќе 18 месеци, додавајќи дека исто како што неговиот македонски колега Бујар Османи „може да го повика бугарскиот амбасадор во Скопје и да го види во рок од 10 минути“, така и тој би сакал да може да се јави и да разговара со амбасадорот на Северна Македонија во Софија.

Нови 36 случаи на Ковид-19, нема починати лица

Тестирање за Ковид-19

Во последните 24 часа се направени 3.569 тестирања, а регистрирани се 36 нови случаи на Ковид-19. Оздравени се 12 пациенти и нема починати лица. Досега во земјата се направени вкупно 944.747 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.017, бројката на оздравени пациенти е 150.263, на починати е 5.489, а бројот на активни случаи изнесува 265.

Од Министерството за здравство соопштија дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, според соопштението, вакцинирани се вкупно 481.268 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 800.168 дози вакцини, а ревакцинирани се 318.900 граѓани.

Со последните бројки 62 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 59 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 54 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 44 проценти од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Најмалку 36 загинати во свлечишта во Индија

Поплави во Индија

Најмалку 36 луѓе загинаа во свлечишта предизвикани од силните монсунски дождови во западна Индија, соопштија локалните власти.
Десетици луѓе се водат како исчезнати во три свлечишта во државата Махараштра, а 35 – 40 луѓе чекаат помош од спасувачите во поплавените подрачја.

Индиската морнарица испрати хеликоптери за евакуација на луѓе и спасувачки тимови со чамци.

Повеќе од 30 луѓе настрадаа минатиот викенд во свлечишта предизвикани од монсунските дождови во и околу Мумбаи.

Несреќите предизвикани од лизгање на земјиштето се честа појава во Индија во сезоната на монсуни од јуни до септември.

Претседателот Пендаровски ги одликува Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов со Орден за заслуги

Постхумно беа одликувани драматургот Горан Стефановски, уметникот Зафир Хаџиманов и професор Ремзи Несими, основоположник на високото образование на албански јазик во земјава. Орден за заслуги доби и стопанственикот и Живко Мукаетов

Претседателот Стево Пендаровски денеска додели Ордени за заслуги. Постхумно беа одликувани драматургот Горан Стефановски, уметникот Зафир Хаџиманов и професор Ремзи Несими, основоположник на високото образование на албански јазик во земјава. Орден за заслуги доби и стопанственикот и Живко Мукаетов.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека четворицата носители на одликувањето имаат различни генерациски, творечки и професионални траектории, но сепак, се спојуваат во единствениот животен пат кој води кон создавање на нови вредности во македонското општество. Со ова заедничко доделување на Орден за заслуги за Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов сакаме да ги истакнеме поединците кои ја прават поголемата слика за напредокот на нашата заедничка татковина и благосостојбата на сите македонски граѓани, рече претседателот Пендаровски.

Се преврте брод со 45 мигранти кај брегот на Турција, спасувачката акција е во тек

Архивска фотографија: Спасување на мигранти од потонат брод

Брод со 45 мигранти потона во Егејското Море во близина на турскиот брег, а спасувачките екипи се на терен, соопшти турското Министерство за одбрана. Во акцијата за спасување учествуваат два брода и еден авион.

Мигрантите со бродот патувале од Турција кон Грција.

Договорот меѓу Турција и ЕУ од 2016 година помогна да се намали приливот на мигранти, но многумина и понатаму нелегално, по морски пат, се обидуваат да стигнат до Европа.

Додик - Инцко е србомразец

Милорад Додик

Одлуката со која Валентин Инцко, високиот претставник во БиХ во заминување, наметна измени и дополнувања на Кривичниот законик на БиХ со кои се забранува и казнува негирањето на геноцидот и величање на воени злосторници, покажува дека тој е типичен србомразец и веднаш велам дека Република Српска тоа го отфрла, рече Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ на прес-конференција во Бања Лука.

„Тој нема право да го стори тоа, ова е законски неоснована одлука, Република Српска го отфрла ова. Ова не е одлука со која се оди напред. Тој не требаше да замине со таква одлука“, рече Додик.

„Република Српска го отфрла тоа, геноцид не се случи, Србите никогаш не смеат тоа да го прифатат. Ова е последниот клинец во мртовечкиот ковчег на БиХ“, рече Додик и додаде дека „оваа одлука ќе посее многу зло“.

„БиХ не може вака да функционира, Република Српска треба институционално да одговори. Ќе закажеме седница на Националното собрание на Република Српска. Ние сме принудени да тргнеме во процес на дисолуција“, рече тој.

Инцко претходно рече дека го сторил тоа што му го налага совеста.

Бонус за приватните лекари во Грција кои ќе ги вакцинираат граѓаните

Илустрација: Туристи на Миконос

За секој термин што ќе го закажат за вакцинација, фармацевтите и лекарите ќе добиваат по 10 евра, за секоја вакцинација во неговата приватна ординација, лекарот ќе добива по 20 евра, а 50 евра ќе добие лекар доколку вакцинира лице во домашни услови, се новите бонуси за поттикнување на процесот на имунизација во Грција кои ги соопшти министерот за здравство Василис Кикиљас.

„Во програмата за вакцинација стигнавме во фаза во која сакаме да ги убедиме дури и нашите најскептични сограѓани. Очигледно е дека вакцините спасуваат животи, мислам дека сите го разбраа тоа. Минуваме низ фаза на делта мутацијата, пред нас имаме повеќе од половина од летото, сакаме да ги заштитиме туризмот, економијата, социјалниот живот и да ги поддржиме сите овие активности“, рече Кикиљас.

Грчкиот Парламент, пак, вчера, го изгласа амандманот од Министерството за здравство за задолжителната вакцинација на здравствените работници, како и за вработените во центрите за грижа.

Димитров - Во следните шест месеци или ќе го обновиме кредибилитетот на ЕУ на Балканот или ќе го изгубиме

Архивска фотографија: Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров

На денешната средба на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ ќе го покренеме и прашањето за пристапување и проширување на Унијата, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров пред почетокот на неформалниот состанок на ГАК, што се одржува денеска под словенечко претседателство во Брдо кај Крањ.

„Во рамките на словенечкото претседателство во следните шест месеци ќе ја достигнеме оваа одлучувачка точка или ќе го обновиме кредибилитетот на ЕУ на Балканот или ќе го изгубиме. Сметаме на вештините и мудроста на нашите словенечки пријатели за да успееме“, рече Димитров.

Тој потенцира дека темата на средбата на ГАК е посветена кон изградба на поотпорна Европска унија по ковид-кризата.

Вицепремиерот Димитров вчера по пристигнувањето во Љубљана се сретна со државниот секретар во Министерството за надворешно работи на Словенија и актуелен претседавач со ГАК, Гашпер Довжан. Димитров вчера во Љубљана имаше средби и со летонскиот министер за надворешни прашања Едгарс Ринкевичс и словачкиот државен секретар за европски прашања Мартин Клус.

Мијалков и „алфите“ невини за „Тортура“ врз Љубе Бошкоски

Архивска фотографија: Сашо Мијалков пред суд

Судот денеска ги прогласи за невини поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, поранешниот командир на полициската единица „Алфа“ Ивица Анчевски и петмина припадници на едницата, кои беа обвинети во случајот Тортура за апсењето на политичарот Љубе Бошкоски.

Судечкиот совет на чело со судијката Александра Ристеска оцени дека обвинителот Љубомир Лапе не докажал надвор од основано сомнение дека тие се виновни за делот мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Случајот се однесуваше на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година, ден по тогашните парламентарни избори.

Ова е трета пресуда за Мијалков, но прва ослободителна. Тој претходно беше осуден на 12 години затвор во случајот Таргет-Тврдина за нелегалното прислушување, а во случајот Трезор за уништување на опремата за прислушување на 8 години затвор.

Привремена забрана за дискотеки и клубови во Црна Гора

Плажа во Црна Гора.

Поради непочитување на епидемиолошките мерки во Црна Гора и зголемениот број новоинфицирани од денеска до 2 август властите ќе воведат привремена забрана за работа на ноќни клубови и дискотеки.

Забранети се забавите и музичките фестивали, како и сите масовни собири во затворени простории.
Дирекцијата за инспекциски работи ќе ги контролира собирите на отворено и изведувањето музика во живо во градините на локалите. Доколку продолжи трендот на прекршување, ќе се разгледа нивното укинување или дополнително ограничување.

Црна Гора бележи пораст на бројот на новоинфицирани. Вчера имаше 65 новозаразени. Вкупниот број заразени моментално изнесува 421.

Талибанците лажат, тврди официјален Кабул

Апсолутна лага е тврдењето на талибанците дека контролираат 90 проценти од границите на земјата, реагира Министерството за одбрана на Авганистан.

Според авганистанските власти талибанците шират пропаганда. Реакцијата на авганистанското министерство доаѓа еден ден откако портпаролот на милитантната група го изнесе тврдењето дека контролираат 90 отсто од границите на Авганистан. Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид го даде тоа тврдење за руската државна новинска агенција РИА Новости на 22 јули, но изјавата не може да биде независно проверена.

Во последните неколку недели, талибанците ставија голем дел од Авганистан под своја контрола, вклучително и клучните гранични премини. Нивната офанзива започна откако меѓународните сили предводени од САД почнаа со повлекувањето од земјата.

На 21 јули, шефот на здружениот Генералштаб на САД, Марк Мили, рече дека талибанците контролираат скоро половина од околу 420 окружни центри во Авганистан. Се чини дека талибанските борци имаат „стратешки импулс“ во нивната офанзива, но победата е далеку од сигурна, рече Мили.

Локалните власти во провинцијата Херат денеска соопштија дека авганистанските сили ја ослободиле областа Карух на североистокот на земјата во близина на границата меѓи Иран, Туркменистан и Авганистан.

Соседите на Авганистан преземаат активности за да си ги заштитат своите граници. Вчера властите на Таџикистан соопштија дека ги ставил своите вооружени сили во состојба на готовност и дека илјадниците војници се распоредени на границата со Авганистан.

Русија, која има бази во Централна Азија, соопшти дека следниот месец ќе организира воени вежби со Таџикистан и Узбекистан во близина на границата со Авганистан.

МВР заплени дрога во вредност од 150 илјади евра

Полицијата пронашла три торби со 54 пакувања марихуана

Полицијата запленета дрога вредна околу 150 илјади евра. Пресечен е меѓународен канал на трговија со дрога и приведени се пет луѓе, соопшти МВР.

Од минатиот месец полицијата водела истрага против луѓе вмешани во организирање на меѓународен транспорт на марихуана од Албанија преку Македонија кон Грција. Според полицијата организатор на криминалната група е педесетгодишен човек од Гевгелија.

Откако полицијата добила информации дека групата ќе пренесува поголема коалиција дрога од Албанија, преку Струга до Гевгелија спровеле акција. Во едно од две сопрени возила се пронајдени три торби со 54 пакувања марихуана, која според првичните проценки на полицијата има пазарна вредност од околу 150 илјади евра. Полицијата за настанот привела пет луѓе, меѓу нив и двајца поранешни вработени во МВР.

Коалицијата ГЕРБ-СДС нема да учествува на консултациите кај Радев

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.

Втората по големина политичка сила во новиот состав на бугарското Национално собрание, ГЕРБ-СДС, соопшти дека одбива да учествува на денешните консултациите со претседателот Румен Радев.

Според нив, дијалогот бил повеќе пати нарушуван и сметаат дека за нив нема место на консултациите, откако не биле поканети на разговори со другите политички сили.

Коалицијата ГЕРБ-СДС смета дека претседателот на државата не е обединувач на нацијата и дека назначи привремена влада, која, според нив, „лично ја составил“ само за нивната партија да биде опсипувана со клевети.

ГЕРБ-СДС, исто така, коментира дека им е чест да бидат во опозиција и да бидат изолирани.

Претседателот Румен Радев утрово ја поздрави одлуката на партијата „Има таков народ“(ИТН) да отворат дијалог со другите парламентарни групи за да се формира влада. Радев денеска има средба со претставници на партијата.

Веднаш по изборите, лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, објави дека нема да се обиде да формира коалиција, но потоа партијата ја промени својата одлука и најави дека ќе разговара со сите партии во парламент, освен со ГЕРБ.
Претставници на ИТН три дена ќе разговараат со партиите, а денска е закажан разговор со „Демократска Бугарија“.

Белата куќа: одбивањето на Кина за ново истражување на потеклото на вирусот е „неодговорно“

Џен Псаки

Белата куќа изрази разочарување од одлуката на Кина да го отфрли планот на Светската здравствена организација за понатамошно истражување на потеклото на пандемијата на коронавирусот, нарекувајќи ја „неодговорна“ и „опасна“. Кинескиот заменик министер за здравство Зенг Јиксин претходно рече дека е многу изненаден од предлогот, бидејќи се фокусира врз наводни прекршувања на кинеските лабораториски протоколи. Тој рече дека предлогот е исполитизиран и дека е „невозможно“ Кина да ги прифати условите. „Нивната позиција е неодговорна и искрено опасна“, изјави секретарот за печат на Белата куќа Џен Псаки.

Кина го одби предлогот на СЗО за продолжување на истрагата за потеклото на коронаворусот

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден постојано повторуваше дека СЗО треба да истражува теории, вклучувајќи ја и хипотезата дека може да потекнал од кинеската лабораторија. СЗО во јануари годинава беше во можност да испрати тим експерти само во Вухан, кинескиот град каде вирусот за прв пат беше откриен во декември 2019 година. Тие заклучија дека е многу малку веројатно коронавирусот да избегал од лабораторија, но оти таквата теоријата опстојува. На почетокот на овој месец, шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус, ги претстави условите за предложената втора фаза од истрагата на СЗО, вклучително и ревизии на научно-истражувачки институции во областа каде што за прв пат беше идентификуван вирусот. Тој го повика Пекинг „да биде транспарентен, да биде отворен и да соработува“ со истражителите.

СЗО: Кина подобро да соработува во испитувањето на потеклото на пандемијата

На прес-конференција, Зенг рече дека предлогот покажува „непочитување на здравиот разум и ароганција кон науката“. Повеќе од 4 милиони луѓе починаа ширум светот од почетокот на пандемијата КОВИД-19, а СЗО се соочи со растечки меѓународен притисок за понатамошно истражување на потеклото на болеста, што останува спорно меѓу експертите.

Втор ден од неформалниот состанок на министрите за европски прашања на ЕУ

Лого на претседателството на Словенија со ЕУ

Продолжува неформалниот состанок на министрите на ЕУ за европски прашања што се одржува во Љубљана и Брдо кај Крањ. На состанокот се дискутираат приоритетите на словенечкото претседателство со посебен акцент врз политиката на проширување, владеењето на правото и активностите поврзани со Конференцијата за иднината на Европа. На дневен ред се и теми во контекст на зајакнувањето на отпорноста на Унијата кон кризи, како прашања кои налагаат градење на заеднички координиран пристап.

Јанша: Ако ЕУ не направи напредок на Западен Балкан, тоа ќе го направат други

Организирањето на овој настан, како што се наведува, е во светло на претставените приоритети на словенечкото претседателство за градење на кредибилна и стабилна Унија, за што е неопходно придвижување во процесот на проширување. На собирот учествува и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров

САД воведоа санкции против министерот за одбрана и специјалните сили на Куба

Полицијата интервенира за време на протест во Хавана, Куба, 11 јули 2021 година.

Соединетите Држави воведоа санкции против министерот за одбрана на Куба и единицата на специјалните сили за наводни кршења на човековите права во акцијата против антивладините протести на почетокот на овој месец
Министерството за финансии на САД ги објави санкциите против министерот за одбрана Алваро Лопез Миера и Специјалната национална бригада. Санкциите ги замрзнуваат сите средства што им припаѓаат на Лопез Миера и СНБ во Соединетите држави и забрануваат кој било државјанин, жител или субјект на САД финансиски да соработуваат со нив. Според Министерството за финансии, Министерството за одбрана на Куба и безбедносните служби нападнале луѓе и „уапсиле над 100 демонстранти во обид да ги потиснат овие протести“. Едно лице почина од почетокот на протестите.

Антивладини протести во Куба, претседателот повика на контрапротести


Претседателот Џо Бајден предупреди дека санкциите се „само почеток“ на казнените мерки во врска со задушувањето на протестите.

„Соединетите Држави ќе продолжат да ги санкционираат лицата одговорни за угнетувањето на кубанскиот народ“, рече Бајден во изјавата.

Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез реагираше на Твитер, велејќи дека санкциите се „неосновани“. Кубанската влада за протестите ги обвини „контрареволуционерите“ финансирани од САД, кои ги користат економските тешкотии предизвикани од децениското старо ембарго на САД.

Во меѓувреме, Мексико објави дека планира да испрати два брода со храна и медицински материјали на Куба.

СБ на ОН го отфрли предлогот за укинување на високиот претставник во БиХ

Зградата на Канцеларијата на високиот претставник во Сараево

Советот за безбедност на ОН не го усвои предлогот за резолуција со кој се повикува на итно укинување на овластувањата на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, објавија медиумите во БиХ. Нацрт-резолуцијата беше доставена од Русија и Кина. Текстот беше поддржан од две членки на Советот за безбедност, Русија и Кина, 13 беа воздржани, а ниту една земја не гласаше против. За текстот се потребни девет гласа од 15, без вето на една од петте постојани членки - САД, Франција, Британија, Русија и Кина. Русија претходно побара од Советот за безбедност да се гласа за нацрт-резолуцијата, со која се бара итно да се одземат овластувањата на високиот претставник во БиХ.

Русија и Кина предлагаат укинување на високиот претставник во БиХ

Во текстот се вели дека овластувањата дадени на високиот претставник на Конференцијата за имплементација на Дејтонските спогодби во 1997 година повеќе не се потребни заради напредокот што го постигнаа страните во БиХ. На 27 мај, амбасадорите на земјите-членки на Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот во БиХ го назначија Кристијан Шмит за нов висок претставник, а Русија не се согласи со таа одлука, ниту пак Советот за безбедност на ОН гласаше за тоа. На 1 август Шмит треба да ја преземе функцијата од Валентин Инцко, кој се повлече од таа позиција по 12 години.

Статусот на Охридскиот регион на седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО

Античкиот театар во Охрид

Расправата за статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО се очекува денеска да се најде на дневниот ред на годинешната 44. Сесија на Комитетот за светско наследство што се одржува во кинескиот град Фуџоу. Во нацрт-верзијата на одлуката се нотираат слабостите за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно односно културно наследство прогласени за светско богатство и несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од Светската организација, со конкретен предлог регионот да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност.

Невладини организации бараат од УНЕСКО Охридскиот регион да стане светско наследство во опасност

Претходно, 34 организации и граѓански здруженија од Северна Македонија и Албанија испратија писмо до Комитетот за светско наследство во кое се бара од УНЕСКО Охридскиот регион да биде впишан на Листата на светски наследства во опасност. Тоа не значи нивно бришење од листата на заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку очекувана разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG