Достапни линкови

Вести

Русија на чекор до повлекување од Договорот за отворено небо

Илустрација

Горниот дом на рускиот парламент гласаше за повлекување на земјата од Договорот за отворено небо по заминувањето на САД од договорот кон крајот на минатата година. Чекорот за излез од договорот, кој беше одобрен од долниот дом на парламентот, Државната дума, минатиот месец, сега се очекува да биде потпишан од рускиот претседател Владимир Путин.

Договорот, потпишан во 1992 година и стапен на сила во 2002 година, им овозможува на неговите 34 потписнички да вршат кратки, невооружени набљудувања и надзорни летови на териториите на едни со други за да соберат податоци за воените сили и активности. Согласно договорот, се случиле повеќе од 1.500 такви летови.

САД официјално на 22 ноември се повлекоа од договорот и тврдат дека Москва „флагрантно го прекршила“, шест месеци по известувањето за претстојното повлекување од него.

Потегот на САД беше уште еден удар врз системот на меѓународна контрола на оружјето што поранешниот претседател Доналд Трамп постојано го критикуваше, жалејќи се дека Вашингтон или бил измамен или неправедно воздржан во своите воени можности.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден, кој го замени Трамп во Белата куќа во јануари, минатиот месец соопшти дека донела одлука да не се враќа повторно на Договорот за отворено небо. За време на неговата изборна кампања, Бајден го критикуваше повлекувањето на Трамп од договорот како „кратковидо“. Путин и Бајден се очекува да се состанат во Женева на 16 јуни.

види ги сите денешни вести

Од утре во Грција и со брз тест

Граничен премин Богородица- Евзони

Можноста за влез во Грција и со негативен антигенски рапид (брз) тест и зголемување на возраста од шест на 12 години за задолжителниот тест, се двете промени на правилата за влез во Грција, кои од утре, во 6 часот наутро стапуваат во сила, а меѓу другото важат и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно министерската одлука, Северна Македонија и понатаму е на листата држави за кои важи исклучокот од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји.

Па така, како што пренесува МИА, за патување кај јужниот сосед задолжителен е документ поврзан со Ковид-19, односно или сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза, или негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или негативен резултат од рапид (брз) тест до 48 часа пред пристгнувањето во Грција или потврда за прележан коронавирус, како и пополнет PLF формуларот. Овие обврски важат за лица со наполнети 12 години.
Промените вчера ги најави заменик -министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, кој рече дека земјите ќе бидат поделени во зелена, портокалова и црвена категорија

Заев- прашањето со ФФМ ќе се реши врз основа на Договорот од Преспа и правилата на УЕФА

Премиерот Зоран Заев

Македонскиот премиер Зоран Заев во писмена изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА и грчката државна телевизија ЕРТ вели дека веќе го покренале конкретниот аспект со Фудбалската федерација и во наредниот период ќе го решеле прашањето врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на европската фудбалска федерација УЕФА.

Изјавата на премиерот Заев следува по реакциите во Грција за амблемот на Фудбалската федерација на Македонија ФФМ на дресовите на нашите репрезентативци.

"Цела Европа знае дека нашата фудбалска репрезентација на првенството ја претставува Северна Македонија. Дури и Федерацијата да не е јавен ентитет, националниот тим е. Како што е во сите земји во светот. Па така, јасно е и треба да биде јасно на сите нивоа дека е репрезентација на Северна Македонија, ирелевантно од иницијалите на Федерацијата на дресовите. Веќе го покренавме конкретниот аспект со Федерацијата и во наредниот период ќе го решиме прашањето врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на УЕФА“, вели премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Северна Македонија во изјавата додава дека „имплементацијата на Договорот од Преспа е работа во тек и нашата цел е постепено да најдеме решенија со соседите кои го спроведуваат Договорот и да нè придвижат напред врз основа на соработката и взаемното почитување“.

Инаку Грција по почетокот на Европското првенство во фудбал бараше од УЕФА , како што јавија медумите, македонската репрезентација да ја користи кратенката НМ или РНМ во англиската верзија на уставното име, а побара и да го разгледа името на македонската фудбалска федерација, и да се сменат дресовите.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) нема обрвска да го прилагоди своето име според Договорот од Преспа бидејќи е независна и непрофитна организација која во централниот регистар е регистрирана како здружение кое не прима државни пари.

УЕФА потврди дека ја примила забелешката од Грција но ја одби наведувајќи дека тие го користат името Фудбалска федерација на Република Северна Македонија во целата официјална комуникација и дека ја имаат прилагодено релевантната терминологија меѓу кои и статутот на УЕФА.

Пахор- една од првите задачи на претседавањето со ЕУ ќе биде деблокирање на С. Македонија

Претседателите на Словенија и Северна Македонија, Борут Пахор и Стево Пендаровски во Скопје, 25 септември 2020

Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска рече дека една од првите задачи при претседавањето на Словенија со ЕУ ќе биде деблокирање на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија. Според него, тоа е „морално прашање“.

„Мислам дека треба да најдеме начин Бугарија да и даде зелено светло на Македонија“, изјави Пахор за словенечката новинска агенција СТА.
Како што пренесува агенцијата словенечкиот претседател рекол дека „тоа сега е морално прашање за Европа, а не само политичко“.

Неговата земја го презема ротирачкото шестмесечно претседавање со Унијата на први јули. Актуелен претседавач со ЕУ е Португалија, чиј министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва заедно со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, минатиот месец во Скопје и во Софија донесоа предлог за деблокирање на македонските европски интеграции врз чија основа се води сега дијалогот меѓу Бугарија и Македонија.

„Свесен сум дека нема да биде лесно, освен тоа, се чини дека има уште повеќе можности Албанија да добие зелено светло“, рече Пахор, но додаде дека од гледна точка на Скопје, ова би било доста трагично.

Тој додаде дека напредокот во проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е важен за стабилноста на регионот и дека ситуацијата сериозно ја покажува неодамнешниот указ на американскиот претседател Џо Бајден за замрзнување на имотот и забрана на секој што придонесува за дестабилизација на тоа подрачје.

Приведена опозициска советничка во Москва

Кетеван Караиџе, општинска советничка од опозициската партија Јаблоко

Полицијата во Москва притвори општинска советничка од опозициската партија Јаблоко која минатиот месец објави дека има намера да се кандидира за државната Дума на изборите кои треба да се одржат во септември.

Кетеван Караиџе беше притворена доцна вчера откако полицијата вршела претрес во нејзиниот дом, соопшти шефот на нејзината изборна кампања Екатерина Успенскаја. Таа денеска додаде дека пред да биде однесена на распит им рекла на соседите дека полицијата и го одземала телефонот, компјутерот и две банкоти од по пет илјади рубљи (околу 70 американски долари) од џебот на нејзиното палто во кое советничката рекла дека не ги ставила таа.

Властите засега не соопштија која е причината за претресот и приведувањето на опозициската кандидатка. Според групата ОВД, која ги набљудува приведувањата на политичките демонстранти и активисти, адвокатот на Караиџе неколку часа безуспешно се обидува да стапи во контакт со својот клиент.

Неколку часа пред нејзиното приведувања полицијата во Санкт Петербург го приведе оптшинскиот адвокат Максим Резник за наводна нелегална трговија со дрога откако изврши претрес во неговиот дом, викендичка и станот на неговата мајка. Тој претходно учествуваше на настани за поддршка на политичките затвореници во Русија. Резник кажа дека непознат човек му кажал дека ќе биде под истрага за трговија со дрога ако јавно не го критикува затворениот опозициски активист Алексеј Навални.

Апсењето на Резник следува и откако неговиот внук Иван Дорофејев беше обининет за трговија со дрога. Мајката на Дорофејев вели дека инспекторите го терале нејзиниот син да сведочи против Резник.

ВМРО-ДПМНЕ бара владата да објави каков предлог даде Заев во Бугарија

Софија- македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот службен премиер Стефан Јанев, 17.07.2021

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение бара Владата да објави каков предлог дал вчера премиерот Зоран Заев во Бугарија.

„Јавноста има право да знае каков предлог и каков подарок овој пат Заев нуди на официјална Софија. Нели се преговараше само португалскиот предлог? Зоран Заев со секоја нова изјава продава се повеќе и повеќе, позициите на државата со Заев се трајно разнишани. Дали предлогот на Заев содржи работи со кои ги продава и идентитетот и историјата“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот вчера придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров во Софија се сретнаа со бугарскиот службен премиер Стефан Јанев и претседателот Румен Радев и со претставници на политички партии.

На заедничката прес конференција Јанев рече дека делегацијата на Заев дошла со конкретен предлог, што ќе го разгледале сеопфатно и професионално во наредните денови. Заев пак зборуваше за содржината на патоказот, кој според португалскиот предлог за деблокирање на македонските европски интеграции, треба да го достави македонската страна. Тој рече дека во патоказот се содржани работи поврзани со секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, а дека разговарале и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија. Заев рече дека комисијата досега постигнала договор за пет историски личности, а ВМРО-ДПМНЕ денеска прашува кои се тие.

Инаку, заедничката комисија досега одржа 14 средби. Лани беше објавено дека се усогласени ставовите за заеднички чествувања на пет историски личности - Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Во меѓувреме усвоени се препораки за учебниците за историја во петти клас во Бугарија и шесто одделение во Македонија.

УНХЦР- речиси 3 милиони раселени и покрај пандемијата

Првиот човек на агенцијата за бегалци на ОН Филипо Гранди

Војна, насилство, прогон и наришување на човековите права истерале речиси три милиони луѓе од своите домови мината година и покрај пандемијата со коронавирусот која го ограничи движењето, соопшти агенцијата за бегалци на Обединетите нации УНХЦР.

Вкупната бројка на раселени луѓе достигна рекорд од 82,4 милиони, што е двојно повеќе од пред десет години, наведува УНХЦР во последниот извештај објавен денеска.

Речиси 70 отсто од раселените се од пет земји- Сирија, Венецуела, Авганистан, Јужен Судан и Мјанмар. Првиот човек на агенцијата за бегалци на ОН Филипо Гранди кој го презентираше извештајот рече дека бројката од 82,4 раселени е највисока од кога водат евиденција.

Агенцијата со седиште во Женева соопшти и дека 99 земји од повеќе од 160 кои ги затворија границите поради Ковид19 не дозволиле исклучоци за луѓето кои барале заштита како бегалци или баратели на азил.

На црната листа на САД може да се најдат и лица од Грција што работат против Договорот од Преспа

Преспа- Тогашните министри за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на македонскиот премиер Зоран Заев и тогашните грчки премиер Алексис Ципрас го потпишаа договорот за името, 17.07.2018

Оние што работат против Договорот од Преспа и во држави надвор од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Грција, ќе може да се најдат на црна листа на САД. Ова за Гласот на Америка го изјавил портпарол на Стејт департментот, одговарајќи на прашањето дали администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден планира да ги прошири санкциите и кон лица од други држави, конкретно од Грција, која е потписник на Преспанскиот договор, поради што и подлежи на одредени обврски за негова имплементација.

„Извршната наредба 14033 дозволува санкции против оние што ја потценуваат стабилноста на Западниот Балкан, каде и да се наоѓаат, под услов да ги исполнуваат релевантните критериуми за таргетирање“, рекол портпарол на Стејт департментот.

Тој во почетокот на неделава, во одговор за Гласот на Америка, исто така, истакнал дека одлуките за додавање нови имиња на црна листа се „предмет на внимателен, дисциплиниран процес и важи само во најсериозни случаи“.
На прашањето дали извршната наредба на Бајден опфаќа и граѓани кои јавно се спротиставуваат на Договорот од Преспа на социјалните медиуми, портпаролот тогаш истакнал дека намерата на САД не е да се спречат приватни лица да изразуваат мислење и оти САД охрабруваат силна дискусија и дебата меѓу граѓаните глобално и на Западниот Балкан.

Тој нагласил дека „извршната наредба е алатка да се таргетираат оние што ја поткопуваат стабилноста на Западниот Балкан, и помага да се зацврсти основата за мир, безбедност и стабилност во регионот“.

„Извршната наредба се однесува на постапки кои ги потценуваат демократските процеси, на обиди за прекршување, опструкција или закана за имплементација на меѓународни мировни договори, учество во сериозна злоупотреба на човекови права, или корупција, меѓу други активности“, рекол за ВОА портпаролот.

Претседателот Џо Бајден во почетокот на месецов донесе извршна наредба за замрзнување имот и забрана за влез во САД на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан.

Санкциите ќе се однесуваат и на оние лица, кои, меѓудругото, се одговорни или вклучени во попречување на имплементацијата на Договорот од Преспа од 2018 година, и Охридскиот рамковен договор од 2001 година. Извршната наредба ќе опфаќа и лица кои директно или индиректно се вклучени во корупција, злоупотреба на јавни фондови, поткуп и слично.

Макрон во Берлин на разговори со Меркел за европски прашања

Ангела Меркел и Емануел Макрон на самит на ЕУ

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Берлин ќе има работна вечера со францускиот претседател Емануел Макрон посветена на европската политика. Тоа ќе биде „прв пат оваа година канцеларката да добие гостин од странство и затоа е нешто посебно“, рече неименуван портпарол на германската влада.

Макрон, Меркел, Мишел: Светот ќе се смени по пандемијата


Разговорите ќе се однесуваат на прашања од европската политика, особено на позициите на Франција и Германија, со оглед на состанокот на Европскиот совет на 24 и 25 јуни. Тие, исто така, ќе разговараат за епидемијата на коронавирус, економското закрепнување, мигрантите и односите со Турција и Русија.

Њујорк Тајмс: Словенечкиот премиер ја следи тактиката на Трамп

Јанез Јанша и Виктор Орбан

Словенечкиот премиер Јанез Јанша, чија земја е претседател на Европската унија од 1 јули, следи тактика за која медиумите пишуваа дека ја користел поранешниот американски претседател Доналд Трамп, односно употреба на Твитер како политичка алатка и медиумска критика, објави Њујорк Тајмс. Јанша не би предизвикал никаква загриженост надвор од границите на неговата земја со околу два милиони жители, но неодамна шест европски групи за слобода на медиумите ги опишаа неговите постапки како „тактики во моќта на Трамп“.
Овие групи сега внимателно слушаат и бараат знаци што да очекуваат од Јанша, чии ставови се тесно поврзани со нелибералните влади во Унгарија и Полска.

Јанша ја „преживеа“ уставната тужба за импичмент

Двете земји се обвинети за поткопување на критичките медиуми и за промовирање на какви било теории на заговор, наведува американскиот весник. Аналитичарите проценуваат дека Словенија, која ќе претседава со ЕУ до крајот на декември, нема да вложи напори да ги предводи лидерите како унгарскиот премиер Виктор Орбан да ги почитуваат слободата на медиумите и другите принципи.

Израел уште еднаш ја нападна Газа по пуштањето запаливи балони

Експлозии го осветлуваат небото во градот Газа додека израелските сили ја гранатираат палестинската енклава, 16 јуни 2021 година.

Израелски авиони денеска ја нападна Газа откако палестинските милитанти повторно пуштија запаливи балони во јужен Израел. Огнените балони и воздушните напади му се закануваат на кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа со кој завршија 11- дневните тешки борби во минатиот месец. Израелската војска соопшти дека погодила „места за лансирање ракети“ на Хамас како одговор на огнените балони, кои предизвикуваат пожари на израелското земјоделско земјиште.

Во ОН изгласано отворање меѓународна истрага за конфликтот во Газа

Во соопштението се вели дека израелските сили се подготвуваат за „различни сценарија, вклучително и продолжување на борбените дејствија.“ Нема извештаи за жртви од Газа, густо населена енклава од 2 милиони луѓе под блокада на Израел и Египет. Воздушните напади оваа недела на Газа беа први под новата израелска влада предводена од Нафтали Бенет, ултра-националистички политичар, откако долгогодишниот премиер Бенјамин Нетанјаху не успеа да состави влада.

Владата на Црна Гора на раб на паѓање по разрешување министер за коментари за Сребреница

На седницата на парламентот се гласа за разрешување на министерот Влаадимир Лепосавиќ, Подгорица - 17 јуни 2021 година.

Парламентот на Црна Гора го разреши просрпскиот министер за правда кој се сомнева во геноцидниот карактер на масакрот во Сребреница во 1995 година, во потег што ѝ се заканува на кревката коалициска влада. Мнозинството пратеници на 17 јуни исто така усвоија резолуција со која се осудува геноцидот во Сребреница во Босна и се забранува јавно негирање на злосторството. Просрпскиот Демократски фронт (ДФ) кој доминира во владата на премиерот Здравко Кривокапиќ гласаше против двете мерки.

Министерот за правда на Црна Гора: не поднесувам оставка

Кривокапиќ го повика министерот за правда Владимир Лепосавиќ да се повлече од функцијата во април, откако тој го доведе во прашање геноцидот во Сребреница и го негираше легитимитетот на Трибуналот на ОН за воени злосторства. Лепосавиќ одби да се откаже и доби поддршка од пратениците на ДФ, кои му беа налутени со Кривокапиќ кога тој без консултации побара од пратениците да го разрешат министерот.

Црногорскиот премиер бара смена на министерот за правда заради изјавата за Сребреница

Но, премиерот доби поддршка од опозициските пратеници на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ и други помали партии.. Еден од лидерите на ДФ, Славен Радуновиќ, изјави пред парламентот дека Кривокапиќ повеќе не може да биде премиер. Кривокапиќ стана премиер во декември по изборите во август минатата година, кои по три децении ја тргнаа од власт партијата Ѓукановиќ.

Фаучи: САД инвестираат 3,2 милијарди долари во развој на антивирусни апчиња за ковид-19

Главниот американски експерт за заразни болести, д-р Ентони Фаучи

Соединетите држави ќе инвестираат 3,2 милијарди долари за унапредување на развојот на антивирусни апчиња за ковид-19 и други опасни вируси кои можат да се претворат во пандемии. Главниот американски експерт за заразни болести, д-р Ентони Фаучи, во обраќањето во Белата куќа ја објави оваа инвестиција како дел од новата „антивирусна програма за пандемии“. Програмата е насочена кон развој на лекови за симптоми предизвикани од потенцијално опасни вируси како што е коронавирусот.

Граѓани на БиХ даваат и до 2500 евра за лекови за спас од корона

Таблетите за „ковид-19“, кои ќе се користат за ублажување на симптомите по инфекцијата, се во развој и може да почнат да пристигнуваат до крајот на годината, во зависност од завршувањето на клиничките испитувања. Средствата ќе ги забрзаат овие клинички испитувања и ќе обезбедат дополнителна поддршка за истражување, развој и производство на приватниот сектор.

Ивермектин - стар лек, нова надеж против ковид кризата

„Постојат неколку лекови за многу вируси кои имаат пандемски потенцијал“, рече Фаучи, но додаде дека вакцините остануваат клучни во арсеналот на САД против оваа болест. САД досега одобрија еден антивирусен лек, ремдесивир, против ковид-19 и дозволија итна употреба на три комбинации на антитела кои му помагаат на имунитетот да се бори против вирусот. Сепак, сите лекови мора да се администрираат интравенски во болници или клиники, а побарувачката е мала заради овие логистички бариери.

Претседателски избори во Иран

Транспарент за изборна кампања, Техеран, 17 јуни 2021 година

Иранците денеска избираат нов претседател на гласањето за кое се предвидува воздржаност на избирачитее, бидејќи се очекува победа на еден од конзервативните кандидати. Седум кандидати добија право да учествуваат на 13-ти претседателски избори од исламската револуција во 1979 година, петмина од редовите на ултраконзервативната струја и двајца од реформаторската струја. Сепак, на изборите има само четворица кандидати, бидејќи тројца се повлекоа од трката.

Во Иран кандидатите се откажуваат од претседателските избори

Претседателот во Иран има ограничени овластувања затоа што најголемиот дел од моќта е во рацете на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Најголем фаворит е 60 годишниот Ебрахим Раиси, инаку шеф на судските органи, кој освои 38 насто од гласовите на претходните избори во 2017 година. Доколку никој не го освои мнозинството, вториот круг од изборите ќе биде на 25 јуни.

ЕУ ќе го усвојува списокот на земји чии граѓани можат да патуваат во Унијата

Шефицата на ЕК Урсула фон дер Лајен

Европската унија денеска треба да ја усвои препораката на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на списокот на епидемиолошки безбедни земји чии граѓани можат да патуваат во ЕУ да ги додадат Северна Македонија, Србија и Албанија. Со тоа оваа препорака стапува во сила. ЕУ дискутира за епидемиолошката состојба во „трети земји“ на секои две недели и го ажурира списокот на оние земји што се сметаат за безбедни за патување. Иако не е законски обврзувачки инструмент, класифицирањето на земјата како епидемиолошки безбедна ја отстранува целосната забрана за патување во ЕУ за нејзините граѓани.

Ковид-пасошот само за по дома

Сепак, секоја земја-членка на ЕУ може индивидуално да одлучи да побара од патниците од тие земји негативен тест или карантин. Епидемиолошки безбедна состојба се смета за состојба која бележи максимум 75 случаи на инфекција со коронавирус на 100.000 жители во последните 14 дена. Покрај трите земји од Западен Балкан, на листата на безбедни земји се наоѓаат САД, Хонг Конг, Либан, Макао и Тајван. Јапонија, Австралија, Израел, Нов Зеланд, Руанда, Сингапур, Јужна Кореја и Тајланд веќе беа на списокот на безбедни земји.

Претседателот Пендаровски во работна посета на Турција

Претседателот Стево Пендаровски, Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Самит кој се одржува во Анталија, Турција.

Претседателот Стево Пендаровски кој престојува во работна посета на Турција денеска во Анталија ќе учествува Самитот на претседатели на држави и влади на членките на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа кој се одржува првпат под мотото „Иновативна дипломатија: нова ера, нови пристапи“. Тој ќе говори на претседателската панел-дискусија на тема „Како да ја зајакнеме регионалната солидарност во светло на научените лекции“. Претседателот Пендаровски вчера имаше билатерална средба со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Тие изразија задоволство од долгогодишното партнерство меѓу двете држави и од позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и соработката во повеќе сфери од заемен интерес, соопштија од Кабинетот на претседателот.

Пендаровски на средба со Борел

Пендаровски се сретна и со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел. Во однос на последниот развој на билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија тие разговарале за напорите на португалското претседателство со ЕУ и можностите за надминување на отворените прашања во пресрет на претстојниот Совет за општи работи на Унијата. Пендаровски во Истанбул ќе оствари средба со архиепископот цариградски, вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Времето денеска: сончево со мала до умерена облачност

Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде од 23 до 34 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 32 степена.

Руски суд казни ЛГБТ активист со психијатриско лекување

активистот Александар Меркулов

Рускиот суд му нареди на ЛГБТ активист да побара амбулантско лекување во психијатриска клиника поради пост на социјалните мрежи поврзан со експлозијата во седиштето на Федералната служба за безбедност во градот Архагелск.

Воениот суд во Санкт Петербург го казни активистот Александар Меркулив со 200 илјади рубљи односно околу 2 770 американски долари.

Адвокатот на Меркулов Леонид Крикун изјави дека одбраната не се согласува со одлуката на судот но нема да поднесе жалба. Обвинителите бараа петгодишна казна затвор.

Меркулов беше приведен кон почетокот на јули 2020 година по спроведна истрагата за неговите објави на социјалните мрежи. Во една од неговите објави Меркулов го довел во прашање тврдењето на властите дека експлозијата во седиштето на Архангелск е резултат на терористички напад.

Руските власти соопштија дека тинејџер Михаил Злобитски бил убиен кога се активирала бомбата во зградата во октомври 2018 година. Властите официјално ја класифицираа експлозијата како терористички напад.

Членство во НАТО на Украина е „црвената линија“ за Русија

Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков

Приклучувањето на Украина во НАТО ќе биде „црвената линија“ за Русија, соопшти денеска Кремљ, еден ден по средбата на американскиот претседател Џо Бајден со неговиот руски колега Владимир Путин во Женева. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков изјави дека Русија е загрижена од разговорите дека еден ден на Украина може да и се даде Акциски план за членство- прв чекор кон Алијансата.

Песков изјави дека Москва внимателно ги следи чекорите на Украина за влез во Алијансата.

„Ова е нешто што ние многу внимателно го следиме и за нас тоа е навистина црвената линија- што се однесува на можноста за влез на Украина во НАТО. Се разбира ова прашање за план за членство на Украина предизвикува загриженост“ изјави денеска Песков.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 јуни годинава изјави дека сака да слушне јасен одговор „да или не “ од Бајден за дали Украина ќе добие Акциски план за членство во НАТО.

Но, Бајден изјави дека Киев треба да ја искорени неконтролираната корупција за да може да почне со исполнување на други критериуми со цел приклучување кон Алијанса.

САД обезбедија над 2.5 милијарди долари помош за Украина во 2014 година, кога Русија нелегално го анектираше украинскиот полуостров Крим и ги поддржа сепаратистите на истокот, предизвикувајќи граѓанска војна во која загинаа над 13 илјади луѓе.


Тензиите меѓу Русија и Украина се во раст во последниве месеци откако двете земји меѓусебно се обвинија за борбите во Источна Украина, како и во застојот на мировните разговори меѓу Киев и сепаратистите поддржани од Кремљ.
Русија пред неколку месеци постави воена трупа од 100 илјади војници на западната граница со Украина и Крим. Потег што беше осуден од Западот иако, Москва тврдеше дека станува збор само за воена вежба. Неколку недели подоцна Русија ги повлече војниците, но Вашингтон и Украина соопштија дека тоа не е направено во целост.

За руско-американските односи, Песков изјави дека средбата во Женева е во знакот плус. Бајден и Путин се договорија преку редовни разговори да се обидат да ги постават темелите на идните договори за контрола на оружјето и намалувањето на ризикот

„Но, сè уште има разлики меѓу нашите две држави“ заклучи Песков.

Заменикот министер за надворешни работи Сергеј Рјаков во засебно интервју објавено на веб страницата на руското министерство истакнал дека очекува разговорите за контрола врз оружјето да стартуваат за неколку недели

Ериксен го чека операција на срце

Инстаграм фотографија на данскиот фудбалски репрезентативец Кристијан Ериксен

Данскиот фудбалски репрезентативец Кристијан Ериксен кој претрпе срцев удар за време на минатонеделниот фудбалски натпревар на Европското првенство ќе му биде вграден срцев дефибрилатор слично на пејсмејкер, соопштија од Данскиот фудбалски сојуз.

„Откако на Ериксен му беа направени неколку различни прегледи на срцето, одлучено е дека треба да се вгради таканаречен срцев стартер. Овој уред е неопходно да се вгради по срцев удар, поради нарушен ритам на срцето“ се вели во соопштението на Данскиот фудбалски сојуз.

Во продолжение е наведено дека Ериксен го прифатил „решението кое било усогласено со специјалисти на национално и меѓународно ниво“ и сите го препорачуваат истиот третман. Повеќе детали не беа соопштени.

Играчот на италијанскиот клуб Интер Милан, 29 годишниот Ериксен во саботата колабираше на натпреварот меѓу Данска и Финска во 43-тата минута. Откако му се слоши, тим на брза помош неколку минути го реанимираше на теренот додека неговите соиграчи стоеа околу него заштитувајќи го него од јавноста, но и јавноста од таква глетка.

УЕФА на 17 јуни му оддаде почит на Ериксен пред почетокот на натпреварот на Данска против Белгија на стадионот Паркен во Копенхаген откривајќи огромен дрес со неговото име на теренот.

Слична судбина имаше и Холанѓанецот Дејли Блинд кој по иста таква операција за вградување на уред кој го контролира пулсот, продолжи со својата фудбалска кариера.

Пендаровски на средба со Борел

Претседателот Стево Пендаровски на средба со високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел,

Очекуваме Европската Унија да ги валоризира севкупните напори на Северна Македонија и да биде направен исчекор во однос на почетокот на пристапите преговори за членство, во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион. Ова го порача денеска претседателот Стево Пендаровски на средба со високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, одржана во рамки на неговата работна посета на Турција.

На средбата биле разменети мислења за актуелните состојби поврзани со европските аспирации на Република Северна Македонија, како и за напредокот во клучните области, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Пендаровски-Различните ставови за историски прашања не смеат да бидат пречка за соработката и пријателството

Во однос на последниот развој на билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, како што соопштија од Кабинетт, двајцата соговорници разговарале и за односите меѓу двете земји, осврнувсјќи се на напорите на португалското претседателство со ЕУ и можностите за надминување на отворените прашања во пресрет на претстојниот Совет за општи работи на Унијата.

Приведени 20 лица во Узбекистан поради споделување на „екстремистички видеа “

Узбекистанската полиција денеска привела 20 лица под сомнение дека во јавност дистрибуирале „екстремистички материјали “ преку социјалната мрежа „Телеграм“. Полицијата соопшти дека осомничените биле приведени во областите Мирзаобод и Јангиер.

Според полициското соопштение приведените споделувале аудио и видео материјали што подржувале терористички групи. Од приведените биле одземени пиштол, снајпер и екстремистичка литература.

Полицијата соопшти дека во источниот регион од земјата се спроведувале акции за привдување на терористички групи за кои постои сомневање дека делувале во Сирија.

Eден тон кокаин спакуван на брод со банани запленет во Турција

Турските цариници запленија еден тон кокаин скриен во контејнери за банани. Турскиот министер за трговија Мехмет Муса изјави дека ова е најголема количина кокаин запленета досега во државата.

Дрогата била запленета во пристаништето Мерсин на југот на Турција, на брод регистриран во западно африканската држава Либерија, кој пристигнал во тоа пристаниште од Еквадор.

Кокаинот бил спакуван во илјада посебни пакети сместени во контејнери со банани. Цариниците и полицајците ја спровеле акцијата по дојава за натоварен брод со дрога што плови од Еквадор.

Радев- Последниве години македонско-бургарските односи стигнаа до ќорсокак

средбата на премиерот Зоран Заев со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија.

Јасната европска перспектива на Северна Македонија е од големо значење за Бугарија и нејзиното конкретно остварување е во прилог на заедничката иднина на двете земји во ЕУ. Ова било истакнато на средбата на премиерот Зоран Заев со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, соопшти македонската владина прес служба. На средбата присустуваа и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Од Кабиентот на Радев информираат дека во фокусот на разговорите на средбата било продлабочувањето на билатералниот дијалог и изгледите за реален напредок во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија. Како што соопшти Кабинетот Радев изјавил дека Република Северна Македонија е најважната блиска пријателска земја за Бугарија.

„Но, за жал, во последниве години овие односи стигнаа до ќорсокак, дијалогот е замрзнат и тоа влијаеше на вашите изгледи за влез во ЕУ,“ нагласил Радев.

Според него, Договорот за соработка во 2017 година нема специфични обврзувачки услови и рокови, а тоа овозможило „варијабилни одлуки и активности“.

Радев најави дека Бугарија ќе донира 50.000 вакцини за Северна Македонија.

Македонската фудбалска репрезентација поразена од украинската со 2 спрема 1

Македонската фудбалска репрезентација на подготовки за ЕУРО 2020

Македонската фудбалска репрезентација го загуби натпреварот против Украина со 2 спрема еден. Првиот гол за македонската репрезентација го даде Езѓан Алиоски во 55-тата минута во второто полувреме.

Во првите пет минути украинската репрезентација даде два гола. Стрелци на головите беа Андриј Јармоленко и Роман Јеремчук. Во првото полувреме првата шанса за гол за македонската репрезентација ја имаше капитенот Горан Пандев, но обидот заврши неуспешно.

Победникот од овој натпревар влегува во борба за следна фаза на ЕП 2020, а поразениот останува без шанса.

Граѓаните убедени во успех на македонските фудбалери на ЕУРО 2020

Ова е втор натпревар на репрезентацијата на Македонија во Ц групата на ЕУРО 2020, откако првиот во неделата го загуби од Австрија со резултат 3:1. Тоа беше вкупно трета победа на Австрија над македонската репрезентација.

Последниот натпревар во групната фаза на Европското првенство Македонија треба да го одигра на 21 јуни во Амстердам против Холандија.

Пописот во Хрватска стартува на 13 септември

Илустрација од Ровињ, Хрватска

Пописот на населението во Хрватска почнува на 13 септември и ќе трае до 17 октомври. Пописот во Хрватска требаше да се одржи во април, но беше одложен поради коронавирусот. Граѓаните кои користат интернет на платформата е-граѓанин ќе можат сами да се наведат како и членовите на своето домаќинство. Директорката на Централното биро за статистика Лидија Брковиќ денеска изјави дека колку повеќе граѓани се попишуваат независно, колку повеќе граѓани се попишуваат себеси и членовите на нивното домаќинство, толку поевтин станува пописот за Институтот.

„Затоа е важно за нас што повеќе граѓани да бидат попишани, да ја искористат оваа можност, за прв пат во Хрватска“, изјави Лидија Бркович, директор на Централното биро за статистика.

За спроведување на пописот на населението во Хрватска ќе им бидат потребни помалку од 8 илјади попишувачи и околу 1500 контролори.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG