Достапни линкови

Владата и опозицијата на Косово без заеднички став за дијалогот со Србија


Премиерот на Косово Албин Курти

Премиерот на Косово Албин Курти постојано посочува дека е потребно политичко единство во однос на дијалогот со Србија, но опозициските политички партии во Косово велат дека консензусот зависи исклучиво од Владата на Косово, која е надлежна за нормализирање на односите со Србија. Сандра Цветковиќ.

Како дел од консултациите со опозициските партии за дијалог со Србија, косовскиот премиер Албин Курти на 25 мај се состана со лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, ден потоа и со лидерот на Косовската алијанса Лумир Абдиџику. Вршителот на должноста претседател на Демократската партија на Косово Енвер Хоџај ја одби поканата на Курти на состанокот.

Каков е резултатот од средбите?

Теута Сахатчиу, член на претседателството на Демократската лига на Косово, смета дека Косово треба да ги земе предвид резолуцијата за дијалог усвоена од косовското собрание во минатата година и одлуката на Уставниот суд со која се прецизира дека владата е надлежна за дијалогот со Србија. Сепак, таа забележува дека Демократската лига ќе биде конструктивна во однос на ова прашање.

Сахатчиу за Радио Слободна Европа изјави дека Абдиџику му предал на Курти документ со ставовите на партијата, во кој се бара заштита на територијалниот интегритет, зачувување на унитарниот карактер на Косово и уставниот поредок, како и поголема вклученост на САД во дијалогот со Србија.

Курти најави дека неговата Влада ќе ја тужи Србија за геноцид

Таа не прецизира дали целиот политички спектар на Косово се согласува за прашањето за дијалог со Србија и наведе дека тоа ќе зависи од позицијата на премиерот Курти пред продолжувањето на разговорите за нормализирање на односите.

Ахмет Исуфи, потпретседател на Сојузот за иднината на Косово, за РСЕ изјави дека партијата одлучила да го поддржи дијалогот со Србија, бидејќи тоа е важен процес, но тој забележува дека партијата давала и свои предлози за ова прашање. Тој забележува дека интересите на Косово мора да бидат заштитени.

„Политичките партии и институционалните лидери мораат да соработуваат во овој поглед со цел Косово да има своја платформа, прецизна агенда за преговори и сè да резултира со заложба што ќе даде резултати“, нагласи Исуфи.

Вршителот на должноста претседател на Демократската партија на Косово, Енвер Хоџај, вели дека не одговорил на поканата на премиерот Курти, бидејќи не било прецизирано за што ќе се разговара.

„Тој не беше прецизен зошто побара состанок и второ сметаме дека Владата треба да има јасен став за прашањето на дијалогот, да има платформа, да ја знае целта на дијалогот и што Владата очекува од дијалогот. Без тоа, нема смисла да се сретнеме со Курти“, рече Хоџај за РСЕ.

Тој подвлекува дека прашањето за политички консензус зависи исклучиво од Владата и додава дека „може да разговара со претставници на владата за дијалогот само во рамките на Собранието“. Хоџај повтори дека косовската Влада е единствена одговорна за процесот на дијалог со Србија.

Бајден - За договор меѓу Косово и Србија се потребни компромиси

Радио Слободна Европа испрати прашање до Владата на Косово во врска со можностите за обединување на политичкиот спектар за дијалогот со Србија, но засега без одговор.

Косовската влада не одговори и на прашањето во врска со изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на 29 мај рече дека нема да го потпише признавањето на независноста на Косово, без оглед на притисоците, кои „ќе бидат големи и пред и по продолжувањето на дијалогот“.

Нејасно е во која насока ќе оди дијалогот

Јета Красниќи од Демократскиот институт на Косово вели дека останува да се види во која насока ќе продолжи дијалогот меѓу партиите на Косово, имајќи предвид дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека нема да ја потпише независноста на Косово. Сега, наведува Красниќи, не е сосема јасно за што ќе разговараат двете страни.

„Признавањето на Косово е суштината на овој процес. Од друга страна, ја имаме ЕУ која не рече јавно дека ова е процес на заемно признавање. Значи кога Вучиќ вели дека не е подготвен да потпише признавање тогаш се поставува прашањето за што преговараат страните. Косово има решен статус, нема што да се преговара со Србија, така што за што треба да се преговара е договор што подразбира реципрочно признавање“, рече Красниќи.

Крајната цел на дијалогот?

Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи во Белград вели дека „секогаш постои еден вид политичари, а тоа сега се Курти и Вучиќ, кои прогласуваат крајна цел за нешто што треба веднаш да се реши“.

„Признавање - непризнавање е крајната цел, без разлика дали некој ќе потпише или не ќе потпише. Тоа е ирелевантно затоа што доаѓа како крај на процесот, но е многу погодно за манипулирање со внатрешните политички односи“, вели Јањиќ за Радио Слободна Европа.

Тој наведува дека признавањето на Косово од страна на Србија е секако една од темите на дијалогот, но забележува дека само решавањето на статусот нема да доведе до нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Османи: Правдата нема да се постигне додека Србија не одговара за злосторствата на Косово

„Станува збор за криза околу контролата врз териториите, ресурсите и дури тогаш се поставува прашањето за признавање или непризнавање и прашањето за границите. Очигледно е дека последните прашања ги ставаат на дневен ред веднаш, и пред својот народ изигруваат дека се оние кои на попуштаат“, наведува Јаниќ и додава дека е изненаден што медијаторите во дијалогот учествуваат во политизацијата на односите меѓу двете страни.

„Тие крајни цели треба да се тргнат кога ќе им дојде нивниот ред. Тие не ја ни допреа темата за меѓусебни побарувања. Тие не го допреа прашањето за обликување на целиот механизам за позицијата на српската заедница, не го допреа прашањето за заеднички настапи во економијата и така натаму“, вели Јањиќ.

Тој смета дека не треба да се очекува поинтензивно учество на Србија во дијалогот од октомври, бидејќи во таа земја претстојат парламентарни и претседателски избори, а „тогаш политичарите не ризикуваат со теми како што се Косово“.

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан Метју Палмер се на Косово за да разговараат со косовските претставници за подготовките за продолжување на дијалогот меѓу Приштина и Белград.

Според дипломатски извори во Брисел, заедничката посета на Лајчак и Палмер на Косово е да се испрати порака дека Соединетите држави и ЕУ тесно работат на дијалогот и дека имаат слични цели за регионот на Западен Балкан.

За јуни е закажан дијалог меѓу делегациите предводен од косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ. Со посредство на Европската унија, дијалогот меѓу Косово и Србија започна во 2011 година со цел да се нормализираат односите меѓу двете страни.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG