Достапни линкови

За една година за 1200 лица зголемен бројот на невработени во Битола


Саем за кариера во Битола

Поради пандемијата со ковид во Битола е зголемен бројот на невработени лица, за околу 1200 за само една година. Бројката се зголеми и заради битолчаните кои работеле во странство но биле со нерегулиран престој, па поради пандемијата се вратиле во Битола и се пријавиле како невработени.

За над 1200 лица зголемен е бројот на невработени во Битола во период од една година, поточно од март лани до истиот месец годинава, според податоците на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

Лани биле 4987 невработени, а годинава 6206 лица. Една од причините е ковид - кризата поради која пропаднаа одредени бизниси во градот, а дел од жителите ги изгубија работните места. Во Битола во услови на пандемија се вратија и голем број од битолчаните кои работеа во странство, а немаа регулиран престој, па така и бројката на лица кои бараат работа дополнително порасна.

„Работевме во Германија по сендвичари и меркети, но немавме регулиран престој и со пандемијата се вративме назад во Македонија, сега тука ќе се обидеме да најдеме работа.“

„Имаше битолчани кои работеа во Германија, Франција, Англија, но со ковидот се искомпицираа работите, не можеа да останат таму и мораа да се вратат во родниот крај. Сега тука ќе се обидат да најдат работа што не е воопшто едноставно. Дел од нив се вратија пак на Запад , ама во мал број, повеќето останаа тука“, велат битолчани.

Близу 40 проценти од луѓето од Западен Балкан кои немале странско државјанство или биле со привремен престој во земјите на ЕУ со појавата на пандемијата се вратиле и останале дома, рече Сашо Додовски директор на Младинскиот културен центар од Битола, повикувајќи се на истражувања до Европската унија.

„Национални истражувања максимално релевантни барем јас не сум видел и мислам дека не постојат за тоа колку млади со пандемијата се вратија и останаа дома, но има истражувања на Европската унија за шесте држави на Западен Балкан каде стои дека близу 40 проценти од луѓето кои немале странско државјанство или кои што имале привремен престој во земјите на ЕУ се вратени во земјите на Западен Балкан. Најголем дел од нив се сè уште тука, со можности поголемиот дел од нив да останат во своите држави и тука да почнат да придонесуваат со работа , преку отворање на сопствени бизниси или вклучување како експерти во различни бизниси“, рече Додовски.

Деновиве во Битола се одржа петтиот Саем на кариера во организација на МКЦ со цел бизнис заедницата да се поврзе со невработените лица, околу 25 фирми презентираа 200 отворени работни позиции.

„Со саемот добиваат можност младите луѓе, самохраните родители, а воедно и оние кои ги доживеале последиците од пандемијата во својот работен ангажман да добијат шанса повеќе“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Агенцијата за вработување ги реобјави огласите за активните мерки и политики за вработување.

„Во тек се огласите за самовработување, практиканство, субвенционирање на плати, програмата за јавни работи, обука за познат работодавач. Кај младите од Битола најголем е интересот за мерката практиканство. Има голем број апликации и голем број заинтересирани млади лица кои сакаат да извршуваат практична работа кај одреден работодавач во градот“, рече директорката Јешим Сејфуловска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG