Достапни линкови

Вести

Интерпелациите за Николовски и Маричиќ не стигнаа на дневен ред во Собранието

Собрание на Република Северна Македонија
Собрание на Република Северна Македонија

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина 41. седница, на која на дневен ред беа и интерпелациите за министерот за правда Бојан Маричиќ и за вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски. Седницата беше прекината откако откако пратениците донесоа неколку закони. Џафери изјави дека продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано.

Пред утврдувањето на дневниот ред на 41. седница, пак, пратениците не ги усвоија предлозите на Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица кои предлагаат по скратена постапка да се донесе законот за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање пациенти со ковид-19 во приватните задравствени установи. Во претпладневниот дел од седницата не беше усвоен и предлогот на група пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои предлагаат по скратена постапка да се донесе законот за дополнување на Законот за здравствената заштита.

види ги сите денешни вести

Трамп вели дека Иран сака да разговара, додека воените бродови на САД пристигнуваат на Блискиот Исток

Фотоархива
Фотоархива

Американска група носачи на авиони пристигна на Блискиот Исток на 27 јануари, во време кога растат тензиите околу можен напад врз Иран, по бруталното задушување на протестите за кое организациите за човекови права велат дека однело илјадници животи.

Во услови на немирите, иранската валута, ријалот падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот, тргувајќи се на 1,5 милиони за еден долар на 27 јануари.

Американскиот претседател, Доналд Трамп изјави дека се „надева“ оти нема да биде потребна воена акција против Техеран, но истовремено испрати „армада“ во регионот.

Тој одби да ја исклучи можноста за воздушни напади како одговор на задушувањето на претежно мирните демонстранти, кои во изминатите недели излегоа на улиците барајќи мерки за запирање на забрзаната инфлација и слабеењето на националната валута.

Американската организација за човекови права ХРАНА, чии податоци Радио Слободна Европа редовно ги цитира откако започна насилното задушување на протестите во Иран на почетокот на овој месец, соопшти дека потврдениот број на загинати, вклучително и припадници на безбедносните сили, сега изнесува 6.126, додека бројот на жртви чии случаи сè уште се предмет на истрага изнесува 17.091.

Некои проценки од официјални лица, цитирани неофицијално од различни медиуми, се неколкукратно повисоки.

Американскиот претседател, Доналд Трамп изјави во интервју за Аксиос на 26 јануари дека ситуацијата со Иран е „променлива“, бидејќи испратил „голема армада“ во регионот, при што ударна група предводена од носачот на авиони УСС Абрахам Линколн (USS Abraham Lincoln) веќе се наоѓа во водите на Блискиот Исток, соопшти Американската централна команда.

Но, тој смета дека Техеран искрено сака да постигне договор.

„Тие сакаат да склучат договор. Тоа го знам. Се јавуваа во повеќе наврати. Сакаат да разговараат“, изјави тој, според цитатите.

Протестите започнаа на 28 декември на пазарите во главниот град Техеран, меѓу трговците незадоволни од лошите економски услови. Немирите брзо се проширија низ целата земја и прераснаа во демонстрации против властите поради влошувањето на животниот стандард и задушувањето на слободите.

Падот на ријалот во однос на доларот се случува во услови кога годишната стапка на инфлација изнесува 44,6 проценти, вклучувајќи речиси 90-процентно зголемување на цените на храната на годишно ниво.

Иранската економија со години се соочува со тешкотии под притисок на меѓународните санкции и последиците од 12-дневната војна со Израел во јуни минатата година.

Сведоштвата на очевидци и потврдените извештаи од организации за човекови права укажуваат дека насилното задушување на протестите го достигна својот врв на 8 и 9 јануари, кога безбедносните сили отворија оган со боева муниција врз демонстрантите.

Во услови на повеќенеделна блокада на интернетот, информациите за размерите на насилното задушување на протестите продолжуваат постепено да излегуваат на виделина.

Организацијата за следење на интернет-слободите NetBlocks соопшти во дневен извештај на 26 јануари дека блокадата сè уште трае, иако имало извештаи за ограничен пристап до интернет.

NetBlocks наведува дека ваквите „празнини“ се „затвораат со цел да се ограничи нивното заобиколување, додека одобрени сметки на режимот ја промовираат нарацијата на Исламската Република“.

Портпарол на иранската влада изјави на 27 јануари дека интернетот бил исклучен „за да се зачуваат човечки животи“, без да објасни што точно значат тие изјави.

И покрај тоа, нови снимки од задушувањето на протестите продолжуваат да се појавуваат на интернет, бидејќи Иранците се обидуваат да покажат колку брутална била репресијата.

ЕУ вложува 171 милион евра во инфраструктурата и приватниот сектор на Западен Балкан

Новиот пакет на поддршка опфаќа инвестициски придонеси од повеќе извори на финансирање на ЕУ
Новиот пакет на поддршка опфаќа инвестициски придонеси од повеќе извори на финансирање на ЕУ

Европската комисија најави поддршка во износ од 171 милион евра за поттикнување на развојот на инфраструктурата и растот на приватниот сектор во Западен Балкан.

Од овој износ, 94,7 милиони евра се наменети за инфраструктурни инвестиции, 76,3 милиони евра за поддршка на приватниот сектор, додека 2,9 милиони евра се определени за четири проекти за техничка помош во Албанија и Босна и Херцеговина.

Овие проекти се насочени кон подготовка на идни вложувања во секторите на енергетиката, водоснабдувањето, иновациите и истражувањата.

Средствата доделени за инфраструктурните проекти, според соопштението на Европската комисија, треба да мобилизираат вкупно 263 милиони евра инвестиции преку седум проекти во приоритетни сектори, вклучувајќи дигитализација, чиста енергија, човечки капитал, сообраќај и заштита на животната средина.

Проектите вклучуваат воведување широкопојасна инфраструктура во Албанија, унапредување на системот за пренос на електрична енергија во Северна Македонија, како и изградба и енергетски ефикасна обнова на образовни објекти во Северна Македонија и Црна Гора.

Како што наведуваат од Европската комисија, проектите ќе ги спроведуваат партнери од Западен Балкан во соработка со меѓународни финансиски институции.

„Вложувањето во нашите партнери на Западен Балкан е клучно за нивното приближување кон ЕУ. Повеќе од две години по усвојувањето на Планот за раст за Западен Балкан, работевме, вклучително и преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, на претворање на обврските во конкретни дела. Од унапредување на инфраструктурата до зајакнување на развојот на бизнисот, овие вложувања создаваат реални можности за граѓаните и ја прават ЕУ опиплива реалност низ целиот регион“, соопшти европската комесарка за проширување, Марта Кос.

Новиот пакет на поддршка опфаќа инвестициски придонеси од повеќе извори на финансирање на ЕУ, вклучително и Инструментот за претпристапна помош (ИПА), билатерални донатори преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и Инструментот за реформи и раст.

„Денешниот пакет за финансирање вклучува инвестициски проекти и проекти за техничка помош кои денес се одобрени, со што дополнително се зајакнува посветеноста на ЕУ на одржливиот раст и регионалната поврзаност во Западен Балкан“, наведува Европската комисија.

По одобрувањето од страна на Оперативниот одбор на Инвестициската рамка за Западен Балкан, проектите можат да преминат во фаза на имплементација.

Ова подразбира финализирање на потребните договори со партнерските институции и корисниците, започнување на подготвителни студии за активностите за техничка помош и завршување на процедурите неопходни за реализација на проектите од приватниот сектор.

По завршувањето на овие процеси, може да започне спроведувањето на поддржаните инвестиции.

Работниците утре на протест за повисоки плати

Фотоархива: Протест во Скопје
Фотоархива: Протест во Скопје

Сојузот на синдикати на Македонија денеска ( 27 јануари) ги повика сите оние кои не се задоволни од платата да се приклучат на утрешниот протест организиран против незголемувањето на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.

Аргументи има многу, изговори нема, 200 илјади луѓе живеат со плата под 30.000 денари, изјави денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Утрешниот протест, како што посочи, е поради „игнорантскиот однос на Владата и на работодавачите кои не се договорија за зголемување на сите палти за 100 евра преку зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра“.

„28 јануари е денот кога работниците зборуваат. Колку гласно ќе зборуваат, зависи од вас. Утре вашето присуство на улица ќе зборува погласно од секоја дискусија што сте ја воделе во семејствата и на вашите работни места. Овој протест е за вашите плати затоа што истите не стигнуваат од 1-ви до 1-ви“, рече Трендафилов.

Од ССМ најавуваат дека следниот ден по завршување на протестот ќе излезат со информации и докази за институциите во кои се врши притисок врз работниците да не се приклучат на протестот.

Протестот почнува утре во 17 часот од пред зградата на ССМ и продолжува пред Собранието и Стопанската комора за да заврши пред Владата.

Доколку нема слух од другата страна, ССМ најавува блокади на таргетирани институции, организирање на генерален штрајк и собирање на 10.000 потписи со кои ќе се бараат законски измени за намалување на функционерските плати за 80 проценти и зголемување на сите плати преку зголемувањето на минималната плата на најмалку 600 евра.

Премиерот, Христијан Мицкоски пак, одговарајќи на новинарско прашање во врска со протестот, денеска најави дека минималната плата законски се зголемува во март. Тој додаде и дека „секојима право да протестира“.

„Во согласност со законот, минималната плата ќе биде зголемена во март, односно платите што ќе ги добијат работниците во април за март ќе бидат зголемени. Ние рековме дека ќе го поддржиме секое решение што синдикатите ќе го постигнат со работодавците во дипартитен дијалог“, истакна Мицкоски.

Нов бран руски напади убија четворица, прекин на струја во неколку области на Украина

Последици од рускиот напад врз Одеса, Украина
Последици од рускиот напад врз Одеса, Украина

Руски воздушни напади погодија неколку региони низ Украина, при што загинаа неколку луѓе и беше оштетен енергетски објект во јужниот пристанишен град Одеса, а беше прекината и електричната енергија во Харкив, додека земјата се бори со прекини во снабдувањето со електрична енергија и греењето поради длабокиот зимски мраз.

Шефот на воената администрација на регионот Одеса, Олех Кипер, изјави дека градот бил погоден од голем напад со беспилотни летала, при што еден маж загинал, а најмалку 23 лица, вклучувајќи деца и бремена жена, биле повредени. Тој додаде дека неколку станбени згради биле оштетени, предизвикувајќи големи пожари, додека црква во центарот на градот и градинка биле погодени.

„Брутален“ напад врз Одеса

Брачен пар на возраст од околу 40 години наводно бил убиен во Славјанск во источниот регион Донецк, додека во друг напад со беспилотни летала во јужниот регион Запорожје, 58-годишник бил убиен дома.

„Брутален напад со беспилотни летала врз Одеса. Секој таков руски напад ја еродира дипломатијата што сè уште е во тек и ги поткопува напорите на партнерите кои помагаат да се заврши оваа војна“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на X.

Украина, Русија и Соединетите Држави се подготвени да ги продолжат преговорите во Абу Даби подоцна оваа недела по она што официјалните лица го оценија како „конструктивни“ мировни разговори минатиот викенд, дури и кога војната не покажува знаци на смирување додека се приближува кон четвртата година од почетокот на инвазијата.

Во исто време, нема знаци дека Кремљ се повлекува од своите долгогодишни максималистички барања.

Русија се обидува да се пробие кон запад преку источна Украина за да добие што е можно повеќе територија за време на мировните преговори. Голем дел од нејзините придобивки се во регионот Донецк, иако го продолжи притисокот и во регионот Харкив.

Специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин, Кирил Дмитриев, на 27 јануари изјави дека повлекувањето на Украина од регионот Донбас - индустриското срце на Украина - е „патот кон мирот“.

Но, за огромното мнозинство Украинци, откажувањето од Донбас - од кој Русија моментално контролира околу 90 проценти - или од која било друга територија формално или трајно е надвор од прашање.

Невидени прекини во снабдувањето со енергија

Оваа зима беше мизерна за милиони Украинци кои страдаат од невидени прекини во снабдувањето со енергија предизвикани од немилосрдни и насочени руски напади со беспилотни летала и ракети, кои сериозно ја оштетија инфраструктурата за греење и електрична енергија низ целата земја.

Од најмалку 9 јануари, кога беше најлошиот руски напад во Новата година, екипите за итни случаи брзаа да го одржат чекорот со уништувањето предизвикано од руските напади. Оштетени трафостаници, урнати далноводи, пукнати цевки за греење и топла вода и исклучени фабрики.

Гувернерот на регионот Харкив, Олех Синиехубов, рече дека руските напади во текот на ноќта на 27 јануари го прекинале снабдувањето со електрична енергија за околу 80 проценти од градот Харкив и околните области.

По рускиот напад, NetBlocks, организација за надзор на дигитални права и следење на поврзаноста, пријави прекин на интернетот во Харкив.

Во западна Украина, инфраструктурен објект во регионот Лвив беше оштетен во руски напад, информираше регионалниот гувернер Максим Козицки.

Тој не го прецизираше типот на објектот што бил цел, но рече дека службите за итни случаи работат на местото на настанот.

Русија негира дека намерно таргетирала цивили во Украина и покрај широките докази за спротивното од почетокот на нејзината целосна инвазија во 2022 година.

Автобуските превозници ќе протестираат со камионџиите ако не се најде поволно решение

Илустрација
Илустрација

Асоцијацијата на автобуските превозници „Исток“ укажува дека новиот начин на евиденција во шенген-зоната ги отежнува нивното секојдневно работење и редовното одржување на секојдневните меѓународни линии за превоз на патници.

Од европските институции бара фер и применливо решение што ќе го земе предвид специфичниот карактер на професионалниот превоз на патници и стока.

Претседателот на Асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски вели дека се подготвени на заеднички протест со камионските превозници доколку не се донесе поволна одлука, која ќе обезбеди непречено функционирање на меѓународниот превоз и заштита на стопанството.

„Изразуваме длабока загриженост од начинот на кој Европската Унија го применува правилото за престој (90/180) во шенген-зоната, кое без исклучок се однесува и на професионалните возачи. Нашите компании со години вршат превоз на балкански тури што гравитираат низ земјите во регионот, вршат меѓународен превоз организиран од страна на тур-оператори и туристички агенции, а новиот начин на евиденција го отежнува нивното секојдневно работење, како и редовното одржување на секојдневните меѓународни линии за превоз на патници“, изјави Трпковски за агенцијата МИА.

Според него, ако се земе предвид статистичкиот податок дека на месечно ниво во 2025 година во нашата држава во просек престојувале по 100.000 туристи за кои нашите превозници и туристички агенции извршиле превоз на разни дестинации, „последиците од мерката на Европската Унија би биле поразителни“

Трпковски додава дека ограничувањето на движењето на возачите
„предизвикува последици и врз фирмите и граѓаните“, но вели и дека тоа „ќе доведе до длабоки економски последици, намалување на приходите во туризмот, затварање многу фирми и мали бизниси, губење работни места, намалена конкурентност на нашите компании за превоз, губење на странските партнери и огромен пад во стопанството со огромно нарушување на туристичките, економските и трговските текови“.

Нашата заложба, дополнува тој, е идентична со ставовите на членките на Асоцијацијата „Макам-транс“ и сме подготвени на заеднички протест доколку не се донесе поволна одлука, која ќе обезбеди непречено функционирање на меѓународниот превоз и заштита на стопанството.

Камионските превозници од државава и нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, вчера почнаа блокада на товарниот сообраќај на премините кон шенген-зоната барајќи да се промени правилото на ЕУ за електронска евиденција за престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена.

Од Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија „Макам-транс“, вчера на првиот ден од протестот изразија надеж дека ќе наидат на разбирање од страна на европските држави.

„Станува збор за професионална дејност - транспортна. Лицето работи во сопствената држава, возилото е регистрирано во сопствената држава и едноставно, може да се каже дека Европа на овој начин сака да нè спречи да работиме“, изјави Билјана Муратовска од „Макам-транс“.

Економска оправданост за тоа да се обезбедуваат по двајца возачи кога нема доволно возила, според Муратовска, воопшто не постои. Не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи.

Посочи дека ова е огромна дискриминација кон патниот превоз затоа што со постојната регулатива Европската Унија го ослободила од броење денови за престој секој друг вид превоз - бродскиот, железничкиот и јавниот превоз.

Мицкоски побарал телефонски разговор со Фон дер Лајен за проблемот на превозниците

Премиерот, Христијан Мицкоски денеска (27 јануари) изјави дека очекува да се надмине овој проблем на македонските превозници.

Тој рече дека ова прашање е отворено уште од септември со Европската комисија и дека задолжен да разговара е министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, исто како што со ЕК досега се разговарало и за други проекти што се во интерес на граѓаните.

„Барем од она што е последна најава, очекувам ова да се реши. Јас вчера побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија (Урсула фон дер Лајен), таа е службено отсутна во Индија. Очекувам деновиве да се слушнеме и повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот повторно да ја ставиме на маса. ЕУ си има шенген-механизам до кој се држи и ние сега бараме варијанта како да им излеземе во пресрет на транспортерите“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при работната посета на општина Гази Баба.

Армијата годинава ќе ги добие сите 42 борбени возила „Страјкер“

илустрација
илустрација

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност на денеска, 27 јануари ја разгледа информацијата за потребата на доделување на амандаманот број 2 на договорот за техничка поддршка. Амандманот се однесува на договорот за набавка на 42 лесни оклопни возила на тркала STRYKER MK‑B‑UCE, склучен помеѓу владите на Република Северна Македонија и на Соединетите Американски Држави.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски при образложувањето на информацијата истакна дека се работи за технички амандман.

Тој потенцираше дека дека веќе 17 возила се на пристаништето во Грција и треба технички аранжман за да се помине по барање на САД како амандман за инсталација на целата опрема што стига.

„Се работи за технички аранжман, односно ова е технички амандман бидејќи знаете дека е потпишан договор за 42 борбени возила од типот „Страјкер“ со САД. Оваа година сите стигаат. Веќе 17 се на пристаништето во Грција и треба технички аранжман за да се помине по барање на САД како амандман за инсталација на целата опрема што стига итн. Како краен корисник е Министерството за одбрана и треба да се направи целосна обука. Ова е технички (амандман), како што бараат САД, да се направи аранжман за сите потоа да ги примиме и целосно да останат на Армијата. Нема ништо дополнително, Договорот е во ред“.

Мислајловски вели дека оваа година треба да пристигнат сите возила.

Купувањето преносливи системи за противоклопна борба од САД за потребите на Армијата на Северна Македонија е проект започнат во 2021 година и треба да заврши до 2028 година, објаснуваат од Министерството за одбрана.

Оклопни возила „џавелин“ и „страјкери“, системи за противвоздушна одбрана од Франција и артилериските системи од Турција, хеликоптери и софистицирани дронови се дел од опремата која во наредниот треба да ги набави Армијата.

Опремувањето на лесната пешадиска баталјонска група со преносливи системи за противоклопна борба за Армијата е само еден дел од договорот на Северна Македонија со САД. Вредноста на проектот за лесни оклопни возила е 200 милиони долари и неговото финансирање е комбинирано од државни пари и финансиски средства од владата на САД, исто како и во случајот со преносливите системи за противоклопна борба.

Во цената покрај лесните оклопни возила на тркала влегуваат и симулатори за обука, обука на персонал од Армијата за управување и одржување, резервни делови за поправки и потребното вооружување од различен вид и калибар за исполнување на мисијата на лесната пешадиска борбена група.

И од Владата и од Министерството за одбрана наведуваат дека купувањето нова опрема е за модернизација и опремување на Армијата за да се постигне „целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО“.

Возачите на камиони од Западен Балкан продолжуваат да ги блокираат границите

илустрација
илустрација

На 27 јануари, возачите на камиони од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија продолжија да ги блокираат граничните премини за товарен сообраќај.

По блокирањето на излезите претходниот ден, блокирањето на влезовите во овие земји од Западен Балкан започна на полноќ.

Возачите ги блокираат товарните терминали поради построгите процедури за влез во Шенген зоната. Тие наведуваат дека процедурите сега се покомплицирани и дека им го скратуваат престојот во земјите од Унијата.

Возачите на камиони бараат нивниот престој во ЕУ да се зголеми на четири месеци, наместо сегашните три на шест месеци.

Најавуваат дека блокадите ќе траат седум дена доколку прво не се најде решение.

Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, на 26 јануари изјави дека европските институции размислуваат и работат на наоѓање опции што би им овозможиле на одредени професионалци, вклучително и возачи на камиони, да останат на територијата на Шенген зоната подолго отколку што дозволуваат сегашните правила на Шенген.

„Свесни сме дека за одреден број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници, може да има потреба да останат во Шенген-зоната повеќе од 90 дена во период од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеја“, рече Ламерт.

Тој додаде дека Европската Унија е свесна за загриженоста изразена од транспортните оператори во регионот и дека внимателно ја следи ситуацијата и е во контакт со партнерите во Западен Балкан.

Кина ветува „поддршка“ за Куба по заканите од САД

илустрација
илустрација

Кина вети дека ќе ѝ пружи на Куба „поддршка и помош“ во услови на постојани закани од Соединетите Држави, кои пред неколку недели го отстранија сојузникот на Хавана во Венецуела, Николас Мадуро.

Пекинг и Хавана се долгогодишни социјалистички сојузници, а кинеските власти постојано се спротивставуваат на економската блокада што САД ја воведуваат на островот со децении.

Тензиите се засилија овој месец откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Куба „е подготвена да падне“.

Трамп ѝ порача на Хавана да „склучи договор“ или да плати цена слична на Венецуела, чиј поранешен лидер Мадуро беше заробен во американски бомбашки напад на 3 јануари во кој загинаа десетици луѓе.

„Кина ја изразува својата длабока загриженост и противење на постапките на Соединетите Држави“ врз Куба, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Гуо Џиакун, на редовната прес-конференција.

„Ги повикуваме Соединетите Американски Држави да престанат да го поткопуваат регионалниот мир и стабилност“, рече Гуо, апелирајќи до Вашингтон „веднаш да ја укине блокадата и санкциите против Куба“.

Тој додаде дека Кина ќе продолжи да ѝ пружа на Куба што е можно повеќе поддршка и помош.

„Политико“ минатата недела објави дека администрацијата на Трамп размислува за поморска блокада за да го запре целиот увоз на нафта во Куба.

Во извештајот се цитира лице запознаено со планот кое вели: „Енергијата е стисокот што ќе го убие режимот“.

Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел во саботата надгледуваше воени вежби, опишувајќи ги како средство за одвраќање од потенцијална агресија од Соединетите Американски Држави.

„Историски договор“ за слободна трговија меѓу ЕУ и Индија

илустрација
илустрација

Европската Унија и Индија ги завршија преговорите за договор за слободна трговија, изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и индискиот премиер, Нарендра Моди.

„ЕУ и Индија денес пишуваат историја, продлабочувајќи го партнерството меѓу најголемите демократии во светот. Создадовме зона на слободна трговија од 2 милијарди луѓе, при што двете страни ќе имаат економска добивка. Испративме сигнал до светот дека соработката заснована на правила сè уште дава одлични резултати“, рече Фон дер Лајен за време на самитот ЕУ-Индија во Њу Делхи.

Според договорот, Индија постепено треба да ги намали царините за увезени автомобили од 110% на дури 10%, а царините за автомобилски делови треба да бидат укинати по пет до 10 години, соопшти Комисијата.

Царините за машини, хемикалии и фармацевтски производи, исто така, ќе бидат „претежно елиминирани“, соопшти Комисијата.

Давачките за некои земјоделски производи на ЕУ, исто така, значително ќе бидат намалени, за вино треба да се намалат од 150% на 75%, а данокот од 40% за маслиновото масло треба да се отстрани.

Чувствителните земјоделски производи, вклучувајќи говедско месо, пилешко месо, ориз и шеќер, се исклучени од договорот, а стандардите на ЕУ треба да продолжат да важат за целиот индиски увоз, соопшти комисијата.

Пред да може да стапи во сила, договорот ќе мора формално да биде усвоен од земјите на ЕУ, како и од Европскиот парламент.

Француското собрание ја одобри забраната за социјални медиуми за лица под 15 години

илустрација
илустрација

Француското национално собрание гласаше за забрана на користењето на социјалните медиуми за деца под 15 години, јави ДПА.

Пратениците во Париз доцна синоќа, 26 јануари го усвоија нацрт-законот. Законот предвидува дека пристапот до онлајн услуга за социјално вмрежување обезбедена од онлајн платформа ќе биде забранет за малолетници под 15 години.

Текстот сè уште треба да биде одобрен од Сенатот, Горниот дом на францускиот Парламент, пренесе германската агенција.

Текстот усвоен од Долниот дом не прецизира кои платформи на социјалните медиуми ќе бидат опфатени со забраната. Меѓутоа, јасно е ставено до знаење дека „онлајн енциклопедии“, како и „образовни или научни текстови“, ќе бидат исклучок од забраната. Услугите за приватни пораки исто така нема да бидат засегнати.

Примарната верзија на законот што ја дискутираа пратениците беше помалку драстична, бидејќи на малолетниците им овозможуваше да продолжат да користат одредени платформи со согласност од родителите. Таа одредба сега е отфрлена.

Законот беше поддржан во Националното собрание главно од пратениците од таборот на францускиот претседател Емануел Макрон.

Во Австралија се гаснат сите социјални мрежи за младите под 16 години
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:35 0:00

По гласањето, Макрон напиша на платформата на социјалните медиуми X: „Ова е тоа што научниците го препорачуваат и тоа што Французите го бараат со огромно мнозинство“, пренесе ДПА.

Макрон вели дека сака мерката да стапи на сила до следната учебна година. „Од 1 септември, нашите деца и млади конечно ќе бидат заштитени. Ќе се погрижам за тоа“, напиша тој.

Франција веќе се обиде пред неколку години да воведе минимална возраст од 15 години за тинејџерите да креираат свои сметки на социјалните медиуми без согласност на родителите. Меѓутоа, законот не можеше да се спроведе поради законодавството на Европската унија. Дали новите правила се во согласност со важечкото законодавство на ЕУ останува да се види.

Минатата година, Европскиот парламент со големо мнозинство гласаше за барање за минимална возраст за користење на социјалните медиуми во цела ЕУ, иако усвоениот извештај нема обврзувачко правно дејство.

Доколку законот конечно биде усвоен, Франција ќе биде меѓу првите земји што ќе воведат толку строги ограничувања за пристапот на малолетниците до социјалните медиуми, пренесува ДПА.

Во Австралија, на децата и тинејџерите под 16 години неодамна им е забрането да имаат свои сметки на социјалните медиуми на многу големи платформи.

Во Обединетото Кралство, Домот на лордовите минатата недела гласаше за забрана на социјалните медиуми за лица под 16 години, за што сè уште е потребно одобрение од Долниот дом, во кој доминираат Лабуристите.

Во Данска, владата се согласи со опозицијата да воведе национална минимална возраст од 15 години за пристап до одредени платформи на социјалните медиуми.

Во Германија, во тек е дебата за тоа дали пристапот на децата до социјалните медиуми треба да биде ограничен.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG