Достапни линкови

Вести

Путин најави милијарди рубљи нови трошоци пред изборите

Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин вети милијарди руби дополнителни трошоци во месеците пред парламентарните избори во септември. Тој се обрати на конгресот на владејачката партија Единствена Русија во Москва.

Иако Путин не е технички член на партијата, главната платформа на Единствена Русија е да го поддржи Путин, а тоа е механизмот со кој Кремљ одржува монопол на сите нивоа на политичка моќ. Тој ја пофали Единствена Русија за „способноста да се обновува и постојано се развива“ во говорот во кој вети дека ќе ги зголеми трошоците за инфраструктура, образование и здравствена заштита.

„Сигурен сум дека Единствена Русија се поставува себеси на највисоката скала, а тоа е потврда на нејзината лидерска позиција и обезбедување победа на изборите“, рече Путин.

Кремљ- за состојбата со ковид во Москва виновен е „огромниот нихилизам“ на Русите

Путин исто така предложи истакнати личности, вклучително министерот за одбрана Сергеј Шојгу и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, да бидат на списокот на национални партии во Единствена Русија. Тој не го спомена помалку популарниот поранешен претседател Дмитриј Медведев, кој е на чело на Единствена Русија и кој исто така се обрати на конгресот на 19 јуни.

Бидејќи земјата е заглавена во економски проблеми и бележи пад на реалните приходи и растечка инфлација, според анкетите, довербата на гласачите во Единствена Русија опадна. Според списокот на гласачи во Центарот Левада, само 27% од Русите ја поддржуваат партијата, за разлика од 31% минатиот август.

види ги сите денешни вести

Склопен првиот геј-брак во Црна Гора

Архивска фотографија: Парада на гордоста во Црна Гора во 2018

Две млади жени, со потекло од Балканот, а живеат и работат во странство, се венчаа денеска во Будва, соопшти Општината.

Тоа е првиот истополов брак склучен во Црна Гора откако почна примената на Законот за животно партнерство.

Собранието на Црна Гора во јули 2020 година го донесе Законот за животно партнерство, кој стапи во сила на 15 јули годинава.

Министерката за јавна управа, дигитална трансформација и медиуми, Тамара Срзентиќ на Твитер напиша дека им посакува среќа и многу љубов на партнерките ви заедничкиот живот.

Таа напиша дека е многу горда што во Црна Гора е склучено првото животно партнерство на лица од ист пол.

Иако Законот за животно партнерство на лица од ист пол беше усвоен пред една година, Срзентиќ истакна дека има уште многу работа за да се исполнат сите предуслови за негова целосна примена.

Германија најави можни ограничувања за невакцинираните

Илустрација: Луѓе го поминуваат мостот на Одра кој ги разделува Франкфурт на Одра во Германија и Слубице во Посла

Германија денеска најави дека можеби ќе биде неопходно ограничување за невакцинираните ако бројот на случаи на коронавирус во земјата повторно го достигне максимумот во наредните месеци.

Директорот на кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел, Хелге Браун, за весникот Билд ал Зонтаг, рече дека не очекува уште едно затворање во Германија поради коронавирусот.

Тој наведува дека на невакцинираните ќе им биде забранет влез на места како ресторани, кина и стадиони, зашто ризикот е преголем.

Браун додава дека „вакцинираните сигурно ќе имаат поголеми слободи од невакцинираните“.

Вакцинацијата во Германија е забавена во последните недели, што доведе до расправа за тоа како да се поттикнат оние кои не се вакцинирале да го направат тоа.

Повеќе од 60 отсто од германските граѓани примиле барем една доза, додека околу 48 отсто се целосно вакцинирани.

Браун рече дека се плаши дека бројот на нови случаи на коронавирус би може да се зголеми во наредните неколку недели и дека би можел да достигне до 100 илјади дневно до крајот на септември.

После повеќе од два месеци постојан пат, од почетокот на јули во Германија расте бројот на заразени, главно поради ширењето на позаразната делта варијанта на коронавирусот.

Повеќе од 90 илјади луѓе починаа досега во Германија од ковид-19.

Нови 24 случаи на коронавирус во Македонија

Илустрација

Во последните 24 часа регистрирани се 24 нови случаи на заразени со ковид -19 од направени 4.133 тестирања, соопшти Министерството за здравство. Од новозаразените во Скопје има 6, Тетово – 5, Куманово – 3, Прилеп и Кичево – по 2, Битола, Охрид, Струмица, Кочани, Радовиш и Дебар – по 1.

Регистрирани сe шест оздравени, а нема починати пациенти.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 156.078 бројката на оздравени пациенти е 150.276, на починати е 5.489, а бројот на активни случаи изнесува 310.

Нуредини – Охрид добива можност да го задржи статусот на УНЕСКО

Охрид

Драго ми е што Охридското Езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и ќе имаме време за да ја комплетираме заштитата на ова неверојатно природно и културно светско наследство. Но ова значи дополнителна одговорност, истакна денеска министерот за животна средина Насер Нуредини во своето обраќање на сесијата на Комитетот на УНЕСКО.

Тој вели дека треба да се работи за во иднина повторно регионот да не се најде во иста ситуација како сега. Министерот за заблагодари што се одобрува дополнителен период за завршување на започнатите работи и потполно исполнување на добиените препораки.

Охрид тоне и урбано и еколошки
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:42 0:00

Комитетот за светско наследство одржуваше сесија во кинескиот град Фуџоу, на која се разговараше и за статусот на Охрид и Охридскиот регион.
Во нацрт верзијата беа наведени слабостите кои ги направиле државата и институциите на локално и на национално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно, односно културно наследство прогласени за светско богатство, како и несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од Светската организација, со конкретен предлог регионот да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност.

Двајца ковид-пациенти умреле откако снемало струја во болница во Аман

Поглед на Аман

Двајца пациенти, кои во болница во Аман се лекувале од ковид-19, починале откако снемало струја на одделението за интензивна нега, соопшти денеска јорданскиот министер за здравство Фирас ал-Хавари.

Тој рече дека е во тек истрага за да се утврди дали снемувањето струја е причина за смртта на пациентите.

Околу болницата се собраа членови на семејствата на починатите и на други пациенти.

Болничкото обезбедување е распоредено да ги спречи незадоволните граѓани да влезат внатре.

Затворени аеродромите во Шангај во очекување на тајфун

Илустрација: Аеродром во Шангај

Меѓународните аеродроми во Шангај ги откажаа сите летови, а властите за денеска ги забранија надворешните активности во очекување на тајфунот Ин-фа.

Според прогнозите, тајфунот денеска попладне треба да ја погоди провинцијата Џедјанг, јужно од Шангај, а се очекува да падне од 250 до 350 милиметри дожд, објави националната метеоролошка служба.

„Луѓето не би требало да излегуваат надвор ако не мораат“, наведува службата.

Тајфунот со ветар од 155 до 191 километри на час веќе донесе дожд во Тајван и кршеше гранки на дрвјата, но не се пријавени смртни случаи.
Стотици летови од двата меѓународни аеродроми во Шангај се откажани, а се очекуваат и нови откажуваат в понеделник, објави државната телевизија.

Во Шангај се затворени парковите и шеталиштето Бунд, омиленото место на туристите.

Меѓународниот аеродром во Хангџоу, југозападно од Шангај, исто така ги откажа летовите.

Откажан е и железничкиот сообраќај до пристаништето Нингбо, јужно од Шангај, како и мостот кој го поврзува градот со блиските острови.

Претходно беше наредено затворање на училиштата, продавниците и пазарите.

Големите товарни бродови се преместени од шангајското пристаниште, еден од најпрометните поморски центри.

Во меѓувреме, бројот на загинати после поројните дождови кои во саботата го погодија градот Џенгџоу во централна Кина се искачи на 58, јави државната телевизија.

Дождот го поплави тунелот на подземната железница, каде што настрадаа 12 луѓе, болниците и други објекти останаа без струја, а улиците се покриени со кал.

Спасувачите користат булдожери и гумени чамци за евакуација на жителите од областите кои беа под вода.

Албанскиот и хрватскиот државен врв изразија сочувство за настраданите во автобуската несреќа

Автобуската несреќа кај Славонски Брод

Албанскиот државен врз изрази сочувство по тешката сообраќајна несреќа на автобус со косовски регистарски таблички. Несреќата се случи утрово во Хрватска, а има жртви и повредени.

Албанскиот премиер Еди Рама во својата реакција изразува жалење за загубените животи, братско сочувство до семејствата на настраданите, а на повредените им посакува побрзо закрепнување.

Претседателот на Албанија Илир Мета, изразува жалење за загубените животи и длабоко и искрено сочувство до семејствата на загинатите. Исто така упати голема благодарност до хрватските власти за грижата за повредените.

И лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, изрази длабоко сочувство за загубените животи, а на повредените им посака брзо закрепнување.

Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, и шефот на дипломатијата, Гордан Грлиќ Радман, изразија сочувство до народот на Косово и семејствата на жртвите од трагичната несреќа што се случи утринава во Хрватска, во близина на Славонски Брод.

Десет лица утринава загинаа, а 45 се повредени, од кои 15 посериозно, кога автобус со косовски регистарски таблички слета на автопатот кај Славонски Брод.

Претходно и премиерот Андреј Пленковиќ изрази сочувство до косовските власти, семејствата на жртвите и народот.

Полицаец убил студент кој не носел заштитна маска во Киншаса

Полицаец убил студент кој не носел заштитна маска против коронавирус во Киншаса, јавуваат утринава медиумите од Конго.

Очевидци изјавиле дека студентот по книжевност ја симнал маската додека снимал задача за на факултет.

Полицаецот, според очевидците, по расправијата со студентот, извадил пиштол и пукал, незадоволен зашто не може да наплати казна.
Носењето маска е задолжително во Конго, а казната за неносење е 10 илјади конгоански франци, или околу 5 долари.

Полицијата во Киншаса редовно е мета на критики за вознемирување и наплатување казни без да издаде потврда за тоа.

На ГП „Богородица“ и „Табановце“ се чека од 30 до 45 миниути

Граничниот премин Табановце.

На граничните премини „Богородица“ и „Табановце“ задржувањето за влез и излез од државата е од 30 до 45 миниути, со можност за зголемување во наредните часови.

Како што информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), на останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Османи - Вработените во МНР ќе користат електрични тротинети

Вработените во Министерството за надворешни работи (МНР) ќе користат електрични тротинети, како пример за одговорно однесување кон животната средина и проблемот со аерозагадувањето. Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, со вакви примери помагаат на околината и на природата.

Тој денеска на својот фејсбук профил напиша дека практичноста од употребата на ваков тип на превозни средства се добива со едноставен преглед на локациите на државните институции, при што, според него, веднаш се забележува дека во дијаметар од 1-2 километри се наоѓаат 90 проценти од нив кои секојдневно се упатени на соработка, состаноци и координации.

На секојдневни кратки дестинации ќе користи велосипед и електричен тротинет, пишува Османи на ФБ.

Нов биланс – Во свлечиштата во Индија настрадаа 124 луѓе

Спасувачи го расчистуваат теренот по поплавите

Најмалку 124 луѓе настрадаа во свлечишта по силните монсунски дождови во Индија, соопштија денеска властите.

Во западна Индија силниот дожд не престанува од четвртокот, а метеоролозите предупредија на нови врнежи во наредните денови.
Монсунските дождови посебно го зафатија Мумбаи, финансискиот центар на Индија.

Во државата Махараштра загинаа 114 луѓе, вклучувајќи и над 40 луѓе во свлечиштето кое во четвртокот го погоди селото Талије, јужно од Мумбаи.
Над 135 илјади луѓе се евакуирани, а десетици се водат како исчезнати.
Сезоната на монсуни трае од јуни до септември и е важна за наводнување на посевите и водоснабдувањето во дел од Азија во кој живее една петтина од светското население.

Голем број луѓе страда во монсунските сезони во поплави и свлечишта.

Радев - Мандатот ќе го врачам кога партиите ќе бидат подготвени

Бугарскиот претседател Румен Радев

Денот на предавање на мандатот на партијата победник на изборите за формирање на новата бугарска Влада ќе биде познат кога партиите ќе гарантираат дека постигнале резултат во преговорите, рече бугарскиот претседател Румен Радев при неговата посета на Велико Трново.

Според него, партиите мора да дадат јасни гаранции дека нема да отстапат од овој правец и дека и ќе создадат таква влада, која ќе биде обединета со приоритети и цели што се во интерес на бугарските граѓани.

Во меѓувреме, бугарските социјалисти денеска одлучуваат дали ќе учествуваат во новата влада предводена од „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов.

Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, денеска мора да добие мандат од Националниот совет на партијата за да ги продолжи преговорите со партијата на Трифонов и во каква форма ќе ја поддржат идната бугарска влада.

Косовски автобус излета во Хрватска, најмалку 10 загинати

Најмалку десет луѓе загинале во автобуска несреќа кај Славонски Брод во Хрватска, кога автобус со косовски таблички излетал од патот, соопшти тамошната полиција. А десетици луѓе се повредени во несреќата, некои се и во животна опасност.

„Во текот на несреќата полицијата утврди дека се работи за автобус со косовски национални и регистарски ознаки, а според досегашните информации загинале десет луѓе, десетици се повредени и се однесени во болница во Славонски број“, изјавил портпаролот на локалната полиција Дамир Брезиќ, пренесува Хрватската радио-телевизија.

Автобусот патувал на редовна линија Франкфурт - Приштина.
Првично беше речено дека се работи за автобус со македонска регистрација. Несреќата се случила утрово во 6 часот и 20 минути.
Македонските власти проверуваат дали во автобусот имало и македонски државјани.

Временска прогноза - Сончево со температура до 37 степени

Скопје

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен, претежно северен ветер. Максималната температура ќе достигне од 30 до 37 степени. УВ индексот ќе изнесува 8.

Во Скопје слично време, со максимална температура до 35 степени.

УХМР најавува дека следува период на стабилно и многу топло време. Дневните температури ќе бидат во постепен пораст, а особено топло се очекува од средината на следната седмица.

Најтопло ќе биде в среда, со максимална температура од 34 до 40 степени. УВ индексот ќе изнесува 9.

Од над 330 илјади вакцинирани со две дози, со ковид се заразиле 96

Вакцинирање против ковид-19 во Македонија

Само 96 луѓе во земјава се заразиле со ковид-19 иако имале примено втора доза вакцина, соопшти Министерството за здравство. Досега во Македонија вкупно 330.320 граѓани примени две дози вакцини, што значи дека само 0,02 проценти се заразиле со ковид. Тоа кажува колку е важно граѓаните да се вакцинираат, велат од Министерството.

Од 96 те позитивни, 56 се заразиле во период помал од 21 ден од примената втора доза вакцина. Само 13 од заразените со ковид биле хоспитализирани. Двајца од нив во моментов се на лекување и се стабилни иако еден од нив е со тешко хронично заболување. Нема ниту еден починат пациент со ковид, а кој има примено две дози вакцина, соопштија од Министерството.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 487.975 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 818.295 дози вакцини, а ревакцинирани се 330.320 граѓани, информираат денеска од Министерството за здравство.

Најмалку 76 загинати во поплавите во Индија

Поплави во Индија

Најмалку 76 луѓе загинаа во свлечишта и поплави предизвикани од монсунските дождови во западна Индија, соопштија денеска локалните власти.

Владата на индиската држава Махараштра наведе дека најмалку 59 луѓе се водат како исчезнати.

Спасувачите денеска ја пребаруваат калта и урнатините во потрага по преживеани.

Морнарицата и воздухопловните сили помагаат во спасувањето на илјадници луѓе погодени од поплавите, но спасувачките операции се отежнати поради свлечиштата кои пресекоа многу патишта, особено автопатот меѓу Мумбаи и Гоа.

Дождот кој непрекинато врнеше 24 часа доведе до излевање на реката Вашипти. Некои делови од местото Шиплун на 250 километри од Мумбаи се поплавени со 3,5 метри вода.
Морнарицата организираше седум тимови за спасување опремени со гумени чамци и појаси за спасување за погодените подрачја, како и специјализирани хеликоптери за спасување луѓе.

Индиската метеоролошка служба прогласи црвен метео-аларм за повеќе области во таа држава, зашто се очекува дождот да продолжи да паѓа и во наредните денови.
Катастрофите предизвикани од свлечишта и поплави се честа појава во Индија во монсунската сезона од јуни до септември.

ВМРО-ДПМНЕ и АА: Стејт департментот потврди дека корупцијата е главен проблем

Фабрика во Македонија

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците денеска реагираа по објавувањето на извештајот на американскиот Стејт департмент за инвестициска клима за 2021. Во него се наведува дека водењето бизнис е генерално лесно во Северна Македонија и правната рамка е во голема мера усогласена со меѓународните стандарди, но корупцијата е постојан проблем.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски рече дека извештајот на Стејт Департментот на САД потврдува дека Зоран Заев и неговата влада ја зацементирале Македонија на дното.

„Зоран Заев ја има заробено државата, судскиот систем, институциите и целиот општествен апарат. Власта функционира мафијашки. Се нотира корупција, криминал, поткуп на државни службеници, селективност на правдата и злоупотреба на законските процедури. Нашите стратешки партнери нотираат злоупотреба на скратените постапки во Собранието. Тоа е работа против која ВМРО-ДПМНЕ континуирано се бори, но и постојано збори“, рече Мисајловски.

Од Алијансата за Албанците велат дека Извештајот на Стејт департментот го потврдува тоа што тие како партија со години го кажуваат дека има високото ниво на криминал и корупција, во кое директно се вклучени владини претставници и раководители на институции во земјата.

Алијанса за Албанците го оценува како несериозно и неодговорно однесувањето на Владата, која ваквите аларми ги третира со небрежност.

Во извештајот се наведува дека големите странски компании кои работат во технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) имаат генерално позитивни искуства и добро соработуваат со властите. Но, сепак, целокупното регулаторно опкружување на земјата останува сложено и честите регулаторни и законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување погодно за корупција, стои во извештајот. Во него се наведува дека Владата генерално ги спроведува закони, но има бројни извештаи дека некои службеници остануваат ангажирани во коруптивни активности.

Стејт департментот во извештајот наведува и дека новата влада презеде чекори за подобрување на инвестициското опкружување. А се нотира и работата на Државната комисија за спречување на корупција, која, како што пишува, отвори голем број истраги поврзани со корупција, вклучително и оние во кои се вклучени високи функционери.

Заев - Во прв круг на изборите оди секој сам по сам, а потоа ќе има коалициска поддршка

Зоран Заев

Во првиот круг одат сите, потоа ќе се поддржуваме фер, рече денеска премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев за коалицискиот настап на претстојните локални избори, планирани за наесен. Заев вели дека на изборите ќе настапат заедно со ДУИ, со БЕСА и со ДПА.

„Нормално деталите не можеме да ги кажеме уште оти не ги знаеме имињата, но дефинитивно ги знаеме принципите на коалицирање. Се знае во првиот круг одат сите, после тоа се поддржуваме, фер, така на граѓаните ќе им оставиме сами да ни кажат патот кој е, кој треба на крајот да биде избран во сите други градови, рече Заев.

СДСМ е фаворит во сите градови за претстојните локални избори, тоа го потврдуваат анкетите, изјави Заев. Тој вели дека граѓаните определуваат кој треба да биде избран за градоначалник и затоа СДСМ ги селектира најдобрите можни кандидати.

Авганистан воведе полициски час поради Талибанците

Авганистан

Авганистан воведе ноќен полициски час во обид да ја запре воената офанзива на талибанците. Милитантите зазедоа десетици области во земјата, како и клучен граничен премин од владините сили по почетокот на повлекувањето на странските војници на 1 мај.

Полицискиот час се воведува во 31 од 34 провинции во земјата, а ќе трае од 10 навечер до 4 часот наутро. Полициски час нема само во главниот град Кабул, северната провинција Паншир и источната провинција Нангархар.

САД, ЕУ и НАТО вчера ги повикаа талибанците да ја запрат воената офанзива и да се вклучат во мировните преговори.
Преговорите почнаа во септември, но досега е направен мал напредок. Има голема недоверба меѓу талибанците и авганистанските владини претставници.

Земјоделци ја блокираа изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, оти ќе немаат пристап до нивите

Земјоделци од селата во општина Чешиново-Облешево со земјоделска механизација го блокираа сообраќајот и изградбата на експресниот пат Штип – Кочани.

Земјоделци од селата во општина Чешиново-Облешево, денеска излегоа на двочасовен предупредувачки протест. Тие со земјоделска механизација го блокираа сообраќајот и изградбата на експресниот пат Штип – Кочани.

Тие протестираат оти не добиле одговор од надлежните институции како ќе им се реши пристапот до нивните кои ќе останат отсечени откако ќе се изгради експресниот пат Штип – Кочани.

„Се работи за над две илјади хектари оризови површини до кои ние воопшто не можеме да дојдеме ни пеш, а уште помалку со земјоделската механизација. За два месеца ќе почне жетвата на оризот, ама не знаеме ниту од каде ќе влезат комбајните, ниту од каде ќе го изнесеме ожнеаното од нивите. Со изведбата на експресниот пат не е обезбедено никакво поврзување со постојните полски патишта што земјоделците ги користат со децении“, истакна Јоце Митров, земјоделец од Спанчево.

Земјоделците од селата Спанчево, Соколарци и Бања реагирале уште минатата година и се сретнале со претставници на изведувачот и на надзорот на градежните работи, но не се постигнало заедничко решение.

Градоначалникот на Чешиново-Облешево, Горанчо Крстов им даде поддршка на барањата на своите сожители, и рече дека може да се најде решение на проблемот.

Земјоделците од трите села нагласија дека нема да се откажат од своите барања и дека ќе продолжат со блокирање на градежните работи, сѐ додека не добијат одговор од надлежните како и кога ќе им се обезбеди соодветен пристап до нивите.

Напад со дрон врз американска воена база во Ирак

Меѓународната коалиција предводена од САД во Ирак соопшти дека воена база во која се сместени американски војници била нападната со беспилотно летало, но оти во нападот нема жртви.

Нападот се случи вчера рано наутро во пресрет на закажаната средба на ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадеми со американскиот претседател Џо Бајден на 26 јули.

Медиумите јавуваат дека двајцата лидери ќе разговараат за можното заминување на сите американски војници од земјата.
Нападнатата воена база била во курдскиот автономен регион во северен Ирак. Ирачките медиуми јавија дека била нападната базата ал-Харир, на околу 70 километри од Ербил, главниот град на Ирачки Курдистан.

Ова е последен во низата напади врз американски воени и дипломатски објекти во Ирак, за кои се обвинуваат проиранските милиции во земјата.

Во Ирак сè уште има околу 2500 американски војници. Во 2014 беа распоредени 3500 илјади американски војници да се борат против екстремистичката организација Исламска држава.

Регистрирани 37 нови случаи на ковид-19

Во последните 24 часа регистрирани се 37 нови случаи на ковид-19 од направени 4.264 тестирања, соопшти Министерството за здравство.

Во Тетово има 13 новозаразени, Скопје – 12, Велес – 3, Гостивар, Прилеп и Струмица – по 2, Охрид, Свети Николе и Делчево – по 1.

Регистрирани сe 10 оздравени пациенти. Не се регистрирани починати пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 156.054, бројката на оздравени пациенти е 150.273, на починати е 5.489, а бројот на активни случаи изнесува 292.

Во меѓувреме се одвива и вакцинацијата против ковид-19. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 487.975 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 5.977 граѓани, а вкупно се вакцинирале 17.085 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 818.295 дози вакцини, а ревакцинирани се 330.320 граѓани, информираат денеска од Министерството за здравство.

Парада на гордоста во Будимпешта против анти-ЛГБТ законот

Унгарија.

Илјадници Унгарци се очекува да присуствуваат на годишната Прада на гордоста во Будимпешта во знак на поддршка на ЛГБТ заедницата и да протестираат против законот кој им забранува на училиштата да користат материјали за кои се смета дека ја промовираат хомосексуалноста.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е на власт од 2010 година, се соочува со тешки избори наредната година во услови на зголемени економски тешкотии засилени од пандемијата на коронавирус.

Неговата десничарска влада ја засили својата кампања против ЛГБТ луѓето како дел од постојаните напори да се прикаже себеси како чувар на христијанските вредности од „западниот либерализам“. Дел од таа негова политика е и блокирањето на мигрантите да транзитираат низ неговата земја и затворањето на приватните либерални медиумски институции.

Европската комисија минатата недела започна правна постапка против Будимпешта поради новиот закон кој стапи во сила овој месец, и кој го смета за дискриминаторски и спротивен на европските вредности за толеранција и индивидуални слободи.

Организаторите на денешната парада ги повикаа поддржувачите да ѝ се спротивстават на омразата и на обидите на „политичарите гладни за власт“ да ги заплашат ЛГБТ луѓето.
Наместо да ги штити малцинствата, владата на Орбан ги користи законите да ги направи членовите на ЛГБТ заедницата отпадници во сопствената држава, наведуваат организаторите.

Заев - Не може да се лоцира кој е виновен ако Охрид го изгуби статусот на УНЕСКО

Охрид - поглед на Срариот град.

Премиерот Зоран Заев денеска од Охрид рече дека уривањето на дивоградбите во Охридскиот регион мора да се спроведува согласно законите и со запазување на предвидените постапки, најавувајќи дека процесот на отстранување на илегално изградените објекти на крајбрежјето на езерото ќе продолжи.

Дивоградбите беа една од причините наведени од УНЕСКО поради кои на Охридскиот регион му се заканува опасност да биде избришан од мапата на заштитено светско културно наследство.

УНЕСКО вчера предложи на Македонија и на Албанија да им се дадат дополнителни две години да постапуваат по препораките , за да се избегне одземањето на статусот.

Заев вели дека ќе се почитува каква и да биде конечната одлука на УНЕСКО.

„Сите знаеме дека Охрид ќе продолжи да се развива и мора да се развива. Не треба да биде запрен развојот на Охрид. Но, тоа мора да биде по план, така што максимална поддршка ни треба пред се од граѓаните. Не е ред светот да води грижа пред се за Охрид, ред е ние да водиме грижа дома и верувам дека ќе успееме“, истакна Заев.

За тоа дали доколку биде поместен регионот на Листата светски приодни и културни богатства во опасност ќе биде побарана одговорност од институциите што со своите постапувања или непостапувања дозволиле тоа да се случи, премиерот рече дека и одговорноста не може да се лоцира затоа што се работи за подолг временски процес.

Заев за процесот на уривање на дивоградбите вели дека воопшто не е лесен, оти постојат одредени судски решенија што го усложнуваат, но дека институциите на сите нивоа остануваат фокусирани на исполнување на предвидените постапки.

Премиерот Зоран Заев денеска беше во работна посета на Охрид каде со градоначалникот Константин Георгиески беа во обиколка на неколку локации каде се спроведуваат позначајни инфраструктурни и градежни зафати.

Во Врање вакцинирани 12 илјади Македонци, од кои околу 9 илјади целосно

Македонски граѓани на вакцинирање во Спортската сала во Врање, архивска фотографија

Во Врање од почетокот на вакцинацијата досега со првата доза вакцинирани се 12.006 македонски граѓани, додека со втората доза вакцинирани се 9.392 луѓе од Македонија.

Здравствениот центар во Врање денеска соопшти дека до 23 јули се дадени речиси 77 илјади дози вакцини и во таа бројка спаѓаат вакцинирани српски граѓани и државјани од други држави. Најголем дел од вакцинираните во Врање се од Србија, потоа од Македонија, а има неколку граѓани и од БиХ.

Во Врање најчесто е аплицирана кинеската вакцина Синофарм – вкупно 49.058 пати – прва доза 24.952, а втора 24.106.

Потоа следува Фајзер, која беше дадена во вкупно 20.653 случаи – првата доза 11.449, а втората 9.204.

Руската Спутник Ве е дадена во 6.256 дози – прва 3.149, а втора 3.107.

Астра Зенека аплицирана е во 932 случаи.

Во петокот вакцинирани се 54 македонски државјани со првата доза и 55 лица со втората доза на вакцините на Синофарм и Фајзер.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG