Достапни линкови

Вести

СЗО ги повика богатите земји наместо да вакцинираат деца, да ги донираат вакцините

Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус

Светската здравствена организација ги повика богатите земји да ги преиспитаат плановите да ги користат своите залихи на вакцини против ковид-19 за да вакцинираат деца и наместо тоа да ги донираат за употреба во посиромашните земји.

Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус на виртуелен состанок во Женева рече дека разбира зошто некои земји сакаат да вакцинираат деца и адолесценти, „но сега ги повикувам да размислат и наместо тоа да донираат вакцини на Ковакс“.

Ковакс е глобален механизам за споделување и дистрибуција на вакцини во сиромашните земји. Досега се испорача околу 60 милиони дози, но, механизмот се бори да ги исполни целите на снабдувањето, делумно поради ограничувањата на индискиот извоз на вакцината АстраЗенека поради растечка пандемија во земјата.

СЗО се надева дека повеќе земји ќе ги следат Франција и Шведска во донирање вакцини по имунизацијата на нивните приоритетни групи. Канада и САД се меѓу земјите кои имаат овластени вакцини за употреба кај адолесценти.

Досега, околу 1,26 милијарди дози вакцини се администрирани на глобално ниво, но повеќето од нив се во богати земји.

види ги сите денешни вести

Вооружена пресметка меѓу мигранти во Суботица

илустрација

На периферијата на Суботица утрово дошло до вооружена пресметка меѓу мигранти. Според првичните информации, еден мигрант им подлегнал на повредите, а седуммина се повредени, јави дописникот на МИА од Белград.

Повредените мигранти се згрижени во болницата во Суботица, а меѓу нив има и 16-годишно девојче чиј живот е во животна опасност.

До судирот меѓу две ривалски групи мигранти најверојатно дошло поради расправија кој ќе ги шверцува мигрантите преку блиската српско-унгараска граница..

Најмалку 15 возила на жандармеријата и полицијата се на терен. Полицијата ги блокирала приодите до шумата каде се случила пресметката, а на местото на конфликтот пристигнат е и министерот за внатрешни работи Александар Вулин.

Градоначалникот на Суботица, Стеван Бакиќ, по повод инцидентот изјави дека локалното население со овој настан не е загрозено и дека не е загрижен за безбедноста на жителите на Суботица, но додаде дека безбедноста на граѓаните на Суботица ќе се подигне на повисоко ниво по овој конфликт.

Како што објасни Мирсад Налиќ, претседателот на Советот на месната заедница Маково во Суботица, конфликтот меѓу мигрантите, Авганистанци и Пакистанци се случил рано утрото во блиската шума.

„Овде со денови од утро до вечер поминуваат такси возила со сомборски регистерски таблички и ги носат во шума. Полицијата ги враќа назад, но по еден час се враќаат. Се уште не се знае точно што се случило во шумата, полицијата е на терен и сите пофалби за нивната работа“, изјави Налиќ.

Не помина предлогот за покачување на платите во јавниот сектор, ССМ продолжува со протести

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски

Собраниската Комисија за финансирање и буџет на денешната седница не го одобри предлогот за линерално покачување на платите во јавниот сектор, а од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) побараа оставка од пратениците кои гласаа против предлогот.

„Благодарам на овие ненародни пратеници кои изгласаа „не“ за покачување на платите на работникот, тоа се пратениците Марија Ѓоргиеска, Даниела Марковска, Диме Велкоски, Марија Кочоска, Коле Чакарлиев, Арта Биљали Зендели, Бајрами кадрија и Панчо Минов кој не сакаше да гласа. Никогаш повеќе пратеници, никогаш повеќе гласот на работниците оставка одма,“ порача денеска претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Побара оставка и од заменикот министерот Филип Николовски, кој пак рече дека веќе е договорено зголемување на платите за околу 90.000 лица во јавниот сектор од вкупно 130.000.

Димовски информира дека штрајкот продолжува и изрази надеж дека премиерот ќе ги сфати нивните барања и ќе излезе во пресрет на работникот за „неопходните 2 806 денари за егзистенција“

На десеттиот, последен ден од амандмантската расправа на Комисијата за финансирање и буџет беа прифатени двата амандмана на СДСМ, кои се однесуваат за набавка на опрема и машини за јавно здравствените установи.

Од поднесени 204 амандмани, од кои над 170 на ВМРО-ДПМНЕ, 28 на Алијанса на Албанците и два на СДСМ, беа прифатени околу десет.

Врховниот суд во Тексас го укина правото на абортус

Активисти против абортусот пред Врховниот суд на Соединетите Држави во Вашингтон, 13 јуни 2022

Врховниот суд на Тексас го блокираше налогот на понискиот суд со кој им се дозволува на клиниките да продолжат со абортуси, само неколку дена откако некои лекари продолжија да примаат пациенти, објави АП.

Сослушувањето е закажано за крајот на овој месец, а се уште не е јасно дали клиниките во Тексас, кои продолжија да примаат пациенти оваа недела, повторно ќе ги прекинат услугите.

Некои клиники во Тексас ги враќаат пациентите, некои ги префрлаат во други градови каде што примаат пациенти, некои сега потенцијално повторно ги откажуваат прегледите и сето тоа се случува во рок од седум дена, илустрирајќи ја конфузијата и препукувањата што се случуваат низ целата земја откако е поништена пресудата позната како „Ро против Вејд“. Во пресудата „Ро против Вејд“ од 1973 година, Врховниот суд со седум гласа „за“ и два против им даде право на жените на абортус, заштитено со американскиот устав.

Врховниот суд на Соединетите Држави на 24 јуни ја објави пресудата со која стави крај на полувековното право на абортус во целата земја. Во пресудата судот нагласи дека абортусот не е забранет, но дека сега поединечни држави можат сами да дозволат или ограничат прекин на бременоста.

Судијата во Хјустон на почетокот на оваа недела издаде наредба што беше доволна за некои клиники привремено да продолжат со абортуси до шестата недела од бременоста. После тоа, државниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, побара од највисокиот суд во државата, кој има девет републикански судии, привремено да ја стави наредбата во мирување.

Употребата на апчиња за абортус е најчестиот метод за прекинување на бременоста во САД од 2000 година, кога американската Администрација за храна и лекови (ФДА) го одобри мифепристон - главниот лек што се користи за медицински абортуси. Овој лек се зема со мизопростол, лек кој предизвикува грчеви кои ја празнат матката.

Пристапот до пилулата стана клучен во битката за правата за абортус, при што администрацијата на претседателот Џо Бајден тврди дека државите не можат да забранат лек одобрен од ФДА.

Киев бара Турција да го задржи бродот со руско знаме што пренесува украинско жито

илустрација

Украина побара од Турција да го задржи товарниот брод под руско знаме за кој се верува дека превезува украинско жито за кое Киев вели дека тргнал од Бердјанск, украинско пристаниште окупирано од руските сили.

Украинскиот амбасадор во Анкара рече дека бродот „Жибек Жоли“ стигнал до турското пристаниште Карасу откако испловил од Бердјанск на Азовското Море.

Амбасадорот Васил Боднар на Твитер напиша дека врз основа на инструкциите на украинскиот генерален обвинител, „побаравме од турската страна да преземе соодветни мерки“.

Во твитовите на амбасадорот не е прецизиран товарот на бродот, но Евгениј Балицки, шеф на управата назначена од Москва во областа Запорожје, на 30 јуни на Телеграм изјави дека трговски брод со 7.000 тони жито го напуштил Бердјанск.

Тој рече дека се упатил кон „пријателските земји“, но не ги именуваше ниту пак даде детали за потеклото на житото.

Во писмото до Министерството за правда на Турција се наведува дека Жибек Жоли бил вклучен во „нелегалниот извоз на украинско жито“ од Бердјанск, пренесе агенцијата Ројтерс, која соопшти дека имала увид во документот.

Асанж поднесе жалба на одлуката за екстрадиција во САД

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж поднесе жалба до Високиот суд во Лондон да ја блокира неговата екстрадиција во САД.

Американските власти го бараат 50-годишниот Асанж по 18 точки, вклучително и обвинение за шпионажа, поврзани со објавувањето на огромни количини доверливи американски воени досиеја и дипломатски телеграми на Викиликс, за кои Вашингтон вели дека довеле во опасност животи.

Минатиот месец, британската министерка за внатрешни работи Прити Пател ја одобри неговата екстрадиција во САД. Нејзината канцеларија соопшти дека британските судови донеле одлука дека екстрадицијата на Асанж не е некомпатибилна со неговите човекови права и дека тој ќе биде соодветно третиран.

Адвокатскиот тим на Асанж ја обжали одлуката до Високиот суд, потврди неговиот брат Габриел Шиптон. Судот мора да ја одобри жалбата, но правниот случај најверојатно ќе се одолговлекува со месеци.

„Ја повикуваме и австралиската влада веднаш да интервенира во случајот за да се стави крај на овој кошмар“, изјави Шиптон за Ројтерс, бидејќи Џулијан е роден во Австралија.

Соединетите Држави го бараат Асанж поради објавување доверливи воени документи и дипломатски телеграми, а се соочува со 18 обвиненија, вклучително и шпионажа.

Во 2010 година, неговиот Викиликс објави стотици илјади дипломатски документи и досиеја кои откриваат воени злосторства извршени од американските војници за време на воените операции во Авганистан и Ирак.

Соединетите Држави велат дека протекувањето на податоците го прекршило законот и претставувало закана по живот, додека Асанж верува дека случајот е политички мотивиран.

Асанж, кој негира дека сторил какво било кривично дело, е во лондонскиот затвор Белмарш од 2019 година. Тој беше уапсен откако беше исфрлен од амбасадата на Еквадор во Лондон поради прекршување на условите за кауција.

Почнуваат консултациите за формирање нова бугарска влада

илустрација

Најголемата партија во бугарскиот парламент „Продолжуваме со промените“ почнува коалициски преговори за поддршка за нова влада, јави дописникот на МИА од Софија.

Целта на „Продолжуваме со промените“ е да собере 121 бугарски парламентарец за поддршка на програмата за управување во следните шест месеци и водење на Бугарија низ економската и политичката криза.

Денеска во Народното собрание на Бугарија „Продолжуваме со промените“ ќе има консултации со Бугарската социјалистичка партија и со „Демократска Бугарија“.

„Продолжуваме со промените“ има рок до петок, 8 јули, во 17 часот, да го информира претседателот на Бугарија, Румен Радев, дали има парламентарна поддршка и мнозинство да управува во Народното собрание.

Министерот за иновации и развој Даниел Лорер за БНТ изјави дека е оптимист за формирање нова бугарска влада во рамките на 47. Народно собрание. Тој рече дека Кирил Петков ќе продолжи да биде активен дел од власта, но засега никој не размислува за места и позиции, туку за парламентарна поддршка.

Османи: Во рамката ќе стои македонски јазик, лага е дека има фуснота

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска пред медиумите го образложуваше новиот француски предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ, уверувајќи дека прашањето на македонскиот јазик е решено и дека треба да се „демонтираат“ сите лаги поврзани со него.

Османи тврди дека во рамката што треба да биде потпишана со Европската унија ќе стои дека Северна Македонија ќе го преведе законодавството на македонски јазик исто како и во рамките на други земји. Бугарија, како што тврди, ќе го искаже во изјава согласно Португалскиот предлог, односно дека македонскиот јазик не постоел до 1945 година и дека бил еден од нивните дијалекти. Северна Македонија, вели Османи, во записникот ќе има исто така своја изјава.

„Во ЕУ досега никогаш не е потпишан европски документ во кој стои македонски јазик. Да, има еднострана изјава на Бугарија, но не во рамката, туку во записникот. Тоа е мислење, кое не влегува во документот и заклучоците, и тоа еднаш и никогаш повеќе“, вели Османи.

За шефот на македонската дипломатија, најголемата разлика помеѓу новиот и стариот француски предлог е тоа што македонскиот јазик останува заштитен во ЕУ и хронолошки биле отфрлани предлозите „јазик на Северна Македонија“, „јазик согласно Уставот“ и фуснота со ѕвездичка дека македонски јазик за Бугарија е неприфатливо.

Според Османи, македонската дипломатија убедила 26 земји-членки дека тоа е неприфатливо.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека предлогот не смее да се прифати затоа што тоа ќе значи бугаризирање и асимилација во ЕУ. Од партијата ги повикаа граѓаните на протест, вечер во 19 часот пред платото на Владата, за да како што велат да кажат НЕ на предлогот.

Османи пак вели дека е ирационално и штетно да се тврди дека ќе има смена на идентитет, бугаризација. Напротив, вели шефот на дипломатијата, се затвора еднаш засекогаш прашањето за јазикот, кој беше оспоруван од некои во ЕУ.

Тој тврди дека обврските на Северна Македонија по билатералните прашања кон добрососедските односи не се вклучени во преговарачката рамка.

Во „Годишните мерки и прегледи за имплементација“ немало ништо спорно, тврди Османи откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски посочи дека токму тој дел кој реферира на член 12 од Договорот за добрососедство ќе биде одлучувачки член врз основа на кој ние или ќе напредуваме или ќе бидеме подложни на вето од источниот сосед.

Инаку оваа рамка се усвојува истиот ден кога ние ќе кажеме „да“ за документот. Со новиот предлог, преговорите ќе започнат пред уставните промени.

Паси: НАТО и ЕУ ја поддржаа Бугарија за нејзината одлука да протера 70 руски дипломати

Поранешната министерка за европски прашања на Бугарија Гергана Паси

Поранешната министерка за европски прашања на Бугарија Гергана Паси во врска со одлуката на Софија да протера 70 руски дипломатски претставници и одбиениот ултиматум на руската амбасадорка Елеонора Митрофанова за Еуроњуз Бугарија изјави дека нејзината земја добила целосна поддршка од НАТО и од високиот претставник за надворешни работи на ЕУ и дека е целосно во согласност со меѓународното законодавство, Виенската конвенција и националните интереси на Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Паси смета дека овие 70 вработени во руската амбасада во Софија, без разлика дали имаат дипломатски или технички статус, практично се воени единици под дипломатско покритие.

„А, очигледно одлуката на премиерот и владата на Бугарија одговара на националниот интерес и безбедноста на државата“, истакна таа.

Гергана Паси изјави дека нема сомнеж дека оваа одлука е исправна и нема да има поголема грешка од чекор назад, а премиерот во оставка Кирил Петков даде многу јасен сигнал дека нема такви намери.

Во недела истекува рокот што бугарските власти им го дадоа на 70 руски дипломати, меѓу кои и технички персонал, да ја напуштат Бугарија бидејќи „биле вмешани во шпионажа“

Ексползии во Миколаев, руските напади продолжуваат

илустрација

Силни експлозии утринава се слушнале во јужниот украински град Миколаев, изјавил градоначалникот Олександр Сенкевич, пренесуваат агенциите. Жителите на овој град добиле препорака да останат во засолништата.

Сирените за воздушен напад се огласиле во регионот на Миколаев кој се наоѓа во близина на пристаништето Одеса.

„Во градот има силни експлозии, останете засолнети“, напиша градоначалникот Сенкевич.

Експлозиите следуваат откако вчера со руски ракетни удари во близина на Одеса настрадаа над 20 луѓе, меѓу кои и две деца, јавија локалните власти. Во средата осуммина загинаа откако ракета погоди станбена зграда токму во Миколаев.

Вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј песков порача дека Русија не гаѓа цивилни цели во Украина.

Русија ја интензивираше својата кампања на ракетни напади врз украинските градови за да ја поддржи својата офанзива во регионот на Донбас, чија цел е да обезбеди целосна контрола врз регионите Луганск и Доњецк.

Руските сили, наводно, се спремни да го заземат градот Луганск откако го зазедоа блискиот град Северодонецк на крајот од минатиот месец.

Борбите се интензивни во градот Лисичанск, веднаш преку реката Сиверски Донец од Северодонецк.

Демонстрантите ја запалија зградата на либискиот парламент

илустрација

Демонстрантите ја запалија зградата на либискиот парламент во источниот град Тобрук, протестирајќи против влошувањето на условите за живот и политичкиот ќорсокак, пренесе АФП, повикувајќи се на либиски медиуми.

Неколку телевизиски станици објавија дека демонстрантите „успеале во петокот, на 1 јули, да влезат во зградата и да извршат вандализам“, додека медиумите прикажуваа слики од густи колони црн чад додека демонстрантите палеа гуми.

Други медиуми наведуваат дека изгорел дел од зградата. Парламентот беше празен, бидејќи петок е неработен ден во Либија.

Во Либија со месеци траат демонстрации поради влошените услови за живот и политичкиот ќорсокак. Во делови од таа земја веќе неколку дена нема струја, по блокадата на нафтените постројки.

Либискиот парламент, наречен Претставнички дом, беше формиран во Тобрук, стотици километри источно од главниот град Триполи, по поделбата во 2014 година меѓу силите кои ги контролираат истокот и западот на земјата.

Второто, ривалско тело, официјално познато како Висок државен совет, е со седиште во Триполи.

Оваа северноафриканска земја богата со нафта беше уништена од конфликтите кои започнаа во 2011 година, кога деценискиот лидер Гадафи беше соборен и убиен за време на бунтот поддржан од НАТО, потсетува агенцијата АП.

Земјата сега е клучна појдовна точка за илјадници мигранти кои патуваат во Европа, а некогаш имаше еден од највисоките животни стандарди во Африка, со бесплатно здравство и бесплатно образование, наведува Би-Би-Си.

Во бројни либиски градови денеска се одржуваат протести поради постојаните прекини на струја, зголемените цени и политичкиот ќорсокак. Во главниот град Триполи, каде владее ривалската администрација, демонстрантите повикаа на избори.

Бербок: Не смееме повеќе да губиме време на Западен Балкан

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок

Не смееме повеќе да губиме време во интеграцијата и зближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. Според неа, „не смее да има простор на Балканот што може да го пополни Русија или други актери“.

„Во побрзото поврзување на земјите од регионот со ЕУ не се работи само за нашиот геополитички кредибилитет“, истакна таа по средбата со нејзината словенечка колешка Тања Фајон.

Таа додаде дека освен Русија, за посилно влијание врз земјите од Западен Балкан се бори и Кина.

Според неа, ЕУ одамна требаше да ги исполни своите ветувања во однос на пристапните преговори со земјите од регионот, особено во однос на отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

„Тоа е во наш стратешки интерес и исто така е прашање на нашата сигурност“, рече германската министерка.

Бербок вели дека францускиот предлог е „единствена можност“.

„Конечно мораме заедно да го направиме тој чекор“, изјави Бербок.

Таа смета дека ЕУ доколку не ги исполни ветувањата, другите ќе го пополнат просторот во регионот, а многу млади луѓе кои сакаат „заедничка европска куќа“ ќе бидат разочарани.

Силен земјотрес во Иран, петмина мртви и над 40 повредени

илустрација

Силен земјотрес го потресе јужниот дел на Иран во текот на ноќта, соопштија властите на 2 јули.

Иранската државна телевизија јави дека најмалку пет лица загинале, а 44 се повредени во земјотресот со јачина од 6,3 степени, чиј епицентар бил на околу 1.000 километри јужно од Техеран во провинцијата Хормозган.

Спасувачките екипи се на местото на настанот додека последователните потреси продолжија да ги бркаат локалните жители на улиците.

Земјотресот оштети згради и други објекти во селото Сајех Хош, каде живеат околу 300 луѓе.

Во 1990 година, земјата беше погодена од земјотрес со јачина од 7,4 степени во северниот дел на земјата во кој загинаа повеќе од 40.000 луѓе. Во 2003 година, земјотрес со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала во јужната провинција Керман остави повеќе од 31.000 мртви.

Василев го доби мандатот за формирање нова Влада во Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев во петокот му го врачи мандатот за формирање нова влада на министерот за финансии Асен Василев.

Премиерот во заминување Кирил Петков, прозападен реформист, кој поднесе оставка претходно оваа недела по гласањето недоверба, претходно изјави дека неговата центристичка партија Да продолжиме со промените (ПП) ќе го номинира Василев за следен премиер на земјата.

Василев сега има седум дена да се обиде да стави крај на последната политичка криза во Бугарија, за која Радев предупреди дека е и економска и социјална.

Василев мора да му предложи кабинет на Радев за одобрување, а потоа да се соочи со гласање за доверба во парламентот.

Василев рече дека сите се свесни за кризата со која се соочува Бугарија, додавајќи дека ќе биде важно владата „да работи во интерес на граѓаните, а не во интерес на статус кво“.

Василев го доби мандатот откако левичарската Бугарска социјалистичка партија (БСП), партнер во коалицијата на Петков, ја отфрли можноста да го поддржи.

БСП, традиционално пријателски настроена кон Москва, вели дека е лута од одлуката на Петков да протера руски дипломати. На 28 јуни Петков објави дека Бугарија протерува 70 руски дипломати кои работеле против бугарските интереси.

Претпладне сончево и топло, попладне дожд

илустрација

Денеска претпладне ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.

Попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а на места ќе има услови за појава на невреме со појава на град и силен ветер.

Минималната температура ќе биде од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.

Во Скопје и во околината ќе биде сончево и топло со слаб до умерен североисточен ветер. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 36 степени.

УНЕСКО одобри, Украина прогласи победа над Русија за супата од цвекло

Украинската чорба со цвекло наречена борш

УНЕСКО, културната агенција на ОН официјално го признава готвењето на супата од цвекло наречена борш како дел од културното наследство на Украина, и покрај сличните тврдења на Русија.

Културата на готвењето на украинскиот борш „денес беше впишана на списокот на УНЕСКО за нематеријално културно наследство кое треба итно да се заштити“ од Комитетот на УНЕСКО.

Одлуката беше одобрена по брзиот процес поттикнат од руската инвазија на Украина и „негативното влијание врз оваа традиција“ предизвикано од војната, се вели во денешното соопштение на УНЕСКО.

„Од почетокот на војната во Украина, УНЕСКО иницираше низа вонредни мерки во областа на културата, образованието, како и заштитата на новинарите, во согласност со мандатот на УНЕСКО“, додаде УНЕСКО.

Украинскиот министер за култура Олександр Ткаченко го поздрави потегот на УНЕСКО, нарекувајќи го „победа на Украина во војната со боршот“.

„И запомнете и бидете сигурни дека ќе победиме и во војната за боршот и во оваа војна“, мислејќи на руската инвазија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG