Достапни линкови

Вести

Соработниците на Навални нема да можат да извршуваат јавни функции

Алексеј Навални на видео врска на едно од судењата

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој им се забранува на приврзаници и членови на организации кои властите ги сметаат за „екстремистички“ да бидат избрани во која било функција. Со овој потег практично е невозможно секој што е поврзан со затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални да се кандидира за јавна функција.

Законот, одобрен од Путин на 4 јуни, забранува лидери и основачи на организации прогласени за екстремистички или терористички од страна на руските судови да се кандидираат во период од пет години. Другите членови или вработени во такви организации ќе се соочат со тригодишна забрана.

Русија носи закон со кој поддржувачите на Навални нема да учествуваат на избори

Се чини дека овој потег е прикриен обид за неутрализирање на Фондацијата за борба против корупција (ФБК) на Алексеј Навални, која руските власти сакаат да ја прогласат за екстремистичка пред парламентарните избори во септември, соопшти рускиот сервис на Радио Слободна Европа.

ФБК веќе е прогласена за „странски агент“, со кривична одредба според посебен закон. Според правните експерти Законот е ретроактивно применлив затоа што вклучува само ограничување на правата на една личност.

види ги сите денешни вести

Косовската полиција започна истрага за графитите „Северна бригада“

Kosovo: Graffiti in North Mitrovica (photo by: Maja Ficovic)

Косовската полиција соопшти дека започнала истрага за графитите „Не грижете се, чекаме“, и „Северна бригада“ што се појавија вчера во Северна Митровица. Како што соопштија денеска од полицијата, графитите го напишале непознати лица, а случајот е оценет како поттикнување омраза и нетрпеливост. Новите графити се појавија во пресрет на разговорите во Брисел меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, но и по разговорите на Вучиќ со генералниот секретар на НАТО завчера, кога српскиот претседател изјави дека таму е „нова генерација деца на северот кои нема да трпат терор“, но и дека тоа „веќе нема никаква врска со него, ниту со Јанс Столтенберг“.

Без напредок втората рунда од дијалогот Приштина-Белград, преговорите продолжуваат

Косовските власти најавија дека од 1 септември ќе почнат да ја спроведуваат одлуката за пререгистрација на табличките „РКС“, по едномесечно задоцнување изнудено по интервенцијата на американскиот амбасадор, на што претходеше влошување на ситуацијата на северот на Косово. Српската страна продолжува да тврди дека нема да ги прифати решенијата за отстранување на регистарските таблички издадени од Министерството за внатрешни работи на Србија за косовските градови и за воведување реципрочна мерка за издавање документ за влез-излез во Косово. Разговорите на највисоко ниво меѓу Белград и Приштина што се одржаа вчера во Брисел завршија без договор, но продолжуваат до 1 септември.

Милков: Имаме шанса да ги решиме проблемите со Северна Македонија

бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков

„Имаме шанса да ги решиме проблемите со Северна Македонија, кои траат со децении, но не беа третирани сериозно“, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, додавајќи: „Сега имаме механизам за нивно решавање. Станува збор за т.н. француски предлог. Пред нас има широко поле за продолжување на работата и за расчистување на сите спорни прашања“. Министерот во техничката Влада додаде дека има изгледи за подобрување на односите со Северна Македонија.

Бугарското МНР ја поздрави работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања

Според него, „вознемиреност буди однесувањето на опозицијата, која ги користи ставовите на населението за различни цели“. Милков оцени дека „европското минато е поврзано со отфрлање на голем број пропагандни клишеа и секоја земја пред да влезе во ЕУ мора да се раздели со некои од лажните парадигми со кои се третирал историскиот процес“. Тој исто така оцени и дека ќе продолжи да работи за европската интеграција на државите од Западен Балкан.

Русковска: не верувам дека некој колега сериозно ќе продолжи да постапува по предметите што ги водев

Вилма Русковска

Обвинителката Вилма Русковска денеска ја поднесе жалбата за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители. „Со жалбата ги побивам наводите во решението. Не сум прашала за која кривична пријава се однесува суспензијата, но сметам дека се однесува на пријавата која Муареми ја поднесе против мене“, изјави таа не откривајќи детали, бидејќи, како што рече, со жалбата прво треба да се запознаат членовите на Советот.

Јовески ја суспендираше Русковска

„Ова не го сметам за суспензија на Русковска, туку за суспензија на правото и правдата. Без разлика што имаше соопштение дека предметите кои ги водев јас ќе продолжат со ист интензитет, после ова мене што ми се случи не верувам дека кој било колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите“, изјави Русковска. Првиот човек на Управата за Финансиска полиција, Арафат Муареми поднесе оставка, а претходно поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против три обвинителки од Обвинителството за гонење организиран криминал за претресот во Управата неколку недели претходно. Освен за Русковска, поднесени се пријави и против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои го извршиле претресот.

Штрајк на вработените во Лондонското метро

Метро станица во Лондон (фотографија од датотека)

Лондонскиот подземен транзитен систем денеска е запрен поради штрајкот на вработените незадоволни од платите. „Ги советуваме клиентите воопшто да не патуваат со метро“, рече портпаролот на метрото во Лондон. До ова дојде еден ден по националниот штрајк на железничарите што резултираше со откажување на околу 80 насто од патничките возови. Слична акција на железницата е закажана за утре. Сето ова е дел од летната кампања според која работниците од приватниот и јавниот сектор бараат зголемување на платите поради зголемените цени на храната и енергијата.

Зголемени трошоци, исти плати - синдикатите се закануваат со тужби

Поштенските работници, адвокатите, телекомуникациските работници и пристанишните работници најавија штрајк за кон крајот на месец. Во Единбург, санитарните работници на 18 август започнаа 11-дневен штрајк токму во моментот кога туристите почнаа да пристигнуваат во градот за фестивалот „Edinburgh Fringe“. Инфлацијата во Обединетото Кралство во јули достигна 10,1 насто.

Путин и Си ќе присуствуваат на самитот на Г20 во Индонезија

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг планираат да присуствуваат на самитот на Г-20 на индонезискиот остров Бали од 15 до 16 ноември, изјави индонезискиот претседател Џоко Видодо. Тој исто така, рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски бил поканет, иако Украина не е членка на Г20. Тој, наводно, потврдил дека ќе присуствува лично или виртуелно. Си не патувал на меѓународно ниво од почетокот на пандемијата ковид-19.

Заврши состанокот на Г-20, многу земји ја осудиле војната во Украина

Џакарта се соочи со притисок од Западот да го исклучи Путин поради неиспровоцираната руска инвазија врз Украина. Сепак, Индонезија се обиде да одржи неутрален став, а Видодо оваа година ги посети и Киев и Москва. Самитот на Г20, исто така, доаѓа во време на големи тензии меѓу Кина и Соединетите држави околу статусот на Тајван и кинеските претензии во Јужното Кинеско Море.

Во Австрија пет лица загинаа во силно невреме, меѓу жртвите и две девојчиња

илустрација

Австриските власти објавија дека пет лица, меѓу кои две девојчиња, загинале во силно невреме што ја погоди алпската земја. Двете девојчиња, на возраст од четири и осум години, загинале кога ненадеен силен ветер урнал дрвја синоќа на езеро во долината Лавант во близина на градот Грац на југот на земјата. Надлежните соопштија дека биле повредени 13 лица, од кои двајца потешко. Многу од жртвите биле туристи кои го посетиле популарниот туристички регион. Австрискиот претседател Александар Ван Дер Белен изјави дека станува збор за „трагедија“.

Во невреме на Корзика три лица загинаа, 12 се повредени

Градоначалникот на Волфсберг, Ханес Примус, рече дека областа изгледала „како бојно поле“ по невремето. Во Долна Австрија, три жени загинаа кога гром удри во дрво во близина на централниот град Гејминг. Во исто време, невремето усмрти осум лица во Франција и Италија.

Повторно експлозии во украинскиот регион Крим окупиран од Русија

Најмалку четири експлозии во текот на изминатата ноќ биле забележани во украинскиот регион Крим, окупиран од Русија, во близина на воениот аеродром Белбек надвор од пристанишниот град Севастопол. Наметнатиот од Русија администратор на Севастопол, Михаил Развозаев, напиша на Телеграм дека противвоздушната одбрана соборила украинско беспилотно летало. Тој додаде дека експлозиите не предизвикале никаква штета. Во исто време, руски функционер во градот Керч на Крим изјави дека таму била активирана противвоздушна одбрана. Керч се наоѓа крај Кримскиот мост, високопрофилна патна и железничка врска изградена од Русија меѓу окупираниот украински регион и руското копно.

Експлозија во руско складиште за муниција во северен Крим

Кримскиот мост беше завршен во мај 2018 година и изграден по цена од околу 4 милијарди долари. Тоа беше значаен престижен проект наменет да ги зајакне претензиите на Москва за Крим што беше инаугуриран од рускиот претседател Владимир Путин. Руски воени цели на Крим, кој Москва незаконски го анектираше во 2014 година, беа потресени од експлозии во последните денови.

Москва: саботажа е причината за експлозиите во магацинот со муниција на Крим

Руско складиште за муниција на северот на Крим експлодираше на 16 август, во инцидент што руските власти го припишуваат на „саботажа“. Истиот ден експлодираше електрична трафостаница во областа Џанкој, иако причината за таа експлозија останува непозната. На 9 август, воздухопловната база Саки беше погодена од експлозии во кои беа уништени најмалку девет воени авиони, вклучувајќи ловци Су-30СМ и бомбардери Су-24М. Украинските власти избегнаа јавно да ја преземат одговорноста за експлозиите, но неименуван висок украински функционер беше цитиран во Њујорк Тајмс велејќи дека елитната украинска воена единица која дејствува зад непријателските линии извршила барем некои од нападите.

САД ги повикаа Белград и Приштина да го продолжат дијалогот

портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс

САД ги повикаа Белград и Приштина да го продолжат дијалогот, бидејќи средбата меѓу двете страни во Брисел вчера заврши без резултати. Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс на прес-конференција рече дека Вашингтон ја следи состојбата. „Колку што знаеме, разговорите продолжуваат. Ние, во партнерство со Европската унија, внимателно го следиме ова и ги охрабруваме двете страни ефективно да го користат дијалогот и да го продолжат“, рече Прајс. Претставникот на Стејт департментот прецизираше дека Вашингтон целосно го поддржува дијалогот, велејќи дека е неопходно да се унапреди дискусијата за нормализација на односите врз основа на претпоставката за меѓусебно признавање.

Без напредок втората рунда од дијалогот Приштина-Белград, преговорите продолжуваат

Прајс рече и дека специјалниот известувач на американската администрација за Балканот Габриел Ескобар, заедно со американскиот амбасадор во Европската унија Марк Гитенштајн, внимателно ги следат разговорите меѓу Приштина и Белград. „Ве уверувам дека дијалогот го има целосно вниманието на американските претставници. Тоа е прашање со кое самиот секретар Блинкен се занимава долго време. Тоа е приоритет кој ја вклучува целата наша организација, како на теренот, така и во САД“, рече Прајс.

Курти: Косово може да се откаже од документите доколку Србија го стори истото

За време на третата рунда од дијалогот меѓу Приштина и Белград, одржана вчера по едногодишна пауза, не беше постигнат напредок. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека двете страни не постигнале договор во врска со регистарските таблички и документите за влез-излез. Тој сепак, посочи дека Абин Курти и Александар Вучиќ се договориле разговорите да продолжат и во наредните денови.

Светски ден на хуманитарната помош

„Има една поговорка која вели: Потребно е село за да се подигне дете. Слично на тоа, потребно е едно село за да се поддржи човек во хуманитарна криза“. Ова го наведуваат Обединетите нации по повод денешниот светски ден на хуманитарната помош. Со рекордно високи хуманитарни потреби ширум светот, овогодинешниот Светски ден на хуманитарна помош се надоврзува на оваа метафора на колективен напор да се зголеми глобалната благодарност за хуманитарната работа Секогаш и секаде каде што луѓето имаат потреба, има и други кои им помагаат. Тие се самите погодени луѓе - секогаш први што реагираат кога ќе се случи катастрофа - и глобална заедница која ги поддржува додека закрепнуваат. Далеку од центарот на вниманието и надвор од насловите, тие се здружуваат за да го олеснат страдањето и да донесат надеж.

Нова акција на „Ретвитни оброк“ за полно срце и полн стомак

Кампањата на Светски ден на хуманитарна помош за 2022 година ги осветлува илјадниците волонтери, професионалци и луѓе погодени од криза кои обезбедуваат итна здравствена заштита, засолниште, храна, заштита, вода и многу повеќе. За оваа година е предвидено преку дигитална уметност да се раскажат приказните на луѓето на кои им е потребна и оние кои им помагаат. Во центарот на кампањата е серија на илустрирани профили на хуманитарните работници кои ја покажуваат широчината и длабочината на хуманитарната работа и колективно го симболизираат поширокото хуманитарно село.

Израелска делегација во обид осигура дека Еврејската агенција не е странски агент

еврејската Агенцијата во Русија

Московскиот суд Басмани во минатата недела почна да ја разгледува тужбата поднесена од руското Министерство за правда за ликвидација на канцеларијата на Еврејската агенција во Русија. Израелската правна делегација во Русија во понеделник се сретна со претставници на руското Министерство за правда за да разговара за тоа како еврејската Агенцијата во Русија ќе може да работи според новите закони за приватност во земјата. Московскиот суд Басмани почна да ја разгледува тужбата поднесена од руското Министерство за правда за ликвидација на канцеларијата на Еврејската агенција во Русија.

Русија го обвини Израел дека ги поддржува „неонацистите во Украина“

Судското рочиште е закажано за денеска. Непосредно пред судската седница, израелската делегација на правни советници во министерството и високи функционери од владините министерства и Еврејската агенција пристигна во Москва за да им помогне на адвокатите на Агенцијата, иако тие не зборуваат руски и немаат основно разбирање за рускиот правен систем.

Американски инвеститор со проукраински ставови, пронајден мртов во Вашингтон

Вашингтон

Американскиот брокер на акции, кој заработил богатство на рускиот пазар во 1990-тите и 2000-тите, а подоцна и основал луксузен московски ноќен клуб пред да ја напушти земјата, починал откако бил пронајден како лежи на тротоар во Вашингтон, соопшти полицијата. Полицијата соопшти дека ја истражува смртта на Ден Рапопорт (52), кој беше пронајден пред станбена зграда во северозападниот кварт на американскиот главен град, но нема индикации за валкана игра. Во прелиминарниот полициски извештај се вели дека полицајците одговориле на пријавата за човек на улица кој подоцна бил идентификуван како Рапопорт, бил однесен во блиската болница, каде што бил прогласен за мртов.

Уште еден руски тајкун почина под чудни околности по руската инвазија врз Украина

Во полицискиот извештај се вели дека полицајците пронашле 2.620 долари во готовина на Рапопорт кога го пронашле неговото тело на тротоарот, заедно со слушалки, напукнат мобилен телефон, возачка дозвола од Флорида и други предмети. Полицијата соопшти дека нема сведоци. Брајана Бурч, портпарол на полицијата, за РСЕ изјави дека нема информации што би сугерирале дека оставил белешка за самоубиство. Тој неодамна се вратил во Вашингтон откако поминал неколку години работејќи во финанскиот сектор во Украина.

Повредена мечка на потегот Јанче- Ростушки Мост, може да биде агресивна

илустрација

Националниот парк „Маврово” доцна синоќа на официјалната Фејсбук страна објави информација за повредена мечка на делницата Дебар – Маврово, на потегот помеѓу село Јанче и Ростушки мост, која би можела да биде агресивна откако ја удрил автомобил.

Волци, мечки и лавчиња - егзотични незаконски миленичиња во Македонија

„Ве известуваме дека вечерва на потегот помеѓу с. Јанче и Ростушки мост од страна на автомобил е повредена мечка. Ги замолуваме спортските риболовци и другите посетители кои ќе се движат на тој потег да бидат многу внимателни бидејќи повредената мечка може да биде агресивна, објавено е на Фејсбук страната на Националниот парк „Маврово”. Од таму додаваат дека доколку некој ја забележи, веднаш да ги извести службите на НП Маврово.

Парламентот на Црна Гора ќе гласа за разрешување на владата на Абазовиќ

Дритан Абазовиќ

Собранието на Црна Гора денеска треба да гласа за иницијативата за смена на владата на Дритан Абазовиќ, но исходот од тоа гласање е неизвесен. Смената на владата, само 50 дена по нејзиното формирање, побараа 36 пратеници на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Социјалдемократската партија (СДП), социјалдемократите (СД), Либералната партија (ЛП) и Демократскиот сојуз на Албанците, кој не е доволно мнозинство за гласање недоверба. За пад на Владата потребен е гласот на 41 од вкупно 81 пратеник. Абазовиќ, чија партија заедно со ДПС, СДП, СНП и малцинските партии ја „урнаа“ владата на Здравко Кривокапиќ и парламентарното мнозинство кое застана зад неа на крајот на април, пред седницата изјави дека нема ништо против конституирањето на новото мнозинство. Тој претходно најави можност за обновен дијалог со партиите кои победија на изборите во 2020 година.

Потпишан Основниот договор меѓу Владата на Црна Гора и СПЦ

Директна причина за денешното гласање недоверба на владата на Абазовиќ е ненајавеното потпишување на Основниот договор со СПЦ на почетокот на август во Подгорица. ДПС, СДП и другите партии собрани околу оваа иницијатива сметаат дека Владата го „изгубила својот легитимитет“, бидејќи Основниот договор ја фаворизирала СПЦ пред другите верски заедници. Иницијативата, која денеска ќе ја разгледува Собранието на Црна Гора, е трет предлог за гласање недоверба на владата во последните осум месеци.

Генералниот секретар на ОН Гутереш во Одеса

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и украинскиот претседател Володимир Зеленски, Лвив, 18.08.2022.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска ќе престојува во украинскиот град Одеса, по што ќе замине за Турција. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека тој и Гутереш се договориле за параметрите на можната мисија на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во нуклеарната централа во Запорожје. По вчерашните разговори со Гутереш и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Лвив, тој рече дека евентуалната посета на МААЕ треба да се изврши „легално преку територијата ослободена од окупаторите“. Зеленски додаде дека Русија треба веднаш да ги повлече своите сили и да престане да ја гранатира нуклеарната централа. Русија ја освои електраната во март по тешки борби, а со неа сè уште управуваат украински техничари.

Русија би можело да ја затвори нуклеарната централа Запорожје

Русија вчера соопшти дека постои ризик од вештачка катастрофа во украинската нуклеарна централа Запорожје и ги обвини Киев и Западот дека планираат „провокација“ таму за време на посетата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Висок украински функционер го отфрли она што го опиша како цинично тврдење од Москва и рече дека наједноставно решение за ситуацијата ќе биде руските сили да се повлечат од централата, да ја отстранат секоја муниција складирана таму и да ја минираат.

Времето денеска: сончево и многу топло

Сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Кон крајот на денот ќе има зголемена облачност, локално со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а ќе има и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Дневната температура ќе се движи од 31 до 42 степена. Во Скопје и околината слично време, со температура до 39 степени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG