Достапни линкови

Вести

Германија и Словачка бараат Скопје и Тирана заедно да ги почнат преговорите со ЕУ

Илустрација. Германскиот министер за Европа, Михаел Рот во Скопје / Mihael Roth

Германскиот министер за Европа Михаел Рот и словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок на Твитер објавија дека Германија и Словачка се залагаат С Македонија и Албанија во јуни заедно да ги почнат преговорите за членство во ЕУ.

"Германија ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија во јуни. Двете земји ги испорачаа бараните реформи – сега мора и ЕУ да испорача. Понатамошното одложување ги поткопува кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот", напиша Рот.

До ова доаѓа по најавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за Еуроњуз дека Брисел би можел да ги почне пристапните преговори со Тирана, ако Скопје и Софија не изнајдат заеднички прифатливо решение за историскиот спор.

Вархеји: Можно е раздвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ

Шефот на дипломатијата на Словачка, Корчок, пак, смета дека Советот на ЕУ треба да го тргне ветото за С Македонија што го стави Бугарија.

"Кредибилна политика за проширување на ЕУ сега значи отфрлање на ветото во Советот, кој треба да го признае напредокот на Северна Македонија и Албанија. Одржувањето на меѓувладините конференции со двете земји веќе многу дозцни", напиша Корчок.

Можноста за раздвојување на Македонија и Албанија, Вархеји ја најави и за време на посетата на Скопје во вторникот.

види ги сите денешни вести

Литванија ќе „употребува сила“ против илегалните мигранти

Полицијата и илегалните мигранти на границата меѓу Литванија и Белорусија на 2 август, 2021 година.

Властите на Литванија соопштија дека на нивните граничари им било наредено да ги вратат мигрантите кои се обидуваат илегално да влезат во земјата од соседна Белорусија. Министерството за внатрешни работи порача дека „употребата на сила зависи од околностите“.

Локалните и европските службеници обвинуваат дека напливот на илегални премини од Белорусија, претежно ирачки државјани се должи на обидите на белорускиот претседател Александар Лукашенко да остане на власт и да се спротивстави на меѓународниот притисок по спорните избори во земјата пред една година.

„Прво, полицајците на границата со Литванија им велат (на мигрантите) дека се изгубени, дека пристигнале во прекрасната земја Белорусија и отишле на погрешен пат додека уживале во природата, но сега мора да вратат назад“, им рече на новинарите литванскиот заменик министер за внатрешни работи Арнолдас Абрамавичиус.

Тој додаде дека безбедносните сили можат да користат сила доколу тоа е потребно.

„Не може да се исклучи дека полицајците ќе се соочат со агресија од мигрантите“, рече тој.

Објавата на Вилнус е откако вчера рекордни 287 мигранти преминаа од Белорусија додека еврокомесарот за внатрешни работи, Јива Јохансон беше во посета на Литванија за да помогне во справувањето со кризата.

„Ова е провокација на режимот на Лукашенко. Мораме да покажеме дека нема слободен пристап до територијата на ЕУ“ рече Јохансон во Литванија, каде Европската унија вети помош од милиони евра за да му помогне на Вилнус да го реши проблемот.

Од почетокот на годината, повеќе од 3.800 мигранти влегле во Литванија, наспроти повеќе од 80 минатата година. Повеќе од две третини од мигрантите се ирачки државјани. Ирачките авиокомпании ги зголемија летовите од Багдад до Минск.

Возовите по 16 часот нема да сообраќаат

Илустрација

Машинскиот персонал во Железници Транспорт ќе бојкотира поради неисплатениот втор дел од платата за јуни годинава, поради што попладне по 16 часот нема да ги извршува работните задачи, изјави за МИА, Тони Димовски, претставник на машинскиот персонал во Железници Транспорт. Одлуката е донесена на денешниот собир на машиновозачите и помошниците, а бојкотот значи дека нема да тргнат патничките и товарните возови по 16 часот денеска.

Во возниот ред за попладне, како што информира Димовски, се предвидени сообраќања на возовите на релацијата Скопје-Гевгелија и Скопје-Велес, како и неколку товарни возови.

„Ние баравме платата да биде исплатена до 25 наредниот месец или да не извести менаџерскиот тим дека ќе доцни платата, но се уште не сме известени“, изјави Димовски. Освен исплата на платата бараат да им се исплати и надомест за квалитет.

Нови 37 случаи на ковид-19

Во последните 24 часа се регистрирани 37 нови случаи на ковид-19 од направени 3.658 тестирања, соопшти Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје.

Во Скопје има 15 нови случаи, Тетово – 8, Куманово – 4, Гостивар – 3, Кичево – 2, Битола, Струмица, Кочани, Радовиш и Дебар - по 1.

Регистрирани сe 23 оздравени пациенти. Не се пријавени починати лица.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 156.543 бројката на оздравени пациенти е 150.422, на починати е 5.494, а бројот на активни случаи изнесува 627.

Србија праќа четири хеликоптери, најавена помош и од Словенија и Грција

Авиони за гаснење пожар

Се очекува од Србија да пристигнат четири хеликоптери на скопскиот аеродром, кои ќе бидат употребени за гаснење на пожарите во попладневните часови. Исто така, потврден одговор за помош при гаснење на пожарите има и од Словенија и Грција, рече денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Тој додаде дека неколку силни пожари се веќе ставени под контрола, неколку се локализирани. Но, бројот на пилотите е ограничен.

Ангелов рече дека вчера на располагање бил само еден хеликоптер, а во текот на ноќта вториот бил сервисиран на лице место. Вработените се изложуваат на надчовечки напори да го оспособат и вториот хеликоптер за да може безбедно да лета, додаде Ангелов.

За гаснење на пожарите се активирани сите расположливи сили, а на терен има и 200 припадници на Армијата. Ситуацијата со пожарите е најлоша во Старо Нагоричане, а во Кочани нема опасност по градот, но пожарот се уште не е изгаснат, рече Ангелов.

Хрватите шампиони во дебелина во земјите на ЕУ

Според податоците од последното големо истражување за здравјето на граѓаните на ЕУ, Хрватска е најлошо рангирана земја кога станува збор за прекумерната тежина, пишува загрепскиот весник „ Јутарњи лист“.

Во него се наведува дека убедливи шампиони во дебелината се мажите во Хрватска, бидејќи дури 73 проценти од нив имаат прекумерна тежина. Франција има најмал број мажи со прекумерна тежина – 53 проценти.

Италија има најнизок процент на жени со прекумерна тежина во ЕУ – 37 проценти, а во Хрватска тој процент е 58.

Според проценките од публикацијата на ОЕЦД – „Тешкиот товар на дебелината“, прекумерната тежина во Хрватска се поврзува со очекуваното намалување на животниот век за три и пол години. До 2050 година, прекумерната тежина се предвидува да биде одговорна за 75 проценти од случаите на дијабетес, 10 проценти од кардиоваскуларните болести, седум проценти од случаите на деменција и пет проценти од случаите на рак.

Во хрватската статистика за прекумерна тежина, посебно преголема маса имаат 27,3 проценти од лицата на возраст од 18 до 24 години, 45,1 проценти од лицата на возраст од 25 до 34 години, 59,8 проценти од оние на возраст од 35 до 44 години и дури 66,6 проценти од лицата на возраст меѓу 45 и 54 години.

Осудена и портпаролката на Навални

Љубов Собол и нејзиниот адвокат.

На 18 месеци условна казна со ограничување на слободата на движење е осудена Љубов Собол, соработничката на рускиот опозиционер Алексеј Навални. Денеска Судот во Москва ја прогласи за виновна за јавно повикување на кршење на санитарните и епидемиолошките безбедносни мерки. Портпаролката на Навални во јануари повикуваше луѓе да учествуваат на собирите за поддршка на Навални.

Според пресудата, на Собол и е забрането да го напушта својот дом помеѓу 22,00 часот навечер и 6.00 часот наутро и не смее да присуство на јавни настани или да ја напушта Москва. Исто така, Собол треба три пати месечно да се јавува кај службеник за условно ослободување.

Одбраната на Собол ја критикуваше пресудата и најавија жалба. Собол беше отстранета од судницата додека и се изрекуваше пресудата, оти таа го пренесуваше процесот во живо преку својот мобилен телефон.

Случајот против Собол беше покренат откако таа и неколку други соработници и поддржувачи на Навални беа приведени во пресрет на масовни собири против последното апсење на Навални, кон крајот на јануари, за кои протести немаше одобрени.

Ангелов - Нема потреба од прогласување кризна состојба поради пожарите

Шумски пожари во Македонија

Нема потреба од прогласување кризна состојба во државата поради пожарите, рече денеска на прес-конференција директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Денеска на седница директорите на неколку институции од полето на безбедноста разговарале за состојбата и било одлучено дека нема потреба од прогласување кризна состојба, но дека институциите постојано ќе ја следат состојбата.

„И доколку работата тргне на полошо набрзина ќе одржиме седница на која ќе побараме да биде прогласена кризна состојба на дел од територијата на државата, онаму каде што е зафатена со пожар“, рече Ангелов.

Ангелов рече дека сега се користат сите расположливи ресурси на Армијата, а се отворени и сите канали за добивање меѓународна помош и дека тоа функционираат и без прогласена кризна состојба.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара одговорност од власта поради пожарите кои избувнаа на повеќе локации во земјава.

„Од власта веќе никој не бара одговори, од нив бараме само одговорност. Мизерна неспособност!, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.

УНИЦЕФ – Секое трето семејство во Либан има дете со последици од експлозијата во бејрутското пристаниште

Годишнина од експлозијата на пристаништето во Бејрут

Секое трето семејство во Либан има дете кое и понатаму чувствува последици од големата експлозија во пристаништето во Бејрут пред една година, кога загинаа повеќе од 200 луѓе, соопшти денеска Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ).

„Секое трето семејство, 34 отсто, има деца кои и понатаму покажуваат значи на сред“, се наведува во соопштението на УНИЦЕФ.

Организацијата во јуни спроведе истражување меѓу 1200 семејства. Меѓу возрасните тој процент е уште повисок, односно 45,6 отсто од возрасните сè уште чувствуваат последици. Експлозијата која се случи на 4 август минатата година беше предизвикана од палење на стотина тони амониум нитрат, експлозивно ѓубриво кое со години било непрописно складирано. Во експлозијата загинаа над 200 луѓе, над 6500 беа повредени, а беше уништено пристаништето и дел од главниот град Либан.

Портокалов аларм во следните два дена

Скопје на плус 40 степени.

Во следните два дена (среда и четврток) целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза. Од Министерството за здравство соопштија дека се активираат мерките за заштита на здравјето согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

Се препорачува да се ослободат од работа најранливите категории, како бремени и луѓе над 60 години. Градинките да немаат активности на отворено во период од 11 до 17 часот. Локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјална грижа да се погрижат и да дадат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници.

Се препорачува работодавачите да ги почитуваат законите и да не ги изложуваат работниците на топло.

Препораките до граѓаните се седат во климитазирани простории, да не излегуваат на отворено, ако тоа не е неопходно, да носат светла и лесна облека, да се заштитат од сонцето, да јадат помалку и полесна храна и да пијат повеќе течности. На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува овошјето и зеленчукот пред да се употребува да се мие.

Активни пожари на повеќе места

Пожар во Кокино, кај Старо Нагоричане, кумановско.

Активни пожари има во кумановскиот, во струмичкиот, битолскиот, штипскиот и во скопскиот регион, објавија од Центарот за управување со кризи. Во гаснење на пожарите активно интервенираат пожарникарите, а во одредени делови во гаснење на пожарот вклучени се и припадниците на Армијата.

Според состојбата со активни пожари до денеска до 9:30 часот, активен се уште е пожарот во Старо Нагоричане. Со пожарот е зафатена нискостеблеста шума, сува трева, црн бор, и багрем на поголема површина. Пожарот го гаснат пожарникари од Старо Нагоричане, од Куманово, Ранковце и лица од Шумското стопанство од Куманово, како и од месното население. две противпожарни возила и девет пожарникари. Од утрото во гаснењето на пожарот бил вклучен и хеликоптер на АРСМ.

Има пожар и во атарот на селото Дренак и во атарот на селото Мургаш. Се уште активен е и пожарот во Белановце. И таму интервенираат од Шумското од Куманово и мештани.

Активен е пожарот во општина Крива Паланка во селото Варовиште.
Во Струмичкиот регион има активен шумски пожар во општина Валандово. Пожарот поради ветерот е проширен во правец на Богданци и Казан Дол.
Во Битолски регион, пожарот кој започнал од запалено стрниште во атарот на селото Канатларци, општина Прилеп се уште е активен и е проширен во атарот на село Мусинци, општина Могила.

Во општина Прилеп под контрола е пожарот во селото Ореовеца, гори и атарот на село Топлица.

Има пожар во делчевско, каде гори шума од црн бор, јасика и бука на поголема површина. Пожарот го гаснат екипи од Делчево, Берово и Пехчево, но се работи за тешко пристапен терен.

Пожарот е активен и е проширен на територија на општина Берово и Пехчево. Во гаснењето на пожарот интервенираат и припадници на Армијата Според последните информации со пожарот е зафатена високостеблеста шума од поголеми размери.

Во општина Кочани активен е пожар кој беше предизвикан од паднат далекувод кај месноста Костин Дол. Пожарот се проширил е надвор од контрола. За истиот е побарана интервенција од воздух.

Во Скопски регион, запалена е мешана шума во атар на Катлановска бања кон селото Градманци и село Коњари.

За гаснењето на пожарите денеска помош понуди и Словенија, соопшти министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Словенија е подготвена да помогне со сите свои капацитети за гаснење на пожари, рекол нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин.

Стечајците да се пријават во Агенцијата за вработување

Членови на Здружението на стечјанци „УНИТ“

Стапи на сила Законот за стечајци. Со законот материјално се обезбедуваа невработените лица кои останале без работи поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата. Стечајците кои ги исполнуваат условите треба во рок од 30 дена да се пријават во подрачните единици на Агенцијата за вработување.

Собранието минатата недела го усвои законот со кој околу 1100 стечајци ќе добиваат паричен надоместок од 9.242 денари до денот на пензионирањето или 34 отсто од просечно исплатената месечна нето плата по работник во државата за претходната година.

„Со овој закон материјално ќе се обезбедат лицата кои имале најмалку 14 години работен однос во претпријатијата со доминантна сопственост на државата, кои на денот на поднесување на барањето се на возраст од најмалку 52 години (жена) и 55 години (маж), на кои работниот однос им престанал заклучно со 31 декември 2020 кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и кои од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој закон, не биле во работен однос“, се вели во соопштението од МТСП.

Со последните измени на Законот за стечајци, од 2017 година до денес решен е статусот на околу 13 000 стечајци.

Една третина од возрасните вакцинирани барем со една доза против ковид

Вакцинирање против ковид-19.

Заклучно со 1 август, со една доза на вакцина против ковид 19 вакцинирани се 31 процент од населението над 18 годишна возраст. Половина од луѓето над 50 годишна возраст се вакцинирани со една доза, опфатот со вакцинација на луѓето на 60 години е 61, 2 проценти, а кај лицата над 70 години изнесува 64,9 отсто.

Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани, има во Скопје - 159.514, во Битола - 35.067 и во Тетово каде се вакцинирани 31.007 граѓани. Во Куманово, Прилеп и Охрид имаат помеѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, а помеѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега во градовите Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип, додека пак во Кочани и Струга вакцинирани се нешто повеќе од 10.000 граѓани. Во Демир Хисар, Кичево, Ресен, Неготино, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Крива Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, Македонски Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш вакцинирани се под 10.000 граѓани во секој од градовите.

Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба. Процесот на вакцинација со домашна посета се одвива непречено и навремено според заинтересираноста на граѓаните за оваа услуга.

Од Министерството соопштуваат дека има доволно вакцини и дека тие се достапни за сите кои сакаат да се вакцинираат.

Во добра здравствена состојба се жителите од Кочани кои вдишале чад од пожарот

Пожар во Кочани. 02.08.2021.

Во добра здравствена состојба се деветтемина жители на Кочани кои побараа помош поради вдишување чад од пожарот кој го зафати Кочани, соопшти денеска Министерството за здравство.

Од Министерството соопштуваат дека пациентите синоќа биле задржани во болница неколку часа и примале кислородна терапија, по што сите се пуштени дома.

Од Министерството информираа дека во пожарот никој не се здобил со изгореници.

Пожарите во Кочани, што избувнаа вчера на две локации, оштетија и куќи и возила. Пожарите во Кочани, се само дел од десетиците кои избувнаа низ територијата на цела Македонија.

Целосна забрана за движење на Водно и на Скопска Црна Гора

Водно, Скопје

Воведена е целосна забрана за движење на Водно и на Скопска Црна Гора, одлучи Владата на барање на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Забраната е воведена поради зголемениот ризик од пожари од високите температури и портокаловата фаза со која е зафатен регионов, како и големиот број локални пожари што се активни на терен.

Од Градот Скопје апелираат до сите граѓани да ја почитуваат забраната и да не се движат низ шумските подрачја во земјата, заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.

Пожарите кои вчера избувнаа на повеќе локации низ земјава, во текот на ноќта се локализирани, но и натаму се активни и не е отстранета опасноста од нивно разгорување и проширување.

ЕУ вети помош за Литванија во решавањето на мигрантската криза

Возило на граничната агенција на Европската унија Фронтекс на границата на Литванија со Белорусија, 19 јули 2021 година

Европската унија ѝ вети помош од неколку милиони евра на Литванија за решавање на мигрантската криза за која ја обвинува соседна Белорусија и нејзиниот авторитарен претседател Александар Лукашенко. Еврокомесарот за внатрешни работи, Илва Јохансон, пристигна во Литванија, членка на ЕУ, во неделата, на денот кога 287 лица влегле во Литванија од Белорусија. „Тоа е провокација на режимот на Лукашенко. Мора да покажеме дека нема слободен пристап до територијата на ЕУ„, рече Јохансон, додавајќи дека Литванија, ЕУ и земјите од Шенген зоната мора да спречат „нелегален пристап до таа област“. „Затоа ЕУ ја поддржува Литванија во одбраната на нашата заедничка надворешна граница со Белорусија“, додаде Јохансон.

Литванија ја обвинува Белорусија дека ги злоупотребува мигрантите

Од почетокот на годината, повеќе од 3.800 мигранти влегле во Литванија, наспроти повеќе од 80 минатата година. Повеќе од две третини од мигрантите се ирачки државјани. Ирачките авиокомпании ги зголемија летовите од Багдад до Минск. Литванските власти ја обвинија Белорусија за организирање премин на мигранти преку границата. Властите проценуваат дека ова е акт на одмазда на Лукашенко, бидејќи многу претставници на белоруската опозиција побегнаа во Литванија по спорните претседателски избори. Јохансон додаде дека за Литванија ќе бидат издвоени помеѓу 20 и 30 милиони евра. Владата на Литванија сака да изгради физичка ограда со Белорусија, за која се проценува дека ќе чини повеќе од 100 милиони евра.

САД се убедени дека Иран го извршил нападот врз израелскиот танкер

илустрација

Соединетите држави се уверени дека Иран извршил напад со беспилотно летало врз танкер управуван од Израел, кој транзитирал низ меѓународните води во близина на Оман, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен. „Сакам повторно да го осудам нападот во петокот врз комерцијалниот брод. Ние направивме темелен преглед и уверени сме дека Иран го изврши овој напад“, рече Блинкен на редовниот брифинг со новинарите. Техеран на 2 август предупреди дека брзо ќе одговори на секоја закана за неговата безбедност, откако Британија го повика иранскиот амбасадор поради, како што велат Лондон и сојузниците, нападот врз комерцијален брод кај брегот на Оман, нарачан од Техеран при што загинаа две лица.

Иран ги отфрла наводите на Израел дека тие стојат зад нападот на танкерот

„Иран не се двоуми во заштитата на својата безбедност и национални интереси и ќе одговори навремено и силно на секоја можна авантура“, јави иранската државна телевизија, цитирајќи го портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзаде. Ваквите поморски инциденти се зголемија откако САД се повлекоа во 2018 година од нуклеарниот договор меѓу светските сили и Иран.

Словенија има за цел до есен да се вакцинираат 90 проценти од граѓаните

илустрација

Словенечката влада ја забрзува кампањата за вакцинација против ковид-19, така што центрите за имунизација ќе бидат отворени за секого од 8 до 22 часот. Епидемиолозите предупредуваат дека доколку не се зголеми вакцинацијата, есенскиот бран може да биде полош од минатата година поради делта варијантата. Пожелно е најмалку 90 проценти од возрасната популација да се вакцинираат, објави Научниот институт Јожеф Штефан кој за владата прави прогнози за епидемијата.

За 45 отсто повисок број заразени со Ковид19 во Словенија

Во Словенија, 46 проценти од луѓето над 18 години и 60 проценти од оние над 50 години се целосно вакцинирани досега. Во последните 24 часа, во Словенија се потврдени 31 инфекција со коронавирус од 647 тестирани, има 1.103 активни случаи, а просечната дневна инфекција на неделно ниво е 87, објави владата.

Белоруски активист пронајден мртов во Киев

Виталиј Шишов

Белоруски активист, кој беше пријавен за исчезнат, е пронајден мртов во Киев, соопшти денеска украинската полиција. Виталиј Шишов, кој водеше непрофитна организација со седиште во Киев, која им помага на Белорусите да избегаат од прогон, беше пријавен како исчезнат, откако не се вратил дома откако излегол да трча. Полицијата покрена кривично дело за сомневање за убиство, но соопшти дека ќе ги испита сите можности, вклучително и самоубиство. „Белорускиот државјанин Виталиј Шишов, кој исчезна вчера во Киев, денеска е пронајден обесен во еден од парковите во Киев, недалеку од местото на живеење“, се вели во соопштението.

Белоруската олимпијка доби хуманитарна виза за влез во Полска

Центарот за заштита на човековите права Весна објави дека пријателите на исчезнатиот активист изјавиле дека тој претходно бил следен од „непознати лица“. Многумина избегаа од Белорусија од репресија, главно во Украина, Полска и Литванија. Шишов исчезна истиот ден кога на белоруската атлетичарка Кристина Циманускаја ѝ беше доделена хуманитарна виза за Полска. Таа побара азил по обвинувањата дека претставници на Белорускиот олимписки комитет се обиделе насилно да ја вратат дома од Олимпијадата во Токио.

САД ги укинуваат визите за Хрватите

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја повика Хрватска да се приклучи на Програмата за ослободување од визи, што е важен чекор кон укинување на визите за хрватските граѓани при влез во Соединетите држави. „Ја номинирав Хрватска да ѝ се приклучи на Програмата за ослободување од визи. Овој чекор кон патување без визи го признава огромниот напредок на Хрватска во исполнувањето на строгите стандарди за земјите учеснички“, објави Блинкен на Твитер. Хрватскиот премиер Андреј Планковиќ на Твитер му се заблагодари на Блинкен за поканата.

Хрватските министри во БиХ спречија безвизен режим за граѓаните на Саудиска Арабија

Во почетокот на годината, беше објавено дека бројот на одбиени барања за хрватски државјани за американски визи е намален под три проценти во 2020 година. Падот на процентот на одбиени визи под три проценти е последниот предуслов за укинување на американските визи за хрватските граѓани. Хрватска, Романија, Бугарија и Кипар се единствените членки на ЕУ чии визи се уште не се укинати од САД.

Пожарите локализирани, но и натаму активни

Армијата на Република Македонија ги гаси шумските пожари

Пожарите кои вчера избувнаа на повеќе локации низ земјава, во текот на ноќта се локализирани, но и натаму се активни и не е отстранета опасноста од нивно разгорување и проширување. На терен се противпожарни екипи со возила и механизација, припадници на Армијата, на Дирекцијата за заштита и спасување, и граѓани кои помагаат. Пожарот во Кочани што синоќа се закануваше да зафати и делови од градот се уште е активен. Од Територијалната противпожарна едница-Кочани за МИА информираа дека е голема веројатноста оти ќе се поврзе со опожарените места кај селата Бања и Тркање, каде што имаше пожар пред неколку дена.

Оштетени куќи и возила од пожарите во Кочани, најавена помош од Србија и Бугарија

Утрово се прави обиколка на терен пред да се ангажираат хеликоптерите за гаснење на пожарот. Пожарот во Ранковце е локализиран и ставен под контрола, објави на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Активен е пожарот кај Старо Нагоричане и мобилизирани се екипи за негово гасење. За денеска е закажана седница на групата за процена на која ќе биде разгледана сериозноста на ситуацијата со пожарите и, како што најави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, доколку е потребно ќе биде предложено да се прогласи кризна состојба на дел од територијата или на целата територија на државата.

Пожари на десетина локации низ Македонија, во гаснењето вклучена и Армијата

Претседателот Стево Пендаровски на предлог на Генералштабот на Армијата, а по анализа на состојбите, нареди да се прогласи тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди. Премиерот Зоран Заев кој синоќа го посети Кочани, изјави дека со здружени сили се прави се да се надмине состојбата предизвикана од пожарите. Тој нагласи дека Владата ќе изнајде начини за да ја надомести материјалната штета, без разлика дали станува збор за опожарени покриви, куќи или за уништена стока. Заев информира дека претседателот Стево Пендаровски разговарал со бугарскиот претседетел Румен Радев за помош, а тој самиот стапил во контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој потврдил дека за денеска ќе ни отстапат неколку хеликоптери. Разговарал и со техничкиот бугарски премиер Стефан Јанев во насока на правовремено дејствување со сите расположливи ресурси.

Од денеска во сила целосна забрана за движење во шумските предели

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека во пожарите нема повредени лица, во смисла на изгореници или тешки повреди, но, има околу десетина лица кои се јавиле во кочанската болница паради тоа што вдишале чад. Владата, пак, соопшти дека од денеска стапува во сила целосна забрана за движење во шумските предели. Владата апелира до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата, заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.

Кривична пријава против претседателот на Србија Вучиќ

Александар Вучиќ

Потпретседателот на Главниот одбор на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ денеска ќе поднесе кривична пријава против претседателот на државата и партијата, Александар Вучиќ, за „сите лаги на мафијашкиот клан Вељко Беливук и тајкуните блиски до нив и нивните медиуми во земјата и странство“. Како што објави СНС, Вучевиќ ќе го стори тоа за „граѓаните јасно да ги видат во судските постапки сите докази, кој лаже, зошто го прави тоа, сите пипала на овој мафијашки октопод, поврзаноста на овој монструозен криминален клан со разни политички и други центри на моќ. Така на целата јавност недвосмислено ќе ѝ биде јасно зошто претседателот Вучиќ бил нивна заедничка цел цело време“.

Србија и случајот Беливук: вознемирувачки докази пред јавноста

Вучиќ претходно објави дека тој и министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, одлучиле да поднесат кривична пријава против себе за да докажат дека е лага нивната наводна врска со кланот Беливук. Вулин рече дека ќе побара од пратениците на Социјалистичкото движење, чиј претседател е тој, да поднесат кривична пријава против него.

Од денеска во сила целосна забрана за движење во шумските предели

Пожар во Кокино, кај Старо Нагоричане, кумановско.

Од денеска стапува во сила целосна забрана за движење во шумските предели низ Републиката, соопшти владината прес-служба. Владата апелира до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата, заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите. По избувнувањето на повеќе пожари низ источниот и југоисточниот дел на државата, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) одржа итен состанок со цел мобилизација на тимовите за заштита и спасување од пожари како и вработените на ДЗС и ПОЗС. Како што е објавено, директорот на Дирекцијата Беким Максути издал наредба за мобилизација на тимовите за пожари во Валандово, Виница, Берово, Битола, Гостивар, Куманово и Скопскиот тим Карпош. Предложено да се вклучат и доброволните противпожарни друштва. Вработени од ДЗС по координацијата се упатени кон загрозените подрачја, како што се Старо Нагоричане, с. Бели Кочани и с. Новаци, Битола со цел координација и помош на загрозените подрачја, наведува ДЗС.

Оштетени куќи и возила од пожарите во Кочани, најавена помош од Србија и Бугарија

Во пожарот што избувна на две локации во Кочани, и се доближи до станбените домови над градот има оштетени куќи, помошни објекти, возила, меѓу кои и едно противпожарно возило. Во кочанската болница десетина лица побарале лекарска помош поради отежнато дишење од чадот, но нема тешко повредени, јави дописникот на МИА од Кочани. Пожарот моментално е локализиран и ставен под контрола, објави синоќа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на својот фејсбук-профил. ДЗС апелира до сите граѓаните да се вклучат доброволно на местата каде што е неопходно и директно да ја известат ДЗС за пожари во целата територијата на државата.

Пожари на десетина локации низ Македонија, во гаснењето вклучена и Армијата

Претседателот Стево Пендаровски на својот Фејсбук објави дека доцна вечерва имал телефонски разговор со претседателот на Бугарија Румен Радев на кој било договорено во најкус можен рок, Бугарија да испрати противпожарни единици. Пендаровски додаде дека хеликоптерите на Армијата немаат техничка можност да летаат во ноќни услови и оти тие ќе се вклучат во раните утрински часови.

Времето денеска: сончево и натпросечно топло

Ќе биде сончево и натпросечно топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од западен правец. Дневната температура ќе биде од 29 до 42 степена. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 38 степени.

Оштетени куќи и возила од пожарите во Кочани, најавена помош од Србија и Бугарија

Пожар во Кочани. Неколку граѓани побарале помош поради отежнато дишење од чадот. Оштетени се куќи и возила. 02.08.2021.

Пожарите во Кочани оштетија куќи и возила, а десетина граѓани побарале помош поради отежнато дишење од чадот. Тешко повредени нема, но оштетено е и едно противпожарно возило. Пожарот што попладнево избувна на две локации во Кочани и се доближи до станбените домови над градот во Белско Маало, беше само еден од десетиците кои избуваа низ територијата на цела Македонија.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вечерва на Фејсбук соопшти дека во телефонски разговор со бугарскиот претседател Румен Радев било договорена помош од Бугарија во гаснењето на пожарите низ земјава.

„Договорено е во најкус можен рок Бугарија да испрати противпожарни единици кои ќе помогнат на нашите екипи во гасење на пожарите“, соопшти Пендаровски.

Помош за гаснењето на пожарите е најавена и од Србија, како што соопшти премиерот Зоран Заев.

„Јас разговарав со претседателот Вучиќ, тие ги потврдија своите хеликоптери, два, три, четири или колку и да се потребни да дејствуваат утре“, изјави Заев од Кочани.

Според противпожарните екипи на терен во Кочани, пожарот во моментов се шири во правец на селото Тркање, а луѓето кои интервенираат таму се сконцентрирани да го спречат огнот да се доближи кон склад на „Макпетрол“ и кон друга приватна бензиска пумпа. Сепак, според последните информации од Центарот за управување со кризи, складот на „Макпетрол“ во Кочани веќе не е во опасност од пожарот.

Градоначалникот на Општина Кочани Николајчо Илијев вечерва изјави дека во моментов состојбата во градот е под контрола и дека помош пристигнала од повеќе страни, но дека е зафатена голема линија каде гори сува трева и нискостеблеста шума на непристапен терен.

„Со директорот на ЦУК ги координираме сите сили. Имаме дополнителни возила дојдени од Квадарци, Свети Николе и Велес“, вели Илијев.

Илијев вечерва наведе дека во денешниот пожар оштетени се две куќи во Кочани, откако оганот влегол во градот и се ширел во ралични правци од силниот ветер, но бил спречен да влезе во централното градско подрачје. Тој додаде дека во текот на ноќта ќе има дежурни екипи за да се ликвидираат пожарите во планинскиот дел.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека на теторијата на цела држава има неколку огнени жаришта, но дека пожарот во Кочани е сосема до куќите. Од ЦУК велат дека Територијалните противпожарни единици на Кочани се наоѓаат на терен како и екипа од Виница.

„Барања од граѓани за дополнителни сили се бидејќи постоечките не можат да задоволат. Во Кочани има уште еден активен пожар, предизвикан од паднат далекувод кај мв Костин Дол и истиот за кратко време се има проширено кон шумски предел и е вон контрола. За истиот е побарана интервенција од воздух“, наведуваат од ЦУК од каде додаваат дека пожари има низ целата држава.

Претседателот Стево Пендаровски претходно вечерва на Фејсбук соопшти дека хеликоптерите на македонската Армија немаат техничка можност да летаат во ноќни услови, додавајќи дека тоа е причината поради која во гаснењето на пожарите ќе се вклучат во раните утрински часови.

Пендаровски претходно денеска соопшти дека во 16:30 часот дал наредба Армијата да се вклучи во гаснењето на пожарот во Кочани.

„Одобрена е и употреба на воздухопловите, кои денеска веќе интервенираа во Старо Нагоричане, а утре наутро одат на помош во Кочани. Во текот на денот беа ангажирани над 170 припадници на армијата, а во текот на ноќта ќе се следи состојбата на терен и ќе се ангажираат дополнителни сили, како и средства за справување со состојбите и помош на населението насекаде каде што има потреба“, наведе Пендаровски.

Во однос на другите пожари низ Македонија, Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка денеска соопшти дека интервенирала на пет пожари, од нив три на отворено, два на објекти.

Од единицата наведуваат дека пожарникарите сѐ уште се на терен за интервенција по последната дојава примена околу деветнаесет часот, за запалена куќа во населба Маневци. Жители близу месноста Пасјак во пехчевско-делчевскиот регион информираат дека ситуацијата со пожарот кој утрово избувна кај планината Средна е алармантна.

„Пожарот започна од утринава негде околу пладне. Гори Чуката, дел од Средна и поголем дел од пожарот се движи во правец кон селото Нов Истевник. Ситуацијата е навистина алармантна, бидејќи голема е опасноста да изгори цел Нов Истевник“, според жител на соседното село. Граѓани од кумановско исто така аламираат дека имало многу силен пожар во Мургаш каде била нанесена штета на неколку куќи, а изгоела и стока.

Претходно вечерва надлежните служби во државата информираа дека шумски пожари беснеат на над десетина локации низ Македонија: пожари има во Ранковце каде се изгорени и куќи, борова шума гореше во Делчево и во Пехчево, а гори кај локалитетот Кокино, во Старо Нагоричане кумановско.

Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ја напуштија централната манифестација на Мечкин Камен во Крушево и се упатија кон Кочани, каде пристигна и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој апелираше власта итно да реагира.

Пожари денеска има и во села во Македонски Брод, во општина Липково околу Белановце и во скопско.

Инаку, надлежните од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека во државата денеска имало вкупно 13 пожари и дека „скоро сите се предизвикани од човеков фактор“, како што наведе директорот на институцијата Стојнче Ангелов.

Пожари на десетина локации низ Македонија, во гаснењето вклучена и Армијата

Пожари околу Кочани. Поради силниот ветер и сувата вегетација огнот брзо се шири.

Шумски пожари беснеат на над десетина локации низ Македонија. Како што имформираат локалните власти и противпожарните служби, шумски пожари има во Ранковце каде се изгорени и куќи, во Кочани каде на две места се зафатени десетици хектари шума, борова шума гори во Делчево и во Пехчево, како и кај локалитетот Кокино, во Старо Нагоричане кумановско. Пожар има и во села во Македонски Брод, во општина Липково околу Белановце и во скопско. Надлежните од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека се активни 13 пожари, а дека причина за нив се човековиот фактор и топлото време.

Според информациите, пожарите на две локации околу Кочани брзо се шират поради силниот ветер и сувата вегетација. Oгнот брзо се проширил во месноста Сламерник во западниот дел над градот и веќе се зафатени дел од куќите и помошните објекти во населбата Белско Маало, како што информираат екипите на Територијалната противпожарна единица од Кочани.

Тие соопштуваат дека максимално се ангажирани во локализирање на пожарите, а помош е побарана и од соседните единици од Виница и Пробиштип. На социјалните мрежи се објавени десетици видеа и фотографии на кои се гледаат огнените јазици како горат околу куќите во градот.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вечерва соопшти дека за големиот пожар во Кочани наредбата како Врховен командант за ангажман на Армијата ја дал во 16:30 часот.

„Одобрена е и употреба на воздухопловите, кои денеска веќе интервенираа во Старо Нагоричане, а утре наутро одат на помош во Кочани. Во текот на денот беа ангажирани над 170 припадници на армијата, а во текот на ноќта ќе се следи состојбата на терен и ќе се ангажираат дополнителни сили, како и средства за справување со состојбите и помош на населението насекаде каде што има потреба“, наведе Пендаровски.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вечерва на Фејсбук соопшти дека три екипи од Противпожарната бригада на Град Скопје, 15 пожарникари и 3 возила, се упатуваат да им помогнат на граѓаните на Кочани и дека ќе се стават на располагање на тамошните служби.

„Екипата на пожарникари е надополнета со 6 возила (цистерни) за дотур на вода од скопските комунални претпријатија. Во текот на денешниот ден, скопските пожарникари гасеа девет пожари во Скопје и скопско, а две екипи беа на испомош во Старо Нагоричане“, наведе Шилегов апелирајки граѓаните да се однесуваат внимателно во топлите денови.

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) вечерва одржa итен состанок со цел мобилизација на тимовите за заштита и спасување од пожари како и вработените на ДЗС и ПОЗС, објави ДЗС на Фејсбук. Предложено e да се вклучат и доброволните противпожарни друштва.

„Апелираме до сите граѓани да се вклучат доброволно на местата каде што е неопходно и директно да ја известат ДЗС за пожари во целата територијата на државата. Само заедно можеме да се справуваме најсилно со ова зло“, стои во објавата.

Во Ранковце пожарот се проширил од шума во дел од населените места Радибуш и Отошница, при што биле опожарени дел од куќите, изјави градоначалникот на Ранковце Ивица Тошевски посочувајќи дека големата стихија се заканува да се прошири и кон останатите села на општината.

„Во моментв можам да кажам дека нѐ снајде голема катастрофа, огнот буквално го проголта домот во село Отошница, опожарени се куќи, има зафатено столбови за електрична енергија, струјата е во прекин. Очекуваме помош од соседните општини и во координација сме со Дирекцијата за заштита и спасување и со Центарот за управување се кризи (ЦУК)“, вели Тошевски.

Огромен пожар од попладнево пустоши во Ранковце, има изгорени и куќи.
Огромен пожар од попладнево пустоши во Ранковце, има изгорени и куќи.

Командирот на Територијалната противпожарна единица од Ранковце рече дека огнената стихија е голема и дека постои опасност од соединување на пожарот со оној во Старо Нагоричане.

Пожари во Кокино, кај Старо Нагоричане, кумановско. 02.08.2021.
Пожари во Кокино, кај Старо Нагоричане, кумановско. 02.08.2021.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вечерва изјави дека 13 активни пожари беснеат низ земјава, а дека неколку од нив се исклучително сериозни.

„Најсериозна е состојбата во Старо Нагоричане каде огнот е стигнат речиси до куќите во селата Кокино и Степанце. Овде дејствува и армиски хеликоптер, а со наредба на врховниот командант на АРМ, претседателот Пендаровски, помош при гаснењето на пожарите ќе даде и пешадијата на Армијата“, изјави Ангелов за телевизија Телма додавајќи дека „скоро сите пожари се предизвикани од човеков фактор.“

Од пожар зафатени се шумите во атарите на планинските села Новоселани и Костин Дол, а поради конфигурацијата на теренот отежната е интервенцијата за негово гаснење, според противпожарните единици.

Во локализарањето на пожарите е вклучено и месното население, а како превентива е исклучена електричната енергија во западниот дел на Кочани.

Борова шума гори и меѓу општините Делчево и Пехчево, потврдува Територијалната противпожарна единица во Делчево.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG