Достапни линкови

Вести

Мицотакис се надева на удвојување на приходите од туризмот годинава

Плажа во Грција.
Плажа во Грција.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се надева дека земјата годинава ќе ги удвои приходите од туризмот во однос на минатата 2020 година, кога имаше голем пад предизвикан од пандемијата на коронавирус.

Тој синоќа нагласи дека нема да прави никакви компромиси во однос на здравствената безбедност за прием на туристи по официјалното отворање на летната сезона.

„Минатата година остваривме 25 отсто од приходите од 2019, оваа година се надеваме дека тоа ќе надмине 50 отсто, рече Мицотакис на онлајн форум.

Туризмот е важен сектор за грчката економија и пред пандемијата претставуваше скоро една четвртина од БДП на земјата. Од 18 милијарди евра приходи од туризам во 2019, минатата година беа заработени само 4,28 милијарди евра, што е пад од над 76 проценти, покажуваат податоците на Грчката туристичка конфедерација.

Грција во петокот официјално ја почна туристичката сезона кога го укина седуммесечниот карантин и повторни ги отвори границите на сите патници кои се вакцинирани или имаат негативен ПЦР тест на коронавирус.

Поради рестрикциите за патување кои и понатаму се на сила во Европа, Грција не очекува голем број туристи до крајот на јуни или почетокот на јули.

види ги сите денешни вести

Катица Јанева добила условен отпуст за последните осум месеци од казната

Катица Јанева на рочиште за случајот „Рекет“ (фотоархива).
Катица Јанева на рочиште за случајот „Рекет“ (фотоархива).

Поранешнатаа специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, од недела – 21 декември, ќе биде на слобода и последните осум месеци од затворската казна во случајот „Рекет“ наместо во затворот „Идризово“ ќе ги помине на слобода, со условен отпуст.

Откако веста дека таа излегува на слобода се прошири во јавноста, Основниот кривичен суд Скопје излезе со објаснување дека одлуката била донесена уште пред една година на барање на Јанева.

„На 12.12.2024 година Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, по предлог на осудената К. Ј донел решение со кое се прифаќа предлогот и на осудената и се дозволува условен отпуст од издржување на затворската казна, кој започнува од 21.12.2025 година, а трае до 21.08.2026 година. Односно од седумгодишната затворска казна, дозволен е условен отпуст од осум месеци“, соопштија од судот.

Во случајот „Рекет“ Јанева беше осудена за кривичните дела „примање награда за противзаконито влијание“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Со неа, во овој предмет на девет години беше осуден Бојан Јовановски – Боки 13 за делото „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Според обвинителниот акт за „Рекет“, Јовановски влијаел врз Јанева за таа да бара поблаги мерки против бизнисменот Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја“, случај кој го почна поранешното СЈО.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) беше формирано во 2015 година по објавувањето на аферата со нелегалното прислушување во Северна Македонија кое, директно и индиректно, пофати 20.000 граѓани. Целта беше СЈО да ги гони кривичните дела кои беа поврзани и кои произлегуваа од содржината на незаконското следење на комуникациите.

По случајот „Рекет“ и апсењето на Јанева, во 2020 година ова обвинителство згасна, а предметите преминаа во надлежност на редовните обвинителства.

Додека ја отслужуваше казната за „Рекет“, Јанева во 2024 година беше ставена на „црната листа“ на САД при што американските власти наведоа дека во својство на поранешна специјална обвинителка била „вмешана во коруптивни дејствија, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист“.

Под санкции од САД од 2023 е и бизнисменот Орце Камчев, кого Јанева во гонеше во случајот „Империја“. Покрај Камчев, на црната листа се и членови неговото семејство.

Ставајќи го на „црната листа“ американските власти посочија дека тој „ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи самопослужувачка агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“.

Хрватска сака да гради центар за радиоактивен отпад кај границата со БиХ

Локацијата за складирање отпад во Хрватска е оддалечена приближно 800 метри по воздушна линија од границата со Босна и Херцеговина.
Локацијата за складирање отпад во Хрватска е оддалечена приближно 800 метри по воздушна линија од границата со Босна и Херцеговина.

На седница на 15 декември, парламентот во Хрватска усвои Закон за изградба на центар за управување со радиоактивен отпад на Трговска Гора, во непосредна близина на Босна и Херцеговина (БиХ) која стравува дека со тоа ќе се доведат во опасност 250.000 луѓе.

Според Националната програма за спроведување на Стратегијата за управување со радиоактивен отпад, искористени извори и потрошено нуклеарно гориво, која хрватската Влада ја усвои кон крајот на 2018 година, Трговска Гора и касарната Черкезовац се планирани како локација за долгорочно складирање на овој отпад.

На ова место би се складирал отпад со ниско и средно ниво на радиоактивност од нуклеарната централа Кршко во Словенија, како и радиоактивен отпад генериран во Хрватска.

Локацијата за складирање е оддалечена околу 800 метри воздушна линија од границата со Босна и Херцеговина и еден километар од водоводот на општина Нови Град, од кој 15.000 луѓе пијат вода.

Босанските власти се спротивставуваат на отворањето на центар за управување со радиоактивен отпад на таа локација, бидејќи веруваат дека тоа би можело да ги загрози животите и здравјето на луѓето во сливот на реката Уна.

Исто така, тие проценуваат дека тоа ќе загрози 13 општини во северозападиот дел од Босна и Херцеговина, каде што живеат околу 250.000 луѓе.

Пред пет години, Советот на министри на Босна и Херцеговина донесе Одлука за назначување на експертски тим за следење на состојбата и активностите поврзани со одлагање на радиоактивен отпад и потрошено нуклеарно гориво на локацијата Трговска Гора.

Нивната задача беше да направат сеопфатна експертска анализа на состојбата и влијанието на можната депонија врз Трговска Гора и да изготват предлог-мерки за заштита на населението во 13-те општини во БиХ во сливот на реката Уна, како и мерки за заштита на животната средина.

Хрватската влада, пак, во своето образложение за законот што беше изгласан во парламентот, наведува дека тој е неопходен за да се исполнат обврските кон Европската Унија и меѓународните договори, како и за да се обезбеди долгорочно и безбедно отстранување на радиоактивниот отпад.

Сијарто: Со забраната на увоз на руски гас, ЕУ ги крши своите прописи

Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија
Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија

Со мерката за забрана на увоз на руски гас, Европската Унија ги крши сопствените прописи, бидејќи Договорот на ЕУ многу јасно укажува дека енергетските прашања се во национална надлежност на земјите членки, одредба што во овој случај би била прекршена, изјави шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, пред почетокот на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

„Дополнително, оваа мерка е целосно спротивна на проценката на Европската комисија и плус би ја довело во опасност енергетската безбедност на Унгарија. Тоа е нешто што не можеме да го прифатиме“, рече Сијарто, а пренесе МИА.

Тој потврди дека Унгарија и Словачка се договориле за заеднички напори за судско оспорување на мерката за постепена забрана за увозот на руски гас во ЕУ.

„Правните работи во основа се завршени, па штом одлуката официјално биде објавена, ќе имаме законска можност да поднесеме тужба и ќе го сториме тоа штом ќе биде правно можно“, додаде Сијарто.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан уште минатиот месец ја оспори легалноста на забраната за увоз на руски гас, нагласувајќи дека ЕУ ја третира како трговска мерка, а не како санкција, што според него, реално и е.

Согласно правилата на ЕУ, трговските мерки се носат со квалификувано мнозинство, додека за воведување санкции е потребен консензус на сите земји членки.

„Ние не го прифаќаме ова очигледно незаконско решение спротивно на европските вредности, кое беше избрано од Брисел за да се замолчат националните влади кои не се согласуваат со него. Затоа ќе се обратиме до Европскиот суд на правдата“, изјави Орбан минатиот месец во интервју за унгарското државно радио.

Претставниците на Европскиот парламент и земјите членки на Унијата на почетокот на месецов постигнаа договор за текстот на Предлог-регулативата да забрана на увоз на руски гас и сега останува таа уште официјално да биде одобрена од европратениците и од Советот на ЕУ, по што би стапила во сила по нејзиното објавување во Службениот весник на Европската Унија.

Покренато обвинение против министерот за култура Селаковиќ поради случајот со Генералштабот

илустрација
илустрација

Обвинителството за организиран криминал поднесе обвинение против министерот за култура во Владата на Србија, Никола Селаковиќ, во врска со незаконитости при отстранувањето на статусот на културно добро од зградите на „Генералштабот“ во центарот на Белград.

На 15 декември, Обвинителството објави дека поднело обвинение против секретарката на Министерството за култура, Славица Јелача, в.д. директорката на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, Горан Васиќ и в.д. директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата на градот Белград, Александар Ивановиќ.

Сите се осомничени за кривични дела злоупотреба на службена положба и фалсификување на службени документи.

Обвинителството, исто така, изјави дека „продолжува да презема дејствија со цел да утврди дали дејствијата на некои други лица имаат карактеристики на кривично дело“.

Обвинителството за организиран криминал спроведува истрага од мај поради сомневања за фалсификување документи врз основа на кои Владата на Србија го одзеде статусот на културно добро на зградата на Генералштабот во Белград.

Директорот на Републичкиот завод за заштита на културните споменици, Горан Васиќ, според претходните обвинувања од Обвинителството, признал дека фалсификувал документи.

Врз основа на таа документација, до Министерството за култура, на чело со Никола Селаковиќ од редовите на Српската напредна партија (СНС), е поднесена иницијатива за донесување одлука за престанок на статусот на културно добро за Генералштабот.

Селаковиќ беше испрашуван на 4 декември, а по давањето на исказот, не зборуваше за самата постапка, туку упати обвинувања и навреди кон Обвинителството за организиран криминал.

Без да даде никакви докази, тој ги обвини дека работат по налог на неименувани центри на моќ, чија цел е соборување на владата во Србија и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 11 декември објави дека во случај да биде поднесено обвинение во случајот со Генералштабот, ќе ги помилува сите оние кои „наводно учествувале во проневера“.

„Нема да им дадам можност да ги гонат оние кои не се виновни за ништо. Јас сум виновен. Јас сум оној кој сакаше модернизација на Србија. Јас сум оној кој сакаше да донесе голем инвеститор“, рече Вучиќ.

На местото на комплексот на Генералштабот, уништен за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година, се планира изградба на луксузен комплекс на инвестициската компанија „Афинити партнерс“ на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Со посебен закон (lex specialis), усвоен од српскиот парламент на 7 ноември, со кој се одзема статусот на Генералштабот како културно богатство, владата отвори пат за изградба.

На проектот се спротивставуваат антивладините демонстранти, опозицијата и стручната јавност, која е за задржување на заштитата и реставрација на модернистичката зграда од 20 век.

Калас: Разговорите за заемот за репарации се „сè потешки“

Каја Калас
Каја Калас

Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, денеска (15 декември) изјави дека разговорите за наоѓање решение за финансиска поддршка на Украина за наредните години се покажуваат тешки.

„Најверодостојната опција е заемот за репарации и тоа е она на што работиме. Сè уште не сме таму и е сè потешко, но работиме“, рече таа, пристигнувајќи на Состанокот на министрите на ЕУ во Брисел.

Состанокот на министрите доаѓа неколку дена пред самитот на ЕУ во Брисел, каде што лидерите треба да одлучат дали се подготвени да ги стават на располагање руските државни средства замрзнати во ЕУ на Украина како заем за покривање на долгорочните финансиски потреби на земјата.

Во петокот, со големо мнозинство земјите од ЕУ се согласија да замрзнат на неодредено време околу 210 милијарди евра (246 милијарди долари) руски државни средства што се чуваат во блокот, со што се отстрани првата пречка за ставање на располагање на парите за Украина како заем за репарации.

Договарањето за други опции за финансирање, како што е преземање заеднички долг за нови грантови за Украина, се покажа невозможно во минатото, бидејќи беше потребно едногласно одобрување од сите членки на ЕУ, рече Калас.

„Заемот за репарации бара само мнозинство гласови“, истакна шефицата за надворешни работи на ЕУ.

Но, таа нагласи дека земјите од ЕУ не треба да ја надгласаат Белгија, каде што големиот дел од руските средства се чуваат во финансискиот депозитар „Еуроклеар“. Белгија досега се спротивставуваше на планот, плашејќи се дека ја изложува земјата на големи правни и финансиски ризици.

„Мислам дека е важно тие да бидат согласни што и да правиме. Согласувањето за заемот за репарации би испратило „јасен сигнал дека ако ја направите целата оваа штета на друга земја, мора да платите за репарацијата“, рече Калас.

ЕУ ќе санкционира уште 40 бродови од „сенката на флотата“

На министрите на ЕУ ќе им се придружи нивниот украински колега Андриј Сибиха преку видео врска за размена на најитните потреби на Киев и понатамошната поддршка од ЕУ за Украина. Шефовите дипломати на ЕУ се подготвени да воведат санкции за околу 40 дополнителни бродови што се користат за заобиколување на санкциите наметнати на Русија поради нејзината војна во Украина, објави Калас.

„Санкционирањето на повеќе бродови од таканаречената „сенка на флотата“ значи „лишување на Русија од средствата за финансирање на оваа војна“, рече таа.

На новосанкционираните бродови ќе им биде забрането да влегуваат во европските пристаништа и да добиваат осигурување. Санкции како што е замрзнување на средства се планирани и против оние кои ја поддржуваат работата на „флотата во сенка“.

Покрај тоа, блокот има намера да започне разговори со државите под чии знамиња се регистрирани бродовите, барајќи нивна согласност да им дозволат на поморските сили на ЕУ да ги проверуваат танкерите.

„Флотата во сенка“ е одговор на Русија на меѓународното ограничување на цената на нафтата наметнато на рускиот извоз на фосилни горива. Москва се обидува да го скрие потеклото на својата нафта користејќи различни методи како што се исклучување или манипулирање со сателитски транспондери или префрлање нафта помеѓу танкери на отворено море.

Блискиот Исток и односите со Кина се исто така на агендата на денешниот состанок на европските министри. Министрите, исто така, треба да се консултираат за ситуацијата на Блискиот Исток, како и за односот на блокот со Кина. На агендата е дискусија за ситуацијата во Газа и спроведувањето на прекинот на огнот таму, како и за ситуацијата во Сирија една година по падот на режимот на ал-Асад.

ЕУ го повикува Израел да дозволи повеќе хуманитарна помош во Појасот Газа и чека да ја прераспореди својата мисија за гранична помош за да помогне во следењето на преминот во Рафа на југот од Газа, на границата со Египет. Односите на ЕУ со Кина се исто така на агендата на министрите.

Мицкоски: Обвинителството да постапи по изјавите на СДСМ за мигрантите

Hristijan Mickoski, prime minister of North Macedonia
Hristijan Mickoski, prime minister of North Macedonia

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Обвинителството треба да постапи по изјавите на опозициската СДСМ поврзани со темата за мигрантите, оценувајќи дека со нив се создава немир и паника кај граѓаните.

Според Мицкоски, континуираното пласирање, како што рече, неточни информации претставува своевиден облик на насилство предвиден во Кривичниот законик.

„Ако еднаш, двапати, трипати демантирате и континуирано се продолжува со оваа тема, тоа значи дека имате намера да создадете немир, паника и страв кај граѓаните. За тоа мора кривично да се одговара“, изјави Мицкоски, кој денеска присуствуваше на отворање на реконструирана полициска станица во Општина Бутел.

На новинарско прашање дали е можен заеднички пристап во Собранието, со оглед на најавите дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе резолуција за мигрантите, слично како СДСМ, премиерот одговори дека станува збор за тема која, според него, не постои.

Тој нагласи дека и како премиер, но и преку Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи, повеќепати било соопштено дека не се воделе разговори за прифаќање мигранти, ниту, како што рече, „воопшто постои таква намера“.

И денеска продолжи партиското препукување меѓу опозициската СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу ова прашање. Од СДСМ обвинија дека владејачката партија одбива да потпише резолуција со која, како што велат, би се спречило прифаќање мигранти за пари.

„Цела недела ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски одбиваат да ја потпишат резолуцијата со која јасно и недвосмислено би се спречило прифаќање мигранти за пари во Македонија. Да немаше скриени агенди и дилови под маса, таа одамна ќе беше потпишана“, изјави Александар Саша Димитријевиќ, член на Централниот одбор на СДСМ.

Тој оцени дека станува збор за, како што рече, „национално предавство мотивирано од финансиски интереси“, тврдејќи дека Владата прифатила мигранти во замена за значителни финансиски средства.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека станува збор за лажна пропаганда и неосновани обвинувања, наведувајќи дека СДСМ тврди дека нивната резолуција предвидува прифаќање мигранти, иако таа, како што велат, сè уште не е ниту поднесена.

Според владејачката партија, СДСМ со ваквото однесување станала „заробеник на сопствената пропаганда“, додавајќи дека, кога ќе стане јасно дека нема ниту еден мигрант, ќе мора да се извинува на јавноста.

Темата за мигрантите се отвори по објавите во неколку британски медиуми на 5 декември, меѓу кои „Дејли мејл“, „Тајмс“ и „Сан“, во кои се тврдеше дека Велика Британија води преговори со Северна Македонија за прифаќање мигранти чии барања за азил биле одбиени. Во написите се наведуваше дека Лондон би ѝ плаќал на земјава за секој преземен мигрант и би обезбедил дополнителни инвестиции и поддршка.

Владата на Северна Македонија ги демантираше овие наводи, оценувајќи ги како неточни и за внатрешно-политичка употреба, при што се повика и на претходна изјава на британскиот амбасадор Метју Лосон и наведе дека уште во мај тој категорично негирал дека Северна Македонија ќе прифаќа мигранти од Велика Британија.

Започна демонтажа на стариот радар на Аеродромот Скопје, М-НАВ: авиосообраќајот без прекин

Демонтажа на стар и неупотреблив радар на Меѓународниот Аеродром Скопје. 14.12.2025.
Демонтажа на стар и неупотреблив радар на Меѓународниот Аеродром Скопје. 14.12.2025.

Денеска официјално започна процесот на демонтажа на стариот и неупотреблив радар на Меѓународниот аеродром Скопје, како и подготовките за инсталација на нов современ Мод S радар, информираат од М-НАВ. Оттаму нагласуваат дека активностите нема да имаат никакво влијание врз одвивањето на авиосообраќајот.

Од М-НАВ посочуваат дека по одржаниот почетен состанок (Kick-off) со компанијата „Леонардо“ и домашните подизведувачи, кој се одржал на 1 декември 2025 година, денес официјално започнала демонтажата на постојниот радар и подготовките за новата опрема. Според нив, оваа фаза е значаен чекор во проектот за модернизација на системите за надзор на воздушниот сообраќај.

„Процесот се реализира со висок степен на координација и професионална посветеност, при што клучна улога имаат стручниот и техничкиот персонал ангажиран во овој комплексен проект“, наведуваат од М-НАВ.

По завршувањето на демонтажата ќе следуваат градежни активности за поставување на новата конструкција и инсталација на современиот Мод S радар, со што, како што велат од М-НАВ, значително ќе се унапреди безбедноста и ефикасноста во управувањето со воздушниот сообраќај. Според предвидената динамика, новиот радар целосно треба да биде пуштен во оперативна употреба во јуни 2026 година.

Од М-НАВ додаваат дека менаџментот, во соработка со Владата и Министерството за транспорт, останува посветен на реализација на стратешките проекти за модернизација на воздухопловната инфраструктура.

Во врска со информациите дека македонското небо е без радарска покриеност, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека радарските системи за контрола на летање функционираат нормално и дека во јавноста се пласираат неточни информации.

„Си работат радарите, сè си е функционално. Сè си функционира нормално“, изјави Мицкоски, обвинувајќи ја опозицијата дека намерно шири дезинформации и создава непотребна паника кај граѓаните.

update

Дванаесетмина загинати во пукање на плажа во Сиднеј

Инцидентот во Сиднеј.
Инцидентот во Сиднеј.

Најмалку 12 лица се убиени во напад на плажата Бонди (Bondi Beach) во Австралија, потврди премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс. Еден напаѓач е меѓу загинатите, додека друг е во притвор.

Тој додаде дека нападот бил „наменет да ја таргетира еврејската заедница во Сиднеј“, објави Би-Би-Си.

Повеќе од 1.000 луѓе присуствуваа на настанот по повод почетокот на еврејскиот празник Ханука, изјави полицискиот комесар на Нов Јужен Велс, Мал Лањол.

Премиерот на земјата, Ентони Албанезе, го нарече инцидентот „шокантен и вознемирувачки“, додавајќи дека „службите за итни случаи се на терен и работат на спасување животи“.

Израелскиот претседател Исак Херцог рече дека Евреите кои дошле да ја запалат првата свеќа на празникот Ханука на плажата биле нападнати од „одвратни терористи“.

Австралија доживеа серија антисемитски напади врз синагоги, згради и автомобили од почетокот на израелската војна во Газа во октомври 2023 година.

Сведоци изјавија дека пукањето на познатата плажа, за време на топлата летна вечер, траело околу 10 минути, што предизвикало посетителите на плажата да се разбегаат по песокот и во блиските улици и паркови. Плажата Бонди е една од најпознатите плажи во светот и обично е преполна со локални жители и туристи.

Масовните пукања се ретки во Австралија, една од најбезбедните земји во светот. Бројот на жртви во денешниот напад го прави најлошиот инцидент од ваков вид од 1996 година, кога вооружен човек уби 35 лица на туристичко место во јужната држава Тасманија.

Нападот се случил речиси точно 11 години откако вооружен човек зел 18 лица како заложници во кафулето „Линдт“ во Сиднеј. По 16 часа опсада, двајца заложници и напаѓачот беа убиени.

Родителите на жртвите од пожарот во „Пулс“ бараат одговори од Обвинителството

Parents of the victims in Kocani at a protest "March for the Angels".
Parents of the victims in Kocani at a protest "March for the Angels".

Родителите на починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска, на 33. „Марш за ангелите“, му се обратија на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, барајќи објаснување зошто е пробиен рокот за поднесување обвинение против полициските службеници опфатени со истрагата.

Тие посочија дека, водејќи се од начелата на владеење на правото, законитост и еднаквост пред законот, покажале трпение и во изминатиот период од три плус три месеци не побарале информации за текот на постапката.

Како што истакна Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов, рокот што бил јавно најавен со краен датум 12 декември 2025 година е пробиен без образложение, официјално известување или видливи процесни дејствија.

Родителите и семејствата на жртвите оценуваат дека недостигот од навремена реакција и транспарентност ја нарушува правната сигурност, ја поткопува довербата во институциите и остава впечаток на институционална толеранција кон можни незаконски дејствија од страна на службени лица.

Тие побараа јасен одговор за статусот на обвинителниот акт, причините за пробивање на рокот и мерките што се преземени или ќе се преземат кон осомничените полициски службеници.

Блажева порача дека трпението на семејствата не е неограничено и дека, доколку не добијат итен и јасен одговор, ќе ги искористат сите законски и јавни механизми за заштита на правдата и јавниот интерес.

Денешниот протестен марш, 33-ти по ред, се одвиваше по веќе утврдената маршрута низ градот и заврши во „Паркот на Револуцијата“.

Собир во Скопје за поддршка на поранешните лидери на ОВК

Скопје, 13 декември 2025 – Група поддржувачи на ветераните на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се собраа на марш на плоштадот „Скендербег“.
Скопје, 13 декември 2025 – Група поддржувачи на ветераните на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се собраа на марш на плоштадот „Скендербег“.

Во Скопје денеска се одржа протестен собир за поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), обвинети за воени злосторства.

Собирот е организиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој на собирот ја истакна праведноста на војната на ОВК и поддршката за борците за слобода. Протестот претходно го поддржа и градоначалникот на Општина Чаир Изет Меџити од ВЛЕН, која е коалиционен партнер во актуелната влада.

На плоштадот „Скендербег“ и околниот паркинг се собрани граѓани со албански знамиња и обележја на ОВК, а сообраќајот кон паркингот на ТЦ Мавровка е затворен. Собирот, на кој имаше силно полициско обезбедување, помина во мирна атмосфера.

Демонстрантите скандираа „УЧК, УЧК“, а следеа останатите говорници кои изразија благодарност кон лидерите на УЧК, вклучувајќи го и Али Ахмети.

Али Ахмети се обраќа пред учесниците на маршот за поддршка на ветераните и поранешните водачи на ОВК во Скопје, 13 декември 2025.
Али Ахмети се обраќа пред учесниците на маршот за поддршка на ветераните и поранешните водачи на ОВК во Скопје, 13 декември 2025.

Пред толпатa граѓани, Ахмети им се заблагодари на САД и НАТО што ја поддржале ОВК за, како што наведе, запирањето на геноцидот врз Албанците на Косово и додаде дека денеска се обраќаат и до Европа, додавајќи дека ОВК се борела за својот народ.

Тој рече дека ОВК ги почитува меѓународните конвенции и дека ја осудува секоја акција против цивилно население, а дека обвинувањата против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими се неосновани и дека се упатени од Белград и Москва.

„Обвинувањата за жолтата куќа, обвинувањата за заеднички злосторнички потфат ја оцрнуваат историјата на војната на ОВК. Овој процес мора да заврши со епилог на невиност бидејќи Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими и војниците кои се зад решетки се обвинети за дела што не ги сториле“, додаде Ахмети.

На собирот се обратија Берат Хајдари - ветеран на ОВК, како и Хисни Гучати - претседател на Организацијата на воени ветерани.

Скопје, 13 декември 2025 – Група поддржувачи на ветераните на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се собраа на марш на плоштадот „Скендербег“.
Скопје, 13 декември 2025 – Група поддржувачи на ветераните на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се собраа на марш на плоштадот „Скендербег“.

Протестот во Скопје доаѓа по серија собири организирани изминатите месеци во повеќе европски градови, насочени против судењето на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) пред Специјализираните совети за Косово во Хаг.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно неделава рече дека нема да го поддржи протестот, но и дека е формиран Кризен штаб кој ќе ги следи сите настаните поврзани со маршот, 24 часа пред и по неговото одржување.

Државата и институциите, потенцира тој, ќе преземат сè што е во нивна моќ за да се спречи намерата да се испровоцираат какви било негативни реакции кои би можеле да имаат последици за граѓаните и регионот.

Протест во Скопје за поддршка на ОВК.
Протест во Скопје за поддршка на ОВК.

На 16 ноември се одржа протест во Стразбур, Франција, пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, организиран од групи што произлегуваат од војната на ОВК, каде беше изразено незадоволство од судењето на поранешните команданти – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – пред Специјализираните совети на Косово во Хаг.

Организаторите рекоа дека протестот во Стразбур ги обединува Албанците „онаму каде што започна неправедната сага во нашата историја“.

Судењето на Тачи, Весели, Красниќи и Селими започна во 2023 година и е при крај. Сите тие ги негираат обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Претходно, слични протести се одржаа и во Тирана, Хаг и Приштина.

Во извештај од 2010 година, составен од тогашниот швајцарски сенатор Дик Марти и одобрен од Парламентарното собрание на Советот на Европа, се тврди дека лидерите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) биле вклучени во трговија со органи за време на војната 1998-99 година.

Ова доведе до формирање на Специјализираните совети за Косово во 2015 година за да се истражат наводните злосторства од страна на членовите на ОВК против етничките малцинства и политичките ривали.

Судење во Хаг

Во септември, во корист на одбраната сведочеа поранешниот помошник државен секретар на САД – Џејмс Рубин, правниот советник на косовската делегација за време на разговорите во Рамбује во 1999 година – Пол Вилијамс, специјалниот претставник на САД за време на косовската војна – Крис Хил, и поранешниот британски дипломат – Џон Стјуарт Данкан.

Сите сведочеа дека Тачи немал авторитет над ОВК.

Специјализираните совети очекуваат судењето на поранешните водачи на ОВК да биде завршено до крајот на декември.

Тачи беше политички лидер на ОВК пред и за време на војната 1998-1999 година, Весели беше началник на разузнавачката служба, Красниќи беше портпарол, а Селими беше член на Генералштабот.

Обвинението против нив вклучува обвиненија за незаконско притворање, тортура, убиство, злосторства против човештвото, присилно исчезнување и прогон на стотици цивили и лица кои не учествувале во војната.

Се тврди дека овие злосторства се случиле помеѓу март 1998 и септември 1999 година на различни локации во Косово, а исто така и во северна Албанија.

Според Специјализираните совети, Тачи, Весели, Красниќи и Селими носат лична кривична одговорност за овие злосторства, но сите негираат вина.

Адвокатите на одбраната изјавија дека ОВК немала да добие поддршка од меѓународната заедница доколку постоел злосторнички план, како што тврдат обвинителите.

Според нив, обвинението се базира на селективно погрешно толкување на настаните.


Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG