Достапни линкови

Со години нема исправен реквизит во единствениот парк со детско катче во Тетово


Илустрација

Речиси и да нема функционален реквизит во тетовскиот Жена парк единствено отворено место со зеленило и игралишта за деца, што беше обновен во 2017 година.

При реконструкцијата на тетовски Жена парк беше уредено зеленилото, поплочени патеки за движење, поставени детски игралишта и реквизити, урбана опрема и осветлување. По неколку години реквизитите се оштетени од страна на несовени поединци, но Општината не постави нови.

Имаше нишалки, лизгалки, клацкалки, дрвена куќичка и слични реквизити за детска забава, како и опрема за вежбање. Сега речиси сите се уништени или пак оставени да стојат нефункционални. Клупите за седење се оштетени, откако се искршени дел од даските, а и дел од корпите за отпадоци на пример го немаат дното, па се нефункционални.

Дополнително, забележителен проблем е и нечистотијата поради несовесноста на граѓаните.

„Во периодот кога не работеа кафулињата младите се собираа тука, немаше игла каде да фрлиш. Оставаа смет насекаде, од алкохол, стаклени и пластични шишиња и чаши, кеси и пакувања од чипсови, чоколади и слично. Тогаш луѓето со мали деца и пензионерите го избегнуваа местото поради многу врева и расфрални отпадоци. Сега се вратија редовните посетители родители со мали деца и пензионери, но сепак смет и отпадоци има и понатаму. Комуналните работници секое утро го собираат сметот од кантите, но проблем е што и понатаму се фрлаат отпадоци во тревата“, вели за МИА, Наташа, редовен посетител на паркот.

Во слична состојба е и соседниот скејт-парк што речиси и не се користи преку ден, освен за вечерни групирања на млади. Од Општина Тетово најавија дека ќе се работи на обнова на двете места.

„Во моментов се расчистува и се доуредува Скејт паркот кој исто така за кратко време беше оштетен но овој пат ќе биде поставено осветлување. Ќе биде ставен под надзор и веднаш по негово уредување ќе се премине на поставување на нови реквизити за детска игротека за која се надеваме дека ќе успееме да ја сочуваме овојпат и истата ќе ја користат тие за кои беше наменета и правата, а тоа се децата“, информираат од канцеларијата за односи со јавноста при Општина Тетово.

Реконструкцијата на Жена паркот во 2017 чинеше 10 милиони денари или над 160 илјади евра.

XS
SM
MD
LG