Достапни линкови

Пендаровски и Радев во обид да го обноват дијалогот и довербата


Бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот претседател Стево Пендаровски на средба на Меѓународниот аеродром Скопје, 26 мај 2021
Бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот претседател Стево Пендаровски на средба на Меѓународниот аеродром Скопје, 26 мај 2021

Македонскиот и бугарскиот претседател Стево Пендаровски и Румен Радев по кусата средба на скопскиот аеродромот заедно заминаа за Рим, каде што ќе одадат почит на Свети Кирил и Методиј. Првите нивни изјави беа за обнова на дијалогот и градење на довербата.

Триесетминутната средба на Меѓународниот аеродром во Скопје на македонскиот и бугарскиот претседател Стево Пендаровски и Румен Радев заврши со изјави од двајцата не подолги од триесетина секунди. Шефот на бугарската држава неговиот домаќин го нарече колега и пријател.

„Да споделам дека заедничкото патување до Рим и одавањето на почит на светите браќа Кирил и Методиј е прекрасен повод да го обвновиме дијалогот меѓу нашите две држави на највисоко ниво и да ја изразиме нашата општа војла за развивање на нашите односи во дух на соработка и пријателство “, рече Радев.

Пендаровски, пак, рече дека оперативно разговорите меѓу двете земји ги водат владите дека така ќе биде и натаму, но дека тие може да ја релаксираме атмосферата.

„Мислам дека е потребно да направиме обнова на довербата и како пријатели да разговараме за најтешките прашања кои во моментов не разделуваат. Јас се надевам наскоро ќе не зближуваат“, рече Пендаровски.

Заедно за Кирил и Методиј за релаксација на македонско - бугарските односи
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:05 0:00

Двајцата со заеднички бугарски државен авион заминаа за Рим. Таму Пендаровски и Радев ќе имаат одделни активности за одавање на почит на делото на Кирил и Методиј, а заедно ќе ја посетат базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Солунските браќа од 9 век и сега ги брануваат македонско-бугарските односи, па за нив расправаше и заедничката историско образовна комисија и донесе заклучок за заедничко чествување.

Македонски патоказ во согласност со бугарските позиции

Инаку, ова традиционално одбележување е интересно и поради интензивираните релации меѓу Скопје и Софија, делумно замрзнати откако официјална Софија ги блокираше македонски европски интеграции, па во Бугарија се одржаа и вонредни избори. Сега Радев се смета за клучната фигура во соседната земја бидејќи поради неможноста да се формира политичка влада, тој формира службена.

Самиот неколкупати нагласи дека одеднаш станал многу интересен за сите европски лидери, дека добивал дневно по неколку покани за средби и дека тоа го нарекува внимание, а не притисок. Непосредно пред средбата со Пендаровски тој поконкретно ги исцрта бугарските барања.

„Патната карта за исполнување на Договорот за добрососедство, еден од условите за бугарското „да“, треба да ги содржи барањата на бугарскиот парламент“, рече Радев.

Барањата на бугарскиот парламент се содржани во декларацијата донесена со 129 гласа за во 2019 година. Во неа се наведуваат неколку точки на кои денес инсистира Софија, а се неприфатливи за македонската влада. Во осумте точки, кои бугарското собрание ги донесе две години по потпишувањето на Договорот за доброседоство меѓу двете земји, се споменува и процес по 1944 година за присвојување на историјата, изопачување на историските случувања, документи и артефакти, клаузили за официјалниот јазик на Република Северна Македонија и неколку други.

Најавен поактивен пристап

Инаку терминот патоказ почна да се споменува лани по првично инсистирање на бугарската влада тогаш предводена од Бојко Борисов за потпишување на анекс на Договорот за пријателство. Тоа не беше прифатливо за македонската влада, која најави дека работи на патоказ на ниво на министерства за надворешни кој како што тврдеа тогаш од владата, ќе ги содржи “сите загрижености и дилеми, кои Бугарија ги изнесува во јавност, за начинот и динамиката на спроведувањето на Договорот од 2017 година, како да се забрза изградбата на Коридорот 8, како да запре говорот на омраза, за начинот на кој ќе се забрза работата на Историската мешовита комисија, во насока на воспоставување на доверба во процесот“.

Сега, оваа службена влада во Бугарија, која има мандат до 11 јули, кога се закажани следните избори, инсистира на патоказ како услов да ја деблокираат македонската европска интеграција на Самитот на ЕУ кој треба да се одржи на 21 и 22 јуни.

Министерот за надворешни работи Светлан Стоев, кој првично во петокот кога европската политичка двојка Оливер Вархеји и Аугусто Сантош Силва го донесоа нивниот предлог за надминување на спорот, рече дека нема промена на бугарските позиции, сега најави поактивен пристап.

Северна Македонија- приоритет на бугарската влада

Стоев формираше тим во бугарското МНР, а за заменик министер го назначи Румен Александров, кој рече ќе работи на приоритетите во областа на договорните односи и рамката за преговори со Република Северна Македонија. Александров во македонската јавност беше актуелен неодамна кога како генералниот директор за европски прашања ја прими храватската амбасадорка во Бугарија Јасна Огњановац поради изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој ја критикуваше Софија за позициите кон Скопје.

Бугарскиот актуелен шеф на дипломатијата неделава како приоритет го стави враќањето на довербата во дијалогот со Северна Македонија.

„Целта е постигнување на одржливи и неповратни резултати в односите меѓу Бугарија и Северна Македонија”, рече Стоев.

По стигнувањето на предлогот на Вархеји и Силва во двата главни града, тој доби поддршка од повеќе европски политичари, а денеска и утре во Скопје престојува и германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.

Тој утрово на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша „крајно време е Европската унија да ги исполни ветувањата и да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Иднината на Западен Балкан е европска – треба да постапуваме одлучно сега за да нема сомнеж во тоа“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG