Достапни линкови

Падна бројката на ковид пациенти, но расте на оние со пост-ковид последици


Пацинети на пост –ковид рехабилитација во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на белодробни заболувања во Отешево.

Специјализираната болница за белодробни заболувања во Отешево во претстојниот период ќе биде центар за постковид рехабилитација во земјава.

За над 90 проценти намален е бројот на хоспитализирани пациенти со ковид-19 во Битолската клиничка болница, но порасна оптовареноста на Интерното одделение поради наплив на лица со пост-ковид последици, велат од болницата. Од 170 хоспитализирани колку што се лекуваа во ковид-центарот во Битола за време на најголемиот пролетен бран со коронавирус, бројот на болни сега падна на 10. Значително е намален притисокот со прегледи во тријажната и ковид амбулантата.

„Моменталната состојба дојде како пресекување со нож, нагло паѓање на бројката граѓани што бараат болнички третман од ковид-19. Сепак, ова не е крајот. Уште треба ги почитуваме препораките и да се пријавуваме за вакцина. Сега имаме поголема оптовареност на одделението за интерна медицина бидејќи многу од пост-ковид состојбите прават компликации од интернистичка природа кои бараат подолготрајно лекување. За среќа со пост-ковид рахабилитација на ковид пациенти започна да работи Заводот во Отешево. Дел од пациентите кои се со лесна и средно-тешка слика на компликации се испраќаат таму“, рече Билјана Гагачовска, директорка на Клиничката болница во Битола.

Досега неколку групи на пациенти поминаа на пост –ковид рехабилитација во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на белодробни заболувања во Отешево, која во претстојниот период ќе биде центар за постковид рехабилитација во земјава. Сместена во густа борова шума меѓу Преспанското Езеро и Галичица, болницата во Отешево е воздушна бања која им го продолжува животот на лицата со белодробни потешкотии.

„По ковидот имам проблеми со дишењето многу затоа дојдов тука, пешачиме, вежбаме секој ден, воздухот е чист. Подобро ни е, но ме натажи тоа што гледам и млади пациенти на 30 или 40 години кои го преживеале ковидот, а имаат пост-ковид проблеми“, вели пациент од болницата во Отешево.

Прераснувањето на оваа болница во центар за постковид опоравување се очекува да потсети уште еднаш на важноста на овој центар кој има 40-годишна традиција во респираторната рехабилитација со физикална терапија.
Болницата пред 41 година ја основал доктор Арсе Гошаревски, татко на сегашниот градоначалник на Ресен Живко Гошаревски, на западниот брег на Преспанското Езеро на надморска височина од 855 метри, со благопријатна медитеранска клима и без загадувачки честички во воздухот. Оваа еко локација им паднала в очи и на странците уште во времето на социјализмот. На времето тука се лекувале и фудбалери од Хајдук, Хрватска.

  • Голем интересот за вакцинација во Битола

„Тука доаѓаа на рехабилитација вработени во македонските рудници. Во деведесеттите години германска делегација преговарала за соработка со болницата, да праќаат пациенти. Преговори за соработка имало и со Канада. Пациенти од Абу Даби престојувале во хотелот во Отешево, а ги користеле услугите во болницата, дојдени специјално воздух да дишат. Болницата е позната по вежбите за дишење и новата респираторна гимнастика која се применува кај нас и се посебни од другите установи“, вели Билјана Гошаревска портпарол на болницата во Отешево.

Лекарскиот тим е составен од пулмолог, интернист и физиотерапевти. Се прават вежби за дишење, за движење со помош на ерговелосипеди, гасни анализи. Со ова се подобрува респираторната функција и се намалуваат компликациите. Болницата има над 70 легла и на годишно ниво таму се лекуваат околу 1.000 болнички пациенти, 1.300 амбулантски и стотина во Дневната болница.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG