Достапни линкови

Историската комисија во патоказот за европскиот напредок- замка или решение?


Билатерална мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија
Билатерална мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија

Мешовитата комисија за историски и образовни прашања може да се најде во патокоазот што го подготвува Скопје, а го очекува Софија. Но можно е и тоа да биде повеќе замка отколку решение.

Бугарската службена влада засега е доста тивка во однос на можната деблокада на македонскиот европски пат на самитот на Европската унија кој треба да се одржи месецов. Двајца политичари досега се огласија за предлогот кој во двата главни града минатиот месец го доставија европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји и Аугусто Сантош Силва, министерот за надворешни работи на Португалија, земја која во моментов претседава со ЕУ.

Бугарскиот претседател Румен Радев рече дека го очекуваат патоказот од Скопје кој треба да ги содржи и позициите од бугарската декларација донесена во нивното собрание во 2019 година, а министерот за надворешни работи Светлан Стоев дека нивната стратегија е процесот да биде мониториран од стана на ЕУ.

Македонските политичари не откриваат многу што ќе содржи патоказот што го подготвуваат. Неговата подготовка почна уште лани во декември кога сосема извесна беше бугарската блокада, па од македонската влада тогаш најавија дека во него ,меѓу другото, ќе го има и начинот на кој ќе се забрза работата на Историската мешовита комисија, во насока на воспоставување на доверба во процесот“.

Димитров- процесот на работа на комисијата, а не содржината на нивната работа

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на прашањето на Радио Слободна Европа дали тоа може да биде и замка, ако во документ се стави дека за европскиот напредок е важно решавањето на историски прашања, вели дека во патоказот може да го има процесот за работата на комисијата, но не и содржината.

На пример вели, во него може да има колку пати годишно ќе се среќаваат членовите на комисијата, тоа што е договорено да биде веднаш објавено од македонска и од бугарска страна, или пак, да се воведе експертиза и искуство од работата на комисијата од трета страна.

„Во патоказот ние може да зборуваме за процесот, а не може да наметнуваме оти ќе се искрви процесот и нема да биде вистинско решение. Времето е важен фактор за да има вистинско решение кое нема да биде наметнато од политиката. Општествата треба ова да го прават. Ние треба да се бавиме со тоа што ни е работа, со денес и утре, а со вчера општествата треба да се бават, пред се, најповиканите, историчарите“, вели Димитров.

И Симонида Кацарска од Центарот за европска политика ЕПИ вели дека со вметнувањето на комисијата во патоказот мора да се биде внимателен.

„Воопшто историските прашања се многу тешки за инкорпорирање во која било од овие дискусии. Можеби би можело да се дискутира за некаква динамика и зголемена соработка, но мислам дека во неколку наврати ставот на сите барем кај нас е дека не би било добро да се става работата на комисијата во дополнителни рамки во контекст на пристапувањето“, вели Кацарска.

Заедничката комисија досега одржа 13 средби, првата во јули 2018 година, а следната е закажана за 10 и 11 јуни. Усогласени се ставовите за заеднички чествувања на пет историски личности Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски и усвоени се препораки за учебниците за историја во петти клас во Бугарија и шесто одделение во Македонија.

Патоказ за меѓународен договор со барања од бугарски парламент

Инаку, една од главните забелешки на Бугарија досега, која ја даваа како објаснување за одлуката за блокирање на македонскиот европски пат лани, беше незадоволството од работата на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања. Официјална Софија забележува дека таа работела бавно, а историчарите од бугарскиот тим ги обвинуваат македонските колеги дека одбивале да ја прифатат дефиницијата за заедничка историја.

Всушност темите за кои расправа комисијата ги има и во декларацијата на бугарскиот парламент усвоена во октомври 2019 година, повеќе од две години по потпишувањето на Договорот за добрососедство. Бугарскиот претседател Румен Радев за патоказот за спроведување на меѓудржавниот договор од 2017 година, кој треба да го подготви Скопје рече дека очекува во него да бидат вметнати и работите и од декларацијата на бугарското собрание од 2019 година.

Постои расчекор меѓу двете страни во однос на тоа што би содржел патоказот, вели Кацарска, додавајќи дека тешко во документ кој го подготвува Скопје да се најдат сите барања на бугарскиот парламент.

„Од наша страна најмногу се споменуваат прашањата на инфраструктурата, соработката во економијата, зајакнување на контактите помеѓу луѓето, додека ако ја погледнеме специфично самата декларација на бугарскиот парламент таа се фокусира во голема мера ако не и екслузивно на историските прашања“, вели Кацарска.

Во декларацијата на бугарското собрание се наведува дека тие на категоричен начин се спротиставуваат на евентуалната европска легитимација на идеологија од минатото со нагласен антибугарски карактер, дека меѓу столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам е препишувањето и присвојување на дел од бугарската историја кое се случувало по 1944 година, а дека поддршката на Бугарија нема да биде за сметка на искривување на историските случувања, документи и артефакти како и на погледите на личностите од бугарската историја.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG