Достапни линкови

Вести

Курти најави дека неговата Влада ќе ја тужи Србија за геноцид

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти најави денеска дека неговата Влада ќе поднесе тужба против Србија пред Меѓународниот суд за правда за геноцид во војната во Косово во 1998-99 година.

„Ќе водиме со Србија принципиелен дијалог, кој ќе биде подготвен, со договор за меѓусебно признавање, порача Курти по денешната седница на Владата, на која беше усвоена четиригодишната програма за работа на неговиот кабинет.

Меѓу приоритетите во надворешната политика, според него, ќе биде зближувањето и тесната соработка со Албанија. Образложувајќи ја програмата за работа на Владата во наредните четири години, косовскиот премиер рече дека нејзина главна цел ќе биде справувањето со пандемијата на ковид-19 и „ублажувањето на последиците предизвикани од претходната влада“.

види ги сите денешни вести

Талибанците растурија протест на жени во Кабул

Архивска фотографија - Авганистански жени и девојки учествуваат на протест пред Министерството за образование во Кабул на 26 март 2022 година

Талибанските борци насилно го растурија мирниот протест на група жени кои бараа „леб, работа и слобода“ во Кабул, пукајќи од пиштоли во воздух и тепајќи ги демонстрантите.

Околу 40 жени протестираа пред зградата на Министерството за образование на 13 август пред борците да ги растераат.

Фотографиите и видеата од протестот објавени на социјалните мрежи покажуваат дека талибанските сили пукаат со предупредувачки истрели и физички ги напаѓаат жените.

Талибанците, исто така, приведоа тројца странски новинари и еден авганистански новинар за покривање на протестот, додека други двајца локални новинари се полесно повредени, соопшти Авганистанското здружение на независни новинари (АИЈА).

Хуџатула Муџадиди, висок член на АИЈА со седиште во Кабул, изјави за ДПА дека приведените странски новинари се од Германија, Данска и Норвешка.

Амнести интернешнал изрази загриженост за извештаите дека талибанците употребиле „прекумерна сила“ за да ги растераат жените што протестираат.

На видеото за кое се вели дека е направено од маршот, се гледа како жените носат транспаренти и постери и маршираат на улица барајќи право на работа и политичко учество.

Најголем дел од нив не носат превези на лицето.

На еден од транспарентите пишуваше „15 август е црн ден“, референца на датумот, кога лани талибанците ја презедоа контролата над Авганистан.

Откако ја презеде контролата, владата предводена од талибанците драстично ги ограничи правата на жените и девојчињата. Во голема мера им е забрането на девојчињата да посетуваат средни училишта и им забрани на жените да патуваат без машки придружник, член на семејството, принудувајќи многу од нив да се откажат да работат надвор од домот.

Жените, исто така, мора целосно да се покриваат во јавност, вклучувајќи го и лицето.

Владата предводена од талибанците остана главно изолирана на меѓународно ниво како резултат на нејзината тврдокорна исламистичка политика кон жените и девојчињата.

Загинаа тројца мигранти во Австрија кога комбе се превртело бегајќи од полицијата

Полиција во Австрија, архивска фотографија

Тројца нелегални мигранти загинаа, а повеќемина се повредени денеска во Австрија, кога комбето кое ги превезувало се превртело додека се обидувало да избега од граничната полиција, објави новинската агенција АПА.

Несреќата се случила во Бургенланд, во близина на границата со Унгарија.

Во задниот дел на комбето имало 20 луѓе, меѓу кои и деца.

Возачот на комбето е уапсен, информира АПА.

Ни полицијата ни локалните власти засега не се достапни за коментар.

Во Тетово потпишан договор за производство електрични автомобили

Во Тетово се планира целосно да се произведуваат електрични автомобиле, што доколку се оствари инвестицијата ќе биде прво производство на такви возила во земјава. Денеска беше потпишан договор меѓу Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и германската компанија НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ и беше поставен камен темелник на фабрика во ТИРЗ Тетово.

Станува збор за фабрика која е предвидено да се гради на 60 илјади метри квадратни, во која треба да има скоро 900 работни места и инвестиција од 130 милиони евра.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски во своето обраќање на настанот рече дека С. Македонија повеќе не е земја на евтина работна сила, туку на мапата земји кои имаат капацитет и услови за големи инвестиции. Тој посочи дека од почетокот на годинава постигнале договори за инвестиции со обем од 370 милиони евра.

Денеска беше потпишан договор меѓу Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и германската компанија НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“
Денеска беше потпишан договор меѓу Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и германската компанија НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“

Али Везваеи, претседавач на бордот на компанијата e.GO рече дека се навистина возбудени што ќе се шират во земјава, по напредок во Бугарија претходно оваа година.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека оваа инвестиција е од огромно значење за државната, но и за локалната економија и развојот на човечкиот потенцијал.

Едно лице загина во невреме на фестивал во Шпанија

Млади луѓе го напуштаат музичкиот фестивал Медуза откако силните ветрови предизвикаа уривање на дел од сцената, Шпанија 13 август 2022 година.

Едно лице загина, а десетици се повредени рано во саботата на 13 август, во невреме додека се одржувал музички фестивал во близина на шпанското летувалиште Валенсија. Силниот ветер делумно урнал бина на фестивалот.

Инцидентот се случил нешто по 4 часот наутро на фестивалот Медуса Циркус оф Меднес на плажа која се наоѓа на околу 50 километри јужно од Валенсија.

Итната служба на Твитер објави дека во налет на силен ветер се урнала дел од бина на фестивалот Медуса.

„Едно лице загина, три се тешко повредени со повеќекратни повреди, а уште 14 лица се здобиле со лесни повреди“, наведоа здравствените власти на почетокто, а потоа соопштија дека бројот на повредени се искачил на 40.

Медиумите јавуваат дека загинало момче на околу 20 години, откако го удариле делови од бината што се урнала.

Регионалниот лидер на Валенсија, Хоакин Франциско Пуиг Ферер, познат како Ксимо Пуиг, на Твитер соопшти дека тоа било „ужасна несреќа која ги шокирала сите“. Тој изрази сочувство со семејството и пријателите на момчето што почина.

Лани во Грција имало речиси половина милион македонски туристи

Плажа во Грција

Со нешто помалку од половина милион посетители, Македонија е на 11-то место меѓу топ 15 земји со најголем број посетители во Грција за 2021 година, согласно анализата на Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ), пренесува МИА.

Првите 15 земји со најголем број посети и посетители на Грција се Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Полска, Романија, Холандија, САД, Кипар, Македонија, Швајцарија, Австрија, Србија и Белгија.

Согласно податоците и анализите, нашата земја е непроменета на 11-та позиција. Од земјите од регионот, пред нас е Бугарија, на петто место, а зад нас Србија на 14 место.

Топ три земји со најголем број посети и посетители се Германија, на првото место со 3 милиони посетители, Велика Британија со 1,6 милиони и Франција со 1,175 милиони посетители.

Најголем пад има кај туристите од Бугарија.

Најпосетени локации се островите во јужниот дел на Егејското Море и Крит, а Македонците се во топ три туристи во северниот дел на Грција, во регионот Централна Македонија. Сепак, туристите од земјава не се во топ 3 држави според бројот на ноќевања и според направените трошоци за време на престојот.

Министрите од ДУИ упатија честитки за годишнината од Охридскиот договор

Фатмир Бесими, Бујар Османи и Артан Груби

Охридскиот мировен договор е камен-темелник на сите демократски достигнувања на земјата, вистинскиот одговор на повиците за еднаквост, иницијатор на поглавјето на нашето европско патување, штитот на нашата непоколеблива прозападна определба, рече денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби на годишнината од потпишувањето на Охридскиот мировен договор.

„На овој голем ден за историјата на земјата, доволно е да размислиме за реалноста за да го разбереме големото влијание на овој документ што не ни дозволи да потонеме во бездната. Никој не изгуби од еднаквоста, напротив, подобро ги запознавме меѓусебните вредности и во соживот успеавме да се интегрираме во НАТО, да напредуваме значително на патот на интеграцијата во Европската унија со започнување на преговарачкиот процес“, рече Груби.

Министерството на чие чело е тој го организира одбележувањето на годишнината од Рамковниот. За таа цел ќе се потрошат речиси 100 илјади евра.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук ја честиташе годишнината од Договорот. Тој напиша дека Охридскиот рамковен договор е вредно наследство на оваа генерација и еден од клучните столбови на стабилноста и меѓуетничката кохезија на Северна Македонија.

И министерот за финансии Фатмир Бесими на Фејсбук напиша дека со Рамковниот договор земјата прерасна во единствена функционална мултиетничка демократија во регионот, земја за пример и рамноправен дел од меѓународната заедница.
Тројцата министри се кадри на ДУИ, коалиционен партнер во владата.

Со Охридскиот договор се стави крај на воениот конфликт во 2001 меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Македонија.

Лидерите на Отворен Балкан ќе организираат меѓународен саем на вино

Самит на Отворен Балкан во Охрид, 8 јуни, 2022

Лидерите на регионалната иницијатива Отворен Балкан ќе бидат покровители на првиот меѓународен сами за вино „Винска визија на Отворен Балкан“, што ќе се одржи од 1 до 4 септември во Белград. Во иницијативата членуваат Србија, Северна Македонија и Албанија.

Саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ на едно место ќе ги собере мајсторите во производството на најдобрите вина и ќе го промовира Балканот како туристичка дестинација, неговата географија и богатство на винските сорти.

Во рамките на споменатата манифестација на Белградскиот саем се очекува да присуствуваат над 332 излагачи од 22 земји. Ќе се претстават 160 излагачи од Србија, 26 од Албанија и 47 излагачи од Северна Македонија. Покрај земјите-членки на Отворениот Балкан, се очекуваат изложувачи и од Хрватска, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Босна и Херцеговина и други земји.

Идејата на оваа иницијатива е да обезбеди поголеми и подобри можности за трговија, размена на работници, студенти и знаење, како и поттикнување на понатамошна ЕУ интеграција, притоа промовирајќи ја богатата култура и традиции на трите земји.

НАТО развива мерки посебно скроени за БиХ

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

НАТО го информираше Министерството за надворешни работи на БиХ дека Алијансата развива сет мерки специјално прилагодени за Босна и Херцеговина, наведува генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во писмо упатено до министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ.

Тој истакнува дека НАТО силно го поддржува евроатлантскиот пат на БиХ.

Генералниот секретар на НАТО испрати одговор до министерот за надворешни работи на БиХ на нејзиното претходно писмо испратено до седиштето на Северноатлантската алијанса, во кое таа наведува дека „Босна и Херцеговина се соочува со бројни предизвици, а во светло на актуелните настани во Европа и регионот“.

Генералниот секретар на НАТО изрази загриженост, како што наведе, за сепаратистичката реторика и активностите кои се закануваат да го поткопаат успехот на Дејтонскиот мировен договор.

ВМРО-ДПМНЕ негодува за скапата прослава на Рамковниот

Фестивал на мирот во Скопје за прославата на Рамковниот договор

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ реагираше на прославата на Рамковниот договор. Прославата која ќе чини стотици илјади евра е приватна прослава на ДУИ и ниту Македонците, ниту Албанците не ја чувствува како своја, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на денешната прес конференција одговарајќи на новинарско прашање во врска со прославата и трошоците за Рамковен договор во кризни времиња.

Тој рече дека Рамковниот договор овозможи мир, но она што не можеше да го предвиди Рамковниот договор е криминалот на ДУИ кој се случи потоа.

„20 години една иста политичка елита го краде сопствениот народ. Денес гледаме дека Албанците подеднакво живеат несреќно како и Македонците“, изјави Лефков.

РСЕ веќе пишуваше дека одбележувањето на 21 годишнината на Охридскиот договор ќе чини речиси 100 илјади евра. А зад организирање на прославата е задолжена тетовската фирма Арбериа Десигн, која е задолжена да ги печати и свидетелствата за учениците.

Од владејачката СДСМ преку соопштение за годишнината од потпишувањето на договорот, велат дека по 21 година од потпишувањето на Рамковниот договор нема делби, туку инклузивно и мирно решавање на сите предизвици, посветеност на економскиот напредок и благосостојбата на сите граѓани.

Пронајдени 14 мигранти во близина на Богданци

Полиција, Северна Македонија

Полицијата од Богданци синоќа привела две лица под сомнение дека кримучареле мигранти. Двајцата приведени се од Штип.

Едниот од приведените, на 34-годишна возраст, со товарно возило превезувал 14 мигранти од Сирија, Индија и Пакистан.

Мигрантите биле откриени синоќа на регионален пат Прдејци-Смоквица. Вториот приведен на 44 годишна возраст е приведен под сомнение дека е инволвиран во делото криумчарење мигранти.

Мигрантите се сместени во Прифатно-транзитен центар Винојуг Гевгелија за понатамошна постапка, а против двете лица ќе биде поднесена кривична пријава.

На 11 август во сообраќајна несреќа во близина на Гевгелија, беа повредени 35 мигранти, откако камион „сканија“ со скопски регистарски таблички, во кој се превезувале мигрантите, излетал од патот. Во камионот се превезувале вкупно 49 мигранти.

Иако официјално т.н. балканска рута беше затворена уште во 2016 година, во ниту еден момент не престана движењето мигранти од земји како Авганистан, Сирија или Пакистан, преку Турција и Балканот, па се до посакуваните западни држави.

Зеленски го повтори повикот за забрана за визи за влез во ЕУ за Русите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повтори повикот на членките на ЕУ да забранат визи за руски државјани. Во меѓувреме, руски дипломат ги предупреди САД дека секој потег да ја прогласат Русија „држава спонзор на тероризам“ може да доведе до целосен прекин на односите.

Киев и Москва во меѓувреме продолжија меѓусебно да се обвинуваат за борбите во близина на нуклеарната централа Запорожје. ОН сметаат дека треба да се прогласи демилитаризирана зона околу централата. Објектот е под руска контрола кратко по почетокот на инвазијата врз Украина на 24 февруари. Украински инженери продолжија да работат во нуклеарката под руска контрола.

Западните земји ја повикаа Москва да ги повлече силите од централата.

Фокусот на борбите во меѓувреме се префрли од источен Донбас во јужните региони Херсон и Запорожје, иако борбите во Донбас продолжуваат.

Во синоќешното видеообраќање, Зеленски ја повика ЕУ да забрани визи за Русите, велејќи дека Унијата не треба да биде „супермаркет“ отворен за секој што има средства да влезе. Некои членки на ЕУ, меѓу кои Балтичките држави и Чешка, веќе презедоа чекори за ограничување на туристичките и работни визи за Русите, а чешкиот министер за надворешни работи, чија земја во моментов претседава со ЕУ, ги поддржа повиците за забрана за визи за руски државјани. Повиците имаа слаб одзив во останатите земји од ЕУ.

Шефот на одделот за Северна Америка во руското МНР Александар Дарчиев рече дека ако американскиот Сенат продолжи со плановите да ја прогласи Русија „држава спонзор на тероризам“, Вашингтон ќе ја помине точката од која нема враќање и оти тоа може да доведе до целосен прекин на односите меѓу двете земји.

Во изминатите 24 часа изгаснати девет пожари

Пожар, архивска фотографија

Во моментов нема активни пожари на територијата на Македонија, а во изминатото деноноќие се изгаснати девет пожари, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

ЦУК информира дека се изгаснат пожарот во кумановското село Добрача, кој бил предизвикан од удар на гром. Потоа пожарот во село Страхојадица, Општина Зелениково, каде била запалена ниска вегетација.

Пожарникарите интервенирале и во гасење на запалено ѓубриште и стари автомобилски гуми на локација кај поранешната депонија Вардариште во Општина Гази Баба, гаснеле пожар и во село Градманци, Општина Петровец, како и запален столб од мрежата на ЕВН и дрвените прагови од железничката пруга Прилеп-Битола.

Имало и пожар во Охрид, потоа на патот во село Теарце, на автопатот Тетово – Скопје и кај Туш маркет во Куманово.

Испловија уште два брода со украинско жито

Бродови со жито го напуштаат укаинското пристаниште

Уште два брода со жито денеска испловија од украинските пристаништа на Црното Море, соопшти турското Министерство за одбрана.

Едниот брод, кој плови под знамето на Барбадос, бил натоварен со 12 илјади тони пченка, а другиот, под знамето на Маршалските Острови, со три илјади тони сончоглед. Двата брода се упатени кон Турција.

Уште еден брод од Турција денеска ќе тргне за Украина, каде што треба да биде натоварен со житарици.

Според податоците на турското Министерство за одбрана, откако беше постигнат договор меѓу Русија и Украина со посредство на ОН за одблокирање на украинските пристаништа за извоз на житарици, од Украина досега излегоа 16 брода.

Пендаровски за Рамковниот - Само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна иднина

Претседателот Стево Пендаровски

Зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата се клучни придобивки од Рамковниот договор, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во пораката за одбележувањето на 21-годишнината од потпишувањето на Договорот.

Пред 21 година, во Охрид, претседателите на четирите тогашни најголеми политички партии заедно со претседателот Борис Трајковски и претставниците на ЕУ и на САД го потпишаа Рамковниот договор кој ја спречи натамошната ескалација на конфликтот и донесе мир и стабилност.

Тој посочува дека денес кога сведочиме на војна на европско тло и кога живееме под притисокот на старите и новите безбедносни закани мораме секогаш пред очи да го имаме еден од основните принципи на Рамковниот договор со кој употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина.

Писателот Ружди ставен на респиратор, може да го изгуби едното око

По нападот Ружди со хеликоптер бил префрлен во болница

Писателот Салман Ружди е ставен на респиратор по операција која уследи откако тој беше нападнат додека се подготвуваше да одржи предавање во Њујорк. Агентот на Ружди соопшти дека писателот останува во болница со оштетен црн дроб и оштетување на нервите.

Полицијата го идентификуваше човекот за кој се сомневаат дека го нападнал Ружди на 12 август. Станува збор за дваесет и четиригодишниот Хади Матар од Њу Џерси. Тој беше уапсен на местото на настанот во Чаутаука, Њујорк од лица кои го обезбедуваа настанот.

Против Матар сè уште не е покренато обвинение; Полицијата им рече на новинарите дека допрва треба да го утврди мотивот.

Ендрју Вајли, агентот на Ружди, во изјавата рече дека Ружди бил опериран, има оштетен црн дроб и пресечени нерви на раката и дека најверојатно ќе го загуби едното око.

Осомничениот упаднал на сцената додека го претставувале Ружди и ги нападнал него и модераторот Хенри Рис, се вели во соопштението на полицијата на државата Њујорк.

Книгата на Ружди „Сатански стихови“ е забранета во Иран бидејќи многу муслимани ја сметаат за богохулна. Една година откако беше објавено во 1988 година, тогашниот ирански водач, ајатолахот Рухолах Хомеини издаде фатва односно јавен повик за убиство со парична награда.


Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG