Достапни линкови

Вести

Туск се повлекува од функцијата претседател на Европската народна партија

Доналд Туск

Поранешниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск ќе ја напушти функцијата претседател на Европската народна партија (ЕПП), ден по објавувањето дека ќе се врати во полската внатрешна политика како лидер на најголемата опозициска партија. Туск, кој се врати на позицијата лидер на либералната партија Граѓанска платформа (ПО), чиј коосновач е тој, е претседател на Европската народна партија од 2019 година, пренесува Ројтерс.

Туск: Oпозицијата во Белорусија е „близу до победата“

Тој рече дека разговорите за неговиот наследник на чело на ЕПП ќе започнат на есен. „Се разбира, дејка можам официјално да бидам на чело на партијата и на Европската народна партија, која обединува многу европски партии“, рече Туск пред новинарите, додавајќи дека неговата намера е целосно да се вклучи во внатрешните работи на Полска.

види ги сите денешни вести

Албанскиот претседател утре ќе го посети Косово

Aлбанскиот претседател Бајрам Бегај

Новиот албанскиот претседател Бајрам Бегај на покана на неговата косовска колешка Вјоса Османи - Садриу, утре ќе отпатува во дводневна официјална посета на Косово, соопштија од неговиот кабинет.

Освен со косовската претседателка, тој утре ќе се сретне и со премиерот Албин Курти и со спикерот на парламентот Глаук Коњуфца.

Исто така Бегај ќе оддаде почит на споменикот на исчезнатите, на првиот косовски претседател Ибрахим Ругова, а ќе ја посети музејската куќа на фамилијата Јашари.

Во вторник албанскиот претседател ќе се сретне со лидерите на партиите, потоа со командантот на КФОР, а ќе ги посети и војниците на албанските вооружени сили, кои служат во КФОР.
Ќе го посети и Призрен каде ќе се сретне со градоначалник на овој град, а посетата ќе ја заврши со посетата на Комплексот посветен на Призренската лига.

На Бегај ова му е прва посета во друга држава, по преземањето на претседателската функција на 24 минатиот месец.

Брнабиќ - ЕУ не ја гледа својата вина, туку дава бескорисни изјави

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ,

ЕУ на провокациите на Курти реагира со бескорисни писмени изјави, а не ја гледа својата вина, реагира денеска премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на соопштението на ЕУ.

„Тажно е да се види дека ЕУ не ја гледа сопствената вина за тоа каде се наоѓаме денес. ЕУ да го завршеше својот дел од работата, да осигураше примена на Бриселскиот договор и да ги гарантираше основните човекови права на Србите на Косово и Метохија, работите ќе изгледаат многу поинаку. Затоа, ве молам, престанете со лицемерието“, напиша Брнабиќ на Твитер.

Во соопштението претходно денеска, ЕУ изрази „голема загриженост“ поради неодамнешното зголемување на потпалувачката реторика од страна на претставниците на Косово и Србија, особено поради изјавите за војна и конфликти во Западен Балкан.

ЕУ во соопштението наведува дека функционери на двете страни ќе бидат одговорни за секоја ескалација што ќе доведе до зголемени тензии и потенцијално насилство во регионот.

СДСМ - Мицкоски може веднаш да си даде оставка

Седиштето на СДСМ.

„Мицкоски да не чека, може веднаш да си даде оставка и да ја напушти политиката“, реагираат од владејачката партија СДСМ по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ако некој од неговите пратеници гласа за промена на Уставот тој ќе се замине од политиката.

„Мицкоски, кој самиот се прогласи за анти ЕУ политичар, уште еднаш потврди дека референдумот кој го најавува, а за кој не ја знае ниту формата, ниту прашањето му е само за внатрепартиска и лична употреба.

Мицкоски денеска при посета на Општина Бутел рече дека ќе ја напушти политиката ако некој од партијата гласа за промена на Уставот.

„Иако од власта ќе продолжат со притисоците и со изјавите дека имало пратеници од раководството. Нема такви. Тука сакам да ја затворам таа тема – по цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема, јас гарантирам. Ако гласа некој, ќе си заминам, ќе ја напуштам политиката и никогаш повеќе нема да се занимавам со политика ако јас додека сум претседател, под овие услови биде променет Уставот, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ најави референдум за внесувањето на Бугарите во Уставот, за што се потребни уставни измени, што пак е услов за продолжување на преговорите за влез во ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставни измени и најави дека нема да гласа за нив, а Уставот не може да се смени само со просто мнозинство, односно потребни се и гласови од пратениците до ВМРО-ДПМНЕ.

Во пожар во коптска црква во Каиро загинаа 41 лица

Пожар во коптска црква во Египет

Во пожар во коптска христијанска црква во египетската престолнина Каиро загинаа 41 лица, соопштија тамошните црковни власти. Пожарот избувнал во неделата на 14 август.

Од засега непознати причини избувнал пожар во црквата Абу Сифине, која се наоѓа во работничкиот кварт Имбаба, соопштија официјални лица, јавува агенцијата Франс прес (АФП).

Претседателот на Египет Абдел Фатах ал-Сиси на својата страница на Фејсбук напиша дека се мобилизирани сите државни служби за да се погрижат да бидат преземени сите мерки.

Подоцна противпожарната служба соопшти дека пожарот е ставен под контрола.

Коптите се најголема христијанска заедница на Блискиот Исток. Во 103-милионскиот Египет има најмалку 10 милиони Копти.

Ова малцинство претрпе напади и се жали на дискриминација во доминантно муслиманскиот Египет, најголемата арапска земја.

Коптите претрпеа репресии од исламистите, особено откако Сиси го собори од власт поранешниот исламистички претседател Мохамед Морси во 2013 година. Исламистите тогаш палеа цркви, училишта и домови на Коптите.

Сиси е прв египетски претседател кој секоја година присуствува на коптска божиќна миса. Тој неодамна за првпат во историјата именуваше коптски судија на чело на Уставниот суд.

Египет претрпе неколку смртоносни пожари во последните години.

Во март 2021 година, 20 луѓе загинаа во пожар во текстилна фабрика во источно предградие на Каиро.

Во 2020 година, во два пожари во болници загинаа 14 пациенти заболени од ковид-19.

Бесими - Сивата економија останува „евергрин“

Министерот за финансии, Фатмир Бесими

Сивата економија, како проблем останува „евергрин“, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во колумна. Тој пред една недела, исто преку колумна најави даночна реформа, која наиде на широка дискусија за тоа какви и дали и се потребни нови даноци на земјава.

Со даночната реформа, вели министерот, сакаат да ја сузбијат неформалната економија, односно дел од работниците кои работат на црно да се озаконат и да плаќаат даноци.

Тој посочува дека според проценките на ММФ, сивата економија во просек е на ниво од 35 отсто од БДП во ниско и средно развиените економии, за разлика од 15 проценти од БДП во развиените економии. Во земјите во регионот, сивата економија, се движи околу 30 отсто.

Против сивата економија со помали даноци и со поефикасни инспектори
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:10 0:00

Во неделното интервју на РСЕ, Благица Петрески од Фајнанс тинк посочува дека нивните истражувања покажале дека сивата економија во земјава е над 23 отсто. Таа вели дека најголемо намалување кај сивата економија се постигнало во 2008-та година со преминот од прогресивен кон рамен данок. Тоа се должи на општото намалување на даноците во делот на личен доход. Освен со даночни стапки, сивата економија може да се намали и со засилување на капацитетите на инспекторатите, вели таа за РСЕ.

Бесими вели дека дека оценките се дека во Република Северна Македонија, сивата економија изнесува околу 33 отсто.

„Доколку сакаме да имаме држава со подобра инфраструктура, квалитетно образование, подобра здравствена и социјална заштита, сите заедно мора да се потрудиме и дадеме свој придонес“, пишува Бесими.

Тој пишува дека ако сакаме да ја намалиме неформалната економија, треба истата да ја направиме економски „неатрактивна“.

ЕУ ги критикува талибанците за недостиг од инклузивност

Кабул, Авганистан

Талибанците „не успеаја да воспостават инклузивен политички систем“, обвини Европската унија во пресрет на првата годишнина од владеењето на ова тврдокорно исламистичко движење.

„Населението, вклучително и етничките и верски групи, а особено Хазара и шиитското население, се соочуваат со институционализирана и системска злоупотреба на нивните економски, социјални, културни, граѓански и политички права“, рече Набила Масрали, портпаролка за надворешни работи на ЕУ.

Таа додаде дека талибанците сериозно ги кршат правата на жените и девојчињата, кои остануваат лишени од средно образование и дека новите ограничувања на правилата за облекување ги исклучуваат од повеќето аспекти на економскиот и јавен живот.

Талибанците го зазедоа Кабул на 15 август 2021 година, враќајќи се на власт по 20 години откако беа соборени од инвазијата предводена од САД по нападите од 11 септември 2001 година.

Ниедна држава досега не ја призна талибанската власт.

Откако првично сигнализираа дека ќе бидат поумерени од нивното претходно владеење, талибанците повторно зазедоа тврда линија, нарушувајќи ги правата на жените и воведувајќи поцврста контрола врз печатот.

Реакцијата на ЕУ доаѓа еден ден откако талибанците насилно ги растурија протестите на жените во Кабул, со истрели во воздух и тепање на демонстрантите кои бараа „леб, работа и слобода“.

Околу 40 жени вчера протестираа пред Министерството за образование во Кабул пред талибанците да ги разбијат. Исто така беа уапсени тројца странски новинари, од Германија, Данска и Норвешка, и еден авганистански работник кои го покривале протестот. Двајца локални новинари биле полесно повредени, соопшти Авганистанското здружение на независни новинари.

Амнести интернејшнал изрази загриженост за прекумерната употреба на сила.

Комеморација за жртвите од нападот во Цетиње

Знамиња на пола копје. Во Црна Гора е прогласена тридневна жалост по масакрот во Цетиње

Во Цетиње денеска се одржа комеморацијата за жртвите од трагедијата во која напаѓач уби 10 луѓе. Комеморацијата се одржа во Владиниот дом во Цетиње, во присуство на семејствата на жртвите, претставници на локалната власт, владата, како и премиерот Дритан Абазовиќ и претседател на Црна Гора Мило Ѓукановиќ.

Собирот започна со едноминутно молчење за жртвите.

Градоначалникот на Цетиње, Никола Ѓурашковиќ изјави дека трагедија од невидени размери ги погодила Цетиње и Црна Гора и ги оставила сите во шок, пренесува Радио Телевизија на Црна Гора.

Потпретседателот на Собранието на Цетиње Мирко Станиќ рече дека Цетиње како никогаш досега е обвиено во тага и дека не е само во својата жалост, туку тагува цела Црна Гора.

Во населбата Медовина во Цетиње напаѓач уби 10 луѓе, по што беше застрелан. Во нападот се ранети шест луѓе.

Експлозија на пазар во Ерменија, најмалку еден загинат

Црн чад се издига над местото на експлозијата

Најмалку едно лице загина, а 20 се повредени при силна експлозија на голем пазар во главниот град на Ерменија на 14 август. Експлозијата предизвикала пожар, а многу луѓе се заробени под урнатините.

Најмалку 11 лица се хоспитализирани, изјави за ерменската служба на РСЕ ,Тагухи Степанијан, директор на службата за брза помош. Тој додаде дека бројката на жртви може да се зголеми.
Пожарникарите се на терен и се борат со пожарот, соопшти Министерството за вонредни ситуации.

Засега не се знае што ја предизвикало експлозијата.

На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа црн чад што се издига од пазарот во Сурмалу, голем комплекс во кој се продаваат огномети и други пиротехнички средства.

ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува консултациите за референдумот

Христијан Мицкоски

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ од утре продолжува со консултациите за референдумот со коалициските партнери, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој најави дека многу скоро ќе излезат со конкретна позиција.

„Дали ќе одиме со 150 илјади потписи или со пратениците, имајќи предвид дека континуирано се сее притисок од власта дека некој се двоумел, а не сакаме да ги изложуваме толку граѓаните пред оваа хибридна и режимска власт, па може ќе се одлучиме да одиме со 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да го поднесат референдумот“, изјави Мицкоски во Љубанци по пуштањето во употреба на ново спортско игралиште.

Мицкоски најави дека ќе ја напушти политиката ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа и така се промени Уставот.

ВМРО-ДПМНЕ најави референдум за внесувањето на Бугарите во Уставот, за што се потребни уставни измени, што пак е услов за продолжување на преговорите за влез во ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставни измени и најави дека нема да гласа за нив, а Уставот не може да се смени само со просто мнозинство, односно потребни се и гласови од пратениците до ВМРО-ДПМНЕ.

Армијата в среда ќе одбележи 30-годишен јубилеј

Македонски војник

Армијата в среда на 17 август ќе одбележи 30-годишне јубилеј под мотото „30 години безбедност, стабилност, доверба“.

Манифестацијата по повод јубилејот ќе се одржи на Воениот стадион со почеток во 18:30 часот.

Посетителите ќе може да видат воена опрема и оклопни возила на Армијата, а ќе има и вежби на специјалите и вежби со армиски кучиња.

По презентацијата на воената опрема и воените вештини, ќе има и концерт.

ЕУ бара Србија и Косово да престанат со запаливата реторика

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти

Европската унија (ЕУ) изразува „голема загриженост“ поради растот на запаливата реторика меѓу претставниците на Косово и Србија, особено оние изјави кои се однесуваат на војна и конфликти во Западен Балкан.

Во соопштението потпишано од портпаролот на ЕУ, се подвлекува дека двете страни мора веднаш да престанат со „меѓусебните непријателства и опасните изјави“ и да се однесуваат одговорно.

„Високите политичари од двете страни ќе бидат одговорни за секоја ескалација што ќе доведе до зголемени тензии и, потенцијално, насилство во регионот“, се предупредува во соопштението на ЕУ објавено на 14 август.

Реакцијата од ЕУ доаѓа откако премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ меѓусебно се обвинија за можно насилство на Косово.

На 11 август, српскиот претседател Вучиќ изјави дека има информации за плановите на северот на Косово и дека косовските власти „подготвуваат ликвидација на нашиот народ на север“.

Ден подоцна, на 12 август, премиерот на Косово Курти рече дека неговата земја се залага за мир и стабилност. Тој рече дека изјавите за можна ликвидација на Косово ја покажуваат само имагинацијата на српските власти.

Лидерите на Белград и Приштина ја интензивираа својата реторика во пресрет на средбата во Брисел на 18 август. По повеќе од една година, Александар Вучиќ и Албин Курти ќе се сретнат во седиштето на ЕУ за да ги продолжат разговорите во дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Во соопштението на ЕУ се нагласува дека сите отворени прашања ќе се решаваат преку Дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ.

„Постигнувањето сеопфатен правно обврзувачки договор за целосна нормализација на односите во контекст на дијалогот со посредство на ЕУ бара клима погодна за враќање на довербата, помирувањето и добрите односи, при што претходните договори се почитуваат и целосно се спроведуваат, како и дејствија и изјави кои не се компатибилни со општиот интерес и стратешките цели на регионот, немаат место“, се вели во соопштението на ЕУ.

Украина цели кон руски складишта за оружје

Мост во Херсон уништен од нападите

Украински претставници соопштија дека уништиле „големи“ руски магацини со оружје и муниција во јужниот регион Херсон. Заменик шефот на регионалниот совет на Херсон, Јури Соболевски рече дека магацините се уништени во Нова Каховка и во Музикивка.

Неколку недели Украина се обидува да постави основа за противофанзива за враќање на контролата врз Херсон, кој се граничи со Крим и е под руска окупација речиси од почетокот на инвазијата на 24 февруари.

Локален украински претставник вчера соопшти дека во украински напад бил оштетен последниот функционален мост на реката Днепар во регионот, што ги отежнува руските линии за снабдување.

Британското Министерство за одбрана вчера соопшти дека оштетувањето на мостовите преку Днепар значи дека „копненото снабдување на неколкуте илјади руски војници на западниот брег е речиси сигурно зависно само од двата понтонски премини со траекти“.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди руските сили да не ја користат нуклеарната централа Запорожје за воени цели. Во редовното ноќно обраќање, тој рече дека Украина ќе ги таргетира руските војници кои пукаат кон или од најголемата нуклеарна централа во Европа.

„Секој руски војник кој пука кон централата или пука користејќи ја централата како покритие, мора да разбере дека станува специјална цел на нашите разузнавачки агенти, на нашите специјални служби, на нашата армија“, рече тој.

Зеленски рече дека последните гранатирања на централата ја зголемиле заканата од истекување радијација и најави дека украинските дипломати и земјите партнери „ќе направат сè за да обезбедат“ новите санкции да ја блокираат руската нуклеарна индустрија.

Нуклеарката е под руска контрола од март, а во неа сè уште работат украински инженери под руски надзор.

Групата Г7 ја повика Москва да ги повлече силите од централата.

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на централата.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана вчера објави дека нивните сили целосно ја презеле контролата врз Писки, село на периферијата на Доњецк, главен град на истоимената област, кој е под контрола на проруските сепаратисти од 2014 година.

Ранети осуммина Израелци во вооружен напад во Ерусалим

Изрешетаниот автобус

Осуммина Израелци биле ранети во вооружен напад во Стариот Град во Ерусалим рано утринава. Двајца од повредените се во тешка состојба, соопшти израелската болница.

Напаѓачот ѝ се предал на полицијата. Станува збор за 26 годишен Палестинец, кој живее во Источен Ерусалим. Тој дошол во полициска станица со такси, носејќи го со себе пиштолошт со кој пукал и нож, откако претходно се криеше неколку часа додека траеше потерата по него.

Тој пукал во автобус кој застанал на паркингот крај Ѕидот на плачот, најсветото место на кои Евреите може да се молат.

Во тешка состојба се една трудница, која има повреди на стомакот, и еден маж со повреди од куршуми во главата и вратот.

Нападот се случува нецела недела по завршувањето на тридневните насилства меѓу Израел и екстремистите во Појасот Газа.

Израелските авиони почнаа офанзива врз Појасот Газа на 5 август попладне, напаѓајќи цели на екстремистичката организација Исламски џихад.

Таа организација испука стотици ракети во знак на одмазда за нападите од воздух во кои беа убиени двајца команданти на организацијата.

Израелските власти соопштија дека офанзивата е одговор на заканите од Исламски џихад дека ќе одговори на апсењето на еден свој претставник на окупираниот Западен Брег.

Беа убиени 49 Палестинци, меѓу кои 17 деца и 14 екстремисти, а неколку стотици беа ранети во тридневните судири кои завршија со прекин на огнот со посредство на Египет.

Ниеден Израелец не беше убиен ниту сериозно ранет. Ден по прекинот на огнот, израелските војници убија тројца палестински екстремисти и ранија десетици во престрелка која изби во тек на апсење во градот Наблус на Западниот Брег.

Салман Ружди симнат од респиратор, а може и да зборува

Хади Матар, човекот кој е осомничен дека на 12 август го нападнал Ружди изведен пред Суд.

Писателот Салман Ружди е симнат од респиратор, по операцијата која уследи откако беше нападнат со нож. Неговиот агент Ендрју Вајли ја потврди информацијата и рече дека Ружди може да зборува, но не сподели дополнителни детали.

Хади Матар, човекот кој е осомничен дека на 12 август го нападнал Ружди се изјасни за невин по обвиненијата за обид за убиство и напад во рамки на она што обвинителот го нарече однапред планирано кривично дело.

Адвокатот на Хади Матар се изјасни во негово име за време на судскиот процес во западен Њујорк. Судијата нареди Матер да биде задржан во притовор без право на кауција. Осомничениот е обвинет дека истрчал на сцената и го прободел Ружди најмалку 10 пати во лицето, вратот и стомакот.

Писателот беше нападнат во непрофитен центар за образование во западен Њујорк каде што требало да одржи предавање.

Ружди кој има 75 години, при нападот се здобил со оштетен црн дроб и отсечени нерви на раката и повреди на окото. Веројатно ќе го загуби повреденото око, изјави неговиот агент по нападот.

Писателот со години се соочуваше со смртни закани поради неговиот роман „Сатански стихови“, кој некои муслимани го гледаат како богохулие.

Официјален Иран не реагираше за нападот на Ружди, но неколку тврдокорни весници го пофалија напаѓачот.
Американскиот претседател Џо Бајден го осуди „злобниот напад“ и го пофали Ружди за неговото „одбивање да биде заплашен или замолчен“.

Во изјавата на 13 август, Бајден рече дека тој и неговата сопруга, првата дама Џил Бајден, „заедно со сите Американци и луѓе ширум светот, се молат за неговото здравје и закрепнување“.

Роден во Мумбаи, Индија, Ружди има британско и американско државјанство и живее во Њујорк од 2000 година.

Поплавени подруми и оштетени улици по невремето во Кавадарци

Расчистување на улиците по поплавите во Кавадарци

Обилните врнежи во Кавадарци поплавија подруми од куќи, а оштетена е и главната улица „7 Септември“, соопшти ЦУК.

За санирање на дупките на улицата ангажирани се три екипи. Во дупките имало пропаднато и возило, но тоа е извлечено со пајак.

За испумпување на водата од поплавените подруми, интервенирале екипи од Пожарната служба на Кавадарци со две пумпи, како и екипа од „Комуналец“ исто така со две пумпи.

Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнале во Виница, 23 литри на метар квадратен, а најмалку во Гевгелија, два литра, соопшти УХМР.

До 8 часот утрово измерени се и 16 литри на метар квадратен воден талог во Крива Паланка, 14 во Берово, 13 во Скопје-Петровец, 9 во Струмица, 7 во Скопје-Зајчев Рид и Демир Капија, 6 во Штип и Маврови Анови, 4 во Дебар, Дојран и Попова Шапка, како и 3 во Ѓуриште.

И утрово времето е променливо облачно, а на повеќе места, особено во северозападните и источните делови, повремено врне пороен дожд, но има и грмежи и засилен ветер.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG