Достапни линкови

Вести

Во Берлин конференција за Либија

американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Германија и Обединетите нации денеска во Берлин ќе бидат домаќини на конференцијата која треба да претставува обид да се запрат борбите во Либија и да се поддржи стабилна влада. На конференцијата ќе учествува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој денеска пристигна во Берлин. Специјалниот пратеник на САД за Либија Ричард Норланд рече дека разговорите ќе ги поттикнат напорите да се одржат избори во Либија во декември, истовремено воспоставувајќи уставна и правна основа за гласање.

Околу 130 мигранти се удавиле во близина на либискиот брег


Норланд рече дека на конференцијата ќе стане збор и за странските борци кои ја напуштаат Либија по десет години граѓанска војна. Блинкен во Берлин ќе разговара со неговиот германски колега Хајко Мас за борбата против негирањето и антисемитизмот на холокаустот.

види ги сите денешни вести

Препораки на Владата за заштита од топлото време

Пиење течности е една од препораките за заштита од топлото време

Македонската влада донесе препораки за заштита од топлото време, бидејќи неколку региони од денеска до недела се наоѓаат во топлотната портокалова фаза. Според препораките, се ослободуваат од работните обврски најранливите групи на населението, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Исто така, во установите за згрижување на децата да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Живот на 40 степени- најтешко им е на работниците изложени на сонце

Владата зазема став сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници. Во исто време, Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел за заштита од директна сончева изложеност на работниците, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Владата одлучи оваа мерка да биде со времетраење од 4 дена, до понатамошно одлучување.

Денеска во Скопје Економски форум за регионална соработка

Српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама во Охрид, архивска фотографија

Денеска во Скопје ќе се одржи Економски форум за регионална соработка на кој се очекува да учествуваат преку 400 компании од Северна Македонија, Србија и Албанија, БиХ, Австрија, Полска, Грција. Ќе учествуваат и македонскиот премиер Зоран Заев, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама. Економскиот форум е во рамките на иницијативата за соработка позната како „Мини Шенген“. На Форумот, освен што ќе биде објавено новото име на регионалната иницијатива „Мини Шенген“, ќе бидат потпишани два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор кој во голема мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис заедницата.

Недимовиќ: Српската прехранбена индустрија ќе има корист од „мини Шенгенот“

Меморандумот за разбирање за олеснување на увозот и извозот и движење на стоки во Западен Балкан и Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи произлегуваат од иницијативата за напредна регионална економска соработка меѓу Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија. Третиот меморандум е особено значаен за движењето на пазарот на трудот во регионот и со него договорните страни ја изразуваат својата волја да го олеснат движењето на луѓето за да обезбедат полесен и послободен пристап до пазарот на трудот, што значи отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за добивање дозвола за привремен престој.

Рама: Мини шенген е успешна иницијатива за иднината на балканските народи

Вучиќ, Рама и Заев, според најавите на Форумот, ќе претстават политичка и економска визија на интегриран регион. Планирани се и бројни средби на бизнисмени од регионот, кои ќе се одржат по официјалниот дел на Форумот.

Времето денеска: сончево и многу топло

Ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Дневната температура ќе биде од 33 до 41 степен. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 40 степени.

Радев: Бугарските политички сили да најдат формула за формирање влада

Румен Радев, претседател на Бугарија

Претседателството на Бугарија издаде писмен став во врска со прашањата поставени од локалните медиуми во врска со доделување мандат за формирање нова бугарска влада.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, прес-службата на бугарскиот претседател издаде соопштение во кое се вели дека Бугарија е пред спроведување неодложни реформи и одлуки, за кои е потребен кабинет со политичка одговорност и парламентарна поддршка.

Затоа, како што е наведено во ставот на претседателството, парламентарните политички сили во Бугарија мора што е можно поскоро да ја најдат формулата за формирање редовна влада што е во интерес на бугарското општество, а претседателот Радев, согласно своите уставни должности, е подготвен да додели мандат за формирање кабинет.

„Постигнувањето одржлив консензус за промена е одговорност на самите политички сили“, се заклучува во соопштението.

Претходно денеска, привремениот бугарски премиер Стефан Јанев ги повика политичките партии да преземат политичка акција и да потпишат документ за управување.

Голем шумски пожар над Кочани

илустрација, пожар

Попладнево избувна голем шумски пожар во подножјето на Осоговските Планини, на околу еден километар над Кочани. Огнот зафати борова шума на површина од околу 10 хектари, а помогнат од силниот ветер брзо се шири во правец на градот и најверојатно ќе зафати поголема шумска површина.

„На терен се наоѓаат екипи на Територијалната противпожарна единица од Кочани, кои со две возила и четири пожарникари се обидуваат да го контролираат ширењето на огнот. Истовремено нашите колеги интервенираат на пожар кај селото Бања во општина Чешиново-Облешево и единицата не е комплетна за интервенцијата во Кочани. Поради тоа ги повикавме и колегите од Штип и Виница, истакна Благој Паунов“, командир на ТППЕ – Кочани.

Првичните сознанија укажуваат дека пожарот е предизвикан од удар на гром, а сувата вегетација дополнително придонесува за неговото брзо ширење. На истата локација имаше пожар и пред една седмица, при што изгоре шума на површина од 10 хектари.

Донесен ребалансот на Буџетот

илустрација

Со 56 гласови „за“ и 37 „против“, Собранието попладнево го донесе ребалансот на Буџетот за 2021 година.

Ставовите на власта и опозицијата во однос на ребалансот на Буџетот и во текот на денешната расправа останаа непроменети. За власта, ребалансот е развоен, со повеќе пари за стабилизирање на економијата, а за опозицијата е расипнички, со повеќе пари за предизборен поткуп и партиски вработувања.

Со ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за околу 10 милијарди денари или 4,7 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции. Даночните приходи се планирани на ниво од 123,9 милијарди денари односно за околу 6 милијарди повеќе во однос на иницијалниот буџет. Социјалните приходи се во износ од 69 милјарди денари и се за околу една милијарда денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Останатите приходи (неданочни, капитални и странски донации) се планирани на ниво од 29,5 милијарди денари.

Вкупните расходи, пак, се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или се повисоки за околу 21 милијарди денари, а капиталните расходи на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година.

Дефицитот е проектиран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 проценти од БДП. Зголемувањето на дефицитот од 4,9 на 6,5 проценти, според надлежните, е резултат на потребата за зголемено финансирање за сетот на економските мерки за справување со последиците од здравствено-економската кризата, а кои ќе се финансираат преку категоријата субвенции и трансфери и преку капитални расходи.

Стапката на инфлација е предвидено да изнесува 2,1 процент.

Со ребалансот се обезбедени финансиски средства за исплата на регрес на годишен одмор согласно Гранскиот колективен договор за државните институции, како и дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови и вакцини за имунизација на населението.

Собранието ја изгласа потребата за измени на Изборникот законик по скратена постапка

Со 85 гласа за, 2 против и 5 воздржани собранието ја изгласа потребата за измените да се носат по скратена постапка. Собранискиот спикер Џафери ги задолжи претседателите на матичните комисии за политички систем и законодавно правната комисија да свикаат седница.

Претходно, пратениците Димитар Апасиев и Павле Трајанов побараа од дневен ред да се симне точката Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, но нивниот предлог не беше прифатен.

Координаторот на СДСМ Јован Митрески рече дека предложените измени на Изборниот законик произлегуваат од последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР поврзан со предвремените избори во 2020 година и оти дошле по повеќемесечна сеопфатна дебата меѓу партиите и работната група на Министерството за правда.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак денеска соопштија дека „ВМРО-ДПМНЕ поддржува измени и дополнувања на изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР, а ваквата опција за отворени листи овозможува поголема демократија во која личноста на кандидатот, а не само партијата ќе бидат избирани од страна на граѓаните да одлучуваат за нивната општина“.

Според измените на Изборниот законик кои ги најави премиерот Зоран Заев, сите парламентарни политички партии направиле нацрт закон во кој се предвидува дека ако некој сака да се кандидира на претстојните октомвриски локални избори како независен кандидат му се потребни потписи од два отсто од гласачите кои се запишани во општинскиот избирачки список.

Претходно во изјава за радио Слободна Европа претседателот Стево Пендаровски рече дека очекува да се почитува препораката на ОБСЕ/ОДИХР непосредно пред избори да нема менување на изборните правила.

„Во врска со најавениот Предлог за измена и дополнување на Изборниот законик, во делот кој би пропишал независните советнички групи да треба да соберат потписи од два проценти од вкупниот број на избирачи запишани во една општина, претседателот Пендаровски смета дека треба да се предвиди понизок праг со цел да се овозможи поголемо учество на граѓаните во изборниот процес“, наведуваат од кабинетот на Пендаровски.

Реакцијата на шефот на државата доаѓа откако со реакција се јавија помалите политички партии но и 23 граѓански организации и поединци предводени од „Зелен хуман град“ кои бараат од шефот на државата Пендаровски да не ги потпишува овие измени .

Бугарската Влада ја продолжи вонредната ситуација до крајот на август

Вакцинација во Софија, јули 2021

Привремената бугарска Влада денеска одлучи да го продолжи рокот на вонредната епидемиолошка состојба во земјата, од 1 до 31 август 2021 година, јави дописникот на МИА од Софија.

Во возрасната класификација на случаите меѓу населението се забележува намалување на бројот на заразените во сите групи, иако во последните неколку дена има зголемување на 14-дневната инциденца кај лица под 39 години и постарите од 90 години.

Како што објавија бугарските власти, до 18 јули во земјата со прва доза на вакцина против Ковид-19 биле покриени само 18,1 отсто од населението, а целосно ревакцинирани се – 16,2 отсто, што земјата ја сместува на последното место меѓу земјите на ЕУ.

Бугарија се наоѓа на седмото место во светот според смртност од Ковид-19 и е 67-ма по 14-дневна смртност.

Властите во Бугарија имаат за цел да го задржат регистрираниот пад на бројот на заразени во земјата, како и да го подготват јавниот здравствен систем за одговор на можниот нов пандемиски бран на Ковид-19.

Регистрирани 47 случаи на ковид 19

тест за ковид 19, илустрација

Од Министерството за здравство информираат дека во последните 24 часа се направени 3.593 тестирања, а регистрирани се 47 нови случаи на Ковид-19 и тоа 19 во Скопје, 11 во Тетово, шест во Куманово, три во Битола, по два во Прилеп, Струмица и Валандово, а по едно новозаразено лице е пријавено во Велес и Гостивар.

Оттаму дополнуваат дека не се пријавени починати пациенти, додека регистрирани се 14 оздравени лица.

„Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.171 бројката на оздравени пациенти е 150.321, на починати е 5.491, а бројот на активни случаи изнесува 359“, велат од МЗ.

Досега во земјата се направени вкупно 963.049 тестирања на Ковид-19.

Шумски пожар кај Анталија

Анталија, Турција

Шумски пожар избувнал денеска околу пладне во близина на Анталија во градот Сиде. Пожарот избувнал во шума недалеку од Анталија.

Поради близината на туристичките места, во хотелите нема струја и вода. Како што пренесуваат медиумите, две села се целосно изгорени, а евакуацијата на населението е во тек.

Ветерот го носи пламенот и огнот се шири, иако пожарникарите се обидуваат да го изгаснат пожарот со хеликоптери. Сè уште не е познато дали има жртви.

Експремиерот Груевски отворил сопствен бизнис во Унгарија

Никола Груевски

Поранешниот премиер Никола Груевски, отворил сопствен бизнис со керамика во Унгарија, пишува денеска унгарскиот портал 24.ху. Според наводите на медиумот, неговата компанија ИЦИЦ Кфт, е регистрирана во Пецел, предградие на Будимпешта на 15. јули и тој е директор и основач на компанијата.

„Нејзина главна активност е бизнис менаџмент и бизнис консалтинг, но фирмата се занимава и со продажба на големо на порцелан, стаклени производи и производи за чистење. Иако се знае дека Груевски живее во Унгарија, тој ја дал скопската адреса како седиште, а адвокатот Каталин Хорнјик е регистриран како овластен правен застапник“, пишува порталот.

Според Дојче Веле пак кои имале увид во документите од Централниот регистар на Унгарија пак може да се прочита дека Друштвото со ограничена одговорност на Груевски планира широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори.

„Па така, фирмата на експремиерот ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; како и со други разновидни стоки. Експремиерот планира да биде активен и во сферата на управување со имоти (холдинг), во бизнис менаџмент, а ќе има можност да си ја проба среќата и во комуникациите со јавност, рекламирањето, во истражувања на пазари и испитување на јавно мислење, како и во организација на конференции и трговски изложби. Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела Груевски точно три милиони унгарски форинти или 8.350 евра“, пишува Дојче Веле.

Обвинение за Плацеви на Водно, определен притвор и за Груевски

Груевски избега од Македонија на 11 ноември 2018 година, кога требаше да му биде врачен упатен акт за одлежување на затворската казна од две години во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот „мерцедес“ со пари на МВР.

Со измените на Законот за матична евиденција правно признавање на родот

илустрација

За трансродовата заедница во земјава е приоритетно да се донесат измените на Законот за матична евиденција, кои се во процедура во Собрание, но се уште не е отворена комисиска расправа. Со нив ќе се регулира правното признавање на родот и ќе се усогласат нивните лични документи.

Според пратеничката Маја Морачанин, претседателка на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ-лицата, законските измени ќе овозможат правно признавање на родот на трансродовите лица со што тие ќе имаат нормално и достоинствено функционирање во секојдневниот живот.

Таа посочи дека тоа е поврзано и со пресудата на Европскиот суд за човекови права со која се бара да се смени законската регулатива во однос на правно признавање на родот за да се овозможи брзо, ефикасно и транспарентно менување на родот во личните документи врз принципот на самоопределување на личноста.

Игор Раиден од „ТрансФорма“ успеал во тоа по десет години чекање и откако ја добил пресуда од Европскиот суд за човекови права. Тој денеска во Собранието изјави дека трансродовите лица во земјава не се прифатени поради неусогласеноста на нивниот изглед со личните документи, имаат проблеми за вработување, домување, пристап до услуги, вклучително и здравствени и дека тоа е секојдневен притисок што влијае и на нивното ментално здравје.

На седницата на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата во Собранието денеска беа презентирани наоди од регионално истражување на јавното мислење за правата на ЛГБТИ-луѓето, спроведено во сите држави на Западен Балкан. Истражувањето на Меѓународната организација „Civil Rights Defenders“ покажува дека се зголемува бројот на лица кои имаат разбирање за ранливата позиција на ЛГБТИ-луѓето и го поддржуваат остварувањето на нивните човекови права.

Рекорден број новозаразени со ковид19 во Токио

илустрација

Регионот на Токио бележи дневен рекорд од 3177 нови случаи на ковид19, но само 16 од нив се поврзани со Олимписките игри кои се одржуваат во јапонскиот главен град.

Локалните власти денеска соопштија дека бројот на заразени во последните 24 часа пораснал во споредба со вчера кога беа регистрирани 2848 новозаразени. Организаторите на игрите во Токио соопштија дека во последните 24 часа нема ниту еден нов случај на заразен меѓу спортистите, а досега вкупно 169 луѓе акредитирани на Олимпијадата биле позитивни на ковид тестовите, а од нив 17 биле спортисти.

Зголемениот број на заразени можно е да го намали ентузијазмот за Олимписките игри кои се одржуваат под посебни мерки и протоколи, откако лани беа одложени поради пандемијата со коронавирусот.

Филипче-ако епидемиолошката состојба е добра, наставата ќе биде со физичко присуство

Министерот за здравство Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска рече дека ако епидемиолошката ситуација во септември е како што е сега сите ученици ќе почнат на училиште со физичко присуство, а наставата ќе ја следат според протоколите кои предвидуваат проветрување, начин на седење, менување на училниците за предметната настава итн.

Посочи дека битно е што ги имаат разработено сите сценарија и интензивно работеле со Министерството за образование и наука.

„Добри три сценарија се разработија во зависност од епидемиолошката ситуација. Доколку се влоши епидемиолошката ситуација подготвени сме и тука интервенираме во дел на тоа како се организира наставата“, додаде Филипче.

Во однос на нови рестриктивни мерки со кои би се спречило ширењето на коронавирусот министерот рече дека нема да имале друга можност освен да воведеле некаква форма на рестрикција.

„За мерките е разговарано и дополнително ќе разговараме со цел да го заштитиме целокупното друго население, а тие мерки ќе се однесуваат на невакцинираните“, изјави Филипче.

Инаку од Министерството за здравство денеска соопштија дека на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 500.995 граѓани.

ЕУ и ОБСЕ ќе ги набљудуваат судењата за организиран криминал и корупција

Основен суд Скопје 1

Амбасадата на ОБСЕ и делегацијата на Европската унија денеска го одбележаа почетокот на заедничкиот проект за мониторинг на судски процеси во областа на организираниот криминал и корупција, чија цел е подобрување на спроведување на правдата и намалување на корупцијата и организираниот криминал, што е неопходно за исполнување на критериумите за пристапување во ЕУ. Набљудувањето на судските процеси ќе започне во јули 2021 година и ќе трае до декември 2023 година.

Амбасадорот на ОБСЕ во земјава Клеменс Која, на одбележувањето на стартот на проектот истакна оти предвидува дека Мисијата на ОБСЕ во рамки на овој проект ќе набљудува приближно 50 високи и средно високи случаи на организиран криминал и корупција.

„Методологијата е изработена согласно добрите практики на ОБСЕ за следење на судењето. Специфично е дизајнирана да одговори на целите на проектот, овозможува и компаративна регионална рамка, вклучително развој на специфични алатки неопходни за следење на судењето“, истакна Која.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето излагање кажа дека ефикасен, фер и судски систем што дава доверба е суштински дел на владеење на правото во секоја земја.

„Без владеење на правото, корупцијата и организираниот криминал излегуваат надвор од контрола. Државата може да биде заробена од приватни интереси. Расте незадоволството на јавноста, доведувајќи до несигурност и нестабилност. Не треба да кажам повеќе, тоа сте го виделе порано. И ние тоа сме го виделе, повеќето земји, кои сега се членки на Унијата биле сведоци на слаб правосуден систем. Поради тоа владеењето на правото е еден од фундаментите врз кои е основата Европската Унија“, рече Гир.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, рече дека очекува оти мониторингот на судските процеси ќе ја зголеми одговорноста во работењето на обвинителите и судиите и истовремено ќе ја зајакне борбата против корупција, но и како што додаде, ќе ја зголеми довербата кај граѓаните во институциите и во својата држава.

Вакцинирани над 500 000 македонски граѓани

Вакцинирање против ковид-19 во Македонија

Од Министерството за здравство денеска информираат дека на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 500.995 граѓани. Од нив прва доза вакцина вчера примиле 4.098 граѓани, а вкупно се вакцинирале 13.810 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 862.426 дози вакцини, а ревакцинирани се 361.431 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, како што се посочува, 63 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 60 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 55 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Од Министерството посочуваат дека граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.

Руската полиција упадна во дом на истражувачки новинар

Роман Доброхотов, уредник на рускиот истражувачки сајт Инсајдер

Руската полиција изврши претрес во домот на Роман Доброхотов, уредник на истражувачкиот интернет сајт Инсајдер, само неколку дена откако медиумот беше ставен во контроверзниот регистар на странски агенти.

Доброхотов на социјалната мрежа Твитер напиша дека полицијата дошла во неговиот дом утрово. ОВД-Инфо, група за правна помош која ги набљудува политичките апсења, соопшти дека сопругата на Доброхотов се јавила кај нив и го пријавила полицискиот упад.

Потоа нејзиниот телефон се изгаснал, соопшти ОВД-Инфо, наведувајќи дека нивната адвокатка Оксана Опаренко се упатила кон станот на Доброхотов во Москва. Интернет страницата База наведува дека полицијата вршела претрес и во домот на родителите на новинарот. Во видеото објавено од База на нивниот канал на Телеграм се гледа како неколку луѓе во цивилна облека разговараат со родителите на Доброхотов и велат дека претресите се дел од истрага за криминален случај.

Досега нема официјално објаснување за овие претреси, а според База, криминалниот случај кој го споменуваат мажите во домот на родителите на новинарот e отворен по барање на холандскиот новинар Макс ван дер Верф, кој го обвини Инсајдер за клевета.


Апелација ја укина пресудата за случајот „Титаник 3“

Судење за случајот „Титаник“

Апелацискиот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како „Титаник 3“, ги уважи жалбите на обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими и ја укина првостепената пресуда.

“По одржана седница на ден 12.07.2021 година, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите И.Г. од С. и Е.А. од С., изјавени преку нивните бранители, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, стои во денешното соопштение од Апелацискиот суд Скопје.

Исмет Гури и Ејуп Алими на 31 март 2020 година беа осудени на по три и пол години затвор за „Титаник 3“, заради уништување на изборен материјал во локалните избори во општина Чаир, во 2013 година.

Судијката Марија Клетничка при објавување на пресудата рече дека обвинетиот Гури е виновен затоа што за време на локалните избори во општина Чаир, во 2013 година, заедно со сведоците Блерим Мухаџери и Ќани Точи ги преправале записниците од гласањето. Додека обвинетитот Алими, е виновен зашто преземал противзаконски дејствија за уништување на изборен материјал.

Талибанска делегација во Пекинг на средба со кинески владини претставници

Мула Абдул Гани Барадар, коосновач на милитантната група

Талибанците соопштија дека деветчлена нивна делегација предводена од Мула Абдул Гани Барадар, коосновач на милитантната група, била во Пекинг на разговори со кинеските власти.

"Политика, економија, прашања поврзани со безбедноста на двете земји, моментната ситуација во Авганистан и мировниот процес се темите за кои се разговараше на средбата“, рече денеска портпаролот на талибанците Мохамад Наем.

Дводневната посета доаѓа во период на талибанска офанзива низ Авганистан, земја со која Кина има заедничка граница и во период во кој Соединетите Американски Држави се повлекуваат од државата, процес кој се планирана да заврши до крајот на идниот месец. Милитантите заземаа области и гранични премини, а нема напредок во мировните разговори на талибанците и авганистанската влада кои се одржуваат во Катар.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји им кажал на талибанците дека Пекинг го почитува територијалниот интегритет на Авганистан, соопшти кинеското министерство за надворешни работи. Талибанската делегација, пак, според нивниот портпарол Наем, уверувала дека територијата на Авганистан нема да биде користена како база од разни групи против други земји.

КСС до Заев- наместо да кажувате дека администрацијата е корумпирана, зголемете ги платите

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) соопшти дека „остро се спротивставува“ на изјавата на претседателот на Владата, Зоран Заев дека корупцијата не постои во високите ешалони на власта, туку кај административните службеници.

„Што и да речете, на кого и да ја префрлате вината, Вашата Влада, заедно со министерствата и државните органи се оние кои што се корумпирани. Самата корупција потекнува од избраниците на премиерот кои пак вршат политички притисок врз вработените во јавниот сектор. Корупцијата никогаш не може да се случува од долу па нагоре, туку обратно, бидејќи јавните набавки и тендерите се во рацете на функционерите коишто се избрани од страна на Владата“, се наведува во соопштението од КСС.

Од КСС меѓу другото посочуваат дека многу пати во минатото кажувале дека од 120.000 вработени во јавниот сектор, 58.000 вработени државни службеници земаат плата од 15.000 до 17.000 денари, сума со која што, според нив, не можат ни да ги покријат основните трошоци за живот, со оглед на тоа дека „имаме поскапување на најголемиот дел од производите кои што ни се потребни за да преживееме“.

„Наместо да кажувате дека административните службеници се корумпирани, зголемете им ги платите и конечно направете дигитализација на администрацијата и престанете да вршете притисоци врз нив преку вакви изјави. Доколку продолжите вака да ги обвинувате административните службеници, наскоро ќе се соочите со нивниот револт кој што верувајте дека нема воопшто добро да се одрази врз функционирањето на системот во државата“, наведуваат од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Премиерот Заев неодамна прашан за извештајот на Стејт департментот за инвестициска клима за 2021 година во кој меѓудругото се нотира и дека корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во Македонија, рече дека во највисокиот ешалон на власта, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција. Тој додаде дека кај министрите и кај директорите не е пронајдена корупција, туку дека таа е пронајдена во делот на административното функционирање на јавните институции.



Белорусија забрани опозициска телевизија означувајќи ја како екстремистичка

Новинарите на белоруската телевизија Белсат

Судот во Белорусија го означи телевизискиот канал Белсат како екстремистички што се смета за уште една постапка насочена против медиумите и граѓанското општество. Телевизијата Белсат е основана во Полска. Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека парични казни или затвор може да добие секој кој споделува информации од Белсат, медиум кој е популарен извор на вести кај оние кои се против владењеето на долгогодишниот белоруски политичар Александар Лукашенко.

Судот нареди блокирање на интернет страницата на Белсат и нејзините канали на сите социјални мрежи. Лукашенко месецов се закани дека ќе ги „исчисти“ активистите, медиумите и граѓанското општество во земјата, акција која следува на годишнината од спорните претседателски избори на кои тој победи што предизвика протести.

Според Вјасна, центар за човекови права кој и самиот беше цел на белоруските власти спроведени се повеќе од 200 претреси во канцеларии и домови на активисти и новинари. 27 новинари во моментов се во притвор, дел од нив чекаат судења, а дел ги отслужуваат казните. Меѓу нив се две новинарки на Белсат, Катсиарина Андреева и Дарија Чулцова, кои се осудени на две години затвор во февруари за нивното известување од протестите.

Голема полициска акција во Скопје, до сега приведени 12 лица

Илустрација

Голема полициска акција се спроведува во скопската населба Ченто и на неколку други локации, за апсење на лица вмешани во трговија со дрога и оружје, потврдиле за МИА извори блиски до истрагата.

Полициски екипи од изутрина се присутни во Ченто, а според изворите на МИА, до сега се приведени 12 лица, а меѓу нив и еден полицаец.

Од МВР потврдуваат дека акцијата е во тек, а подетални информации ќе има откако ќе заврши акцијата.

Спроведена првата „Соседска патрола“ во Дебар

Фотографија од првата „Соседска патрола“ во дебар - 27 јули 2021

Синоќа на подрачјето на Дебар, СВР Охрид ја спроведе превентивна кампања „Соседска патрола“. Притоа, мешани патроли составени од полициски службеници од Отсекот за превенција во Охрид и Дебар, претставници од Советот на родители во основните училишта, од Секторот за образование при локалната самоуправа и од Центарот за социјални работи во Дебар, извршија превентивна обиколка на повеќе угостителски објекти во централното градско подрачје, на периферијата од градот, како и на други јавни места на отворен простор каде, во ноќните часови, младите најчесто се собираат и задржуваат.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, изјави дека целта на кампањата е родителите да видат каде нивните деца излегуваат, како и во каков амбиент младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се проблемите кои можат да се случат во текот на ноќните забави и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања.

Во рамките на кампањата, полициските службеници разговораа со младите на јавните места и во угостителските објекти, а малолетните лица посебно беа информирани околу законските обврски кои мора да се почитуваат.

Димовски додаде дека „Проектот има за задача преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата и граѓаните, да придонесе кон зголемување на степенот на безбедноста, да се намалат можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, да се подигне нивната општествена свест и совест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места, како и доследно да се почитуваат законските одредби, пред се, од Законот за прекршоци против јавниотред и мир“.

Во Дебар видно е зголемен бројот на млади бидејќи летово во Дебар се дојдени голем број млади иселеници кои потекнуваат од овој крај. Според здруженијата на иселниците, во овој момент во Дебар и регионот кој ги опфаќа руралните општини центар Жупа и Маврово – Ростуше дошле над 2000 иселници, а до крајот на овој месец се очекува таа бројка да биде над 5000.

Кенан Мимидиноски

Таеквондистот Георгиевски ќе добие 30.000 евра од државата за среброто во Токио

Дејан Георгиевски, Олимпијада, Таеквондо

Владата на Република Северна Македонија донесе одлука на македонскиот претставник на Олимписките игри во Токио кој се освои сребрен медал во дисциплината таеквондо Дејан Георгиевски да му биде доделена парична награда во висина од 20 000 евра , а на неговиот тренер Дарко Костовски да му бидат доделени десет илјади евра, сооптшија од владината прес служба.

Освојувачот на сребрениот медал во таеквондо на Летните олимписки игри кои се одржуваат во Токио ќе биде награден и со дополнителни десет илјади евра од Агенцијата за млади и спорт, се наведува во истото соопштение.

Георгиевски вчера го освои сребрениот медал во категоријата над 80 килограми. Тој во финалето беше поразен со 15:9 од претставникот на Рускиот олимписки комитет, Владислав Ларин. Македонскиот спортист го освои сребрениот медал по победата во полуфиналето над Ин Кјо Дон од Јужна Кореја со 12:6. Во четвртфиналето Георгиевски беше подобар од репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане со 9:4.

Македонија како самостојна држава досега имаше само еден бронзен медал од Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година. Бронзата ја освои борачот Могамед Ибрагимов, кој е натурализиран Азербејџанец.



Заев договорил соработка на локалните избори со Тачи

Скопје- претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев и лидерот на ДПА Мендух Тачи на средба за престојните локални избори, 28.07.2021

Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на својата официјална Фејсбук страни објави дека договорил соработка за локалните избори со претседателот на ДПА, Мендух Тачи. Тој напиша дека СДСМ и ДПА ќе соработуваат и реципрочно ќе се поддржат во повеќе општини.

„Со цел за граѓаните да ги обезбедиме најдобрите градоначалници и советници на кои служењето на народот им се главна цел и определба. Во некои општини соработката ќе ја реализираме во прв круг, а во други општини во втор круг. СДСМ продолжува ја гради и развива најголемата и најдобра коалиција за локалните избори во октомври“, напиша Заев на Фејсбук.

Инаку Заев минатата недела објави дека договорил соработка за локалните избори кои треба да се одржат во октомври со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Тогаш тој наведе дека договориле меѓусебна поддршка во некои општини уште во првиот, а во други во вториот круг и дека се договориле дека двете партии заедно ќе настапат на претстојните локални избори.

И двете партии, ДУИ и ДПА се дел од владиното мнозинство кое го сочинуваат 62 пратеника. Дел од владината коалиција е и Беса која на претходните избори настапи на заеднички листи со СДСМ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG