Достапни линкови

Здравството е клучен сектор за ефектите од климатските промени


Во Македонија се очекува да има повеќе суши како резултат на климатските промени. Од промената на климата ќе има и поместување на живеалиштата, на пример комарците. Експертите велат дека има ризици од зголемено пренесување на вектор преносливи болести, како маларија или денга.

Климатските промени се неизбежни, а пандемијата на Ковид-19 покажува дека недоволната подготвеност може да предизвика сериозни последици. Како земјите треба да се прилагодат на менувањето на климата, е тема на дискусија на конференцијата „Да зборуваме за климатските промени“. Секторот здравство е еден од клучните, велат учесниците.

Македонија во иднина ќе се соочи со потопла и посушна клима, почести топли екстремни настани, со што ќе бидат зголемени ризиците од суши како последица од климатските промени.

Ова се дел од заклучоците во Извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани во Македонија.

Документот е подготвен во рамките на Четвртиот национален план за климатски проемни и Третиот двогодишен извештај за климатски проемни.

Според резултатите, потоплата и посушна клима првенствено ќе биде поврзана со идната концентрација на стакленички гасови.

Климата веќе се менува, со што се отвора прашањето како земјите треба да се подготват и да се прилагодат на овие промени? За тоа дискутираа активисти и експерти на онлајн-конференција насловена „Да зборуваме за климатските промени“ во организација на граѓанската организација „Еко свест.“

Прилагодувањето значи земјите да опфатат повеќе сектори, да се процени нивната ранливост и да се предвидат мерки за нивна поголема отпорност.

Доколку не бидат преземни мерки, нарушеното здравје на луѓето, недостатокот на храна и питка вода ќе бидат само некои од последиците, вели Кристина Бужаровска – инженер за унапредување на животната средина од организацијата ЦНВП.

Здравство отпорно на шокови

На пример, пандемијата на Ковид-19 покажа дека јавното здравство мора да биде поотпорно на потенцијални шокови кои неизбежно ќе дојдат и од последиците од климатските промени, вели Бужаровска.

Здравствените ризици поврзани со ефектите од климатските промени се во опсег од зголемена веројатност за пренесување на вектор преносливи болести, како маларија, денга или болести кои се пренесуваат преку вода и од намален квалитет на воздухот, вели таа.

„Според Светската здравствена организација, една шестина од болестите и попреченостите на глобално ниво се должат на вектор преносливи болести. Како последица од промената на климата ќе имаме поместување и прераспределба на живеалиштата, на пример на комарците и други патогени кои во себе носат болести кои не сме ги сретнале и можат да предизвикаат епидеми“, вели Бужаровска.

Процесот значи дека државите треба да направат планови за прилагодување кон реалната клима и нејзините ефекти, вклучително мерки за одговор на влијанијата кои веќе се случуваат.

Ефектите од климатските промени се топење на глечерите, зголемување на нивото на морињата, појава на суши и топлотни бранови кои предизвикуваат зголемени појави на шумски пожари, губење на биодиверзитет и питка вода.

Во Извештајот за проекции на климатските промени во Македонија, се вели дека сушната состојба во земјава се очекува во просек, но анализата открива потенцијално зголемување на дневните екстремни врнежи што ќе предизвикаат поголем ризик од буични поплави.

Од друга страна, се очекува да има намалување на летните врнежи и продолжување на времетраењето на последователните сушни денови со што ќе биде зголемен ризикот од суша.

„Најпосле, како резултат на потоплите временски услови, должината на вегетацискиот период ќе се зголеми во просек“, се вели во документот.

Државата да ги забрза процесите

Заложбите на Европа се до 2050 година да биде климатски неутрална, а до 2030-та да ги намали емисиите на стакленички гасови за 55 отсто.

Но, дури и да бидат постигнати овие цели, податоците покажуваат дека последиците ќе продолжат да се чувствуваат, вели Бужаровска. Македонија како потписничка на Парискиот договор за клима, има обврска да ги транспонира европските политики.

„Во моментов прилагодувањето на климатските промени се одвива забавено и потребно е државата да ги забрза процесите во делот на адаптација, бидејќи националните документи за клима се во фаза на изработка или во нацрт верзија“, вели Бужаровска.

Засега, во процес на одобрување од Владата се ревидираните Национални придонеси кон климатските промени, а тие предвидуваат изработка на акционен план за адаптација кон климатските промени, каде е вклучена и компонента за адаптација во Стратегијата за намалување на ризикот од катастрофи. Исто така, во процес е подготовка на Закон за климатска акција, а објавена е и Нацрт-Долгорочна стратегија за климатска акција 2020-2050.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG