Достапни линкови

Бајден официјално го призна масакрот врз Ерменците како геноцид


Американскиот претседател Џо Бајден

Ниеден американски претседател досега не го користел терминот геноцид за убиствата на Ерменците од Отоманската Империја за време на Првата светска војна поради загриженост да не ги наруши односите со сојузничката во НАТО, Турција.

Американскиот претседател Џо Бајден официјално го призна масакрот врз Ерменците од страна на Отоманската Империја за време на Првата светска војна како геноцид. Декларацијата ја разбесни Турција.

„Секоја година на овој ден се сеќаваме на животите на сите оние кои загинаа во геноцидот врз Ерменците во Отоманската ера и повторно се обврзуваме да спречиме такво злосторство да се повтори“, рече Бајден во денешната изјава објавена за Денот за сеќавање на ерменскиот геноцид.

Со формалното признавање, Бајден исполнува од своите предизборни ветувања дека ќе го преземе овој, во голема мера, симболичен чекор, што не го направил никој од неговите претходници.

Неименуван американски претставник рече дека овој потег нема за цел да ја обвини денешна Турција за геноцидот.

Сепак, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу веднаш ја критикуваше изјавата на Бајден.

„Зборовите не може да ја променат историјата или повторно да ја напишат“, напиша тој на Твитер.

„Никој нема да ни држи лекции за нашата историја. Политичкиот опортунизам е најголемото предавство на мирот и правдата. Целосно ја отфрламе оваа изјава која е базирана на популизам“, напиша Чавушоглу.

Ерменскиот претседател Никол Пашанијан на Фејсбук му заблагодари на Бајден за „моќниот чекор кон правда и бесценетата поддршка за потомците на ерменските жртви на геноцидот“.

За време на Првата светска војна и по неа, Отоманската Империја убила или депортирала дури 1,5 милиони Ерменци, христијанско малцинство во доминантно муслиманската империја. Многумина историчари и некои други држави, меѓу кои и Франција и Германија, ги сметаат овие убиства за геноцид.

Ерменците со децении се борат зборот геноцид да се користи за опишување на овие убиства, но Турција категорично го отфрла тоа.
Белата куќа соопшти дека претседателот Бајден зборувал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во пресрет на објавата.

Ројтерс, повикувајќи се на извори запознаени со разговорот, објави дека Бајден му кажал на Ердоган дека планира да го признае геноцидот.

Белата куќа, пак, соопшти дека Бајден го пренел својот интерес за конструктивни билатерални односи „со проширување на областите на соработка и ефикасно менаџирање на несогласувањата“.

Двајцата се согласиле да одржат билатерална средба на маргините на Самитот на НАТО во Брисел во јуни.

Анкара тврди дека убиствата на Ерменците биле резултат на граѓански судири, а не на планиран обид на Отоманската империја за уништување на Ерменците. Турција исто така тврди дека не биле убиени толку многу Ерменци.

Американскиот Конгрес во 2019 година со огромно мнозинство го призна геноцидот врз Ерменците, но администрацијата на Трамп не го призна.
Сите досегашни американски претседатели се воздржуваа да го употребат терминот геноцид поради загриженост да не ги нарушат односите со сојузничката во НАТО Турција.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG