Достапни линкови

Вести

Милановиќ ги повтори критиките до ЕУ и Бугарија за односот спрема Македонија

Зоран Милановиќ, претседател на Хрватска

Северна Македонија ги исполни сите демократски услови за почеток на пристапните преговори со ЕУ, но стана навика таа земја „да се шутира“ кога и да му одговара тоа некому, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, откако официјална Софија ги осуди неговите изјави за бугарската политика кон европската интеграција на земјата.

Хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац вчера е повикана на разговор во бугарското МНР поради изјавата на претседателот Милановиќ во која ја критикуваше „бугарската политика кон европската интеграција на Северна Македонија“.

„Тоа не е во ред. Таа држава, а и тој народ, досега платија доста висока цена. Тие играат по правилата и се за пример. Ги исполнија сите демократски услови што човек може да ги замисли, а тоа се повеќенационални заедници во кои има многу Албанци и таа соработка е за пример“, рече вчера Милановиќ во одговор на новинарско прашање.

Тој потсети дека земјава, меѓудругото, го промени името на барање на Грција.

„Конечно ги примија во друштвото на мртвите поети и сега доаѓа оној услов кој навистина е влегување во интимниот простор“, рече Милановиќ, додавајќи дека земјава е жртва на недостиг на интерес и основна емпатија.

„Тоа не се прави во 21. век. Тоа апсолутно не е основа за утрешниот соживот во Европската Унија“, рече Милановиќ.

види ги сите денешни вести

БНР: Не се очекува промена на позицијата на Софија

илустрација, знаме на Бугарија

Не се очекува промена на позицијата на Бугарија во однос на ветото за Северна Македонија, јави денеска Бугарското национално радио повикувајќи се на свои извори.

Според нив, Софија останува на позиција дека немало напредок со Скопје по однос на исполнување на Договорот за добрососедски односи во целост.

Во Луксембург денеска се дискутира во Советот за општи работи на кој се очекува одлука за првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Повеќе министри од ЕУ држави упатија поддршка за Скопје и Тирана пред почетокот на состанокот и побараа да не се блокираат двете држави поради постигнатиот реформски напредок.

Јовева за МИА: Се срамам од бугарските постапки кон Северна Македонија

Министерите меѓудругото ќе разговараат за процесот на стабилизација и асоцијација со партнерите од Западен Балкан. Истовремено ќе се одржат меѓувладини конференции со Србија и Црна Гора и тоа како дел од новата методологија за проширување, бидејќи нема да бидат отворени нови поглавја во разговорите.

Филипче: До крајот на месецот ќе стигнат кинеските вакцини Синовак

До крајот на месецот ќе стигнат кинеските вакцини „Синовак“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по средбата со кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо. Тој додава дека од наредната недела ќе продолжи масовната вакцинација на населението, која сега се одвива со намалено темпо поради малиот број вакцини кои ги имаме на располагање.

„Веќе е направен планот на граѓаните за 100.000 дози „Фајзер“ и 500.000 „Синовак“. Од наредната недела се очекува вакцинација на 15.000-20.000 граѓани на ден. За брзо време ќе се вакцинираат сите 180.000 пријавени граѓани. Мислам дека до крајот на летото голема бројка граѓани ќе бидат вакцинирани, рече министерот Филипче.

Toj смета дека до крајот на летото во земјава може да биде постигнат процент на имунизирани лица за кој ќе може да се каже дека е колективен имунитет, односно оти дотогаш би можеле да бидат вакцинирани околу 600 илјади граѓани, што, како што истакна. е 50 проценти од популацијата планирана за вакцинација.

СЗО: вакцините се ефикасни против делта варијантата на коронавирусот

Откако ќе бидат вакцинирани сите пријавени граѓани, Министерството за здравство ќе спроведе теренска вакцинација во местата каде интересот бил слаб. Филипче додаде дека се уште не се знае како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но нагласи дека искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат оти вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата и дека спречуваат тешки форми на болеста.

Јовева за МИА: Се срамам од бугарските постапки кон Северна Македонија

Ирена Јовева, пратеничка во Европскиот Парламент

Билатералните прашања не смеат да се користат за блокирање на европскиот пат. Такви прашања можат да се решаваат во меѓувреме, но билатерално и не може да бидат поврзани со преговорите, вели во интервју за МИА словенечката европратеничка Ирена Јовева, коментирајќи ги блокадите на евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија.

„Морам пак да повторам дека се срамев и се уште се срамам кога ги видов и кога ги слушам бугарските реакции кои што, после се што направи Северна Македонија, наместо да биде пријателска поддршка на земјата, одлучи да го блокира целиот напредок досега. Билатералните прашања не смеат да се користат за блокирање на европскиот пат. Такви прашања можат да се решаваат во меѓувреме, но билатерално и во никаква врска со преговорите како такви. Европскиот пат не смее да биде жртва или заложник на политиката и историските расправии. Веќе долго време велам дека консензусот во Советот во повеќето случаи е лоша идеја, затоа што многу големи работи се блокирани поради само една земја членка која што консензусот го користи поради некои свои интереси“, вели Јовева.

Таа додава дека во Европскиот Парламент има голем број на искрени пријатели на Северна Македонија кои сметаат дека овие уцени се претерани и неприфатливи.

Министерски совет на ЕУ за новата методологија за Западен Балкан

Јовева, која е со македонско потекло и доаѓа од редовите на политичката група Ренесанса на Европа во Европскиот парламент, и е потпретседателка на мешовитата парламентарна комисија ЕУ – Северна Македонија, најавува дека Западниот Балкан ќе биде во фокусот на претстојното словенечко претседателство и оти Љубљана силно ќе лобира за целиот Балкан.

Израел развива ласерски системи за соборување дронови

Елбит системс

Израелското Министерство за одбрана и компанијата Елбит Системс развиваат воздушно ласерско оружје за соборување беспилотни летала и други летачки објекти, соопштија денеска официјалните лица, предвидувајќи дека прототипот ќе биде готов до 2025 година.

Наведено е дека се уште неименуваното ласерско оружје ќе биде вклучено во израелската противвоздушна одбрана, во која е вклучена и „Железната купола“, систем за соборување ракети со краток дострел и други системи за одбрана од балистички ракети.

Прелиминарните тестови на ласерот, кои ќе бидат инсталирани на лесни авиони, беа успешни во последните денови во акциите против неколку беспилотни летала на растојание од околу еден километар, тврди генералот Јанив Ротем од Одделот за истражување и развој при израелското Министерство за одбрана, пренесува Ројтерс.

„Колку што знам, ние сме меѓу првите земји кои се обидоа и успеаја во ваквите пресретнувања“, изјави Ротем.

Елбит произведува Ц-музика, систем за противвоздушна одбрана што се користи за „заслепување“ на ракетите што доаѓаат. Прототипот од 100 киловати со опсег од 20 километри, може да биде готов за три до четири години.

Филипинскиот претседател се закани со затвор на тие кои нема да се вакцинираат

Родриго Дутерте

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте им се заканува со затвор на граѓаните кои одбиваат да се вакцинираат против ковид 19 додека неговата земја води голема битка со коронавирусот и има над 1,3 милиони заразени и над 23 000 мртви.

„Вие одлучувате, или ќе се вакцинирате или ќе одите во затвор“, им рече претседателот Дутерте на граѓаните во телевизиско обраќање по извештајот за слабиот интерес за вакцинирање во главниот град Манила, пренесува Ројтерс.

Забелешките на Дутерте се во спротивност со наводите на филипинските здравствени власти кои соопштија дека иако се охрабруваат луѓето да се вакцинираат, сепак тоа е на доброволна основа.

СЗО: вакцините се ефикасни против делта варијантата на коронавирусот

Заклучно со 20 јуни, 2,1 милиони луѓе се целосно вакцинирани на Филипините, што е многу мал напредок со оглед на тоа што целта на владата е да вакцинира до 70 милиони луѓе до крајот на годината, во земја која има 110 милиони жители.

„Не ме сфаќајте погрешно, но земјата е во криза, јас сум револтиран од граѓаните кои не ја почитуваат својата влада“, рече Дутерте.

Дутерте веќе беше критикуван за неговиот груб пристап во спречувањето на ширење на вирусот како и за неговата цврста одлука да ги задржи училиштата затворени.

Амбасадорот на САД ќе се врати во Москва оваа недела

Американскиот амбасадор во Москва Џон Саливан

Американскиот амбасадор Џон Саливан ќе се врати во Москва оваа недела, два месеца по напуштањето на функцијата во услови на влошување на односите меѓу САД и Русија, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс. По нивниот самит на 16 јуни во Женева, претседателот Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин објавија дека нивните амбасадори наскоро ќе се вратат во своите мисии во обид да ги намалат тензиите. „Тоа е делумно затоа што остануваме посветени на отворање канали за комуникација со руската влада, и како средство за унапредување на интересите на САД, но и за намалување на ризикот од погрешна пресметка меѓу нашите две земји“, рече Прајс.

По средбата Бајден-Путин, рускиот амбасадор се враќа во САД

Рускиот амбасадор Анатолиј Антонов се врати во Соединетите држави на 20 јуни, велејќи им на руските медиуми дека е оптимист и сака да помогне во градењето „еднакви и прагматични“ односи. Антонов беше повикан во март по коментарот на Бајден, кој укажа дека се согласува оти Путин бил „убиец“. Односите меѓу Русија и Соединетите Држави се влошија уште повеќе откако Бајден ја презеде функцијата во јануари, а Вашингтон ја санкционираше Москва поради сајбер напади, мешање во избори и труење и затворање на опозицискиот политичар Алексиј Навални.

СЗО: вакцините се ефикасни против делта варијантата на коронавирусот

Високо преносливата делта варијанта на коронавирусот може да има одреден степен на отпорност на вакцините. Епидемиологот на Светската здравствена организација Марија Ван Керхове изјави дека има некои докази за намалена ефикасност на вакцините против оваа варијанта за прв пат идентификувана во Индија, иако не толку колку што е случајот со бета варијантата откриена во Јужна Африка. Но, генерално, таа рече дека вакцините се „сè уште многу ефикасни“. „Тоа е навистина важна порака што сакаме да ја направиме кристално јасна. Додека гледаме одредена намалена ефикасност, тие сепак се ефикасни во намалувањето на тешката болест, вклучително и против варијантата делта “, рече Ван Керхове.

СЗО воведува нови имиња за варијанти на коронавирусот - алфа, бета и делта

Делта варијантата доведува до наплив на случаи од Португалија до Русија, додека Британија на почетокот на овој месец ја одложи за четири недели следната фаза од својот план за повторно отворање. Во САД, каде стапките на вакцинација се релативно високи, здравствените власти велат дека варијантата делта може да стане доминантен вид во текот на летото. Инфекциите и смртните случаи од вирусот паднаа како резултат на вакцините, но меѓу невакцинираните има сè поголем доказ дека се шири делта варијантата.

Шпанија ќе ги помилува затворените каталонски лидери

Шпанскиот премиер Педро Санчез

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека неговата влада ќе ги помилува деветтемина затворени лидери на неуспешниот обид за независност на Каталонија во 2017 година, како прв чекор кон ставање крај на политичкиот конфликт околу богатиот регион. „Каталонија, Каталонци ве сакаме“, рече Санчез на каталонски јазик на крајот од неговото обраќање.

Укинат имунитетот на каталонските политичари

Анкетите покажуваат дека околу 60 насто од Шпанците се против ослободување на политичарите кои беа осудени за нивната улога во организирањето неовластен референдум за независност и краткотрајно прогласување на независност. Мадрид реагираше во тоа време со воведување директна контрола врз регионот од 2017-2018 година.

Сенатот на САД ќе расправа дали Вашингтон Д.Ц. да стане држава

Дали Вашингтон Д.Ц. ќе стане нова држава?

Комитетите за домашна безбедност и за владини работи на Сенатот денеска ќе расправа за тоа дали ќе му се даде статус на државност на Вашингтон Д.Ц. Градоначалникот на Вашингтон Муриел Боусер, гласен поддржувач на државноста, треба да сведочи заедно со Марк Моријал, претседател и извршен директор на Националната урбана лига, како и неколку правни експерти. Републиканците ги нападнаа напорите за државност со образложение дека Демократска партија сака да го прошири Сенатот со претставници од либералното упориште и со тоа да има поголема моќ во Сенатот. Демократите, го поставија прашањето за државност со објаснување за граѓанските права на скоро 700.000 жители на округот и тврдат дека жителите на Вашингтон повеќе не треба да се оданочуваат без целосна застапеност во власта.

Републиканците против комисијата за истрага на упадот во Капитол

Според планот, 51-та држава ќе се вика „Вашингтон, Даглас Комонвелт“, именувана според Фредерик Даглас. Државата би имала 66 квадратни милји и целосна контрола врз локалните работи, како и целосна застапеност во Конгресот, што би значело двајца сенатори и еден претставник во Претставничкиот Дом врз основа на сегашната популација. Областа околу Белата куќа, Капитол, Врховниот суд и Националниот трговски центар ќе биде издвоена како федерална област контролирана од Конгресот и именувана како „Главен град“.

Министерски совет на ЕУ за новата методологија за Западен Балкан

Жозеп Борел со лидерите на Западен Балкан - 18.05 2021 година

Министрите на ЕУ денеска во Луксембург ќе разговараат за процесот на стабилизација и асоцијација со партнерите од Западен Балкан. Истовремено ќе се одржат меѓувладини конференции со Србија и Црна Гора и тоа како дел од новата методологија за проширување, бидејќи нема да бидат отворени нови поглавја во разговорите. Дипломатски претставници на ЕУ објаснуваат дека повеќето членки на ЕУ се спротивставуваат на отворање нови поглавја во разговорите за членство со Србија, велејќи дека властите во Белград не успеале да ги спроведат очекуваните реформи, пред се во областите на владеење на правото, антикорупција, судска независност и слобода на изразување.

Пахор- една од првите задачи на претседавањето со ЕУ ќе биде деблокирање на С. Македонија

Се додава дека министрите и лидерите на ЕУ сега немаат пред себе усвојување на вообичаениот полугодишен нов „пакет за проширување“ и затоа нивната дискусија ќе биде насочена кон „како ќе се примени новата методологија за проширување во преговорите со Србија и Црна Гора“. Српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ изјави дека Белград не е изненаден од одлуката на Европската унија да не отвора поглавја или „кластери“ во преговорите со Србија.

Борел ја поздрави соработката со САД за дијалогот Белград-Приштина

Српскиот претседател Александар Вучиќ, осврнувајќи се на фактот дека нема да се отвори ново поглавје во преговорите на ЕУ со Србија, даде до знаење дека „сé што побараа од ЕУ е сторено“. Извор во Брисел потврди дека анализата на Процесот за стабилизација и асоцијација, на која се потпишани договори на ЕУ со шест партнери на Западен Балкан, исто така, ќе биде вметната во новата методологија за проширување и исто така ќе воведе дебата за подобро „политичко управување“.

Владата ќе решава за намалување на ДДВ кај струјата и за еколошка такса на горивата

Илустрација - Струјомер

Владата на денешната седница ќе ги разгледува двете законски решенија кои се однесуваат на најавеното намалување на ДДВ на електричната енергија и воведувањето еколошка такса на горивата. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека Владата ќе оди со предлогот одлуките за ова да важат од 1 јули и со намера дека во Собранието ќе успее да се изгласаат во тој период. Според предлогот, ДДВ кај електричната енергија за домаќинствата треба од 1 јули да се намали од 18 на пет насто, потоа наредната година да биде на ниво од 10 насто и третата година да се врати на 18 насто. Целта е да им се помогне на домаќинствата во транзитниот период на либерализација на пазарот на електрична енергија.

Струјата ќе поскапува, но државата да помогне

„Домаќинствата ќе добијат олеснување во однос на цената на електричаната енергија преку намалување на делот на ДДВ, која е конректна мерка која директно влијае врз буџетот на домаќинствата“, рече министерот Бесими одговорајќи на новинарско прашање по потпишување на договорот со ЕИБ за кредитна линија од 100 милиони евра.

Времето денеска: сончево и многу топло

Ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност, попладне со услови за краткотрајна нестабилност во планинските подрачја. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а во западните делови западен ветер. Дневната температура ќе биде од 28 до 38 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 36 степени.

Британската амбасада негираше договор со Србија против руско влијание

Bританскиот министер за одбрана Бен Валас

Британската амбасада во Белград негираше дека е потпишан договор со Министерството за одбрана на Србија за спречување на влијанието на Русија во земјата. „Дејли телеграф“ на 18 јуни објави дека британскиот министер за одбрана Бен Валас во интервју за време на неговата посета на Србија изјавил дека двете земји потпишале важен договор за блокирање на влијанието на Русија и дека Велика Британија ќе и помогне на Србија да се спротивстави на „злобното влијание“ и „манипулацијата“ на Русија.

Амбасадата, во писмената изјава за РСЕ, негираше дека Велика Британија потпишала таков договор со Министерството за одбрана на Србија. Претходно, Министерството за одбрана во Белград исто така негираше постоење на ваков договор.

Во соопштението се вели дека документот потпишан за време на посетата на Валас минатата недела се фокусирал на консолидирање и проширување на тековната билатерална соработка меѓу министерствата за одбрана на Србија и Велика Британија.

"Документот се занимава со теми како што е заедничкото учество на нашите земји во меѓународни мировни мисии. Во овој документ не се споменува друга држава.Нашиот министер за одбрана за време на неговата официјална посета истакна дека Велика Британија ја почитува воената неутралност на Србија", се вели во соопштението.

Белград и Москва одржуваат блиски односи и покрај тоа што Србија е кандидат за членство во ЕУ. Русија исто така ги поддржува напорите на српските власти да го блокираат членството на Косово во меѓународните институции, додека Белград одби да воведе санкции против Русија.

Пандев се прости од репрезентацијата, која доживеа трет пораз на ЕУРО 2020

Горан Пандев

Македонската фудбалска репрезентација загуби со 3:0 на натпреварот против Холандија на Европското првенство 2020. Капитенот Горан Пандев се прости од репрезентативниот дрес со пораз на последниот натпревар од групата Ц.

Пандев пред натпреварот со Холандија објави крај на репрезентативната кариера. 37 годишниот Пандев одигра 122 натпревари за македонската репрезентација. Тој веќе еднаш се прости од играњето за репрезентацијата, но ја смени одлуката откако Игор Ангеловски дојде на селекторската позиција во 2015 година. Пандев беше и стрелец на првиот гол за црвено жолтите на првенството.

Северна Македонија го заврши првото големо натпреварување во својата историја во групната фаза со три порази, бидејќи претходно загуби од Австрија со 1: 3 и од Украина со 1: 2.

САД го соопштија планот за споделување на 55 милиони дози вакцини

Вакцини. Илустрација.

Белата куќа го соопшти планот за споделување на 55 милиони дози на вакцини Ковид-19 на глобално ниво, приближно 75 отсто од дозите се доделени на Латинска Америка и Карибите, Азија и Африка преку меѓународната програма за споделување вакцини Ковакс.

Планот ја исполнува заложбата на претседателот Џо Бајден да сподели 80 милиони вакцини произведени во САД со земјите низ целиот свет. Бајден ги изнесе своите приоритети за првите 25 милиони дози од тој план претходно овој месец.

„Додека ние продолжуваме да се бориме против пандемијата Ковид-19 дома и работиме на ставање крај на пандемијата ширум светот, претседателот Бајден вети дека Соединетите држави ќе бидат арсенал на вакцини за целиот свет“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Од преостанатите 55 милиони дози, околу 41 милиони ќе бидат поделени преку Ковакс, а приближно 14 милиони одат во Латинска Америка и Карибите, околу 16 милиони во Азија и приближно 10 милиони во Африка.

Останатите 25 отсто или приближно 14 милиони дози, ќе бидат споделени со „регионалните приоритети“, вклучувајќи ги Колумбија, Аргентина, Ирак, Украина, Западниот брег и Газа.

„За сите овие дози, на оние кои се изложени на најголем ризик, како што се здравствените работници, треба да им се даде приоритет, врз основа на националните планови за вакцини“, соопшти Белата куќа.

Бидејќи поголем број луѓе се вакцинираат во САД, администрацијата на Бајден се повеќе го насочува својот фокус кон испорака на вакцини во странство.

Борел ја поздрави соработката со САД за дијалогот Белград-Приштина

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ја поздрави добрата соработка со САД околу дијалогот Белград- Приштина, јави МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање дали зборувал со американската страна за спорот помеѓу Србија и Косово, Борел одговори потврдно. Тој за спорот разговарал со неговиот колега, Ентони Блинкен.

„Сега има многу добра соработка помеѓу САД и Европа, нема повеќе конкурентност од страна на САД, не пробуваат да надвладеат во дијалогот, ова е процес што го води ЕУ, имаме силна соработка и тоа ќе помогне“, рече Борел.

Борел на денешниот Совет за надворешни работи на министрите на ЕУ брифирал за последната рунда на дијалогот помеѓу Белград и Приштина што се одржа минатата недела во Брисел и изрази надеж дека е можен нов состанок летово. Главна тема на состанокот во Луксембург беше Белорусија и санкциите против режимот на претседателот Александар Лукашенко.

Маричиќ и Брнз разговараа за Извршната наредба на Бајден

Министерот за правда, Бојан Маричиќ


Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска се сретна со амбасадорката на САД Кејт Брнз, на која биле дискутирани модалитетите за соработка во рамки на неодамна објавениот Меморандумот за воспоставување на борба против корупцијата на САД. Дополнително на средбата, како што соопштија од Министерството за правда е разговарано и за Извршната наредба издадена од американскиот претседател Џо Бајден, за лица кои дејствуваат против демократските вредности, а доаѓаат од Западен Балкан.

Министерот Маричиќ, според соопштението, ја потенцирал важноста на континуираната поддршка на САД и ја искористил средбата да ги презентира досегашните реализирани активности во рамки на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и ги најавил и следните чекори во областа на борба со корупцијата кои почнуваат наскоро, меѓу кои и Проектот на ОБСЕ и ЕУ за мониторингот на случаи на висока корупција.

„Извршната наредба издадена од претседателот Бајден наиде на огромна поддршка бидејќи во актот акцент е ставен и на борбата против корупцијата, што е клучен приоритет и на Министерството за правда и на Владата на Република Северна Македонија. Останува нашето партнерство, продолжува соработката и обостраната заложба во бескомпромисната борба против корупцијата, беа согласни министерот Маричиќ и амбасадорката Брнз“, соопшти Министерството за правда.

Бајден во почетокот на месецов донесе извршна наредба за замрзнување имот и забрана за влез во САД на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан.

Санкциите ќе се однесуваат и на оние лица, кои, меѓудругото, се одговорни или вклучени во попречување на имплементацијата на Договорот од Преспа од 2018 година, и Охридскиот рамковен договор од 2001 година. Извршната наредба ќе опфаќа и лица кои директно или индиректно се вклучени во корупција, злоупотреба на јавни фондови, поткуп и слично.

Претседавачката на ОБСЕ во посета на земјава

Претседавачката со ОБСЕ, шведската министерка за надворешни работи Ан Линде

Претседавачката со ОБСЕ, шведската министерка за надворешни работи Ан Линде, денеска и утре е во посета на Северна Македонија. Таа утре треба да се сретне со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и со пратеници и претставници на граѓанското општество.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје соопшти дека во фокус на посетата на Линдe е спроведувањето на стратешките реформи во земјата, владеењето на правото, доброто владеење, активностите во борбата против организираниот криминал и корупцијата, унапредувањето на слободата на медиумите и социјалната кохезија. Според соопштението, таа ќе разговара и за важноста на регионалната стабилност и безбедност, вклученоста и партнерството со ОБСЕ.

Северна Македонија ќе претседава со ОБСЕ во 2023 година, а треба да се приклучи на Тројката од 1 јануари 2022 година, што е формат на соработка помеѓу сегашното, претходното и следното претседателство.

Данска ги укина рестрикциите за влез на македонски државјани

Пасош. Илустрација.

Данското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека земјите од портокаловата листа за ризик од Ковид-19, како што се Северна Македонија, Албанија, Либан и Србија, се додадени на жолтата листа. Дански институт за превенција и контрола на заразни болести во меѓувреме регистрираше пад на стапката на инфекции со коронавирус во овие држави.

Од 19 јуни, според соопштението, патниците од овие земји ќе можат да влегуваат во Данска без да одат во карантин и без двојни тестирања за Ковид-19, јавија медиуми од земјата.

Патниците од земји коишто се на портокаловата листа исто така можат да влегуваат во Данска за несуштински потреби, но морат да поминат низ самоизолација и тестирања за Ковид-19. На 12-ти овој месец, данската Влада го укина карантинот за патници од Кипар, Хрватска, Луксембург и Швајцарија, поради ниската стапка на инфекции со Ковид-19 во изминатиот период.

САД со нови санкции поврзани со Белорусија

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

САД денеска воведоа санкции поврзани со Белорусија за 16 физички лица и пет субјекти, според веб-страницата на Министерството за финансии, со што се зголемува притисокот врз претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

Меѓу оние кои беа на црната листа на Министерството за финансии се и Комитетот за државна безбедноста, како и Главната дирекција за борба против организираниот криминал и корупцијата на Белорусија.

ЕУ претходно воведе нови санкции за голем број службени лица и субјекти во Белорусија, вклучително и членови на семејството на Лукашенко. Списокот со 78 лица и осум субјекти се очекува да биде објавен денеска, а на него се наоѓаат пратеници, обвинители, судии и други службени лица за кои ЕУ наведува дека се „одговорни за сериозни прекршувања на човековите права и за поткопување на владеењето на правото како и за репресија врз граѓанското општество и демократската опозиција“.

Обезбедени 1732 единици крвна плазма, третирани 1431 пациенти

Илустрација

Министерството за здравство соопшти дека со крвна плазма се третирани 1431 пациенти. Според податоците на Институтот за трансфузиона медицина досега се обезбедени вкупно 1732 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19.

„Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на тие кои во моментот се борат со коронавирусот.
Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19“, велат од Министерството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со дел од дарителите на ковалесцентна плазма и порача дека тие со својата несебичност спасиле човечки животи во пандемијата.

Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.

Од министерството додаваат дека Институтот за трансфузиона медицина е достапен во секое време и сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители, може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со Ковид-19.

Путин- ситуацијата со коронавирусот во некои региони е влошена

Рускиот претседател Владимир Путин

Руските власти кои се обидуваат да се справат со смртоносниот трет бран на коронавирусот повторно ја отворија мобилната болница во Москва, додека рускиот претседател Владимир Путин рече дека ситуацијата во некои региони е влошена.

Министерката за здравство Светлана Стригункова денеска рече дека мобилната болница, која беше затворена во средината на февруари, располага со 1420 кревети за третирање на болните од Ковид19. Оваа објава следуваше откако вкупно беа регистрирани 17 378 нови случаи на Ковид19 и 440 починати во последните 24 часа. Од новозаразените 7584 се во Москва.

"За жал заканата од коронавирусот не е одмината. Во некои региони ситуацијата се влошува како што знаете“, рече Путин на денешната средба со пратениците.

Руските федерални служби за борба со коронавирусот соопштија дека вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата досега е 5 334 204, а бројот на починати е 129 801.

СДСМ тврди дека идентитетот е зачуван, ВМРО-ДПМНЕ бара да се објави македонскиот предлог до Софија

Софија- средба на македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот службен премиер Стефан Јанев, 17.06.2021

Пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов денеска рече дека лично секогаш бил оптимист и дека се надева на позитивен исход, но дека утре на Самитот на Европската унија ќе се знае која е конечната одлука за продолжување на европската интреграција земјава блокирана од Бугарија од лани.

„Кога станува збор за процес на интеграција и разговори за одреден билатерален проблем и кога разговорите траат за разлика од ВМРО-ДПМНЕ којшто буквално се се обидуваат да изнесат на јавна сцена, сметам дека во ниту една демократска развиена држава таквите процеси којшто се од особена важност во исклучително важни моменти треба да бидеме трпеливи и да ги оставиме. Она што е важно и она што граѓаните го знаат и она што грѓаните веруваат е дека на секој можен начин се заштитени македонскиот идентитет, македонскиот јазик но силно веруваме во европската иднина на Република Северна Македонија“, рече Костадинов.

Инаку бугарската влада минатата недела соопшти дека нема промена во нивната позиција за самитот на Европската унија кој треба да се одржи на 22 јуни и дека сметаат оти не се исполнети условите за Меѓувладината конференција на ЕУ со С. Македонија.

Ден подоцна во Софија пристигна македонска делегација предводена од премиерот Зоран Заев која достави предлог кој бугарската влада рече дека внимателно ќе го разгледа.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски денеска му порача на Заев да „не помислувал да си игра со македонскиот национален идентитет, да не си игра со македонскиот јазик, со македонската култура, со македонската самобитност и македонската историја“, затоа што како што рече ќе добиел жесток одговор на каков било обид за ништење на македонскиот национален идентитет.

„Најдобар демант наместо поразни флоскули, е предочување на предлогот пред јавноста, за таа сама да ја оцени вистинитоста“, рече Стоилковски.

Нови тројца заразени со Ковид19, двајца починати

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје информира дека во последните 24 часа се направени 1.601 тестирања, а регистрирани се три нови случаи на Ковид19, сите во Скопје. Пријавени се две починати лица кои починале во болнички услови. За истиот период регистрирани се 15 оздравени пациенти. Со ова вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.627, бројката на оздравени пациенти е 149.877, на починати е 5.477, а бројот на активни случаи изнесува 273.

Центро-десничарска партија води на регионалните избори во Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон гласа на регионалните избори

Француската центро-десничарска партија Републиканци е на пат да го добие првиот круг на регионалните избори во Франција, покажуваат излезните анкети. Зад нив е крајната десница на Мари Ле Пен. Истражување на ИПСОС покажува дека партијата Републиканци освоила 27 отсто од гласовите на вчерашното гласање, a партијата на Ле Пен добила 19 отсто, што е помалку за седум проценти од регионалните избори во 2015 година.

По нив следуваат Зелената партија, Социјалистичката партија, па партијата на претседателот Емануел Макрон „Република во движење“ која освоила 11 отсто од гласовите.

Гласањето, чиј втор круг треба да се одржи на 27 јуни, беше обележано со рекордна апстиненција на гласачите. На изборите се гледа и како на некаков сигнал за претседателските избори кои треба да се одржат за помалку од година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG