Достапни линкови

Климатски промени: Штетите големи, државата доцни со планот за адаптација


Невреме во Струмица откорна пластеници и предизвика големи штети кај земјоделците. 22 јуни 2021 година.
Невреме во Струмица откорна пластеници и предизвика големи штети кај земјоделците. 22 јуни 2021 година.

Апликацијата за подготовка на Националниот план за адаптација на климатските промени до крајот на август оваа година ќе биде поднесена на одобрување од страна на Зелениот климатски фонд, велат за РСЕ од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Проектот ќе се подготвува со финансиска помош од Зелениот климатски фонд и ќе изнесува до три милиони долари. Но, граѓански организации алармираат дека планот доцни, во услови кога земјата нема стратегија како да ги покрива штетите врз здравјето на луѓето и земјоделието кои настануваат како последица на екстремните временски настани.

Пред неколку дена, невреме со силен дожд и ветер во Струмичкото поле предизвика големи штети. Беа уништени куќи, метални кровни конструкции паѓаа врз оранжерии со насади. Земјоделците се жалат дека штетите се огрмни, но велат дека не очекуваат да бидат обесштетени од државата. Пред два дена невреме со силен дожд и град имаше во неколку села во општина Босилово каде беа уништени големи земјоделски површини. Истовремено, земјата е погодена и од топлотен бран, што исто така влијае врз здравјето и производството на храна,

Елена Николовска од граѓанската организација „Еко-свест“ вели дека државата во моментов нема план како да ги покрие загубите и штетите што ги претрпеле земјоделците и затоа, според неа, потребно е што поскоро да биде усвоен Националниот план за адаптација кон климатските промени.

„Во невремето во Струмичко поле земјоделците претрпеа големи загуби и штети коишто општината не може да ги надомести, а не може да ги надомести ни државата. Ние мора однапред да планираме за да го подготвиме земјоделието да има што помалку загуби и штети во вакви се позачестени и поекстремни настани“, вели Николовска.

Таа вели дека според информациите кои ги добиле од институциите, Националниот план за адаптација треба да биде готов до 2023 година, што според неа е доцна. Таа вели дека клучно во планот е да бидат опфатени секторите здравство и земјоделие, но и да биде предвидена и координација меѓу секторите што ќе ја води една институција.

На подготовката на нацрт-проектот за Планот за адаптација работи Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи заедно со УНДП. Национален план за адаптација на климатските промени изработуваат сите земји членки на Рамковната конвенција за климатски промени UNFCCC.

Од Кабинетот на Битиќи за РСЕ велат дека Националниот план за адаптација е проект кој ќе се подготвува со финансиска помош од Зелениот климатски фонд преку програмата за Подготвителност со eднократна можност која покрива до 3 милиони американски долари.

„Македонија ќе примени фазен пристап по препорака на Зелениот климатски фонд, односно ќе подготви две апликации со вредност по околу 1,5 милиони долари во зависност од активностите предвидени во апликацијата“, велат од Кабинетот на Битиќи.

Со првата фаза е предвидено да се изработи документ – Национален план за адаптација кој ќе ги следи Европската стратегија за адаптација, Законот за клима и долгорочната стратегија за клима, Третиот двогодишен ажуриран извештај за климатските промени и Четвртата национална комуникација за климатски промени кои се во ваза на подготовка, и сите останати национални документи кои се релеванти за процесот, велат од Кабинетот на Битиќи. Втората апликација ќе се надоврзе на првата, односно се предвидува да ги следи актуелните случувања во моментот и да ги надополнува недостатоците кои во моментот ќе и бидат потребни на државата.

На идеја на Кабинетот на вицепремиерот Битиќи „адаптацијата ќе биде вградена во Националниот простоен план. Изработена е мотодологија со поддршка на УНДП“, велат од Кабинетот на Битиќи.

Николовска вели дека планот е важен, бидејќи ,според неа, со климатските промени производството на храна ќе се менува, но и квалитетот на земјоделските производи кои нема да може да добиваат толкави количини на вода како порано.

„Овој план мора да одговори на тие побарувања. Метеролозите сега предвидуваат дека ќе има некој продолжен период на суша од три месеци. Не зборувам за инцидентни периоди на врнежи од дожд кои доаѓаат само на три дена, прават поплава и си одат“, вели Николовска.

Националниот план за адаптација е форма на управување со ризици и се фокусира на неколку стратешки области како воздух, вода, отпад и јавно здравје. Процесот на Националниот план за адаптација (НАП) им помага на земјите да спроведат сеопфатно среднорочно и долгорочно планирање за адаптација на климата. Процес треба да биде базиран на постојните активности за прилагодување на секоја земја и да помагне климатските промени да се интегрираат во донесувањето на одлуки на националното ниво.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG