Достапни линкови

Граѓаните не веруваат во Агенцијата за вработување


Илустрација

Истражувањето во рамките на иницијативата „Активни заедници за социјални промени“ покажало дека граѓаните не веруваат оти Агенцијата за вработување може да им најде работа.

Граѓаните не веруваат дека активните мерки и програми за вработување можат да им помогнат при наоѓање работа, ниту пак дека се доволно ефикасни. Ова го покажува истражувањето во рамките на иницијативата „Активни заедници за социјални промени“, во која е вклучен и Младинскиот културен центар од Битола. Во Битола истражувањето опфати 295 домаќинства, а беа направени и 201 интервју.

„Голем дел од граѓаните не се евидентирани во Агенцијата за вработување, но треба да се има предвид дека голем дел од нив се млади луѓе коишто сѐ уште се во образовен процес. Граѓаните немаат проблем во процесот на регистрација, но сметаат дека периодот меѓу две регистрирања е многу краток и им е товар, имаат недоверба кон институцијата, бидејќи претходно Агенцијата за вработување не им нашла работа и не веруваат дека дополнително ќе им најде работа“, вели Маја Ангеловска од МКЦ.

Со истражувањето беа опфатени општините Битола, Тетово, Струмица и Свети Николе, како и градот Скопје. Дарко Антиќ од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост вели дека генерален проблем што произлезе од целокупната анализа е дека оние невработени коишто не се регистрираат во Агенцијата, не веруваат дека таа ќе им најде работа, не веруваат дека сите мерки вистински придонесуваат за нивно вработување. Оние коишто се регистрирани, речиси една четвртина се соочиле со некаков проблем при регистрација. Кај оние, пак, што користеле некаква мерка за вработување, мало е задоволството од овие програми.

„Програмата за самовработување, проектот „Македонија вработува“ иуслугите за вработување не се искористени од ниту едно од лицата со кои ние правевме интервју. Не мора да значи дека други не користеле, но од интервјуираните никој не видел полза“, додаваАнгеловска.

Ваквиот впечаток на анкетираните граѓани е и покрај големиот број на мерки и програми за вработување што ги промовираше Агенцијата за вработување во изминатиот период, за кои од државниот буџет само за програмата „Македонија вработува“, која траеше од 2016 до 2017 година, се потрошени 1,4 милијарди денари, а програмата за самовработување која се одвива од 2007 година, само во последните неколку години чинеше 998 милиони денари.

Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување најавија дека Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 години содржи нов сет мерки за намалување на невработеноста. Планирано е да се издвојат 1,1 милијарда денари што е двојно повеќе споредено со 2016 година.

„Гаранција за млади е европска мерка за намалување на невработеноста каде што на младите лица, откако ќе се регистрираат во Агенцијата за вработување, им се дава можност да учествуваат на обука, практична работа или некоја можност за вработување. Работевме во три пилот општини. Очекувањата беа надминати, планиравме да вклучиме 1.200 млади, но се вклучија повеќе млади. Во тек е планирањето за следната година, да се прошири мерката и во други општини“, рече Мартин Милошевски од Националниот младински сојуз на Македонија.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG